المختصر في صفة العمرة وأحكامها

المختصر في صفة العمرة وأحكامها

КРАТОК ПРИРАЧНИК ЗА ОПИСОТ И ПРОПИСИТЕ НА УМРАТА

Language: lang_mk
Prepared by: Научниот комитет при Здружението за обработка на исламската медиумска содржина на различни јазици
Version: 3.0
Translations 56
Amharic Assamese Azerbaijani Bambara +52
Attachments 7
PDF
Audio
Video
+3

КРАТОК ПРИРАЧНИК ЗА ОПИСОТ И ПРОПИСИТЕ НА УМРАТА

Благодарноста Му припаѓа на Аллах, Господарот на световите. Аллаховиот мир и благослов се за нашиот Пратеник Мухамед, за неговото семејство и сите асхаби.

Во продолжение велам:

Ова е кратка студија за начинот на извршување на умра, нејзините прописи и етика, во која се потрудивме да ги објасниме најважните работи што треба да ги знае секој извршител на умра.

Го молиме Возвишениот Аллах да овозможи оваа студија да биде искрена, имајќи Го за цел Неговото благородно Лице и да биде од корист за сите муслимани.

Научниот комитет при Здружението за обработка на исламската медиумска содржина на различни јазици

Вовед

Прво: Шартови (услови) за прифаќање на ибадетот

Ибадетот е прифатен кај Возвишениот Аллах само доколку се исполнат два услова:

Искреност (ихлас), односно, делото да се прави со цел да се постигне Аллаховото задоволство и наградата на Ахирет. Возвишениот Аллах вели: „А наредено им е само Аллах да Го обожуваат, искрено, како правоверни, верата да Му ја исповедаат.“ (Ел Бејине, 5) (1) Што значи: посветени на Него и на Неговото обожување, и дистанцирани од сè друго освен Него. Тефсир ес-Са‘ди, стр. 538.

Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Навистина делата се вреднуваат според намерите, и навистина секој човек ќе го добие она што го имал како намера.“ (2) (2) Го бележат Бухари, бр. 1, и Муслим, бр. 1907.

Следење на Аллаховиот пратеник со зборови и дела. Веровесникот ﷺ рекол: „Кој ќе воведе во нашата вера, нешто ново, што не е од неа, ќе му биде отфрлено.“ (3) Во друго предание се вели: „Кој ќе направи дело што не е во согласност со нашата наредба (вера) - ќе му биде одбиено.“ (4) (3) Го бележат Бухари, бр. 2697 и Муслим, бр. 1718. (4) Го бележи Муслим, бр. 1718.

***

Второ: Прописот за учењето на начинот на извршување на умрата и нејзините прописи.

Секој што сака да Му изврши некој ибадет на Возвишениот Аллах, најнапред треба да го научи упатството на Веровесникот ﷺ во тој ибадет, за неговото дело да биде во согласност со Сунетот. Веровесникот ﷺ ги поттикнувал луѓето да го следат и да се водат според неговото упатство. Малик бин Хувејрис, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот ратеник ﷺ рекол: „Клањајте онака како што сте ме виделе дека клањам.“ (5) (5) Го бележи Бухари, бр. 6008.

Џабир, радијаллаху анху, пренесува: „Го видов Веровесникот ﷺ како фрла (камчиња) од својата јаваница на денот на Бајрам и вели: ,Научете ги вашите обреди, затоа што не знам, можеби нема повеќе да одам на аџилак по овој мој аџилак.‘“ (6) (6) Го бележи Муслим, бр. 1297.

***

Трето: Вредноста на умрата

Умрата има две вредности: општа и посебна.

Општата вредност:

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Умра до умра е искупување за гревовите направени меѓу нив, а за примениот аџилак нема друга награда освен Џенет.“ (7) (7) Го бележат Бухари, бр. 1773, и Муслим, бр. 1349.

Од Абдулах бин Месуд, радијаллаху анху, се пренесува дека Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Редовно извршувајте аџилак и умра – бидејќи тие ја отстрануваат сиромаштијата и гревовите, како што ковачкиот оган (8) ја чисти нечистотијата од железото, златото и среброто. А за примениот аџилак нема друга награда освен Џенет.“ (9). (8) Место на огнот на ковачот и златарот. Ет-Темхид од Ибн Абдулбер, 15/102. (9) Го бележат Тирмизи, бр. 810, и Несаи, бр. 2631.

Посебна вредност- во месецот Рамазан: Ибн Абас, радијаллаху анхума, пренесува дека Веровесникот ﷺ рекол: „Умрата во Рамазан има вредност како аџилак заедно со мене.“ (10) (10) Го бележат Бухари, бр. 1863 и Муслим, бр. 1256.

***

Опис на умрата

Прво: Прописите на микатите

Микатите се местата што Веровесникот ﷺ ги одредил како точки од кои оној што има намера да изврши аџилак или умра треба да влезе во ихрам.

Секој што ќе помине низ некој од тие микати со намера да изврши аџилак или умра, должен е да влезе во ихрам од тоа место и не му е дозволено да го помине освен во состојба на ихрам.

А оној што се наоѓа од страната поблиску до Мека од овие микати - неговиот микат е местото каде што се наоѓа; па од таму влегува во ихрам за аџилак или умра.

А што се однесува до жителите на Мека и оние што имаат намера да влезат во ихрам од неа - за аџилак влегуваат во ихрам од самата Мека, додека за умрата излегуваат надвор од границите на харемот и од таму влегуваат во ихрам, како од Теним и сличните места.

А оној што патува со авион, влегува во ихрам кога ќе биде на исто ниво со микатот. Затоа треба да се подготви и да ја облече облеката на ихрамот пред да стигне на исто ниво со микатот, а кога ќе биде на исто ниво со него - веднаш да направи ниет и да влезе во ихрам. Не му е дозволено да го одложи тоа сè додека не слета на аеродромот. Може, од претпазливост, да започне со телбијата и пред да биде на исто ниво со микатот, од страв да не го пропушти местото за телбија поради брзината на авионот.

Второ: Описот на ихрамот и неговите прописи:

За оној што сака да влезе во ихрам пропишано е следново:

1. Бањање (гусул): Тоа е потврден сунет и за мажите и жените, дури и за жената во менструален циклус и во периодот на постпородилно крварење.

2. Да се намириса со најубавиот мирис што го има, како на пример со масло од оуд или нешто друго, и тоа на главата и брадата. Не е спорно ако мирисот остане и по влегувањето во ихрам. А што се однесува до жената — не ѝ е дозволено да нанесува парфем што има изразен мирис, за да не го почувствуваат (помирисаат) мажи кои не ѝ се махрем.

3. Облекување на облеката за ихрам. Таа се состои од два дела — изар (долниот дел) и рида (горниот дел), а сунет е тие да бидат бели, чисти или нови. Жената може да облече каква било облека што не претставува украс сама по себе, но треба да избегнува носење никаб и ракавици. Лицето и рацете може да ги покрие со нешто друго (ткаенина, вел и слично).

4. Сунет е да се стапи во ихрам после намаз, без оглед дали е фарз или доброволен.

Потоа изговара: „Ти се одзивам, Аллаху мој, за умра“ (Леббејке Аллахумме умретен), а ако извршува умра за некој друг, вели: „Ти се одзивам, Аллаху мој, за умра за тој и тој“ (Леббејке Аллахумме умретен ан фулан).

Доколку оној што сака да влезе во ихрам се плаши од пречка што би го спречила да го доврши својот обред, треба при влегувањето во ихрам да постави услов, велејќи: „Ти се одзивам, Аллаху мој, за умра, а ако ме спречи некаква пречка, моето излегување од ихрам ќе биде таму каде што ќе бидам спречен.“ (Леббејке Аллахумме умретен, ве ин хабесени хабисун фемехилли хајсу хабестени). Па, кога ќе го постави тој услов и му се случи нешто што ќе го спречи да го доврши обредот, тој излегува од ихрам и нема никаква обврска.

Потоа, често ја изговара телбијата: „Ти се одзивам, Аллаху мој Ти се одзивам, Ти се одзивам Тебе Единствениот кој нема здруженик, Ти се одзивам, благодарноста и благодетите се Твои, а Твоја е и власта, Ти Кој немаш здруженик.“(11) (Леббејке Аллахумме леббејк, леббејке ла шерике леке леббејк. Иннел-хамде вен-ни‘мете леке вел-мулк, ла шерике лек.) Мажот ја изговара со подигнат глас, а исто така и жената; сè додека не е во присуство на туѓи мажи. Препорачливо е мухримот да го зачести изговарањето на телбијата, особено при промена на состојбите и времето, како на пример кога се искачува на некое возвишение, или се спушта во низина, или кога настапува ноќта или денот. (11) Значењето на зборовите: „Леббејк“ е: „Ти се одзивам, Господару мој, повторно и повторно“ — односно човековиот одзив на повикот на својот Господар и неговата истрајност во покорноста кон Него. Изразот „Навистина, Тебе Ти припаѓаат благодарноста, благодатта и власта“ го содржи следново: „Ел-хамд“ (благодарност): претставува опишување на Оној Кој е фален со совршенство, проследено со љубов и величање. А кога се повторува, станува пофалба и славење. „Ен-ни‘ме“ (благодат): е сè со што Аллах ги дарува Своите робови — било тоа остварување на посакуваното, или отстранување на несаканото. „Ел-мулк“ (власт): значи дека власта е само Твоја, затоа што Севишниот Аллах е единствениот Владетел. А зборовите „Ла шерике лек“ (немаш здруженик) значат: нема никој што би бил Твој содружник во она што Му припаѓа единствено на Семоќниот Аллах — како што се Неговите совршени својства, вклучувајќи го Неговото едноштво во власта, создавањето, управувањето и божественоста. (Преземено и скратено од „Збирка на фетви и посланија“ на ел-Усејмин, 22/96.)

Телбијата е пропишана во текот умрата од времето на влегувањето во ихрам, па сè до започнување со тавафот.

Оној кој е во состојба на ихрам е должен да се пази да не направи нешто од забранетите работи на ихрамот, сè додека не излезе од таа состојба.

Трето: Опис на тавафот

При влегувањето на мухримот во Месџидул Харем, сунет е да влезе со десната нога и да ја изговори довата за влегување во џамија. Една од најверодостојните дови што се пренесува во врска со тоа гласи: „Аллаху мој, отвори ми ги вратите на Твојата милост“. Оваа дова се изговара при влегување во која било џамија и не е специфична само за Месџидул Харем.

Кога ќе посака да започне со тавафот, треба да ја прекине телбијата и да го изврши идтиба. Начинот на изведување на идтиба е: средниот дел од наметката (рида) се поставува под десната мишка, а двете крајни страни се префрлаат преку левото рамо. Кога ќе заврши со тавафот, ја враќа наметката во состојбата во која била пред тавафот, бидејќи идтиба се практикува само за време на тавафот.

Потоа се упатува кон Црниот камен, го допира со својата десна рака и го бакнува. Ако не е во можност да го бакне — го допира со својата рака, па ја бакнува својата рака. Ако не може ни тоа — го допира со нешто што го има со себе, како стап или нешто слично, па го бакнува тоа. Ако, пак, не е во можност ни тоа, тогаш се свртува кон каменот и покажува кон него со својата рака, но не ја бакнува. Најдобро е да не се турка и да не повредува луѓе, ниту самиот да се изложува на можна повреда.

При допирање на каменот или покажување кон него изговара: „Аллаху екбер“.

Потоа тргнува надесно, оставајќи ја Каба од својата лева страна. Кога ќе помине покрај Јеменскиот агол, го допира без да го бакне. А ако не може, не создава турканици и не покажува кон него.

Помеѓу Јеменскиот агол и Црниот камен вели: „Господару наш, дај ни добро на овој и на оној свет и сочувај нè од казната во огнот!“

Секогаш кога ќе помине покрај Црниот камен, со раката покажува кон него и изговара: „Аллаху Екбер“.

Во остатокот од тавафот се изговара она што тој сака од зикрови, дови и рецитирање на Куранот.

Сунет е да се практикува рамл само во првите три круга, а рамл е забрзано одење со кратки чекори. Во преостанатите четири круга не се практикува рамл, туку се чекори со вообичаен од.

По завршувањето на тавафот, пристапува кон Мекам Ибрахим и рецитира: „Местото на кое стоеше Ибрахим нека ви биде простор зад кој намаз (молитва) ќе извршувате!“ (Ел Бекаре, 125) Потоа се клањаат два реката зад него, доколку тоа е возможно; а ако не, ќе ги клања на било кое место од харемот. На првиот рекат по Фатиха, рецитира: „Кажи: ,О, вие неверници.‘“ (Ел Кафирун, 1) А на вториот рекат по Ел-Фатиха се рецитира: „Кажи: ,Тој е Аллах, Еден е!‘“ (Ел Ихлас, 1)

Четврто: Описот на сајот

Откако ќе заврши со тавафот и ќе клања два реката, се упатува кон местото каде што се извршува сајот. Кога ќе се приближи до ритчето Сафа, рецитира: „Сафа и Мерва, навистина, се Аллахови обредни места...“ (Ел Бекаре, 158) потоа додава: „Почнувам со она место со кое почнал Аллах.“ (12) (12) Го бележи Муслим, бр. 1218.

Потоа се искачува на Сафа, и кога ќе ја здогледа Каба или правецот кон неа, се свртува кон нејзината насока изговарајќи го шехадетот и текбирот: „Ла илахе иллаллаху вахдеху ла шерике леху, лехул-мулку ве лехул-хамду ве хуве ала кулли шеј ин кадир, ла илахе иллаллаху вахдеху, енџезе в'адеху, ве несаре абдеху, ве хеземе ел-ахзабе вахдеху“ (Нема друг вистински Бог освен Аллах, Нему никој не му е рамен, Негова е власта и Нему му припаѓа благодарноста и Тој е Семоќен. Нема друг вистински Бог освен Единствениот Аллах, го исполни ветувањето, го помогна Својот роб и Сам ги победи сојузниците). Потоа, помеѓу тоа, упатува дова. Ова го повторува трипати. (13) (13) Го бележи Муслим, бр. 1218.

Потоа се спушта од Сафа кон Мерва одејќи. Кога ќе стигне до првото зелено светло, почнува забрзано да оди, а кога ќе стигне до второто зелено светло, продолжува со вообичаено одење. Забрзаното одење не е пропишано за жените.

Кога ќе стигне до Мерва, пропишано му е да го направи истото што го направил на Сафа (точка бр. 2).

Потоа се спушта од Мерва кон Сафа одејќи. Кога ќе стигне до првото зелено светло, го забрзува одењето, а кога ќе стигне до второто зелено светло, продолжува со вообичаено одење.

И така сè додека не комплетира седум круга, така што одењето од Сафа до Мерва се брои како еден круг, а враќањето од Мерва до Сафа како друг круг.

Во текот на сајот изговара по свој избор зикрови, дови и рецитирање на Куранот.

Петто: Опис на бричењето и скратувањето на косата:

Кога тој што извршува умра ќе заврши со тавафот и сајот, должен е да ја избричи главата или да ја скрати, ако е маж, а од сунет е бричењето или кратењето да ја опфати целата глава.

Бричењето е подобро од скратувањето на косата, освен ако времето на хаџот е блиску, така што нема време косата на главата да порасне; во тој случај подобро е да се задоволи со скратување на косата.

А жената скратува од краевите на косата во должина на врв од прст.

Забранети работи за време на ихрам

Забранетите работи за време на ихрамот се:

1. Бричење на влакната, нивно скратување или кубење од кој било дел од телото.

2. Сечењето на ноктите, целосно или делумно, од нозете или рацете.

3. Покривање на главата со нешто што директно се допира и се прилепува на неа, како што се: капче, шамија (гутра), турбан, како и ставање на горниот дел од ихрамот на главата, или марамче, ќебе, картон, или нешто друго со кое се има за цел покривање. Ова се однесува посебно за мажите, а не и за жените.

4. Носење на вообичаена облека скроена според обликот на телото; како што се: долга кошула, панталони, кошула, чорапи и ракавици. Ова важи само за мажите, а не и за жените; бидејќи за нив важи забраната само за:

а. Носење никаб, бурка или превез сличен на никаб. Жената е должна да го покрива своето лице во присуство на мажи кои не ѝ се махрем, со вообичаениот превез за лицето, дури и ако тој ѝ го допира лицето. Не е пропишано да става лента – или нешто слично – на главата со цел превезот да не го допира лицето, бидејќи не постои доказ за дозволеност или пропишаност на таквата постапка.

б. Носење ракавици. Во присуство на мажи кои не ѝ се махрем, должна е да ги покрие своите раце, така што ќе ги стави под својата абаја.

5. Ставање парфем на телото, или на облеката за ихрам.

6. Убивање на диво копнено ловно животно, или неговото ловење, дури и ако не го убие.

7. Веридба, за себе или да запросиме невеста за друг.

8. Склучување брак.

9. Телесен контакт без полов однос, како што се бакнување и допирање со страст.

10. Интимен однос, односно пенетрација во вагината.

Резиме на обредите на умрата:

1. Бањање.

2. Користење мирис или парфем.

3. Облекување на ихрамската облека.

4. Ихрам: намера за влегување во обредот.

5. Телбија.

6. Таваф.

7. Клањање два реката зад Мекамот.

8. Сај помеѓу Сафа и Мерва.

9. Бричење или скратување на косата. А Аллах најдобро знае. Божјиот благослов и мир нека бидат над нашиот пратеник Мухамед.