Две кратки посланија за зекатот и постот
Почитуваниот шејх Аллах нека му се смилува Прво послание
These files are generated automatically from the book's text; their layout may differ from the printed edition.
Две кратки посланија за зекатот и постот
Почитуваниот шејх
Абдулазиз бин Абдулах бин Баз
Аллах нека му се смилува
Прво послание
Важни прашања околу зекатот
Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот!
Благодарноста му припаѓа единствено на Аллах. Нека е салават и селам врз оној после кого нема друг веровесник, како и врз неговото семејство и неговите асхаби. А потоа:
Причината за пишувањето на ова послание е советување и потсетување на обврската за издвојување на зекатот - обврска која многу муслимани ја занемаруваат и не ја извршуваат на пропишаниот начин, и покрај нејзиното големо значење, како и тоа дека таа претставува еден од петте столбови на исламот, без кои неговата градба не може да биде стабилна. Како што Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Исламот се темели врз пет (столба): Сведоштвото дека нема друго божество достојно за обожување освен Аллах и дека Мухамед е Божјиот пратеник, клањањето намаз, давањето зекат, постот во месецот рамазан и аџилакот.“ (Бухари и Муслим)
Обврската на зекатот за муслиманите е една од најистакнатите убавини на исламот и доказ за неговата грижа за потребите на верниците, поради бројните користи што ги носи и големата потреба на сиромашните муслимани од него.
Меѓу придобивките на зекатот се: Зацврстување на врските на меѓусебната љубов помеѓу богатите и сиромашните - бидејќи душите по природа се наклонети да го сакаат оној што им прави добро;
како и чистењето и оплеменувањето на душата, оддалечувајќи ја од особините на алчност и скржавост, на што укажува и Благородниот Куран во зборовите на Возвишениот: „Земи од добрата нивни зекат, со него да ги исчистиш и благословени да ги направиш.“ (Ет Теуба, 103)
Меѓу користите на зекатот е и тоа што го навикнува на муслиманот на дарежливост, великодушност и сочувство кон оние кои се во потреба.
Исто така од неговите придобивки е привлекување на берикетот (благословот), зголемување на имотот и замената со нешто подобро од страна на Аллах, како што Возвишениот вели: „Што и да дадете, Тој тоа ќе го надокнади, Тој најдобро снабдува.“ (Сабе, 39) На тоа укажуваат и зборовите на Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, забележани во веродостоен хадис каде што рекол: ,,Возвишениот Аллах вели: „О сине Адемов, давај, и ќе ти биде дадено...“ Како и многу други придобивки.
За оној што е скржав или ја занемарува обврската за неговото издвојување, наведено е сериозно предупредување. Возвишениот Аллах вели: „На тие кои златото и среброто го збираат и на Аллаховиот пат не го трошат, најави им болно страдание! На Денот кога тоа (златото и среброто) во огнот џехенемски ќе се усвити, па со него челата нивни и слабините нивни и грбовите нивни ќе се жигосаат: Ова е тоа што за себе го натрупувавте; искусете ја тогаш казната за тоа што го збиравте!“ (Ет Теубе, 34 - 35) Секој имот за кој не е издвоен зекат претставува богатство со кое неговиот сопственик ќе биде казнет на Судниот ден, како што укажува веродостојниот хадис од Веровесникот, алејхи селам, во кој вели: „Нема сопственик на злато или сребро кој не ја исполнува својата обврска, а да не му бидат на Судниот ден направени плочи од оган; ќе бидат загреани во џехенемскиот оган, па со нив ќе му се жигосуваат неговите бокови, чело и грб. Секогаш кога ќе се оладат, ќе му бидат повторно вратени во ден што трае педесет илјади години, сè додека не се заврши судењето меѓу луѓето, па ќе го види својот пат: или кон Џенетот, или кон Џехенемот.“
Потоа Божјиот веровесник, салаллаху алејхи ве селем, го спомна и сопственикот на камилите, говедата и овците кој не издвојува зекат за нив, и нѐ извести дека ќе биде казнет со нив на Судниот ден.
Исто така, веродостојно се пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Оној кому Аллах му дал имот, а не го издвојува неговиот зекат, на Судниот ден ќе му биде претставен како страшна ќелава змија, со две отровни дамки над очите. Таа ќе му се обвие околу вратот, ќе го фати за образите и ќе му каже: ‘Јас сум твојот имот, јас сум твоето богатство.’“ Потоа Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, го рецитираше ајетот: „Нека не мислат тие што се скржави во тоа што Аллах од изобилието Свое им го дава дека е тоа добро за нив! Не, тоа е лошо за нив! На Судниот ден ќе им биде замотано околу вратот тоа зашто беа скржави!“ (Али Имран, 180)
Зекатот се издвојува од четири категории имот: она што излегува од земјата како житарки и плодови, стока што пасе на пасишта, злато и сребро, и трговска стока.
За секоја од овие четири категории имот постои одреден нисаб (минимум), под кој зекатот не е задолжителен. Нисабот за житарки и плодови изнесува пет усоци, а еден усок изнесува шеесет саа (она што може да наполни четири грста со двете дланки) според мерката на Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем. Тоа значи триста саа од урми, суво грозје, пченица, ориз, јачмен и слично. Саот на Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, се мери како четири полни грста на човек со просечна градба, кога и двете дланки му се целосно наполнети.
Обврската што треба да се издвојува за ова изнесува една десетина, доколку палмите и посевите се наводнуваат без вложен труд – како на пример преку дожд, реки, природни извори и слично.
Доколку, пак, наводнувањето се врши со вложен труд и напор – како што е користењето на бунари, машини за извлекување вода и слично – тогаш обврската е да се издвојува половина десетина, како што е потврдено во хадисот од Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
Што се однесува до нисабот за стоката што пасе – како што се камилите, кравите и овците – тоа е јасно појаснето во веродостојните хадиси на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Оној што сака подетално да дознае, може да се обрати кај учените. Доколку нашата намера не беше да бидеме кратки, ќе го спомневме и тоа поради општата корист.
Нисабот за среброто изнесува сто и четириесет мискали, што во саудиска валута одговара на педесет и шест ријали.
А нисабот за златото е дваесет мискали, што е еквивалентно на единаесет и три седмини саудиски фунти, односно деведесет и два грама. Зекатот што се издвојува на оваа количина е една четвртина од десетината (2,5%), под услов лицето да поседува толку (92 грама) или повеќе, и да помине една (лунарна) година од поседувањето.
Добивката го следи основниот имот, па за неа не е потребно да помине нова година, исто како што новородената стока што пасе ја следи својата основа, па не се бара нова година, доколку основата го достигнува нисабот.
Во истата категорија со златото и среброто спаѓа и современиот паричен имот (валути)– без оглед дали се работи за динари, дирхеми, долари или некоја друга валута. Доколку нивната вредност го достигне пропишаниот нисаб за злато или сребро и помине една година, зекатот станува обврска.
Исто така, и женскиот накит од злато или сребро, кога ќе го достигне нисабот, ќе помине една година, подлежи на зекат – дури и ако е наменет за носење или украс, според поисправното мислење на учените– поради општото значење на зборовите на Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем: „Нема сопственик на злато или сребро кој не ја исполнува својата обврска (давање зекат), а на Судниот ден да не му бидат направени плочи од оган..." до крајот на претходно спомнатиот хадис.
Следен доказ е и тоа што е потврдено дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, видел на раката на некоја жена две златни белегзии, па рекол: „Дали го издвојуваш зекатот за нив?“ Таа одговорила: „Не.“ Тогаш тој рече: „Дали би сакала Аллах да те накити поради нив на Судниот ден со алки од оган?“ Таа веднаш ги фрлила и рекла: „Тие се за Аллах и Неговиот пратеник.“ Хадисот го бележат Ебу Давуд и Несаи со добар синџир на пренесувачи.
Потврдено е дека и Уму Селеме, Аллах нека е задоволен со неа, носела златен накит, па прашала: „О Божји пратенику, дали ова се смета за богатство?“ Тој одговорил: „Она што достигнало нисаб и се издвојува зекат за него, не се смета за богатство (за кое е објавено предупредување).“ Постојат и други хадиси со слична содржина.
Што се однесува до трговската стока наменета за продажба, таа се проценува на крајот на годината и се издвојува четвртина од десетината (2.5%) од нејзината вредност, без разлика дали таа вредност е еднаква, повисока или пониска од продажната цена. Ова се темели на хадисот на Семура во кој вели: „Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ни наредуваше да издвојуваме зекат од она што го изложувавме за продажба.“ (Ебу Давуд)
Во ова категорија спаѓаат и земјиштата наменети за продажба, како и зградите, возилата, пумпите за вадење вода и други видови стока подготвени за продажба.
Што се однесува до зградите што се користат за изнајмување, а не за продажба, зекат се издвојува од приходот од наемнината ако помине една година, додека самите објекти не подлежат зекат, бидејќи не се наменети за продажба. Истото важи и за приватните и такси возила, за нив нема зекат доколку се купени за лична употреба, а не за препродажба.
Потоа доколку сопственикот на такси или некој друг поседува пари што го достигнуваат пропишаниот нисаб, должен е да издвои зекат за нив по истекот на една година, без оглед дали тие средства биле наменети за издршка, стапување во брак, купување на недвижности, отплата на долг или друга цел. Тоа е засновано на општите шеријатски докази кои ја потврдуваат обврската на зекатот во вакви случаи.
Исправното мислење на учените е дека долгот не ја укинува обврската на зекатот, врз основа на претходно наведеното.
Истото важи и за имотот на сирачињата и лицата со ментална попреченост – според ставот на мнозинството на учените, задолжително е да се издвојува зекат доколку имотот го достигне пропишаниот нисаб и помине една година. Нивните старатели се должни да го издвојат зекатот со намера во нивно име по истекот на годината, врз основа на општите шеријатски докази. Како што рекол Божјиот веровесник, салаллаху алејхи ве селем, во хадисот на Муаз, Аллах нека е задоволен со него, кога го испратил во Јемен: „Возвишениот Аллах им пропишал зекат на нивниот имот, кој се зема од богатите и се враќа на сиромасите.“
Зекатот е Аллахово право и не е дозволено да се дава на оние што не го заслужуваат, ниту да се користи за продобивање некаква лична корист или избегнување штета, заштита на имотот или одбегнување укор. Муслиманот е должен да го даде зекатот исклучиво на оние што им припаѓа, без друга цел, со чиста намера и искреност кон Аллах, за да ја исполни својата обврска и да заслужи голема награда и надоместок.
Возвишениот Аллах во Својата Благородна Книга, јасно ги спомнал категориите на оние на кои им припаѓа зекатот, во ајетот во кој вели: „Зекатот им припаѓа само на сиромашните и на тие што имаат потреба, и на тие што го собираат, и на тие чиишто срца треба да се придобијат, и за откуп од ропство, и на презадолжените, и за цели на Аллаховиот пат и за патникот. Аллах така одредил! А Аллах сè знае и Мудар е.“ (Ет Теуба, 60)
А на крајот од овој благословен ајет, со спомнување на овие две величествени имиња, Возвишениот Аллах ги потсетува Своите робови дека Тој ги знае состојбите на сите Свои робови – кој е достоен за садака, а кој не е – и дека Тој е Мудар во Својот верозакон и во Својата одредба; не поставува ништо освен на неговото соодветно место, дури и ако на некои луѓе им остане скриена Неговата мудрост. Тоа е за верниците да имаат смиреност во Неговиот верозакони целосно да се предадат на Неговата одредба.
Го молиме Аллах да нè упати нас и сите муслимани кон исправното разбирање на Неговата вера, искреност во односот со Него, натпреварување во делата што Го задоволуваат и заштита од она што предизвикува Негов гнев, Тој, навистина, сè слуша и блиску е!
Божјите благослови и мир нека се над нашиот пратеник Мухамед, над неговото семејство и асхаби.
Претседател на дирекциите за научни истражувања,
фетви, мисионерство и ориентација
Почитуваниот шејх: Абдулазиз бин Абдулах бин Баз
Второто послание
За вредноста на постот и ноќниот намаз во месецот рамазан, со објаснување на важни прописи што можеби им се непознати на некои луѓе.
Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот!
Од Абдулазиз бин Абдулах бин Баз, до сите муслимани што го читаат ова: Аллах нека ме упати мене и нив на патот на искрените верници и нека ни даде разбирање на Сунетот и Куранот. Амин!
Селам алејкум ве рахметуллахи ве берекатуху.
Потоа велам: Ова е концизен совет што се однесува на вредноста на постот и ноќниот намаз во месецот рамазан, како и на вредноста на натпреварувањето во добри дела, со објаснување на важни прописи што можеби им се непознати на некои луѓе.
Потврдено е од Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, дека тој ги израдувал своите асхаби со доаѓањето на месецот рамазан, известувајќи ги, алејхи селам, дека тоа е месец во кој се отвораат вратите на милоста и вратите на џенетот, а се затвораат вратите на џехенемот, а шејтаните се врзуваат. Тој рекол: „Кога ќе настапи првата ноќ од рамазанот, се отвораат вратите на џенетот и ниедна од нив не се затвора, а се затвораат вратите на џехенемот и ниедна од нив не се отвора, а шејтаните се оковуваат. Гласник повикува: 'О, ти што бараш добро, пристапи, а ти што бараш зло, воздржи се!' И Аллах секоја ноќ ослободува од Огнот.“
Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, исто така рекол: „Ви дојде месецот рамазан, месец на благослов, во кој Аллах ве облева, ја спушта Својата милост, ги брише гревовите и ги прима довите. Аллах гледа во вашето натпреварување во делата и се гордее со вас пред Своите мелеци. Затоа, покажете му на Аллах најдоброто од себе, зашто несреќен е оној што во тој месец е лишен од Аллаховата милост.“
Тој, алејхи салату ве селам, рекол: „Возвишениот Аллах вели: ,Секое дело на синот на Адем е за него, доброто дело се наградува десеткратно до седумстотини пати, освен постот, тој е за Мене и Јас за него посебно наградувам; тој ја остава својата страст, храната и пијалок поради Мене. За постачот има две радости: една при ифтарот и друга кога ќе го сретне својот Господар. А миризбата на устата на постачот е поубав кај Аллах од мирисот на мошусот.“
Постојат многу хадиси кои говорат за вредноста на постот и ноќниот намаз во месецот рамазан, како и за вредноста на постот воопшто.
Муслиманот треба да ја искористи оваа прилика - благодатта што му ја дал Аллах да го дочека месецот рамазан - па да се стреми кон правење добри дела, да се чува од лоши дела, и да се труди во исполнување на она што Аллах го наредил, особено петте дневни намази, бидејќи тие се столб на исламот и најголемата обврска по двете сведоштва. Затоа, секој муслиман и муслиманка треба да внимава на нивното редовно клањање во нивното време, со смиреност и богобојазливост.
И од најважните обврски за мажите е да го извршуваат намазот во џемат, во Божјите куќи кои со Негова волја се градат и во коишто се спомнува Неговото име, како што Возвишениот вели: „И намаз (молитва) извршувајте и зекат давајте; и со тие кои го извршуваат намазот и вие извршувајте го!“ (Ел Бекаре, 43) Возвишениот на друго место вели: „Чувајте го намазот (молитвата), особено средниот намаз, и пред Аллах понизно стојте.“ (Ел Бекаре, 238) Тој Славениот вели: „Успешни се верниците! Tие кои во своите намази (молитви) се понизни..." (Ел Муминун, 1-2) Па се до Неговите зборови: „...и кои намазите (молитвите) свои на време ги извршуваат, тие се достојни наследници, кои Фирдеусот ќе го наследат, тие во него вечно ќе престојуваат.“ (Ел Муминун, 9-11) Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Договорот помеѓу нас и нив е намазот, па кој ќе го остави, направил неверство.“
Најважната обврска по намазот е издвојувањето на зекатот, како што Возвишениот Аллах вели: „А наредено им е само Аллах да Го обожуваат, искрено, како правоверни, верата да Му ја исповедаат, и намазот (молитвата) да го извршуваат, и зекат да даваат; – па тоа е исправната вера!“ (Ел Бејине, 5) Возвишениот во друг ајет вели: „А вие намаз (молитва) извршувајте и зекат давајте, и на Пратеникот послушни бидете му, за да ви се укаже милоста.“ (Ен Нур, 56)
Аллаховата Книга и Сунетот на Неговиот Пратеник укажуваат дека оној кој не го издвојува зекатот од својот имот ќе биде казнет со него на Судниот ден.
И најважната обврска после намазот и зекатот е постот во месецот рамазан, кој е еден од петте столбови на исламот спомнати во зборовите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем: „Исламот се темели врз пет (столба): Сведоштвото дека нема друго божество достојно за обожување освен Аллах и дека Мухамед е Божјиот пратеник, клањањето намаз, давањето зекат, постот во месецот рамазан и аџилакот.“
Муслиманот е должен да го чува својот намаз и пост од сè што Возвишениот Аллах го забранил, било со зборови или дела, бидејќи целта на постот е покорност кон Аллах и почитување на Неговите забрани, борба со страстите преку покорност на Господарот, и навикнување на трпение во воздржување од она што Аллах го забранил. Целта не е само оставање на храната, пијалокот и другите работи што го прекинуваат постот. Поради тоа, веродостојно е пренесено од Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, дека рекол: „Постот е штит; па кога некој од вас ќе пости, нека не изговара непримерни зборови и нека не се расправа. Ако некој го навреди или физички го нападне, нека рече: Јас постам.“ Исто така, веродостојно е пренесено од него, салаллаху алејхи ве селем, дека рекол: „Кој не го остава лажното сведочење, постапувањето по него и незнаењето, Аллах нема потреба од тоа што тој го остава јадењето и пиењето.“ Од овие и други текстови се разбира дека обврска постачот е да се чува од сè што Аллах го забранил и да ги исполнува сите обврски што Аллах ги наредил. Со тоа се надева на прошка, ослободување од Џехенемот и примање на неговиот пост и намаз.
Постојат и некои работи што можат да бидат непознати за некои луѓе,
како на пример тоа дека муслиманот е должен да пости верувајќи и надевајќи се на наградата а не поради покажување, за да го видат луѓето, ниту пак од навика или следејќи го семејството или народот. Напротив, должен е да го води убедувањето дека Аллах му го наредил тоа, и да ја очекува наградата од својот Господар. Исто така, и ноќниот намаз во рамазан муслиманот треба да го извршува верувајќи и надевајќи се на награда, а не од некоја друга причина. Затоа Пратеникот, алејхи селам, рекол: „Кој ќе го испости месецот рамазан, верувајќи и надевајќи се на награда, ќе му бидат простени претходните гревови. И кој ќе го помине месецот рамазан во намаз, верувајќи и надевајќи се на награда, ќе му бидат простени претходните гревови. И кој ќе ја помине ноќта на Кадр во намаз, верувајќи и надевајќи се на награда, ќе му бидат простени претходните гревови.“
Исто така, меѓу работите што можат да бидат непознати за некои луѓе е тоа дека раните, крварењето од носот, повраќањето или влегувањето на вода или бензин во грлото без негова волја – не го расипуваат постот. Меѓутоа, оној што намерно ќе предизвика повраќање, неговиот пост станува неважечки, поради зборовите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем: „Кој ќе поврати ненамерно, нема потреба да го надокнади постот, а кој намерно се предизвика повраќање, треба да го надокнади постот.“
Исто така, меѓу тие работи спаѓа и тоа што може да се случи постачот да го одложи гусулот - верското бањање по џенабетот до настапувањето на зората, или некои жени да го одложат капењето по престанокот на менструацијата или постпородилното крварење до појавувањето на зората, ако се очистат пред неа. Во таков случај, тие се должни да постат, и дозволено им е гуслот да го одложат до појавувањето на зората, но не им е дозволено да го одложат до изгрејсонце, туку задолжително е да се искапат и да го клањаат сабахскиот намаз на време пред изгрејсонцето. Исто така, џунубот не смее да го одложи гуслот до по изгрејсонцето, туку должен е да се избања и да го клања сабахскиот намаз пред изгрејсонце. На мажот му е обврска да се потруди тоа да го стори навреме, за да може да го клања сабахскиот намаз во џемат.
И од работите што не го поништуваат постот се вадењето крв за анализа и примањето инјекции кои не се наменети за исхрана. Сепак, подобро и посигурно е овие работи да се одложат за навечер, доколку за тоа има можност, поради зборовите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем: „Остави го она во што се сомневаш за она во што не се сомневаш.“
И зборовите на Божјиот пратеник، салаллаху алејхи ве селем: „Кој ќе ги остави сомнителните работи, ја сочувал својата вера и чест.“
Помеѓу работите што можат да бидат непознати за некои луѓе е недостатокот на смиреност во намазот, без разлика дали е задолжителен или доброволен. Веродостојните хадиси од Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, укажуваат дека скрушеноста е составен дел на намазот и дека без неа намазот не е исправен. Смиреноста подразбира присебност и концентрација во намазот, како и избегнување на брзање, сè додека секој дел од телото не се врати во својата природна положба. Многу луѓе во месецот рамазан го извршуваат теравих намазот без вистинско свесност и без смиреност, туку го изведуваат пребрзо. Намазот клањан на таков начин е невалиден, а неговиот извршител е грешен и лишен од награда.
Исто така, меѓу работите што можат да бидат непознати за некои луѓе е мислењето на дел од нив дека теравих намазот не смее да биде помал од дваесет рекати, додека други сметаат дека не смее да се зголеми над единаесет или тринаесет рекати. Сите овие мислења се погрешни и спротивни на доказите.
Веродостојните хадиси од Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, укажуваат дека за ноќниот намаз има простор за различни мислења и не е ограничен со одреден број рекати што не смее да се надмине. Напротив, потврдено е дека тој, салаллаху алејхи ве селем, клањал ноќен намаз единаесет рекати, понекогаш тринаесет рекати, а понекогаш и помалку од тоа – и во рамазан и надвор од него. Кога беше прашан за начинот на клањање на ноќниот намаз, рече: „Нека клања два по два реката; а кога некој од вас ќе се плаши дека ќе настапи сабахот, нека клања еден рекат како витр со кој ќе го заокружи тоа што го клањал.“ (Бухари и Муслим)
Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, не одредил конкретен број на рекати, ниту во рамазан, ниту во друго време. Затоа, во времето на Омер, Аллах нека е задоволен со него, асхабите понекогаш клањале дваесет и три рекати, а понекогаш единаесет рекати. Сето тоа е потврдено и од Омер, Аллах нека е задоволен со него, и од асхабите во неговото време.
Некои од претходниците во рамазан клањале триесет и шест рекати, а потоа витр со три рекати, а некои клањале четириесет и еден рекат. Ова го спомнал шејхул-ислам Ибн Тејмије и други од учените. Исто така, тој, Аллах нека му се смилува, спомнал дека по ова прашање постои ширина, и дека е подобро оној кој подолго рецитирањето, и останува подолго на рукуто и сеџдето да го намали бројот на рекати, додека оној кој крати на рецитирањето, рукуто и сеџдето да го зголеми бројот на рекати. Ова е значењето на неговите зборови, Аллах нека му се смилува.
Кој ќе размисли за Сунетот на Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ќе сфати дека најдобро е да се клањаат единаесет или тринаесет рекати, како во рамазан, така и надвор од него. Тоа најмногу одговара на практиката на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, во повеќето случаи, и затоа што е полесно за клањачите и поблиску до смиреност и концентрација во намазот. А оној што ќе го зголеми бројот на рекати, нема пречка ниту погрешка во тоа, како што претходно беше спомнато.
Подобро е оној што клања зад имамот во рамазанските ноќни намази да не го прекине намазот пред имамот да заврши, поради зборовите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем: „Кога човекот ќе клања со имамот сè додека тој не заврши, Аллах ќе му го запише тоа како да ја поминал целата ноќ во намаз.“
Пропишано е за сите муслимани да се трудат во различни видови ибадет во овој благословен месец, како што се: доброволните намази, читањето на Куранот со размислување и разбирање, почесто изговарање на „субханаллах“, „ла илахе иллаллах“, „елхамдулиллах“, „Аллаху екбер“, барање прошка (истигфар) и упатување на шеријатски потврдени дови; наредување на доброто и забранување на злото, повикување кон Аллах, помагање на сиромашните и на оние во потреба, вложување труд во почитувањето на родителите и одржувањето на роднинските врски, почитување на соседите, посетување на болните и други видови добри дела; како што е наведено во претходно споменатиот хадис од Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем: „Аллах гледа во вашето натпреварување во делата и се гордее со вас пред Своите мелеци. Затоа, покажете му го на Аллах најдоброто од себе, зашто несреќен е оној што во тој месец е лишен од Аллаховата милост.“
Исто така се пренесува дека рекол: „Кој во овој месец се доближи до Аллах со некое доброволно дело, тоа ќе му се запише како да извршил задолжително дело надвор од него; а кој ќе изврши задолжително дело во него, тоа ќе му се запише како да извршил седумдесет задолжителни дела надвор од него.“
Негови зборови во веродостоен хадис се и следните: „Умрата извршена во рамазан има вредност на аџилак.“ Или рекол: „Аџилак со заедно со мене.“
Постојат многу хадиси и преданија кои укажуваат на пропишаноста на натпреварувањето во добрите дела во овој благословен месец.
Го молиме Аллах да нè упати нас и сите муслимани кон сè што води кон Неговото задоволство, да ни го прифати постот и ноќните намази, да ги подобри нашите состојби и да нè заштити од заведувачките искушенија. Исто така, Го молиме Возвишениот да ги подобри предводниците на муслиманите и да ги обедини на вистината. Навистина, Тој е Семоќен и способен да го стори тоа!
Ес селаму алејкум ве рахметуллахи ве берекатуху.
Related books
All books
فصول في الصيام والتراويح والزكاة5 јазициالصياموالزكاةفصول في الصيام والتراويح والزكاة
Кликнете за да ги видите деталите за книгата.
Корисен и концизен водич за новиот муслиман32 јазициКорисен и концизен водич за новиот муслиман
Подготвил: Мухамед ел Шихри 1441-2020 Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот Вовед
نبذة في العقيدة الإسلامية (شرح أصول الإيمان)75 јазициنبذة في العقيدة الإسلامية (شرح أصول الإيمان)
رسالة لطيفة تتناول أصول العقيدة الإسلامية بأسلوب مبسط وميسر. تبدأ بمقدمة حول أهمية علم التوحيد، كونه أشرف العلوم وأجلّها، ثم تتناول مفهوم الدين الإسلامي وأركانه الخمسة: الشهادتان، والصلاة، والزكاة، والصوم، والحج. كما يشرح الإيمان بالله، وملائكته، وكتبه، ورسله، واليوم الآخر، ويؤكد على أهمية التوحيد في بناء دين المسلم بشكل سليم. الكتاب يهدف إلى تعزيز الفهم الصحيح للعقيدة الإسلامية وتطبيقها في حياة المسلم اليومية.
Исламот89 јазициИсламот
Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот Дали си се запрашал некогаш: Кој ги создал небата, Земјата и сите величенствени созданија кои живеат во нив? Кој го создал прецизниот систем во нив?