نبذة في العقيدة الإسلامية (شرح أصول الإيمان)
.
These files are generated automatically from the book's text; their layout may differ from the printed edition.
КРАТОК ПРЕГЛЕД НА ИСЛАМСКОТО ВЕРУВАЊЕ
Напишано од почитуваниот шејх
Мухамед бин Салих ел Усејмин
Аллах да му ги прости гревовите, на неговите родители и на сите муслимани.
Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот.
Вовед
Навистина благодарноста му припаѓа само на Аллах, Нему му благодариме и од Него помош и прошка бараме и само Нему му се каеме. Од Аллах бараме да нѐ сочува од злото на нашите души и од злото на нашите дела. Кого Аллах ќе го упати, никој не може во заблуда да го заведе, а кого ќе го остави во заблуда, никој не може да го упати на вистинскиот пат. Сведочам дека нема друг бог освен Аллах, Единиот, Кому никој не му е рамен, и сведочам дека Мухамед е Негов роб и Негов пратеник, Аллаховиот салават и селам нека се врз него, неговото семејство, асхабите и сите оние кои ги следат во нивните добри дела.
Потоа велам: тевхидот е најчесната и највредната наука. Неговото проучување е најголема обврска, бидејќи преку него се спознава Возвишениот Аллах, Неговите имиња, својства и права што Тој ги има кон своите робови. Покрај тоа, тевхидот е и клучот на вратата што води кон Аллах и основата на Неговиот верозакон.
Поради оваа причина, пратениците едногласно повикувале кон тевхидот. Возвишениот Аллах вели: „Пред тебе ниту еден Пратеник не испративме, а да не му објавевме: ,Нема бог освен Мене, затоа Мене обожувајте Ме!'“ (Ел Енбија, 25)
Возвишениот Аллах, Себеси си посведочи со едноштво, а тоа, исто така, го посведочиле мелеците и учените луѓе. Возвишениот Аллах вели: „Аллах сведочи дека нема друг бог освен Него, а и мелеците и учените, постапувајќи праведно. Нема друг бог освен Него, Силниот и Мудриот.“ (Али Имран, 18)
И со оглед на високата положба која ја има тевхидот, секој муслиман е должен да се грижи за него преку учење, поучување, размислување и верување; за да ја изгради својата вера врз исправни основи, со спокојство и преданост; за да ги ги ужива неговите плодови и резултати.
А Аллах е Заштитник и Тој дава успех.
Авторот
Верата ислам
Верата ислам: Тоа е верата со која Аллах го испрати Мухамед, саллаллаху алејхи ве селем, и со која ги запечати сите вери. Тој ја употполни таа вера за Своите робови, ја исполни Својата благодат кон нив и е задоволен исламот да им биде вера. Ниту една друга вера кај Аллах, покрај исламот, нема да биде прифатена. Возвишениот Аллах вели: „Мухамед не е татко никому од вашите луѓе, туку е Аллахов Пратеник и последен веровесник – а Аллах сè добро знае.“ (Ел Ахзаб, 40)
Тој Возвишениот, исто така, вели: „Денес верата ваша ви ја усовршив и благодaтта Своја спрема вас ја исполнив и задоволен Сум исламот да ви биде вера.“ (Ел Маиде, 3)
Аллах Семоќниот вели: „За Аллах единствено исламот е вистинска вера.“ (Али Имран, 19)
Негови зборови се и следните: „А тој што сака друга вера освен исламот, нема да му биде примена, и тој на оној свет ќе биде меѓу губитниците.“ (Али Имран, 85)
Возвишениот Аллах им нареди на сите луѓе да веруваат само во Него. Обраќајќи му се на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, Тој вели: „Кажи: ,О, луѓе, јас сум ви на сите вас Аллахов Пратеник, Неговата власт е и на небесата и на Земјата; нема друг бог освен Него, Тој дава живот и смрт, и затоа верувајте во Аллах и во Пратеникот Негов, веровесникот, кој не знае да чита и да пишува, кој верува во Аллах и во зборовите Негови; следете го него, за да бидете упатени!“ (Ал Араф, 158)
Имамот Муслим од Ебу Хурејре, Аллах да е задоволен од него, бележи, дека Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Се колнам во Оној во чија рака е душата на Мухамед, кој било евреин или христијанин што ќе чуе за мене, а потоа ќе умре и нема да поверува во она со кое сум испратен, ќе биде од жителите на огнот.“
Верувањето во него е верување во вистинитоста на она со што е испратен, со прифаќање и покорување, а не само обично верување. Поради тоа, Ебу Талиб не стана верник во Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, иако го потврди она со што дошол Пратеникот и сведочеше дека исламот е најдобрата вера.
Исламот ги содржи сите придобивки што ги содржеле претходните вери, и се одликува по тоа што е погоден за секое време, место и народ. Возвишениот, обраќајќи му се на Својот Пратеник, вели: „А тебе ти објавуваме Книга, со Вистината, да ги потврди книгите пред неа објавени и над нив да бдее.“ (Ел Маиде, 48)
Значењето дека исламот е погоден за секое време, место и народ подразбира дека придржувањето кон исламските прописи не е во спротивност со придобивките на заедницата во кое било време или место. Напротив, тоа е нивна добробит. Меѓутоа, тоа не значи дека исламот е подложен на промени во секое време, место и заедница, како што некои луѓе сакаат да го прикажат.
Исламот е вистинската вера за која Возвишениот Аллах ветил дека ќе му помогне на секој оној што искрено ќе се придржува кон неа и ќе го воздигне над другите. Возвишениот Аллах вели: „Тој го прати Пратеникот Свој со Упатството и со Вистинската Вера за да ја издигне над сите вери, макар тоа и да го мразат многубошците.“ (Ес Саф, 9)
Возвишениот вели: „Аллах ветува дека тие меѓу вас кои ќе веруваат и кои добри дела ќе прават, сигурно за намесници на Земјата ќе ги постави, како што ги поставил за намесници тие пред нив, и дека навистина верата нивна ќе ја зацврсти, таа што Тој им ја сака, и дека сигурно стравот со безбедност ќе им го замени; тие само Мене ќе Ме обожуваат, и нема здруженици да Ми припишуваат. А тие кои и по тоа ќе бидат неблагодарни – тие се вистински грешници.“ (Ен Нур, 55)
Исламот е акида (убедување) и шеријат (верозакон). Исламот е потполн во своите убедувања и закони:
1. Наредува обожување само на Возвишениот Аллах, а го забранува многубоштвото.
2. Ја наредува искреноста, а ја забранува лагата.
3. Ја наредува правдата, а ја забранува неправдата. Тоа подразбира изедначување на идентичните работи и разликување на различните работи. Правдата не е апсолутна еднаквост како што некои луѓе тврдат кога велат: ,Исламот е вера на еднаквост’, бидејќи еднаквоста помеѓу различните работи е неправда што исламот не ја поддржува и не го фали тој што ја спроведува.
4. Наредува доверливост, а забранува предавство.
5. Наредува исполнување на превземените обврски, а забранува измама.
6. Наредува доброчинство кон родителите, а забранува непослушност кон нив.
7. Наредува одржување на роднинските врски, а забранува нивно кинење.
8. Наредува добрососедство, а забранува лошо однесување кон соседите.
И општо кажано: исламот го наредува секој доблесен карактер и го забранува секој лош карактер. Наредува за секое добро дело и забранува од секое лошо дело.
Возвишениот Аллах вели: „Аллах бара да се почитува сечие право, да се прави добро, и на блиските да им се дава, а развратот и сè што е лошо и одвратно и насилството го забранува; да примите поука, Тој ве советува.“ (Ен Нахл, 90)
Столбовите на исламот
Столбовите на исламот се неговите основи врз кои се гради верата, а тие се пет на број, спомнати во преданието кое го пренесува Абдулах ибн Омер, Аллах да е задоволен од обајцата, дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: ,Исламот се темели врз пет работи: сведочењето дека нема друг бог освен Аллах - а во друго предание стои: врз пет -: сведочењето дека нема друг бог освен Аллах и дека Мухамед е Негов роб и Пратеник, извршувањето на намазот, давањето на зекат, постот во месецот рамазан и хаџот.’ Тогаш еден човек праша: ,Хаџот и постот во месецот рамазан?’ Тој рече: ,Не, постот во месецот рамазан и хаџот.’ Така слушнав од Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
1- Што се однесува до сведочењето дека нема друг бог освен Аллах и дека Мухамед е Негов роб и Пратеник, тоа е: цврсто верување изразено со зборови, толку цврсто што ова уверување треба да биде како да се гледа со очи. Ова сведочење се смета за еден столб, иако содржи повеќе аспекти на сведочење:
Првиот аспект е содржан во тоа што Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, е пренесувач од Аллах, па сведочењето дека е Негов роб и пратеник е надоплнување на сведочењето дека нема друг бог освен Аллах.
Вториот аспект е дека двете сведочења се основа за исправноста и прифаќањето на делата; бидејќи делото ќе биде исправно и прифатено само ако се направи искрено во името на Аллах и во согласност со сунетот на Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
Со искреност кон Аллах (ар. ихлас) се остварува сведочењето дека нема друг бог освен Аллах, а со следење на сунетот на Аллаховиот пратеник се остварува сведочењето дека Мухамед е Негов роб и пратеник.
Еден од плодовите на ова големо сведочење е: ослободување на срцето и душата од ропството кон созданијата и од следењето на некој друг освен Божјите пратеници.
2. Извршувањето на намазот: Обожувањето на Аллах преку неговото извршување на исправен и целосен начин, во неговите пропишани времиња и форми.
Некои од плодовите на овој ибадет се: широкоградоста, радоста и спречувањето на злото и развратот.
3. Давањето на зекат: Обожување на Аллах преку задолжително издвојување на одреден дел од имотот и негово давање на пропишаните категории.
Некои од плодовите на овој ибадет се: прочистување на душата од лошите особини (скржавоста) и исполнување на потребите на исламот и муслиманите.
4. Постот во рамазан: Обожување на Аллах преку воздржување од работи кои го прекинуваат постот во текот на денот.
Некои од плодовите на овој ибадет се: навикнување на душата да се откаже од саканите работи, барајќи го задоволството на Семоќниот Аллах.
5. Хаџот: Обожување на Аллах преку посетата на Ќаба поради извршувањето на пропишаните обреди.
Некои од плодовите на овој ибадет се: навикнување на душата да вложува финансиски и физички напор во послушност кон Севишниот Аллах; поради тоа, хаџот е вид на џихад на Аллаховиот пат.
Некои од плодовите кои беа спомнати за основите на оваа тема, а и тие што не ги спомнавме, ги прават следбениците на исламот чисти и искрени практиканти на вистинската вера и искрени и праведни во постапувањето кон другите. Сите други исламски прописи се исправни само ако се исправни овие темели. Успехот на заедницата е поврзан со исправноста на нејзината вера, а колку повеќе се оддалечуваат од неа, толку повеќе нивната состојба ќе биде неуспешна.
Кој сака подобро да го разбере ова, нека ги прочита зборовите на Возвишениот: „А да веруваа жителите на населбите и од гревови да се чуваа, Ние би им праќале благослови и од небо и од земја, но, тие негираа, па ги казнувавме за тоа што го заработуваа. А зарем жителите на населбите се сигурни дека Нашата казна нема да ги снајде во ноќта додека спијат? Или, зарем жителите на населбите се сигурни дека Нашата казна нема да ги снајде дење, додека се забавуваат? Зарем тие можат да бидат сигурни од Аллаховата казна? Од Аллаховата казна не се плаши само народот кому му претстои пропаст!“ (Ел Араф, 96-99)
И нека погледне во историјата на тие пред нас; бидејќи историјата е поука за оние со разум, и можност да прогледаат оние чии срца не се покриени со превез, а Аллах е доволен заштитник.
Основите на исламското верување
Исламот, како што претходно беше објаснето, е верување (акида) и закон (шеријат). Спомнавме нешто од неговите закони и ги спомнавме неговите столбови кои се сметаат за основа на тие верски закони.
Што се однесува до исламското верување, тоа се заснова на следните темели: верување во Аллах, Неговите мелеци, Неговите книги, Неговите пратеници, Судниот ден и кадерот/одредбата: добрата и лошата.
На овие основи укажуваат Аллаховата Книга и Сунетот на Неговиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
Возвишениот Аллах во Неговата Книга вели: „Добродетелството не е во тоа да ги вртите вашите лица кон исток и запад, туку добродетели се тие кои веруваат во Аллах, во оној свет, во мелеците, во книгите, во веровесниците.“ (Ел Бекаре, 177) А за кадерот (предодредбата) вели: „Ние навистина сè со одредба создаваме, и наредбата Наша е само еден збор – сè се случува за миг.“ (Ел-Камер, 49-50)
Во Сунетот на Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, се пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, одговарајќи на прашањето поставено од Џибрил околу верувањето, рекол: „Иман е да веруваш во Аллах, во Неговите мелеци, Неговите книги, Неговите пратеници, во Судниот ден, и да веруваш во одредбата, добрата и лошата.“
Верувањето во Возвишениот Аллах
Верувањето во Аллах опфаќа четири работи:
Прво: Верување дека Аллах постои.
На Неговото постоење укажуваат: нерасипаната човечка природа (ар. фитра), разумот, шеријатските текстови и сетилните докази.
1. Нерасипаната природа - фитра: во секое суштество е вродено верувањето во Создателот, без претходно учење или размислување и ова е нерасипаната природа на човекот која се менува само под влијание на надворешните фактори. Доказ за ова се зборовите на Аллаховиот Пратеник, салалаху алејхи ве селем: „Секое дете се раѓа со природната вера (фитра), но неговите родители го претворуваат во евреин, во христијанин, или во огнопоклоник.“
2. Разумот: Рационалниот доказ за Аллаховото постоење е дека сите овие созданија, и претходните и идните, мора да имаат Создател кој ги создал; бидејќи е невозможно нешто само од себе да се создаде, ниту пак да се појави случајно, без никаква причина.
Ништо не може само од себе да се создаде, бидејќи пред своето постоење не било ништо, па како тогаш да се создаде?!
Ништо не може да се појави случајно, бидејќи секој настан мора да има свој предизвикувач. Исто така, постоењето на нешто што е совршено, без никакви мани и недостатоци, со причинско-последична врска, укажува дека е невозможно нешто да настане без причина. Нешто што се појавува случајно не е совршено во самиот свој почеток, па како тогаш да биде совршено за време на своето опстојување и развој?!
Кога овие созданија не можат сами од себе да се создадат, ниту пак да се појават случајно; тогаш мора да имаат Создател, а тоа е Аллах, Господарот на световите.
Овој разумен доказ и категоричен аргумент, Возвишениот Аллах го спомнува во сурата Ет Тур, каде вели: „Дали тие без Создател се создадени или тие самите себеси се создадоа?!“ (Ет Тур, 35) Значи, не се создадени без Создател, ниту пак самите се создадоа, што укажува дека Аллах е единствениот Создател. Кога Џубејр бин Мут’им, во време кога бил многубожец, го слушнал Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, како ги рецитира ајетите од сурата Ет Тур: „Дали тие без Создател се создадени или тие самите себеси се создадоа?! Дали тие небесата и Земјата ги создадоа?! Не, туку тие не се убедени! Дали се кај нив ризниците на Господарот твој, или дали тие владеат?“ (Ет Тур, 35-37)
Џубејр бин Мут’им, кој тогаш бил многубожец, рекол: „Срцето само што не ми излета од градите и тоа беше првпат кога иманот влезе во срцето.“
Да дадеме пример за да ни биде уште појасно: Кога некој би ти раскажал за некој голем дворец, кој е опкружен со прекрасни градини, низ кои течат реки, исполнет со прекрасен ентериер и украсен со многу декорации, а потоа ти вели: Овој дворец и сè што има во него настанал сам од себе или настанал случајно без создавач; веднаш би го негирал тоа и би го сметал за бесмислица. Па како тогаш целиот овој универзум, Земјата, небесата, планетите, космичкиот систем и сè што се случува на него може сам да се создаде или да настане случајно без Создател?!
3. Шеријатските докази кои укажуваат на постоењето на Аллах: Сите небесни книги го сведочат и потврдуваат тоа, и сите прописи содржани во тие книги укажуваат дека ги објавил Мудриот и Сезнајниот Господар кој знае што им одговара и користи на созданијата. А и сите појави во универзумот укажуваат на вистинитоста дека тие се создадени од Силниот Господар за што Тој нè известил.
4. Сетилните докази ни укажуваат на постоењето на Аллах од два аспекта:
Прво: Многу често слушаме и гледаме како нечија молитва е услишана, што јасно укажува на постоењето на Аллах. Возвишениот Аллах вели: „И спомни го Нух – кога во дамнешно време повика, па Му се одѕвавме.“ (Ел Енбија, 76) Возвишениот, исто така, вели: ,,И кога од Господарот свој помош побаравте, Тој ви се одѕва." (Ел Енфал, 9)
Имамот Бухари во неговиот Сахих од Енес бин Малик, радијалаху анху, пренесува дека рекол: „Додека Аллаховиот пратеник, саллаллаху алејхи ве селем, држеше хутба за време на Џума, дојде еден бедуин и рече: ,О Аллахов Пратенику, имотот ни пропадна, семејствата ни се изгладнети, па замоли го Аллах за нас!’ Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ги подигна своите раце и одеднаш се појави облак како планина. Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, не ни слезе од минберот, а јас забележав како дождот му тече по брадата.
Следниот петок истиот тој бедуин, или некој друг, стана и рече: ,О Аллахов Пратенику, градбите се урнаа, а имотот се поплави. Замоли го Аллах за нас!’ Аллаховиот Пратеник, саллаллаху алејхи ве селем, тогаш ги подигна рацете и рече: ,О Аллаху мој, околу нас дождот, а не врз нас!’ И речиси не почна ни да покажува со раката кон небото, а облакот се повлече."
Прифаќањето на довите на оние кои искрено се обраќаат кон Аллах и ги исполнуваат условите за нивно прифаќање е присутно до денешен ден.
Второ: Натприродните дела, познати како муџиза, што ги правеле пратениците, кои луѓето ги слушнале или ги виделе, се јасен показател за постоењето на Аллах, бидејќи натприродните настани кои се надвор од човечката контрола се дело на Аллах, кое Тој го дава за да ги поддржи Своите пратеници и да ја потврди нивната вистинитост.
Пример за тоа е натприродното дело на Муса, алејхи селам, кога му нареди Возвишениот Аллах да удри со стапот по морето. Кога Муса го направи тоа, морето се раздели на дванаесет суви патеки, покрај кои водата беше како планина. Возвишениот Аллах вели: „И Ние му објавиме на Муса: ,Удри со стапот свој по морето!' - и тоа се раздели и секоја негова страна беше како голема планина.“ (Еш Шуара, 63)
Вториот пример се надприродните дела на Иса, алејхи селам, кога ги оживуваше мртвите и ги изведуваше од нивните гробови со Аллахова волја. Пренесувајќи ни ги зборовите на Иса алејхи селам, Возвишениот Аллах вели: „И ќе оживувам мртви со Аллахова волја.“ (Али Имран, 49) И вели: „И кога со волјата Моја мртвите ги креваше.“ (Ел Маида, 110)
Третиот пример е кога Курејшиите побараа од Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, некаков знак, па тој ја насочи раката кон месечината, и таа се преполови на две половини, што луѓето го посведочија. Возвишениот Аллах во врска со тоа вели: „Се ближи Часот и Месечината се преполови! А тие, секогаш кога ќе видат чудо, се вртат и велат: ,Непрекината магија!'“ (Ел Камер, 1-2)
Овие сетилни знаци што Возвишениот Аллах им ги дал се поддршка и потпора за Неговите пратеници и недвосмислено укажуваат на Неговото постоење.
Вториот дел што го опфаќа верувањето во Аллах е верувањето во Неговиот рубубијјет, што значи дека Тој е единствениот Господар, без никаков партнер или помагач во тоа.
Господар е оној кој создава, поседува и одредува. Нема Создател, Владател, ниту некој кој управува освен Него. Возвишениот вели: „Само Тој создава и управува!“ (Ел Араф, 54) Негови зборови се и следните: „Ете, тоа ви е Аллах, Господарот ваш, царството е Негово! А тие кои, покрај Него, ги обожувате не поседуваат ништо, ни колку тенката обвивка на урмината семка.“ (Ел Фатир, 13)
И не е познато дека некој од тие кои ги создал Аллах, го негирал Аллаховиот рубубијјет, освен ако не бил арогантен и не бил убеден во тоа што го зборува, како што беше случајот со фараонот, кога му рече на својот народ: „Јас сум господарот ваш нај-голем!“ (Ен Назиат, 24). И рече: „О, главешини,“ - рече фараонот - „јас не знам дека вие имате друг бог освен мене.” (Ел Касас, 38). Но тој го кажуваше тоа без да верува во тоа. Возвишениот Аллах вели: „И тие, неправедни и арогантни, ги негираа, но во себе веруваа дека се вистински.“ (Ен Немл, 14) Исто така Возвишениот Аллах ни кажува дека Муса му рече на фараонот: ,,А Муса одговори: ,Ти добро знаеш дека ова не го дал никој друг туку Господарот на небесата и на Земјата, како јасни знаци, и јас мислам дека ти, о, фараону, сигурно ќе настрадаш.'" (Ел Исра, 102) Таа е причината поради која мушриците го признаваа Аллаховиот рубубијјет, но и покрај тоа праве ширк во ибадетот, Возвишениот Аллах вели: ,,Запрашај: ,Чија е Земјата и сето тоа што е на неа, знаете ли?' ,На Аллах!' - ќе одговорат, а ти кажи: ,Па зошто тогаш не доаѓате при себе?' Запрашај: ,Кој е Господарот на седумте небеса и кој е Господарот на Аршот величествен?',Аллах!' - ќе одговорат, а ти кажи: ,Па зошто тогаш не се плашите?' Запрашај: ,Во чија рака е власта над сè, а Тој зема во заштита, и од кого никој не може да биде заштитен, знаете ли?' ,Тоа е Аллахово!' - ќе одговорат, а ти кажи: ,Па зошто тогаш дозволувате да бидете заведени?'“ (Ел Муминун, 84-89)
Возвишениот Аллах вели: Па ако ги запрашаш кој ги создаде небесата и Земјата, тие сигурно ќе речат: „Ги создаде Силниот и Сезнајниот!“ (Ез Зухруф, 9)
И вели: „А ако ги запрашаш кој ги создаде нив, сигурно ќе речат: ,Аллах!' Па тогаш каде се одметнуваат?!“ (Ез Зухруф, 87)
Аллах ја има целосната контрола врз космичката и шеријатската одредба. Како што Тој, како управител на универзумот, донесува одлуки во согласност со Својата мудрост, исто така Тој е Врховен Законодавец во поглед на обредите и прописите меѓу луѓето, и сето тоа го пропишува во согласност со Неговата волја и мудрост. Затоа, кој ќе земе покрај Аллах законодавец во верските обреди или судија во меѓучовечките односи, таквиот направил ширк и не го постигнал вистинското верување.
Третиот дел што го опфаќа верувањето во Аллах е верувањето во Неговиот улухијјет, односно верувањето дека Тој е единствениот вистински Бог кој нема партнер. „Илах“ значи „оној кој се обожува“, односно „обожуван“ со љубов и величање.
Возвишениот Аллах вели: „А вашиот Бог е еден Бог. Нема друг бог освен Него, Семилосниот, Милостивиот!“(Ел Бекаре, 163) И вели: „Аллах сведочи дека нема друг бог освен Него, а и мелеците (ангелите) и учените, постапувајќи праведно. Нема друг бог освен Него, Силниот и Мудриот!“ (Али Имран, 18) Секое божество кое се обожува покрај Аллах е лажно. Возвишениот Аллах вели: „Тоа е затоа што Аллах е Вистина, а тие на кои, покрај Аллах, им се молат се лага, и затоа што е Аллах Возвишен и Голем.“ (Ел Хаџ, 62) Нарекувањето на некого бог не значи дека може и да се обожува. Споменувајќи ги Лат, Узза и Менат, Возвишениот Аллах вели: „Тоа се само имиња кои вие и предците ваши им ги дадовте, Аллах за нив никаков доказ не пратил.“ (Ен Неџм, 23)
И ни ги пренесува зборовите на Худ кога на својот народ му рекол: „Зарем со мене да се препирате за некакви имиња кои вие и вашите предци ги измисливте, а за кои Аллах никаков доказ не објавил?" (Ел Араф, 71)
И ги пренесува зборовите на Јусуф, алејхи селам, кои му ги кажал на својот другар во затворот: „О, пријатели мои од занданава, дали се подобри разноразните богови или Аллах, Единиот и Семоќниот? Тие кои наместо Него ги обожувате се само имиња кои сте им ги дале вие и предците ваши, Аллах за нив никаков доказ не објавил.“ (Јусуф, 39-40)
И сите Божји пратеници им говореле на своите народи: „Само Аллах обожувајте Го, вие друг бог освен Него немате!“ (Ел Араф, 59) Оваа наредба мушриците/идолопоклониците ја одбиле и покрај Аллах обожувале други божества и од нив барале помош.
Возвишениот Аллах укажа на неисправноста на обожувањето на овие лажни божества од страна на мушриците со два разумски докази:
Прво: Сите лажни божества што се обожуваат немаат ниту една особина на божественост. Тие се создадени и не создаваат. Не можат никому да му користат, ниту да му наштетат, ниту можат некому да му дадат живот или да му го одземат. Немаат никаква власт на небесата, ниту учество во неа.
Возвишениот Аллах вели: „А тие покрај Него зеле божества кои ништо не создаваат, кои и самите се создадени, кои не се во состојба од себе некаква штета да отстранат ниту некаква корист да сторат, и кои немаат моќ живот да одземат, живот да дадат и да оживеат.“ (Ел Фуркан, 3)
И вели: „Кажи: ,Викнете ги тие кои, покрај Аллах, за богови ги сметате. Тие ништо не поседуваат, ни колку една ронка, ни на небесата ни на Земјата; тие во нив немаат никаков удел и Тој нема од нив никаква помош.' Кај Него ќе може да се зазема за некого само тој кому Тој ќе му допушти.“ (Сабе, 22-23) Тој Возвишениот исто така вели: „Зарем да Му ги здружуваат тие коишто не можат ништо да создадат, а и самите се создадени, и коишто не можат да им помогнат, ниту можат да си помогнат на себеси?“ (Ел Араф, 191-192)
Ако овие божества ги имаат споменатите својства, тогаш нивното прифаќање како божества е безумно.
Второ: Мушриците сметале дека Аллах е единствениот Господар и Творец, во Чија Рака е сè, Оној кој дава заштита и од Кого никој не може да биде заштитен. Значи, како што сметале дека само Тој создава, така требало и само Него да Го обожуваат, бидејќи едното произлегува од другото, како што Возвишениот вели: „О, луѓе, обожувајте Го Господарот ваш Кој ве создаде и вас и тие пред вас, за да бидете богобојазливи, Кој Земјата постела, а небото кров ви ги направи; Кој од небото ви го спушта дождот и со него создава плодови, снабдување за вас. Затоа не припишувајте Му здруженик на Аллах, знаејќи го тоа.“ (Ел Бекара, 21-22)
И вели: „А ако ги запрашаш кој ги создаде нив, сигурно ќе речат: ,Аллах!' Па тогаш каде се одметнуваат?!" (Ез Зухруф, 87)
И вели: „Запрашај: ,Кој ве храни од небото и од земјата, чие дело се слухот и видот, кој го создава живото од неживото, а го претвора живото во неживо, и кој управува со сè?' – ,Аллах!', ќе кажат тие, а ти кажи: ,Па зошто тогаш не се плашите од Него? Ете, тоа е Аллах, Господарот ваш вистински! Зарем по Вистината има нешто друго освен заблуда? Па тогаш каде се одметнувате?“ (Јунус, 31-32)
Четвртиот дел што го опфаќа верувањето во Аллах е верувањето во Неговите имиња и својства.
Ова подразбира потврдување на сите Аллахови имиња и својства кои се спомнати во Неговата Книга и во сунетот на Неговиот Пратеник салаллаху алејхи ве селем, на начин кој му доликува, без извртување или негирање, и без расправање за нивната форма или споредување. Возвишениот Аллах вели: „На Аллах Му припаѓаат најубавите имиња, и повикувајте Го со нив, и тргнете се од тие што ги искривуваат Неговите имиња - како ќе прават, така ќе бидат казнети!“ (Ел Араф, 180) Негови зборови се и следните: „Нему Му припаѓа највозвишениот пример и на небесата и на Земјата; Тој е Силен и Мудар.“ (Ер Рум, 27) И вели: „Ништо Нему не му е слично! Тој сè слуша и сè гледа.“ (Еш Шура, 11)
По ова прашање заталкале две групи:
Прва: Муаттиле - тие што ги негираат Аллаховите својства или дел од нив, сметајќи дека со потврдувањето на Аллаховите својства го поистоветуваме со Неговите созданија. Овој заклучок е невалиден од неколку причини:
Прво: Од ваквиот заклучок произлегуваат многу неисправности, како на пример контрадикторност во Аллаховите зборови. Возвишениот Аллах потврдил дека поседува имиња и својства и напоменал дека Нему никој и ништо не му е слично. Ако кажеме дека потврдувањето на тие својства значи поистоветување на Аллах со созданијата, тогаш од тоа произлегува дека Неговите зборови се контрадикторни и дека едни на други се спротиставени.
Второ: Поседувањето заедничко име или својство не значи и сличност меѓу оние што ги поседуваат. На пример, гледаш човек кој поседува слух и вид, и кој зборува; но тоа никако не значи дека неговиот слух, вид и говор се исти како кај некој друг човек.
Или, гледаме животни кои имаат раце, нозе и очи, но тоа не значи дека овие делови од телото се исти кај сите животни.
Кога оваа разлика во поглед на имињата и својствата постои помеѓу самите созданија, тогаш разликата помеѓу Создателот и созданијата е уште поголема и поочигледна.
Втора група: Мушеббихе - тие што го споредуваат Аллах со Неговите созданија. Тие ги потврдуваат Аллаховите имиња и својства, но го споредуваат Аллах со созданијата, бидејќи, како што велат, таквото значење се разбира од шеријатските текстови, имајќи предвид дека Аллах им се обраќа на луѓето на начин кој тие го разбираат. Секако, овој став е неисправен од повеќе причини:
Прво: Сличноста на Аллах со Неговите созданија е нешто што го побива разумот и шеријатските докази, бидејќи невозможно е од шеријатските текстови да се разбере нешто што е неисправно.
Второ: Возвишениот Аллах им се обраќа на Своите робови со зборови чии значења се јасни, но суштината и природата на она што е поврзано со Неговото Битие и својства ги знае само Тој и никој друг.
Аллах за Себе потврди дека слуша и ние во основа знаеме и разбираме што значи зборот слух, но неговата суштина и форма не ги познаваме кога станува збор за Аллах. Формата на слухот се разликува дури и кога станува збор за созданијата, па разликата помеѓу Создателот и созданијата е уште поочигледна и поголема.
Кога Аллах за Себе вели дека се воздигнал над Аршот, ние во основа знаеме што значи зборот воздигнување, но неговата суштина и форма не ги познаваме кога зборуваме за Аллах. Ова воздигнување се разликува дури и кај созданијата, бидејќи не е исто да се воздигнеш (да се качиш) на стол кој е цврсто на земја и на камила која брзо се движи. Значи, ако оваа разлика постои помеѓу созданијата, тогаш уште повеќе е очигледно дека таа постои помеѓу Создателот и созданијата.
Некои плодови на верувањето во Возвишениот Аллах:
Прво: Потврда на Аллаховиот тевхид, од која произлегува дека верникот не се надева, ниту се плаши, ниту пак обожува некого освен Него.
Второ: Совршена љубов кон Возвишениот Аллах и Негово величење според Неговите најубави имиња и возвишени својства.
Трето: Обожувањето на Аллах преку извршување на она што ни го наредил и избегнување на она што ни го забранил.
*
Верувањето во Аллаховите мелеци
Мелеците се невидливи суштества кои го обожуваат Аллах и немаат никакви божествени својства. Возвишениот Аллах ги создал од светлина и ги направил целосно покорни Нему и им дал сила за да можат да ги исполнуваат Неговите наредби. Возвишениот Аллах вели: „А тие што се кај Него не одбиваат да Му бидат покорни, и не се заморуваат, Го слават и ноќе и дење, не се истоштуваат." (Ел Енбија, 19-20)
Тие се безбројни, нивниот број го знае само Возвишениот Аллах. Во двата Сахиха се наведува предание од Енес, радијаллаху анху, кое зборува за ми’раџот, а во тоа предание стои дека во небесната Ќаба, позната како Бејтул ма’мур, секој ден се молат седумдесет илјади мелеци кои, кога ќе излезат, повеќе не се враќаат.
Верувањето во мелеците опфаќа четири работи:
Прво: Верувањето во нивното постоење.
Второ: Посебно верувањето во оние мелеци чии имиња ги знаеме, како Џибрил, и општо верување во оние чии имиња не ги знаеме.
Трето: Верувањето во нивните својства кои ни се познати, како Џибрил, кого Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, го видел во неговиот вистински облик. Имаше шестстотини крилја кои го покриваа хоризонтот.
Исто така, со Аллахова волја, мелекот може да се претвори во човечка форма, како што се случи со Џибрил кога Аллах го испрати кај Мерјем и тој ѝ се појави во лик на маж без недостатоци. Исто така кога дојде кај Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, додека седеше со асхабите, се појави во облик на човек во исклучително бела облека, со многу црна коса, а на него не се забележуваа трагови од патување, ниту пак го познаваше некој од асхабите. Седна кај Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, потпирајќи ги своите колена на неговите и ставајќи ги дланките на своите бедра, и го праша за исламот, иманот и ихсанот, и го праша за Судниот час и неговите знаци. Кога Аллаховиот Пратеник му одговори на поставените прашања, стана и замина. Потоа Аллаховиот Пратеник салаллаху алејхи ве селем рече: „Тоа беше Џибрил, дојде да ве подучи на вашата вера.“
Исто така, и мелеците кои Аллах ги испрати кај Ибрахим и Лут, беа во човечки лик.
Четврто: Верувањето во делата што ги знаеме дека ги извршуваат по наредба на Аллах, како што се славењето и обожувањето на Аллах ден и ноќ без замор и без прекин.
Некои од нив имаат посебни задолженија, како:
Џибрил - задолжен за доставувањето на Објавата до Аллаховите пратеници и веровесници.
Микаил - задолжен за дождот и растенијата.
Исрафил - задолжен да дувне во рогот по што ќе настапи Судниот ден и по што Аллах ќе ги оживее созданијата.
Мелекот на смртта - задолжен за земањето на душите при смртта.
Малик - задолжен за чување на Џехенемот.
Мелеците задолжени за плодот во матката - откако плодот ќе наполни четири месеци, Аллах испраќа мелек кој е задолжен да го запише снабдувањето, часот на смртта, што ќе работи и дали ќе биде среќен или не.
Мелеците задолжени да ги чуваат и запишуваат делата на човекот - секој човек има два мелека, еден на десната, а друг на левата страна.
Мелеците задолжени за испитувањето на човекот во гробот - тие ќе прашаат за Господарот, верата и Пратеникот.
Некои од плодовите на верувањето во мелеците:
Прво: Спознание за величината, силата и моќта на Аллах, бидејќи величината на создаденото укажува на величината на Создателот.
Второ: Благодарност кон Аллах за вниманието кое го покажува кон човекот, така што одредил мелеците да го следат и чуваат, и да ги запишуваат неговите дела.
Трето: Љубовта кон мелеците поради нивното обожување на Аллах.
Некои луѓе кои се оддалечиле од вистината негираат дека мелеците се тела и велат дека тие се само сили на доброто скриени во созданијата. Ова е негирање на Аллаховата Книга, Сунетот на Неговиот Пратеник салаллаху алејхи ве селем и консензусот на муслиманите.
Возвишениот Аллах вели: „Сета благодарност Му припаѓа на Аллах, Создателот на небесата и на Земјата, Кој мелеците со по две, три и четири крила ги прави пратеници.“ (Ел Фатир, 1)
И вели: „А да видеше само кога мелеците на неверниците душата им ја земаа и по лицата нивни и одназад ги удираа.“ (Ел Енфал, 50)
И вели: „А да ти се даде да ги видиш неверниците во смртните маки, кога мелеците ќе ги испружат рацете свои кон нив: ,Извадете ги своите души!'“(Ел Енам, 93)
И вели: „И кога од срцата нивни стравот ќе исчезне, тие ќе запрашаат: ,Што рече Господарот ваш?' – ,Вистината!' – ќе одговорат, Тој е Возвишен и Голем.“ (Сабе, 23)
И вели: „Тие што биле честити – мелеци ќе им влегуваат на секоја врата. Мирот нека е со вас, затоа што трпевте, а прекрасно ли е најубавото престојувалиште." (Ер Рад, 23-24)
Бухари бележи во неговиот Сахих од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кога Аллах ќе засака некој човек, го повикува Џибрил: ,Аллах го сака тој и тој, па сакај го и ти!’ Тогаш и Џибрил ќе го засака, па Џибрил објавува меѓу жителите на небесата: ,Аллах го сака тој и тој, па сакајте го и вие!’ Потоа ќе го засакаат и жителите на небесата, а потоа му се дава прифаќање кај луѓето на Земјата - и тие да го сакаат.”
Исто така, во друг хадис од Ебу Хурејре се пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кога ќе биде петок, на сите џамиски врати стојат мелеци и го запишуваат првиот што ќе влезе, па понатаму сите по ред, а кога имамот ќе седне, тие ги затвораат списите и доаѓаат да ја слушаат хутбата.“
Овие текстови јасно укажуваат дека мелеците имаат тела и дека не станува збор само за сили на доброто, како што тврдат оние кои заталкале од вистината. Муслиманите се сложни во ова поради спомнатите текстови.
*
Верувањето во Аллаховите книги
Книги или ел-кутуб е множина од зборот китаб или книга, што на арапски јазик означува нешто што е напишано.
Тука се мисли на книгите кои Аллах ги објавил на пратениците, како милост и упатство за созданијата, за да постигнат среќа на овој и на идниот свет.
Верувањето во Аллаховите книги опфаќа четири работи:
Прво: Верувањето дека нивното објавување од Аллах е вистинито.
Второ: Посебно верување во книгите чии имиња ги знаеме, како што е Куранот, кој му е објавен на Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, Тевратот, кој му е објавен на Муса, алејхи селам, Инџилот, кој му е објавен на Иса, алејхи селам. Зебурот, кој му е објавен на Давуд, алејхи селам. Што се однесува до книгите чии имиња не ги знаеме, во нив веруваме општо.
Трето: Верување во она што е кажано во нив, доколку се потврди исправноста на тоа, како што е верувањето во сè што е кажано во Куранот, како и верувањето во она што не е искривено од претходните книги.
Четврто: Постапување според она што е кажано во нив, доколку не е дерогирано, и прифаќање и задоволство со она што е спомнато во нив, без разлика дали ја разбираме мудроста на тоа или не. Покрај тоа, наша обврска е да веруваме дека сите претходни книги се дерогирани со Куранот. Возвишениот Аллах вели: „А тебе ти објавуваме Книга, со Вистината, да ги потврди книгите пред неа објавени и над нив да бдее.“ (Ел Маиде, 48) Т.е. да им пресуди и дерогира.
Од таа причина, не е дозволено да се применуваат прописите на претходните книги освен ако некој од нив не е потврден со Куранот.
Некои плодови на верувањето во Аллаховите книги:
Прво: Спознавање на Аллаховата грижа кон своите робови преку испраќањето книги кои ќе им бидат упатство во животот.
Второ: Спознавање на Аллаховата мудрост во пропишувањето, така што на секој народ му објавувал она што му одговара во дадениот момент. Возвишениот Аллах вели: „На сите вас закон и правец ви пропишавме!“ (Ел Маиде, 48)
Трето: Благодарност на Аллаховите благодети.
*
Верувањето во Аллаховите пратеници
„Русул“ или Пратеници е множина од зборот „ресул“ или „пратеник“ и означува личност која е испратена да достави нешто.
Пратениците се лица на кои Аллах им ја доставил пораката и им наредил да ја пренесат.
Првиот пратеник е Нух, алејхи селам, а последниот е Мухамед, салаллаху алејхи ве селем.
Возвишениот Аллах вели: „Ние ти објавуваме тебе како што му објавувавме на Нух и на веровесниците по него.“ (Ен Ниса, 163)
Бухари го бележи од Енес бин Малик, радиијаллаху анху, хадисот за шефаатот, во кој стои: „Луѓето ќе дојдат кај Адем за да се заземе за нив, па тој ќе каже: ,Одете кај Нух, тој е првиот пратеник кого Аллах го испратил.’“
Возвишениот Аллах за Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, вели: „Мухамед не е татко никому од вашите луѓе, туку е Аллахов Пратеник и последен веровесник.“ (Ел Ахзаб)
Не постоел народ на кој Аллах не му испратил пратеник со верски закон специфичен за него или веровесник кој имал за цел да го обнови претходниот верски закон. Возвишениот Аллах вели: „Ние на секој народ Пратеник му испративме: ,Само Аллах обожувајте Го, а тргнете се од тагутот!'“ (Ен Нахл, 36)
И вели: „А нема народ на кого не му дошол тој што опоменува.“ (Ел Фатир, 24)
И вели: „Ние го објавивме Тевратот, кој содржи упатство и светлина. Според него на евреите им судеа веровесниците, кои Му беа послушни на Аллах.“ (Ел Маиде, 44)
Пратениците се обични луѓе без никакви божествени особини. Говорејќи за најдобриот и највредниот пратеник, Мухамед, саллаллаху алејхи ве селем, Возвишениот вели: „Кажи: ,Јас не можам ни на самиот себеси некаква корист да си сторам, ниту од себеси некаква штета да тргнам; се случува така како што сака Aллах. А да го познавам невидливото, ќе стекнев многу добра, а злото ќе беше далеку од мене; јас само ги донесувам опомените и радосните вести на луѓето кои веруваат.“ (Ел Араф, 188)
И вели: „Кажи: ,Јас не сум во состојба од вас некаква штета да отстранам, ниту на некој од вас каква било корист да му обезбедам.' Кажи: ,Мене никој од Аллаховата казна не може во заштита да ме земе; само кај Него јас можам прибежиште да најдам.'“ (Ел Џин, 21-22)
Имаат човечки особини: болест, смрт, потреба од храна, пијалак и друго. Возвишениот Аллах во Куранот ги наведува зборовите на Ибрахим, кој, опишувајќи го својот Господар, вели: „Кој ме храни и пои, и Кој, кога ќе се разболам, ме лечи, и Кој животот ќе ми го одземе, и Кој потоа ќе ме оживее." (Еш Шуара, 79-81)
Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рече: „Јас сум човек како вас. Заборавам, исто како што и вие заборавате. Затоа, кога ќе заборавам, потсетете ме.“
Возвишениот Аллах истакнува дека пратениците се Негови робови и ги опишува со својството на робување кога сака да ги пофали: „О, потомци на тие што со Нух ги носевме! Тој, навистина, беше многу благодарен роб.“ (Ел Исра, 3) И за Мухамед вели: „Благословен нека е Тој што на робот Свој му го објавува Фурканот (Куранот) за да им биде опоменувач на световите.“ (Ел Фуркан, 1)
Споменувајќи ги Ибрахим, Исхак и Јакуб, алејхим салату ве селам, вели: „И сети се на робовите Наши Ибрахим и Исхак и Јакуб, сите во верата цврсти и проникливи. Ние ги обдаривме со една посебна доблест: секогаш да им е на ум оној свет; и тие, навистина, кај Нас се од одбраните добри луѓе.“ (Сад, 45-47)
Споменувајќи го Иса, алејхи селам, вели: „Тој беше само роб кого Ние со пратеништво го почестивме и како пример за поука на синовите Израилови го направивме.“ (Ез Зухруф, 59)
Верувањето во Аллаховите пратеници опфаќа четири работи:
Прво: Верување дека нивното пратеништво е од Аллах и дека е вистинито. Оној кој негира еден пратеник, се смета како да ги негирал сите. Возвишениот во тој контекст вели: „И народот на Нух ги сметаше Пратениците за лажни.“ (Еш Шуара, 105) Аллах ги нарекол негатори на сите пратеници, иако во тоа време немаше друг пратеник освен Нух. Христијаните кои го негираат Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, и не го следат, всушност го негираат и Иса, синот на Мерјем, алејхи селам, и не го следат. Особено затоа што тој им го најавил доаѓањето на Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, како пратеник до нив, преку кој Аллах ќе ги спаси од заблуда и ќе ги изведе на правиот пат.
Второ: Посебно верување во пратениците чии имиња ги знаеме, како што се Мухамед, Ибрахим, Муса, Иса и Нух. Овие пратеници се сметаат за најодбрани, а Возвишениот ги споменува на две места во Куранот. Првото е во сурата Ел Ахзаб: „Ние од веровесниците заветот нивен го зедовме, и од тебе, и од Нух и од Ибрахим, и од Муса, и од Иса, синот Мерјемин, цврст завет зедовме.“ (Ел Ахзаб, 7) И вели: „Тој ви го пропишува во верата истото тоа што му го наредил и на Нух и тоа што ти го објавуваме тебе, и тоа што му го наредивме на Ибрахим и на Муса и на Иса: ,Вистинската вера исповедајте ја и во тоа не се раздвојувајте!' Тешко им е на многубошците да се одѕвијат на твојот повик. Аллах за Својата вера одбира кого Тој сака и го упатува во неа тој што искрено ќе Му се обрати.“ (Еш Шура, 13)
Што се однесува до оние пратеници чии имиња не ги знаеме, во нив веруваме општо. Возвишениот вели: „И пред тебе Пратеници испраќавме, за некои од нив ти кажувавме, а за некои не ти кажувавме.“ (Гафир, 78)
Трето: Верувањето во исправните преданија што ни се пренесени од нив.
Четврто: Следењето на верскиот закон на пратеникот кој е испратен до нас, а тоа е Мухамед, салаллаху алејхи ве селем. Тој е испратен до сите луѓе. Возвишениот Аллах вели: „И се колнам во Господарот твој, тие нема да бидат верници сè додека во меѓусебните спорови за судија тебе не те прифатат, а потоа во душите свои ни малку тешкотија да не почувствуваат за тоа што си го одредил и додека сосема не се покорат.“ (Ен Ниса, 65)
Некои плодови на верувањето во Аллаховите пратеници:
Прво: Спознавање на Аллаховата грижа и милост кон луѓето, преку испраќањето на пратеници кои ќе ги водат по Неговиот пат и ќе им објаснат како правилно да Го обожуваат, бидејќи човечкиот разум не може самостојно да го разбере тоа.
Второ: Благодарност на Возвишениот Аллах за оваа голема благодат што ни ја укажа.
Трето: Љубов кон пратениците, нивно ценење и пофалба на начин кој им доликува; бидејќи тие се пратеници на Аллах, Го обожуваа Него, ја пренесуваа Неговата порака и ги советуваа Неговите робови.
Тврдоглавите ги негираат пратениците сметајќи дека тие не можат да бидат испратени од човечката раса. Возвишениот го поби ова нивно тврдење велејќи: „А луѓето, кога им доаѓала објавата, од верувањето ги одвраќало само тоа што говореле: ,Зарем Аллах испратил човек како Пратеник?' Кажи: ,Кога мелеците смирено би оделе на Земјата, Ние од небото за Пратеник би им испратиле мелек.'“(Ел Исра, 94-95)
Аллах го побива нивниот став бидејќи јасно е дека пратениците испратени до луѓето мора да бидат луѓе. Ако жителите на Земјата беа мелеци, Аллах ќе им испратеше мелек како пратеник кој би бил како нив. Пренесувајќи ги зборовите на оние кои ги негирале пратениците, Возвишениот Аллах вели: „Пратениците нивни говореа: ,Зарем може да се сомнева во Аллах, Создателот на небесата и на Земјата? Тој ве повикува за да ви прости некои од вашите гревови и за да ве остави до одредениот рок.' Тие одговорија: ,Вие сте луѓе како и ние; сакате да нè одвратите од тие кои нашите предци ги обожувале, па донесете ни видливо чудо!' ,Ние сме луѓе како вас,' – им говореа Пратениците нивни, - ,но, Аллах го дава пратеништвото само на тие Свои робови на коишто Тој сака; ние не можеме да ви донесеме чудо без Аллаховата волја.'“ (Ибрахим, 10-11)
*
Верувањето во Судниот ден
Судниот ден е денот кога луѓето ќе бидат оживеани, ќе полагаат сметка и ќе добијат награда или казна за нивните дела.
Наречен е како "Последен ден", бидејќи нема ден по него. Жителите на Џенетот ќе се населат во Џенетот, а жителите на Џехенемот во Џехенемот.
Верувањето во Судниот ден опфаќа три работи:
Прво: Верување во оживувањето, односно денот кога мртвите ќе бидат оживеани откако ќе се дувне во рогот по вторпат. Тогаш луѓето ќе станат и ќе тргнат кон својот Господар, голи, боси и необрежани. Возвишениот Аллах вели: „Така како што првиот пат од ништо создадовме, така повторно од ништо ќе создадеме.“ (Ел Енбија, 104)
Оживувањето е непобитна вистина потврдена со Куранот, сунетот и консензусот на муслиманите.
Возвишениот Аллах вели: „Потоа, ќе умрете, потоа, на оној свет, оживени ќе бидете.“ (Ел Енбија, 15-16)
Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „На Судниот ден луѓето ќе бидат проживеани голи, боси и необрежани.“ (Бухари и Муслим)
Муслиманите се согласни за неговата вистинитост и дека во тоа има мудрост; бидејќи мудроста бара Аллах да создаде место на враќање за овие созданија, каде што ќе бидат наградени за она што им го пропишал преку своите пратеници. Аллах вели: „Зарем мислите дека залудно ве создадовме и дека нема да Ни се вратите?“ (Ел Муминун, 115) И, обраќајќи му се на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, вели: „Тој што ти го остави Куранот како обврска, сигурно ќе те врати на местото на враќањето.“ (Ел Касас, 85)
Второ: Верување во полагањето сметка, награда и казна. Човекот ќе полага сметка за своите дела и ќе биде награден или казнет согласно нив. На ова укажува Куранот, сунетот и консензусот на муслиманите.
Возвишениот Аллах вели: „Нам, навистина, тие ќе ни се вратат, и пред Нас, навистина, сметката ќе ја полагаат!“ (Ел Гашија, 25-26) И вели: „Кој ќе стори добро дело, ќе биде десетократно награден, а кој ќе стори лошо дело, ќе биде само според заслугата казнет, и нема да им се стори неправда!“ (Ел Енам, 160) И вели: „Ние на Судниот ден терезиите на правдата ќе ги поставиме, па никому неправда нема да му биде направена: ако нешто биде тешко дури и колку зрно синап, Ние за тоа ќе казниме или ќе наградиме. А доста е тоа што Ние за сметките ќе испрашуваме.“ (Ел Енбија, 47)
Ибн Омер, радијаллаху анхума, пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Аллах ќе му се приближи на верникот, ќе го покрие со својот превез и ќе го праша: ‘Дали се сеќаваш на овој грев? А на овој грев?’ ‘Да, Аллаху мој’ - ќе одговори тој. И така, кога ќе ги признае сите гревови и ќе помисли дека е уништен, Аллах ќе му каже: ‘Ти ги сокрив на дуњалучкиот живот, а денес ти ги простувам’, и потоа ќе му се даде книгата на неговите добри дела. Што се однесува до неверниците и лицемерите, пред сите ќе се повика: ‘Тоа се оние што лажеле на својот Господар. Нека е Аллаховото проклетство на насилниците!"' (Бухари и Муслим)
Во друго предание стои: „Кој има намера да направи добро дело, но истото нема да го направи - Аллах ќе му го запише како добро дело. Ако го направи - Аллах ќе го запише тоа дело како десет, до седумстотини добри дела, па и многу повеќе од тоа. Кој сака да направи лошо дело и го направи - Аллах ќе го запише како едно лошо дело.“
Муслиманите се согласни дека постои полагање сметка и награда или казна за направените дела. Мудроста на тоа се гледа во следното: Возвишениот Аллах објавил книги, испраќал пратеници, им наредил на луѓето да прифатат и да постапуваат според она што им било објавено, и наредил да се борат против оние што го одбиваат тоа. Кога би немало полагање сметка и награда или казна за делата, тогаш ништо од ова не би имало смисол, а Возвишениот Аллах е чист од тоа. Тој на тоа укажал велејќи во Својата Благородна книга: „И сигурно ќе ги прашаме тие на кои им испраќавме Пратеници, а ќе ги прашаме и Пратениците, и ќе им изложиме сè што знаеме веродостојно за нив, бидејќи Ние не бевме отсутни.“ (Ел Араф, 6-7)
Трето: Верување во Џенетот и Џехенемот кои ќе бидат вечното престојувалиште за луѓето.
Џенетот е место на вечно уживање кое Аллах го подготвил за богобојазливите верници, оние кои веруваат во сè што им е пропишано, искрено му се покоруваат на Аллах и го следат Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем. Во Џенетот има разновидни благодати, нешта што окото не ги видело, увото не ги чуло и што човечкиот ум не може ни да ги замисли. Возвишениот Аллах вели: „А тие што веруваат и прават добри дела - тие навистина се најдобрите суштества, наградата нивна кај Господарот нивен ги чека; еденски градини низ кои реки течат, во кои вечно и засекогаш ќе останат; Аллах ќе биде од нив задоволен, а и тие ќе бидат од Него задоволни. Ете, тоа ќе биде за тој што од Господарот свој се плаши!“ (Ел Бејине, 7-8) И вели: „И никој не знае какви, како награда за тоа што го правеле, скриени радости ги очекуваат.“ (Ес Сеџда, 17)
Џехенемот е место на вечна казна кое Аллах го подготвил за неверниците и неправедните, оние кои одбивале да му се покорат на Аллах и на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем. Во него има разновидни казни какви што човек не може ни да ги замисли. Возвишениот Аллах вели: „И чувајте се од Огнот кој е подготвен за неверниците!“ (Али Имран, 131) И вели: „И кажи: Вистината доаѓа само од Господарот ваш, па кој сака нека верува, а кој сака нека не верува! Ние на неверниците им подготвивме Оган чијшто пламен од сите страни ќе ги опфаќа; ако побараат помош, ќе им се помогне со течност слична на растопена ковина која лицата ќе ги испече. Ужасен ли напиток и грозно ли престојувалиште!“ (Ел Кехф, 29) „Аллах ги проколна неверниците и за нив распламтен Оган подготви, во него вечно и засекогаш ќе престојуваат, ниту заштитник ниту помошник нема да најдат. На Денот кога нивните лица во огнот ќе се превртуваат, ќе говорат: ,Камо среќа на Аллах да Му се покорувавме и Пратеникот да го слушавме!'“ (Ел Ахзаб, 64-66)
Некои од плодовите на верувањето во Судниот ден:
Прво: Желбата и грижата за правење на добри дела, со надеж за стекнување награда на тој ден.
Второ: Стравот од правењето гревови и од задоволството со нив, плашејќи се од казната на тој ден.
Трето: Со верувањето во Судниот ден, верникот знае дека, ако му недостигаат некои добрини на овој свет, тие ќе му бидат надоместени во Џенетот. Ова му служи како утеха за она што го пропуштил на овој свет, со надеж за благодатите и наградите на Ахирет.
Неверниците го негираат оживувањето, сметајќи го тоа за невозможно.
Ова тврдење е неисправно. На тоа укажуваат шеријатските текстови, сетилните докази и разумот.
Доказ од шеријатските текстови е ајетот во којшто Аллах вели: „Неверниците тврдат дека нема да бидат оживеани. Кажи: ,Ќе бидете, се колнам во мојот Господар, сигурно ќе бидете оживеани, па за тоа што го правевте навистина ќе бидете известени!' – а тоа за Аллах е лесно.“ (Ет Тегабун, 7) И сите небесни книги го потврдиле проживувањето на Судниот ден.
Што се однесува до сетилните докази, Возвишениот Аллах им покажа на своите робови оживување на мртвите уште на овој свет. Во сура Ел Бекаре се наведени пет примери за тоа:
Првиот пример е народот на Муса кога рекоа: „Муса, ние нема да ти веруваме сè додека Аллах јасно не Го видиме!“ (Ел Бекаре: 55). Потоа, Аллах ги оживеа по нивната смрт. Во врска со тоа, Возвишениот Аллах обраќајќи им се на синовите Израилови, вели: „И кога вие рековте: 'Муса, ние нема да ти веруваме сè додека Аллах јасно не Го видиме!' - па, молња ве удри додека гледавте, а потоа по смртта ваша ве оживеавме, за да бидете благодарни.“(Ел Бекаре, 55-56)
Вториот пример е за убиениот човек околу кој се препираа синовите Израилови. Аллах им нареди да заколат крава и да го удрат со дел од неа за да им открие кој го убил. Во врска со тоа, Аллах вели: „И кога убивте еден човек, па околу него почнавте да се препирате, Аллах даде на виделина да излезе тоа што го скривте. Па Ние рековме: 'Удрете го (мртвиот) со некој нејзин дел!' – ете така Аллах мртвите ги враќа во живот и ви ги покажува доказите Свои, за да сфатите.“ (Ел Бекаре, 72-73)
Третиот пример е за народот кој избега од своите домови бегајќи од смртта, иако беа илјадници, па Аллах ги усмрти, а потоа ги оживеа. Во врска со тоа, Аллах вели: „Зарем не знаеш за тие што поради стравот од смртта избегаа од својата земја – а беа илјадници, па Аллах им рече: 'Умрете!', а потоа ги оживеа. Аллах е, навистина, добар кон луѓето, а повеќето луѓе се неблагодарни.“ (Ел Бекаре, 243)
Четвртиот пример е за човекот кој помина покрај мртво село и се сомневаше дека Аллах може да го оживее; па Аллах го усмрти сто години, а потоа го оживеа. Во врска со тоа, Аллах вели: „Или за тој кој поминувајќи крај еден град кој беше до темели разрушен и пуст, повика: ,Како Аллах ќе ги оживее овие што умреле?, А Аллах го направи мртов стотина години, а потоа го оживеа и го запраша: ,Колку остана?' - ,Ден или дел од денот'. – одговори. ,Не' - рече Тој - ,остана стотина години. Погледни ја храната своја и пијалакот свој, не се расипале! А погледни го и магарето свое, да те направиме доказ за луѓето, а погледни ги и коските, како ги составуваме, а потоа со месо ги обложуваме'. И кога нему му стана јасно, тој повика: ,Јас знам дека Аллах може сè!'“ (Ел Бекаре, 259)
Петтиот пример е случката со Ибрахим, кога го праша Аллах да му покаже како ги оживува мртвите; па Аллах му нареди да заколе четири птици и да ги распрсне нивните делови на околните планини, а потоа да ги повика; и деловите ќе се спојат и ќе дојдат кај Ибрахим. Во врска со тоа, Аллах вели: „А кога Ибрахим рече: ‘Господару мој, покажи ми како ги оживуваш мртвите!’ – Тој рече: ‘Зарем не веруваш?’ – ‘Секако дека верувам,’ – одговори тој – ‘но, за да ми се смири срцево.’ – ‘Земи четири птици,’ – рече Тој – ‘и исечи ги, па делови од нив стави на секое ритче! Потоа повикај ги, ќе ти дојдат итајќи! Знај дека Аллах е Силен и Мудар.’“ (Ел-Бекара, 260)
Ова се јасни примери кои покажуваат дека Аллах има моќ да ги оживее мртвите. Веќе го спомнавме случајот на Иса, алејхи селам, кој со дозвола од Аллах ги оживуваше мртвите и ги извлекуваше од гробовите.
Рационалните докази укажуваат на два начина:
Првиот начин: Оној кој ги создал небесата, Земјата и сè што е на нив од ништо, може тоа создавање да го повтори. Возвишениот Аллах вели: „Тоа е Тој што создава од ништо и Тој тоа повторно ќе го стори, Нему тоа Му е лесно.“ (Ер Рум, 27) И вели: „Така како што првиот пат од ништо создадовме, така повторно од ништо ќе создадеме.“ (Ел Енбија, 104) И, наредувајќи да им се одговори на оние кои тврдат дека е невозможно да се оживеат распаднатите коски, вели: „Кажи: 'Ќе ги оживее Тој што првиот пат ги создал; Тој добро знае сè што создал.'“ (Јасин, 79)
Вториот начин: Гледаме како мртва земја, кога Аллах спушта дожд, оживува и се раззеленува, и од неа никнуваат разни растенија. Оној кој е способен да ѝ го врати животот на земјата, способен е да ги оживее и мртвите. Возвишениот вели: „А од доказите Негови е и тоа што гледаш сува земја, а кога на неа ќе спуштиме дожд, таа се придвижува и процветува. Тој што ѝ дава живот ќе ги оживее сигурно и мртвите, бидејќи Тој е способен за сè.“ (Фусилет, 39) И вели: „Ние од небото спуштаме благословена вода и со нејзина помош правиме да никнуваат градини и жито што се жнее, и високи палми во кои плодовите се натрупани едни над други, како храна за робовите и Ние со неа ги оживуваме мртвите предели; такво ќе биде и оживувањето.“ (Каф, 9-11)
Во верувањето во Судниот ден влегуваат и настаните по смртта:
а) Искушението во гробот: Тоа е испрашувањето на мртвиот, по неговото погребување, за неговиот Господар, неговата вера и неговиот Пратеник; Аллах со постојани зборови ќе ги зацврсти оние кои веруваат со цврст збор, па ќе одговори: Мојот Господар е Аллах, мојата вера е исламот, а мојот Пратеник е Мухамед, салаллаху алејхи ве селем. А неправедните ќе ги остави во заблуда, па неверникот ќе рече: „Ах, ах, не знам.“ А лицемерот ќе рече: „Не знам, слушнав луѓето како зборуваат нешто, па и јас реков."
б) Казната и уживањето во гробот: Неправедните, лицемерите и неверниците ќе ја вкусат казната во гробот. Возвишениот Аллах вели: „А да ти се даде да ги видиш неверниците во смртните маки, кога мелеците ќе ги испружат рацете свои кон нив: 'Извадете ги своите души! Отсега со неиздржлива казна ќе бидете казнувани затоа што за Аллах изнесувавте лаги и затоа што кон доказите Негови арогантно се однесувавте.'“ (Ел Енам, 93)
Споменувајќи го фараонот и неговиот народ, Возвишениот вели: „Тие и наутро и навечер во огнот ќе се пржат, а кога ќе настапи Часот: 'Воведете ги фараоновите луѓе во најтешкото страдање!'“(Гафир, 46)
Имамот Муслим во својот Сахих бележи хадис кој го пренесува Зејд бин Сабит, во кој Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, вели: „,Кога луѓето не би се закопувале во гробовите, јас би го замолил Аллах да слушнете дел од задгробната казна што јас ја слушам.' Потоа се сврте и рече: ,Молете го Аллах да ве сочува од казната во Огнот.' Асхабите рекоа: ,Го молиме Аллах да нѐ сочува од казната во Огнот.' Потоа рече: ,Молете го Аллах да ве сочува од казната во гробот.' ,Го молиме Аллах да нѐ сочува од казната во гробот', рекоа тие. Потоа рече: ,Молете го Аллах да ве сочува од сите видови искушенија, видливи и невидливи.' Тие рекоа: ,Го молиме Аллах да нѐ сочува од видливите и невидливите искушенија.' Тој рече: ,Молете го Аллах да ве сочува од искушението на Деџалот.' Тие рекоа: ,Го молиме Аллах да нѐ сочува од искушението на Деџалот.'“
Уживањата во гробот ќе ги имаат искрените верници. Аллах вели: „На тие што велат: 'Наш Господар е Аллах', па потоа останат истрајни, им се симнуваат мелеци: 'Не плашете се и не тагувајте, и радувајте се на Џенетот кој ви е ветен.'“ (Фусилет, 30)
И вели: „А зошто вие, кога душата до гркланот ќе достигне, и кога вие тогаш ќе гледате - а Ние Сме му поблиски од вас, но вие не гледате - зошто тогаш, ако сметката не сакате да ја полагате не ја повратите, ако вистината ја зборувате? И ако биде еден од тие што Му се блиски на Аллах - удобност и убаво снабдување и џенетски благодати за него!“ (Ел Вакиа, 83-89)
Ел Бера бин Азиб пренесува хадис во кој Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, зборува за верникот кој ќе ги одговори прашањата на мелеците: „Гласник од небото ќе повика: ‘Мојот роб ја кажа вистината, подгответе му постелнина од Џенетот, облечете го во џенетска облека и отворете му пат кон Џенетот.’ До него ќе допира убавиот и пријатен мирис од Џенетот, а гробот ќе му се прошири колку што му гледа окото.“ Ова е скратена верзија на хадисот кој го бележат Ахмед и Ебу Давуд во подолга форма.
Некои заблудени групи го негираат уживањето и казната во гробот, тврдејќи дека, ако ја извадиме умрената личност, нема да видиме никаква трага од казнување или уживање, ниту ќе забележиме дека гробот се проширил или стеснил.
Ова тврдење е неисправно, на што укажуваат шеријатските, сетилните и рационалните докази:
Веќе ги споменавме шеријатските докази кои укажуваат на задгробната казна и уживање.
Бухари во својот Сахих пренесува од Абдуллах бин Абас, радијаллаху анхума, дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, излезе на една мединска градина и слушна гласови на двајца луѓе кои беа казнувани во нивните гробови. Во хадисот се наведува дека едниот од нив не се чистел после извршување на мала нужда, а другиот пренесувал туѓи зборови со цел да ги скара луѓето. Во верзија на Муслим: Не се чистел после извршување на мала нужда.
Како сетилен доказ може да ни послужи и тоа што понекогаш некој, додека спие, во своите соништа се наоѓа на прекрасно и пространо место каде што ужива, или пак на тесно и непријатно место каде што страда, па се буди како последица на она што го видел во сонот. И покрај тоа, сепак се наоѓа во својот кревет. Соништата се сродници на смртта, затоа Аллах ги нарекол смрт. Возвишениот Аллах вели: „Аллах ги зема душите во часот на нивната смрт, а и на тие што спијат, па ги задржува тие на кои им одредил да умрат, а другите ги остава до одредениот рок.“ (Ез Зумер, 42)
Како рационален доказ може да послужи и фактот дека понекогаш, оној кој спие, во своите соништа гледа нешто што се совпаѓа со реалноста. Можеби дури ќе го види Аллаховиот Пратеник, саллаху алејхи ве селлем, во неговиот вистински облик, а оној кој ќе го види во неговиот вистински облик, навистина го видел. И покрај тоа, тој се наоѓа во својата соба, на својот кревет. Ако за такво нешто постои можност на овој свет, зошто тогаш не би било можно да биде присутно и на оној свет?
Што се однесува до нивното тврдење дека ако се откопа мртвиот во неговиот гроб, ќе се најде во иста ситуација како што бил, без промена на формата на гробот, одговорот на тоа е од неколку аспекти, меѓу кои:
Прво: Не е дозволено да се спротивставува на шеријатот со вакви неосновани сомнежи, бидејќи ако оној кој ги користи навистина размисли, ќе сфати дека тие се неосновани. Како што е речено во еден стих:
"Колку има такви кои го негираат исправниот говор
поради погрешно разбирање?!"
Второ: Задгробниот живот спаѓа во невидливиот свет кој не може да се објасни со сетилни докази. Доколку тоа би било можно, тогаш верувањето во невидливиот свет не би имало смисла, и би се изедначиле верниците во невидливото и оние кои го негираат.
Трето: Само мртвиот ги чувствува наградата, казната, пространоста и теснотијата на гробот, а не и другите. Слично на тоа, оној кој сонува го чувствува својот сон, додека оние околу него не забележуваат ништо од она што тој го гледа и чувствува. На Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, му доаѓаше објавата додека беше меѓу асхабите, но тие не ја слушаа. Понекогаш му се појавуваше мелек во човечки лик и разговараше со него, но асхабите не го слушаа ниту го гледаа.
Четврто: Созданијата имаат ограничена способност за разбирање и перцепција на одредени работи и појави. Никој не може да го види сето она што постои. Седумте небеса и Земјата, и сè што е на нив, го величаат Аллах, а тоа величење го слуша само Аллах и оние на кои Тој им дозволил. И покрај тоа, тоа останува скриено од нас, а Возвишениот Аллах вели: „Него Го слават седумте небеса и Земјата, и тие на нив; и не постои ништо што не Го слави, фалејќи Го; но вие не го разбирате славењето нивно.“ (Ел Исра, 44) Покрај тоа, ние не ги гледаме ниту шејтаните ниту џините, иако тие се движат по Земјата. Тие доаѓале кај Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, и го слушале Куранот, а потоа се враќале кај својот народ за да ги опоменуваат. И покрај сето тоа, ние сепак не ги гледаме. Во врска со тоа, Возвишениот Аллах вели: „О, синови Адемови, нека не ве заведе шејтанот никако, како што ги изведе родителите ваши од Џенетот, соблекувајќи ја од нив облеката нивна за да им ги покаже срамните места нивни! Тој ве гледа, тој и војските негови, од каде што вие нив не ги гледате. Ние шејтаните ги направивме заштитници на тие што не веруваат.“ (Ел Араф, 27) Ако суштествата не можат да го разберат секое постоење, тогаш не им е дозволено ни да го негираат потврденото од невидливите работи кои не ги разбираат.
*
Верувањето во одредбата - кадерот
Кадер значи дека Возвишениот Аллах го одредил сето што се случува, врз основа на Неговото знаење и мудрост.
Верувањето во одредбата опфаќа четири работи:
Прво: Верување дека Возвишениот Аллах знае сè, детално и општо, отсекогаш и засекогаш, без разлика дали се однесува на Неговите дела или на делата на Неговите робови.
Второ: Верување во Аллаховото запишување во „сочуваните плочи“ (леухул-махфуз), на кои е запишано сето она што ќе се случува до Судниот ден. Во врска со овие две работи Возвишениот вели: „Зарем не знаеш дека на Аллах Му е познато сè што е на небото и на Земјата? Сето тоа е во Книгата, тоа, навистина, на Аллах му е лесно!“ (Ел Хаџџ, 70)
Во Сахих Муслим се наведува хадис од Абдулах бин Амр бин Ел Ас, во кој Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, вели: „Аллах запиша сè што ќе се случува, педесет илјади години пред да ги создаде небесата и Земјата.“
Трето: Верувањето дека сите настани и појави се случуваат со Аллахова волја, без разлика дали се однесуваат на Неговите дела или на делата на Неговите суштества. Говорејќи за Неговите дела, Возвишениот Аллах вели: „Господарот твој создава што сака, и Тој одбира.“ (Ел Касас, 68) „Аллах прави што сака.“ (Ибрахим, 27) „Тој во матките ве обликува како што Тој сака.“ (Али Имран, 6) Говорејќи за делата на Неговите робови, вели: „А да сака Аллах, би ги свртел против вас, па тие би се бореле против вас!“ (Ен Ниса, 90) „А да сакаше Господарот твој, тие тоа немаше да го сторат; затоа ти остави ги нив и тоа што го измислуваат.“ (Ел Енам, 112)
Четврто: Верувањето дека сите Аллахови суштества, сè што прават, сите нивни особини и движења - сето тоа е создадено од Него. Возвишениот вели: „Аллах е Создател на сè и Тој управува со сè.“ (Ез Зумер, 62) И вели: „Кој создаде сè и како што треба го уреди!“ (Ел Фуркан, 2) Пренесувајќи ги зборовите на Ибрахим, алејхи селам, кои им ги упати на својот народ, Возвишениот вели: „Аллах ве создава вас и тоа што го правите.“ (Ес Сафат, 96)
Верувањето во одредбата, како што е објаснето, не ја спречува слободната волја на човекот ниту неговата способност да донесува одлуки, бидејќи и шеријатот и реалноста го потврдуваат тоа.
Шеријатски докази: Возвишениот Аллах, зборувајќи за волјата, вели: „Па кој сака, враќањето кон Господарот свој ќе го прифати.“ (Ен Небе, 39) И вели: „Сопругите ваши се ниви ваши, а вие приоѓајте им на нивите ваши како што сакате!“ (Ел Бекаре, 223) И вели: „Па плашете се од Аллах колку што можете.“ (Ет Тегабун, 16) И вели: „Аллах никого не оптоварува преку неговите можности.“ (Ел Бекаре, 286)
Што се однесува до реалноста, секој човек е свесен дека има волја и способност да дејствува и да се воздржува. Тој разликува меѓу она што го прави по своја волја, како што е одењето, и она што се случува без неговата волја, како што е треперењето. Сепак, волјата и способноста на човекот се под Аллаховата волја, како што Аллах вели: „За оној од вас кој сака да е на Вистинскиот пат, а вие не можете ништо да сакате, ако тоа Аллах, Господарот на световите, не го сака!“ (Ет Теквир, 28-29) Бидејќи целиот универзум е во сопственост на Аллах, ништо не се случува без Неговото знаење и волја.
Верувањето во одредбата, како што е опишано, не му дава на човекот право да ги занемарува обврските или да прави забранети работи. Оправдувањето со одредбата во овој случај е погрешно од повеќе причини:
Прво: Возвишениот вели: „Многубошците ќе велат: 'Да сакаше Аллах, ние немаше да Му припишуваме здруженици, а ниту предците наши, ниту ќе сторевме нешто забрането'. Така исто и тие пред нив негираа, сè додека Нашата казна не ја искусија. Кажи: 'Имате ли некаков доказ да ни изнесете? Вие само според претпоставките се раководите и вие само невистината ја зборувате.'“ (Ел Енам, 148) Ако одредбата беше оправдување, Возвишениот Аллах не би ги казнил.
Второ: Возвишениот вели: „Пративме Пратеници кои радосни вести и опомени донесуваа, за луѓето, после Пратеникот, никакво оправдување пред Аллах да немаат. А Аллах е Силен и Мудар!“ (Ен Ниса, 165) Ако одредбата беше оправдување, тие не би ги негирале пратениците, бидејќи и нивното одбивање на вистината се случило со Аллахова одредба.
Трето: Бележат Бухари, а ова е неговата верзија на хадисот, и Муслим од Али, радијаллаху анху, дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „,На секој од вас веќе му е одредено местото во Џенетот и местото во Џехенемот.' ,О, Аллахов Пратенику,' го прашале, зарем нема да се потпреме на тоа?' Тој одговорил: ,Работете, на секого му е олеснето она што му е одредено!' Потоа проучи: ,На тој што дава и што не греши.'“ (Ел Лејл, 5) Во преданието на Муслим стои: „На секого му е олеснето она за што е создаден.“ Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, наредил да се прават добри дела и да не се потпира на одредбата.
Четврто: Возвишениот Аллах наредил човекот да извршува одредени дела, а некои ги забранил, и не го оптоварил повеќе од неговите можности. Возвишениот Аллах вели: „Па плашете се од Аллах колку што можете.“ (Ет Тегабун, 16) И вели: „Аллах никого не оптоварува преку неговите можности.“ (Ел Бекаре, 286) Ако човекот е принуден да работи и дејствува според одредбата, тогаш би бил оптоварен преку неговите можности. Затоа, ако направи грев од незнаење, заборав или присила, нема да биде грешен бидејќи има оправдана причина.
Петто: Аллаховата одредба е скриена тајна која не ја познаваме додека не се случи, а желбата на човекот да направи некое дело се појавува пред да го направи. Затоа, неисправно е да се оправдува со одредбата, бидејќи не може да биде оправдување нешто што не го знаел.
Шесто: Често гледаме како некој човек се труди да постигне нешто што му одговара во овој свет, без да се занимава со она што не му одговара, и притоа не го оправдува своето дејствување со одредбата. Доколку се има тоа предвид, зошто тогаш се оправдува со одредбата кога станува збор верата, па го остава она што му е корисно, а го прифаќа она што му штети?!
Еве пример што го појаснува тоа:
Кога пред човекот би имало два пата: едниот води до град со хаос, убиства, грабежи, нарушување на честа, страв и глад. Другиот води до град со ред, стабилност, безбедност, удобен живот и почитување на животите, честа и имотот. Кој пат би го избрал?
Се разбира дека би го избрал вториот пат, кој води до град со ред и безбедност. Ниту еден разумен човек не би избрал пат кој води до град полн со хаос, правдајќи се со одредбата. Зошто тогаш, кога станува збор за Оној свет, избира пат кој води кон Џехенемот, а притоа се правда со одредбата?
Еве уште еден пример: Замисли болен човек кој мора да земе лек; го пие, иако не му се допаѓа. Му се забранува да јаде храна која му штети; ја избегнува, иако му се допаѓа. Тоа го прави со цел да оздрави. Не може да одбие да пие лек или да јаде штетна храна и да го правда тоа со одредбата. Па зошто тогаш човекот го избегнува она што Аллах и Неговиот Пратеник го наредиле или го прави она што Аллах и Неговиот Пратеник го забраниле, правдајќи се со одредбата?
Седмо: Ако некој кој ја правда својата непослушност со Аллаховата одредба, а потоа биде ограбен или нападнат, и напаѓачот каже: „Не ме критикувај, бидејќи тоа се случи со Аллахова одредба“ – неговото оправдување или изговор нема да му го прифати. Зошто не го прифаќа оправдувањето со Аллаховата одредба кога некој друг го напаѓа, а го користи за себе кога го нарушува Аллаховото право?
Се наведува дека пред владетелот на правоверните, Омер бин ел Хатаб, бил доведен крадец кој заслужил да му биде отсечена раката. Омер наредил да му ја отсечат раката, а крадецот рекол: „Полека, о владару на правоверните, јас крадев со Аллахова одредба.“ Омер му возвратил: „И ние ќе ти ја отсечеме раката со Аллахова одредба.“
Некои плодови на верувањето во кадерот - одредбата:
Прво: Потпирањето на Аллах при извршувањето на потребните дела, бидејќи сè зависи од Неговата одредба.
Второ: Човек не треба да биде самобендисан кога ќе ја постигне својата цел, бидејќи сè е со Аллахова одредба. Сметајќи дека тоа е исклучиво негова заслуга, се занемарува благодарноста кон Аллах.
Трето: Смиреност и спокој кога е во прашање Аллаховата одредба. Човекот не треба да тагува ако не постигне нешто што му е драго или го погодува нешто што не сака, бидејќи знае дека тоа е Аллахова одредба, која морала да се случи. Возвишениот Аллах вели: „Нема неволја која ќе ја погоди Земјата и вас, а која не е, пред да ја дадеме, запишана во Книгата – тоа за Аллах е навистина лесно - за да не тагувате по тоа што ви одминало, а и да не се радувате премногу на тоа што Тој ќе ви го даде. Аллах не сака никакви прекумерни трошачи, фалбаџии.“ (Ел Хадид, 22-23) Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Чудна е состојбата на верникот; тој секогаш е во добро и само верникот може да биде во таква состојба секогаш. Ако го снајде добро, тој се заблагодарува и му е добро, а ако го снајде зло, тој е трпелив и повторно му е добро.“
Две групи заталкале кога е во прашање одредбата:
Прво: Џебриите кои тврдат дека човекот е принуден да прави сè што прави и дека нема слободен избор.
Второ: Кадериите кои тврдат дека човекот има апсолутно право на избор и дека Аллаховата волја и одредба воопшто не влијаат на неговиот избор.
Одговор на првата група (Џебриите):
Шеријатски доказ: Аллах му дал на човекот слободна волја и избор, и му ги припишал неговите дела. Аллах вели: „Едните од вас го сакаат овој свет, а другите оној свет!“ (Али Имран, 152) И вели: „И кажи: 'Вистината доаѓа само од Господарот ваш, па кој сака нека верува, а кој сака нека не верува!'“ (Ел Кехф, 29) И вели: „Кој прави добро, во своја корист го чини, а кој прави лошо, на своја штета го прави. – А Господарот твој не е неправеден кон робовите Свои.“ (Фусилет, 42)
Покрај тоа, во реалноста гледаме дека секој човек знае да направи разлика помеѓу своите доброволни дејства кои ги извршува по своја волја, како што се јадењето, пиењето, продавањето и купувањето, и оние кои му се случуваат без негова волја, како што е тресењето од треска. На првиот вид постапки никој не го тера и ги прави по своја волја без присила, додека на вториот не може да влијае и не ги прави доброволно.
Одговор на втората група (кадериите):
Шеријатски доказ: Аллах е Создател на сè што постои и сè се случува по Негова волја. Во Својата книга, Тој објасни дека постапките на робовите се случуваат по Аллаховата волја. Возвишениот вели: „Да сакаше Аллах, тие по нив немаше меѓусебно да се убиваат, кога јасни докази веќе им дојдоа, но тие не се согласуваа: некои од нив веруваа, а некои негираа. А да сакаше Аллах, тие немаше меѓусебно да се убиваат! Но Аллах прави што Тој сака.“ (Ел Бекаре, 253) И вели: „А кога би сакале, секој човек на Вистинскиот пат би го упатиле, но Јас веќе ја кажав Вистината: 'Ќе го наполнам, навистина, Џехенемот со џини и луѓе заедно!'“ (Ес Сеџде, 13)
Рационален доказ: Сè што постои е во сопственост на Аллах, а и човекот му припаѓа на Него. Затоа, човекот не може да прави што сака, освен ако Аллах не го сака тоа.
*
Целта на исламското верување - акида
Зборот „цел“ во арапскиот јазик се користи во повеќе контексти и значења, меѓу кои: она што е поставено за да се постигне и сè што е наменето или кон кое се тежи.
Што се однесува до целите на исламското верување, тие се, меѓу другото, следниве:
Прво: Искреност во намерата и искрено обожување само на Возвишениот Аллах, бидејќи Тој е Создателот кој нема партнер. Затоа, нашите намери и обожување треба да бидат насочени само кон Него.
Ослободување на разумот од сите видови на збунетост кои го зафаќаат кога срцето не е цврсто во верата. Ако срцето не е исполнето со исправно верување, тогаш ќе биде подложно на желба за материјализам или ќе биде зафатено со разновидни заблуди и погрешни убедувања.
Трето: Душевен и идеолошки мир, без грижи во душата и без вознемиреност во мислите, кој не дозволува никаква збунетост во верувањето. Во таква состојба, човекот се поврзува со својот Создател, задоволен со сè што Тој го одредил, било да е поврзано со космичките настани или шеријатските прописи. Неговото срце е спокојно со Неговата одлука, а неговата душа се отвора кон исламот и не бара друга алтернатива.
Четврто: Исправност и чистотија во намерите и постапките при обожувањето на Аллах, како и во односите со од Аллах создадените. Основата на верувањето во пратениците е следењето на нивниот пат, кој е чист и исправен кога станува збор за намерите и постапките.
Петто: Одлучност и сериозност во секојдневниот живот, така што не пропушта можност за добро дело без да го искористи, надевајќи се на Аллаховата награда. Исто така, не гледа место на грев без да се оддалечи од него, плашејќи се од Аллаховата казна. Основата на ова е верувањето во оживувањето и полагањето сметка за делата.
Возвишениот Аллах вели: „На сите ќе им припадне награда или казна, според тоа како постапувале, а Господарот Твој не е немарен кон тоа што го правеа.“ (Ел Енам, 132) Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, ги поттикна луѓето да ја постигнат оваа цел, велејќи: „Силниот верник е подобар и подраг кај Аллах од слабиот верник, а во двајцата има добро. Стреми се кон она што ќе ти користи и барај помош од Аллах во тоа, и не очајувај. Ако те снајде нешто, не вели: ‘Да направев така и така, ќе беше така и така’, туку кажи: ‘Тоа е Аллахова одредба и Тој прави што сака’, бидејќи ‘да направев’ му отвора можност на шејтанот да делува.“ (Муслим)
Шесто: Изградба на силна заедница која ќе вложи сè, без разлика на цената, за да ја зацврсти својата вера и да ги утврди нејзините основи, без да се плаши од предизвиците на тој пат. Во врска со ова, Возвишениот Аллах вели: „Вистински верници се само тие што веруваат во Аллах и во Пратеникот Негов и потоа веќе не се сомневаат, и се борат на Аллаховиот пат со имотите свои и со животите свои. Тие се искрените!“ (Ел Хуџурат, 15)
Седмо: Постигнување на среќа на овој и на идниот свет преку индивидуален и општествен напредок, и добивање на награда од Аллах. Возвишениот Аллах вели: „На тој што прави добро, било маж или жена, а верник е, Ние ќе му дадеме да проживее убав живот и навистина ќе ги наградиме според подоброто што го правеле.“ (Ен Нахл, 97)
Ова се само некои од целите на исламското верување. Го молиме Аллах да нѐ помогне во нивното остварување; Тој е Дарежлив и Благороден. Сета благодарност му припаѓа само на Аллах, Господарот на световите,
нека се Аллаховиот салават и селам врз нашиот Пратеник Мухамед, врз неговото семејство и сите асхаби.
Автор:
Мухамед бин Салих ел Усејмин
Related books
All books
Корисен и концизен водич за новиот муслиман32 јазициКорисен и концизен водич за новиот муслиман
Подготвил: Мухамед ел Шихри 1441-2020 Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот Вовед
Трите основи и нивните докази73 јазициТрите основи и нивните докази
Книгата ги обработува основите кои секој муслиман треба да ги научи: спознавањето на Аллах, спознавањето на верата ислам и спознавањето на Божјиот пратеник Мухамед, Аллаховиот спас и мир нека се над него; и ја истакнува важноста на овие основи во изградувањето на иманот и практикувањето на добрите дела, врз основа на доказите од Благородниот Куран и од Пратеничката традиција – Сунетот.
Исламот е верата на Божјите пратеници85 јазициИсламот е верата на Божјите пратеници
Исламот претставува преданост кон Аллах, Создателот и Управителот со универзумот, и покорност Нему со љубов и величење. Основата на исламот е верувањето во Аллах, дека Тој е Создателот, а сè освен Него е создадено. Тој е Единствениот кој заслужува да биде обожуван, без здруженик/истоветен. Нема вистински бог освен Него. Тој ги има најубавите имиња и највозвишените особини, и Тој е апсолутно совршен, без недостаток. Тој не родил и не е роден, никој не Му е рамен и никој не Му е сличен. Тој не се инкарнира во ништо, ниту се соединува со било што. Исламот е верата на Возвишениот Аллах, Кој не…
الدروس المهمة لعامة الأمة78 јазициالدروس المهمة لعامة الأمة
يهدف الكتاب إلى تعليم المسلمين أساسيات دينهم بطريقة مبسطة وشاملة. يتناول مجموعة من الدروس المهمة مثل قراءة الفاتحة وقصار السور، وأركان الإسلام والإيمان، وأقسام التوحيد والشرك، وشروط وأركان وواجبات الصلاة، بالإضافة إلى مبطلاتها، مع بيان مختصر لشروط الوضوء وفروضه ونواقضه. كما يسلط الضوء على التحلي بالأخلاق الإسلامية والآداب الشرعية، ويقدم إرشادات لطيفة حول تجهيز الميت والصلاة عليه ودفنه.