إعداد خطيب ماهر

إعداد خطيب ماهر

Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот

Language: lang_mk
Prepared by:
Version: 1.0
Translations 26
Assamese Azerbaijani German English +22
Attachments 7
PDF
Audio
Video
+3

Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот

Благодарноста Му припаѓа на Аллах, Него го славиме и од Него помош и прошка бараме. Бараме засолниште кај Него од злото на нашите души и нашите лоши дела. Кого Аллах ќе го упати, никој не може да го заведе, а кого ќе го остави во заблуда, никој не може да го упати на вистинскиот пат. Сведочам дека нема друг вистински Бог освен Аллах, Единствениот, Кој нема здруженик, и сведочам дека Мухамед е Неговиот роб и пратеник. Аллаховиот мир и благослов нека се над него, над неговото семејство, неговите асхаби и сите што ги следат во добродетелство.

Потоа велам: Имајќи предвид луѓето постојано имаат потреба од она што ќе ги подобри нивните состојби, шеријатот вовел прописи што ја исполнуваат таа цел, а меѓу нив се и прописите поврзани со петочната хутба. Поради тоа, одговорноста на хатибот е голема. Заради важноста на неговата улога, се погриживме да подготвиме книга со наслов „Корисен и концизен прирачник за муезинот, имамот и хатибот и прописите поврзани со џамиите“ ([1]), да ја преведеме на повеќе јазици, а во неа се опфатени повеќе теми, меѓу кои: - https://islamcontent.com/ar/single-content/74839

Џума намазот и неговиот поим, неговото време и дел од неговите прописи поврзани со мукелефот (шеријатскиот обврзник), како и петочната хутба, нејзиниот пропис, нејзините услови, рукнови, сунети и нејзиното преведување, а исто така се опфатени и квалификациите што треба да ги поседува хатибот – професионални и морални, едебите на хутбата и на хатибот, нејзината цел и задача и начинот на нејзината подготовка.

Бидејќи темата е од огромна важност, произлезе ова Второ послание под името „Подготовката на вешт хатиб"“ како проширување и надополнување на претходната книга.

Го молиме Аллах, нашето дело да биде исправно и искрено, и да даде бериќет во него. А Аллах најдобро знае. Божјиот благослов и мир нека бидат над нашиот пратеник Мухамед.

(Важноста на хутбата)

Минберот е едно од најсилните – всушност, најсилното – средства за влијание врз луѓето, доколку се користи правилно. Преку него, хатибот им се обраќа на луѓето еднаш неделно, во текот на многу години, а тие му ги отвораат своите умови и срца, не одвлекувајќи го вниманието дури ни со допирање на камчињата. Од него со желба примаат совети, поуки, опомени и лекции – постојано и во континуитет.

Успешниот и од Аллах потпомогнат хатиб, кого Аллах го дарувал со убедлив стил и силен израз, без сомнение има длабоко влијание врз слушателите. Неговото влијание понекогаш може да биде посилно и од влијанието на учителот врз учениците, па дури и од влијанието на социјалните мрежи. Причината за тоа е што хутбата е поврзана со возвишен ибадет – намазот. Покрај тоа, искусниот, искрен и елоквентен хатиб им се обраќа на луѓето непосредно, стоејќи пред нив. Тие ги гледаат изразите на неговото лице и погледот во неговите очи; тој влијае врз нив преку слухот и видот, ги допира нивните срца и умови, додека тие со внимание го слушаат во текот на целата хутба. Тој им ги изложува доказите и аргументите – и разумните и пренесените – преку кои, со Аллахова дозвола, успева да ги убеди и да ги исправи нивните сфаќања.

Вистински успешен хатиб е оној кој минберот го смета за една од најважните порти за ширење на доброто и знаењето, но не се ограничува само на него, туку според своите можности учествува и придонесува на секое поле на доброто и добродетелството. Каде и да има добро, ќе го најдеш како еден од неговите предводници, и каде и да има пожртвуваност за Аллах, ќе го најдеш како еден од Неговите војници.

Токму таквиот хатиб е оној што се грижи за повикот кон Аллах и за доброто на муслиманите – како што биле и веровесниците и пратениците, алејхимус-селам, учените и искрените повикувачи на исламскиот умет – и што е посветен на обновување, привлекување и поттикнување интерес кај своите слушатели.

Постојат многу хатиби кои ги поседуваат потребните квалитети, но нивната хутба не го дава посакуваниот плод, каков што се бара од хатибот кој ја носи пораката со искреност и преданост.

Секој петок тој им се обраќа со тема што ги допира нивните чувства и потреби и им ги освојува срцата, а во текот на една година се среќава со нив педесет пати. Па, дали постои средство со посилно влијание од ова?

Затоа, не е ни чудо што петочната хутба е еден од најчесните обреди на исламот и едно од најважните полиња за повикување кон Аллах, за пренесување на Неговиот верозакон и за воспоставување потврда дека до Неговите робови, стигнал повикот на исламот. Таа е она за што непријателите на исламот посакуваат да имаат нешто слично во нивната вера, така што еден од лидерите на партиите кои се борат против исламот рекол: „Ах, кога и јас би имал вакви минбери!“

Вредноста на науките и вештините се мери според благородноста на нивните цели, а беседништвото има цел од исклучително значење: упатување на луѓето кон вистините и поттикнување на нивниот стремеж кон она што им носи корист на овој живот и на идниот свет.

Говорништвото се вбројува во средствата за постигнување на лидерство и водството.

Затоа, одржувањето хутба е голема чест, а нејзината чест се состои во тоа хатибот да биде прониклив, учен и речит. ([2]) - Ел-Хатабе индел-араб, од Мухамед ел-Хидр Хусеин: 178-179.

Законодавецот го задолжил клањачот да те слуша внимателно тебе – брате мој хатибу – за време на твојата хутба. Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Ако му речеш на твојот другар: ,Молчи!‘ во петок, додека имамот држи хутба, тогаш си направил престап.“ Бухари и Муслим ([3]) А значењето на тоа е дека нема да ја добие наградата за џума намазот. - Бухари, бр. 934, и Муслим, бр. 851.

Препорачано е, дури и, луѓето да ги свртат своите лица кон тебе, а Невеви, Ибн Мунзир и Ибн Абдулбер, Аллах нека им се смилува, пренесуваат консензус околу препорачаноста на тоа дело. ([4]) - Ел-Меџму‘, 4/447.

(Мелеците на Семилосниот те слушаат, па затоа оддај им ја должната почит.)

Доволна чест и гордост ти е - о, хатибу - што мелеците на Семилосниот присуствуваат кај тебе за да ги слушаат твоите зборови и поуки. Аллаховиот пратеник - салаллаху алејхи ве селем - рекол, како што се пренесува во двата Сахиха ([5]): „Кога ќе биде петок, на сите џамиски врати стојат мелеци и го запишуваат првиот што ќе влезе, па понатаму сите по ред, а кога имамот ќе седне (на минберот), тие ги затвораат списите и доаѓаат да ја слушаат хутбата.“ - Бухари, бр. 3211, Муслим, бр. 850.

Кога ќе го сфатиш тоа, вредноста на хутбата ќе се возвиши во твоето срце и ќе се зголеми твојата посветеност кон зборувањето на вистината, исполнувањето на аманетот и советувањето на луѓето, без да го бараш нивното задоволство или да им се додворуваш.

Па кој е на положба како ти, о, благословен хатибу?

Возвишениот Аллах им наредил на луѓето да те слушаат и да молчат додека зборуваш, до тој степен што им забрани да се занимаваат со што било друго, макар и со допирање на камчиња, и да укажуваат на злото за време на твојот говор, и одреди Неговите мелеци да те слушаат.

Ова те обврзува да Му бидеш искрен на Аллах, да советуваш најискрено во твоите хутби и поуки, и целта на твоите хутби да биде спомнување на Аллах, поучување на луѓето, нивно упатување во прашањата на нивната вера и во она што им носи добро во овосветскиот живот.

***

(Што е подобро: држењето на хутбата напамет или нејзиното читање од лист?)

Нема сомнение дека во читањето на хатибот од лист има многу придобивки, и дека тоа може да биде посоодветно за многу хатиби и говорници отколку импровизацијата, а ова е нешто што е очигледно и потврдено во реалноста.

Импровизирањето има големо влијание врз интеракцијата и ентузијазмот на хатибот, а тоа – без сомнение – води кон понесеност, ентузијазам и емотивна реакција кај слушателите, и обратно.

Општопознато е дека кога во примањето на пораката учествуваат и слухот и видот, разбирањето е подлабоко, влијанието е посилно, а информацијата подлабоко се втемелува, за разлика од тоа кога е вклучено само едно од овие сетила. Затоа, хатибот кој зборува без да чита, кој е свртен кон луѓето и им се обраќа со поглед, има посилно влијание од оној што го чита говорот од лист, од кого луѓето ја примаат пораката единствено преку слухот. Дури и таквото примање на пораката ја нема истата сила како во случајот со хатибот кој зборува без да чита, бидејќи неговиот глас е посилен и постои поизразена интеракција.

Оној што повеќепати се обидел со импровизација и при тоа забележал големо колебање, пелтечење или заборавање, или пак силен страв и напнатост, а гледа дека овие состојби не се намалуваат со текот на времето и со честото вежбање, тогаш нека ги чита хутбите. Затоа што не секој е обдарен за импровизација. Возвишениот Аллах, исто како што ја поделил материјалното снабдување меѓу луѓето, така меѓу нив ја поделил и духовното снабдување - како што се моралот, способностите, талентите и стремежите.

(Осум чекори кои го олеснуваат патот кон успешност во говорништвото)

Прво: Искрена дова за помош во тоа и прибегнување кон Возвишениот Аллах за потпора со искреност и понизност.

Второ: Искрено и целосно потпирање на Аллах во тоа. Аллах е онаков каков што Неговиот роб мисли за Него, а оној што се потпира на Него - Тој му е доволен и му ги исполнува сите негови потреби.

Трето: Слушање на истакнатите хатиби и користење од нивните искуства.

Четврто: Хутбата да се вежба поединечно; подобро е ако се одржува во џамијата преку внатрешен разглас, а уште подобро е ако се одржува на минбер.

Петто: Вежбање на изразување на чувствата и зајакнување на емоционалниот израз.

Размислувајќи за најголемите тајни на успешните во говорништвото, излагањето и влијанието, открив дека тајната на нивниот успех – секако, по Аллаховата помош – лежат во силната емоција што ја поседуваат и нивната способност да ги изразат своите чувства детално, а не воопштено, и во рамките на шеријатските прописи.

Силната емоција го поттикнува речитиот да ја изрази и мудриот да ја покаже, па ги привлекува срцата со својот шарм и ги плени умовите со својата убавина и извонредност. А оној со слаба емоција, голем дел од неговото знаење умира со умирањето на неговата емоција и неговото влијание врз луѓето исчезнува со умирањето на неговите чувства.

Затоа, хатибот мора да биде исполнет со жар и убеденост во вистинитоста на она кон што повикува, бидејќи она што излегува од срцето, влегува во срцето. Жарот на хатибот треба да биде посилен од жарот на слушателите, за да може да се прелее врз нив и да ја згасне нивната жед. Во спротивно, тие ќе ја почувствуваат неговата млакост и влијанието на неговиот говор ќе се изгуби.

Неопходно е често вежбање, преку запишување на мислите и чувствата, нивно изговарање насамо, а потоа и нивно искажување пред некој близок.

Чувствата, колку повеќе се потиснуваат и заробуваат, толку повеќе пресушуваат и исчезнуваат. А колку повеќе се слободни – под услов да бидат во согласност со шеријатските прописи – толку повеќе извираат и течат, наводнувајќи ги листовите со пишување и класификација, минберите со говорништво и елоквенција, и луѓето со љубов и нежност.

Затоа, брате мој хатибу, ослободи ги своите чувства и емоции, за да оживее во тебе и во другите духот на животот, творештвото, преродбата, растот и милоста.

Оној чии чувства се благородни, моралот му станува возвишен, душата чесна, пријателите му се множат, непријателите му се намалуваат, доказот му е јасен, изразот силен, а говорот величествен.

Шесто: Да се бара совет од искрен, разумен, искусен и добронамерен човек кој ќе ни укаже на нашите недостатоци – за да ги избегнуваме – и на нашите добри особини – за да се зацврстиме истите и да ги зголемиме.

Седмо: Рана подготовка на хутбата.

Осмо: Читање книги што се однесуваат на подготовката на хутбата и на начинот на нејзиното излагање ([6]). - Види: „Корисен и концизен прирачник за муезинот, имамот и хатибот и прописите поврзани со џамиите“: стр. 95, https://islamcontent.com/ar/single-content/74839

(Тремата, вознемиреноста и напнатоста на почетокот на хутбата се вообичаена појава.)

На почетоците на држењето хутби ќе почувствуваш вознемиреност и страв - а тоа е природно кај сите луѓе. Можеби ќе ти се појави чувство дека тоа произлегува од погледите на луѓето кон тебе и од твојата помисла за сопствената недоволност на знаењето.

Исто така твојата вознемиреност може да се зголеми и поради чувството дека луѓето го забележуваат тоа и дека им е непријатно кај говорникот - а можеби токму тоа ќе биде причина тие да се оддалечат од тебе.

Нема сомнеж дека со твојата голема поврзаност со Аллах, со потпирањето врз Него, искрената дова и долгата пракса, стравот целосно ќе исчезне, сè додека не стигнеш до степен кога ќе уживаш во хутбата и со нетрпение ќе го очекуваш петокот за да ја вкусиш сласта на говорништвото.

Затоа, нема друго освен трпение - сè додека на човекот не му се отворат ризниците на успехот и благодатите на Дарежливиот и Дарителот, славен и возвишен нека е Тој.

Издржи ги тешкотиите и теснотиите на почетоците, за да дојдеш до широкиот простор на блаженството, престижот и среќата на крајот.

Охрабри се себеси со зборовите: „По тешкотијата доаѓа олеснувањето и исчезнувањето на неволјата; по заморот доаѓа одморот. Тоа е само еден миг трпение – затоа биди трпелив и истрај во трпението, за да се искачиш на минберите и гласно да повикуваш кон Аллах.“ Вистината ја кажа Аллах, а нема повистинит освен Неговиот говор: „Тие кои поради Нас се борат, Ние, сигурно, на патиштата Наши ќе ги упатиме.“ (Ел Анкебут, 69)

А колку убаво рекол Катаде, Аллах нека му се смилува: „О, сине Адемов, ако сакаш да правиш добро само кога си расположен, тогаш твојата душа е склона кон презаситеност, безволност и досада. Но верникот е оној што се присилува себеси, верникот е оној што се охрабрува себеси, и верникот е оној што е истраен.“ ([7]) А под поимот „истраен“ се мисли на оној кој е постојан во добрите дела и кој сам себеси се обврзува да истрае во нив. - Тефсир Ел-Куртуби: (1/251). А преданието од Катаде, Аллах да му се смилува, го бележи: Ебул-Касим бин Бишран Ел-Багдади (починал во 430 хиџетска година), во: „Емали“: (1454).

(Начини за ослободување од прекумерниот страв од јавното говорење)

Стравот, особено на почетокот, е сосема вообичаена и позната појава, како што веќе беше споменато. Всушност, тој е и позитивен, бидејќи помага во посветувањето внимание на говорот и неговата подготовка, и да се заузди прекумерната самодоверба, која води кон потценување на луѓето, занемарување на квалитетот на материјалот и на изборот на соодветни зборови и значења.

Меѓутоа, постојаниот страв при секоја хутба и во подолг временски период е негативна појава – она што во современото доба се нарекува социјална фобија. Треба да се преземат неопходните мерки за негово надминување, а некои од нив се:

Прво: Искреност кон Возвишениот Аллах, враќање кон Него и често упатување дова да ти даде смиреност и да спушти спокој во твоето срце.

Второ: Пиење некои смирувачки напитоци пред хутбата - како нане и слично - бидејќи тоа има дејство за смирувањето на вознемиреноста и стравот.

Трето: Да се навикне душата да ја слуша критиката и да ѝ се радува - бидејќи таа претставува скалило кон напредок и креативност, и помага да се ослободи човекот од стравот од грешки.

Четврто: Да се доаѓа рано. Нема сомнение дека хатибот кој доаѓа брзајќи за да стигне навреме ќе се вознемири, срцето ќе му биде немирно и ќе го обземат грижа и напнатост кои ќе траат дури и за време на хутбата.

5. Подигни ја главата за да ги гледаш присутните и повремено зборувај импровизирано - дури и ако на почетокот почуствуваш потешкотии, направиш грешки и се двоумиш. Ако продолжиш постојано да се држиш само за она што е напишано и не ги гледаш смело присутните, слушателите ќе го изгубат интересот и ентузијазмот за твојот говор, а ти ќе продолжиш да чувствуваш страв и трема од минберот.

Некои хатиби, кои со години држат хутби, но не отстапуваат од напишаното и не ги погледнуваат присутните, изјавиле дека при секоја хутба чувствуваат страв и вознемиреност. Дури, еден од нив вели: „При секоја хутба се чувствувам како за првпат да ја држам, од немир и трепет!“

Меѓутоа, на почетокот на твоите хутби не гледај во лицата на луѓето, бидејќи може да ти се сретне погледот со некој од кого се прибојуваш и да се збуниш, или да те вознемири погледот на луѓето насочен кон тебе. Туку гледај во нивните глави, без да се фокусираш на поединци и на нивните очи.

Шесто: Додека се искачуваш на минберот, не размислувај за можните негативности или грешки, туку размислувај за позитивните резултати што се очекуваат, со Аллахова дозвола, и за големите придобивки што ќе ги постигнеш со твојата хутба – користа за луѓето, успехот што Аллах ќе ти го даде во спроведувањето на должноста за повикување во добро и одвраќање од зло, и повикувањето кон Него.

Седмо: Применувај правилно дишење пред хутбата - тоа се состои од длабоко вдишување низ носот, кратко задржување на воздухот, а потоа бавно издишување. Таквото дишење има извонреден ефект во намалувањето на напнатоста. Стручњаците и лекарите наведуваат дека при обично дишење во мозокот се внесуваат од седум до десет литри кислород, додека при правилно дишење се внесуваат околу седумдесет и пет литри. Ова доведува до намалување на нивото на хормоните поврзани со анксиозноста и стресот. Ова е испробано и е утврдено дека има силен ефект во отстранувањето на напнатоста, грижата и вознемиреноста.

А за време на хутбата, обиди се да земеш длабок здив незабележливо за присутните. Тоа ќе го направиш така што брзо ќе вдишиш голема количина воздух преку устата или носот при соодветна пауза, а потоа ќе продолжиш со говорот, и така прави речиси при секоја пауза.

(Најдобро решение за погрешните критики што ти се упатуваат)

Ако се увериш – брате хатибе – во некоја одлука што си ја донел, стил што си го одбрал или пат по кој си тргнал, по внимателно размислување и промислување и по консултација со искусните, тогаш не обрнувај внимание на критичарите и укорувачите, бидејќи никој, без оглед со што се занимава и колкав углед ужива, не е поштеден од критиките на луѓето.

Ако се осврнеш на нивните критики, ќе ослабне твојата решителност, ќе те обземе вознемиреност и ќе ја изгубиш желбата за напредок и креативност.

Не постои книга, ниту статија, ниту дело, а да не се најде некој кој ќе му најде недостаток и ќе го критикува.

Треба да постапуваш со критичарите со благост и почит, да им возвратиш со она што е најдобро и да го прифатиш она што има од вистина кај нив. Немој да бидеш вообразен поради тоа, дури и ако критичарот не е личност од големо значење за тебе.

(Препораки за хатибот пред хутбата)

Брате хатибу, пред хутбата треба да преземеш неколку подготовки, кои по потпирањето на Возвишениот Аллах, ќе ти помогнат да застанеш на минберот и да ја одржиш својата хутба. Тие се:

Прво: Имај ја намерата дека одиш за да ги пренесеш Аллаховите пораки и да повикуваш кон Него, и понекогаш рецитирај ги зборовите на Возвишениот: „За тие што Аллаховите посланија ги доставуваа и од Него стравуваа, и кои од никого, освен од Аллах, не се плашеа.“ Понекогаш рецитирај ги и зборовите на Возвишениот: „А кој говори поубаво од тој што повикува кон Аллах, кој прави добри дела и кој вели: ,Јас сум, навистина, муслиман!‘“ (Фусилет, 33)

И Аллаховите зборови: „Кажи: ,Ова е мојот пат, јас повикувам кон Аллах имајќи јасни докази, јас и секој што ме следи, и нека е Возвишен Аллах, јас не Му припишувам здруженик.‘“ (Јусуф, 108)

Ова те поттикнува на поголема искреност, ревност и следење на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, како и на постојано присетување на највозвишената цел на говорништвото - целта поради која Возвишениот Аллах ги испратил Своите веровесници и пратеници - а тоа е пренесувањето и ширењето на верата. Ова е највисоката положба на овој свет.

Второ: Моли Го Аллах, пред да се качиш на минберот, да ти даде искреност, успех и исправност, и она што ќе го кажеш да биде од корист за тебе и за другите. Зашто, колку хатиби и говорници не извлекле поука од она што го зборуваат, а и да извлечат, брзо го забораваат кажаното, особено ако помине долго време.

Исто така, постојано барај од Него, Возвишениот, да ти даде елоквентност и јасност во говорот.

Трето: Подготвување на повеќе хутби однапред, честопати долго време пред нивното излагање, така што помеѓу нивната подготовка и самото излагање може да поминат месеци, па дури и години.

Имено, кога ќе ти падне на ум некоја тема, или додека читаш наидеш на некоја вредна поука, или на некој хадис кој ти го привлекол вниманието, или ајет за кој си размислувал: запиши го тоа веднаш, без одложување, бидејќи тогаш чувствата се силни, а мислите се присутни и поврзани. Ако го одложиш запишувањето во тој момент, мислите и идеите ќе се изгубат и ќе биде тешко да се сетиш на нив и да ги повикаш во сеќавање. Потоа, запиши го она што ќе ти дојде на ум. Потоа започни со собирање на научниот материјал – без оптоварување – од Куранот, Сунетот и зборовите на учените на кои си наишол при читањето на нивните книги или на книгите што пренесуваат од нив. По потреба истражувај и на порталот „Мектебетуш-Шамиле“ или на интернет.

Посебно внимание посвети им на куранските ајети и пратеничките хадиси, изреките на одбраните генерации и нивните преданија, историјата, и говорот на современите богобојазливи алими, посебно во врска со новонастанатите ситуации и настани.

Сè што ќе најдеш поврзано со темата на хутбата: земи го и сочувај го во датотека на компјутер, без подредување и проверка.

На овој начин постапувај секогаш кога ќе ти се појави или ќе наидеш на некоја тема или поука. Веднаш запиши го она што ќе ти падне на ум, истражувај и запиши сè што можеш за тоа. Потоа, остави го тоа и продолжи со своето вообичаено читање. Ако најдеш некоја поука, ајет или хадис поврзан со некоја од хутбите што веќе си ги напишал или си ги започнал - додади го кон неа.

Така, можеби хутбата ќе остане кај тебе неколку години, па додека ја изнесуваш на твоите лекции, предавања или говори, ќе ти се откријат суптилности и придобивки што не ти паднале на ум претходно, ќе се сетиш на нешта што си ги заборавил, и таа ќе биде спремна и целосна – колку што е можно повеќе – кога ќе ја одржиш како петочна хутба.

Четврто: Изнеси ја целосно или во делови преку говори во џамиите или на твоите приватни собири, а целта на тоа е:

а. Зацврстување на информациите и нивно запомнување.

б. Нејзино ширење меѓу луѓето, а особено во џамиите кои не се во близина на џамијата во која ја држиш хутбата, бидејќи најчесто твојот џемат не присуствува кај тебе.

в. Овозможува подлабоко навлегување во темата, бидејќи најчесто, во текот на самото излагање или по него, се појавуваат и други важни аспекти за кои треба да се зборува, или пак од страна на слушателите произлегуваат прашања и барања за појаснување.

Петто: Одржи ја во петок, приближно два часа пред хутбата, исто како што би ја одржал на самата хутба.

Шесто: Да не се преоптеретува со прекумерно истражување и подготовка, туку главната цел да биде да се собере материјал што првенствено ќе биде од корист за самиот себе, а потоа и за слушателите од сите категории.

Секоја работа што ќе се исфорсира е штетна и мачна, и најчесто го доведува човекот до прекин, или до здосадување и безволност.

(Препораки за хатибот за време на хутбата)

Постојат неколку работи на кои треба да обрнеш внимание за време на хутбата, а тоа се:

Прво: Немој вештачки да создаваш чувства, ниту да ги потиснуваш кога ги доживуваш настаните од приказните, ситуациите и поуките, туку во зависност од контекстот, покажи ги своите чувства преку изразот на лицето, погледот и промената на тонот на гласот.

Знај дека, колку е твоето излагање поприродно и без извештаченост, толку ќе има посилно влијание. Затоа, биди природен и задржи го својот стил што го користиш во секојдневниот говор, надвор од хутбата, притоа водејќи сметка за интонацијата на гласот и подобрувањето на изведбата.

Многу хатиби за хутбата применуваат сосема поинаков стил од нивниот вообичаен говор, како да сметаат дека таа има свој утврден и единствен образец, со што го губат влијанието врз слушателите и не успеваат да допрат до нивните срца.

Второ: Хутбата не треба да се кажува монотоно, ниту пребрзо, за да не им се оневозможи на слушателите целосно да ја следат. Говорот треба да биде умерен, со кратки паузи кога е потребно. Треба да се внимава на интонацијата на гласот според контекстот, односно да се подигне гласот и да се забрза говорот кога ситуацијата го бара тоа.

Трето: Прецизно одреди го времетраењето на хутбата и не ја продолжувај освен по потреба.

Четврто: Кога ќе забележиш некои грешки кај клањачите за време на хутбата, опомени на нив со благост. На пример, ако видиш некој да зборува за време на хутбата, упати општа опомена за таа грешка.

(Препораки за хатибот после хутбата)

Постојат неколку работи што треба да ги направиш после хутбата, меѓу кои се:

Прво: Искажување благодарност кон Возвишениот Аллах за тоа што ти овозможи да ја одржиш хутбата.

Второ: Слушање на сопствените хутби по нивното одржување, со цел зајакнување и утврдување на позитивните аспекти, и избегнување и држење подалеку од негативните.

Сето ова е поради:

Прво: Од почит кон статусот на хутбата, бидејќи таа има своја вредност и место во Исламот.

Второ: Од почит кон клањачите, кои дојдоа од покорност кон својот Господар, како одговор на повикот на својот Создател и од љубов да го слушнат она што го имаш.

Исто така, можеш да ја проследиш до искрен советник за да ти укаже на нејзините позитивни и негативни страни.

Ако е можно, истата да се сними и да се објави во аудио и пишана форма, особено во земјите каде што има малку хатиби, за да имаат корист од неа и тие што се дел од обичниот џемат кои не клањаат со тебе.

Доколку некој креира страница на социјалните мрежи, како и посебна веб-страница, тогаш тоа е добро.

Исто така, соработувај со веб-страниците што објавуваат хутби и објавувај ги хутбите на истите - особено преведените хутби, поради нивниот мал број.

(Општи совети за хатибот и повикувачот во Аллаховата вера)

До тебе – брату мој, хатибу – ги испраќам овие совети, кои не се ништо друго освен потсетување за сите нас:

1. Шири радост и не ги оддалечувај луѓето со груб пристап.

Успешниот хатиб е тој што носи радосни вести, а не растерува, тој што во луѓето влева дух на оптимизам и надеж, го отстранува правот на очајот и мрзеливоста, и поттикнува на труд и работа.

Биди внимателен – брату хатибу – темите на твоите хутби да не се фокусираат само на трагедии, несреќи и негативности, кои се случуваат во секое време и на секое место. Напротив, најголемиот дел од твоите хутби посвети го на оптимизмот и на истакнувањето на светлите примери во моралот, однесувањето и на добрите личности, за луѓето да ги земат како пример и водилка.

Ако се забележи грешка, нема пречка да се укаже на неа и луѓето да се предупредат за истата на шеријатски и соодветен начин.

2. Пред очи, секогаш, имај ги обичните луѓе.

Пред твоите очи, секогаш, – Аллах нека те чува – нека бидат обичните луѓе, бидејќи тие се со најголемо право и најдостојни за твоите говори и поуки; затоа што Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, му рекол на Осман бин Ебу ел-Ас, Аллах нека е задоволен со него, кога бил поставен за имам на својот народ: „И раководи се според најслабиот меѓу нив“ ([8]). - Го бележат Ебу Давуд, бр. 531, Ибн Маџе, бр. 987, Ахмед, бр. 17906, и други, а Албани го оценил како веродостоен.

Што значи: Води сметка за состојбата на послабите и клањај намаз што нема да им биде тежок. Водењето сметка за оние со послабо разбирање не е ништо помалку важно од водењето сметка за телесно слабите.

А ако се грижиш само за одбраници и угледните меѓу нив, за оние што те сакаат и за твоите ученици, а ги занемаруваш обичните луѓе - тоа ќе те доведе до неколку непосакувани ситуации:

Прво: Извештаченоста при избирање зборови, наметнување рима и избирање теми што одговараат на нивното ниво, а не на пошироката маса и обичниот народ.

Второ: Лишување на обичниот народ од корисни поуки и советување, како и од обработка на општествените прашања. Тоа се случува затоа што си преокупиран со теми што ги интересираат образованите и интелектуалците – оние кои сакаат да слушаат за прецизни научни толкувања, нови или необични мислења. А некои, пак, сакаат да слушаат за политика и да се впуштаат во прекумерно анализирање на реалноста. Но сето тоа не им носи корист – ниту во верата, ниту на овој свет.

Трето: Ниетот нема да ни биде искрен – наместо намерата да биде искрена, само заради Аллах, таа се насочува кон угодување на оние што те сакаат и кон она што ним им се допаѓа и им претставува задоволство.

Кога ќе го забележиш восхитот на луѓето кон твоите хутби и нивниот стремеж да присуствуваат и да ги слушаат, несомнено ќе почнеш да им се прилагодуваш и да го зборуваш она што ним им се допаѓа.

А тогаш Возвишениот Аллах ќе го отстрани од тебе бериќетот и прифаќањето, корисноста и плодот од твојот труд.

Посветеноста на хатибот кон доброто на обичните луѓе не значи дека тој не треба да се осврнува и на важните прашања што можеби се над нивото на многумина од нив, а од кои може да имаат корист одредени стручни лица – како што се изучувачите на верските науки или одговорните лица и сличните на нив; но, тоа треба да биде во согласност со потребата.

3. Чувај се од самобендисаност или од пофалбите на луѓето кон тебе.

Кога хатибот ќе се искачи на минберот и ќе го види мноштвото луѓе собрано пред него – кои дошле и се упатиле кај него – и кога меѓу нив ќе ги забележи учените, лекарите, угледните, судиите, богатите и функционерите, може да го обземе чувство на самобендисаност, особено ако знае дека многумина од нив дошле токму поради него. Затоа, должност на проникливиот хатиб е да побара заштита кај Аллах од самобендисаност и вообразеност, и секој петок да се бори со своето его за да се ослободи од самобендисаноста, припишувајќи Му ја сета заслуга на Возвишениот Аллах – Оној Кој ги насочил луѓето кон него.

Некои од добрите претходници рекле: „Кога ќе седнеш пред луѓето, биди советник на своето срце и на самиот себе, и нека не те залажува нивното собирање околу тебе; затоа што тие ја набљудуваат твојата надворешност, а Аллах ја набљудува твојата внатрешност.“ ([9]) - „Медариџ ес-Саликин…“ (2/ 66).

Затоа, биди Му искрен на Аллах, Возвишениот, и зајакнувај го својот иман. Треба да се вардиш од воодушевувањето од пофалбите на луѓето; бидејќи многу луѓе кога фалат претеруваат, а ти најдобро се познаваш себеси

Ибн Џевзи, Аллах нека му се смилува, рекол: „,Најголемото искушение се пофалбите од обичниот народ, колку само измамиле!“ ([10]) (Сајд ел Хатир, стр. 67)

И не е недостаток да се радуваш на пофалбата на луѓето за тебе или за твоите хутби, затоа што на Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, му било речено: „Што мислиш за човекот кој прави добро дело, а луѓето го фалат за тоа? Тој рекол: „Тоа е брзата радосна вест на верникот.“ ([11]) - Муслим, бр. 2642.

Па кога верникот ќе направи дело: „Направил дело искрено за Аллах, а потоа Аллах му всадил добра пофалба во срцата на верниците, па тој се израдувал на Аллаховата благодат и милост и е среќен поради тоа, а тоа не му наштетило.“ ([12]) - „Џами Ел-Улум ве Ел-Хикем“ од Ибн Реџеб: 1/ 84.

Проблемот и гревот се кога ќе те обземе самобендисаност поради нивната пофалба, па ќе се израдуваш на својот труд и на своето дело, припишувајќи ја заслугата на себеси, а твојата радост не е поради благодатта на Аллах, Неговата милост и дарежливост, Кој ти го донесе доброто, ти го направи мило и ти го олесни.

Знак дека си погоден од болеста на самобендисаноста е - одбивноста на критиката и отфрлањето на советот на оној што советува.

4. Говорот за она што им е од корист во нивната вера и на нивниот овосветски живот.

Пренеси им на оние што дошле да слушаат она што ќе им користи во нивната вера и во нивниот овосветски живот, и запрашај се себеси за време на подготовката: „Со што ќе им користам на луѓето во нивната вера и во нивниот морал кога ќе излезат од џамијата?“

Она што нема да им користи не го спомнувај.

Па каква корист ќе имаат ако, на пример, зборуваш за политичките детали или ако премногу зборуваш за страдањата на муслиманите?

И каква корист ќе имаат ако изнесам тема обвиена со нејаснотија, која – поради нејзината чувствителност и стравот отворено да ја изложам – ја пренесувам преку алузии и обиколни зборови што само најодбраните меѓу одбраните ќе ги разберат?

А каква корист ќе имаат кога би го советувал владетелот јавно – било директно или индиректно – додека јавниот совет кон владетелот е забранет од исправните претходници, бидејќи тоа најчесто предизвикува раздор и му предизвикува зарар на хатибот.

5. Водењето грижа за смиреноста за време на хутбата.

Хатибот треба да биде смирен за време на хутбата и да не дозволи ентузијазмот да го понесе, па да излезе од темата или да каже нешто за што подоцна би можел да се покае. Кога хатибот ќе го обземе преголем ентузијазам, тој најчесто ја губи концентрацијата и контролата над говорот, а може и да го повиши гласот до степен што ќе ги вознемири слушателите.

6. Предупредување од одолговлекување на хутбата.

Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, ја скратуваше хутбата, а така постапувале и неговите асхаби, радијаллаху анхум, и оние кои дошле по нив од првите генерации на уметот, Аллах да им се смилува.

Ебу Ваил, Аллах нека му се смилува, раскажува: „Амар, Аллах нека е задоволен со него, ни одржа хутба, па беше краток и елоквентен. Кога се симна, му рековме: ‚О Ебул Јакзан, навистина беше елоквентен и краток, само да продолжеше уште малку?‘ А тој рече: ‚Навистина го слушнав Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Долгиот намаз и кратката хутба на човекот се знак за неговото исправно разбирање на верата, па одолжете го намазот, а скратете ја хутбата, и навистина во некој говор има нешто што маѓепсува.“ ([13]) - Муслим, бр. 869.

Неговите зборови: (تَنَفَّسْتَ): Што значи си ја одолжил хутбата.

Неговите зборови: (مَئِنَّةٌ), т.е. знак, (Од неговото разбирање на верата): Значи: од она во што се гледа разбирањето на верата на човекот, а секоја работа што укажува на нешто е знак за тоа.

Скратувањето на хутбата има три скапоцени придобивки:

Прво: Следењето на сунетот на Аллаховиот пратеник, алејхи селам.

Второ: Леснотија во подготовката на хутбата и постигнување душевен мир и спокојство при нејзината подготовка, за време на нејзиното држење и по нејзиното завршување.

Многу хатиби чувствувале грижа за хутбата, уште од утрото на џумата или пред тоа, и биле мисловно зафатени со неговата подготовка. Но кога ја скратиле хутбата, така што не траела подолго од десет минути, исчезнала целата таа грижа или барем поголемиот дел од неа.

Трето: Олеснување за слушателите. Речиси сите луѓе се согласуваат дека им е пријатно со оној што ја скратува хутбата, а чувствуваат одбивност кон оној што ја одолговлекува.

Соодветното време за хатибот и за слушателите е приближно меѓу десет до петнаесет минути, бидејќи луѓето речиси се согласни дека кратката хутба им е подрага и полесна отколку долгата.

7. Воздржувај се од говор кој содржи многу непознати зборови.

Избегнувај го говорот со многу непознати зборови - луѓето немаат потреба од таков говор и немаат никаква корист од него, а можно е и егото да има свој удел во неговата употреба и претерувањето со него.

Многу признати книжевници и реторичари предупредувале од нејасниот говор непознат за широката маса.

8. Избегнувај го вештачкото и неприродно римување.

Сеџ‘ е „усогласеност на завршетоците во прозниот говор во ист ритам“. Мудриот Законодавец го забранил вештачкото користење на сеџ‘от, а тоа го одбивале и книжевниците и беседниците; „бидејќи сеџ‘от речиси секогаш подразбира вештачки изрази што го одвлекуваат вниманието на слушателот и го спречуваат целосно да го разбере значењето. Ако, сепак, сеџ‘от се прифати, тоа се однесува само на оној што произлегува спонтано, без вештачко напрегање — односно на сеџ‘от кој самиот го бара говорникот, а не оној што говорникот го бара.“ ([14]) - „Усул ел-Инша вел-Хитабе“, од Ибн Ашур, стр. 126.

Затоа, избегнувај го вештачкото римување, бидејќи тоа ќе те оптовари со маката да го креираш, а на слушателите ќе им го отежни разбирањето. Меѓутоа, ако ти дојде спонтано, со зборови лесни за твојот јазик и разбирливи за слушателот, тогаш во тоа нема ништо лошо.

[9] (Грижата за надворешниот изглед кој треба да биде приличен)

Грижата на хатибот за убавиот надворешен изглед не е ништо помалку важна од грижата за неговата внатрешност, бидејќи исправноста односно неисправноста на надворешноста е одраз на исправноста или неиспрвноста на внатрешноста. Убавиот изглед на хатибот се постигнува преку следново:

1. Убавината и чистотата на неговата облека, без претерување или расипништво.

2. Елеганција на телото - преку негата, чистотата и пријатниот мирис, како и преку бричење или кратење на мустаќите и оставање на брадата да расте.

3. Грижата за изгледот на неговото лице - што се огледува во неговата ведрина и насмевка при поздравувањето на луѓето надвор од џамијата, при влегувањето за да ја одржи хутбата и по нејзиното завршување. Навистина, искрената насмевка, ведрото лице и пријатниот изглед на лицето го прават хатибот, како и неговите хутби и совети, омилени кај луѓето. Тоа се смета за ибадет за оној кој го прави искрено за Аллах. Ведрината е таа што ги освојува умовите и срцата – бидејќи човекот со насмевка има и пофални дела, а неговите грешки се полесно прифатливи. За разлика од намуртениот и намрштениот, од кого се бара заштита – бидејќи самото негово присуство внесува во срцето нелагодност и бреме на душата.

Затоа, брате мој хатибу, биди секогаш со ведро лице, и ќе почуствуваш спокој во твоето срце, ке забележиш наклонетост и блискост од луѓето, убав спомен што ќе го оставиш кај нив, нивно прифаќање на твоите совети и поуки, како и нивна подготвеност да ти најдат оправдување за твоите грешки и пропусти.

4 Неговата скромност и почит кон сите, при чекорењето, качувањето на минберот и седењето на него, и убавиот начин на кој ги пречекува луѓето додека седи, и за време на хутбата.

Исто така, се забележува дека некои хатиби, пред да започнат со хутбата, седат на начин кој оддава впечаток на рамнодушност кон луѓето, додека внимателно ги набљудуваат нивните лица. Кога ќе започнат со хутбата, продолжуваат да гледаат со поглед што изразува незаинтересираност и небрежност, како да сакаат да им покажат дека се храбри и смели. Им се обраќаат со остар тон и повишен глас, упатувајќи им директни наредби и забрани. Таквиот начин на обраќање не допира до срцата, туку напротив, предизвикува одбивност кај нив.

5. Да се воздржува од непотребно допирање и галење на брадата, како и од често вртење на страните, особено додека се седи на минберот, бидејќи тоа го намалува достоинството на хатибот и остава впечаток на незаинтересираност за присутните.

6. Да се користи мисвак со благост и пристојност. Некои хатиби – Аллах да ги упати – кога ќе влезат во џамија, го користат мисвакот на премногу истакнат и непристоен начин, а некои продолжуваат со тоа сè до самиот почеток на хутбата. Така, во устата им остануваат парчиња од мисвакот кои потоа ги исфрлаат додека ја држат хутбата. Тоа се смета за непримерна постапка која остава впечаток на непочитување кон луѓето и кон возвишеното место на хутбата.

7. Придржување кон Сунетот предвден за облекувањето, со тоа што облеката не треба да биде под глуждовите, и во поглед на брадата, со нејзино пуштање. Хатибот е пример за другите, па како луѓето да се угледаат на оној чии постапки се спротивни на неговите зборови? И како нивните срца да бидат допрени од говорот на оној врз кого неговиот сопствен говор не влијае?

Осмо: Смиреноста на телото за време на говорот, бидејќи тоа е знак на смиреноста на душата.

[10] (Разлики во времето потребно за подготовка на хутбата)

Време за подготовка на хутбата се разликува во зависност од културата и знаењето на хатибот, како и од материјалот сака да го предочи. Материјалот, пак, обично спаѓа во една од двете категории:

Прво: Кога темата е научна, како што се фикхските (правните), прашања поврзани со верувањето и нивното втемелување. На овие теми потребно е да им се посвети време соодветно на нивната важност и не треба да се потценуваат со тоа што ќе се подготвуваат само неколку часа пред хутбата.

Второ: Кога темата е советодавна, општествена и слично, времето за нејзина подготовка најчесто е пократко.

Мојот совет за оној што тукушто започнал со хутби – кој сè уште нема доволно искуство и знаење – е на почетокот да се користи со хутбите на своите претходници. Хутбите на оној од кого се користи треба да се одликуваат со три својства:

Прво: Да бидат кратки, за да не му биде тешко нивното излагање.

Второ: Да бидат научно и граматички исправни.

Трето: Да не бидат извештачени, ниту во начинот на изразување, ниту во содржината.

Нема пречка ако со текот на времето измени или да додаде нешто што смета за соодветно, а потоа да се обиде и самиот да ја напише хутбата, користејќи се со искуството на претходниците.

[11] (Избегнување на директни наредби кон слушателите)

Избегнувај – Аллах нека те чува и нека те упати – изрази што содржат наредби само кон слушателите, а не и кон говорникот, како на пример: „направете“ или „не правете“. Наместо тоа, користи: „да направиме“, „да оставиме“ и слично. Таквиот начин на обраќање им укажува на слушателите на твојата понизност и на искрената желба со која им посакуваш добро, како што го посакуваш и за себеси, и дека не се сметаш над нив, ниту во верата, ниту во моралот.

Успешниот хатиб најнапред го упатува говорот прво кон самиот себеси, пред да го упати кон другите, и се советува себеси, пред да ги советува другите. Така, неговиот говор во хутбата е најпрво поука за него самиот, па потоа за луѓето. А кога ќе постапи така, Аллах ќе го воздигне, ќе му даде корист од неговите зборови и ќе му го зголеми упатството, прифатеноста и искреноста.

[12] (Кога имитирањето во хутбите е пофално, а кога е покудено?)

Не имитирај некој одреден хатиб во неговиот стил или во содржината на неговите хутби, зашто она што му одговара нему, можеби не ти одговара тебе. Имитирањето ја гуши твојата оригиналност и ги потиснува твоите таленти. Затоа, држи хутба според способностите, дарбите и знаењето што ти ги дал твојот Господар.

Што се однесува пак за почетникот - нема пречка да се користи од стилот и содржината на другите, но не треба да биде нивна копија. Наместо тоа, нека му биде потпора и средство за негов сопствен напредок.

[13] (Не тагувај поради малиот број присутни, ниту пак не се радувај на нивната бројност)

Знај – Аллах да даде корист преку тебе – дека човековата душа по природа тежнее кон тоа да има голем број слушатели и присутни, особено меѓу роднините и пријателите. Можеби некогаш си се запрашал зашто некој од нив не дошол или дури си почуствувал прекор во срцето поради тоа. Затоа, бори се со себеси за да се ослободиш од таа слабост. Отсуството на некој не укажува на твојата слабост, туку можеби тој наоѓа повеќе мир и корист или повеќе му одговара кај другиот хатиб, или пак затоа што можеби таа џамија му е поблиску до неговиот дом, или поради други причини.

Искрениот хатиб се радува кога ќе чуе дека луѓето присуствуваат на хутба кај некој друг, Го моли Аллах да му подари успех и корист, и го фали доколку знае нешто добро за него.

Ако забележиш мал број присутни и одвраќање од твоите хутби, преиспитај се, можеби причината е кај тебе — слаб стил на излагање, несоодветна или слаба содржина, предолго траење на хутбата, недоволна искреност — или некоја друга причина.

Побарај совет од искрени и добронамерни браќа, замоли ги да присуствуваат на твојата хутба или да ја слушнат, и искрено побарај од нив да ти ги пренесат своите забелешки и мислења. Со тоа, со дозвола на Севишниот Аллах, ќе дојдеш до многу корисни резултати.

[14] Важноста на добрата подготовка)

Ако хутбата ја држиш импровизирано, тогаш треба темелно да се подготвиш и никогаш да не пристапувате кон тоа лекомислено, дури и ако ви се чини дека темата е едноставна и лесна и дека веќе сте ја обработиле претходно.

Добрата подготовка е една од најдобрите нешта за хатибите. Имено тие, со нетрпение го очекуваат денот на џума, за да го изнесат она што го подготвиле и за што се потрудиле.

Што се однесува до постојаното неподготвување и задоволувањето со туѓите хутби, тоа носи многу негативни последици, од кои се:

Прво: Таквата практика предизвикува слабеење на волјата, губење на решителноста и понижување на душата, која се задоволува со имитирање на другите.

Второ: Слабеење па дури и губење на ентузијазмот, живоста и уживањето, така што хутбата станува како товар од кој едвај сакаш да се ослободиш. Тоа потоа се одразува на твојот стил и начинот на кој луѓето те прифаќаат.

Трето: Многу луѓе забележуваат дека хатибот не ја подготвил хутбата, туку ја презел од некој друг, бидејќи стилот и содржината се разликуваат од неговиот личен израз и ниво. Поради тоа, хутбата не наидува на прифаќање кај нив.

Четврто: Од таквата хутба нема вистинска корист, а дури и да ја има, таа е мала, бидејќи делото во кое човек не вложил труд, истражување и подготовка – брзо се заборава и исчезнува.

Исто така, нема да напредуваш, ниту ќе ти се зголеми амбицијата и одлучноста, ниту пак твоето знаење ќе биде од вистинска корист – освен ако Возвишениот Аллах не посака.

Затоа, ако се навратиш на хутбата што си ја подготвил со посветеност, ќе забележиш дека не си ја заборавил – дури и по повеќе години ќе ја познаваш нејзината содржина, како да си ја одржал неодамна.

Што се однесува до хутбите што си ги презел од други, нив брзо ги забораваш. Провери го тоа, врати се на хутбите што си ги одржал пред четири или пет години и ќе забележиш дека си ги заборавил или дека едвај се сеќаваш на некој мал дел од нивната содржина.

Исто така, нема да имаш вистинска корист од нив ниту при собирањето на нивниот материјал, за да создадеш книга од која другите би имале корист.

Затоа, труди се при подготовката на хутбата, како да подготвуваш книга за објавување: наведи ги хадисите и објасни го нивниот степен на веродостојност според оценките на некои мухадиси; документирај ги референците и изворите што си ги користел и обрни внимание на граматиката, правописот и јазичната исправност.

[15] (Грижа за интерпункциските знаци)

Кога ја читаш хутбата, внимавај на интерпункциските знаци, како што се запирките, точките и слично, и означи си посебни места на кои ќе застануваш за да земеш здив. На тој начин ќе избегнеш непријатност од честото запирање на несоодветни места.

[16] (Важноста од менувањето на темите и пристапите)

Обработувај разновидни теми и не се ограничувај само на еден вид, како на пример да ти бидат сите хутби само за состојбите на срцата или за општите прашања на уметот и слично. Наместо тоа, согледај ги потребите на луѓето во нивната вера и во нивниот секојдневен живот.

Труди се да внесеш разноликост, за да го разбудиш во луѓето копнежот по твоите хутби.

Ако одлучиш да ги поврзеш хутбите во една тематска серија, нема пречка понекогаш да ја прекинеш ако за тоа има потреба.

И знај дека кажувањата земени од Куранот, веродостојниот Сунет и од изреките на чесните асхаби, Аллах нека е задоволен со сите нив, имаат најсилно влијание врз слушателите. Во нив се содржани најдлабоките поуки и лекции, најубавите совети и највредните бисери. Затоа, биди посветен на нивното користење и презентирај ги на привлечен начин, извлекувајќи од нив користи и поуки.

Не дозволувај хутбата да биде празна од случки, приказни и примери од реалноста, за да не стане монотона и тешка за слушање.

Потруди се да го избереш најдобриот начин на раскажување — соживеј се со приказните со срцето, дозволи тоа да се одрази на твоето лице и да се почувствува во тонот на твојот глас.

Исто така стреми се да ја живееш стварноста на луѓето и нивните грижи, за да не бидеш ти во една насока, а тие во сосема друга.

[17] (Важноста на стекнувањето вештини и техники на ораторство и на влијание врз луѓето)

Хатибот е најповикан да ги стекне вештините и уметноста на јавниот говор, бидејќи треба да ги убеди луѓето и да го привлече нивното внимание, за да го прифатат она што им го кажува.

Хатибот со силен стил и впечатливо излагање, им користи на луѓето повеќе од оној што не поседува такви вештини, дури и ако тој вториот има поголемо знаење и повисок статус.

Затоа, на хатибот му е препорачливо да слуша предавања за занаетот на говорништвото, а уште подобро е и да присуствува на нив, или да чита книги кои ја обработуваат таа тематика.

А оној што е искрен кон Аллах и кој себеси и своето време ќе Му ги посвети Нему, Аллах ќе му подари од Својата добрина и благодат она што не го очекувал и што не можел ниту да го замисли. Кој Му го дава на Аллах она што Тој го сака, Аллах ќе му даде повеќе од она што тој самиот посакува. А кој ќе ја стави својата душа во служба на Аллах, Аллах ќе му ги потчини Своите созданија и ќе му ги потчини сите причини за среќа, возвишеност и успех.

Меѓу тебе и даровите на Возвишениот Господар нема ништо друго што стои на патот освен искрената одлучност, силната волја заради Аллах, напуштањето на она што го сакаш и посакуваш заради она што Аллах го сака и со кое е задоволен, и постојаното залагање за воздигнување на Неговата вера и Неговиот шеријат — дури и ако тоа значи намалување на твојот углед кај луѓето на овој свет, кај оние кои се водат од страстите и положбите.

[18] (Принцип на обновување)

Возвишениот Аллах го создал човекот со природа наклонетост кон обновување и промена кон подобро. Затоа, луѓето тешко остануваат задоволни во иста состојба и секогаш кога во животот ќе се појави нешто ново, тие настојуваатда го стекнат доколку се во можност.

Човекот денес не е ист како што бил пред десет години, туку ќе го најдеш како го обновил и променил својот живот, начин на живеење, превозното средство и дом.

Хатибот на џума е еден од најповиканите луѓе да го обновува и подобрува својот стил, како и да ги развива своите вештини на говорништво и излагање. Затоа што, ако тој продолжи да се држи до истиот пристап што го следи уште од почетокот на својата служба, без промена и напредок, тогаш - без сомнение - нема да се движи на подобро, туку ќе почне назадува. Во човековата природа е со напредувањето на возраста и стареењето да му ослабне еланот и активноста, да му овене духот и да му се намали влијанието. Затоа, тој има потреба од постојана обнова, од нешто што ќе го оживее духот, ќе ја зајакне неговата решителност и ќе ги развие неговите вештини и пристапи, за да може да ги совлада периодите на слабост кои го обземаат него, неговите сетила и волја.

Повеќето хатиби не се промениле значително откако почнале да држат хутби, па дали тоа значи дека го достигнале совршенството уште на самиот почеток?

Не.

Па, тогаш, зошто продолжува со својот вообичаен начин, без да го усовршува својот стил и начин излагање, ниту пак презема исправни чекори за подобрување, обновување и иновативност, кога веќе вложува голем труд во подобрувањето на своите животни и овосветски работи?

И како да не се стреми кон тоа, кога положбата на хутбата е едно од најчесните и највеличествените дела што ги извршува во својот живот?

[19] (Грижа за две средства на влијание: гласот и погледот)

Успешниот хатиб има голема потреба да ги користи овие две средства:

1. Гласот - тој е најсилното средство за влијание, а неговиот ефект се усовршува кога се води сметка за следново:

а. Гласот и темпото треба да бидат умерени – да не бидат ниту прениски или пребавни, за да не предизвикаат досада и замор кај слушателите, ниту пак прегласни или пребрзи, што би ги вознемириле или би им ја отежнале концентрацијата и разбирањето.

б. Да не зборува со монотон глас, бидејќи некои хатиби го задржуваат истиот тон во текот на целата хутба. Ако е слаб, тоа им предизвика досада кај слушателите, а ако е прегласен и силен, им создава непријатност.

Монотоното зборување го губи вниманието и реакцијата на слушателите, бидејќи тие не можат да ги разликуваат важните делови од оние помалку важни. Несомнено, говорот кој носи важна порака и има силно влијание бара гласот забележливо да се подигне и темпото да се забрза, или обратно - да се спушти и забави, во согласност од пораката.

в. Интонацијата на речениците треба да се прилагоди според нивната смисла: прашалната реченица да се изговори со прашален тон, извичната со израз на восхит, и така натаму.

г. Отворај ја устата нешто повеќе отколку во вообичаениот раговор, бидејќи тоа овозможува појасен изговор на гласовите, спречува нивно мешање и овозможува подобра контрола на гласот. Сепак, тоа треба да биде без претерување, бидејќи претераното отворање на устата создава впечаток на преголем жар и изглед што не му доликува на хатибот.

д. Држи хутба со својот вообичаен глас и не користи посебен тон или изведба само за неа. Таквиот вештачки пристап создава јаз меѓу тебе и луѓето и е причина да ги изгубиш најсилните средства за влијание врз слушателите.

Препорачливо е, исто така, понекогаш да се направи кратка пауза – особено кога хатибот ќе дојде до важна мисла која сака да ја врежи во свеста на слушателите, треба да се сврти кон нив и за миг директно да ги погледне во очи, без да изговори нешто.

Таквото ненадејно молчење има силен ефект, го привлекува вниманието на луѓето и го прави секој од нив внимателен и фокусиран на она што ќе следи по тоа молчење.

Сепак, паузата не треба да биде долга ниту пак неприродна.

Пример за тоа е: Во една прилика, Али, Аллах нека е задоволен со него, му испрати на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, парче злато, па тој го подели меѓу некои од неговите асхаби.

Тогаш пристапи еден човек, и рече: „Бој се од Аллах, о, Аллахов пратенику!“ (...)

Каква дрскост кон Искрениот и Доверливиот, салаллаху алејхи ве селем!

Аллаховиот пратеник, чудејќи се на таа дрскост, рече: „(...) Кој ќе Му биде покорен на Аллах, ако јас сум непокорен? Зарем Аллах ми верува мене за жителите на Земјата, а вие не ми верувате?“

Текстот во загради укажува на кратка пауза; затоа што контекстот го бара тоа, за да им се привлече вниманието на слушателите и да се разбуди нивната љубопитност за она што ќе следи.

Првата реченица: „Каква дрскост кон Искрениот и Доверливиот, салаллаху алејхи ве селем!“ - е израз на восхит и чудење, па затоа треба да биде изговорена со интонација што го одразува тоа.

А втората реченица: „Кој ќе Му биде покорен на Аллах, ако јас сум непокорен? Зарем Аллах ми верува мене за жителите на Земјата, а вие не ми верувате?“, беше во стил на прашање со негација и критика, па треба да се изговори со тон што ја пренесува таа смисла.

2. Погледот: Да се распределува погледот рамномерно кон сите слушатели и со очите да се воспостави интеракција со говорот што се изнесува. Тоа се постигнува на следниов начин:

а. Со благо вртење на главата надесно и налево, без претерување во брзината или зачестеност. Прекумерното вртење не му доликува на хатибот, бидејќи укажува дека е под влијание на емоциите, што доведува до губење на фокусот и концентрацијата.

б. Со благо отворање или стегање на очите - движењата на очите имаат силно влијание врз присутните, кои преку нив можат да почуствуваат пораки и значења кои зборовите не секогаш можат да ги изразат.

Гласот и погледот се два основни столба на влијанието што хатибот го има врз слушателите. Без нив тој ја губи способноста да ја пренесе својата порака, да ги убеди, да го привлече нивното внимание, и да го поттикне нивниот ентузијазам и интерес.

Секој хатиб може да ги користи овие средства природно без напор и извештаченост, но без претерување. Претераното нагласување во тоа ја покажува лесноумноста и површноста на говорникот, додека претераната воздржаност и сериозност предизвикуваат монотонија и досада. А најдоброто е во умереноста.

Постојат и некои постапки кои не му доликуваат на хатибот, како на пример:

1. Движење на рацете.

2. Поместување на наметката или турбанот, чепкање по микрофоните, движење нанапред и наназад и слично.

[20] (Не се придржувај кон одредена формулација што не е потврдена со веродостоен сунет)

Не треба постојано се придржува до одредена формулација, освен до онаа што е потврдена во веродостоен сунет, за да не се помисли дека е од сунет, како изреката: „Аллах нека ни даде благослов, мене и вам, во Величествениот Куран...“ на крајот од првата хутба.

Многу често некои хатиби се држат до една иста дова на крајот од хутбата, од која речиси никогаш не отстапуваат. Некои од нив дури и ја одолжуваат таа повторувачка дова, па така многу луѓе чувствуваат непријатност и здодевност кога хатибот ќе започне со неа, бидејќи им здодеала поради честото повторување, изведена на начин што повеќе наликува на монотоно рецитирање, без потребната духовна вклученост и живост во довата.

[21] (Грижа за правилниот изговор на гласовите и нивното немешање.)

Погрижи се секој глас (буква) да го изговориш прецизно од неговото природно место, бидејќи тоа има силно влијание врз разбирливоста, јасноста и убедливоста на говорот.

Една од забелешките што му се упатуваат на хатибот е кога зборува пребрзо, па ги спојува буквите и зборовите едни со други, пред претходниот глас или збор целосно да биде изговорен. Убавиот и пристоен начин е секој глас да се изговори јасно и потполно, а зборовите да се изговараат одделно. ([15]) - Ел-Хатабе 'индел-араб од Мухамед ел-Хидр Хусејн, стр. 189.

Таков беше и говорот на најелоквентното создание, салаватуллахи ве селамуху алејхи.

Мајката на верниците, Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, раскажува: „Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, не зборуваше брзо како што зборувате вие.“([16]) - Го бележат Бухари, бр. 3568, и Муслим, бр. 2493.

[22] (Целта на хутбата и најважните теми што треба да ги обработи хатибот)

Хатибот треба да ги пренесе луѓето од овоземниот свет (дуњалукот), неговите грижи и настани, кон светот на ахиретот и подготовката за него. Џамијата не треба да биде медиумска платформа каде што хатибот ќе се осврнува на политичките прашања и ќе навлегува во работи што не им користат на слушателите ниту во нивната вера, ниту во нивниот овосветски живот.

Успешниот хатиб најголемиот дел од своите хутби ги посветува на теми што го зголемуваат иманот и поврзаноста со Возвишениот Аллах. Бидејќи, кога на луѓето ќе им се зголеми иманот и ќе се зацврсти нивната поврзаност со нивниот Господар, тоа претставува најголема причина да ги остават гревовите и безвредните нешта.

Меѓу темите што хатибот не треба да ги занемари и треба постојано да ги повторува се:

Тевхидот (Аллаховото едноштво) и Столбовите на исламот.

Описот на намазот и важноста на смиреноста во него.

Теми поврзани со одредени пригоди, како што е говорот за вредноста на месецот рамазан кога ќе настапи неговото време.

Предупредување од искушенијата и начинот на соочување со нив.

Предупредување од новововедените работи (бидатите) во верата.

Предупредување на лукавството на шејтанот и неговите методи на заведување.

Убавото однесување и манири, и сè што се однесува на нив.

Некои од темите кои го зголемуваат иманот и поврзаноста со Аллах се:

1. Величањето на Аллах во душите на луѓето - преку спомнување на Неговите совршени својства и благодати.

2. Величањето на Куранот, кој е Аллахов говор.

3. Спомнување на приказните за пратениците, а особено за последниот од нив - нашиот Пратеник Мухамед, салаллаху алејхи ве селем - како и за чесните асхаби, Аллах нека е задоволен од нив.

4. Спомнување на Џенетот, неговите описи и причини за влез во него, како и спомнување на Џехенемот.

5. Вниманието за ибадетите на срцето - како што се потпирање на Аллах, враќањето кон Него, покајанието, стравопочитта и понизноста.

Имамот Ибн Кајим, Аллах нека му се смилува, рекол: „Оној што внимателно ќе ги проучи хутбите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, и на неговите асхаби, ќе увиди дека тие се доволни за да го појаснат упатството и тевхидот, да ги спомнат особините на Господарот, џел-ле џелалуху, темелните основи на верувањето, повикот кон Аллах, Неговите возвишени благодати со кои Тој им станува мил на Своите созданија, и Неговите денови (одредби) со кои ги опоменува со Својата казна. Тие, исто така, повикуваат на спомнување и заблагодарување на Аллах – дела со кои робовите Му стануваат мили Нему. Па така, тие ја спомнуваат величественоста на Аллах, Неговите својства и имиња – со што Тој им станува мил на Своите созданија – и повикуваат на покорност, благодарност и спомнување на Аллах, со што тие Му стануваат мили Нему. На крај, слушателите си заминуваат со љубов кон Него во своите срца, и свесни дека и Тој ги сака нив.

Потоа, со текот на времето, светлината на Пратеништвото избледе, а шеријатските прописи и наредби станаа само надворешни форми што се извршуваат без внимание на нивната вистинска суштина и цели. Така, луѓето им ја задржаа само нивната форма и ги украсуваа со разни украси, па формалностите и обичаите ги претворија во сунети кои, според нив, не смеат да се прекршат — додека ги запоставија суштините и целите кои навистина не смеат да се запостават. Потоа, хутбите ги накитија со римувана проза и украсен говор, со што се намали, па дури и сосема исчезна, уделот на срцата во нив, и се изгуби нивната вистинска цел.“ ([17]) - Задул Ме‘ад фи хедји хајрил ибад, 1/409-410.

Исто така имамот, Аллах нека му се смилува, зборувајќи за целта на хутбата рекол: „Целта на хутбата е: пофалба и возвишување на Аллах, сведочење за Неговото едноштво и за пратеништвото на Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем; потсетување на робовите на Неговите денови; предупредување од Неговата казна и гнев; советување за она што ги приближува до Него и до Неговите џенети; и одвраќање од она што ги приближува до Неговата лутина и Неговиот оган. Ова, всушност, е суштинската цел на хутбата и на собирањето за неа.“ ([18]) - Претходниот извор, 1/386.

Хатибот треба да им укажува на луѓето на раширените грешки во верувањето, ибадетите, моралот, меѓусебните односи, начинот на живеење, воспитувањето и слично, да ги предупредува од впуштање во раздори и искушенија, и да ги поучува за прашањата на нивната вера.

А Аллах најдобро знае. Аллаховиот благослов и мир нека се врз нашиот Пратеник Мухамед, врз неговото семејство и сите асхаби.