العقيدة الصحيحة وما يضادها

العقيدة الصحيحة وما يضادها

تكلم المؤلف في هذا الكتيب الصغير عن العقيدة الصحيحة التي تتلخص في: الإيمان بالله، وملائكته، وكتبه، ورسله، واليوم الآخر، وبالقدر خيره وشره، فهذه الأمور الستة هي أصول العقيدة الصحيحة عند أهل السنة والجماعة. وقد شرح الشيخ في الكتاب هذه الأصول الستة مستدلًا بالكتاب والسنة وما عليه سلف هذه الأمة، ثم تكلم عن مسألة الإيمان وقرر أنه قول وعمل يزيد بالطاعة وينقص بالمعصية. ثم ذكر مسألة الولاء والبراء وواجب المسلم تجاه أخيه في الدين. ثم شرع في ذكر المنحرفين عن هذه العقيدة الصحيحة مع ذكر أصنافهم، وذكر شبهة المعاصرين وأنها هي نفس شبهة الأولين، وذكر بعض العقائد الكفرية وما زاده المشركون المتأخرون على الأولين. وأكد الشيخ أن النصر لا يأتي إلا بإخلاص العبادة لوجه الله تعالى وحده لا شريك له، ثم ختم هذا الكتيب بذكر نواقض الإسلام.

Language: lang_mk
Prepared by: Почитуваниот шејх, Абдулазиз бин Абдуллах бин Баз
Version: 1.0
Translations 47
Amharic Bulgarian Bosnian Czech +43
Attachments 7
PDF
Audio
Video
+3

Исправното верување и неговите спротивности

Автор:

Почитуваниот шејх, Абдулазиз бин Абдуллах бин Баз

Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот

Вовед

Благодарноста Му припаѓа само на Аллах. Нека е салават и селам врз последниот Пратеник, неговото семејство и неговите асхаби.

А потоа: Бидејќи исправното верување е основата на исламот и темелот на верата, одлучив тоа да биде тема на предавањето. Општопознато е според шеријатските аргументи од Куранот и сунетот, дека зборовите и делата се исправни и прифатени само ако произлегуват од исправно верување. Ако верувањето не е исправно, тогаш и зборовите и делата кои произлегуваат од него се неисправни, како што Возвишениот Аллах вели: ,,Од сега ви се дозволува сета убава храна; и ви се дозволува храната на тие на кои им е дадена Книгата, и вашата храна им е дозволена на нив; и чедните вернички ви се дозволени, и чедните ќерки на тие на кои им е дадена Книгата пред вас, кога нивните венчални дарови ќе им ги дадете со намера со нив да се ожените, а не со нив да блудничите и за љубовници да ги земате. А тој што ќе отпадне од вистинската вера – залудни ќе му бидат делата негови и тој, на оној свет, ќе биде губитник." (Ел Маиде, 5) Возвишениот вели: „А тебе, и на тие пред тебе им било објавено: ,Ако други на Аллах за рамни Му припишуваш, твоите дела сигурно ќе пропаднат, а ти изгубен ќе бидеш.‘“ (Ез Зумер, 65) Ајетите во овој контекст се многубројни. Аллаховата Книга и Сунетот на Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, јасно укажуваат дека вистинското верување се состои од следниве шест основи: верување во Аллах, Неговите мелеци, Неговите книги, Неговите пратеници, Судниот ден и во одредбата (кадерот), било добра или лоша. Овие шест основи се темелите на вистинското верување, со кои е објавена Аллаховата Книга и со кои Аллах го испрати Својот Пратеник, Мухамед, салаллаху алејхи ве селем. Од овие основи произлегува сè во што сме должни да веруваме, вклучувајќи ги и работите поврзани со гајбот (невидливото), како и сè што нè известиле Аллах и Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Доказите за овие шест основи во Куранот и Сунетот се многубројни, меѓу кои е и ајетот во кој Возвишениот Аллах вели: ,,Добродетелството не е во тоа да ги вртите вашите лица кон исток и запад, туку добродетели се тие кои веруваат во Аллах, во оној свет, во мелеците, во книгите и во веровесниците." (Ел Бекаре, 177) И вели: „Пратеникот верува во тоа што му се објавува од Господарот негов, а и верниците, секој од нив верува во Аллах, и во мелеците Негови, и во Книгите Негови, и во Пратениците Негови: ,Ние не правиме поделба меѓу Пратениците Негови.‘“ (Ел Бекаре, 285) И вели: „О, верници, верувајте во Аллах и во Пратеникот Негов, и во Книгата која Тој на Својот Пратеник му ја објавува и во Книгите кои претходно ги објавил. А тој што нема да верува во Аллах, и во мелеците Негови, и во Книгите Негови, и во Пратениците Негови, и во оној свет, тој далеку заталкал!“ (Ен Ниса, 136) И вели: ,,Зарем не знаеш дека на Аллах Му е познато сè што е на небото и на Земјата? Сето тоа е во Книгата, тоа, навистина, на Аллах му е лесно!" (Ел Хаџ, 70) Што се однесува до веродостојните хадиси кои ги потврдуваат овие основи, тие се многубројни. Еден од најпознатите хадиси е оној кој го бележи Муслим во својот ,Сахих’, каде што владарот на правоверните, Омер бин Хатаб, Аллах нека е задоволен со него, раскажува дека Џибрил, алејхи селам, го прашал Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, за иманот, а тој му одговорил: „Иман е да веруваш во Аллах, во Неговите мелеци, Неговите книги, Неговите пратеници, во Судниот ден, и да веруваш во одредбата, добрата и лошата.“ (1) Исто така го бележат Бухари и Муслим од хадисот на Ебу Хурејре. Од овие шест основи произлегува сè што муслиманот треба да верува во врска со Возвишениот Аллах, оној свет и сите други прашања поврзани со невидливото. (1) Хадисот го бележат: Муслим во поглавјето за иманот - верувањето (хадис бр. 8), Тирмизи во поглавјето за иманот - верувањето (бр. 2610), Несаи во поглавјето за иманот - верување (бр. 4990), Ебу Давуд во поглавјето Сунет (бр. 4695), Ибн Маџе во воведот на Суненот (бр. 63) и Ахмед (1/27)

Верување во Возвишениот Аллах

Верување дека само Тој е единствениот вистински Бог, достоен за обожување, и никој друг освен Него.

Верувањето во Аллах значи да се верува дека само Тој е единствениот вистински Бог, достоен за обожување, и никој друг освен Него. Тој е Создателот, Добротворот, Оној кој ги снабдува и ги знае сите тајни и јавни постапки на луѓето. Тој е способен да ги награди послушните и да ги казни непослушните. Главната причина за создавањето на луѓето и џините е обожувањето на Аллах. Возвишениот Аллах вели: ,,Џините и луѓето ги создадов само за да Ме обожуваат." (Ез Заријат, 56) ,,Јас не барам снабдување од нив, ниту сакам да Ме хранат." (Ез Заријат, 57) ,,Снабдувач е само Аллах, Моќниот и Силниот!" (Ез Заријат, 58) И вели: ,,О, луѓе, обожувајте Го Господарот ваш Кој ве создаде и вас и тие пред вас, за да бидете богобојазливи." (Ел Бекарe, 21) ,,Кој Земјата постела, а небото здание ви ги направи; Кој од небото ви го спушта дождот и со него создава плодови, снабдување за вас. Затоа не припишувајте Му здруженик на Аллах, знаејќи го тоа." (Ел Бекарe, 22) Аллах ги испрати пратениците и ги објави книгите за да ја објаснат вистината, да повикуваат кон неа и да предупредат за она што ѝ се спротивставува. Возвишениот Аллах вели: „Ние на секој народ Пратеник му испративме: ,Само Аллах обожувајте Го, а тргнете се од тагутот!‘“ (Ен Нахл, 36) И вели: ,,Пред тебе ниту еден Пратеник не испративме, а да не му објавевме: ,Нема бог освен Мене, затоа Мене обожувајте Ме!‘“ (Ел Енбија, 25) И вели: ,,Елиф–лам–ра. Ова е Книга чии стихови се усовршени, а потоа разјаснети, од Мудриот и Сезнајниот, само Аллах да Го обожувате, – јас сум ви од Него (пратен) за да опоменувам и радосни вести да ви кажувам.“ (Худ, 1-2) Суштината на овој ибадет е да се издвои Возвишениот Аллах во сè што им е пропишано на луѓето како начин на обожување, како што се: довата, стравот, надежта, намазот, постот, колењето курбан, заветувањето и други видови ибадет. Овој ибадет треба да биде проследен со скрушеност, желба и стравопочит, со целосна љубов и понизност пред Неговата величина. Поголемиот дел од Куранот укажува на ова основа, како што Возвишениот Аллах вели: ,,Затоа само Аллах обожувај Го, искрено исповедајќи Му ја верата! Искреното практикување на верата е долг кон Аллах!" (Ез Зумер, 2-3) И вели: ,,Господарот твој заповеда само Него да Го обожувате." (Ел Исра, 23) И вели: ,,Затоа молете Го Аллах, искрено исповедувајќи Му ја верата – па макар тоа и да го мразат неверниците." (Гафир, 14) Во двата Сахиха е забележан хадис кој го пренесува Муаз, Аллах нека е задоволен со него, во кој Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: ,,Аллаховото право кај робовите е да Го обожуваат и да не Му припишуваат здруженик.” (2) Хадисот го бележат: Бухари во поглавјето за џихад и воени походи (бр. 2701), Муслим во поглавјето за иман - верувањето (бр. 30), Тирмизи во поглавјето за верувањето (бр. 2643), Ибн Маџе во поглавјето за зухд (бр. 4296) и Ахмед (5/238).

Верувањето во сè што Аллах им наредил на Неговите робови во што спаѓаат петте видливи столбови на исламот.

Верувањето во Аллах вклучува и верување во сè што Тој им го наредил на Неговите робови преку петте столбови на исламот. Овие столбови се: сведочењето дека нема друг вистински бог освен Аллах и дека Мухамед е Негов пратеник, извршувањето на намазот (молитвата), давањето на зекат, постот во месецот рамазан и аџилакот за оние кои се во можност, како и другите обврски пропишани во верата.

Најголемиот и најзначајниот столб на исламот е сведоштвото дека нема друг бог кој заслужува да биде обожуван освен Аллах и дека Мухамед е Неговиот пратеник (ар. Ла илахе иллаллах, Мухамедун расулуллах). Ова сведоштво значи дека обожувањето треба да Му биде посветено само на Аллах и никому друг. Сè што се обожува покрај Аллах, било да е човек, мелек, џин или нешто друго, е обожувано залудно и неправедно. Единствениот достоен за обожување е Аллах, како што Возвишениот вели: ,,Тоа е затоа што Аллах е Вистина, а тие на кои, покрај Аллах, им се молат се лага" (Ел Хаџ, 62) Веќе е објаснето дека Аллах ги создаде луѓето и џините заради оваа најзначајна основа и им нареди да ја спроведуваат во пракса. За таа цел, ги испраќаше пратениците и ги објавуваше книгите. Затоа, треба добро да размислиш за ова за да ти стане појасна состојбата во која се нашле муслиманите поради непознавањето на оваа најголема и најзначајна основа. Поради незнаењето за неа, тие почнале покрај Аллах да обожуваат и други, и она што е само и исклучиво Негово право го насочиле кон други покрај Него. Нека ни е Аллах напомош!

Верувањето во Аллах значи да се верува дека Аллах е Создателот на светот, дека Тој суверено управува со сите нешта и дека ги контролира според Своето сеопфатно знаење и моќ.

Верувањето во Аллах значи да се верува дека Аллах е Создателот на светот, дека Тој суверено управува со сите нешта и дека ги контролира според Своето сеопфатно знаење и моќ. Исто така, тоа вклучува верување дека Тој е Владетел на овој и на идниот свет, дека е Господар на сите светови и дека нема друг Создател и Господар освен Него. Исто така, тоа вклучува верување дека Аллах испратил пратеници и објавил книги за да ги поправи Своите робови и нивната состојба, и за да ги повика кон она што е нивен спас и добро, како на овој така и на идниот свет. И дека Тој во сето тоа нема соучесник, како што Возвишениот вели: ,,Аллах е Создател на сè и Тој управува со сè." (Ез Зумер, 62) И вели: ,,Господарот ваш е Аллах, Кој небесата и Земјата во шест периоди ги создаде, а потоа над Аршот се возвиши. Тој со темнината на ноќта го прекрива денот, која во чекор го следи, а Сонцето и Месечината и ѕвездите се покоруваат на Неговата волја. Само Тој создава и управува! Возвишен нека е Аллах, Господарот на световите!" (Ел Араф, 54)

Верувањето дека на Аллах му припаѓаат најубавите имиња и највозвишените својства, без искривување, негирање, опишување на нивната форма или споредување со нешто друго.

Верувањето во Аллах исто така вклучува верување дека на Аллах Му припаѓаат најубавите имиња и највозвишените својства, кои се пренесени и потврдени во Куранот и Сунетот на Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Овие својства треба да се прифатат без искривување, негирање, опишување на нивната форма или споредување. Обврска е да се верува во нив онака како што се спомнати, со јасни и директни значења кои му доликуваат на Аллах, без споредување со својствата на созданијата. Возвишениот вели: ,Нему, ништо не му е слично! Тој сè слуша и сè гледа." (Еш Шура, 11) И вели: ,,Затоа не споредувајте со Аллах ништо! Аллах навистина знае, а вие не знаете." (Ен Нахл, 74) Ова е верувањето на следбениците на ехли сунет вел џемат, асхабите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, и оние кои ги следат во доброто. Имамот Ебу Хасан ел Еш’ари, рахимехуллах, го пренел ова верување во својата книга „Ел мекалат ан асхабил-хадиси ве ехлис-суне“. Ова верување го пренеле и други имами на овој умет.

Евзаи, рахимехуллах, рекол: „Зухри и Мекхул беа прашани за ајетите во кои се спомнати Аллаховите својства, па рекоа: ,Прифатете ги онака како што се наведени.'" Велид бин Муслим, рахимехуллах, рекол: „Малик, Евзаи, Лејс ибн Са’д и Суфјан Ес Севри, рахимехумуллах, беа прашани за ајетите и хадисите во кои се спомнати Аллаховите својства, па сите одговорија: ,Прифатете ги онака како што се наведени, без прашања за нивната форма.’“ Евзаи, рахимехуллах, рекол: „Во наше време, кога многу таби’ини сè уште беа меѓу нас, велевме: ,Возвишениот Аллах е над Аршот и веруваме во Неговите својства кои се спомнати во сунетот.’“ Кога го прашале Рабиа бин ебу Абдурахман, учителот на имамот Малик, Аллах да им се смилува, за истива (возвишувањето), тој рекол: ,Истива (неговото значење) не е непознато, но начинот е незамислив. Објавата е од Аллах, должноста на Пратеникот е да ја пренесе, а наше е да веруваме и да прифатиме како што е пренесено. Кога го прашале имамот Малик, рахимехуллах, за истото, тој рекол: ,,Истива (возвишувањето) е познато, но начинот е непознат (кога станува збор за Возвишениот Аллах). Верувањето во тоа е задолжително, а прашувањето за тоа е новотарија." Потоа му рекол на човекот кој прашал: ,Ти си лош човек!’ и наредил да се отстрани од собирот.

Слично на тоа е пренесено од мајката на верниците Уму Селеме, радиаллаху анха, а имамот Ебу Абдурахман ибн Мубарек, рахимехуллах, рекол: „Знаеме дека нашиот Господар е над небесата, на Својот Арш, одвоен од Своите созданија.“ Зборовите на имамите на ова тема се многубројни и невозможно е сите да се опфатат во ова предавање. За оние кои сакаат да дознаат повеќе, препорачувам да ги разгледаат делата на имамите на Сунетот, како што се: “Сунне” на Абдулах, синот на имамот Ахмед, “Тевхид” на имамот Мухамед бим Хузејме, “Сунне” на Ебу Касим Лалекаи Табери, “Сунне” на Ебу Бекр бин Ебу Асим, и одговорот на шејхул ислам Ибн Тејмије до жителите на Хама. Овој одговор е извонреден и е од голема корист, бидејќи тој, Аллах да му се смилува, го објаснува верувањето на ехлу сунетот, пренесувајќи многу од нивните изреки, како и верски и рационални докази кои ја потврдуваат исправноста на нивните ставови и погубноста на ставовите на нивните противници. Неговото дело “Тедмурија” уште подетално ја разгледува оваа тема и го објаснува верувањето на следбениците на сунетот, користејќи верско-рационални докази. Преку оваа книга, тој одговорил на спротивставената страна, правејќи ја вистината уште појасна и побивајќи ја невистината, за секој што трага по знаењето и има искрени намери во прифаќање вистината. Сите кои се спротивставуваат на ехлу сунетот во поглед на Аллаховите имиња и својства, неизбежно се спротивставуваат и на верско-рационалните докази, со многу јасна контрадикција во она што го потврдуваат или негираат.

Што се однесува до ехли сунетот, тие го потврдуваат сето она што Возвишениот Аллах го потврдил за Себе во Куранот и што Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, го потврдил во веродостојниот сунет. Тие го прават тоа без да го споредат Возвишениот Аллах со созданијата и без да негираат ниту едно Негово име или својство. Со таков став, тие се заштитуваат од контрадикторности и постапуваат во согласност со сите докази. Божјиот закон е да им помогне и да ги зацврсти сите оние кои цврсто се придржуваат до патот на вистината по кој оделе пратениците и кои искрено се трудат во Негово име да ја најдат вистината. Возвишениот вели: ,,Туку со вистината ја потиснуваме лагата, вистината ја гуши и лагата исчезнува." (Ел Енбија, 18) И вели: ,,Тие нема ниту еден приговор да ти дадат, а Ние да нема одговор и најубаво објаснување да наведеме." (Ел Фуркан, 33) Хафиз Ибн Кесир, Аллах да му се смилува, во својот познат тефсир, коментирајќи ги зборовите на Возвишениот Аллах – ,,Господарот ваш е Аллах, Кој небесата и Земјата во шест периоди ги создаде, а потоа над Аршот се возвиши." (Ел Араф, 54), напишал значајни зборови на оваа тема, добро е да се пренесат тука поради нивната корист: Ибн Кесир, рахимехуллах, рекол: „Има многу мислења по ова прашање, но ова не е местото за детално објаснување. Ние го прифаќаме ставот на нашите први генерации (селефу салих), како што се: Малик, Евзаи, Севри, Лејс бин Сад, Шафи, Ахмед, Исхак ибн Рахавеј и други, било поранешни или современи имами на муслиманите. Тие велат: ‘Треба да ги прифаќаме ајетите кои ги спомнуваат Аллаховите својства онака како што се дојдени, без да навлегуваме во нивната форма, без да ги поистоветуваме и без да ги негираме.’ Она што го замислуваат оние кои ги поистоветуваат Аллаховите својства со човечките не е применливо за Аллах, бидејќи Возвишениот Аллах не личи на ништо од Неговите созданија: ‘Никој не е како Него! Тој сè слуша и сè гледа.’ Вистината по ова прашање е како што рекле имамите, меѓу кои и Нуајм бин Хамад Хузаи, учителот на имам Бухари, кој рекол: ‘Кој го поистоветува Аллах со нешто од Неговите созданија, таквиот е неверник, а кој го негира она со што Аллах се опишал Себеси, исто така е неверник. Нема поистоветување ниту во зборовите на Аллах, ниту во зборовите на Неговиот Пратеник. Затоа, на правиот пат е оној кој го признава она што јасно се зборува за Возвишениот Аллах во ајетите и веродостојните хадиси, на начин кој Му доликува на Неговата величина, и кој ја негиа секоја несовршеност за Него.’“

Верување во мелеците

Верувањето во мелеците вклучува општо и детално верување во нив. Муслиманот верува дека Аллах има мелеци кои ги создал за да Му бидат покорни и ги опишал како почитувани робови, кои не зборуваат без Негова дозвола и постапуваат според Неговите наредби. ,,Тој знае што правеле и што ќе прават, и тие ќе се заземаат само за тој од кого Тој ќе биде задоволен, а и тие самите, од страв кон Него, се плашат." (Ел Енбија, 28) Постојат многу видови на мелеци, меѓу кои се оние задолжени за носење на Аршот, чуварите на Џенетот и Џехенемот, и мелеци задолжени за чување на делата на робовите. Ние детално веруваме во оние мелеци кои Аллах и Неговиот Пратеник ги именувале, како Џибрил, Микаил, Малик чуварот на Џехенемот, и Исрафил задолжен за дување во рогот, кој е спомнат во веродостојни хадиси. Потврдено е во веродостоен хадис од Аиша – нека е Аллах задоволен од неа – дека Пратеникот – нека е мир и благослов над него – рекол: ,,Мелеците се создадени од светлина, џините се создадени од огнен пламен, а Адем е создаден од она што ви е кажано.“ (3) Хадисот го бележи Муслим во неговиот Сахих. (3) Сахих Муслим, поглавје: зухд и рекаик (2996) и Ахмед (6/153).

Верувањето во објавените Книги

Исто така, верувањето во книгите, вклучува општо верување дека Возвишениот Аллах им објавил книги на Своите пратеници и веровесници за да ја објаснат вистината и да повикуваат кон неа, како што Возвишениот вели: ,,Ние Пратениците Наши со јасни докази ги праќавме и по нив Книга и Мерка – правда праќавме, за луѓето да постапуваат праведно." (Ел Хадид, 25) И вели: ,,Сите луѓе сочинуваа една заедница, па Аллах ги праќаше веровесниците да донесуваат радосни вести и опомена, и по нив ја праќаше Книгата со Вистината, за по неа да им се суди на луѓето за она за што тие не се согласуваа." (Ел Бекаре, 213)

Веруваме во сите книги кои Аллах ги именувал, како што се Тевратот, Инџилот, Зебурот и Куранот. Куранот е најдобрата книга, печат на сите претходни објави, ги потврдува сите претходно објавени книги и над нив бдее. Целиот умет мора да верува во Куранот, да го следи и да суди според него, заедно со веродостојниот сунет на Божјиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Аллах го испрати Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, до луѓето и џините, и му го објави Куранот за да суди според него. Куранот е лек за срцата, објаснување за сè, упатство и милост за верниците. Возвишениот вели: ,,А оваа Книга која ја објавуваме е благословена, затоа следете ја и бидете богобојазливи за да ви се укаже милоста." (Ел Енам, 155) И вели: ,,Ние тебе ти ја објавуваме Книгата како објаснување за сè и како упатство и милост и радосна вест за муслиманите." (Ен Нахл, 89) Возвишениот, вели: Кажи: „О, луѓе, јас сум ви на сите вас Аллахов Пратеник, Неговата власт е и на небесата и на Земјата; нема друг бог освен Него, Тој дава живот и смрт, и затоа верувајте во Аллах и во Пратеникот Негов, веровесникот, кој не знае да чита и да пишува, кој верува во Аллах и во зборовите Негови; следете го него, за да бидете упатени!" (Ел Араф, 158) Ајетите во овој контекст се многубројни.

Верувањето во Божјите пратеници

Исто така, треба да веруваме во Божјите пратеници во општа и детална смисла. Веруваме дека Возвишениот Аллах им испратил на Своите робови Пратеници од нивните редови, кои носеле радосни вести, предупредувале и повикувале кон вистината. Оној кој ќе им се одзвие, ќе постигне среќа, а оној кој ќе ги одбие, ќе доживее разочарување и каење. Последниот и најдобриот од сите нив е нашиот Пратеник Мухамед бин Абдулах, салаллаху алејхи ве селем, како што Возвишениот Аллах вели: „Ние на секој народ Пратеник му испративме: ,Само Аллах обожувајте Го, а тргнете се од тагутот!‘“ (Ен Нахл, 36) И вели: ,,Пративме Пратеници кои радосни вести и опомени донесуваа, за луѓето, после пратениците, никакво оправдување пред Аллах да немаат. А Аллах е Силен и Мудар!" (Ен Ниса, 165) Возвишениот, вели: ,,Мухамед не е татко никому од вашите луѓе, туку е Аллахов Пратеник и последен веровесник." (Ел Ахзаб, 40) Веруваме детално во сите пратеници кои Аллах ги спомнал по име или кои Пратеникот ги потврдил, како што се Нух, Худ, Салих, Ибрахим и други. Нека се Божјиот благослов и мир врз сите нив и врз нашиот Пратеник.

Верувањето во Последниот ден

Што се однесува до верувањето во Последниот ден,

тоа вклучува верување во сè што Возвишениот Аллах и Неговиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, не известиле дека ќе се случува по смртта. Ова го опфаќа задгробното искушение, наградата и казната во гробот, како и сè што ќе се случува на Судниот ден: неговите ужаси и тешкотии, сиратот (мостот над Џехенемот), мизанот (вагата), пресметката, наградата и казната, како и книгите на делата кои ќе им се делат на луѓето. Некои ќе ја примат со десната рака, некои со левата, а на некои истата ќе им се даде зад грбот. Во ова спаѓа и верувањето во хавдот кој му е даден на нашиот Пратеник Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, верувањето во Џенетот и Џехенемот, гледањето на верниците кон нивниот Господар и Неговата комуникација со нив, како и сè друго што е спомнато во Благородниот Куран и веродостојниот Сунет на Божјиот Пратеник, саллќаллаху алејхи ве селем. Треба да веруваме во сето тоа и да го прифатиме на начин како што го објасниле Аллах и Неговиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем.

Верување во одредбата - кадерот

Верувањето во одредбата опфаќа четири работи:

Прво: Возвишениот Аллах, знае сè што се случило и што ќе се случи. Тој ги знае состојбите на Своите робови, нивната опскрба, нивниот животен век, нивните дела и сите други работи што ги засегаат. Ништо не Му е скриено, Славен и Возвишен е Тој! Возвишениот, вели: ,,Аллах знае сè." (Ел Бекаре, 231) И вели: ,,Да знаете дека Аллах е моќен за сè и дека Аллах со знаењето Свое опфаќа сè!" (Ет Талак, 12)

Второ: Возвишениот Аллах го запишал сето она што го одредил, како што вели: ,,Ние знаеме што од нив земјата ќе уништи, кај нас е Книгата која сè чува." (Каф, 4) И вели: ,,Ние сето тоа во јасната Книга го набројавме." (Јасин, 12) Возвишениот, вели: ,,Зарем не знаеш дека на Аллах Му е познато сè што е на небото и на Земјата? Сето тоа е во Книгата, тоа, навистина, на Аллах Му е лесно!" (Ел Хаџ, 70)

Трето: Верувањето дека Аллах со Својата волја управува со сè. Само она што Тој го сака ќе се случи, а она што не го сака, нема да се случи. За тоа Возвишениот вели: ,,Аллах тоа што сака го прави." (Ел Хаџ, 18) И вели: ,,И навистина Неговата наредба, кога сака нешто е само за тоа да каже: 'Биди' – и тоа бидува." (Јасин, 82) И вели: ,,А вие ќе го сакате само тоа што Аллах го сака – Аллах навистина сè знае и Мудар е." (Ел Инсан, 30)

Четврто: Возвишениот Аллах ги создаде сите суштества, нема друг Создател освен Него и нема друг Господар освен Него. Како што Возвишениот вели: ,,Аллах е Создател на сè и Тој управува со сè." (Ез Зумер, 62) И вели: ,,О, луѓе, сетете се на благодатта со која Аллах ве опсипува. Постои ли, освен Аллах, некаков друг создател кој од небо и од земја ве снабдува? Освен Него нема друг бог, па тогаш каде се одметнувате?" (Ел Фатир, 3) Верувањето во одредбата ги опфаќа овие четири основи според верувањето на ехли сунетот, за разлика од новаторите кои негирале некои од тие основи.

Верувањето се состои од зборови и дела, се зголемува со покорност, а се намалува со непокорност.

Во верувањето во Аллах спаѓа и тоа дека иманот, верувањето, се состои од зборови и дела, се зголемува со покорност, а се намалува со непокорност, и дека не е дозволено да се прогласува муслиманот за неверник поради некој грев кој е помал од ширкот и куфрот, како што се: блуд, кражба, земање камата, конзумирање опијати, непослушност кон родителите и други големи гревови, доколку не ги смета за дозволени. Возвишениот вели: ,,Аллах нема да прости ако нешто Му се здружува, а ќе прости сè освен тоа, кому Тој сака!" (Ен Ниса, 48) Исто така, во веродостојните мутеватир хадиси од Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, е пренесено дека Аллах ќе го извади од Огнот секој што во своето срце има иман колку зрно синап.

Љубов е заради Аллах, и омраза е заради Аллах, пријателство е заради Аллах и непријателство е заради Аллах.

Верувањето во Аллах вклучува љубов и омраза заради Него, како и пријателство и непријателство заради Него. Верникот ги сака и е близок со другите верници, додека ги мрази и не е близок со неверниците. Најпочитуваните меѓу верниците во овој умет, кои треба најмногу да се сакаат, се асхабите на Божјиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Затоа, следбениците на сунетот и џематот ги сакаат многу и веруваат дека тие се најдобрите луѓе по Пратеникот. Во тој контекст, Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: ,,Најдобрата генерација е мојата, потоа оние што доаѓаат по нив, а потоа оние што доаѓаат по нив." (4) Бухари и Муслим Следбениците на сунетот и џематот веруваат дека најдобриот асхаб е Ебу Бекр ес Сидик, потоа Омер ел Фарук, потоа Осман Зун Нурејн, потоа Али ел Муртеда, радијаллаху анхум. Потоа следуваат останатите од десеттемина на кои им е ветен Џенетот, а потоа сите други асхаби, радијаллаху анхум. Тие се воздржуваат од коментар за несогласувањата меѓу асхабите и веруваат дека сите тие вложиле крајни напори за да ја достигнат вистината. Оној кој бил во право, има две награди, а оној кој погрешил, има една. Следбениците на сунетот го сакаат семејството на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, оние кои биле верници, особено мајките на верниците, сопругите на Божјиот Пратеник. За сите нив велат: ‘Аллах нека биде задоволен со нив!’ Тие се одрекуваат од патот на рафидиите (шиитите), кои ги мразат и навредуваат асхабите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, и претерано ги возвишуваат членовите на семејството на Пратеникот, издигнувајќи ги на место кое Аллах не им го дал. Исто така, се одрекуваат од патот на насибиите (хариџите), кои ги навредуваат и им нанесуваат штета на членовите на семејството на Пратеникот со зборови или дела. (4) Бухари во поглавјето за сведоштвата (2509), Муслим во поглавјето за вредностите на асхабите (2533), Тирмизи во поглавјето за доблестите (3859), Ибн Маџе во поглавјето за прописите (2362) и Ахмед (1/434).

Сè што спомнавме во овој краток говор е дел од вистинското верување со кое Аллах го испрати Својот Пратеник, Мухамед, салаллаху алејхи ве селем. Ова е исто така верувањето на спасената група, ехли сунет вел џемат, за кои Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: ,,Една група од мојот умет секогаш ќе биде на вистинскиот пат, потпомогната, и нема да им наштети оној кој ќе ги напушти, сè додека не дојде Аллаховата наредба.” (5) Тој, Благословот Божји и Неговиот спас нека се над него, исто така рекол: ,,Евреите се поделија на седумдесет и една група, христијаните на седумдесет и две групи, а мојот умет ќе се подели на седумдесет и три групи. Сите ќе влезат во Џехенемот освен една.” Асхабите прашаа: “Која е таа, о Аллахов Пратенику?” Тој одговори: ,,Оние кои ќе го следат она на што сме јас и моите асхаби.” (6) Тоа е верувањето кое сме должни да го следиме, да останеме истрајни во него и да се чуваме од сè што му е спротивно. (5) Муслим во поглавјето за водство (1920), Тирмизи во поглавјето за немири (2229), Ебу Давуд во поглавјето за немири и војни (4252), Ибн Маџе во поглавјето за немири (3952) и Ахмед (5/279). (6) Ибн Маџе, поглавје за немири (3992).

Нешто за оние кои отстапуваат од оваа верување и го следат спротивниот пат

Ги има неколку вида

Многу луѓе отстапуваат од ова верување и го следат спротивниот пат. Меѓу нив се оние кои обожуваат идоли, кипови, мелеци, џини, евлии, дрвја, камења и друго. Таквите не одговориле на повикот на пратениците, туку им се спротивставиле и ги негирале, како што направиле и Курејшиите и другите арапски племиња со нашиот пратеник Мухамед – салаллаху алејхи ве селем. Тие барале од киповите да им ги исполнат потребите, да им ги излечат болните, да им помогнат против непријателите, им принесувале жртви и им се заветувале. Кога пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, им укажал на неисправноста на тоа и им наредил да го упатат ибадетот само кон Возвишениот Аллах, тие зачудено негирале, велејќи: ,,Зарем тој боговите да ги сведе само на еден Бог? Тоа е, навистина, нешто многу чудно!“ (Сад, 5) Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, постојано ги повикуваше кон Аллах и ги предупредуваше од ширкот, објаснувајќи им ја стварноста и неисправноста на она што го обожуваат, сè додека Аллах не ги упати оние кои ги упати од нив. Потоа, тие влегоа во Аллаховата вера во голем број, така што Аллаховата вера надвладеа над сите други вери, по континуиран повик и долг напор од страна на Пратеникот и неговите асхаби, радијаллаху анхум, и оние кои ги следеа во доброто (табиините). Потоа, состојбата се промени и незнаењето преовлада над повеќето луѓе, така што повеќето од нив се вратија во џахилијет (незнаењето), претерувајќи во однос на пратениците и добрите луѓе, молејќи ги, барајќи помош од нив и други видови на ширк. Таквите не го разбраа значењето на сведоштвото ла илаха иллаллах - нема друг вистински бог кој заслужува да биде обожуван освен Аллах, како што го разбраа арапските неверници значењето на тоа. Аллах нека е напомош!

Овие видови на ширк постојано се ширеле меѓу луѓето до ден денес, главно поради големото незнаење и оддалеченоста од времето на пратеништвото.

Заблудата на подоцнежните е иста како заблудата на претходните, со примери на некои невернички верувања.

Заблудата кај подоцнежните е иста како заблудата на претходните, а тоа е нивното тврдење: ,,Овие се наши застапници кај Аллах, ние не ги обожуваме освен за да нè приближат до Аллах." Аллах ја поништи оваа заблуда и објасни дека оној кој обожува некој друг освен Него, без разлика кој е тој, направил ширк и неверство, како што Аллах вели: "Тие, покрај Аллах, ги обожуваат тие кои не можат да им наштетат ниту пак можат каква било корист да им донесат, и велат: 'Ова се нашите заземачи кај Аллах.'" (Јунус, 18) Возвишениот Аллах им одговори со Своите зборови: ,,Кажи: 'Како тоа на Аллах да Му кажувате дека на небесата и на Земјата постои нешто, а Тој знае дека не постои?!' Тој е чист и многу високо над тие што Нему Му ги здружуваат!" (Јунус, 18) Во овој ајет, Возвишениот Аллах објасни дека обожувањето на некој друг покрај Него, без разлика дали се работи за пратеници, евлии или други, претставува голем ширк, дури и ако неговите извршители го нарекуваат со друго име. Возвишениот вели: ,,А на тие што покрај Него земаат други за заштитници: 'Ние ги обожуваме само за да нè приближат што поблиску до Аллах'". (Ез Зумер, 3) Возвишениот Аллах им одговори со Своите зборови: ,,Аллах ним, навистина, ќе им пресуди за тоа за коешто тие не се согласуваа. Аллах нема да го упати на Вистинскиот пат тој што е лажливец и неверник." (Ез Зумер, 3) Со ова, Возвишениот Аллах објасни дека обожувањето на некој друг покрај Него преку дова, стравопочит, надеж и други видови на ибадет, претставува неверство. На тој начин, Тој укажа на неоснованоста на тврдењата дека нивните божества ги приближуваат до Него.

Меѓу неверничките убедувања кои се спротивставуваат на исправното верување и на она со кое дојдоа пратениците, е и тоа што го застапуваат современите атеисти, следбениците на Маркс, Ленин и други поборници на атеизмот. Без разлика дали го нарекуваат социјализам, комунизам, баасизам или со некое друго име, основата на овие атеисти е дека нема бог и дека животот е само материја. Тие исто така го негираат оживувањето, Џенетот, Џехенемот, и не признаваат ниту една религија. Кој ги проучил нивните книги и учења, го разбрал тоа со сигурност. Несомнено, ова верување е спротивно на сите небесни религии и ги води своите следбеници во пропаст како на овој така и на оној свет.

Меѓу верувањата кои се спротивставуваат на вистината е и она што го застапуваат некои батинии и суфии. Тие веруваат во таканаречените евлии, за кои сметаат дека заедно со Аллах управуваат со космичките и природните процеси. На овие евлии им дале посебни називи во зависност од положбата што ја уживаат, како на пример: актаб, евтад, егвас и други имиња кои, всушност, ги измислија за нивни лажни божества. Ова е една од најлошите форми на ширк во рубубијетот. Таа е дури полоша и поопасна од ширкот на предисламските Арапи, бидејќи тие правеле ширк во ибадетот, а не во рубубијетот. Дополнително, предисламските Арапи правеле ширк во време на благосостојба, но во време на тешкотии искрено го повикувале Аллах и му се обраќале Нему, како што Возвишениот вели: ,,Кога со бродот ќе запловат, искрено Му се молат на Аллах, а кога Тој до копното ќе ги донесе, одеднаш Нему други за рамни Му здружуваат." (Ел Анкебут, 65) Што се однесува до рубубијетот, тие го признаваа тоа само за Аллах, како што Возвишениот Аллах вели: ,,А ако ги запрашаш кој ги создаде нив, сигурно ќе речат: 'Аллах!'" (Ез Зухруф, 87) И вели: „Кажи: 'Кој ве храни од небото и од земјата, чие дело се слухот и видот, кој го создава живото од неживото, а го претвора живото во неживо, и кој управува со сè?' – 'Аллах!', ќе кажат тие, а ти кажи: 'Па зошто тогаш не се плашите од Него?'" (Јунус, 31) Ајетите во овој контекст се многубројни.

Во што подоцнежните мушрици ги надминале своите претходници

Подоцнежните мушрици ги надминале своите претходници во два аспекта. Прво, некои од нив прават ширк во рубубијетот. Второ, тие прават ширк и во време на благосостојба и во време на тешкотии. Ова го знае секој што ги познава и ги проучувал нивните состојби, кој гледа што прават на гробовите на Хусеин, Бедави и други во Египет, на гробот на Аидрус во Аден, на гробот на Хади во Јемен, на гробот на Ибн Араби во Шам, на гробот на шејх Абдулкадер Гејлани во Ирак и на други познати гробови. Обичните луѓе им придаваат големо значење и им посветуваат многу од правата што му припаѓаат само на Возвишениот Аллах. Малкумина се оние кои ги предупредуваат и им ја објаснуваат вистината за теухидот што Аллах го испратил преку Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, и преку претходните пратеници, алејхим салату ве селам. Ние сме Аллахови и Нему ќе Му се вратиме. Го молиме Возвишениот Аллах да ги врати на правиот пат и да го зголеми бројот на повикувачите кон упатството меѓу нив. Нека им даде успех на водачите и учените на муслиманите во борбата против овој ширк и неговите средства, сè додека целосно не се искорени. Тој, навистина, сé слуша и блиску е.

Меѓу убедувањата кои се спротивставуваат на исправното верување во врска со Аллаховите имиња и својства се и убедувањата на новаторите како џехмиите и му’тезилите, како и сите кои го следат нивниот пат во негирањето на Аллаховите својства и верувањето дека Тој не поседува совршени особини. Со тоа, тие Му припишуваат својства на нешто што е непостоечко, материјално или невозможно. Возвишениот Аллах е високо над она со што тие Го опишуваат. Тука спаѓаат и оние кои негираат дел од Аллаховите својства, а дел потврдуваат, како ешариите. Потврдувањето на некои својства ги обврзува да ги потврдат и другите слични својства, кои ги негирале и погрешно ги толкувале доказите за нив. Со тоа, тие се спротивставиле на верските и рационалните докази и паднале во очигледна контрадикторност. Што се однесува до следбениците на сунетот и џематот, тие му ги потврдиле на Возвишениот Аллах сите имиња и својства кои Тој самиот си ги потврдил и кои му ги потврдил Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, на начин кој му доликува и Му прилега на Возвишениот. Тие негирале каква било можност за споредување на Аллах со созданијата, а истовремено не негирале ништо од Неговите својства, ниту погрешно ги толкувале. На тој начин, тие ги прифатиле сите докази и се сочувале од контрадикторности во кои паднале другите, како што беше објаснето. Ова е патот на успехот и среќата на двата света. Тоа е Правиот пат по кој оделе првите генерации на овој умет и неговите имами. Подоцнежните генерации нема да ја подобрат својата состојба поинаку од начинот на кој тоа го направиле првите генерации. Начинот на подобрување е во следењето на Куранот и сунетот и напуштањето на она што им се спротивставува.

Обврската за обожување само на Аллах и објаснување на причините за помош над Неговите непријатели.

Најважната и најголемата обврска на секој шеријатски обврзник е да го обожува единствено својот Господар, Возвишениот, Господарот на небесата и Земјата, Господарот на Величествениот Престол, кој во Својата Благородна Книга вели: ,,Господарот ваш е Аллах, Кој небесата и Земјата во шест периоди ги создаде, а потоа над Аршот се возвиши. Тој со темнината на ноќта го прекрива денот, која во чекор го следи, а Сонцето и Месечината и ѕвездите се покоруваат на Неговата волја. Само Тој создава и управува! Возвишен нека е Аллах, Господарот на световите!" (Ел Араф, 54) Во друг дел од Својата Книга, Возвишениот Аллах нé извести дека ги создаде џините и луѓето за да Го обожуваат Него. Возвишениот Аллах вели: ,,Џините и луѓето ги создадов само за да Ме обожуваат." (Ез Заријат, 56) Суштината на ибадетот поради кој Возвишениот Аллах ги создаде луѓето и џините е теухидот со сите видови на ибадет. Ова вклучува намаз, пост, зекат, хаџ, руку, сеџда, таваф, принесување курбан, заветување, стравување, надеж, барање спас, барање помош, барање заштита и сите други ибадети. Во тоа спаѓа и покорноста кон Возвишениот во сите Негови наредби и забрани, како што е наведено во Благородниот Куран и Сунетот на Неговиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Возвишениот Аллах им нареди на сите луѓе и џини да Му прават ибадет, поради кој ги создаде, им ги испрати сите пратеници и ги објави сите книги, со цел да им се објасни тој ибадет во детали, така што ќе го упатуваат само кон Него. Возвишениот вели: ,,О, луѓе, обожувајте Го Господарот ваш Кој ве создаде и вас и тие пред вас, за да бидете богобојазливи." (Ел Бекарe, 21) И вели: ,,Господарот твој заповеда само Него да Го обожувате и на родителите добро да им правите." (Ел Исра, 23) Зборот ‘када’ во ајетот значи: наредува и советува. И вели: ,,А наредено им е само Аллах да Го обожуваат, искрено, како правоверни, верата да Му ја исповедаат, и намазот (молитвата) да го извршуваат, и зекат да даваат; - па тоа е исправната вера!" (Ел Бејине, 5) Ајетите во овој контекст се многубројни. Возвишениот вели: ,,Тоа што Пратеникот ќе ви го даде - земете го, а тоа што ќе ви го забрани - оставете го; и плашете се од Аллах бидејќи Аллах навистина жестоко казнува." (Ел Хашр, 7) И вели Возвишениот: ,,О, верници, покорувајте Му се на Аллах и покорувајте му се на Пратеникот и на вашите претпоставени. А ако не се сложувате во нешто, обратете им се на Аллах и на Пратеникот, ако верувате во Аллах и во оној свет! Тоа е подобро и последиците се поубави." (Ен Ниса, 59) И вели: ,,Кој ќе му се покори на Пратеникот, Му се покорил и на Аллах." (Ен Ниса, 80)

И Возвишениот вели: „Ние на секој народ Пратеник му испративме: ,Само Аллах обожувајте Го, а тргнете се од тагутот!‘“ (Ен Нахл, 36) И вели: ,,Пред тебе ниту еден Пратеник не испративме, а да не му објавевме: ,Нема бог освен Мене, затоа Мене обожувајте Ме!‘“ (Ел Енбија, 25) И вели: ,,Елиф–лам–ра. Ова е Книга чии стихови се усовршени, а потоа разјаснети, од Мудриот и Сезнајниот, само Аллах да Го обожувате, – јас сум ви од Него (пратен) за да опоменувам и радосни вести да ви кажувам.“ (Худ, 1-2)

Овие совршени ајети од Аллаховата Книга, како и многу други со исто значење, укажуваат на обврската за упатување на ибадет само кон Аллах Единствениот. Тоа е основата и темелот на верата. Исто така, тие укажуваат дека ова е мудроста и целта на создавањето на луѓето и џините, испраќањето на пратениците и објавувањето на книгите. Затоа, сите шеријатски обврзници имаат должност да се грижат за оваа обврска, да се подучат за сè што е поврзано со неа и да внимават од она што го напарвија многумина кои се декларираат како припадници на исламот, а тоа е претерување во однос на веровесниците и добрите луѓе, градба над гробовите, турбиња, користење на гробовите како места за ибадет и слично. Исто така, треба да се избегнува и барање спас и помош од нив, упатување дова на умрените, од нив да бараме исполнување на разни потреби,или лек, спас, помош против непријателот и други видови на голем ширк. Веродостојно се пренесува и од Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, согласност со споменатите ајети. Пример за тоа е хадисот кој е забележан во двата Сахиха, каде што Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, му рекол на Муаз: „Дали знаеш кое е правото на Аллах спрема Неговите робови и кое е правото на робовите спрема Аллах?“ Муаз одговорил: „Аллах и Неговиот Пратеник најдобро знаат.“ Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Правото на Аллах спрема Неговите робови е тие да Го обожуваат и да не Му прават ширк, а правото на робовите спрема Аллах е да не го казни оној кој не Му прави ширк.“ (7) Исто така во Сахих Бухари, се пренесува од Ибн Месуд, радијаллаху анху, дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој умре а упатувал дова на некој друг покрај Аллах, ќе влезе во Огнот.“ (8) Во Сахихот на Муслим се пренесува хадис од Џабир, радијаллаху анху, дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој ќе Го сретне Аллах а претходно не Му правел ширк, ќе влезе во Џенет, а кој ќе Го сретне а претходно направил ширк, ќе влезе во Огнот.“ (9) Постојат многу хадиси кои го потврдуваат ова најважно и најзначајно прашање во верата. Аллах го испрати Својот Пратеник Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, да повикува во теухид и да одвраќа од ширк. Тој совршено ја исполни својата мисија, трпеливо поднесувајќи ги тешките искушенија на тој пат. Заедно со него, неговите асхаби, радијаллаху анхум, исто така трпеливо го пренесуваа Аллаховиот повик, сè додека целосно не се исчисти Арапскиот Полуостров од идоли и лажни божества и додека луѓето не почнаа масовно да влегуваат во Аллаховата вера. Тогаш беа уништени идолите и лажните божества во и околу Ќаба, вклучувајќи ги и најголемите лажни божества: Лат, Уза и Менат. Така, Аллаховиот збор надвладеа, а исламот стана доминантен на Арапскиот Полуостров. Потоа, муслиманите ја продолжија својата мисија и борба надвор од Арапскиот Полуостров. Аллах преку нив ги упати оние на кои им беше предодредена среќа и ја прошири вистината и правдата на многу делови во светот. Тие станаа предводници на упатството и вистината, повикувачи кон правдата и подобрувањето. Нивниот пат го следеа следбениците и нивните наследници, имамите на упатството и повикувачите кон вистината, кои ја ширеа Аллаховата вера и ги повикуваа луѓето во Аллаховиот тевхид. Тие се бореа на Неговиот пат со своите животи и имоти, без да се плашат од укор, сето тоа заради Аллах. Аллах ги поддржа, им помогна и ги направи победници над оние кои им се спротивставуваа, исполнувајќи го Својот збор: ,,О, верници, ако Го помогнете Аллах, и Тој вам ќе ви помогне и чекорите ваши ќе ги зацврсти." (Мухамед, 7) И вели: ,,А Аллах сигурно ќе ги помогне тие кои Него Го помагаат – та Аллах е навистина Моќен и Силен. Тие кои, ако им дадеме власт на Земјата, намаз (молитва) ќе извршуваат и зекат ќе даваат и кои ќе бараат да се прават добри дела, а ќе одвраќаат од лошите – а на крајот сè Му се враќа на Аллах." (Ел Хаџ, 40-41) Потоа, луѓето почнаа да се менуваат, да се делат и да ја занемаруваат наредбата за борба, давајќи им предност на уживањата и следењето на страстите. Меѓу нив се појавија многу лоши и забранети дела, освен кај оние кои Аллах ги заштити. Поради тоа, Аллах им ја ускрати Својата помош, и дозволи непријателите да ги надвладеат како казна за нивните лоши дела. А Господарот твој не е неправеден кон робовите Свои. Возвишениот вели: ,,Тоа е затоа што Аллах нема да го лиши од благосостојба народот на кого Тој веќе им ја подарил, сè додека тој (народот) самиот не се промени." (Ел Енфал, 53) Затоа, обврска на сите муслимани, владетели и народи, е да се вратат кон Аллах, да Му упатуваат искрено ибадет само Нему и да се покајат за своите претходни пропусти и гревови. Тие треба да се стремат кон исполнување на своите обврски кои Аллах им ги наредил, да се оддалечат од она што им забранил и меѓусебно да се советуваат и помагаат во тоа. (7) Бухари во поглавјето за барањето дозвола (5912), Муслим во поглавјето за верувањето (30), Тирмизи во поглавјето за верувањето (2643), Ибн Маџе во поглавјето за зухдот (4296) и Ахмед (5/238). (8) Бухари во поглавјето за тефсирот на Куранот (4227), Муслим во поглавјето за верувањето (92) и Ахмед (1/374). (9) Бухари во поглавјето за илм - знаење (129), Муслим во поглавјето за верувањето (32), и Ахмед (3/157).

Една од најважните задачи е воспоставувањето на шеријатските казни и судењето според шеријатот, од друга страна треба да се избегнуваат законите измислени од луѓето, кои се спротивни на шеријатот. Исто така, учените имаат обврска да ги поучуваат луѓето за нивната вера, да работат на исламското освестување на масите, да се советуваат и да се потпомагаат во вистината, да бидат трпеливи на тој пат, да наредуваат добро и да одвраќаат од зло, и да ги охрабруваат владетелите во тоа. Исто така, треба да се бориме против деструктивните начела на социјализмот, национализмот, националната нетрпеливост и пристрасност, како и против други идеологии кои се спротивни на шеријатот. На тој начин, Аллах ќе ја поправи состојбата на муслиманите, ќе им го врати она што го изгубиле, ќе им ја врати некогашната слава, ќе им помогне против нивните непријатели и ќе ги зајакне на Земјата. Во врска со тоа, Возвишениот вели: ,,А Ни беше должност да им помогнеме на верниците." (Ер Рум, 47) И вели: ,,Аллах ветува дека тие меѓу вас кои ќе веруваат и кои добри дела ќе прават, сигурно за намесници на Земјата ќе ги постави, како што ги поставил за намесници тие пред нив, и дека навистина верата нивна ќе ја зацврсти, таа што Тој им ја сака, и дека сигурно стравот со безбедност ќе им го замени; тие само Мене ќе Ме обожуваат, и нема здруженици да Ми припишуваат. А тие кои и по тоа ќе бидат неблагодарни – тие се вистински грешници." (Ен Нур, 55) И вели: ,,Ние навистина ќе им помогнеме на Пратениците Наши и на верниците во животот на овој свет, а и на Денот кога ќе станат сведоците." (Гафир, 51) ,,На Денот кога на насилниците правдањето нивно нема од корист да им биде; нив ќе ги чека проклетството и најлошото престојувалиште." (Гафир,52)

Го молиме Возвишениот Аллах да ги подобри водачите на муслиманите и нивните народи, да им даде разбирање на верата, да ги обедини во богобојазливоста, да ги упати сите на Правиот пат, да ја поддржи вистината и да ја понижи невистината, да ги упати сите на соработка во добрина и богобојазност, и на помагање во вистината и трпението. Тој е Семоќен да го направи тоа. Испраќаме салават и селам на Аллаховиот роб и пратеник, најдобриот меѓу созданијата, нашиот пратеник и предводник, Мухамед бин Абдуллах, на неговото чесно семејство, асхабите и сите што го следат. Ес селаму алејкум ве рахметуллахи ве берекатуху.