Поглавја за постот, теравих намазот и зекатот
Од перото на почитуваниот шејх Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот Благодарноста Му припаѓа на Аллах, Нему сме му благодарни и од Него помош и прошка бараме и само Нему му се каеме. Бараме засолниште кај Него од злото на нашите души и нашите лоши дела. Кого Аллах ќе го упати, никој не може да го заведе, а кого ќе го остави во заблуда, никој не може да го упати на вистинскиот пат. Сведочам дека нема друг вистински Бог освен Аллах, Единствениот, Кој нема истоветен, и сведочам дека Мухамед е Неговиот роб и пратеник. Нека се Аллаховиот мир и благослов над него, неговото семејство,…
These files are generated automatically from the book's text; their layout may differ from the printed edition.
Поглавја за постот, теравих намазот и зекатот
Од перото на почитуваниот шејх
Мухамед бин Салих ел Усејмин
Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот
Благодарноста Му припаѓа на Аллах, Нему сме му благодарни и од Него помош и прошка бараме и само Нему му се каеме. Бараме засолниште кај Него од злото на нашите души и нашите лоши дела. Кого Аллах ќе го упати, никој не може да го заведе, а кого ќе го остави во заблуда, никој не може да го упати на вистинскиот пат. Сведочам дека нема друг вистински Бог освен Аллах, Единствениот, Кој нема истоветен, и сведочам дека Мухамед е Неговиот роб и пратеник. Нека се Аллаховиот мир и благослов над него, неговото семејство, неговите асхаби и сите што ги следат во добродетелство сè до Судниот ден.
А потоа: по повод доаѓањето на благословениот месец рамазан, им ги претставуваме на нашите браќа муслимани следниве поглавја, молејќи Го Возвишениот Аллах да го направи нашето дело искрено за Него, во согласност со Неговиот верозакон и од корист за Неговите созданија. Навистина, Тој е Дарежлив и Благороден.
Прво поглавје: Прописот на постот.
Второ поглавје: Мудроста и придобивките на постот.
Трето поглавје: Прописот на постот за болните и патниците.
Четврто поглавје: Работи што го расипуваат постот, односно работи што го прекинуваат.
Петто поглавје: Теравих намазот
Шесто поглавје: Зекатот и неговите придобивки.
Седмо поглавје: Оние што имаат право на зекат.
Осмо поглавје: Зекатул фитр.
Прво поглавје: Прописот на постот.
Постот во месецот рамазан е задолжителна верска обврска, потврдена во Книгата на Возвишениот Аллах, во Сунетот на Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како и со консензус на сите муслимани. Возвишениот Аллах вели: „О, верници! Ви се пропишува пост, како што им е пропишан и на тие пред вас, за да бидете богобојазливи, Одреден број денови; а за тој од вас што е болен или пак патува – да го испости истиот број денови. На тие што тешко го поднесуваат, откуп им е да нахранат еден сиромашен. А кој доброволно даде и повеќе, тоа подобро е за него. А да знаете, подобро ви е да постите. Во месецот рамазан започна објавувањето на Куранот, кој е патоказ за луѓето, јасен доказ за Вистинскиот пат и разликување на доброто од злото. Кој од вас ќе биде дома во тој месец, нека пости, а кој ќе биде болен или ќе биде на пат, нека ги испости истиот број денови. Аллах сака да ви олесни, а не да имате потешкотии, одреден број денови да испостите и Аллах да Го величате за упатството кое ви го даде, и благодарни да бидете.“ (Ел Бекаре, 183-185)
Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Исламот се темели врз пет (столба): Сведоштвото дека нема друго божество достојно за обожување освен Аллах и дека Мухамед е Божјиот пратеник, клањањето намаз, давањето зекат, аџилакот и постот во месецот рамазан.“ Бухари и Муслим
Во преданието на Муслим стои: „Постот во месецот рамазан и аџилакот.“ (1) (1) Хадисот го бележат: Бухари во поглавјето за иманот, во делот каде што Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол „Исламот се темели врз пет“ бр. 8, и Муслим во поглавјето за иманот, во делот за темелите на исламот и неговите столбови бр. 16.
Муслиманите се едногласни во тоа дека постот во месецот рамазан е задолжителна верска обврска. Оној што ја негира оваа обврска се смета за отпадник и неверник, и се повикува на покајание. Ако се покае и ја признае обврската, тоа се прифаќа; а ако не, се погубува како неверник.
Постот во месецот рамазан беше пропишан во втората година по хиџра, и Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, постел девет рамазани. Постот е задолжителна обврска за секој полнолетен и разумен муслиман.
Не е задолжителен за неверник, и не се прифаќа од него сè додека не го прими исламот. Исто така, не е обврска за малолетникот сè додека не достигне полнолетство, што се постигнува со навршување петнаесет години, појава на влакна на интимните делови или ејакулација – било во сон или на друг начин. Кај жените, како дополнителен знак се смета и појавата на менструација. Кога кај детето ќе се појави еден од овие знаци, се смета за полнолетно. Сепак, малолетникот треба да биде поттикнат да пости, доколку е во состојба и доколку тоа не му нанесува штета, за да се навикне и стекне приврзаност кон обредот.
Исто така, постот не е обврска за лице со ментална попреченост предизвикана од лудило, ментално растројство или слично. Затоа, ако некој е на старечка возраст и го изгубил разумот до таа мера што не разликува, не е должен ниту да пости, ниту да плати откуп преку нахранување сиромав.
Второ поглавје: Мудростите и придобивките на постот.
Од Аллаховите имиња е и името „Ел-Хаким“ – Мудриот. Ел-Хаким е Оној кој е опишан со мудрост, а мудроста значи: совршеност во постапките и нивно поставување на соодветно место. Согласно со значењето на ова Негово име, сè што Аллах го создал или го пропишал, е со совршена мудрост – позната на оној што ја знае, непозната за оној што не ја знае.
Постот, кој Возвишениот Аллах го пропишал и им го наредил на Своите робови, содржи возвишени мудрости и бројни придобивки:
Меѓу тие придобивки е тоа што постот е ибадет со кој верникот се приближува до својот Господар, оставајќи нешта кои по природа му се драги – како храната, пијалокот и интимниот однос – со цел да го постигне Аллаховото задоволство и наградата на Ахиретот, давајќи му предност на Неговото задоволство над своите лични желби, и на Ахиретот пред овој свет.
Од мудроста на постот е и дека тој е причина за постигање богобојазливост, доколку постачот го исполнува постот онака како што му е наредено. Возвишениот Аллах вели: „О, верници! Ви се пропишува пост, како што им е пропишан и на тие пред вас, за да бидете богобојазливи.“ (Ел Бекаре, 183) Постачот е должен да биде богобојазлив, односно да ги исполнува Божјите наредби и да ги избегнува Неговите забрани, бидејќи тоа е најголемата цел на постот, а не е целта постачот да се мачи со воздржување од храна, пијалок и интимни односи, како што рекол Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем: „Тој што не го остава лажниот говор, постапувањето по него и незнаењето, Аллах нема потреба од тоа што тој го остава јадењето и пиењето.“ Бухари (2) Лажен говор: Секој забранет чин како лажење, озборување, навредување и друго (2) Го бележи Бухари во поглавјето за постот, во делот за оној што не го остава лажниот говор и постапувањето по него, бр. 1903.
Постапувањето според лажниот говор опфаќа сè што води до нанесување штета на другите – како што се предавство, измама, физичко насилство, отуѓување на имот и слично. Во ова влегува и слушањето на она што е забрането да се слуша, како недозволени песни и музички инструменти. Незнаењето означува лекоумност и отсуство на разумност во говорот и постапките. Кога постачот ќе се придржува до она што го налагаат спомнатиот ајет и хадис, постот станува средство за прочистување на душата, издигнување на моралниот карактер и поправање на однесувањето. Така, тој нема да излезе од месецот рамазан без да остави длабока трага во неговата душа, морал и однесување.
Исто така, од мудроста на постот е тоа што богатиот ја осознава вредноста на благодатта што Аллах му ја подарил со богатството. Возвишениот Аллах му овозможил лесен пристап до сè што посакува – од храна, пијалок и брак – сето тоа од она што Аллах му го дозволил шеријатски и му го олеснил според предодредбата. Па тој Му се заблагодарува на својот Господар за оваа благодат и се потсетува на својот сиромашен брат кој не може да ужива во тоа, па го помага преку укажување добрина и давање садака.
Од мудроста на постот е и фактот дека човекот преку пост се учи на самоконтрола и управување со својата душа, за да ја води кон она што ѝ носи добрина и среќа на овој и на идниот свет, и да се оддалечи од живот според страстите, без способност да се воздржи од страстите, дури и кога тоа е на негова штета.
Исто така, од мудроста на постот се и здравствените придобивки што произлегуваат од намалениот внес на храна, одморот на дигестивниот систем за одреден период и исфрлањето на штетни остатоци и вишок течности од телото.
Трето поглавје: Прописот на постот за болните и патниците.
Возвишениот Аллах вели: „А кој ќе биде болен или ќе биде на пат, нека ги испости истиот број денови. Аллах сака да ви олесни, а не да имате потешкотии.“ (Ел Бекаре, 185)
Во однос на постот, болните се делат на две категории:
Прва: Оној чијашто болест е трајна и за која не се очекува исцелување – како што е ракот – не е должен да пости, бидејќи нема состојба во која би можел да го извршува постот. Сепак, должен е да нахрани по еден сиромав за секој ден од постот – или така што ќе ги собере сиромасите според бројот на деновите и ќе им подготви ручек или вечера, како што постапувал Енес бин Малик, Аллах нека е задоволен со него, кога остарел; или така што ќе подели храна на сиромаси, по една четвртина саа за секој ден, според пратеничката мерка, што изнесува приближно 510 грама добра пченица. Препорачливо е на ова да се додаде нешто, како месо или маст. Истото важи и за старецот кој не е во состојба да пости – и тој треба да нахрани сиромав за секој ден.
Втора: Оној чие заболување е привремено и од кое се очекува оздравување – како треска и слично – за него постојат три можни состојби:
Прва состојба: Ако постот не му претставува ниту тешкотија ниту штета, тогаш е должен да пости, бидејќи нема оправдана причина за негово изоставување.
Втора состојба: Ако постот му причинува потешкотија, но не му нанесува штета, тогаш не му се препорачува да пости, бидејќи со тоа се лиши од олеснувањето што Аллах ја дозволил и си нанесува непотребна тешкотија.
Трета состојба: Ако постот му нанесува штета, тогаш му е забрането да пости, бидејќи на тој начин си нанесува штета. Возвишениот Аллах вели: „И самите себеси не се убивајте! Аллах е навистина Милостив кон вас!“ (Ен Ниса, 29) На друго место Аллах рекол: „И самите себеси во пропаст не доведувајте се.“ (Ел Бекаре, 195)
Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Не се прави штета, ниту се возвраќа со правење штета.“ Хадисот го бележат Ибн Маџе и Хаким (3) Имамот Ен-Невеви вели: „Постојат повеќе кажувања (ривајети) кои меѓусебно се зајакнуваат. Штетноста на постот за болниот се проценува или врз основа на тоа што самиот чувствува влошување на состојбата, или по проценка на доверлив лекар." (3) Го бележaт Ахмед (1/313, бр. 2867) и Ибн Маџе: Поглавје за прописите, во делот за оној што гради за своја потреба нешто што му штети на соседот, бр. 2341. Хадисот е забележан и во делото Мустедрек на Хаким, во поглавјето за продажбите, бр. 2345. Хаким го оценил како веродостоен според условите на Муслим, а Зехеби се согласил со тоа.
Кога болниот ќе го прекине постот во овој случај, должен е да ги надомести деновите кои не ги постел, откако ќе оздрави. Ако, пак, почине пред да оздрави, не е должен никој да ги надомести, бидејќи на болниот му беше пропишано да ги напости накнадно, но тој не ги дочекал.
Патниците исто така се делат на две категории:
Прва: Оној кој патува со намера да го избегне постот – нему не му е дозволено да го прекине постот, бидејќи избегнувањето на Аллаховите обврски не ја поништува нивната важност и не го ослободува човекот од должноста да ги изврши.
Втора: Оној кој не го прави тоа со таква намера – во тој случај постојат три состојби:
Прва состојба: Ако постот му предизвикува голема тешкотија, тогаш му е забрането да пости; бидејќи Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, за време на освојувањето на Мека постел, па му беше пренесено дека луѓето тешко го поднесуваат постот и внимателно следат што ќе направи. Тогаш, по икиндискиот намаз, побарал чаша вода и ја испил пред луѓето. Кога му беше речено дека некои сè уште постат, тој рече: „Тие се непослушни, тие се непослушни!“ Муслим (4) (4) Хадисот го бележи Муслим во поглавјето за постот, делот за дозволеноста на постот и прекинување на постот во месецот рамазан, бр. 1885.
Втора состојба: Ако постот му предизвикува тешкотија, но не премногу голема, тогаш е непожелно да пости, бидејќи со тоа ја остава олесницата што Возвишениот Аллах ја дозволил, и си нанесува тешкотија себеси.
Трета состојба: Ако постот не му причинува потешкотија, – поради зборовите на Возвишениот Аллах: „Аллах сака да ви олесни, а не да имате потешкотии.“ (Ел Бекаре, 185) Зборот ‘сака’ во овој контекст овде значи дека Му е подраго, односно Аллах го сака олеснувањето за вас.
Ако пак двете опции се изедначат, тогаш постот е подобар, бидејќи тоа е постапка на Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, како што е наведено во Сахих Муслим од Ебу Дерда, Аллах нека е задоволен со него, дека рекол: „Излеговме со Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, во месец рамазан, при силна жештина, така што некој од нас ја ставаше раката на главата поради жештината. Никој од нас не постеше освен Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, и Абдулах бин Раваха.“ (5) (5) Го бележат Бухари во поглавјето за постот, во делот за тоа кога некој ќе пости неколку дена од рамазан, а потоа ќе патува, бр. 1843, и Муслим во поглавјето за постот, во делот за изборот помеѓу постот и прекинување на постот при патување, бр. 1122.
Патник се смета од моментот кога ќе го напушти своето место на живеење, сè додека не се врати назад. Дури и ако привремено престојува во местото каде што отпатувал, тој сè уште се смета за патник, сè додека нема намера да остане таму по завршувањето на целта поради која отишол. Затоа, дозволено му е да ги користи олеснувањата поврзани со патувањето, дури и ако престојот се оддолжи. Тоа е затоа што од Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, не е пренесено ограничување на времетраењето на патувањето, a oсновното правило е дека статусот на патник останува и прописите што се поврзани со него важат, сè додека нема доказ дека патувањето завршило.
Исто така, нема разлика во видот на патувањето за кое се дозволуваат шеријатските олеснувања – било да е тоа привремено патување, како за аџилак, умра, посета на роднини, трговија и слично, или редовно патување, како патувањето на таксистите или возачите на товарни возила. Штом ќе го напуштат своето место на живеење, тие се сметаат за патници, па за нив важат истите олеснувања како и за другите патници: дозволено им е да го прекинат постот во рамазан, да ги кратат четирирекатните намази на два реката, и по потреба да ги спојат пладневниот со икиндискиот, и акшамскиот со јацискиот намаз. За нив е подобро да не постат, ако тоа им е полесно, а потоа да ги надоместат деновите во зимскиот период. Бидејќи овие возачи имаат постојано место на живеење, па кога се таму за нив важат прописите за жителите, а кога се на пат – важат прописите на патниците.
Четврто поглавје: Работи што постот го прават ништовен, односно работи што го прекинуваат истиот
Работите што го прекинуваат постот се седум:
Прво: Интимен однос при кој доаѓа до целосно телесно соединување помеѓу мажот и жената, со навлегување на машкиот полов орган во женскиот, го поништува постот. Доколку постачот има ваков однос, неговиот пост е неважечки. Ако тоа се случи во текот на денот во месецот рамазан, а постот му е задолжителен, тогаш на него му следува голем откуп поради тежината на прекршокот, а тој се состои од следново: – ослободување роб; – ако не може, тогаш да пости два последователни месеци; – ако не е во состојба, тогаш да нахрани шеесет сиромаси. А ако постот не му е задолжителен – како на пример, кога патник има интимен однос со својата сопруга додека пости – тогаш е должен само да го надомести денот, без да дава откуп (к.
Второ: Ејакулација како резултат на директен телесен контакт, бакнување, гушкање или слични облици на интимност. Ако некој направи нешто од ова, но не дојде до ејакулација, тогаш постот му останува валиден и не сноси последица.
Трето: Јадење и пиење – односно внесување храна или пијалок во стомакот, било преку уста или преку нос, без оглед на видот и природата на тоа што се внесува. На постачот не му е дозволено да вдишува чад од темјан на начин што ќе допре до внатрешноста на телото, бидејќи чадот има материјална суштина. Сепак, мирисањето на пријатни мириси не претставува проблем.
Четврто: Сè што е има значење на јадење или пиење – како на пример хранливи инјекции што ја заменуваат храната и пијалакот – го поништува постот. Додека, пак, инјекциите што немаат хранлива вредност не го поништуваат постот, без разлика дали се аплицираат во вена или мускулно.
Петто: Излегување на крв преку хиџама и слични постапки како флеботомија (вадење крв од вена), кои влијаат на телото со слабост слична на хиџамата. Вадење мала количина крв за анализа и слични потреби не го поништува постот, бидејќи не предизвикува значајна телесна слабост.
Шесто: Намерно предизвикување повраќање – односно свесно исфрлање храна или пијалок од желудникот.
Седмо: Појава на менструално или постпородилно крварење.
Овие нешта не го поништуваат постот освен со исполнување на три услови:
Прво: Да го знае прописот и да го знае времето (на задолжителниот пост).
Второ: Да биде свесен (не од заборав).
Трето: Да го направи тоа своеволно.
Ако на пример се подложи на хиџама мислејќи дека таа не го поништува постот, тогаш неговиот пост е исправен; затоа што не го знае прописот, а Возвишениот вели: „Не е грев ако при тоа ненамерно згрешите, грев е ако тоа намерно го одлучат вашите срца.“ (Ел Ахзаб, 5) Аллах исто така рекол: „Гсподару наш, не казнувај нè ако заборавиме или ако нешто не сакајќи направиме!“ (Ел Бекаре, 286). Аллах рече: „Веќе го направив тоа“ (односно: Веќе ја прифатив вашата дова – нема казна за она што е направено од заборав или ненамерно).
Во двата Сахиха е забележан хадис кој го пренесува Адиј бин Хатим, Аллах нека е задоволен со него, во кој се вели дека ставил под својата перница две јажиња – еден црн и еден бел – и јадел гледајќи во нив. Кога успеал да ги разликува еден од друг, престанал со јадење, мислејќи дека тоа е значењето на зборовите на Возвишениот Аллах: „...додека не бидете во можност да го разликувате белиот конец од црниот конец.“ (Ел Бекаре, 187) Кога го известил Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, за својата постапка, тој му рекол: „Тоа се однесува на белината на денот и темнината на ноќта.“ (6) И не му наредил да ги повтори постот. (6) Го бележат Бухари во поглавјето за постот, делот за Аллаховите зборови: „Јадете и пијте се додека не бидете во можност да го разликувате белиот конец...“ (Ел Бекаре: 187), бр. 1916, и Муслим во поглавјето за постот, делот за објаснување дека влегувањето во постот се случува со појава на зората..., бр. 1090.
Исто така, ако некој јаде мислејќи дека зората сè уште не настапила, или дека сонцето веќе е зајдено, а потоа се покаже спротивното, неговиот пост останува исправен, бидејќи се работи за незнаење во однос на времето. Во Сахих ел-Бухари е забележано од Есма бинт Ебу Бекр, Аллах нека е задоволен со неа, дека рекла: „Во времето на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, го прекинавме постот на еден облачен ден, па потоа се појави сонцето.“ (7) (7) Го бележи Бухари во поглавјето за постот, делот кога ќе се прекине со постот во рамазан, а потоа ќе се појави сонцето, бр. 1409.
Доколку беше обврска да се испости тој ден накнадно, Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ќе го појаснеше тоа, бидејќи преку него Аллах ја усовршил верата. А ако го појаснеше, асхабите ќе го пренесеа, бидејќи Аллах гарантира заштита на верата. Имајќи предвид дека асхабите не го пренеле тоа, знаеме дека не се работи за обврска, особено затоа што станува збор за нешто важно што немало да биде занемарено. А ако некој јаде заборавајќи дека пости, неговиот пост не се поништува, бидејќи така е потврдено во зборовите на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем: „Кој ќе заборави дека пости, па јаде или пие, нека го доврши својот пост, затоа што Аллах го нахранил и напоил.“ Бухари и Муслим (8) (8) Го бележат Бухари во поглавјето за заклетвите, делот кога ќе се прекрши заклетвата ненамерно бр. 6292, и Муслим во поглавјето за постот, делот дека јадењето, пиењето и интимноста поради заборав не го прекинуваат постот бр. 1155.
Доколку некој е присилен да јаде, или ако ја испирал устата за абдест и нешто од водата му доспеало до стомакот, или ако ставил капки во окото и капките стигнале до неговата внатрешност, или ако сонувал и ејакулирал – неговиот пост е исправен во сите овие случаи, бидејќи тоа било без негова волја.
Користењето мисвак не го поништува постот, туку претставува сунет – како за постачот така и за непостачот – во секое време, било на почетокот или на крајот од денот. Исто така, на постачот му е дозволено да преземе нешто што ќе му ја олесни жештината и жедта, како разладување со вода и слично, бидејќи Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, истурал вода на својата глава додека постел поради жедта. (9) (9) Го бележи Ебу Давуд во поглавјето за постот, делот за постачот кој истура вода врз себе поради жед и длабоко вшмукува вода во носот, бр. 2365.
И Ибн Омер ја натопувал својата облека и ја ставил врз себе додека постел (10) и ова е од олеснувањето што Аллах го сака за нас. Благодарноста Му припаѓа на Аллах за Неговите благодати и олеснување. (10) Го спомнува Бухари со непотполн зинџир на пренесувачи во поглавјето за постот пред хадисот, бр. 1930.
Петто поглавје: Теравих намазот
Теравих е ноќен намаз кој се клања во џемат за време на рамазан, неговото време започнува по јацискиот намаз и трае до зората. Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, поттикна на клањање теравих намаз во рамазан велејќи: „Кој ќе го помине месецот рамазан клањајки теравих намаз, верувајќи и надевајќи се на награда за тоа, ќе му бидат простени претходните гревови." (11) Во Сахих ел-Бухари од Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, се пренесува дека една ноќ Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, станал во џамијата и клањаше, па луѓето се приклучија на неговиот намаз. Следната ноќ повторно клањаше, а бројот на луѓето се зголеми. Потоа се собраа и третата или четвртата ноќ, но тој не излезе кај нив. Кога осамна, рече: „Го видов тоа што го направивте, и не ме спречи да излезам кај вас ништо друго освен стравот дека ќе ви биде пропишано (како обврска).“ (12) Тоа се случило во рамазан (11) Го бележат: Бухари во поглавјето за иманот, делот за доброволниот ноќен намаз во рамазан е дел од иманот, бр. 37, и Муслим во поглавјето за намазот на патниците, во делот за поттик на ноќниот намаз во рамазан, бр. 759. (12) Го бележат Бухари во поглавјето за џума намазот, во делот за оние кои велат во хутбата после предговорот 'А потоа', бр. 924, и Муслим во поглавјето за намазот на патниците и неговото кратење, во делот за поттик на ноќниот - теравих намаз во рамазан, бр. 761.
Од сунетот е теравих нама да се клања единаесет реката, со предавање селам на секои два, затоа што Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, кога била прашана каков бил намазот на Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, во рамазан - а таа одговорила: „Ниту во рамазан ниту надвор од него не клањаше повеќе од единаесет реката.“ Бухари и Муслим (13) (13) Го бележат: Бухари во поглавјето за ноќниот намаз, делот за ноќниот намаз на Пратеникот во рамазан и надвор од него, бр. 1147, и Муслим во поглавјето за намазот на патниците и неговото кратење, во делот за ноќниот намаз на Пратеникот и бројот на рекатите, бр. 738.
Во збирката „Мувета“ се пренесува од Мухамед бин Јусуф - кој е доверлив и сигурен - од Саиб бин Језид - кој е асхаб - дека Омер бин ел-Хатаб, Аллах нека е задоволен со него, му наредил на Убеј бин Каб и Темим ед-Дари да ги предводат луѓето единаесет реката (во теравих намазот). (14) (14) Го бележи Малик во Мувета во поглавјето за намаските времиња, во делот за она што е пренесено во врска со клањањето на рамазан, бр. 280.
Доколку пак клања повеќе од единаесет реката, нема пречка во тоа, бидејќи Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, кога бил прашан за ноќниот намаз, одговорил: „Се клања два по два реката, а ако некој од вас се плаши дека ќе настапи зората, нека клања еден рекат кој ќе му биде витр (непар) за она што го клањал.“ Бухари и Муслим (15) Меѓутоа, придржувањето до бројот на рекати што е пренесен во Сунетот, заедно со внимателноста и должината на намазот што нема да им отежне на луѓето, е подобро и попотполно. (15) Хадисот го бележат: Бухари во поглавјето за витрот, во делот за она што е дојдено за витр намазот, бр. 990, и Муслим во поглавјето за намазот на патниците и неговото кратење, во делот за тоа дека ноќниот намаз се клања два по два реката, а витр намазот еден рекат во последниот дел на ноќта, бр. 749.
Што се однесува до прекумерното брзање при клањањето, што го практикуваат некои луѓе, тоа е спротивно на шеријатските прописи. Ако поради тоа се изостави некој ваџиб или рукн од намазот, намазот станува неважечки.
Многу имами не внимаваат доволно кога го предводат теравих намазот, што претставува грешка, бидејќи имамот не клања само за себе, туку и за оние што се зад него. Тој има одговорност слична на одговорноста на владателот и должност му е да го избере она што е најдобро. Учените истакнале дека не е дозволено имамот да брза толку што ќе ги спречи оние зад него исправно да го клањаат намазот.
Верниците, исто така, треба да бидат посветени во клањањето на теравих намазот и да не ја пропуштаат неговата вредност со шетање од една џамија во друга, бидејќи оној што ќе клања со имамот сè до крајот, му се запишува наградата како да клањал цела ноќ – дури и ако потоа заспие во својот кревет и не стане за ноќен намаз.
Исто така, дозволено е и жените да присуствуваат на теравих намазот доколку нема опасност од фитна, под услов да излезат покриени, да не ги истакнуваат своите украси и да не користат парфеми.
Шесто поглавје: Зекатот и неговите придобивки
Зекатот е еден фарз од фарзовите на исламот и еден од неговите темели, најважен по сведочењето на двата шехадета и намазот. Неговата задолжителност е потврдена во Аллаховата Книга, во Сунетот на Неговиот Пратеник, како и со консензус на муслиманите. Оној што ја негира неговата обврска е неверник и отпадник од исламот, и треба да се повика на покајание; ако не се покае, заслужува смртна казна. А оној што е скржав или го намалува износот на зекатот, спаѓа меѓу неправедните, кои ја заслужуваат Аллаховата казна. Возвишениот Аллах вели: „Нека не мислат тие што се скржави во тоа што Аллах од изобилието Свое им го дава дека е тоа добро за нив! Не, тоа е лошо за нив! На Судниот ден ќе им биде замотано околу вратот тоа за што беа скржави! А на Аллах Му припаѓа наследството на небесата и на Земјата и Аллах е известен за тоа што го правите!“ (Али Имран, 180) Во Сахих ел-Бухари од Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, се пренесува, дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кому Аллах ќе му дарува со имот, а не го издвојува задолжителниот зекат, на Судниот ден тој имот ќе му се појави во облик на ќелава змија со две црни точки. Таа ќе се обвитка околу неговиот врат, ќе го гризне за образите и ќе му рече: 'Јас сум твојот имот! Јас сум твоето богатство.'“ (16) Во хадисот, зборот змија или на арапски „еш-шуџаʿ“ се однесува на змија мажјак, а „екраʿ“ — ќелава — значи змија со истргана кожа на главата поради силата на нејзиниот отров. „На тие кои златото и среброто го збираат и на Аллаховиот пат не го трошат, најави им болно страдание! На Денот кога тоа (златото и среброто) во огнот џехенемски ќе се усвити, па со него челата нивни и слабините нивни и грбовите нивни ќе се жигосаат: 'Ова е тоа што за себе го натрупувавте; искусете ја тогаш казната за тоа што го збиравте!'“ (Ет Теубе, 34-35) (16) Го бележи Бухари во поглавјето за зекатот, во делот за гревот на оној што одбива да издвојува закат, бр. 1403.
Имамот Муслим исто така од Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Нема сопственик на злато или сребро кој не ја исполнува својата обврска, а на Судниот ден да не му бидат направени направени плочи од оган; ќе бидат загреани во џехенемскиот оган, па со нив ќе му се жигосуваат неговите бокови, чело и грб. Секогаш кога ќе се оладат, ќе му бидат повторно вратени во ден што трае педесет илјади години, сè додека не се заврши судењето меѓу луѓето, па ќе го види својот пат: или кон Џенетот, или кон Џехенемот.“ (17) (17) Го бележи Муслим во поглавјето за помрачувањето, во делот за гревот на оној што одбива да издвојува зекат, бр. 987.
Зекатот носи многубројни верски, етички и општествени придобивки, од кои ќе ги споменеме следните:
Верски придобивки:
1. Издвојувањето зекат претставува исполнување на еден од темелите на исламот, од кој зависи среќата спасението на верникот и на овој и на идниот свет.
2. Зекатот го приближува робот до неговиот Господар и го зголемува неговиот иман, како што е случајот со секоја покорност.
3. Од него произлегува голема награда. Возвишениот Аллах вели: „Аллах ја уништува каматата, а ги намножува милостините.“ (Ел Бекаре, 276) Аллах исто така вели: „А парите кои ги давате за да се зголемат со парите на другите луѓе, кај Аллах нема да се зголемат, а за зекатот кој го давате сакајќи го Аллаховото лице – на таквите повеќекратно ќе им се зголемат добрите дела.“ (Ер Рум, 39) Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој ќе даде садака, макар и колку една урма, стекната од дозволена заработка – а Аллах не прифаќа освен тоа што е чисто и дозволено – Аллах ќе ја прифати со Својата десница, па ќе ја одгледува за нејзиниот сопственик, како што некој од вас го одгледува своето ждребе, сè додека не порасне и не стане колку планина.“ Бухари и Муслим (18) (18) Го бележи Бухари во поглавјето за зекатот, во делот за садаката од добра/дозволена заработка, бр. 1410, и Муслим во поглавјето за зекатот, во делот за прифаќање на садака од добра/дозволена заработка и нејзиното зголемување, бр. 1014.
4. Аллах преку него ги брише гревовите, како што рекол Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем: „Садаката ги гаси гревовите како што водата го гаси огнот.“ (19) (19) Хадисот го бележи Тирмизи во поглавјето за иманот, во делот за она што е дојдено во врска со светоста на намазот, бр. 2616, и рекол: хадисот е хасен-сахих. Ибн Маџе го спомнува во поглавјето за искушенијата, во делот за воздржување на јазикот во време на , бр. 3973.
Тука под садака/милосрдие се подразбираат и зекатот и доброволната садака.
Етички придобивки:
1. Зекатот е причина оној што го издвојува да се вброи меѓу благородните, дарежливите и великодушните.
2. Поттикнува милост и сочувство кон сиромашните браќа, а Аллах е милостив кон оние што се милостиви.
3. Познато е дека пружањето материјална и телесна корист на муслиманите го отвора срцето, ја исполнува душата и го прави човекот сакан и почитуван – во мерка колку што тој им користи на своите браќа.
4. Зекатот го прочистува карактерот на оној што го дава од скржавост и себичност, како што Возвишениот Аллах вели: „Земи од добрата нивни зекат, со него да ги исчистиш и благословени да ги направиш.“ (Ет Теуба, 103)
Општествени придобивки:
1. Зекатот придонесува за задоволување на потребите на сиромашните, кои во повеќето земји претставуваат мнозинство.
2. Тој ја зајакнува заедницата на муслиманите и го подигнува нејзиниот углед. Затоа, една од категориите на кои им припаѓа зекатот е и борбата на Аллаховиот пат, како што ќе биде спомнато, иншаллах.
3. Зекатот ги отстранува омразата и злобата што може да се појават во срцата на сиромашните и тие во потреба. Кога тие гледаат како богатите уживаат во својот имот без да им дадат ниту најмал дел, може да развијат омраза и непријателство поради тоа што нивните права биле занемарени. Но, кога богатите ќе им одвојат дел од својот имот секоја година, овие чувства исчезнуваат, а наместо тоа се појавува љубов, хармонија и меѓусебно почитување.
4. Зекатот води кон зголемување на имотот и умножување на неговиот берекет, како што се пренесува во хадисот од Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, во кој рекол: „Садаката не го намалува имотот.“ (20). Иако садаката може да го намали имотот од аспект на количина, таа не го намалува неговиот берекет и зголемување во иднина; напротив, Аллах ќе му надомести и ќе му даде берекет во неговиот имот. (20) Хадисот го бележи Муслим, во поглавјето за доброчинството и одржувањето на роднинските врски, во делот за препорачаноста на простување и скромност, бр. 2588.
5. Зекатот придонесува за проширувањето и зголемувањето на користа од имотот, бидејќи кога имотот се троши, неговата корист се шири и од него имаат полза многу луѓе. Спротивно на тоа, кога имотот кружи само меѓу богатите, сиромашните немаат никаква корист од него.
Сите овие придобивки од зекатот укажуваат на тоа дека тој е неопходен за поправка како на поединецот така и на целата заедница. Па нека е Славен нашиот Господар, Сезнајниот и Мудриот!
Зекатот е задолжителен за одредени видови имот, вклучувајќи го златото и среброто, под услов да го достигнат пропишаниот нисаб – минималниот износ. За златото, тој изнесува единаесет саудиски фунти и три седмини од фунта, а за среброто – педесет и шест саудиски ријали или еквивалентна вредност во хартиени пари. Обврската е да се издвои четвртина од десетина (2,5%). Нема разлика дали златото и среброто се во форма на пари, прачки или накит. Сходно тоа, зекатот е задолжителен и на женскиот накит од злато и сребро ако го достигне пропишаниот минимум, дури и ако се носи или се позајмува. Ова се темели врз општите докази за задолжителноста на зекатот на злато и сребро без исклучок, како и на конкретни хадиси што укажуваат на таа обврска, дури и ако накитот се користи, како што тоа се пренесува од Абдулах бин Амр ибн ел-Ас, Аллах нека е задоволен со него и неговиот татко: „Една жена дојде кај Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, заедно со својата ќерка, која носеше две дебели златни алки на рацете. Тој ја праша: ‚Дали даваш зекат за нив?‘ Таа одговори: ‚Не.‘ Тој рече: ‚Дали би сакала Аллах да те накити со две огнени алки на Судниот ден поради нив?‘ Таа веднаш ги извади и му ги предаде, велејќи: ‚Тие се дар за Аллах и за Неговиот пратеник.‘“ (21) Во делото ,,Булугул Мерам" се вели: го пренесуваат тројцата и неговиот синџир на пренесувачи е силен, и бидејќи тоа е посигурно, а она што е посигурно е поприоритетно. (21) Хадисот го бележат Ебу Давуд, во поглавјето за зекатот, во делот за тоа што е пренесено во врска со зекатот на накит, бр. 1563, Тирмизи, во поглавјето за зекатот, во делот за зекатот на накит, бр. 637, и Несаи, во поглавјето за зекатот, во делот за зекатот на накит, бр. 2479.
Во имотите за кои зекатот е задолжителен исто така се вбројуваат и трговските стоки – тоа ги опфаќа недвижностите, возилата, добитокот, ткаенините и други слични видови имот што се подготвени за трговија. Обврската е да се издвојат 2,5% (една четвртина од десетината) од нивната вредност, која се пресметува на крајот на хиџретската година според нивната пазарна цена, без разлика дали таа е повисока, пониска или еднаква на куповната цена.
Што се однесува пак до имотот што човек го користи за лични потреби или го издава – како што се недвижности, возила, алати и слично – на таквиот имот не се издвојува зекат, поради зборовите на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем: „Муслиманот не е должен да дава зекат за својот роб или коњ.” (22) Сепак, зекатот станува задолжителен на приходот добиен од изнајмувањето, кога ќе помине една хиџретска година откако приходот е во поседство. Исто така, се издвојува зекат на златниот и сребрениот накит, како што претходно беше објаснето. (22) Хадисот го бележат Бухари во поглавјето за зекатот, во делот: „Нема пропишан зекат за муслиманот на неговиот роб”, бр. 1464, и Муслим во поглавјето за зекатот, во делот: Нема зекат за муслиманот на неговиот роб и коњ, бр. 982.
Седмо поглавје: Оние што имаат право на (примање на) зекат
Оние што имаат право на зекат се категориите на кои зекатот им се распределува. Возвишениот Аллах тоа го појаснил со Неговите зборови велејќи: „Зекатот им припаѓа само на сиромашните и на тие што имаат потреба, и на тие што го собираат, и на тие чиишто срца треба да се придобијат, и за откуп од ропство, и на презадолжените, и за цели на Аллаховиот пат и за патникот. Аллах така одредил! А Аллах сè знае и Мудар е.” (Ет Теуба, 60)
Тие се дефинирани во осум категории:
Прва: Сиромашните – тоа се оние кои не можат да ги задоволат своите потреби освен со малку, односно со помалку од половина од она што им е потребно. Ако човекот не може да обезбеди средства за себе и своето семејство за половина година, тогаш се смета за сиромашен и му се дава онолку колку што му е доволно за него и неговото семејство за една година.
Втора: Тие што имаат потреба - тоа се оние кои можат да обезбедат половина или повеќе од она што им е потребно, но не доволно за цела година. Ним им се дополнува онолку колку што им недостига да имаат доволно за една година.
Ако човекот нема пари, но има друг извор на приход – од занает, плата или искористување на некаква добивка – кој му ги задоволува потребите, тогаш не му се дава зекат, поради зборовите на Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем: „Нема удел во него ниту за богатиот, ниту за оној што е силен и способен да заработи.” [23] (23) Ахмед 4/224, Ебу Давуд, во поглавјето за зекатот, во делот за тоа кому му се дава садака, бр. 1634, и Несаи во поглавјето за зекатот, во делот за: "Силниот што е способен да заработи", бр. 2598.
Трета: Тие што го собираат - тоа се лица што се назначени од страна на државниот авторитет да го собираат зекатот од неговите сопственици, да го чуваат и да го распределат на оние што имаат право на него. Ним им припаѓа надомест од зекатот согласно нивната работа, дури и ако самите се богати.
Четврта: Оние чии што срца треба да се придобијат - тоа се водачи на племиња и заедници чии срца сè уште не се цврсто поврзани со исламот. Ним им се дава од зекатот за да се зацврсти нивниот иман, да станат повикувачи кон исламот и позитивен пример за другите.
Ако некој има слаб иман, но не е влијателен авторитет туку е обичен човек, дали му се дава зекат за да се зајакне неговиот иман?
Некои алими сметаат дека дозволено е да му се даде зекат, бидејќи потребата за верата е поважна од телесните потреби. Ако е дозволено да му се даде зекат за храна што го одржува телото, тогаш со уште поголем приоритет треба да му се даде храна за срцето – односно нешто што го зајакнува иманот. Од друга страна, други алими сметаат дека не треба да му се даде, бидејќи користа од зголемувањето на неговиот иман е лична и се однесува исклучиво на него самиот.
Петта: За откуп од ропство - ова ја опфаќа употребата на зекатот во цел за купување робови и нивно ослободување, помагање на оние кои склучиле договор за своја слобода, како и откуп за на заробени муслимани.
Шеста: Презадолжените - тоа се должници кои не располагаат со средства за отплата на своите долгови. На нив им се дава онолку колку што им е потребно за целосна отплата на долгот, без разлика дали долгот е мал или голем, дури и ако имаат доволно средства за живот. Ако некој има приход што му е доволен за него и неговото семејство, но не може да го врати долгот, дозволено е да добие зекат за таа цел. Не е дозволено некој да му го отпише долгот на сиромашен должник и да го смета тоа за зекат.
Учените се разидуваат во мислењата кога се работи за должник родител или дете – дали може да му се даде зекат за отплата на долгот. Поисправното мислење е дека тоа е дозволено.
Сопственикот на зекатот може директно да му го исплати долгот на доверителот, дури и без знаење на должникот, под услов да е сигурен дека должникот не е во можност сам да го исплати.
Седма: За цели на Аллаховиот пат - тоа е џихадот, во кој на борците им се дава од зекатот онолку колку што им е потребно за нивното учество, исто така од зекатот може да се купи и потребна опрема за џихад на Аллаховиот пат.
Во значењето „Аллахов пат“ спаѓа и учењето верско знаење, па на оној што се посветил на изучување на исламските науки му се дава од зекатот онолку колку што му е потребно за потребите не неговото студирање – како потребите од купување книги и слични потреби – освен ако има сопствени средства со кои може сам да го обезбеди тоа.
Осма: Патникот - тоа е оној што останал без средства за време на патување и нему му се дава зекат онолку колку што му е потребно за да се врати во својата земја.
Ова се категориите на кои им се дава зекат, кои Возвишениот Аллах ги спомнал во Својата книга, и известил дека тоа е обврска пропишана од Него, произлезена од совршеното знаење и мудрост – а Аллах сè знае и Мудар е!
Не е дозволено зекатот да се насочува за други намени, како изградба на џамии, поправка на патишта и слично, бидејќи Аллах ги спомнал категориите на кои им се дава зекатот на исклучив начин, што значи дека правото е ограничено само на нив.
Ако внимателно ги разгледаме овие категории, ќе забележиме дека кај некои постои лична потреба, додека кај други – потребата ја има целото муслиманско општество. Ова ни ја открива длабоката мудрост во пропишувањето на зекатот: преку него се гради праведно, солидарно и – колку што е возможно – порамноправно општество. Исламот не ги занемарува ниту имотите, ниту користа што произлегуваат од нив, но исто така не им препушта на скржавите и алчните слобода да постапуваат само по своите желби. Напротив – го насочува имотот кон доброто и го прави средство за поправка и развој на општеството. Благодарноста му припаѓа на Аллах, Господарот на световите.
Осмо поглавје: Зекатул фитр
Зекатул фитр е обврска што ја пропишал Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, при завршувањето на рамазанскиот пост. Абдулах бин Омер, Аллах нека е задоволен со него и неговиот татко, рекол: „Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, пропиша зекатул фитр за рамазан на робот и слободниот, мажот и жената, малиот и големиот од муслиманите.” (Бухари и Муслим) (24) (24) Го бележат Бухари во поглавјето за садакатул фитр, во делот за обврската на садакатул фитр, бр. 1432, и Муслим во поглавјето за зекатот, во делот за издвојување зекатул фитр за муслиманите од урми и јачмен, бр. 984.
Садакатул фитр изнесува еден саа од храна што вообичаено ја јадат луѓето во тоа место. Ебу Сеид ел-Худри, Аллах нека е задоволен со него, рекол: „Во времето на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, на денот на рамазанскиот бајрам, издвојувавме садакатул фитр во форма на храна, а нашата храна беше јачмен, суво грозје, масло и урми.“ Бухари (25) Поради тоа, не е дозволено наместо тоа да се издвојуваат сребреници, покуќнина, облека, храна за животни, предмети и друго, бидејќи тоа е спротивно на наредбата на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, кој рекол: „Кој ќе направи дело што не е во согласност со нашата наредба (вера) - ќе му биде одбиено.“ (26) Односно: нема да му биде примено. (25) Го бележи Бухари во поглавјето за зекатул фитр, во делот за издвојувањето на зекатот пред Бајрам, бр. 1439. (26) Го бележи Муслим поглавјето за прописите, во делот за поништување на невалидните прописи и отфрлање на новововедени работи, бр. 1718.
Количината на еден саа изнесува два килограми и четириесет грама од квалитетна пченица. Тоа е саот што го одредил Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, за садакатул фитр.
Фитрот треба да се издвои пред бајрамскиот намаз, а најдобро е тоа да се направи на самиот ден на Бајрам, пред клањањето. Дозволено е да се издвои и еден или два дена порано, но ако се даде по бајрамскиот намаз – тогаш не се смета за валиден. Ова се темели врз хадисот на Ибн Абас, Аллах нека е задоволен со него и со неговиот татко, во кој се вели: „Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, пропиша зекатул фитр како прочистување за постачот од бескорисни и непристојни зборови, и како храна за сиромашните. Кој ќе го издвои пред намазот – ќе се смета за прифатен зекат. А кој ќе го издвои по намазот – ќе се смета за обична садака.“ Ебу Давуд и Ибн Маџе (27) (27) Го бележат Ебу Давуд во поглавјето за зекатот, во делот за садакатул фитр, бр. 1609, Ибн Маџе во поглавјето за зекатот, во делот за садакатул фитр, бр. 1827, и Хаким во Мустедрек (1/409), каде што го оценил како веродостоен, а Зехеби се согласил со таа оценка.
Но, ако за настапувањето на Бајрамот дознае дури по завршувањето на намазот, или ако времето за издвојување го затекне во место или земја каде што нема луѓе на кои им припаѓа фитрот, тогаш дозволено му е да го издвои по намазот – кога ќе се појави можност за тоа.
А Аллах најдобро знае. Божјиот благослов и мир нека бидат над нашиот пратеник Мухамед, над неговото семејство и неговите асхаби.
Related books
All books
رسالتان موجزتان في الزكاة والصيام65 јазициالزكاةوالصيامرسالتان موجزتان في الزكاة والصيام
Кликнете за да ги видите деталите за книгата.
Корисен и концизен водич за новиот муслиман32 јазициКорисен и концизен водич за новиот муслиман
Подготвил: Мухамед ел Шихри 1441-2020 Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот Вовед
نبذة في العقيدة الإسلامية (شرح أصول الإيمان)75 јазициنبذة في العقيدة الإسلامية (شرح أصول الإيمان)
رسالة لطيفة تتناول أصول العقيدة الإسلامية بأسلوب مبسط وميسر. تبدأ بمقدمة حول أهمية علم التوحيد، كونه أشرف العلوم وأجلّها، ثم تتناول مفهوم الدين الإسلامي وأركانه الخمسة: الشهادتان، والصلاة، والزكاة، والصوم، والحج. كما يشرح الإيمان بالله، وملائكته، وكتبه، ورسله، واليوم الآخر، ويؤكد على أهمية التوحيد في بناء دين المسلم بشكل سليم. الكتاب يهدف إلى تعزيز الفهم الصحيح للعقيدة الإسلامية وتطبيقها في حياة المسلم اليومية.
Исламот89 јазициИсламот
Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот Дали си се запрашал некогаш: Кој ги создал небата, Земјата и сите величенствени созданија кои живеат во нив? Кој го создал прецизниот систем во нив?