مخالفات الحج والعمرة والزيارة
Прекршоци при аџилакот умрата и посетата
Прекршоци при аџилакот умрата и посетата
Научната комисија при Организацијата за обработка на исламската содржина на различни јазици
Грешки и прекршоци поврзани со умрата
Прво: Прекршоци и грешки за време на ихрамот
1. Неизговарање на телбијата при објавување на нијетот, односно неподигнување на гласот при објавување на обредот што го намерил при влегувањето во ихрамот.
Сунет е: подигање на гласот при тоа.
2. Мислењето на некои луѓе дека ихрамот ја подразбира самата облека, односно облекувањето на дводелен бел ихрам.
Ихрамот, всушност, е намера/ниет за влегување во обредот, а негов знак е изговарањето на телбијата. Оној што ја изговара телбијата со намера за аџилак или умра, таквиот веќе влегол во ихрам.
3. Мислењето на некои луѓе дека гусулот (ритуалното капење) за ихрам е задолжителен.
Гусулот при влегување во ихрам е сунет, а неговото изоставување не претставува грев.
4. Мислењето на некои луѓе дека двата реката при влегување во ихрам се задолжителни, или дека постои посебен сунет намаз што мора да се изврши, па затоа ги клањаат по секоја цена.
Исправно е дека е пропишано да се клања намаз пред влегувањето во ихрам, но не постои посебен намаз пропишан токму за ихрам. Доколку некој клања фарз намаз или кој било друг пропишан намаз, дозволено е да влезе во ихрам веднаш по него.
5. Мислењето на некои луѓе дека е задолжително да се застане на микатот и да се слезе кај џамијата.
Тоа не е задолжително. Оној што веќе е подготвен и облечен во облеката на ихрам, и поминува покрај микатот, доволно е да ја изговори телбијата на самиот микат или спроти него, дури и ако се наоѓа во своето возило. Исто така, оној што патува со авион ја изговара телбијата при израмнување со микатот, или малку пред тоа, за да не го помине микатот без да влезе во (состојба на) ихрам.
6. Ставање мирис на облеката за ихрам.
Исправно е дека е доволно да се стави мирис на телото, но не и на облеката за ихрам.
7. Мислењето на некои луѓе дека при влегување во ихрам е задолжително отстранување на влакната околу срамните места, сечење на ноктите и бричење на пазувите, или дека тоа е посебен сунет поврзан со ихрамот.
Тоа, всушност, е општ сунет кој се практикува кога постои потреба за тоа, и не е посебен сунет поврзан со ихрамот.
8. Влегување во ихрам пред микатот.
Ова е спротивно на сунетот. Меѓутоа, оној што патува со авион може малку порано да влезе во ихрам, од претпазливост, за да не го пропушти моментот на израмнување со микатот поради брзината на летот. Исто така, ако некој се плаши дека ќе заспие и ќе го пропушти микатот, дозволено му е да влезе во ихрам порано – онолку колку што е потребно.
9. Поминување на микатот без влегување во ихрам — било поради незнаење, невнимание или затоа што патува со авион.
Доколку некој го помине микатот со намера за аџилак или умра, а не влегол во ихрам од него, должен е да се врати на микатот и да влезе во ихрам од таму. Исто така, оној што ќе слета на аеродромот во Џеда, а не влегол во ихрам во авионот од која било причина, должен е да излезе до еден од микатите и да влезе во ихрам од таму. Исклучок од ова правило е лицето кое не поминува покрај ниту еден микат и не се израмнува со ниту еден од микатите, па во тој случај може да влезе во ихрам од Џеда – како што е случај со некои патници од Судан кога доаѓаат со авион или брод. Меѓутоа, ако знаат дека нивната рута се израмнува со микатот Јелемлем или Џухфа, тогаш се должни да влезат во ихрам при тоа израмнување.
10. Погрешно разбирање на поимот „шиено“ или „кроено“ како сè што има конци, па се воздржуваат од носење појас, ремен или обувки што содржат конци.
Ова не е точно, бидејќи терминот „кроено“ тука означува она што е сошиено или скроено според формата на телото – како кошулите и панталоните – кога се носат на вообичаен начин.
11. Носење на ракавици и бурка, никаб или целосен превез на лицето од страна на жената.
Обврска на жената – кога се наоѓа во присуство на мажи кои не ѝ се махрем – е да ги покрие лицето и рацете без носење никаб и ракавици, бидејќи Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, го забранил нивното носење за жената во состојба на ихрам.
12. Мислењето на некои луѓе дека за жената постои посебна облека за ихрам, и дека таа е црна, зелена или бела.
Ова не е точно. Жената во состојба на ихрам може да носи каква било облека, но без да ги открива своите украси.
13. Мислењето на некои луѓе дека не е дозволено да се промени или соблече облеката на ихрам.
Исправно е дека мухримот може да ја смени или да ја испере облеката на ихрам, а потоа повторно да ја облече.
14. Откривање на десното рамо од почетокот на ихрамот до неговиот крај.
Исправно е дека откривањето на десното рамо (идтибаʿ) е пропишано само при тавафот на умрата или при тавафот на пристигнување.
15. Напуштање на ихрамот и излегување од него без шеријатски оправдана причина.
Обврска на оној што е во состојба на ихрам е да остане во таа состојба сè додека не го заврши својот обред, освен доколку се појави шеријатски оправдана причина за излегување од ихрам – како на пример спреченост (ихсар). Во таков случај му е дозволено да излезе од ихрам. Доколку при влегувањето во ихрам поставил услов (нијет со услов), може да излезе без никаква последица. Ако пак не поставил услов, тогаш е должен да даде фидја, односно да принесе жртва, да ја избричи или скрати косата, а потоа да излезе од ихрам.
***
Второ: Прекршоците и грешките на луѓето во тавафот
1. Практикување или инсистирање на дови што не се пренесени во шеријатот при влегување во Месџидул Харам или при гледање на Каба.
Сунет е да се продржуваме и ограничиме на она што е пренесено од Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
2. Изговарање на ниетот пред започнување на тавафот.
Местото на ниетот е во срцето и не е пропишано да се изговара.
3. Намера за започнување на тавафот пред Црниот камен, од претпазливост.
Ова спаѓа во претерување и претерана строгост.
4. Започнување на тавафот по поминувањето на Црниот камен и сметање на тоа како еден круг.
Ова е погрешно и доколку некој постапи така, тој круг се смета за невалиден.
5. Подигање на рацете при израмнување со Црниот камен, како што се подигаат во намаз, или повторување на подигањето трипати.
Сунет е да се покаже кон него со десната рака само еднаш.
6. Долго задржување при израмнување со Црниот камен.
Сунет е да не се оддолжува задржувањето.
7. Силно туркање за да се стигне до Црниот камен со цел да се бакне.
Сунет е да не се турка. Ако може да стигне до него без туркање, нека го стори тоа; а ако не може, тогаш нека покаже кон него само со рака.
8. Враќање откако ќе се помине Црниот камен без да се изговори текбир – за да се покаже кон него и да се изговори текбир – или изговарање на текбир по неговото поминување.
Сето ова е грешка, бидејќи станува збор за сунет чие време е пропуштено, па не се препорачува враќање за негово извршување. Нема грев за оној што го пропуштил текбирот од заборав или намерно.
9. Одредување посебна дова за секој круг.
За ова нема доказ. Сунет е тој што прави таваф да упатува која било дова во која се бара доброто на овој и на идниот свет, и да Го спомнува Аллах со кој било пропишан зикр – како тесбих, техмид, техлил, текбир или рецитирање на Куранот.
10. Забрзано чекорење во сите кругови на тавафот.
Сунет е брзото чекорење да се практикува само во првите три круга.
11. Недржење на Каба на левата страна за време на тавафот, без оправдана причина.
Сунет е Каба да биде на левата страна и не треба лесно да се занемарува ова правило. Ако постои оправдување – како гужва и слично – тогаш во тоа нема грев.
12. Бакнување на Јеменскиот агол или покажување кон него кога не може да се бакне.
Сунет е да се допре со рака, без бакнување. Ако не може да се допре, тогаш не се покажува кон него.
13. Допирање и бакнување на сите агли на Каба, или нејзините ѕидови, и триење од нив.
Ова е спротивно на сунетот, бидејќи не е пропишано ништо освен бакнување на Црниот камен и допирање на Јеменскиот агол.
14. Убедување дека допирањето на Јеменскиот агол и Црниот камен е пропишано заради благослов, а не како ибадет.
Сето ова е незнаење и заблуда, бидејќи користа и штетата се единствено во Аллаховите раце. Од Омер, радијаллаху анху, се пренесува дека дошол до Црниот камен, го бакнал и рекол: „Знам дека си камен – не можеш ниту да наштетиш ниту да помогнеш. Да не го видов Божјиот пратеник ﷺ како те бакнува, јас не би те бакнал.“ [1] [1] Го бележи Бухари, бр. 1597
15. Подигање на гласот при дова на начин што ги вознемирува оние што прават таваф.
Сунет е човек да Го спомнува својот Господар и да Му се обраќа тивко, така што тоа да биде меѓу него и Господарот, за да не ги вознемирува другите.
16. Преокупираност со фотографирање или со разговори за време на тавафот.
Пропишано е оној што го врши тавафот целосно да се посвети на спомнувањето на својот Господар, со смиреност, покорност и присуство на срцето.
17. Завршување на тавафот пред да се потврди достигнувањето до Црниот камен.
Обврска е седмиот круг да се доврши сè додека човекот не се увери, или барем не надвладее мислењето, дека стигнал до израмнување со Црниот камен.
18. Убедување дека двата реката на тавафот мора да се извршат веднаш зад Мекам Ибрахим или блиску до него. Ова предизвикува турканица, им пречи на оние што вршат таваф во деновите на сезоната и го попречува нивното движење.
Ова убедување е погрешно, бидејќи двата реката по тавафот можат да се извршат на кое било место во џамијата. Клањачот може да застане така што Мекам Ибрахим ќе биде меѓу него и Каба – дури и ако се наоѓа подалеку од него – и да клања во дворот или во деловите на џамијата наменети за намаз, со што ќе избегне вознемирување на другите и ќе го изврши намазот со смиреност и прибраност.
19. Оддолжување на двата реката на тавафот и правење дова по нив.
Сунет е тие да се извршат кратко без оддолжување и да не се прави дова по нив, бидејќи тоа не е пренесено од Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
20. Клањање на двата реката на тавафот со откриено десно рамо.
Сунет е веднаш по завршување со тавафот да се врати наметката на двете рамена.
***
Трето: Прекршоци и грешки на луѓето во сајот
1. Откривање на десното рамо за време на сајот.
Веќе беше појаснето дека откривањето на десното рамо е пропишано само за време на тавафот.
2. Изговарање на ниетот пред започнување со сајот.
Веќе беше појаснето дека местото на ниетот е срцето и дека неговото изговарање не е пропишано.
3. Започнување со сајот од Мерва.
Ова е погрешно, и оној што ќе постапи така – тој круг не се смета за валиден.
4. Мислењето на некои луѓе дека еден круг во сајот се состои од одење и враќање, па затоа извршуваат четиринаесет круга.
Ова е погрешно, бидејќи одењето од Сафа до Мерва се смета за еден круг, а од Мерва до Сафа за друг круг. Почетокот е од Сафа, а завршувањето е на Мерва.
5. Искачување на врвот на Сафа со убедување дека тоа е задолжително.
Нема доказ дека тоа е задолжително.
6. Подигање на рацете и покажување со нив како што се прави при текбирите во намаз.
Исправно е да се ограничи на свртување кон киблата и упатување дова според пренесеното.
7. Забрзување при одот на жената меѓу двете ознаки како што прават мажите.
За жените е пропишано да се ограничат на нормално одење, според консензусот на учените, со цел да се зачуваат од разоткривање.
8. Одредување посебна дова за секој круг од сајот.
За ова нема доказ, туку се упатува дова за она што човек го сака, без посебно издвојување.
9. Подигање на гласот во сајот на начин што ги вознемирува луѓето.
Сунет е човекот да Го спомнува својот Господар и да Му се обраќа тивко, тоа да биде меѓу него и Господарот, за да не ги вознемирува другите.
10. Забрзување во целиот сај меѓу Сафа и Мерва.
Сунет е забрзувањето да биде само меѓу двете зелени ознаки.
11. Клањање два реката по завршувањето со сајот.
За ова нема доказ, па затоа не е пропишано да се практикува.
12. Вршење сај како доброволен ибадет надвор од обредите.
Сајот не е пропишан како доброволен ибадет.
***
Четврто: Прекршувањата и грешките на луѓето при бричење или потстрижување
1. Невнимателност во опфаќањето на целата глава при бричење или потстрижување.
Сунет е да се избричи или потстрижи косата на целата глава.
2. Бричење или потстрижување во Месџидул Харам и фрлање на косата во него.
Обврска е да се возвеличува светоста на Месџидул Харамот и да се води грижа за неговата чистота.
3. Долгото одложување на бричењето или потстрижувањето, што може да доведе до заборав или занемарување.
Пропишано е тоа да се изврши веднаш по завршувањето на тавафот и сајот.
4. Вршење на забранетите работи на ихрамот пред бричење или потстрижување.
Обврска е да не се прави ништо од забраните сè додека не се заврши со бричењето или потстрижувањето.
***
Грешките и прекршоците поврзани со аџилакот
Прво: Прекршоци и грешки на луѓето на денот на Тервија
1. Мислењето на некои луѓе дека е пропишано влегувањето во ихрам на денот на Тервија од Месџидул Харам или од под мизабот (олукот).
Сунет е човекот да влезе во ихрам од местото каде што се наоѓа — било да е во Мека или на Мина.
2. Одложување на влегувањето во ихрам по пладневниот намаз.
Сунет е влегувањето во ихрам за аџилакот да биде во претпладневните часови, пред пладневниот намаз.
3. Непреноќување на Мина и покрај можноста за тоа.
Сунет е аџијата да преноќи на Мина сè додека е во состојба да го направи тоа, следејќи го примерот на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем.
4. Спојување на намазите на Мина.
Сунет е намазите на Мина да се клањаат скратено без спојување, следејќи го примерот на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем.
***
Второ: Прекршоците и грешките на луѓето на денот на Арефат
1. Престојување на Арефат дел од осмиот ден поради претпазливост.
Ова спаѓа во претерување и непотребно оптоварување, кое не е дозволено.
2. Одење на Арефат уште на осмиот ден или во ноќта пред деветтиот и преноќување таму.
Ова е спротивно на Сунетот и претставува занемарување на Сунетот за преноќување на Мина.
3. Престојување надвор од границите на Арефат.
Обврска на аџијата е да внимава неговото престојување да биде внатре во границите на Арефат.
4. Убедување дека мора да се клања со имамот во џамијата Немира и силно туркање за да се престојува таму.
Ова не е задолжително, ниту е пропишано создавање гужва и туркање поради тоа.
5. Насочување кон планината Илал при упатување дова.
Сунет е при дова да се свртиме кон киблата.
6. Убедување дека е задолжително да се искачи на планината Илал, или дека тоа е дел од обредите на хаџот, или дека таа има посебна вредност или предност во однос на другите делови на Арефат.
За ова нема доказ, напротив — тоа е спротивно на упатството на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
7. Нарекување на планината Илал како „Планина на милоста“ или „Планина на довата“.
Исправно е дека нејзиното име е Илал, и нема доказ дека се нарекува Планина на милоста или Планина на довата.
8. Влегување во куполата на планината Арафат, наречена „Адемова купола“, клањање во неа и правење таваф околу неа како околу Кабата.
Сето тоа спаѓа во забранети новотарии и може да доведе до ширк.
9. Барање благослов од столбот поставен на врвот од планината во Арафат и пишување имиња на него.
И ова спаѓа во забранети новотарии и може да доведе до ширк.
10. Ставање пари во пукнатините на планината Арафат или на планината Нур, или оставање коса, нокти или делови од облека, со убедување дека тоа ќе доведе до повторно враќање на тие места.
И сите овие постапки се забранети новотарии кои можат да доведат до ширк.
11. Мислењето на некои луѓе дека е задолжително да се престојува токму на местото каде што престојувал самиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, или претераното настојување тоа да се постигне.
Исправно е дека тоа не е задолжително, ниту пак е пропишано такво оптоварување.
12. Губење на времето и запоставување на довата и зикрот, со преокупираност со нешта што не носат корист.
13. Одложување на започнувањето на довата до времето блиску до зајдисонце или до самиот крај на денот.
14. Присилно стоење при дова, со убедување дека тоа е сунет, или мислење дека значењето на престојот на Арафат е задолжително стоење при дова.
Исправно е дека престојот на Арафат значи присуство на тоа место во пропишаното време – без разлика дали човекот стои, седи, е во движење јавајќи или пеш.
15. Заминување од Арафат пред зајдисонце.
Ова е забрането, бидејќи е спротивно на сунетот на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
16. Одложување на заминувањето од Арафат по зајдисонце без оправдана причина.
Сунет е да се замине од Арафат веднаш по зајдисонцето, освен ако постои оправдана причина за задржување.
17. Убедувањето на некои дека престојот на Арафат кога паѓа во петок вреди колку седумдесет аџилаци.
За ова нема никаков доказ.
***
Трето: Прекршоците и грешките на луѓето при поаѓањето кон Музделифа и ноќевањето таму
1. Брзање при заминувањето од Арафат и вознемирување со возилата.
Сунет е да се тргне со смиреност и достоинство, без нанесување штета.
2. Мислењето на некои луѓе дека е пропишано бањање (гусул) за ноќевање во Музделифа.
Нема доказ за пропишаноста на тоа.
3. Мислењето на некои луѓе дека е препорачливо оној што пристигнува со превоз да слезе и да влезе во Музделифа пеш.
Нема докази за пропишаноста на тоа.
4. Сместување на место без да се провери дали навистина се наоѓа внатре во границите на Музделифа.
5. Да не се побрза со клањање на намазот веднаш по пристигнувањето во Музделифа.
Сунет е да се побрза со намазот веднаш по пристигнувањето во Музделифа.
6. Преокупираност со собирање камчиња веднаш при влегувањето во Музделифа и претерана грижа околу тоа, со убедување дека тоа е пропишано.
За ова нема доказ.
7. Одложување на акшамскиот и јацискиот намаз сè додека не излезе нивното време – а тоа е полноќ.
Обврска е акшамскиот и јацискиот намаз да се извршат пред полноќ, дури и ако тоа е пред пристигнување на Музделифа.
8. Поминување на ноќта во Музделифа во постојан намаз, ибадет или во забава и игра.
Сунет е да се побрза со спиење и одмор, следејќи го примерот на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, за човекот да има сила за извршување на делата што следат на Бајрамскиот ден.
9. Заминување на слабите и нивните придружници од Музделифа пред полноќ.
Обврска е да не заминуваат пред полноќ.
10. Заминување од Музделифа пред сабах на оние што не се од слабите и не се со слаби лица.
Обврска е да се остане во Музделифа до сабах.
11. Одложување на заминувањето од Музделифа сè до изгрејсонце.
Сунет е да се замине од Музделифа пред изгрејсонце.
***
Четврто: Прекршоците и грешките на луѓето во делата што се извршуваат на денот на Курбан бајрамот
1. Мислењето на некои луѓе дека е пропишано бањање (гусул) пред фрлањето на камчињата.
Нема докази за пропишаноста на тоа.
2. Миење на камчињата за џемарат.
Нема докази за пропишаноста на тоа.
3. Убедување дека фрлањето не е валидно освен ако камчињата се земени од Музделифа.
За ова нема доказ, и камчињата можат да се земат од кое било место.
4. Да се каменуваат џемератите со нешто друго освен со камчиња, или да се користат преголеми камчиња.
Ова е спротивно на упатството на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
5. Гнев при фрлањето и убедување дека оној што се каменува е шејтанот.
6. Групирање и движење во поврзани групи при одење на фрлање камчиња, вознемирувајќи ги луѓето.
7. Додавање на фрази што не се од зикрот при фрлањето на камчињата.
Најдобро е да се ограничи само на текбир.
8. Фрлање на седумте камчиња одеднаш.
Во таков случај тоа се смета само како едно фрлање, а обврска е секое камче да се фрли посебно.
9. Ставање на камчињата во коритата без фрлање.
Ова не е доволно; пропишано е камчињата да се фрлат со најмалото дејство што вообичаено се смета за фрлање.
10. Целењр при гаѓање на ѕидот, со убедување дека тоа е главната цел.
Пропишано е камчињата да паднат во коритото, дури и ако не го погодат столбот.
11. Фрлање од далечина, без да се осигура дали камчињата навистина паѓаат во коритото на џемератот.
12. Застанување за упатување дова по фрлањето на камчињата кај Џемретул-Акаба.
Ова не е пропишано и нема доказ за неговата пропишаност.
13. Колење на курбанот за теметтуʿ и киран пред денот на Курбан бајрамот.
Оној што ќе го стори тоа – жртвата не му се смета за валидна и должен е повторно да жртвува во пропишаното време, а тоа е од денот на Бајрам до последниот ден од деновите на тешрик.
14. Да не се принесе курбан преку колење и давање милостина во вредност на курбанот.
Ова не се смета за исполнување на обврската и таквиот е должен да го жртвува курбанот.
15. Бричење или потстрижување само на дел од главата.
Сунет е да се избричи или потстрижи целата глава.
16. Задоволување со тавафул-кудум наместо тавафул-ифада, или негово извршување пред престојувањето на Арафат и Музделифа.
Оној што ќе постапи така – тоа не му се смета за валидно, бидејќи тавафот ифада е еден од столбовите (рукновите) на аџилакот, без кој аџилакот не е исправен, и не е дозволено да се изврши освен по престојувањето на Арафат и Музделифа.
***
Петто: Прекршоците и грешките на луѓето во делата на деновите на Мина (деновите на Тешрик)
1. Занемарување и неоправдано овластување на друг да ги фрла камчињата.
Основно правило е аџијата самиот да ги фрла камчињата, освен ако постои шеријатски оправдана причина што дозволува да назначи некој да фрла наместо него.
2. Заминување на оној што овластил друг да фрла камчиња за него – пред завршувањето на делата и деновите на аџилакот.
Ова е грешка. Обврска е да остане во Мина или на местото каде што се наоѓа сè додека не завршат обредите на аџилакот, потоа да изврши тавафул-ведаʿ (прошталниот таваф), па дури тогаш да замине.
3. Фрлање на камчињата во деновите на Тешрик пред зенит (пред пладне).
Сунет е фрлањето да се изврши откако сонцето ќе го помине зенитот.
4. Непочитување на редоследот на трите џемрати при фрлањето.
Обврска е да се почитува редоследот: прво малата џемра, потоа средната, а потоа големата – Џемретул-Акаба. Кој ќе го наруши овој редослед, должен е да го повтори фрлањето по правилниот редослед.
5. Застанување за упатување дова по фрлањето на камчињата кај Џемретул-Акаба.
Сунет е дова да се упатува само по фрлањето кај првата и средната џемра.
***
Шесто: Прекршоците и грешките на луѓето при прошталниот таваф (тавафул-ведаʿ)
1. Извршување на прошталниот таваф пред фрлањето на камчињата на последниот ден, со цел да се отпатува веднаш по фрлањето.
Ова е погрешно. Оној што ќе постапи така, го извршил тавафот надвор од неговото пропишано време, па тој нема да му се смета за валиден и ќе мора да го повтори по фрлањето.
2. Овластување на друг да фрла камчиња за него, а потоа да го изврши прошталниот таваф пред овластениот да ги фрли камчињата.
Исправно е аџијата да почека додека не се изврши фрлањето, а потоа да го изврши прошталниот таваф.
3. Намерно избегнување да се сврти грбот кон Кабата при напуштање на Харамот, со одење наназад од почит кон неа.
Нема доказ за пропишаноста на тоа, а најдоброто упатство е упатството на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
4. Застанување за упатување дова при излегување од Месџидул Харем.
Нема доказ за тоа.
5. Долг престој во Мека по извршениот проштален таваф, без шеријатски оправдана причина.
Обврска е да се побрза со напуштање на Мека по прошталниот таваф. Нема пречка да се почека на придружбата, да се купат неопходни работи за патување и слично.
Доколку некој остане подолго без оправдана причина – должен е да го повтори прошталниот таваф.
Грешките и прекршоците поврзани со посетата на џамијата на Аллаховиот пратеник
1. Допирање на ѕидовите и железните решетки при посетата на гробот на Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како и врзување конци и слично на решетките со цел барање благослов.
Благословот (бериќетот) се наоѓа во она што го пропишале Аллах и Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, а не во новотариите.
2. Одење до пештерите на планината Ухуд, како и до пештерата Хира и пештерата Севр во Мека, врзување крпи на тие места, упатување дови што Аллах не ги дозволил и изложување на потешкотии поради тоа.
Сите овие постапки се новотарии кои немаат никаква основа во чистиот шеријат.
3. Посета на некои места за кои се тврди дека се од трагите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем – како местото каде што клечела камилата, Бунарот на прстенот, односно Бунарот на Осман – и земање земја од тие места со цел барање благослов.
4. Упатување дова на мртвите при посетата на гробиштата Ел-Бекиа и гробиштата на шехидите од Ухуд, како и фрлање пари на тие места со намера на приближување и барање благослов од нив.
Ова претставува една од најголемите грешки, а дури спаѓа и во големиот ширк, како што тоа го истакнале учените и како што укажуваат Аллаховата Книга и Сунетот на Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Причината за тоа е што ибадетот е исклучиво право на Аллах и не е дозволено ништо од него да се насочи кон друг освен кон Аллах – како што се дова, жртвување, заветување и слично – согласно зборовите на Возвишениот: „А наредено им е само Аллах да Го обожуваат, искрено, како правоверни, верата да Му ја исповедаат...“ (Ел Бејине, 5)
Аллаховиот благослов и мир нека се врз нашиот пратеник Мухамед.