قاموس الكبائر

قاموس الكبائر

كتاب "كبائر الذنوب" يتناول أهم الذنوب الكبيرة التي حذر منها الإسلام وعواقبها الخطيرة على الأفراد والمجتمعات. يبدأ الكتاب بتعريف الكبائر وبيان الفرق بينها وبين الصغائر، ثم يعرض أمثلة على هذه الكبائر مثل الشرك بالله، والكذب على الله ورسوله، والبدعة، والرياء، وترك الصلاة. يوضح الكتاب الأدلة الشرعية على تحريم كل من هذه الكبائر وتأثيراتها السلبية في الدنيا والآخرة، بالإضافة إلى سبل الوقاية والعلاج من الوقوع فيها، محذراً من خطورة التساهل فيها وضرورة التوبة والابتعاد عنها.

Language: lang_mk
Prepared by: Научниот сектор при Здружението за презентација на исламската содржина на различни јазици
Version: 3.0
Translations 9
Azerbaijani French Hungarian Indonesian +5
Attachments 7
PDF
Audio
Video
+3

Речник на големи гревови

Научниот сектор при Здружението за презентација на исламската содржина на различни јазици

Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот

Вовед

Благодарноста му припаѓа на Аллах, Кој ги упати Своите робови кон Неговиот прав пат, и направи богобојазливоста непробојна тврдина од Неговата болна казна. Аллаховиот благослов и мир нека се врз нашиот пратеник Мухамед, врз неговото семејство и сите негови другари асхаби. А потоа:

Навистина, меѓу највозвишените работи кои носат смиреност на срцето и спокој во душата е размислувањето за возвишените исламски учења и придржувањето кон Аллаховите наредби и чувањето од Неговите забрани, особено во поглед на големите гревови на кои Аллах предупредил во Неговата јасна Книга, и за кои предупредил Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, во автентичниот Сунет; поради нивната голема опасност и влијание врз поединецот и заедницата. Возвишениот Аллах вели: „Аллахово е сè што е на небесата и на Земјата – за, според тоа што го правеле, да ги казни тие што прават зло, а со најубава награда да ги награди тие што прават добро, тие што ги избегнуваат големите гревови и развратот, а на послушните Тој ќе им прости бидејќи Господарот твој, навистина, многу простува.“ (Ен Неџм, 31-32)

Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Избегнувајте ги седумте гревови кои предизвикуваат пропаст.“ [1] [1] Го бележат Бухари, бр. (2766), и Муслим, бр. (89).

Големите гревови ги опфаќаат сите тешки престапи - било кон Аллах, било кон Неговите робови. Праведниот Шеријат е објавен за да предупреди на нив и да ги разјасни нивните тешки последици и на овој и на идниот свет.

Аллаховата безгранична милост ја отворил вратата на покајанието за секој што се покајал и се вратил. Семоќниот вели: „Јас сигурно ќе му простам на тој што ќе се покае и ќе поверува, и добри дела ќе прави….“ (Та Ха, 82)

Затоа, оваа книга е напишана за да ја разјасни суштината на големиот грев и неговите последици, потпирајќи се на текстовите од Куранот и Сунетот, воедно и да го појасни патот на покајанието и спасот од него.

Ова дело го подготви Научниот совет при Здружението за обработка на исламската содржина на различни јазици во соработка со Советодавното и мисионерското здружение во Рабва, водени од желбата да го распространат ова вредно знаење, притоа водејќи сметка за неговата соодветност за превод на јазици на оние што не зборуваат арапски, и од уверување за важноста на пренесувањето на пораката на исламот до сите луѓе.

Го молиме Возвишениот Аллах да го запише овој труд како едно од добрите дела, да биде на страната на добрите дела на вагата на Судниот ден и да го направи корисен за сите луѓе.

Аллаховиот благослов и мир нека бидат врз нашиот веровесник Мухамед.

Вовед

Благодарноста му припаѓа на Аллах, Господарот на световите. Аллаховиот благослов и мир нека се врз нашиот пратеник Мухамед, врз неговото семејство и сите негови другари, асхаби. А потоа велиме:

Изворот на сето зло во светот се гревовите. Тие се причина за секој срам, понижување, пропаст, губиток и уништување. Поради гревот, Адем и неговото потомство беа спуштени од Џенетот, поради непослушноста кон Аллах, народот на Нух беше уништен со потоп, поради гревовите и негирањето на пратениците на нивниот Господар, Аллах го испрати ветрот врз народот Ад и страшниот крик врз Семуд. Гревовите се причина за секоја неволја и извор на секоја несреќа. Ова се однесува на сите гревови, но последиците на големите гревови се уште поголеми.

Дефиниција на голем и мал грев:

Големиот грев е секој грев за кој е наведена закана, проклетство или шеријатска казна со јасен текст од Аллаховата Книга или од Сунетот на Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем; или за кој е познато дека неговата штета е еднаква на штетата на оној грев за кој е спомната закана, проклетство или казна - или е дури и поголема; или, пак, грев што укажува на рамнодушност и небрижност на сторителот кон неговата вера.

Според тоа, мал грев е секој грев што не спаѓа во претходната дефиниција на голем грев. Тоа е грев за кој не е најавена казна, ниту е поврзан со шеријатска казна, проклетство или закана, и кој не укажува на рамнодушноста и небрижноста на сторителот кон верските прописи.

Разликата помеѓу големите и малите гревови:

1. Големиот грев е оној со кој е поврзана закана, шеријатска казна, проклетство или слично; додека мал грев е оној со кој не е поврзано ништо од тоа.

2. Големиот грев укажува на потценување на шеријатските прописи од страна на сторителот, додека малиот грев не укажува на тоа.

3. За големите гревови е потребно покајание за да бидат искупени, додека малите гревови се искупуваат со покајание, со избегнување на големите гревови, со несреќите што го снаоѓаат човекот, или со добрите дела.

Возвишениот Аллах вели: „Ако ги избегнувате големите гревови кои ви се забранети, Ние ќе ги покриеме вашите лоши дела и ќе ве воведеме во прекрасно место!“ (Ен Ниса, 31) Возвишениот исто така вели: „И извршувај го намазот (молитвата) на почетокот и на крајот на денот, и во првите часови на ноќта! Добрите дела навистина ги поништуваат лошите. Тоа е поука за тие што сакаат поука.“ (Худ, 114)

Од Аиша, радијаллаху анха, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Нема неволја која ќе го погоди муслиманот, дури и трнот со кој ќе се боцне, а Аллах со тоа да не му ги прости гревовите.“ [2] [2] Го бележат Бухари, бр. (5649), и Муслим, бр. (2572).

И од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Петте дневни намази, од џума до следната џума и од рамазан до следниот рамазан, ги бришат гревовите што се направени меѓу нив, доколку се избегнуваат големите гревови.“ [3] [3] Го бележи Муслим, бр. (233).

Верските и овоземните опасности и штети од големите гревови:

Правењето на големите гревови доведува до многубројни опасности и штети на овој и на оној свет, меѓу кои се:

- Големите гревови го изложуваат нивниот сторител на закана дека нема да влезе во Џенет. Од Џубејр бин Мут‘им, радијаллаху анху, се пренесува, дека го слушнал Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Нема да влезе во Џенет оној кој ги кине роднинските врски.“ [4] Односно: оној кој ги прекинува роднинските врски. [4] Го бележат Бухари, бр. (5984), и Муслим, бр. (2556).

Хузејфе, радијаллаху анху, рекол: Го слушнав Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Нема да влезе во џенет ,катат'.“ [5]. Катат е оној што пренесува туѓ говор со цел да предизвика раздор. [5] Го бележат Бухари, бр. (6056) и Муслим, бр. (105).

- Некои од нив се причина за казна во гробот. Ибн Абас, радијаллаху анхума, рекол: „Алаховиот Пратеник, алејхи селам, еднаш поминал покрај два гроба и рекол: ,Овие двајца се казнуваат, но не за нешто големо. Едниот се казнува затоа што не се чувал при уринирање, а другиот се казнува затоа што пренесувал туѓи зборови.‘“ [6] [6] Го бележат Бухари, бр. (218), и Муслим, бр. (292).

- Тие се една од причините за една од најтешките казни на Ахирет. Аиша, радијаллаху анха, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Луѓето кои на Судниот ден ќе имаат најтешка казна се оние кои го имитираат создавањето на Аллах.“ [7] Имитираат: се обидуваат да наликуваат на Аллах, а се мисли на: тие што цртаат (вајаат) ликови на живи суштества. [7] Го бележат Бухари, бр. (5954), и Муслим, бр. (2107).

- Тие се причина за проклетство од Аллах и Неговиот пратеник. Ибн Абас, радијаллаху анху, раскажува: „Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ги проколнал мажите кои ги имитираат жените и жените кои ги имитираат мажите.“ 8] [8] Го бележи Бухари, бр. (5885).

Исто така Абдулах бин Месуд, радијалаху анху, раскажува: „Божјиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, го проколнал оној што дава камата и оној што зема“ [9] [9] Го бележи Муслим, бр. (1597).

- Тие се една од причините за поништување и пропаѓање на делата. Бурејде, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој ќе го пропушти икиндискиот намаз, делата веќе му пропаднаа.“ [10] [10] Го бележи Бухари, бр. (553).

- Тие водат до спрведување на шеријатските казни врз сторителот, доколку се работи за грев за кој е пропишана казна, како што Возвишениот Аллах вели: „На крадецот и на крадачката отсечете им ги рацете нивни, тоа нека им биде казна за тоа што го сториле и опомена од Аллах! А Аллах е Силниот и Мудриот!“ (Ел Маиде, 38) Тој на друго место во Куранот, вели: „Блудникот и блудничката искамшикувајте ги со сто удари, секој од нив.“ (Ен Нур, 2) Ајет: „Тие што ќе обвинат чесни жени, а не го докажат тоа со четири сведоци, со осумдесет удари искамшикувајте ги и никогаш повеќе сведочењето нивно не примајте го; тоа се нечесни луѓе.“ (Ен Нур, 4)

- Тие се причина за исчезнување на благодатите и нивно менување, за што Возвишениот вели: „Тоа е затоа што Аллах нема да го лиши од благосостојба народот на кого Тој веќе им ја подарил, сè додека тој (народот) самиот не се промени.“ (Ел Енфал, 53)

Ес-Сади, рахимехуллах, рекол: „,Тоа' значи: казната со која Аллах ги погодил народите кои негирале и им ги одзел благодатите и уживањата, е поради нивните гревови и поради тоа што тие самите се промениле. Навистина, Аллах нема да ја промени благосостојбата што му ја подарил на некој народ, било да се тоа благодати на верата или на овој свет, туку Тој им ја остава и им ја зголемува доколку тие ја зголемат својата благодарност кон Него, ,сè додека тој (народот) самиот не се промени', односно, додека не ја заменат послушноста со непослушност, негирајќи ги благодатите на Аллах и заменувајќи ги со неверување. Поради тоа, Тој им ги одзема и им ги менува, исто како што тие се промениле себеси. Во тоа е совршената мудрост, правда и добрина на Аллах кон Неговите робови, бидејќи Тој не ги казнува освен поради нивната сопствена неправда.“ [11] [11] Тефсир Ес-Сади, стр: 324.

- Тие се причина за појавување на неред на Земјата; бидејќи нередот се појавува поради гревовите, а особено големите гревови. Возвишениот Аллах вели: „Поради тоа што луѓето го прават се појави метеж и на копното и на морето, за Тој да им даде да почувствуваат дел од казната поради тоа што го прават, за да се поправат.“ (Ер Рум, 41)

- Тие се една од причините за лишување од знаењето, бидејќи знаењето е светлина која Аллах ја става во срцето, а гревот ја гаси таа светлина, Кога во една прилика имамот еш-Шафи седнал пред Малик и му читал, бил воодушевен од неговата извонредна проникливост, блескавата интелигенција и совршеното разбирање, па рекол: „Навистина гледам дека Аллах спуштил светлина во твоето срце, па не ја гаси со темнината на гревот.“ [12] [12] Види: Менакиб еш-Шафи‘иј на Ел-Бејхеки (1/104).

- Тие се една од причините што му ги отежнуваат работите на оној што ги врши. Кон што и да се насочи, ќе наиде на затворена врата или на тешкотија. Како што, на оној кој се плаши од Аллах, Аллах му ја олеснува работата - така и оној што ја запоставува богобојазливоста и прави големи гревови, Аллах му ја отежнува работата. Возвишениот вели: „И поради тешкото насилство на eвреите, Ние некои убави јадења кои им беа дозволени им ги забранивме, и поради тоа што многумина од Аллаховиот пат одвраќаа. И затоа што земаа камата, а им беше забранета, и затоа што туѓите имоти на недозволен начин ги трошеа. А за неверниците меѓу нив, Ние болна казна подготвивме!“ (Ен Ниса, 160-161).

- Тие предизвикуваат мрачнина во срцето на оној што го прави гревот, која тој ја чувствува исто како што ја чувствува темнината на ноќта. Така, темнината од гревот за неговото срце станува како физичката темнина за неговиот вид, бидејќи покорноста е светлина, а гревот е темнина. И колку е посилна темнината, толку повеќе се зголемува неговата збунетост, сè додека не западне во новотарии, заблуди и погубни работи, а тој не е ни свесен. Така, Хузејфе раскажува: „Бевме кај Омер, кога тој рече: ,Кој од вас го слушнал Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како зборува за фитните (искушенијата)?‘ Некои од присутните рекоа: ,Ние го слушнавме.‘ Тогаш Омер рече: ,Можеби мислите на фитната што му се случува на човекот во неговото семејство и соседство?‘ Рекоа: ,Да.‘ Тој рече: ,Таквите фитни се бришат со намаз, пост и садака. Но, кој од вас го слушнал Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како зборува за онаа голема фитна што ќе се рашири како морски бран?‘ Хузејфе рече: Сите молчеа, а јас реков: ,Јас го слушнав.‘ Омер рече: ,Аллах да те поживее, кажи!‘ Тогаш Хузејфе рече: ,Го слушнав Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Фитните ќе бидат изложувани на срцата – една по една – како што се редат прачките на сламена рогозина. Срцето што ќе ги прифати, во него се втиснува црна точка; а срцето што ќе ги одбие, во него се втиснува бела точка – сè додека срцата не се поделат на два вида срца: на бело, сјајно како камен, па ниедна фитна не може да му наштети сè додека постојат небесата и земјата; и другото, црно затемнето, како превртен сад, не препознава добро, ниту се одвраќа од зло, освен она што му го наметнал неговиот нефс (его).‘“ [13] [13] Сахих Муслим, бр. (144).

- Тие се причина за непријателство и омраза, и зајакнување на непријателот, како што Возвишениот вели: „Ние заветот го прифативме и од тие што велат: ,Ние сме христијани!' – но и тие, голем дел од тоа со што беа опоменувани го изоставија, затоа меѓу нив вметнавме непријателство и омраза сè до Судниот ден; а Аллах сигурно ќе ги извести за тоа што го правеа.“ (Ел Маиде, 14) Секогаш кога луѓето ќе остават дел од она што Аллах им го наредил и ќе го прават она што им го забранил, меѓу нив настанува непријателство и омраза и непријателите ги надвладуваат. [14] [14] Види: Меџму‘ ел-фетава, 3/421.

- Тие се причина за корупција на општеството, бидејќи водат до ширење на покудени особини, како што е: лажењето, клеветењето, озборувањето, пренесувањето на туѓи зборови, измамата, залажувањето, горделивоста, вообразеноста, бесправното земање на имотот едни на други, уништување на животот и ширење на штета меѓу луѓето, како што е случај со магијата (сихрот) и слични дела. Исто така, водат и до ширење на неморални постапки, како што се: блудот, содомијата, феминизацијата кај мажите и меѓусебното имитирање на мажите и жените. [15] [15] Види: Ед-Да' вед-Дева од Ибн Кајим (1/132).

Ставот на следбениците на Сунетот во поглед на сторителот на голем грев и хадисите за предупредување и закана:

Според следбениците на Сунетот, сторителот на голем грев – кој е помал од ширкот и големото неверство – е верник со недостаток во иманот, чиј иман се намалил во зависност од гревот што го направил. Затоа, името на иманот не му се одзема во целост, ниту пак му се дава безрезервно. Тој е верник со недостаток во иманот, или верник поради неговиот иман, а грешник поради неговиот голем грев. Неговата пресуда на Ахирет е дека тој е под Аллаховата волја: ако сака, ќе му прости и ќе го воведе во Џенет без претходна казна, а ако сака, ќе го казни според неговиот грев, потоа ќе го извади и ќе го воведе во Џенет со верниците. Може да се очисти од големиот грев на дуњалукот пред Ахирет, и тоа преку искрено покајание, или со извршување на шеријатската казна над него, или преку искушенијата и несреќите што му се случуваат, или со многу добри дела, по што ќе дојде на Судниот ден без да има казна за него.

Што се однесува до хадисите кои се пренесени за заканата кон сторителите на големи гревови, како што е хадисот на Ебу Хурејре, радијаллаху анху, во кој стои дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Човекот кој прави блуд, не е верник додека блудничи; човекот кој пие алкохол, не е верник додека пие; и човекот кој краде, не е верник додека краде.“ [16] Значи, се мисли дека од него се отстранува својството на целосен иман, а му останува исламот, сè додека не го напушти тој грев и не се покае за него, па иманот повторно ќе му се врати. Целосниот иман му е одземен само во моментот кога ги врши овие големи гревови, но му останува основата на иманот; бидејќи пренесени се и други хадиси во кои се ветува влегување во Џенетот за оној кој ќе умре без да Му припишува здруженик на Аллах, дури и ако извршил прељуба и дури и ако украл, како што е хадисот од Ебу Зер, радијаллаху анху, кој пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Ми дојде гласник од мојот Господар и ми донесе радосна вест дека секој од мојот умет кој ќе умре без да Му припишува здруженик на Аллах, ќе влезе во Џенетот.“ Прашав: „Па дури и ако направи блуд и ако украде?“ Тој одговори: „Дури и ако направи блуд и ако украде.“ [17] [16] Го бележат Бухари, бр. (2475), и Муслим бр. (57). [17] Го бележат Бухари, бр. (1237), и Муслим, бр. (94).

Како да се справиме со големите гревови и како да ги лекуваме:

- Ширење на свеста меѓу заедницата за опасноста од гревовите, особено големите гревови, и дека тие се причина за спуштање на казните и несреќите врз целото опшество, како што вели Севишниот: „И чувајте се од искушенијата кои нема да ги погодат само тие меѓу вас кои правеа насилство, и знајте дека Аллах страшно казнува.“ (Ел Енфал, 25)

- Изучувањето на верското знаење ја одвраќа душата од гревовите; бидејќи оној кој ќе ги спознае казните кои се последица на тие гревови, ќе се воздржи од нивно правење.

- Исполнување на должноста за забранување на злото, преку забранување и одвраќање на грешниците од големите гревови; па така, Нуман бин Бешир, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Примерот на оние што се придржуваат кон Аллаховите граници и оние што ги прекршуваат, е како примерот на народот кој извлече ждрепка за да се поделат каде ќе престојуваат при пловењето со бродот. На некои им се падна горниот дел од бродот, а на други долниот. Кога оние што беа долу сакаа вода, требаше да одат кај оние горе, па рекоа: ,Кога би направиле отвор во нашиот дел, за да не ги вознемируваме оние што се над нас.’ Ако ги остават да го направат тоа што го намислиле — сите ќе потонат; а ако ги спречат — сите ќе се спасат.“ [18] [18] Го бележи Бухари, бр. (2493).

Неговите зборови: „Оној кој внимава и ги чува Аллаховите граници“ значи: оној кој се придржува до Аллаховите наредби, се воздржува од Неговите забрани, наредува добро и забранува зло. „Оној кој ги прекршува“ е оној кој го занемарува доброто, а го прави злото. „Извлече ждрепка“, односно извлекувале меѓу себе за секој да земе дел, т.е. удел. „А ако ги спречат “, односно ако ги одвратат од тоа да направат отвор во бродот.

- Правилното иманско воспитување во семејството и родителскиот надзор врз децата, особено во периодот на адолесценцијата, резултираат со создавање генерација на чесна младина, имански воспитана и морално изградена.

- Наоѓање на дозволена алтернатива за гревовите, бидејќи Аллах не забранил ништо, а да не дал во она што го дозволил доволна замена за она што го забранил. Така, на пример, блудот се лекува со рано стапување во брак на младите, а кражбата со создавање можности за вработување на поединците, додека озборувањето и повредувањето на честа на луѓето со исполнување на слободното време во покорност или во она што Аллах го дозволил. Исто е и со секој друг мал или голем грев.

- Искористување на енергијата на младите и нејзино насочување кон она што ќе му користи на уметот и во верските и овосветските работи - како што е изучувањето на шеријатското знаење, ширењето на исламската дава, како и изучувањето на теоретските и применетите науки што носат корист во работите на овој свет, како што се медицината, инженерството, трговијата и слично. Исто така и изучувањето на некои корисни занаети и вештини, како столарството, ковачкиот занает и друго, затоа што душата, ако не се занимава со добри дела, ќе се занимава со гревови.

- Муслиманот треба постојано да се грижи за својот иман, бидејќи иманот во срцето ветвее и слабее како што ветвее и облеката. Затоа треба постојано да го обновува преку зголемување на делата на покорност што го зајакнуваат иманот во срцето.

- Муслиманот треба да се оддалечува од сè што го повикува кон грев, особено во време на широка распространост на социјалните мрежи и интернет страниците што шират разврат, безбожништво и сè што Го разгневува Аллах. Затоа, муслиманот не треба сам да си ја отвора врата кон злото, бидејќи оној што ќе ја отвори, тој и ќе влезе низ неа. Од Ен-Невас бин Семан, радијаллаху анху, се пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Аллах даде пример за правиот пат. Од двете страни на патот има ѕидови со отворени врати, прекриени со завеси. На почетокот на патот стои повикувач кој вели: ,Луѓе, тргнете по правиот пат и не скршнувајте.' Друг повикувач, кој се наоѓа над патот, кога некој сака да ја отвори некоја врата, го предупредува: ,Внимавај, не ја отворај! Ако ја отвориш, ќе влезеш внатре.' Патот е исламот, ѕидовите се Аллаховите граници, а отворените врати се Аллаховите забрани. Повикувачот на почетокот на патот е Божјата книга, а повикувачот над патот е Аллаховиот советник во срцето на секој муслиман.“ [19] [19] Го бележи Ахмед, бр. (17634).

- Владетелите и оние што имаат власт над муслиманите се должни да ја чуваат верата, преку повикување во доброто и одвраќање од злото и неговото отстранување, спроведување на казните и слично. Макил бин Јесар, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, алејхи селам, рекол: „Аллаховиот роб кому ќе се даде позиција меѓу луѓето и тој ги измами, кога ќе умре, Аллах ќе му го забрани (влезот во) Џенетот.“ [20] Исто така тој, салаллаху алејхи ве селем, рекол:. „Кој од вас ќе види зло, нека го промени со својата рака; ако не може, тогаш со својот јазик; ако не може, тогаш нека го осуди со своето срце, а тоа е најслабиот вид на иман.“ [21] А овој степен им припаѓа на оние кои имаат моќ, власт или владеење. [20] Хадисот го бележат Бухари, бр. (7150) и Муслим, бр. (142), а текстот е според Муслим. [21] Го бележи Муслим со број (49).

И за крај, го молам Аллах да ги сочува нашите срца и органи во покорност кон Него, и да нè заштити од гревовите - јавните и скриените, големите и малите.

Ширкот (да изедначиш некого/нешто со Аллах)

Ширкот е најтешкиот и најголемиот грев со кој некогаш Му се направила непослушност на Возвишениот Аллах. Тој е спротивен на верувањето во Аллах и на Неговото едноштво (тевхид). Возвишениот вели: „Ширкот (политеизмот) е, навистина, голема неправда.“ (Лукман, 13) Од Абдулах бин Месуд, радијаллаху анху, се пренесува дека рекол: „Го прашав Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем: ,Кој е најголемиот грев кај Аллах?‘ Тој одговори: ,Да му припишеш здруженик на Аллах (да изедначиш некого со Аллах), а Тој те создал. ‘“ [22] Здруженик т.е партнер или истоветен Нему. [22] Го бележат Бухари, бр. (4477), и Муслим, бр. (86).

Суштината на ширкот е да сметаме некого за еднаков или рамноправен на Возвишениот Аллах во Неговиот рубубијет, ибадет, или во Неговите имиња и својства - и насочување на некое од правата што му припаѓаат само Нему или кој било вид ибадет кон некој друг освен Него. Секое верување, збор или дело за кое е потврдено дека е наредено од Законодавецот - неговото посветување единствено на Аллах претставува тевхид, иман и ихлас, а неговото насочување кон некој друг претставува ширк и куфр.

Во ширк спаѓа: упатување дова кон мртвите, барањето исполнување на потреби од нив, заветување за нив, барање помош од нив, како и правење сеџда на некој друг освен Аллах, принесување жртва за некој друг освен Аллах, и слично.

Многубројни се доказите за забраната на ширкот и појаснувањето на неговата грдост и тежината на тој грев, меѓу нив се:

Зборовите на Возвишениот Аллах: „Аллах нема да прости ако нешто Му се здружува, а ќе прости сè освен тоа кому Тој сака! А тој што на Аллах Му припишува здруженик, тој прави клевета и голем грев.“ (Ен Ниса, 48) Тој на друго место вели: „Кој на Аллах ќе Му припишува здруженик, Аллах ќе му го забрани влезот во Џенетот и неговото живеалиште ќе биде Џехенемот; а на злосторниците нема никој да им помогне!“ (Ел Маиде, 72) Возвишениот исто така вели: „А тебе, и на тие пред тебе им било објавено: ,Ако други на Аллах за рамни Му припишуваш, твоите дела сигурно ќе пропаднат, а ти изгубен ќе бидеш.' Туку, само Аллах обожувај Го и биди благодарен!“ (Ез Зумер, 65 - 66)

Ебу Бекре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Дали сакате да ве известам за најголемите гревови?“ (трипати), рекоа: „Секако, о Аллахов пратенику.“ Рече: „Придружување друг/истоветен на Аллах (ширк), непослушност кон родителите, бесправното убиство и лажното сведоштво.“ [23] [23] Го бележат Бухари, бр. (4477), и Муслим, бр. (86).

Ширкот има многубројни опасни последици, од кои:

- Ширкот ги поништува сите добри дела. Возвишениот вели: „А да Му припишуваа здруженик, сигурно ќе им пропаднеше тоа што го правеа.“ (Ел Енам, 88)

- Оној што ќе умре во состојба на ширк и не се покае од него, ќе престојува вечно во Огнот. Џабир, радијалаху анху, рекол: „Еден човек дојде кај Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, и го праша: ,О, Аллахов пратенику, кои се двете работи во кои нема сомеж?’ Божјиот пратеник одговори: ,Кој ќе умре без да Му припишува рамен на Аллах, ќе влезе во Џенетот. А кој ќе умре припишувајќи Му рамен на Аллах, ќе влезе во Огнот.‘“ [24] [24] Го бележи Муслим, бр. [93].

- Крвта и имотот на мушрикот не се неприкосновено заштитени. Ибн Омер, радијаллаху анхума, пренесува дека Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Наредено ми е да се борам против луѓето сè додека не посведочат дека нема друго божество освен Аллах и дека Мухамед е Аллаховиот пратеник, сè додека не извршуваат намаз и не даваат зекат. Ако направат така, тогаш им се заштитени и животите и имотите, освен доколку направат престап против прописите на исламот, а за останатото ќе бидат одговорни пред Аллах.“ [25] [25] Го бележат Бухари, бр. (25), и Муслим, бр. (22).

- Мушрикот не наоѓа помош ниту поддршка од Аллах во неволјите што го снаоѓаат на овој свет. Шејтаните го опкружуваат од сите страни и тој живее во немир, вознемиреност, постојан страв и постојана тага. Возвишениот Аллах вели: „А тој што ќе смета дека на Аллах Му има рамен, ќе биде како тој што паднал од небо и кого птиците го разграбале, или како тој што ветерот во далечен предел го однел.“ (Ел Хаџ, 31)

Ибн Са‘ди, Аллах нека му се смилува, во толкувањето на овој ајет вели: „...Исто е и со многубожецот: верувањето е како небото, заштитено и возвишено, а оној што ќе го напушти верувањето е како оној што паѓа од небото, изложен на несреќи и искушенија, па или ќе го грабнат птиците односно ќе го распарчаат. Така и многубожецот, кога ќе престане да се држи за верувањето, шејтаните го напаѓаат од сите страни, го распарчуваат и му ги уништуваат и верата и овосветскиот живот.“ [26] [26] Тефсир Ес-Са‘ди, стр. 538.

- Мушрикот кога ќе умре, не се бања, не се завиткува во ќефини, ниту му се клања џеназе намаз и не се закопува во муслиманските гробишта.

Начини на заштита од ширкот (многубоштвото):

Муслиманот се штити од запаѓање во ширк на следниов начин:

- Да го научи тевхидот и исправното акиде (верување) и да постапува според наученото. Возвишениот вели: „Знај дека нема друг бог освен Аллах...“ (Мухамед, 19) Имамот Ибн Кајим, Аллах нека му се смилува, вели: „Возвишениот вели: ‚Знај дека нема друг бог освен Аллах...‘ Така, знаењето за едноштвото (тевхидот) на Возвишениот и уверувањето дека нема друг бог освен Него е цел само по себе, иако тоа само по себе не е доволно, бидејќи со него е неопходно и обожување само на Аллах, без да му придружуваме здруженик. Овие две работи се неопходни сами по себе: да се спознае Возвишениот Господар преку Неговите имиња, својства, дела и прописи, и да се обожува според нив и во согласност со нивното значење. Како што Неговото обожување е цел сама по себе, такво е и знаењето и спознавањето за Него. Исто така, знаењето е еден од највредните видови на ибадет.“ [27] [27] Мифтах Дарус-Се‘аде (1/178).

- Да се избегнува малиот ширк, како што е лесното преправање (рија), заклетвата во нешто друго освен во Аллах, и изјави од типот: „Она што Аллах го сака и ти (го сакаш)“, „Ова е од Аллах и од тебе“, „Јас сум со Аллах и со тебе“, „Се потпирам на Аллах и на тебе“, и слично, бидејќи малиот ширк е пат што води кон големиот ширк.

- Да ги познава формите и видовите на многубоштвото кои се раширени меѓу луѓето, за да ги избегнува и да не падне во нив.

- Да Го моли Возвишениот Аллах да го зацврсти на тевхидот и да го сочува од ширкот. Возвишениот Аллах ни пренесува за Ибрахим, алејхи селам: „А кога Ибрахим рече: ,Господару мој, направи го овој град безбеден и сочувај ме мене и синовите мои од тоа да обожуваме кипови.“ (Ибрахим, 35) Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, честопати велел: „Ти Кој ги превртува срцата, зацврсти го моето срце во Твојата вера.“ [28] [28] Тирмизи, бр. (2140).

Лажењето (клеветењето) за Аллах и за Неговиот пратеник

Лагата, општо земено, спаѓа меѓу големите гревови, а еден од нејзините најтешки и најодвратни облици е лажењето/клеветењето за Аллах и Неговиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Ес-Са‘ди рекол: „Никој не прави поголема неправда ниту поголем грев од оној што лаже за Аллах, припишувајќи Му зборови или прописи од кои Тој, Возвишениот, е чист. Таквиот човек е најнеправедниот меѓу сите созданија, бидејќи во неговиот чин има лага, изопачување на темелите и гранките на верата, а припишувањето на тоа на Аллах е еден од најтешките облици на расипаност.“ [29] [29] Тефсир Ес-Са‘ди, стр. 265.

Еден од видовите на лага е толкувањето на Аллаховиот говор спротивно на она што Аллах го сакал, бидејќи суштината на говорот е неговото значење. Затоа, ако некој каже: „Аллах со ова го мислел тоа и тоа“, тој лаже за Аллах и сведочи за Него нешто што Аллах, Возвишениот, не го мислел. Истото важи и кога некој го толкува говорот на Неговиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, спротивно на она што тој го мислел.

Доказите за забраната на лагата за Аллах и Неговиот Пратеник, и за тежината и одвратноста на тој грев, се многубројни, меѓу нив се:

Зборовите на Возвишениот Аллах: „Тие велат: ,Аллах си зел дете за Себе!' – Возвишен и чист нека е Тој! Тој не е зависен од никого! Сè што е на небесата и на Земјата Негово е! Вие за тоа никаков доказ немате. Зошто за Аллах го зборувате тоа што не го знаете! Кажи: ,Тие што за Аллах изнесуваат лаги, нема да го постигнат тоа што го сакаат.' Кратко ќе уживаат на овој свет, а потоа Нам ќе ни се вратат и Ние ќе им дадеме да претрпат неиздржливо страдање, затоа што не веруваа.“ (Јунус, 68-70)

Секој кој лаже за Возвишениот Аллах и тврди дека Тој има сопруга или дете или здруженик, тој е неверник во Возвишениот Аллах.

Возвишениот исто така вели: „На Судниот ден ќе ги видиш тие кои за Аллах лаги говореа, со поцрнети лица. А зарем Џехенемот нема да биде престојувалиште на горделивите?“ (Ез Зумер, 60)

Ес-Сем‘ани рекол: „А значењето на ,тие кои за Аллах лаги говореа', односно: тврделе дека Аллах си зел дете или здруженик, и се вели: тоа се однесува општо за секоја изнесена лага за Аллах.“ [30] [30] Тефсир на ес-Сем‘ани, 4/478.

Возвишениот исто така вели: „Има ли понеправеден од тој што за Аллах измислува лаги? Тие пред Господарот твој ќе бидат донесени, а сведоците ќе речат: „Овие измислувале лаги за Господарот свој!“ Аллаховото проклетство нека ги стигне злосторниците.“ (Худ, 18)

Следен ајет е: „И не зборувајте лаги со јазиците свои: ,Ова е дозволено, а ова забрането', за така да изнесувате лаги за Аллах. Тие што за Аллах говорат лаги, нема да успеат, кратко ќе уживаат, и нив страшно страдање ќе ги чека.“ (Ен Нахл, 116-117)

Ибн Хаџер ел-Хејтеми рекол: „Нема сомнеж дека намерната лага припишана на Аллах и Неговиот пратеник, преку дозволување на забранетото или забранување на дозволеното, е чисто неверство (куфр).“ [31] [31] Ез Зеваџир ан Иктираф ел Кебаир, (1/162).

Мугире бин Шу‘бе, радијаллаху анху, пренесува дека го слушнал Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Навистина лагата за мене не е како лагата за некој друг. Кој намерно ќе излаже за мене, нека си го подготви местото во Огнот.“ [32] [32] Го бележат Бухари, бр. (1291), и Муслим, бр. (933).

Имамот Ен-Невеви рекол: „Во ова се нагласува тежината на забраната за лагата која како говор му се припишува нему, салаллаху алејхи ве селем, и дека тоа е големо срамно дело и тежок грев, но со оваа лага не се станува неверник, освен ако некој не ја смета за дозволена. Ова е познатиот став на учените.“ [33] [33] Шерх Муслим (1/69).

Имамот Ибн Кајим, Аллах нека му се смилува, исто така рекол: „Изнесената лага за Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, е причина за влез во Огнот и за заземање постојано место во него - место од кое тој кому тоа место му е одредено нема да се одвои.“ [34] [34] Медариџ ес-Саликин, 1/379.

Штетите од лажењето за Аллах и Неговиот Пратеник се многубројни, а меѓу нив се:

- Лажењето за Аллах е патот на мушриците. Возвишениот вели: „И не зборувајте лаги со јазиците свои: ,Ова е дозволено, а ова забрането', за така да изнесувате лаги за Аллах. Тие што за Аллах говорат лаги, нема да успеат, кратко ќе уживаат, и нив страшно страдање ќе ги чека.“ (Ен Нахл, 116-117)

Ибн Кесир, Аллах нека му се смилува, рекол: „Возвишениот забрани да се следи патот на многубошците, кои дозволувале и забранувале работи единствено врз основа на имињата кои тие ги измислиле според сопствените мислења, како што се: бехира, саиба, весила и хам, и други слични работи кои биле дел од нивниот закон, кој го вовеле како новотарија во нивниот џахилиет/незнаење.“ [35] [35] Тефсир на Ибн Кесир, (4/609).

- Да се лаже за Аллах и Неговиот пратеник е причина за менување на божествениот закон: забранување на она што Аллах го дозволил, или дозволување на она што Аллах го забранил.

– Доведува до новотарии и новововедени работи, Ибн Кесир рекол: „Во ова спаѓа – т.е. во зборовите на Возвишениот: „И не говорете го она што е лага на вашите јазици: ‚Ова е дозволено, а ова е забрането‘– секој што ќе воведе новотарија во верата за која нема шеријатска основа, или ќе дозволи нешто што Аллах го забранил, или ќе забрани нешто што Аллах го дозволил, само врз основа на своето мислење и страсти.“ [36] [36] Тефсир на Ибн Кесир, (4/609).

Начини на заштита од изнесување лаги кои им се припишуваат на Аллах и Неговиот пратеник:

- Знаењето треба да предничи пред зборовите и делата.

- Придржување кон сунетот на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, и избегнување на новотариите. Ирбад бин Сарије, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Држете се до мојот сунет и сунетот на упатените, праведни халифи; цврсто држете се до него и загризете со катниците, и чувајте се од новововедените работи, бидејќи секоја новововедена работа е новотарија, а секоја новотарија е заблуда.“ [37] [37] Го Ебу Давуд, бр. (4607).

- Стремеж кон искреноста. Абдулах бин Месуд, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, саллаллаху алејхи ве селем, рекол: „Придржувајте се кон искреноста, бидејќи искреноста води кон добродетелството, а добродетелството води кон Џенетот. Човекот кој постојано е приврзан кон искреноста и се труди да биде искрен ќе биде запишан кај Аллах меѓу искрените. И чувајте се од лагата, бидејќи лажењето води кон грев, а гревот води кон Огнот. Човекот кој постојано лаже и се стреми кон лагата ќе биде запишан кај Аллах како лажливец.“ [38] [38] Го бележат Бухари, бр. (6094), и Муслим, бр. (2607).

- Размислување за последиците од лажењето за Аллах и Неговиот пратеник на овој и на идниот свет.

- Постоење на учени кои ги побиваат и одговараат на лагите за Аллах и Неговиот пратеник саллаллаху алејхи ве селлем.

Бидат - новотарија

Иновацијата во верата или новотаријата е од големите гревови, и за Иблис, после многубоштвото (ширкот), нема подрага непослушност кон Аллах од новотаријата. Ибн Кајим, Аллах нека му се смилува, рекол: „Шејтанот сака да го победи човекот на една од седумте пречки, некои се потешки а некои полесни, и не преминува од потешката на полесната, освен ако не успее да го совлада човекот во неа.

Првата пречка: Пречката на неверувањето во Аллах, во Неговата вера и во средбата со Него, во Неговите својства на совршенство и во она за што известиле Неговите пратеници за Него. Ако непријателот успее да го совлада на оваа пречка, огнот на неговото непријателство згаснува и тој се одмора. Но, ако човекот ја совлада оваа пречка и се спаси од неа со светлината на упатството и го сочува нурот на иманот, непријателот го чека на втората пречка, а таа е пречката на новотаријата (бидатот): било со верување спротивно на вистината со која Аллах го испратил Својот пратеник и ја објавил Својата Книга, било со обожување преку она што Аллах не го дозволил, со новововедени прописи и обреди во верата, од кои Аллах не прифаќа ништо.“ [39] [39] Медариџ ес-Саликин (1/237).

Суштината на бидатот е дека тоа е измислен пат во верата кој наликува (и е предизвик) на шеријатски пропишаниот, а со чија примена се настојува да се подигне и подобри начинот на обожувањето на Возвишениот Аллах. [40] [40] Ел И‘тисам од еш-Шатиби, 1/50.

Под забранетата новотарија се подразбира она што се однесува на работите од верата. А што се однесува до овоземските работи, како што се човечките пронајдоци: автомобилите, авионите, компјутерите, телефоните и сличното - сето тоа не се смета за новотарија, иако во јазична смисла може да се нарече така.

Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, нè остави на јасен пат, чија ноќ е јасна како денот, од кој може да скршне само оној кого го чека пропаст. Нема добро на кое не нè поттикнал, ниту зло од кое не нè предупредил, со што не остави простор за никаков приговор. Поради тоа, кој ќе воведе нешто ново во Аллаховата вера за што Аллах не дал дозвола и што не го пропишал Неговиот пратеник, во тоа нема никакво добро и тоа ќе му биде одбиено. Секоја постапка што не ја практикувале Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, ниту неговите праведни халифи, ниту неговите асхаби, со кои Аллах е задоволен, не е исправен начин за приближување кон Возвишениот Аллах. Затоа, да бидеме задоволни за себе со она што беа задоволни тие, бидејќи тие постапуваа со знаење и се воздржуваа кога воздржувањето беше должност, јасно видлива.

Знај дека секоја новотарија во верата е забранета и дека претставува заблуда, а заблудата и нејзините следбеници се во Огнот. Доказите за нејзината забрана се многубројни, а ние ќе наведеме некои од нив:

Возвишениот Аллах, предупредувајќи од следењето на нешто друго освен Неговата Книга и Сунетот на Неговиот пратеник, вели: „Следете го тоа што ви се објавува од вашиот Господар и не земајте, покрај Него, некој друг како заштитник! А колку малку примате поука!“ (Ел Араф, 3)

Во друг ајет е речено: „Зарем тие да имаат божества кои им пропишуваат да веруваат во тоа што Аллах не им го наредил...“ (Еш Шура, 21)

Од Аиша, радијаллаху анха, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој ќе воведе во нашата вера, нешто ново, што не е од неа, ќе му биде отфрлено.“ [41] [41] Го бележат Бухари, бр. (2697), и Муслим, бр. (1718).

- Исто така, Џабир бин Абдулах, радијаллаху анхума, рекол: Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, велеше: „Навистина, најдобриот говор е Аллаховата Книга, најдобар пат е Сунетот на Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, најлошите дела се новововедените во верата и секоја новотарија е заблуда.“ [42] [42] Го бележи Муслим со број (867).

Хузејфе бин Јеман, радијалаху анхума, раскажува: „Секој ибадет што не го практикувале асхабите на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, не го практикувајте. Навистина, првите не им оставиле на тие по нив што да кажат (да додадат). Затоа, плашете се од Аллах, о, дружино на учени, и следете го патот на оние пред вас.“ [43] [43] Ел-Баис ала инкар ел-Биде‘а вел-Хавадис (стр. 16).

Пренесено е дека Суфјан ес-Севри, рахимехуллах, рекол: „Новотаријата му е подрага на Иблис од гревот, бидејќи за гревот човек се кае, а за новотаријата не се кае (затоа што мисли дека со неа прави добро дело).“ [44] [44] Го бележи Ел-Лалекаи во „Шерх Усулул И‘тикад“, (стр. 238).

Новотаријата во верата опфаќа неколку опасности и штети, а меѓу нив се:

- Искуството и практиката низ историјата, од почетокот на светот до денес, покажале дека разумот не е самостоен во препознавањето на сопствените интереси. Затоа, неопходен е верозакон по кој ќе се води човекот. Неговиот Господар го создал и Тој најдобро знае што е корисно, а што штетно за него. Доколку човекот не се води според волјата на својот Господар, тој си наштетува себеси и се изложува на пропаст.

- Новотарот е следбеник на страстите, затоа што, ако разумот не го следи шеријатот, не му преостанува ништо друго освен следење на страста и похотата. А Возвишениот Аллах му вели на Својот роб Давуд, алејхи селам: „И не поведувај се според страста за да не те одведе од Аллаховиот пат; тие што скршнуваат од Аллаховиот пат ги чека болно страдање на оној свет затоа што забораваа на Денот на пресметката.“ (Сад, 26)

- Шеријатот е совршен и потполн и не подлежи ниту на додавање ниту на одземање; Возвишениот Аллах вели: „Денес верата ваша ви ја усовршив и благодaтта Своја спрема вас ја надополнив и задоволен Сум исламот да ви биде вера.“ (Ел Маиде, 3) Затоа, оној што воведува нешто ново во верата, со тоа индиректно тврди дека шеријатот не е потполн и дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, сокрил нешто од Објавата.

- Новаторот му се спротивставува на шеријатот и му се противи, затоа што Законодавецот одредил посебни патишта и начини за вршење ибадет, и ги ограничил созданијата на истите преку наредби и забрани, преку ветувања и закани. Тој ги известил дека доброто е во придржувањето до нив, а злото во нивното надминување, и така натаму; бидејќи Аллах знае, а ние не знаеме. Тој го испрати Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како милост за сите светови. Новотарот го отфрла сето тоа, тврдејќи дека постојат и други патишта, и дека она што Законодавецот го одредил како конечно не е навистина конечно, ниту она што Тој го определил е навистина определено — и ние знаеме онолку колку знае Законодавецот, велат. Всушност, од неговото „поправање“ на прописите на Законодавецот се добива впечаток дека тој знае нешто што Законодавецот не го знаел. Ако тоа навистина му е намера, тогаш тоа претставува неверство во Шеријатот и во Законодавецот; а ако не му е тоа намера, тогаш тоа е очигледна заблуда.

Заштита:

Во начините на заштита од овој голем грев спаѓаат:

- Цврсто придржување за Аллаховата книга и Сунетот, како и нивно ширење и пренесување меѓу луѓето во што е можно поголема мера, а доказ за тоа се зборовите на Возвишениот Аллах: „Сите цврсто за Аллаховото јаже држете се и никако не разделувајте се.“ (Али Имран, 103) Аллаховото јаже е: Исламот, Куранот и Сунетот.

- Потпирање исклучиво на Куранот и Сунетот во прашањата на верувањето (акиде), во кои нема простор за лично мислење, да претпочитаме некое мислење или аналогија, и напуштање на расправите за нејасните прашања; бидејќи расправањето за нив е особина на следбениците на заблудата и новотариите, а воедно и причина за секое искушение и несреќа што ги снашло муслиманите.

– Применување на Сунетот во однесувањето на поединецот и на заедницата — така што човекот го применува она што го научил од Сунетот во сите области на животот. Примената на Сунетот ја прави новотаријата нешто одбивно и неприфатливо во заедницата; таа го открива својот грд лик и својата одвратна појава, и самата по себе сведочи за грдотијата и опасноста што ги носи за исламот и муслиманите.

Наредбата за добро и забраната на лошото. Новотариите на почетокот се мали, а потоа се зголемуваат — ги воведува поединец, а набрзо околу него се собираат следбениците на страстите. Кога оние што наредуваат добро и забрануваат лошо ќе ја извршат својата улога во општеството, тие ги искоренуваат новотариите и ги враќаат во живот Сунетите.

– Одговор на јавните и прикриените напади насочени кон верата, разоткривање на појавите на новотарија и нивно осветлување преку Куранот и Сунетот, со цел да се спречи нивното навлегување и ширење кај муслиманите. Исто така, потребно е постојано внимавање да не се излезе од границите на Сунетот — без разлика колку мало е тоа отстапување или колку незначително изгледа.

- Спречување на обичните луѓе да зборуваат за верата без знаење и неприфаќање/отфрлање на нивните мислења кои се спротивни на Шеријатот, без оглед на нивните позиции.

Преправањето (рија)

Преправањето (кога некое дело го разубавуваме затоа што некој не гледа или слуша) е еден од најголемите гревови кој го уништува делото. Тоа е еден од видовите на ширк од кој предупредува Шеријатот, а Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Најмногу се плашам за вас од малиот ширк.“ Присутните прашаа: „А што е тоа мал ширк, о, Аллахов пратенику?“ Тој одговори: „Преправањето...“ [45] [45] Ахмед бр. (23630).

Суштината на преправањето е кога робот извршува дело не барајќи го со него само Аллахово задоволство - било дали го прави исклучиво заради луѓето, било да го прави заради Аллах, но со тоа истовремено да сака и луѓето да го видат. И во двата случаи станува збор за преправање.

Понекогаш преправањето може да биде во самата основа на верата — и тогаш тоа претставува куфр, односно неверство и лицемерие; а понекогаш може да биде во некои дела што не се од основата на верата — и тогаш тоа е мал ширк.

Докази:

Од доказите за забраната на преправањето се следниве:

Возвишениот Аллах вели: „О, верници, не ги расипувајте своите милостини со приговарања и навреди, како што тоа го прави тој што го троши својот имот за да се покаже пред луѓето, а не верувајќи во Аллах и во другиот свет.“ (Ел Бекаре, 264)

Во друг ајет Тој вели: „Лицемерите настојуваат да го измамат Аллах, а Тој ќе ги надмудри. Кога стануваат намазот (молитвата) да го извршат, мрзеливо стануваат и тоа само за да се прикажат пред светот.“ (Ен Ниса, 142)

Возвишениот исто така вели: „Па кој се надева на средба со Господарот свој, нека прави добри дела и во обожувањето на Господарот свој нека не Му припишува здруженик.“ (Кехф, 110) Што значи: не прави ширк, ниту пак со своето дело се преправа пред никого.

Следен ајет е: „А тешко на тие што, кога намазот (молитвата) го извршуваат, намазот свој како што треба не го извршуваат, коишто само се преправаат.“ (Ел Маун, 4-6)

Штетни последици:

Штетите од преправањето (рија):

- Преправањето е причина за вечен престој во Огнот ако се појави во основата на иманот; бидејќи тогаш тоа е куфр и лицемерство. Возвишениот вели: ,,Кога ќе ги сретнат тие што веруваат, велат: ,Веруваме!', а штом останат насамо со своите шејтани (ѓаволи), велат: ,Ние сме со вас. Ние само се потсмеваме.‘“ (Ел Бекаре, 14) На друго место тој вели: „Лицемерите на самото дно на Џехенемот ќе бидат и ти нема да им најдеш помагач.“ (Ен Ниса, 145)

- Преправањето е причина за поништување на делото на неговиот сторител. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Возвишениот Аллах вели:,Јас сум Тој што најмалку има потреба некој да му се смета за рамен. Кој ќе направи дело во кое ќе Ми здружи некого, го оставам него и неговиот ширк.‘“ [46] [46] Го бележи Муслим со број (2985).

Преправачот кој прави дела заради луѓето, нема да има никаква награда за нив на Ахирет. Се пренесува од Махмуд ибн Лебид, Аллах да е задоволен од него, дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „,Најмногу се плашам за вас од малиот ширк.‘ Присутните прашаа: ,А што е тоа мал ширк, о, Аллахов пратенику?‘ Тој одговори: ,Преправањето! На Судниот ден, кога ќе им суди на луѓето според нивните дела, Возвишениот Аллах ќе им рече: Одете кај оние за кои се преправавте и видете дали ќе ви дадат некаква награда.‘“ [47] [47] Го бележи Ахмед, бр. (23630).

- Преправањето е причина за влез во Џехенемот. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Навистина, првите луѓе на кои ќе им се пресуди на Судниот ден се: човек кој бил убиен како шехид. Ќе биде доведен, па Аллах ќе го потсети на Своите благодати, и тој ќе ги признае. Аллах ќе го праша: ,Што направи со нив?‘ Тој ќе одговори: ,Се борев заради Тебе сè додека не бев убиен.‘ Аллах ќе рече: ,Лажеш, ти се бореше за да се каже за тебе: „Храбар е“, и тоа беше речено.‘ Потоа ќе биде наредено, и тој ќе биде влечен по лицето сè додека не биде фрлен во Огнот. А потоа ќе биде доведен човек кој изучувал знаење, го подучувал и го учел Куранот. Аллах ќе го потсети на Своите благодати, и тој ќе ги признае. Аллах ќе го праша: ,Што направи со нив?‘ Тој ќе одговори: ,Стекнував знаење, го подучував и го учев Куранот заради Тебе.‘ Аллах ќе рече: ,Лажеш, ти изучуваше знаење за да се каже: „Учен е“, и го учеше Куранот за да се каже: „Тоа е читач (кариј)“, и тоа беше речено.‘ Потоа ќе биде наредено, и тој ќе биде влечен по лицето сè додека не биде фрлен во Огнот. Потоа ќе биде доведен човек кому Аллах му дал изобилство и различни видови имот. Аллах ќе го потсети на Своите благодати, и тој ќе ги признае. Аллах ќе го праша: ,Што направи со нив?‘ Тој ќе одговори: ,Не оставив ниеден пат на кој Ти сакаш да се троши, а да не потрошив на него заради Тебе.‘ Аллах ќе рече: ,Лажеш, ти го правеше тоа за да се каже: „Дарежлив е“, и тоа беше речено.‘ Потоа ќе биде наредено, и тој ќе биде влечен по лицето сè додека не биде фрлен во Огнот.“ [48] [48] Го бележи Муслим со број (1905).

- Преправањето е причина за јавно разобличување на Судниот ден пред сите созданија. Џундуб, радијаллаху анху, пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој прави нешто за да биде чуен, Аллах соодветно ќе го казни на Судниот ден, а тој што прави нешто за да биде виден, и него Аллах соодветно ќе го казни.“ [49] А значењето на зборовите „и него Аллах соодветно ќе го казни“ е: на Судниот ден ќе биде јавно повикан како некој што правел дела за да биде чуен и виден. [49] Го бележи Бухари, бр. (6499).

Заштита:

Начини на заштита од преправањето:

- Да знае дека Аллах гледа во неговата внатрешност, и знае што кријат неговите гради. Возвишениот Аллах вели: „Зарем тие не знаат дека Аллах го знае тоа што тие во себе го кријат и тоа што си го шепотат и дека Аллах е зналец на сè што е скриено?“ (Ет Теуба, 78)

- Постојана свест дека Возвишениот Аллах го гледа Својот роб, а тоа е степенот на „Ихсан“ кој го спомнал Пратеникот ,салаллаху алејхи ве селем, во хадисот на Џибрил, а тоа е: „Да го обожуваш Аллах како да Го гледаш, зашто ако ти не Го гледаш, Тој те гледа.“ [50] [50] Го бележи Муслим, бр. (97).

- Да биде искрен во сите негови зборови и дела, и сите да ги прави исклучиво само заради Аллах.

- Да знае дека луѓето не располагаат со моќ да му донесат корист ниту да му нанесат штета, и дека ако го изврши делото искрено заради Аллах, Аллах ќе биде задоволен од него и ќе го засака, па ќе биде прифатен и луѓето ќе го сакаат без тој да има потреба да им се покажува. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кога Аллах ќе засака некој роб, Го повикува Џибрил и му вели: ,Јас го сакам тој и тој, затоа сакај го и ти.‘ Тогаш Џибрил ќе го засака, па обзнанува меѓу жителите на небесата: ,Аллах го сака тој и тој, затоа сакајте го и вие.‘ Потоа ќе го засакаат и жителите на небесата, а потоа му се дава прифаќање кај луѓето на Земјата - и тие да го сакаат. А кога Аллах ќе замрази некој роб, Го повикува Џибрил и му вели: ,Јас го мразам тој и тој, затоа мрази го и ти.‘ Тогаш Џибрил го замразува, па обзнанува меѓу жителите на небесата: ,Аллах го мрази тој и тој, затоа мразете го и вие.‘ И тие го замразуваат, потоа му се дава кај луѓето на Земјата и тие да го мразат.“ [51] [51] Го бележат Бухари, бр. (3209), и Муслим, бр. (2637).

- Да бара заштита кај Возвишениот Аллах од преправањето. Во хадис од Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, се пренесуваат зборовите за заштита кои гласат: „О, луѓе, чувајте се од овој ширк, бидејќи тој е поскриен од движењето на мравките.“ Па некој го праша: „Како да се чуваме од него, о, Аллахов пратенику, кога е поскриен од движењето на мравките?“ Тој одговори: „Кажете: ,Аллаху мој, бараме заштита кај Тебе да не Ти направиме ширк во нешто свесно, и од Тебе бараме прошка за она што не го знаеме.‘“ [52] [52] Ахмед бр. (19606).

Омер бин Хатаб, радијаллаху анху, во неговите дови се молел: „Аллаху мој, направи секое мое дело да биде добро и искрено само за Тебе, и во него да нема удел за никој друг.“ [53] Од Али бин ебу Талиб, радијаллаху анху, се пренесува дека ја изговарал следнава дова: „Аллаху мој, прочисти го моето срце од лицемерие, моите гради од злоба и моите дела од преправање.“ [54] [54] Го бележи Ибн Еби Шејбе во Мусаннеф со број (2951). [53] Меџму‘ул фетава на Ибн Тејмијје, 1/99.

- Барање помош од Возвишениот Аллах за ослободување од преправањето. Возвишениот Аллах вели за верниците: „Само Тебе Те обожуваме и само од Тебе помош бараме!“ (Ел Фатиха, 5)

– Да се прикрива ибадетот и да не се покажува јавно, освен во случаите кога шеријатски е пропишано неговото јавно извршување — како што се езанот, намазот во џемат и слични ибадети — кои ниту е можно, ниту е пропишано да се извршуваат скришум.

Оставање на намазот

Намазот е на висока положба во исламот, тој е столб на верата и е првиот ибадет по двата шехадета (двете сведоштва). Абдулах бин Омер, радијаллаху анхума, пренесува дека Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Исламот се темели врз пет (столба): Сведоштвото дека нема друго божество достојно за обожување освен Аллах и дека Мухамед е Божјиот пратеник, клањањето намаз, давањето зекат, аџилакот и постот во месецот рамазан.“[55] [55] Го бележат Бухари, бр. (8), и Муслим, бр. (21).

Оставањето на намазот се смета за еден од најголемите гревови, а за оној што го остава постои страв дека може да стане неверник. Џабир, радијалаху анху, пренесува дека го слушнал Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Навистина, помеѓу човекот и помеѓу ширкот (многубоштвото) и неверувањето е оставањето на намазот.“ [56] [56] Го бележи Муслим, бр. (134).

Докази:

Доказите за забраната на оставањето на намазот и за појаснувањето на неговата грдост и големината на тој грев се многубројни, меѓу нив се:

Зборовите на Возвишениот Аллах: „Нив ги сменија поколенија, кои намазот (молитвата) го напуштија и по страстите тргнаа; тие пропаста ќе ја сретнат.“ (Мерјем, 59) Односно: ќе ги снајде тешка и удвоена казна, а муфесирите спомнуваат дека запоставувањето на намазот е или со негово целосно оставање, или со негово одложување надвор од пропишаното време. [57] [57] Види: Тефсир на Ибн Кесир, 5/243.

Возвишениот исто така вели: „Што ве доведе во Секар?“ „Не бевме“ – ќе речат – „од тие што клањаа“ (Ел Мудесир, 42-43) Оставањето на намазот е една од причините за влегување во Џехенемот, Аллах нека нè заштити од него.

Севишниот вели: „А тешко на тие што, кога намазот (молитвата) го извршуваат, намазот свој како што треба не го извршуваат.“ (Ел Маун, 4-5)

Ес-Са‘ди рекол: „А тешко на тие што, кога намазот (молитвата) го извршуваат“, т.е. тие што се обврзале да го извршуваат намазот, но тие, намазот свој како што треба не го извршуваат', т.е. го занемаруваат, не го извршуваат во пропишаното време и ги пропуштаат неговите составни делови, а тоа е поради нивното невнимание кон Аллаховата наредба, бидејќи го занемариле намазот, којшто е најважниот чин на покорност и најдоброто дело за приближување кон Аллах.“ [58] [58] Тефсир Ес-Са‘ди, стр: 935.

Бурејде, радијаллаху анху, пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Договорот помеѓу нас и нив е намазот, па кој ќе го остави, направил неверство.“ [59] [59] Го бележи Тирмизи, бр. (261).

Шекик бин Абдулах – а тој е еден од табиините (генерацијата по асхабите) – пренесува: „Асхабите на Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, не го сметале оставањето на ниедно дело за неверство, освен намазот.“ [60] [60] Го бележи Тирмизи, бр. (2622).

Штетни последици:

Оставањето на намазот со себе носи многу штети, меѓу кои се:

- Губење на еден важен симбол од јасните симболи на исламот.

- Оној кој го остава намазот е изложен на опасност да западне во неверство, Аллах нека нè заштити. Исламските правници се разишле во мислењето: дали таквиот се смета за неверник врз кого се применуваат прописите за неверниците, или е извршител на еден од големите гревови?

- Оној кој го остава намазот нема удел во исламот. Од Мисвер бин Махрама се пренесува дека влегол кај Омер бин ел-Хатаб, радијалаху анху, во ноќта кога бил прободен со анџар, па го разбудил за сабахскиот намаз. Омер рекол: „Да, и нема удел во исламот оној што го остава намазот.“ Потоа Омер клањал, а од раната му течела крв. [61] Раната обилно му крварела. [61] Мувета од имамот Малик, бр. (51).

Ел-Баџи, рахимехуллах, рекол: „Изјавата на Омер: ,Нема удел во исламот оној што го остава намазот“, што значи: дека тој нема дел (исе) во исламот и неговите дела не се прифатени; бидејќи намазот е првото дело во исламот кое се прифаќа и има најголема важност. Па, кој ќе го остави намазот, го губи својот удел од сите други исламски дела, и од нив нема ниту корист, ниту удел.“ [62] [62] Ел-Мунтека Шерх Ел-Муветта, 1/86.

- Оставањето на намазот е причина разочарување и губиток на Судниот ден. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека го слушнал Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Првото дело за кое робот ќе одговара на Судниот ден е неговиот намаз. Ако му биде исправен, тој успеал и се спасил, а ако му биде неисправен, тој пропаднал и на губиток е.“ [63] [63] Го бележи Тирмизи, бр. (413).

Авн бин Абдулах, радијаллаху анху, рекол: „Навистина, кога човекот ќе биде ставен во својот гроб, првото нешто за кое ќе биде прашан е намазот. Па, ако му биде примен, ќе се разгледаат и останатите негови дела, а ако не му биде примен, нема да се разгледува ниедно друго негово дело.“ [64] [64] Ел Кебаир, стр. 20.

- Оној што ќе остави еден намаз, Аллах ќе се разгневи на него, а Ибн Абас, радијаллаху анхума, рекол: „Оној што намерно ќе остави еден намаз, ќе Го сретне Аллах, а Тој ќе биде лут на него.“ [65] [65] Ел Кебаир од Ез-Зехеби, стр. 20.

- На Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, му било наредено да се бори против оние што го оставаат намазот. Од Абдулах бин Омер, радијаллаху анхума, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Наредено ми е да се борам против луѓето сè додека не посведочат дека нема друго божество освен Аллах и дека Мухамед е Аллаховиот пратеник, сè додека не почнат да извршуваат намаз и да даваат зекат. Ако направат вака, тогаш им се безбедни и животите и имотите, освен ако направат престап против прописите на исламот, а за останатото ќе бидат одговорни пред Аллах.“ [66] [66] Го бележат Бухари, бр. (25), и Муслим, бр. (22).

- Ќе бидат лишени од светлината, за која известил Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, кога рекол: „Намазот е светлина.“ [67] [67] Го бележи Муслим со број (223).

– Оставањето на намазот доведува до ширење на развратот и лошите дела во муслиманското општество; затоа што редовното извршување на намазот ги штити и поединците и општеството од разврат и лоши дела, како што Возвишениот вели: „И извршувај го намазот (молитвата) – намазот навистина одвраќа од развратот и од сè што е лошо.“ (Ел Анкебут, 45)

Заштита:

Начини на заштита да не западнете во големиот грев - оставањето на намазот:

- Спознавање на возвишената положба на намазот во исламот и да научиме за тоа од Благородниот Куран и чистиот Сунет.

- Да научиме за начинот на клањање на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем. Малик бин ел-Хувејрис, радијаллаху анху, пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Клањајте како што сте ме виделе дека клањам.“ [67] [67] Го бележат Бухари, бр. (631), и Муслим, бр. (674).

- Грижа за извршувањето на фарз намазите во џамија во џемат, и да не се дозволи ништо да го одвлече вниманието на муслиманот од намазот во негово време. Возвишениот вели: „О, верници, нека не ве занесат богатствата ваши и децата ваши од сеќавањето на Аллах. А тие што ќе го сторат тоа, ќе бидат изгубени.“ (Ел Мунафикун, 9) Ибн Хаџер ел-Хејтеми рекол: „Група на муфесири (коментатори на Куранот) рекле: ,Под спомнувањето на Аллах тука се мисли на петте намази, па кој ќе го занемари намазот во негово време поради својот имот, како што е трговијата, занаетот или децата, тој е од губитниците.‘“ [68] [68] Ез-Зеваџир ‘ан иктираф ел-Кебаир, 1/ 220.

- Држење подалеку од лошото друштво и оние што прават гревови и што го занемаруваат намазот.

- Навикнување на децата на намазот уште во детството. Абдулах бин Амр бин ел-Ас, радијаллаху анхума, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Наредете им на вашите деца да го клањаат намазот кога ќе наполнат седум години, а казнете ги ако одбијат кога ќе наполнат десет години.“ [69] [69] Го Ебу Давуд, бр. (495)

- Често клањање доброволни намази, бидејќи тие ги надоместуваат недостатоците на фарз намазите. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека го слушнал Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Првото нешто за кое човекот, ќе полага сметка, на Судниот ден од неговите дела е неговиот намаз; ако му е исправен, тој успеал и се спасил, а ако му е неисправен, тој пропаднал и изгубил. Па, ако има некаков недостаток во неговите задолжителни намази, Семоќниот и Возвишен Господар ќе рече: ,Погледнете дали Мојот роб има доброволни дела, па со нив да се надополни она што недостасувало од задолжителните.‘ Потоа, на ист начин ќе се постапи и со останатите негови дела.“ [70] [70] Го бележи Тирмизи, бр. (413)

- Познавањето на големата награда што се добива со извршувањето на намазот; и дека тоа е најсаканото дело што муслиманот го извршува од покорност кон Аллах, а воедно и средство преку кое робот се поврзува со својот Создател, Го моли и бара помош од Него.

- Внимателност и грижа за брзо извршување на намазот на почетокот на неговото време, и користење на помошни средства за таа цел, како: активирање аларм, барање на потсетување од пријател, следење на нешто што ги содржи точните времиња за намаз, и други средства.

Недавање на зекатот

Зекатот е еден од основните столбови на исламот и претставува задолжителна садака (милосрдие) што се зема од богатите и им се дава на сиромашните. Неговото недавање е еден од големите гревови, за кои Аллах го негирал иманот на тие што го прават, им се заканил со разни предупредувања и тешки казни во животот и по смртта: пропаст на овој свет, а несреќа и загуба на Ахирет. Одбивањето да се даде зекат претставува несреќа како за оној што скржави и не го дава, така и за општеството што ја одобрува таа лоша постапка и не ја осудува.

Оној што одбива да го дава зекатот, негирајќи ја неговата обврска, без сомнеж излегува од верата исламот и станува неверник. За разлика од оној што го одбива поради скржавост и алчност - неговиот грев е голем и тежок, бидејќи бројни ајети и хадиси укажуваат дека недавањето зекат е еден од големите гревови за кои Возвишениот Аллах одредил и овосветски и оносветски казни.

Докази:

Наведени се многубројни докази во Куранот и Сунетот за предупредување од недавањето зекат, од кои се:

Аллаховите зборови: „На тие кои златото и среброто го збираат и на Аллаховиот пат не го трошат, најави им болно страдание! На Денот кога тоа (златото и среброто) во огнот џехенемски ќе се усвити, па со него челата нивни и слабините нивни и грбовите нивни ќе се жигосаат: ,Ова е тоа што за себе го натрупувавте; искусете ја тогаш казната за тоа што го збиравте!‘“ (Ет Теубе, 34-35)

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Оној кому Аллах му дал имот, а не го издвојува неговиот зекат, на Судниот ден неговиот имот ќе му биде претставен како страшна ќелава змија со две отровни дамки над очите. Таа ќе му се обвие околу вратот, ќе го фати за образите и ќе му каже: ‘Јас сум твојот имот, јас сум твоето богатство.’“ Потоа рецитираше: „Нека не мислат тие што се скржави во тоа што Аллах од изобилието Свое им го дава дека е тоа добро за нив! Не, тоа е лошо за нив! На Судниот ден ќе им биде замотано околу вратот тоа за што беа скржави! А на Аллах Му припаѓа наследството на небесата и на Земјата и Аллах е известен за тоа што го правите!“ [71] (Али Имран, 180) [71] Го бележи Бухари, бр. (1403).

Од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, исто така, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Нема сопственик на злато или сребро кој не ја исполнува својата обврска, а на Судниот ден да не му бидат направени плочи од оган; ќе бидат загреани во џехенемскиот оган, па со нив ќе му се жигосуваат неговите бокови, чело и грб. Секогаш кога ќе се оладат, ќе му бидат повторно вратени, во ден што трае педесет илјади години, сè додека не се заврши судењето помеѓу Аллаховите робови, па ќе го види својот пат: или кон Џенетот, или кон Џехенемот.“ [72] [72] Го бележи Муслим, бр. (987)

Така постапил и Ебу Бекр Ес-Сидик, радијаллаху анху со оние што одбија да го даваат зекатот по смртта на Пратеникот, алејхи селам. Тој се борел против нив сè додека не се покајале и не го дале зекатот од својот имот. Од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се пренесува дека рекол: „Кога почина Пратеникот, алејхи селам, и Ебу Бекр стана негов наследник, а некои од Арапите се одметнаа од верата, Омер рече: „О, Ебу Бекр, како можеш да се бориш против луѓето, кога Аллаховиот Пратеник, алејхи селам, рекол: ,Наредено ми е да се борам против луѓето сè додека не кажат дека нема друго божество освен Аллах. Па, кој ќе каже дека нема друго божество освен Аллах, го заштитил од мене својот имот и својот живот, освен кога правото бара поинаку, а неговата пресметка е кај Аллах?‘“ Ебу Бекр рече: „Се колнам во Аллах, ќе се борам против секој што прави разлика меѓу намазот и зекатот, затоа што зекатот е право на имотот. Се колнам во Аллах, ако ми ускратат макар и едно јаре (женско козле кое сè уште нема една година) што му го давале на Аллаховиот пратеник, алејхи селам, ќе се борам против нив поради тоа.“ Омер рече: „Се колнам во Аллах, штом видов дека Аллах му ги отворил градите на Ебу Бекр за борба, знаев дека тоа е вистината.“ [73] [73] Го бележат Бухари, бр. (1399), и Муслим, бр. (20).

Штетни последици:

Штетни последици од недавањето на зекатот:

- Недавањето на зекатот е една од особините на многубошците, па оној што не го дава, ги имитира нив, а кој имитира еден народ, тој е еден од нив. Возвишениот вели: „И тешко на многубошците кои зекат не даваат.“ (Фусилет, 6-7)

- Скржавоста при издвојувањето на зекатот е една од знаците и причините на лицемерството, како што Возвишениот Аллах во описот на лицемерите, вели: „И што без волја даваат.“ (Ет Теуба, 54)

- Искушение преку спречување на дождот. Ибн Омер, радијаллаху анхума, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Не го спречиле давањето на зекатот од нивниот имот, а да не им бил спречен дождот од небото. А да не беше стоката, немаше ни да им заврне дожд.“ [74] [74] Го бележи Ибн Маџе, бр. (4019).

- Води кон уништување и исчезнување на имотот, преку различни причини што предизвикуваат пропаст и загуба.

- Недавањето на зекат доведува до ширење на омраза меѓу сиромашните и богатите во општеството.

Заштита:

Начини на заштита од овој голем грев:

- Муслиманот треба да знае дека имотот е сопственост на Аллах, и дека благодатта е во Неговите раце – Тој ја дарува кому сака. Возвишениот Аллах е Тој Кој дава, и Нему Му припаѓа она што го дарувал. Тој, исто така, му наредил да ја изврши таа обврска (фарз) кон оние кои се во потреба. А ти си само довереник над тој имот; па ако Возвишениот Аллах посака – ќе ти даде, а ако посака – ќе ти го одземе.

- Оној што го дава зекатот треба да биде свесен за вредноста на тоа дело и за казната поради неговото недавање. Треба да знае дека Аллах ќе му го надомести – а Тој е најдобриот Снабдувач – и дека Тој ја зголемува и умножува (награда) за него сè додека не порасне и не стане колку планината Ухуд во добри дела. А оној што ја извршува (оваа обврска), кого Аллах го израдувал со веста дека нема да се плаши на овој свет, ниту пак ќе тагува на идниот, брза кон неа и се натпреварува во добри дела. А кога ќе дознае за казната на оној што ја запоставува, ќе се исплаши од Аллаховата казна – и на овој и на оној свет – па ќе се покори на наредбата на Возвишениот Аллах, надевајќи се на Неговата награда и плашејќи се од Неговата казна.

- Да се бара заштита кај Аллах од скржавоста, бидејќи Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, наредувал да се бара заштита од неа. Од Мусаб бин Сад се пренесува дека Сад бин Еби Векас, радијаллаху анху, наредувал пет работи, пренесувајќи од Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, дека и тој ги наредувал: „Аллаху мој, барам заштита од Тебе од скржавоста, и барам заштита од Тебе од кукавичлукот, и барам заштита од Тебе да не доживеам најбедна старост, и барам заштита од Тебе од искушенијата на овој свет, и барам заштита од Тебе од казната во гробот.“ [75] [75] Го бележи Бухари, бр. (6365).

Блуд (прељуба, вонбрачен полов однос)

Блудот е голем грев кој укажува на неисправност на верата и моралот, а неговата штета се префрла и на народите и општествата, предизвикувајќи слабост, распад и пропаст. Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, известил дека бројноста и ширењето на прељубата е еден од предзнаците на Судниот ден. Енес бин Малик, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Еден од предзнаците на Судниот ден е кога знаењето ќе го снема, а незнаењето ќе се зацврсти, ќе се пие алкохол и ќе се прошири блудот.“ [76] [76] Бухари, бр. (80), и Муслим, бр. (2671).

Докази:

Доказите за забраната на блудот, како и за неговата грозност и големината на тој грев се многубројни. Некои од нив се:

Зборовите на Возвишениот: „И не приближувајте му се на блудот, бидејќи тоа е разврат, колку лош пат е тоа!“ (Ел Исра, 32)

Возвишениот исто така вели: „Блудникот и блудничката искамшикувајте ги со сто удари, секој од нив, и при извршувањето на Аллаховите прописи нека не ве обзема никакво сожалување кон нив, ако верувате во Аллах и во оној свет, и при нивното казнување нека присуствува една група верници!“ (Ен Нур, 2)

Во друг ајет се вели: „И тие кои покрај Аллах на друг бог не му се молат, и тие, коишто Аллах ги забранил, не ги убиваат, освен кога правдата бара, и кои не прават блуд; а кој тоа го прави, ќе ја искуси казната, страдањето на оној свет двојно ќе му биде, и во него вечно понижен ќе остане, освен тие што ќе се покајат и ќе поверуваат и добри дела ќе прават, Аллах нивните лоши дела во добри ќе ги смени, а Аллах простува и Милостив е.“ (Ел Фуркан, 68-70)

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Човекот кој прави блуд, не е верник додека го прави.“ [77] [77] Го бележат Бухари, бр. (2475), и Муслим, бр. (100).

Абдулах бин Месуд, радијалаху анху, раскажува: „Го прашав Аллаховиот Пратеник, алејхи селам: ,Кој е најголемиот грев кај Аллах?‘ Тој одговори: ,Да му припишеш здруженик на Аллах, а Тој те создал‘, реков: ,Навистина е голем грев.‘, и додадов: ,А кој е најголемиот грев после него?‘ Тој рече: ,Да го убиеш своето чедо, плашејќи се од сиромаштија.‘ Пак прашав: ,А по него?‘, а тој одговори: ,Да направиш блуд со жената на соседот.‘“ [78] [78] Го бележат Бухари, бр. (4477), и Муслим, бр. (86).

Убаде бин Самит, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Примете го ова од мене, примете го ова од мене: за неженет со немажена – сто удари и прогонство од една година, а за оженет со омажена – сто удари и каменување.“ [79] [79] Го бележи Муслим со број (1690).

Блудот во целост е харам-забранет и спаѓа во категоријата на големи гревови, но некои видови на блуд се потешки и поомразени кај Аллах од другите. Во најтешките и најомразените видови на блуд спаѓаат:

- Блуд со блиски роднини. Ел-Бера бин Азиб, радијаллаху анху, раскажува: „Го сретнав чичко ми, кој носеше знаме, па го прашав: ,Каде одиш?‘ Тој одговори: ,Ме испрати Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, кај еден човек кој се оженил со жената на својот татко, па ми нареди да го погубам и да му го земам имотот.‘“ [80] [80] Го Ебу Давуд, бр. (4457).

- Прељуба со сопругата на соседот: Од Ел-Микдад бин Ел-Есвед, радијаллаху анху, се пренесува дека рекол: Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ги прашал своите другари за блудот. Тие одговориле: „Забранет е. Алах и Неговиот пратеник го забраниле.“ Тогаш тој рекол: „Помал грев е за човекот да изврши блуд со десет жени, отколку да изврши блуд со сопругата на својот сосед.“ [81] [81] Го бележи Бухари во Ел Едеб Ел Муфред бр. (103).

- Блуд со жените на муџахидите. Пренесува Сулејман бин Бурејде, од неговиот татко, радијаллаху анху, дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Честа на жените на муџахидините за оние кои остануваат е како честа на нивните мајки. И нема маж од оние кои остануваат, кој ќе се грижи за семејството на некој муџахид, па ќе го изневери, а на Судниот ден да не застане пред него и да земе од неговите дела колку што ќе посака. Па, што мислите тогаш?“ [82] [82] Го бележи Муслим, бр. (1897).

- Блудот на старите лица. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Со тројца Аллах нема да зборува на Судниот ден, нема да ги исчисти нуту ќе ги погледне и ќе бидат казнети со болна казна: старец блудник, владетел кој лаже и вообразен сиромав.“ [83] [83] Го бележи Муслим, бр. (172).

Штетни последици:

Блудот има многу штетни последици:

- Иманот се издигнува над робот во моментот кога прави блуд, па кога ќе се покае, му се враќа. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кога човекот прави блуд, иманот излегува од него и стои над него како облак, па кога ќе престане, иманот му се враќа.“ [84] [84] Ебу Давуд, бр. (4690).

- Блудот е причина за Аллаховиот гнев, лутина и казна.

- Повлекува шеријатска казна на овој свет: каменување до смрт ако сторителот е оженет, или сто удари со камшик ако е неженет.

- Блудот доведува до мешање на родословието, до распаѓање на семејствата, појава на непријателство меѓу нив и до пропаст на општеството.

- Појавувањето на болести кои не беа познати порано, како што е сидата.

- Со блудот го снемува срамот и доверливоста.

Заштита:

Начини на заштита од блудот:

- Бракот е еден од најефикасните начини за заштита од блуд, па кој не може да се ожени, нека пости. Абдулах бин Месуд, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој има можност да се ожени, нека го стори тоа, бидејќи тоа најдобро го чува погледот и ја штити чедноста. А кој не може, нека пости, бидејќи постот е заштита за него.“ [85] [85] Го бележат Бухари, бр. (1905), и Муслим, бр. (1400).

- Чување на органите и спуштање на погледот, како што Возвишениот вели: „Кажи им на верниците нека ги спуштат погледите свои и нека ги чуваат срамните места свои; тоа им е најморално, затоа што Аллах навистина го знае тоа што го прават. А кажи им на верничките нека ги спуштат погледите свои и нека ги чуваат срамните места свои.“ (Ен Нур, 30-31) Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Аллах му го одредил на синот Адемов неговиот удел од блудот, кој тој неминовно ќе го достигне: блудот на окото е гледањето, а блудот на јазикот е говорот, душата посакува и копнее, а половиот орган го потврдува тоа или го негира/отфрла.“ [86] [86] Го бележат Бухари, бр. (6612), и Муслим, бр. (2657).

- Забрана за осамување со туѓа жена. Ибн Абас, радијаллаху анхума, пренесува дека го слушнал Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Нека не се осамува маж со жена освен ако со неа не е присутен нејзин старател (махрем).“ [87] [87] Го бележат Бухари, бр. (3006), и Муслим, бр. (1341).

- Придржувањето на муслиманката кон хиџабот кој Возвишениот Аллах го наредил во поглавјата Ен-Нур и Ел-Ахзаб, и избегнување на разоткривањето кое Шеријатот го забранил.

- Забрана за посетување на порнографски страници, или комуникација со лошо друштво од мажи и жени.

- Поттикнување на покајание со неговите три услови (престанок со блудот, каење за направеното и цврста одлука да не му се врати повторно), Возвишениот Аллах, опишувајќи ги робовите на Семилосниот, вели: „И кои не прават блуд; а кој тоа го прави, ќе ја искуси казната, страдањето на оној свет двојно ќе му биде, и во него вечно понижен ќе остане, освен тие што ќе се покајат и ќе поверуваат и добри дела ќе прават, Аллах нивните лоши дела во добри ќе ги смени, а Аллах простува и Милостив е.“ (Ел Фуркан, 68-70)

Кражбата

Кражбата е голем грев кој ја нарушува чесноста на човекот и неговата вера. Возвишениот Аллах за неа ја пропишал казната, а тоа е отсекување на раката кога ќе се исполнат нејзините услови. Тој го негирал иманот на сторителот во моментот кога го врши овој голем грев и пропишал проклетство врз него.

Постојат и други видови поврзани со кражбата, иако прописот за нив е различен, како што се проневера, грабеж и крадењето од џепови. Секое од овие грозни дела си има свој пропис и казна.

Докази:

Доказите за забраната, грдоста и големината на гревот на кражбата се многубројни, меѓу нив се:

Зборовите на Возвишениот: „На крадецот и на крадачката отсечете им ги рацете нивни, тоа нека им биде казна за тоа што го сториле и опомена од Аллах! А Аллах е Силниот и Мудриот!“ (Ел Маиде, 38)

Ибн Шихаб Ез-Зухри рекол: „Аллах го пропишал отсекувањето на раката како опомена за оние што го крадат имотот на луѓето. Аллах е Силен во Своето казнување на крадецот и Мудар во Својата одредба за пропишување на тоа отсекување.“ [88] [88] Ел Кебаир од Ез Зехеби (стр. 97).

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Човекот кој прави блуд, не е верник додека го прави; човекот кој краде, не е верник додека краде.“ [89] [89] Го бележат Бухари, бр. (2475), и Муслим, бр. (75).

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Аллах го проколнал крадецот, кој ќе украде јајце – па ќе му се отсече раката или ќе украде јаже – па ќе му се отсече раката.“ [90] [90] Го бележат Бухари, бр. (6810), и Муслим, бр. (1687).

Исто така и Аиша, радијаллаху анха, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Раката се отсекува за кражба во вредност од четвртина динар или повеќе.“ [91] [91] Го бележат Бухари, бр. (6789), и Муслим, бр. (1684).

Од Урве бин Зубејр се пренесува дека една жена извршила кражба во времето на Аллаховиот пратеник, алејхи селам, за време на освојувањето на Мека. Нејзиниот народ се обратил кај Усама бин Зејд, барајќи од него да се заземе за неа. Урве рекол: „Кога Усама разговарал со него за неа, лицето на Аллаховиот пратеник, алејхи селам, ја променило бојата и тој рекол: „Зарем се заземаш кај мене за една од Аллаховите казни?“ Усама рекол: „Побарај прошка за мене, о Божји пратенику!“ Кога дошла вечерта, Божјиот пратеник станал да одржи говор. Го пофалил Аллах онака како што Му доликува, а потоа рекол: „А потоа велам, народите пред вас ги уништило тоа што, кога некој угледен меѓу нив ќе украдел, го оставале на мира, а кога некој слаб ќе украдел, над него ја спроведувале казната. Се колнам во Оној во Чија Рака е душата на Мухамед, доколку Фатима, ќерката на Мухамед, украде, ќе ѝ ја отсечам раката!“ Потоа Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, наредил на таа жена па ѝ била отсечена раката. Потоа, таа искрено се покајала и се омажила. Аиша, радијаллаху анха, рекла: „Таа доаѓаше и потоа, а јас му ја пренесував нејзината потреба на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.“ [92] [92] Го бележат Бухари, бр. (4304), и Муслим, бр. (1688).

Оваа строга казна – отсекувањето на раката – е пропишана поради посегнување по туѓ имот. Таа претставува казна што одвраќа и служи како поука за секој што ќе помисли да го украде имотот на луѓето. Воедно, таа е прочистување за крадецот од неговиот грев, воспоставување на сигурност и спокојство во општеството и заштита на имотот на луѓето.

Штетни последици:

Кражбата предизвикува тешки последици, меѓу кои:

- Кражбата е во спротивност со потполниот иман, поради претходно наведениот хадис: „...Човекот кој краде, не е верник додека краде.“

- Крадецот го чека казна на Ахиретот, доколку не се покае, покрај срамот со кој се соочува на дуњалукот.

- Кражбата е причина за отсекување на раката на крадецот.

- Крадецот е лишен од услишување на довата. Од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се пренесува дека рекол: „Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, го спомна човекот кој долго патува, со разбушавена коса и правлив, ги подига рацете кон небото и вели: ,Господару мој, Господару мој,‘ а неговата храна е харам, неговиот пијалак е харам, неговата облека е харам, и е хранет со харам, па како да му биде одговорено?“ [93] [93] Го бележи Муслим со број (1015).

- Таа (кражбата) е доказ за подлоста на душата и нискоста на карактерот.

- Луѓето не му веруваат на крадецот за ништо, дури и кога станува збор за нешто безвредно.

Заштита:

Начини на заштита од кражбата:

- Спроведувањето на пропишаната казна со отсекување на раката на крадецот е еден од најмоќните начини за сузбивање на кражбата во општеството.

- Поттикнување на чување на довереното и предупредување од изневерување преку кражба и слично.

- Потсетување на бериќетот од халал нафаката врз целото семејство, и на злото на кражбата и нејзиното влијание врз целото семејство.

- Воспитување на децата да бидат чесни и да не посегнуваат по правата и имотот на другите, обезбедување на основните потреби на детето за да не го наведе шејтанот на кражба, и негово оддалечување од лошото друштво кое му ги разубавува таквите постапки.

- Задоволување со халал наспроти харам во поглед на ризкот (снабдувањето) и неговите извори, и вложување труд во тоа, и упатување дова на Севишниот Аллах. А дел од тоа е и она што се пренесува во хадисот од Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем: „О, Аллах, направи дозволеното што Ти го дозволи да ми биде доволно, па да не посегнувам по она што си го забранил; и направи ме независен со Твојата дарежливост од сите други освен од Тебе.“ [94] [94] Го бележи Тирмизи, бр. (3563).

Консумирањето алкохол

Алкохолот е едно од злата што Шеријатот ги забранил, и го проколнал секој оној кој го употребува или учествува во неговото производство, продавање, носење, точење или на друг начин. Консумирањето алкохол спаѓа меѓу големите гревови кои го изложуваат сторителот на строга закана на идниот свет, покрај лошите последици што го снаоѓаат на овој свет.

Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, известил дека распространетоста на пиењето алкохол е еден од предзнаците на Судниот ден. Енес бин Малик, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Еден од предзнаците на Судниот ден е кога знаењето ќе го снема, а незнаењето ќе се зацврсти. Ќе се пие алкохол и блудот ќе стане јавен.“ [95] [95] Го бележат Бухари, бр. (80), и Муслим, бр. (2671).

Под прописот за алкохол спаѓа сè што опива и го заматува разумот, како што се сите видови дроги и хашиш. Сите тие се забранети и не е дозволена нивната употреба. Абдулах бин Омер, радијаллаху анхума, пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Секое опојно средство е алкохол и секое опојно средство е харам. Кој ќе пие алкохол на овој свет и умре зависен од него, без да се покае, нема да го пие на идниот свет.“ [96] [96] Муслим, бр. (2003).

Докази:

Многубројни се доказите за забраната на консумирање алкохол, кои ја појаснуваат неговата грдост и големината на тој грев, од нив се:

Зборовите на Возвишениот Аллах: „О, верници, виното, коцката, идолите и стреличките за гатање се одвратни нешта, шејтаново дело; затоа избегнувајте ги, за да постигнете што сакате. Шејтанот сака со помош на виното и коцката меѓу вас да внесе непријателство и омраза, и да ве одврати од сеќавање на Аллах и од извршување на намазот (молитвата). Па, ќе престанете ли?“ (Ел Маиде, 90-91)

Енес бин Малик, радијаллаху анху, раскажува: „Бев тој што им точеше пијалак на луѓето во куќата на Ебу Талха, на денот кога беше забранет алкохолот. Тогаш се слушна гласник, па Ебу Талха ми рече: ,Излези и види.’ Излегов и, ете, гласникот повикуваше: ,Знајте дека алкохолот е забранет!’ Тогаш Ебу Талха ми рече: ,Излези и истури го!’ Го истурив, и тој потече по улиците на Медина.“ [97] [97] Го бележат Бухари, бр. (2464), и Муслим, бр. (1980).

И од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Човекот кој прави блуд, не е верник додека го прави; и човекот кој пие алкохол, не е верник додека го пие.“ [98] [98] Го бележат Бухари, бр. (2475), и Муслим, бр. (100).

Абдулах бин Омер, радијаллаху анхума, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Аллах го проколнал алкохолот, оној што го пие, оној што го точи, оној што го продава, оној што го купува, оној што го цеди, оној што бара да се цеди, оној што го носи и оној кому му се носи.“ [99] [99] Ебу Давуд, бр. (3674).

Од Ебу Дерда, радијаллаху анху, се пренесува дека рекол: „Мојот близок пријател, салаллаху алејхи ве селем, ме посоветува: ,Не пиј алкохол, затоа што тој е клучот на секое зло.‘“ [100] [100] Го бележи Ибн Маџе, бр. (3371).

Ебу Дерда, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Нема да влезе во Џенет зависник од алкохол.“ [101] [101] Го бележи Ибн Маџе, бр. (3376).

Штетни последици:

Казните и опасностите што произлегуваат од тој голем грев се следниве:

- Кој пие алкохол, нема да му се прими намазот четириесет дена, бидејќи е пренесено од Абдулах бин Амр, радијаллаху анхума, дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој ќе пие алкохол, нема да му се прими намазот четириесет дена. Ако се покае, Аллах ќе го прими неговото покајание. А ако повтори, Аллах нема да му го прими намазот четириесет дена. Ако се покае, Аллах ќе го прими неговото покајание. А ако повторно го направи, Аллах нема да му го прими намазот четириесет дена. Ако се покае, Аллах ќе го прими неговото покајание. Но, ако го повтори по четврти пат, Аллах нема да му го прими намазот четириесет дена, а дури и ако се покае, Аллах нема да го прими неговото покајание и ќе го напои од реката Ел-Хабал.“ Го прашале: „О, Ебу Абдурахман, што е тоа реката Ел-Хабал?“ Тој одговорил: „Река од гнојот на џехенемлиите.“ [102] [102] Го бележи Тирмизи, бр. (1862).

На оној кој ќе умре пиејќи алкохол, а не се покајал од тоа, ќе му биде забранет (алкохолот) на Ахирет. Абдулах ибн Омер, радијаллаху анхума, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој ќе пие алкохол на овој свет, а не се покае од тоа, ќе му биде забранет на идниот свет.“ [103] [103] Го бележат Бухари, бр. (5575), и Муслим, бр. (2003).

- Алкохолот предизвикува непријателство и омраза меѓу муслиманите и руши многу семејства, бидејќи голем број разводи и поделби меѓу децата се резултат на зависноста од пиењето алкохол. Оној што пие и го губи разумот станува несвесен и е способен да изврши тешки гревови од кои телото се ежи. Алкохолот е мајка на сите зла и клуч на секое зло.

- Алкохолот го троши имотот на оној што го консумира во нешто што му штети, а не му користи. Човекот ќе биде прашан за својот имот: како го стекнал и во што го потрошил. Од Ебу Берзе ел-Еслеми, радијаллаху анху, се пренесува дека Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Нема да се придвижат стапалата на човекот на Судниот ден сè додека не биде прашан за четири работи: за неговиот живот – на што го потрошил, за неговото знаење – дали работел според тоа, за неговиот имот – како го заработил и како го потрошил и за неговото тело, како го користел.“ [104] [104] Го бележи Тирмизи со број (2417).

- Алкохолот ги зголемува грижите и ги усложнува проблемите, а не како што велат безделниците – дека носи радост и задоволство. А дури и да е така, тоа е лажна и нереална радост, лажно задоволство кое брзо исчезнува, а по него следуваат каење, жалење и долготрајна мака и тага.

- Консумирањето на опојни средства доведува до многубројни физички и духовни нарушувања, а доволна штета е тоа што го одзема разумот, со кој Возвишениот Аллах го почестил човекот.

Заштита:

Начини на заштита од неговото консумирање и зависност:

- Почитување на Аллаховата наредба и забрана, и брзо покорување на наредбата и избегнување на забраната. Затоа што, кога човекот е уверен во совршената милост и мудрост на Аллах во сè што создал и одредил, како и во сè што наредил и забранил, тој е задоволен со сите учења и прописи на својот Господар, ги прифаќа со задоволство и брза да ги спроведе без да чувствува нелагодност или тежина.

- Свесноста дека употребата на опојни средства резултира со лоши последици, срамни постапки, понижување, омаловажување, срам и каење.

- Волјата и упорноста за промена бараат цврста одлука и вложување на максимален труд.

- Да се избегнува лошото друштво и да се дружи со добрите и праведните, и од нив ќе се најде голема помош, со Аллахова дозвола.

- Постојат одредени медицински третмани кои помагаат во лекувањето на зависност од алкохол и дроги, па од нив може да се има корист преку посетување на лекари и специјализирани центри.

Каматата

Каматата е еден од најголемите гревови; таа претставува објава на војна против Аллах и Неговиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, и го изложува оној што се занимава со неа на тешки последици и штети и на овој и на идниот свет. Таа, исто така, го корумпира и економскиот живот и влијае негативно врз поединецот и општеството.

Каматата претставува зголемување на долгот како надомест за одредување на времето на неговото враќање, во секој случај. Таа, исто така, подразбира зголемување при размена на две добра кои подлежат на каматен пропис, и се нарекува „каматa на зголемување“ (риба ел-фадл). А „каматата на одложување“ (риба ен-несиа) е одложување на примопредавањето при продажба на два вида добра кои имаат исто својство што причина за постоење на камата на зголемување.

Ебу Сеид ел-Худри, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Злато за злато, сребро за сребро, пченица за пченица, јачмен за јачмен, урми за урми и сол за сол – со иста мера, од рака во рака. А кој ќе даде повеќе или ќе побара повеќе, тоа е камата, а оној што зема и оној што дава во тоа се еднакви.“ [105] [105] Го бележат Бухари, бр. (2177), и Муслим, бр. (1584).

Формите и видовите на каматата се многубројни, затоа муслиманот треба да ги познава, да се чува од нив и да ги избегнува, и да не се впушта во никаква трансакција пред да го научи нејзиниот пропис.

Докази:

Во врска со предупредувањето од камата и нејзината забрана постојат многубројни текстови во Куранот и Сунетот, од кои се:

Аллаховите зборови: „Тие што се хранат од каматата нема да се кренат, освен како тој кого допирот на шејтанот го избезумил. Тоа е затоа што велеа: „Каматата е иста како и трговијата“. А Аллах ја дозволил трговијата, а ја забранил каматата. На тој до кого ќе стигне поуката од Господарот негов, па се оттргне од тоа, му припаѓа тоа што претходно го стекнал, а неговиот случај Му е препуштен на Аллах. А тие кои тоа повторно ќе го сторат, ќе бидат жители на Огнот, каде вечно ќе останат.“ (Ел Бекаре, 275)

И Неговите зборови: „О, верници, плашете се од Аллах и откажете се од тоа што останало од каматата, ако сте верници. Ако не го сторите тоа, ви се навестува војна од Аллах и од Неговиот Пратеник.“ (Ел Бекаре, 278-279)

Следен ајет и доказ е: „О, верници, не јадете ја каматата, двократно и повеќекратно зголемена, и плашете се од Аллах за да бидете спасени!“ (Али Имран, 130)

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Чувајте се од седумте гревови кои предизвикуваат пропаст.“ Прашале: „Кои се тие, о, Божји пратенику?“ Тој одговорил: „Многубоштвото (ширкот), магијата (сихрот), неправедното убиство, каматата, бесправното користење на имотот на сиракот, дезертирањето од бојното поле и клеветењето на чесните и чедните вернички.“ [106] [106] Го бележат Бухари, бр. (2766), и Муслим, бр. (89).

Од Семуре бин Џундуб, радијаллаху анху, се пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Ноќеска видов двајца мажи кои ми пријдоа и ме одведоа во света земја. Тргнавме сѐ додека не стигнавме до една река од крв, во која стоеше еден човек, а на брегот на реката стоеше друг човек со камења пред себе. Човекот во реката тргна да излезе, но секогаш кога ќе се обидеше, другиот му фрлаше камен во устата и го враќаше назад на неговото место. Прашав: ,Што е ова?‘ Тој одговори: ,Оној што го виде во реката е оној што се храни со камата (зема лихва).‘“ [107] [107] Го бележат Бухари, бр. (2085), и Муслим, бр. (2275).

Штетни последици:

Занимавањето со камата има многубројни штети, меѓу кои се:

- На примателот на каматата му е ветена жестока закана и болна казна на Ахирет, а Возвишениот Аллах и Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, му објавиле војна на таквиот. Возвишениот вели: „Ако не го сторите тоа, ви се навестува војна од Аллах и од Неговиот Пратеник.“ (Ел Бекаре, 279)

- Дека тој се изложил на проклетството на Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Џабир бин Абдулах, радијаллаху анхума, рекол: „Божјиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ги проколнал давателот на каматата и нејзиниот примател, писарот и двата сведока, и додал – сите се еднакви (во гревот).“ [108] [108] Го бележи Муслим со број (1598).

- Таа е бесправно присвојување на туѓ имот. Возвишениот Аллах вели: „О, верници, не присвојувајте ги на недозволен начин имотите едни од други, освен со трговија и со заемна согласност.“ (Ен Ниса, 29) А значењето е како што вели Ет-Табери: „Не присвојувајте си ги имотите едни на други на недозволен начин, со камата, коцка и други работи кои Аллах ви ги забранил, освен да биде преку трговија.“ [109] [109] Тефсир Ет-Табери, (6/625).

- Имотот стекнат од камата е лишен од бериќет. Возвишениот Аллах вели: „Аллах ја уништува каматата, а ги намножува милостините. Аллах не сака ниту еден неверник, грешник!“ (Ел Бекаре, 276) Ес Са‘ди, рекол: „Аллах ја уништува каматата“, односно, го отстранува бериќетот од истата суштински и описно, со што станува причина за појава на несреќи во неа и за губење на бериќетот од неа. И ако подели како милостина од неа, нема да биде награден за тоа, туку тоа ќе му биде залиха за во Огнот.“ [110] [110] Тефсир Ес-Са‘ди, стр. 117.

Од Ибн Месуд, радијаллаху анху, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Никој не се збогатил од камата, а на крајот да не завршил со немаштија.“ [111] [111] Го бележи Ибн Маџе, бр. (2279).

- Каматата сее омраза во срцата и ги отстранува сомилоста и милоста, со што умира братството и се распаѓа структурата на општеството.

- Каматата е општествено злосторство кое, кога ќе се рашири во едно општество, го уништува и ги поткопува неговите темели.

Заштита:

Начини за заштита од користење на камата:

- Остварување на иманот. Возвишениот Аллах вели: „О, верници, не јадете ја каматата, двократно и повеќекратно зголемена.“ (Али Имран, 130) „Ова укажува дека иманот е причината која повикува и обврзува на извршување на таа наредба и избегнување на таа забрана; бидејќи иманот е потполно верување во она во што е обврска да се верува, кое ги условува делата на телото.“ [112] [112] Тефсир Ес-Са‘ди, стр. 148.

- Постигнување на богобојазливост. Возвишениот вели: „О, верници, не јадете ја каматата, двократно и повеќекратно зголемена, и плашете се од Аллах за да бидете спасени!“ (Али Имран, 130)

- Стремеж кон стекнување на милоста на Аллах, во Куранот, по спомнувањето на забраната за камата, Тој вели: „И бидете им покорни на Аллах и на Пратеникот за да ви биде укажана милоста.“ (Али Имран, 132)

- Присетување на смртта и на стравотиите и ужасите на Судниот ден. Возвишениот, по ајетите за лихварството, вели: „И плашете се од Денот кога сите кај Аллах ќе бидете вратени, а потоа секому тоа што го заслужил ќе му се исплати! Никому неправда нема да му биде направена.“ (Ел Бекаре, 281)

- Страв од Огнот. По забраната за лихварство, Возвишениот Аллах вели: „И чувајте се од Огнот кој е подготвен за неверниците!“ (Али Имран, 131)

- Изучување на шеријатските прописи, а од нив и прописите на купопродажбата и каматата. Омер бин Хатаб, радијаллаху анху, рекол: „Нека не продава на нашите пазари никој освен оној што се стекнал со разбирање (знаење за) на верата.“ [113] Во друго предание стои: „Во спротивно се храни со камата, го сакал тој тоа или не.“ [114] [113] Го бележи Тирмизи со број (487). [114] Ет-Тергиб вет-Терхиб од Асбехани (810).

- Задоволување со халалот наспроти харамот во ризкот и неговите извори, и упатување дова на Семоќниот Аллах, а пример за тоа е она што се пренесува во хадисот од Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем: „Аллаху мој, нека ми биде доволно тоа што е дозволено кое ќе ме оддалечи од забранетото, Твојата дарежливост нека ми биде доволна да не се потпрам на некој друг.“ [115] [115] Го бележи Тирмизи, бр. (3563).

Непослушноста кон родителите

Непослушноста кон родителите е еден од најголемите гревови и спаѓа меѓу најтешките после придружувањето здруженик на Возвишениот Аллах. Поради тоа, Аллах го поврзал Неговото право со правото на родителите во повеќе ајети, меѓу кои се и зборовите на Возвишениот Аллах: „И обожувајте Го Аллах и ништо не Му здружувајте! А на родителите правете им добро.“ (Ен Ниса, 36) Возвишениот исто така вели: „Ние му наредивме на човекот да им биде послушен на родителите свои. Мајката го носи, а нејзиното здравје трпи, и го дои во текот на две години. Биди Ми благодарен Мене и на родителите свои, кај Мене сите ќе се вратат.“ (Лукман, 14)

Вистинското значење на непослушноста кон родителите е сето она што произлегува од човекот и им нанесува штета на родителите, било преку зборови или дела, или преку запоставување на добрината и грижата кон нив. Во тоа спаѓа и непослушноста кон нив во она што го наредуваат, освен ако наредат ширк или грев кон Возвишениот Аллах, а во тие два случаи не им се покорува; бидејќи нема послушност кон созданието во непослушност кон Создателот, а кон нив и понатаму треба да се постапува со благост и добрина. Возвишениот вели: „А ако те наговараат Мене друг да Ми припишуваш за рамен, за кој ти ништо не знаеш, ти не слушај ги и кон нив, на овој свет, примерно однесувај се.“ (Лукман, 15)

Каб ел-Ахбар, Аллах нека му се смилува, бил запрашан што е непослушност кон родителите, па одговорил: „Тој е оној кој, кога татко му или мајка му ќе го заколнат, не ја исполнува нивната заклетва; кога ќе му наредат нешто, не им се покорува; кога ќе побараат нешто од него, не им дава; и кога ќе му доверат нешто, ја изневерува нивната доверба.“ [116] [116] Ел Кебаир, стр. 41.

Докази:

Доказите за забраната на непослушноста кон родителите, како и за сериозноста и големината на овој грев, се многубројни, меѓу нив се:

Зборовите на Возвишениот Аллах: „Господарот твој заповеда само Него да Го обожувате и на родителите добро да им правите. Кога еден од нив двајца, или двајцата, ќе доживеат старост кај тебе, не вели им ни: ,Уф!' – и не кревај го гласот свој кон нив, туку обраќај им се со зборови полни со почит! Биди внимателен и покорен кон нив, и кажи: ,Господару мој, смилувај им се, тие мене, кога бев дете, ме негуваа!‘“ (Ел Исра, 23-24)

Ебу Бекре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Дали сакате да ве известам за најголемите гревови?“, рековме: „Секако, о Аллахов пратенику.“ Рече: „Да сметаш дека некој му е рамен на Аллах, непослушноста кон родителите и лажното сведоштво, или лажниот говор.“ [117] [117] Го бележат Бухари, бр. (2654), и Муслим, бр. (87).

Енес, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, бил запрашан за големите гревови, па рекол: „Многубоштвото (ширкот), непослушноста кон родителите, бесправното убиство и лажното сведочење.“ [118] [118] Го бележат Бухари, бр. (2653), и Муслим, бр. (144).

Мугире бин Шубе, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Навистина, Аллах ви забрани непослушност кон мајките...“ [119] [119] Го бележат Бухари, бр. (2408), и Муслим, бр. (593).

Штетни последици:

Непочитувањето на родителите има многубројни штетни последици, меѓу кои се:

- Непочитувањето на родителите е една од причините робот да биде лишен од Божјиот поглед (на сомилост) на Судниот ден, како и од влезот во Џенетот. Абдулах бин Омер, радијаллаху анхума, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кон тројца Аллах нема да погледне на Судниот ден: тој што не е послушен на родителите, жената што ги имитира мажите, и „дејузот-тој што не се грижи за неморалот во неговото семејство“, и тројца нема да влезат во Џенетот: тој што не е послушен на родителите, хроничниот алкохоличар, и тој што приговара за она што го дал.“ [120] [120] Го бележи Несаи, бр. (2562).

- Непослушниот е неблагодарен на благодатите од Возвишениот Аллах и за добрината на своите родители. Возвишениот вели: „Биди Ми благодарен Мене и на родителите свои, кај Мене сите ќе се вратат.“ (Лукман, 14)

- Непослушноста кон родителите е една од причините за гневот на Возвишениот Аллах. Од Абдулах бин Омер, радијаллаху анхума, се пренесува дека рекол: „Задоволството на Господарот е во задоволството на родителот, и негодувањето на Господарот е во негодувањето на родителот.“ [121] [121] Го бележи Бухари во Ел Едеб Ел Муфред бр. (2).

- Непослушноста предизвикува нестабилност во семејството, а со тоа и во целото општество, бидејќи оној кој не е доброчинител кон своите родители, нема да добие доброчинство од своите деца, ниту пак самиот ќе биде доброчинител кон своите соседи и општеството.

Заштита:

Начини на заштита од гревот на непослушноста кон родителите:

- Да се избегнува вознемирување па дури и најмало на родителите. Возвишениот Аллах вели: „не вели им ни: ,Уф!‘“ Ова е најблагиот облик на вознемирување, со кој се укажува и на сè што е потешко од тоа, а значењето е: да не им се нанесе ни најмало вознемирување. „и не кревај го гласот свој кон нив“ Т.е. не ги укорувај и не им зборувај грубо, „и обраќај им се со зборови полни со почит“ Со изрази кои тие ги сакаат, со почит и благонаклоност, со нежен и убав говор кој е благопријатен за нивните срца и ги смирува нивните души, а тоа се разликува во зависност од околностите, обичаите и времињата. [122] [122] Тефсир Ес-Са‘ди, стр: 5.

- Спознанието дека родителите се најзаслужни луѓе за убав однос и благо постапување. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, рекол: „Некој човек дошол кај Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, и го прашал: ,О, Аллахов пратенику, кој од луѓето најмногу заслужува добро однесување кон него?' Тој одговорил: ,Твојата мајка. Човекот прашал: ,А потоа кој?' Пратеникот повторно рекол: ,Твојата мајка.' Човекот повторно прашал: ,А потоа кој?' Пратеникот повторно рекол: ,Твојата мајка.' Човекот прашал: ,А потоа кој?' Пратеникот одговорил: ,Потоа твојот татко.‘“ [123] [123] Го бележат Бухари, бр. (5971), и Муслим, бр. (2548).

- Да знае дека, колку и да им прави добрина на своите родители, тој не им го исполнил нивното право, и дека нивното право е поголемо од сета негова добрина. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Детето не може да му се оддолжи на родителот, освен ако го најде како роб, па да го купи и да го ослободи.“ [124] Односно: Детето не може да го исполни правото на својот родител, ниту да го награди за неговата добрина, освен ако го затекне како роб и го ослободи. [124] Го бележи Муслим, бр. (1510).

Ибн Омер, радијаллаху анхума, видел еден човек како ја носи својата мајка на грб додека правел таваф околу Каба. Човекот го прашал: „О, Ибн Омер, дали мислиш дека ѝ се оддолжив?“ Тој одговорил: „Не, ниту за една нејзина болка при породувањето. Но, сепак, си направил добро дело, а Аллах за малку наградува многу.“ [125] [125] Види: Ел Кебаир, 42.

- Борбата со сопствената душа за да се задоволат родителите, а тоа е вид на џихад на Аллаховиот пат. Од Абдулах бин Амр, радијаллаху анху, се пренесува дека еден човек дошол кај Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, барајќи дозвола за џихад. Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, го прашал: „Дали ти се живи родителите?“ Човекот одговорил: „Да.“ Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, тогаш му рече: „Твојот џихад е да им служиш ним.“ [126] [126] Го бележат Бухари, бр. (3004), и Муслим, бр. (2549).

- Да се избегнува пцуењето на родителите на оној со кој се расправа, за да не се предизвика противникот да ги опцуе неговите родители, за што Абдулах бин Амр, радијаллаху анхума, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Еден од најголемите гревови е човек да ги проколнува своите родители.“ Го прашале: „О, Аллахов пратенику, а како човек ги проколнува своите родители?“ Тој одговорил: „Човек го пцуе таткото на друг човек, па тој му го пцуе неговиот татко, и ја пцуе неговата мајка, па тој му ја пцуе неговата мајка.“ [127] [127] Го бележат Бухари, бр. (5973), и Муслим, бр. (90).

- Грижа да не се натажат родителите. Од Абдулах бин Амр, радијаллаху анху, се пренесува дека еден човек дојде кај Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, и рече: „Дојдов да ти дадам заклетва за хиџрет, а моите родители ги оставив расплакани.“ Пратеникот му рече: „Врати се кај нив и насмеј ги, како што ги расплака.“ [128] [128] Ебу Давуд, бр. (2528).

- Подучување на децата уште од мали на почитување и добрина кон родителите.

Прекинувањето на роднинските врски

Прекинувањето на роднинските врски, нанесувањето неправда на роднините или избегнувањето на исполнувањето на нивните права е особина на губитниците кои го кинат она што Аллах наредил да се одржува. Тоа, всушност, е злосторство и еден од големите гревови, а такво дело го прави само оној чие срце станало тврдо (грубо), чии човечки доблести ослабнале и кој го изгубил чувството за одговорност.

Роднините се блиските од страна на таткото и од страна на мајката. Прекинувањето на роднинските врски се пројавува преку нивно занемарување, избегнување на можните посети, неучествување во нивните радости и неутешување во нивните таги. Тоа, исто така, се покажува и со давање предност на другите пред нив во посебните поврзувања и дарувања, во кои тие имаат поголемо право од останатите.

Докази:

Доказите за забраната за прекинување на роднинските врски се многубројни, меѓу кои:

Зборовите на Возвишениот Аллах: „Можеби и вие, кога би се одметнале, неред на Земјата би правеле и роднинските врски би ги кинеле! Тоа се тие коишто Аллах ги проколнал и глуви и слепи ги направил.“ (Мухамед, 22-23)

На друго место во Куранот, Возвишениот вели: „А тие што не ги исполнуваат должностите кон Аллах, иако за тоа цврсто се обврзале, и го кршат тоа што Аллах наредил да се одржува, и прават неред на Земјата – нив ги чека проклетството и најлошото живеалиште.“ (Ер Рад, 25)

„,...и го кршат тоа што Аллах наредил да се одржува...“

односно: ги прекинуваат роднинските врски кои Аллах им наредил да ги одржуваат. [129] [129] Тефсир на Табери, 13/514.

- Од Џубејр, радијаллаху анху, се пренесува, дека го слушнал Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како кажува: „Нема да влезе во Џенет оној кој ги кине роднинските врски.“ [130] Односно, оној што ги прекинува роднинските врски. [130] Го бележи Муслим, бр. (5984).

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Аллах ги создал суштествата, и кога завршил со нив, станала роднинската врска пред Сèмилосниот. Тој рекол: ,Што е?’. Таа рекла: ,Ова е местото на оној кој бара заштита кај Тебе од прекинување на врските!’. Тој рекол: „Зарем не си задоволна што Јас ќе одржувам врските со оној што ќе те чува, и ќе ги прекинам врските со оној што ќе те прекине?’. Таа одговорила: ,Да, Господару мој!’. Тој рекол: ,Тогаш нека ти биде.’“ Ебу Хурејре рекол: Прочитајте, ако сакате: „Можеби и вие, кога би се одметнале, неред на Земјата би правеле и роднинските врски би ги кинеле!“ (Мухамед, 22) [131] Го бележат Бухари, бр. (4830), и Муслим, бр. (2554).

Од Аиша, радијаллаху анха, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Роднинската врска е прикачена за Аршот и вели: ,Кој ќе ме одржува, Аллах ќе го одржува него; а кој ќе ме прекине, Аллах ќе го прекине него.‘“ [132] [132] Го бележат Бухари, бр. (5989), и Муслим, бр. (2555).

Штетни последици:

Меѓу штетните последици и казните за овој голем грев спаѓаат:

- Оној кој ги прекинува роднинските врски е проколнат во Книгата на Возвишениот Аллах, како што беше наведено во претходните ајети.

- Аллах одредил дека една од особините на грешниците-губитници е прекинувањето на врските кои Тој наредил да се одржуваат, како што се роднинските врски. Возвишениот Аллах вели: „Тие што го прекршуваат заветот кон Аллах откако е даден, го прекинуваат тоа што Аллах го наредил да се одржува и прават неред на Земјата. Тие се губитници!“ (Ел Бекаре, 27)

- На оној што ги прекинува роднинските врски му се забрзува казната на овој свет, покрај она што му е оставено од казната за на Ахиретот. Од Ебу Бекре, радијаллаху анху, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, кажал: „Нема грев кој повеќе заслужува Аллах да му ја забрза казната на сторителот на дуњалукот – покрај она што му го чува за на Ахирет – од насилството и прекинувањето на роднинските врски.“ [133] [133] Го Ебу Давуд, бр. (4902).

- Една од најголемите казни со кои се казнува оној што ги кине роднинските врски е тоа што му се забранува влезот во Џенет. Од Џубејр бин Мут‘им, радијаллаху анху, се пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Нема да влезе во Џенет оној што ги прекинува роднинските врски.“ [134] [134] Го бележат Бухари, бр. (5984), и Муслим, бр. (2556).

- На оној што ги прекинува роднинските врски не му се воздигнува делото, ниту Аллах го прифаќа доброто дело од него. Од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се пренесува дека го слушнал Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Делата на Адемовите синови (луѓето) Му се прикажуваат на Возвишениот Аллах секој четврток навечер, во ноќта спроти петок, и не се прифаќа делото на оној што ги прекинува роднинските врски.“ [135] [135] Ахмед бр. (10272).

Заштита:

Начините за заштита од опасностите на овој голем грев се:

- Муслиманот да се потсети на вредноста на одржувањето на роднинските врски, што ќе го поттикне да ги одржува, а за тоа сведочи и преданието од Енес бин Малик, радијаллаху анху, кој пренесува дека го слушнал Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Кого го радува да има изобилно снабдување, или да му се продолжи животот (т.е. да му се зголеми животниот век), нека ги одржува роднинските врски.“ [136] [136] Го бележат Бухари, бр. (2067), и Муслим, бр. (2557).

- Возвраќање на злото со добрина, и спојување на прекинатите врски. Абдулах бин Амр, радијаллаху анхума, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Вистинскиот одржувач на роднинските врски не е оној што само возвраќа, туку оној кој ги одржува врските дури и кога тие се прекинати.“ [137] [137] Го бележи Бухари, бр. (5991).

- Прифаќањето на извинувањата и преминувањето преку лошите дела се одлики на пејгамберите и пратениците, Божјиот мир и спас нека е врз нив. Најубав пример за тоа е Јусуф, алејхис-селам, кој и покрај сè што му направиле неговите браќа, им простил и преминал преку нивната постапка за да ги зачува братските врски меѓу нив.

- Дарежливост кон роднините – лично жртвувајќи ја неговата положба и со својот имот – без очекување возврат од нив; воздржување од приговарање за направените добрини и од оптоварување со она што не можат да го поднесат; скромност и убаво однесување кон нив; трпеливост и возвишеност над нивните грешки и пропусти; да имаме убаво мислење за нив и да се воздржуваме од прекумерно прекорување и замерување.

- Стремеж за собирање на роднините: нивно поканување на прилики и гозби, нивно посетување и комуницирање со нив преку телефон.

- Навикнување и воспитување на децата за важноста на одржувањето на роднинските врски, за да се поведат по тој пример и да го применуваат кога ќе пораснат.

- Решавање на семејните проблеми преку советување и благост, особено во однос на прашањата поврзани со наследството.

- Избегнување на извештаченост со блиските роднини, која води до кинење на врските.

Гатањето, прорекувањето на иднината, астрологијата и одењето кај оние кои се занимаваат со овие зла

Врачарењето, гатањето и астрологијата се големи гревови кои го нарушуваат верувањето на оној што ги практикува, бидејќи таквиот или тврди дека го знае гајбот (скриеното), или ги припишува работите на ѕвездите, а сето тоа го нарушува тевхидот.

Гатачот е оној што известува за скриените нешта во иднина, а се вели и дека е оној што открива она што е сокриено во срцата.

Претскажувачот е оној што тврди дека ги знае работите врз основа на одредени претпоставки, преку кои дознава за украденото, за местото на изгубеното и слично на тоа.

Астрологот е оној што се занимава со астрологија и тврди дека ѕвездите имаат влијание; па така, вели на пример: „Кога ќе се појави таа и таа ѕвезда и ќе се сретне со таа и таа ѕвезда, тоа значи дека ќе се случи тоа и тоа“, или: „Ако на некој му се роди дете под тој и тој хороскопски знак, тогаш ќе го снајде тоа и тоа – богатство или сиромаштија, среќа или несреќа и слично.“ Тие врз основа на движењето на ѕвездите се обидуваат да заклучуваат за состојбата на земјата и на луѓето на неа. [138] [138] Види: Тејсирул Азизил Хамид, стр. (351).

Ова се однесува на секој што известува за скриеното, тврди дека ги познава невидливите работи, или се обидува да ги дознае преку хороскоп, цртање линии на песок, фрлање камчиња, гледање во филџан, читање од дланка и слични методи. Секој што тврди дека го познава гајбот (скриеното, непознатото) преку било кое од наведените или други средства – тој е лажго и неверник. [139] [139] Види: Акидетут-Тевхид на Ел-Февзан, 97.

Потребно е да се напомене дека одењето кај гатачите, врачевите и ним сличните измамници е еден од големите гревови од кои е предупредено, и дека таквото дело повлекува многу штетни последици во верските и световните работи.

Докази:

Верските докази укажуваат на забраната на гатањето, прорекувањето и астрологијата, како и на забраната за одење кај оние што се занимаваат со овие порочни дела. Меѓу нив се:

Аллаховите зборови: „Проклети нека бидат лажливците, оние кои се во заблуда, незаинтересирани, прашуваат кога ќе биде Денот на судот.“ (Ез Заријат, 10-12)

Односно: проколнати се гатачите кои измислуваат (а зборот „харс“ значи лага и претпоставка) лаги и невистини. Ибн Абас, радијаллаху анхума, во врска со значењето рекол: „Тоа се гатачите.“ [140] [140] Тефсир Ет-Табери, 21/492.

Од Зејд ибн Халид, радијаллаху анху, се пренесува дека рекол: „Излеговме со Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, во годината на Худејбија, и една ноќ заврна дожд. Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, нè предводеше на сабах намаз, а потоа се сврте кон нас и рече: ‚Дали знаете што рече вашиот Господар?‘ Рековме: ‚Аллах и Неговиот пратеник најдобро знаат.‘ Тој рече: ‚Аллах рекол: ,Некои Мои робови се разбудија како верници во Мене, а некои како неверници во Мене. Па, оние што рекле дека ни врнело дожд со Аллаховата милост, со Аллаховата опскрба и со Аллаховата добрина, тие се верници во Мене, а неверници во ѕвездата. А оние што рекле дека ни врнело дожд поради таа и таа ѕвезда, тие се верници во ѕвездата, а неверници во Мене.‘“ [141] [141] Го бележат Бухари, бр. (4147), и Муслим, бр. (71).

Во овој хадис, робовите се делат на две групи:

Првата група: верник во Севишниот Аллах, кој ја препишува оваа благодат на Аллах, Му се заблагодарува за неа, знаејќи дека таа е од Него, па Го фали и Го слави заради неа.

Втората група: неверници во Аллах, а тие се од два вида:

Првиот вид: оној што прави мало неверство — како оној што вели: „Дождот падна поради таа и таа ѕвезда или соѕвездие“, верувајќи дека тие се причина за дождот. Ова е мало неверство, бидејќи не верува дека тие се содружници на Аллах ниту дека делуваат самостојно, туку направил причина она што не е причина и ја припишал благодатта на некој друг освен Аллах. Затоа, неговите зборови се од зборовите на неверниците и претставуваат мало неверство.

Вториот вид: големо неверство — тоа го прави оној кој верува дека дождот е резултат на влијанието на ѕвездите и соѕвездијата, дека тие се тие што го даруваат дождот и се движат за да го спуштат како одговор на повикот на своите обожаватели. Ова, според општ став, е големо неверство, бидејќи претставува верување во господарството и божественоста на некој друг освен Аллах, Возвишениот. [142] [142] Ет-Темхид ли Шерх Китаб Ет-Теухид, стр. (356).

Ибн Абас, радијаллаху анхума, пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој ќе стекне знаење од астрологија, во толкава мерка ќе стекне знаење за сихр-маѓија. Едното се зголемува со другото.“ [143] Т.е колку повеќе учи астрологија, толку повеќе навлегува во сихрот-маѓијата, а со тоа му се зголемува и гревот. [143] Го Ебу Давуд, бр. (3905).

Ебу Месуд ел-Енсари, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ја забранил цената (заработката од продажбата) на кучето, заработката на блудницата и наплатата на гатачот. [144] А наплатата на гатачот е неговиот надоместок за неговото гатање. [144] Го бележат Бухари, бр. (2237), и Муслим, бр. (1567).

Муавија бин Хакем ес-Сулеми, радијаллаху анху, рекол: Реков: „О, Аллахов Пратенику, јас до скоро бев во џахилиет, а Аллах ни го донесе исламот. Меѓу нас има луѓе кои одат кај гатачите.“ Пратеникот, алејхи селам, рече: „Не одете кај нив.“ [145] [145] Го бележи Муслим, бр. (537).

Од Сафија, една од сопругите на Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, се пренесува дека тој рекол: „Кој ќе посети гатач и ќе го праша за нешто, намазот нема да му се прими четириесет ноќи.“ [146] [146] Го бележи Муслим, бр. (2230).

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој има однос со жена во текот на менструалниот циклус, или со жена во нејзиниот анален отвор, или посети гатач, го негира она што му е објавено на Мухамед.“ [147] [147] Го бележи Тирмизи, бр. (135).

Ел Куртуби вели за гатачите: „Оној што е одговорен за јавниот ред и мир (тој што ги надгледува пазарите и се грижи за јавниот морал) е должен да ги отстрани од пазарите, најостро да ги осуди и да не дозволи никој да ги посетува за таа цел.“ [148] [148] Ел-Муфхим лима ушкиле мин телхиси Муслим (5/ 633).

Штетни последици:

Во штетните последици од гатањето, претскажувањето, астрологијата и обраќањето кај оние што се занимаваат со овие зла спаѓа и тоа:

– Дека оној што го прави тоа влегува во поимот „тагут“, а обраќањето кон таквите луѓе претставува вид на барање пресуда од тагут. А „тагут“ е сè што се обожува покрај Аллах. Возвишениот Аллах вели: „Зарем не ги гледаш тие што тврдат дека веруваат во тоа што ти се објавува тебе и во тоа што е објавено пред тебе, како сакаат пред тагутот да им се суди, иако им е наредено да не веруваат во него? А шејтанот сака само во голема заблуда да ги наведе!“ (Ен Ниса, 60) Ет-Табери пренесува од Катаде дека овој ајет е објавен за двајца мажи — еден од енсариите и еден од евреите — поради спор што го имале меѓу себе за едно право. Тие се обратиле кај еден гатач во Медина за да им пресуди, оставајќи го настрана Аллаховиот веровесник, салаллаху алејхи ве селем. Поради тоа, Возвишениот Аллах ги прекорил. [149] [149] Тефсир Ет-Табери, 7/191.

- Дека тоа е од делата на луѓето од времето на незнаењето, за што имамот Бухари вели: Џабир рекол: „Тагутите на кои им се обраќале за суд, беа: во племето Џухејна еден, во племето Еслем еден, и во секое племе по еден. Тоа беа гатачи кај кои се спуштал шејтанот...“ А Икриме рекол: „Џибт на етиопски јазик значи шејтан, а Тагут е гатачот.“ [150] [150] Сахих Ел-Бухари (6/ 45).

- Дека тоа претставува искушение на луѓето едни со други, и на луѓето со џиновите. Oд Аиша, радијаллаху анха, се пренесува, дека рекла: „Некои луѓе го прашале Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, за гатачите, па тој рекол: ‚Тие не се ништо.‘ Рекоа: ‚О, Аллахов Пратенику, но тие понекогаш кажуваат нешто што навистина се остварува.‘ Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рече: ‚Тоа е еден збор од вистината што џинот го грабнува и го пренесува во увото на својот сојузник-гатач, како кога кокошката кокодака, а потоа тие кон тоа додаваат повеќе од сто лаги.‘“ [151] [151] Го бележат Бухари, бр. (7561), и Муслим, бр. (2228).

Односно: гатачот додава сто лаги кон зборот што му го пренел неговиот сојузник од шејтаните, или шејтанот додава сто лаги кон зборот што го прислушнал од небото, па потоа сето тоа му го пренесува на својот сојузник од луѓето. Така, луѓето се заведуваат преку човекот-гатач, а гатачот и неговиот сојузник се заведуваат од шејтаните. Тие прифаќаат сè што им го пренесуваат — и вистината и лагата — бидејќи понекогаш навистина ја кажуваат вистината во она што го пренесуваат од небесата. [152] [152] Види: Тејсирул Азизил Хамид, стр. 223.

- Оној кој ќе посети гатач и ќе го праша за нешто, намазот нема да му се прими четириесет ноќи, како што беше наведено во претходниот хадис.

Заштита:

За заштита од гатање, врачање, астрологија и слични нешта, постојат неколку начини, меѓу кои:

- Цврсто убедување дека никој освен Аллах не го знае гајбот-скриеното. Возвишениот вели: „Кажи: ,Никој, освен Аллах, ни на небото ни на Земјата, не го знае гајбот.‘“ (Ен Немл, 65) Тој, Славениот исто така вели: „И Тој го подучи Адем со сите имиња, а потоа ги изнесе пред мелеците и рече: ,Кажете Ми ги имињата нивни, ако ја кажувате вистината!' ,Славен биди!', рекоа тие, „Ние го знаеме само тоа за што Ти нè подучи! Само Ти си Зналецот и Мудриот!‘“ (Ел Бекаре, 31-32) Затоа, не им преостана ништо друго освен да признаат дека се немоќни и дека знаат само она на што Тој ги подучил, со зборовите: „Славен биди! Ние го знаеме само тоа за што Ти нè подучи...“ Во тоа лежеше најочигледниот доказ и најјасниот аргумент за лажноста на тврдењата на сите гатачи и претскажувачи кои тврдеа дека знаат нешто од гајбот. [153] [153] Тефсир на Табери, 1/527 - 528.

Остварување на вистинското робување кон Возвишениот Аллах со искажување на неверување во тагутот. Оној што тврди дека го познава гајбот, или ги припишува настаните и појавите на ѕвездите, верувајќи дека тие имаат влијание сами по себе – таквиот ја пречекорил границата, згрешил, направил неверство и самиот станал тагут. Возвишениот Аллах вели: „Тој што не верува во тагутот, а верува во Аллах, се држи за најцврстата врска, којашто нема да се прекине! А Аллах сè слуша и сè знае.“ (Ел Бекаре, 256) Сеид бин Џубејр, Аллах нека му се смилува, рекол: „Тагут: гатачот.“ [154] [154] Тефсир на ет-Табери, 4/557.

- Изучување на тевхидот и негово поучување, и спознавање на она што му се спротивставува, повикување во добро и одвраќање од зло, и спроведување на шеријатските казни врз оние кои ги прават овие шејтански дела.

Изработка на скулптури

Изработката на скулптури спаѓа меѓу големите гревови на кои предупредува шеријатот. Аллаховиот Закон го проколнал оној што ги изработува и му се заканил со строга казна. Тоа е, исто така, една од најголемите причини за обожување на идоли и за ширење на ширк кон Возвишениот Аллах.

Суштината на изработката на скулптури е тоа што човекот прави лик со кој го подражава она што Аллах го создал од живите суштества – без разлика дали е направен од камен, глина, железо, бакар или некој друг материјал.

Учените се едногласни во ставот дека е забрането и изработувањето и поседувањето на скулптури. [155] [155] Види Фетхул Бари (10/391).

Имамот Невеви, рахимехуллах, рекол: „Учените се согласни за забраната на она што има сенка и за задолжителноста тоа да се отстрани. Кади Ијад рекол: освен она што е дозволено за играње со кукли кај малите девојчиња, за што постои посебна дозвола.“ [156] [156] Шерх Муслим (14/82).

Докази:

Во Сунетот се пренесени многу текстови кои предупредуваат од сликањето и правењето скулптури, меѓу кои:

Абдулах бин Омер, радијаллаху анхума, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Навистина, оние кои ги прават овие слики ќе бидат казнети на Судниот ден, ќе им биде речено: ‚Оживејте го тоа што сте го создале.‘“ [157] [157] Го бележат Бухари, бр. (5607), и Муслим, бр. (2108).

Од Муслим бин Субејх се пренесува дека рекол: Бевме со Месрук во куќата на Јесар бин Нумејр, па виде во неговата куќа слики и рече: Го слушнав Абдулах бин Месуд, радијаллаху анху, како пренесува дека го слушнал Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Навистина, на Судниот ден, најжестока казна од Аллах ќе имаат цртачите (сликарите).“ [158] [158] Го бележат Бухари, бр. (5950), и Муслим, бр. (2109).

Од Ебу Зура се пренесува дека рекол: „Влегов со Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, во куќата на Мерван. Тој забележа во неа слики и рече: ‚Го слушнав Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели: Аллах, Семоќниот и Возвишениот, рекол: „Кој е понеправеден од оној што сака да создаде како што Јас создавам? Па, нека создадат атом, или нека создадат зрно, или нека создадат зрно јачмен.“ [159] [159] Го бележат Бухари, бр. (7559), и Муслим, бр. (2111).

Од Сеид бин Ебул Хасен се пренесува дека рекол: „Бев кај Ибн Абас, радијаллаху анхума, кога му дојде еден човек и рече: ,Јас сум човек кој живее од работата на своите раце, и јас ги правам овие слики.' Ибн Абас, радијаллаху анхума, му одговори: ,Нема да ти кажам ништо друго освен она што го слушнав од Аллаховиот пратеник, алејхи селам, како вели: ‚Кој ќе нацрта слика, Аллах ќе го казнува сè додека не ѝ вдахне душа, а тој никогаш нема да може да ѝ вдахне душа.‘ Човекот почна тешко да дише од страв и лицето му пожолте. Тогаш Ибн Аббас рече: ,Тешко тебе, ако веќе мораш да го работиш тоа, тогаш цртај дрвја и сè што нема душа.‘“ [160] [160] Го бележат Бухари, бр. (2225), и Муслим, бр. (2110).

Од Ебу Талха, радијаллаху анху, се пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Мелеците не влегуваат во куќа во која има куче и слики (на живи суштества).“ [161] Имамот Бухари рекол: „Се мисли на фигурите на живите суштества.“ [161] Го бележат Бухари, бр. (4002), и Муслим, бр. (2106).

Ебу ел-Хејаџ ел-Есди раскажува дека Али бин Ебу Талиб му рекол: „Дали сакаш да те задолжам со истото со кое ме задолжи Аллаховиот Пратеник, алејхи селам? Урни го секој кип и срамни го секој издигнат гроб!“ [162] [162] Го бележи Муслим, бр. (969).

Ибн Тејмије рекол: „Му наредил да ги отстрани двата лика: сликата (скулптурата) направена според ликот на умрениот и скулптурата подигната над неговиот гроб, бидејќи ширкот се прави и со едното и со другото.“ [163] [163] Меџму‘ Ел-Фетава, (17/462).

Штетни последици:

Штетните последици од правењето статуи се многубројни, од кои:

- Тоа е причина за ширк припишување рамен Возвишениот Аллах, а Ибн Абас, радијаллаху анхума, за Аллаховите зборови, пренесува: „И велат: ,Никако божествата ваши не ги оставајте, и никако, ниту Ведд, ниту Сува, а ни Јегус, ни Јеук, ниту Неср не ги напуштајте!‘“ (Нух, 23), рекол: „Имиња на добри луѓе од народот на Нух. Кога тие умреле, шејтанот го навел нивниот народ да постават споменици (т.е. кипови) на местата на нивните седенки и да ги наречат по нивните имиња. Тие го сториле тоа, но киповите не биле обожувани, сè додека не изумрела таа генерација и знаењето не се изгубило, па тогаш почнале да ги обожуваат.“ [164] [164] Бухари, бр. (4920).

- Дека во тоа има соперништво со Возвишениот Аллах и Негово подражавање во една од Неговите највеличествени особини, а тоа е особината на создавањето.

- Тоа е причина за гневот на Возвишениот Аллах врз робот на Судниот ден, бидејќи цртачите се најлошите суштества кај Возвишениот Аллах. Од мајката на верниците, Аиша, радијаллаху анха, се пренесува, дека Уму Хабибе и Уму Селеме, радијаллаху анхума, спомнале една црква која ја виделе во Абисинија, во која имало слики, па Му ја спомнале на Пратеникот, алејхи селам, а тој рекол: „Навистина тие, кога меѓу нив имало добар човек и кога тој ќе умрел, тие врз неговиот гроб граделе светиште и ги насликувале тие слики. Таквите се најлошите созданија кај Аллах на Судниот ден.“ [165] [165] Го бележат Бухари, бр. (427), и Муслим, бр. (528).

- Тоа е причина Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, да го проколне вршителот на тоа дело, како што се пренесува од Ебу Џухејфе, радијаллаху анху: „Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, го проколнал сликарот.“ [166] [166] Го бележи Бухари, бр. (2238).

- Тоа дело е причина за тешка казна на Судниот ден, како што беше споменато во хадисите.

- Мелеците не влегуваат во куќа во која има слика (на живо суштество) или статуа, како што беше споменато во претходен хадис.

- Поистоветување со неверниците, како на пример со христијаните и другите.

Заштита:

Начини на заштита од овој голем грев:

Робот треба да го има на ум Аллаховиот гнев врз него на Судниот ден, кога ќе му биде наредено да вдише душа во таа слика, но нема да може да го стори тоа, како и фактот дека врз него ќе биде спуштено проклетството на Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем.

Да знае дека, доколку изработката на статуи му е професија, оној што ќе остави нешто заради Аллах, Аллах ќе му го надомести со нешто подобро – и на овој, и на идниот свет; бидејќи, ако го напушти тоа дело искрено заради Аллах, Тој ќе го снабди со дозволен ризк (снабдување) од каде што и не очекува.

Да се потсети на влијанието на недозволената заработка врз неприфаќањето на неговата дова и врз лошото воспитување и карактер на неговите деца.

А ако некој го прави тоа од забава или од, како што велат, хоби, тогаш уште повеќе му доликува да го остави тоа заради Аллах, Возвишениот, и да го замени со нешто друго од украсите на овој свет што Аллах ги дозволил. А доколку, сепак, не сака да се откаже, тогаш нека прави фигури од она што нема душа – како дрвја, градби и безживотни предмети.

- Отстранување и уништување на скулптурите од страна на оние што имаат овластување за тоа – како надлежните и одговорни институции, како и мажот во сопствениот дом.

Хомосексуализам

Хомосексуализмот - а тоа е анален однос меѓу мажи - претставува еден од најтешките големи гревови. Тој е изопачување на природната чистота (фитра) во која Аллах ги создал луѓето. Со тоа се руши моралот, се поништува машкоста, се прекинува потомството, се расипува општеството и се предизвикува гневот на Возвишениот Аллах и Неговата жестока казна. Возвишениот Аллах, за народот на Лут вели: „И кога падна наредбата Наша, Ние сè превртевме, тоа што беше горе – бидна долу, и на нив како дожд грутки од печена кал спуштивме, кои непрекидно сипеа, обележено од Господарот твој, а тоа не е далеку од насилниците.“ (Худ, 82-83)

Докази:

Доказите за забраната на хомосексуализмот, кои ја појаснуваат неговата одвратност и големина на тој грев се многубројни. Меѓу нив:

Зборовите на Возвишениот Аллах каде што ни ги пренесува зборовите на Лут, алејхи селам, кога на својот народ му рекол: „,Зошто вие, покрај целиот свет, имате односи со мажи, а жените свои, кои за вас Господарот ваш ги создал, ги оставате? Вие сте луѓе кои секоја граница на злото ја преминувате.“ (Еш Шуара, 165-166) т.е. го преминувате она што вашиот Господар ви го дозволил од интимните односи, кон она што ви го забранил од нив. [167] [167] Тефсир Ет-Табери, (17/630).

Возвишениот, исто така, вели: „И Лут – кога му рече на народот свој: ,Зошто правите разврат каков никој пред вас на светот не го чинел? Вие со страст им приоѓате на мажите, наместо на жените. Вие сте народ кој сите граници на злото ги преминува!‘“ (Ел Араф, 80-81)

Абдулах бин Абас, радијаллаху анхума, пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Тој што го чини делото на народот на Лут, и тој врз кој се чини, убијте ги.“ [168] [168] Ебу Давуд, бр. (4462).

Исто така, Џабир, радијалаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Навистина, најголем страв за мојот умет ми предизвикува делото на народот на Лут.“ [169] [169] Го бележи Тирмизи, бр. (1457).

Штетни последици:

Хомосексуализмот со себе носи многу штетни последици, меѓу кои се:

- Сторителот на таквото дело се изложува на тешка закана на Ахиретот.

- Малку дозволени бракови, а многу немажени.

- Намалување на потомството или негово целосно прекинување, што претставува закопување на семето на животот, како некој што сее семе во земја што не е погодна за обработување.

„Хомосексуалноста предизвикува грижа, тага и отуѓување кај сторителот и кај оној врз кого се врши.“ [170]

Имамот Ибн Кајим, Аллах нека му се смилува, рекол: [170] Задул Ме‘ад (4/ 241 - 242), скратено.

Исто така: го поцрнува лицето, ги затемнува градите и ја гаси светлината на срцето.

Исто така, тоа неминовно предизвикува отуѓување, длабока меѓусебна омраза и разидување помеѓу сторителот и засегнатата страна.

Исто така: ја расипува состојбата и на оној што го прави делото и на оној врз кого се прави, со расипаност по која речиси и нема надеж за подобрување, освен ако Аллах не посака поинаку преку искрено покајание.

Исто така, тој грев спаѓа меѓу најголемите причини за губење на благодатите и спуштање на казните врз луѓето.

Исто така: тоа дело го уништува срамот во целост, а срамот е животот на срцата. Па, кога срцето ќе го изгуби, тоа лошото ќе го смета за добро, а доброто за лошо, и тогаш расипаноста на срцето, целосно ќе доминира.

Исто така: хомосексуализмот остава во наследство голема дрскост и бесрамност во однесувањето на луѓето.

- Појавувањето на болести кои не беа познати порано, како што е сидата.

- Доведува до лезбиска врска или блуд; кога мажите ќе се задоволат со мажи, тогаш и жените ќе се задоволат со жени, или пак жената можеби ќе прибегне кон некој друг освен нејзиниот сопруг за да го задоволи својот нагон.

Заштита:

Начини на заштита од гревот на хомосексуализмот:

- Бракот е една од најсилните заштити од хомосексуализмот, а оној кој не е во можност да се ожени, нека пости. Абдулах бин Месуд, радијаллаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој има можност да се ожени, нека го стори тоа, бидејќи тоа најдобро го чува погледот и ја штити чедноста. А кој не може, нека пости, бидејќи постот е заштита за него.“ [171] [171] Го бележат Бухари, бр. (1905), и Муслим, бр. (1400).

- Мажот да не гледа во интимниот дел на друг маж. Ебу Сеид ел Худри, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Мажот не треба гледа во интимниот дел од телото на друг маж, а жената не треба да гледа во интимниот дел од телото на друга жена. Исто така, мажот не треба да лежи со друг маж под иста покривка и жената не треба да лежи со друга жена под истата покривка.“ [172] [172] Го бележи Муслим со број (338).

- Да не се посетуваат порнографски страници, ниту да не се комуницира со лошо друштво од мажи и жени.

- Раздвојување на малите деца во постелите – без разлика дали се машки или женски – кога ќе наполнат десет години. Од Абдулах бин Амр бин ел-Ас, радијаллаху анхума, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Наредете им на вашите деца да го клањаат намазот кога ќе наполнат седум години, а казнете ги ако одбијат кога ќе наполнат десет години, и раздвојте ги во постелите.“ [173] [173] Го бележи Ебу Давуд, бр. (495).

- Предупредување за последицата од големиот грев на содомијата на овој и на идниот свет.

- Потполна грижа за всадување на исправното верување, зацврстување на неговите темели и негово постојано негување во душите на поединците и заедниците: бидејќи девијацијата во однесувањето во многу случаи произлегува токму од недостаток во верувањето.

Прекинување на постот во ден од месецот Рамазан без оправдана причина

Возвишениот Аллах го пропишал постот во месецот Рамазан за верниците, и вели: „О, верници! Ви се пропишува пост, како што им е пропишан и на тие пред вас, за да бидете богобојазливи.“ (Ел Бекаре, 183)

Постот во месецот рамазан е еден од столбовите на исламот. Од Абдулах бин Омер, радијаллаху анхума, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Исламот се темели врз пет (столба): Сведоштвото дека нема друго божество достојно за обожување освен Аллах и дека Мухамед е Божјиот пратеник, клањањето намаз, давањето зекат, аџилакот и постот во месецот рамазан.“ [174] [174] Го бележат Бухари, бр. (8), и Муслим, бр. (16).

Оној кој намерно ќе го прекине постот во месецот рамазан, или во еден ден од него, без оправдана причина, тој Му се спротивставил на Севишниот Аллах, прекршил еден од столбовите на верата и направил еден од големите гревови.

Хафизот Зехеби, Аллах нека му се смилува, рекол: „Кај верниците е познато и утврдено дека оној кој го остава постот во месецот Рамазан без болест или оправдана причина е полош од блудникот, неправедниот прибирач на данок и пијаницата; дури се сомневаат во неговиот ислам и го сметаат за склон кон ерес и девијација.“ [175] [175] Види: Фејд ел-Кадир, 4/311.

Докази:

Доказите за забраната за прекинување на рамазанскиот пост без оправдана причина, како и за одвратноста и големината на тој грев, се многубројни, меѓу нив се и следниве:

Ебу Умаме, радијаллаху анху, пренесува дека го слушнал Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Додека спиев, ми пријдоа двајца мажи и ме поведоа со себе. Таму видов група луѓе, обесени за петиците. Аглите на устите им беа расцепени и од нив течеше крв. Прашав: ,Кои се овие луѓе?‘ Тој одговори: ,Тоа се оние што го прекинуваат својот пост пред пропишаното време.‘“ [176] [176] Го бележи Несаи во делото Ел-Кубра под бр. (3273) скратено.

Пренесени се и неколку преданија дека асхабите, радијаллаху анхум, ги казнувале оние кои без оправдана причина го прекинувале постот во Рамазан. Меѓу нив е и преданието од Омер бин ел-Хатаб, радијаллаху анху, дека му донеле еден старец кој пиел алкохол во Рамазан, па тој рекол: „За ноздрите! За ноздрите! – а тоа е звук кој излегува од ноздрите на магарето – и нашите деца постат – што значи, нашите најмали постат, а ти не постиш –, потоа го казни со осумдесет удари, и го протера во Шам.“

Од Али бин ебу Талиб, радијаллаху анху, се пренесува, дека му донеле човек кој пиел алкохол во Рамазан, па го удрил со осумдесет удари, а потоа следниот ден со дваесет, и рекол: „Те удривме дваесет пати поради твојата дрскост кон Аллах и твоето прекршување на постот во Рамазан.“

Али бин ебу Талиб, радијаллаху анху, исто така, раскажува: „Кој намерно ќе го прекине постот во еден ден од месецот Рамазан, нема да го надомести тој ден дури и да пости до крајот на неговиот живот.“

- Ибн Месуд, радијаллаху анху, пренесува: „Кој ќе го прекине постот во еден ден од месецот Рамазан без оправдана причина, постот на целиот живот нема да му биде доволен како надомест, дури и да го пости целиот.“ [177] [177] Ел-Мухала на Ибн Хазм, (4/311).

Штетни последици:

Непостењето во месецот Рамазан без оправдана причина содржи бројни штети, меѓу кои се:

- Оставање на еден столб од столбовите на исламот.

- Потценување на Аллаховите наредби.

- Дрскоста во спротивставувањето на наредбата на Возвишениот Аллах и омрсувањето пред луѓето, а тоа е причина таквиот да не ја заслужи прошката од Возвишениот Аллах. Не може да се знае дека се омрсил оној кој е дрзок кон Аллах, освен ако тој самиот не го обелодени тоа со зборови или со дела. Се пренесува од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, дека го слушнал Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели: „Ќе им биде простено на сите мои следбеници, освен оние кои јавно ќе го разгласат (гревот).“ [178] [178] Го бележат Бухари, бр. (6069), и Муслим, бр. (2990).

- Поттикнување на другите да го шират овој грев, а Аллах за тоа се заканил со казна. Возвишениот вели: „Тие што сакаат за верниците да се шират бесрамни гласини, ги чека тешка казна и на овој и на оној свет, Аллах знае сè, а вие не знаете.“ (Ен Нур, 19)

Заштита:

Начини на заштита од прекинување на постот во месецот Рамазан без оправдана причина:

- Навикнување на пост од мали нозе. Рубејји‘ бинт Муавиз, радијаллаху анха, раскажува: „Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, наутро на денот Ашура, испрати гласник во селата на енсариите да објави: ,Кој го започнал денот не постејќи, нека го пости остатокот од денот, а кој го започнал денот постејќи, нека продолжи да пости.“ Таа продолжува: ,,Потоа, ние го постевме тој ден и ги навикнувавме нашите деца да постат. Им правевме играчки од волна, па кога некое од нив ќе заплачеше за храна, му ја дававме за да се занимава сè до времето на ифтарот.“ [179] [179] Го бележат Бухари, бр. (1960), и Муслим, бр. (1136).

- Воспитување на душата на трпение. Од Ебу Сеид ел Худри, радијаллаху анху, се пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „А кој се труди да биде трпелив, Аллах ќе го направи трпелив.“ [180] [180] Го бележат Бухари, бр. (1960), и Муслим, бр. (1136).

– Поттикнување на душата со надеж во големата награда што ја има кај Аллах за постот. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Возвишениот Аллах вели: ,Секое дело што го прави синот Адемов, му припаѓа нему, освен постот! Навистина, постот е Мој и Јас го наградувам за него.‘“ [181] [181] Го бележат Бухари, бр. (1904), и Муслим, бр. (1151).

Сехл бин Сад, радијаллаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Во Џенетот има една врата која се вика Ер-Рејан. На Судниот ден низ неа ќе влегуваат само постачите – никој друг нема да влезе преку таа врата. Ќе се повика: ,Каде се постачите?‘ – и тие ќе станат и ќе влезат. Кога ќе влезат, вратата ќе се затвори и никој друг нема да може да влезе преку неа.“ [182] [182] Го бележат Бухари, бр. (1896), и Муслим, бр. (1152).

Исмејување и подбивање

Потсмевањето на муслиманот со својот брат муслиман и неговото исмејување спаѓа во големите гревови. Тоа е една од особините на неверниците и лицемерите, а на оној што го прави тоа му се заканува строга казна. Гревот за ова дело е уште поголем доколку е сторено кон добрите и побожни Аллахови робови.

Потсмевањето на муслиманот со својот брат има многу форми, меѓу кои се неговото омаловажување и потценување, и укажувањето на неговите мани и недостатоци за да му се смеат другите. Тоа може да биде преку имитирање со дело, збор или гест, или со смеење на неговиот говор кога ќе се збуни или ќе згреши, на неговиот занает, или на неговиот грд изглед, и сè друго што содржи омаловажување.

Докази:

Докази дека е забрането исмејувањето и потсмевањето на муслиманите:

Возвишениот Аллах вели: „Животот на овој свет им е разубавен на неверниците и тие им се потсмеваат на верниците. А на Судниот ден, тие што се плашеле од Аллах, ќе бидат над нив! А Аллах снабдува кого сака, без сметка.“ (Ел Бекаре, 212)

Ес-Са‘ди, Аллах нека му се смилува, рекол: „Возвишениот известува дека на оние кои не веруваат во Аллах, во Неговите знаменија и во Неговите пратеници, и кои не се покоруваат на Неговиот шеријат, животот на овој свет им е разубавен — тој им изгледа убав во нивните очи и срца. Затоа се задоволни со него, се чувствуваат спокојно на него, па сите нивни страсти, желби и дела стануваат насочени кон него. Целосно му се посветуваат, се трудат за неговото стекнување и го величаат, како и оние што постапуваат како нив, додека верниците ги презираат и им се потсмеваат, велејќи: „Зар овие Аллах ги почести со милост, покрај нас?“ [183] [183] Тефсир Ес-Са‘ди, стр. 95.

Ова произлегува од слабоста на нивниот разум и нивното кусогледо сфаќање, бидејќи овој свет е место на искушенија и испит. На него ги снаоѓаат тешкотии и верниците и неверниците. Но верникот, дури и кога ќе го снајде неволја, е трпелив и очекува награда, па Аллах преку неговото верување и трпение му ја олеснува тагата на начин каков што никому друг не му е даден.

Суштината, вистинската предност и вистинската вредност се на оној, вечниот свет; затоа Возвишениот Аллах вели: „Тие што се плашеле од Аллах, ќе бидат над нив на Судниот ден.“ Така, богобојазливите ќе бидат на највисоките степени, уживајќи во секакви благодати, радост и веселба, а неверниците ќе бидат под нив, на најниските степени, казнувани со разни видови мачење, понижување и вечно страдање кое нема крај. Затоа, во овој ајет има утеха за верниците и осуда за неверниците.

Исто така, Возвишениот вели: „Тие што верниците ги озборуваат затоа што зекат и садака даваат, а им се потсмеваат и на тие што со мака ги даваат, Аллах ќе ги казни за исмејувањето нивно, и нив ги чека неподносливо страдање.“ (Ет Теуба, 79)

Ибн Кесир, Аллах нека му се смилува, рекол: „Ова е една од одликите на лицемерите: никој не е поштеден од нивните критики и клевети во сите околности, дури ни оние што даваат милостина. Ако некој од нив донесе голем имот, тие велат: ,Овој го прави тоа само за да се прикаже.' А кога би донел нешто малку, според својот труд и можности, велат: ,Возвишениот Аллах нема потреба од садаката на овој.' Неговите зборови: „...тие им се потсмеваат, а и Аллах ним им се потсмева...“ се еден вид возвраќање за нивните лоши дела и за нивното исмејување на верниците; бидејќи казната е од ист вид како и делото. Па, Тој постапува со нив на начин како некој што им се потсмева, во одбрана на верниците на овој свет, а за лицемерите на Ахирет подготвил болна казна. [184] [184] Тефсир на Ибн Кесир, 4/184, преработено и скратено.

Возвишениот вели: „Кога некои робови Мои велеа: ,Господару мој, ние веруваме, затоа прости ни и смилувај ни се, бидејќи Ти си Најмилостивиот!' Вие толку ги исмејувате, што поради тоа на Мене заборавивте и секогаш им се потсмевате. Нив денес Јас ги наградив за тоа што трпеа, тие навистина успеаја.“ (Ел Муминун, 109-111)

Возвишениот исто така вели: „О, верници, мажите едни на други нека не им се потсмеваат, можеби едните се подобри од нив, а ниту жените на други жени, можеби тие се подобри од нив. И не прекорувајте се едни со други и не нарекувајте се едни со други со грди прекари! О, колку е грдо грешничкото име по верувањето! А тие што нема да се покајат – самите на себеси неправда си чинат.“ (Ел Хуџурат, 11)

Ајет: „,Грешниците им се смеат на тие што веруваат. Кога крај нив поминуваат, едни на други си намигнуваат, а кога кај семејствата свои се враќаат, правејќи шеги се враќаат; кога ќе ги видат, тогаш велат: ,Овие навистина заталкале!' а тие не се пратени да ги чуваат Денес, тие што веруваа, на неверниците ќе им се потсмеваат, од диваните ќе гледаат Зарем неверниците ќе бидат казнети поинаку, освен според тоа како што постапувале?!“ (Ел Мутафифин, 29-36)

Ес-Са‘ди, Аллах нека му се смилува, рекол: „Возвишениот известува дека грешниците на овој свет им се потсмевале на верниците, ги исмејувале, им се смееле и си намигнувале едни на други кога поминувале покрај нив, презирајќи ги и омаловажувајќи ги. И покрај тоа, тие биле спокојни, а стравот не им доаѓал на ум. ,А кога ќе се вратеа кај семејствата свои' – наутро или навечер – ,се враќаа весели', односно радосни и задоволни. Ова е еден од најголемите облици на самозалажување: тие го спојуваат врвот на злоделото со чувството на сигурност на овој свет, како да им дошла Книга од Аллах и завет дека тие се најголемите среќници. И самите за себе пресудиле дека тие се на Вистинскиот пат, а дека верниците застраниле од правиот пат, што претставува клевета против Аллах и дрскост да се зборува за Него без знаење.

Возвишениот вели: „Тие не се испратени да бдеат над нив.“ Односно, тие не се испратени како надзорници над верниците, задолжени да ги бележат нивните дела, па да настојуваат да ги обвинуваат за заблуда. Тоа од нивна страна не е ништо друго освен тврдоглавост, инает и поигрување, за кое немаат ниту основа ниту доказ. Затоа и нивната награда на Ахирет ќе биде соодветна на нивните дела. Возвишениот вели: „На тој ден“, т.е. на Судниот ден, „верниците ќе им се смеат на неверниците“, кога ќе ги видат како се превртуваат во маките на казната, а она што го измислуваа ќе го снема. А верниците ќе бидат во најголема удобност и спокојство „на украсени дивани“, а тоа се украсени престоли, „ќе гледаат“ во она што Аллах им го подготвил од уживања, и ќе гледаат во лицето на својот Благороден Господар.“ [185] [185] Тефсир Ес-Са‘ди, стр: (916).

„Дали на неверниците им е возвратено за она што го правеа?“ т.е. дали им е возвратено соодветно на нивните дела? Па, како што тие на овој свет им се смееја на верниците и ги обвинуваа за заблуда, така верниците ќе им се смеат на идниот свет и ќе ги видат во страдање и казна, што е казна за нивната непослушност и заблуда. Да, наградени се (т.е. им е возвратено) за она што го правеа, со праведност и мудрост од Аллах, а Аллах е Сезнаен и Мудар.

Ебу Зерр, радијаллаху анху, рекол: „Имаше расправија меѓу мене и еден од моите браќа. Неговата мајка беше неарапка, па го навредив поради неговата мајка. Тој се пожали на мене кај Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем. Го сретнав Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, и тој рече: ,О, Ебу Зерр, ти си човек во кој има џахилиет!' Јас реков: ,О, Божји пратенику, кој ги навредува луѓето, тие му ги навредуваат таткото и мајката.' Тој рече: ,О, Ебу Зерр, ти си човек во кој има џахилиет...‘“ [186] [186] Го бележат Бухари, бр. (30), и Муслим, бр. (1661).

И од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Муслиманот е брат на муслиманот – не му прави зулум, не го напушта (во неволја) и не го понижува. Богобојазливоста е овде! – и покажа кон градите трипати – Доволно зло за човекот е да го понижува својот брат муслиман. Забранети му се на секој муслиман спрема другиот муслиман: крвта, имотот и честа.“ [187] [187] Муслим, бр. (2564).

Штетни последици:

Штетни последици од исмејувањето на муслиманот и подбивање со него:

- Тоа е непослушност кон Аллах и спаѓа во големите гревови.

- Сторителот на тоа дело станува грешник, што повлекува отфрлање на неговото сведоштво, како што вели Куртуби откако ги спомнал зборовите на Возвишениот: „О, верници, мажите едни на други нека не им се потсмеваат, можеби едните се подобри од нив...“ Па се до Неговите зборови: „,О, колку е грдо грешничкото име по верувањето!“ (Ел Хуџурат, 11) Рекол: „Речено е: Значењето е дека оној кој ќе му даде прекар на својот брат или ќе му се потсмева, таквиот е грешник.“ [188] [188] Тефсир на Ел Куртуби, 16/328.

- Тоа е одлика на неверниците и лицемерите, зашто нивен обичај е потсмевањето со верниците во секое време.

- Тоа го наведува оној што се потсмева да се занимава со оној кому му се потсмева, сè додека не заборави на она што Аллах му го наложил како обврска: Неговото обожување и спомнување, како што вели Возвишениот: „Вие толку ги исмејувате, што поради тоа на Мене заборавивте...“ (Ел Муминун, 110).

- Честопати е поврзано со забранетото озборување; тоа е пат кој неминовно води кон него, бидејќи оној што се потсмева, најчесто се потсмева и се подбива со другиот во негово отсуство.

- Дека честопати потсмевањето и исмејувањето се резултат на омаловажувањето на луѓето, што е дел од презрената вообразеност, а на оној што ја поседува му е ветена болна казна. Во веродостоен хадис, од Абдулах бин Месуд, радијаллаху анху, се пренесува, дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Нема да влезе во Џенетот оној што во своето срце има вообразеност макар и колку зрно од синап.“ Еден човек праша: „Човекот сака да носи убава облека и убави обувки?“, на што Божјиот Пратеник одговори: „Аллах е Убав и ја сака убавината. Вообразеноста е отфрлање на вистината и понижување на луѓето.“ [189] Отфрлање на вистината: нејзино одбивање и негирање од вообразеност и ароганција. Омаловажување на луѓето: нивно потценување. [189] Го бележи Муслим со број (91).

- Тоа е една од најголемите причини за ширење на непријателство и омраза помеѓу членовите на заедницата, а може да биде и причина за меѓусебни судири и убиства.

- Тоа може да биде потсмевање со созданието на Аллах; особено кога човек се потсмева на друг поради нешто во неговото создание, како што е неговиот изглед, глас или боја.

- Исмејувањето и подбивањето ја намалуваат сериозноста на потсмевачот и му го рушат угледот.

Заштита:

Начини на заштита од исмејување и подбивање:

- Стравопочит кон Аллах и страв од Неговата жестока казна, која произлегува од непослушноста кон Него.

- Човекот да се занимава со она што му носи корист за неговата вера и дуњалук, за да не си остави простор да се занимава со недостатоците на неговите браќа.

- Напуштање на вообразеноста и омаловажувањето на луѓето; бидејќи многу од оние кои им се потсмеваат на другите, на тоа ги наведува само нивната вообразеност и омаловажување на своите браќа.

- Избегнување на лошото друштво, кое можеби е причина за тоа; бидејќи нивните собири не поминуваат без потсмев со луѓето, кој тие го сметаат за начин на забава.

- Да знае дека благодатите што ги има се од Аллах, и дека Аллах може да му ги одземе и да го доведе во полоша состојба од оној на кој му се потсмева.

- Човекот да го опомене другиот кога ќе го види како ги исмејува своите браќа и да не се согласува со неговата постапка; за да не продолжи со таквото однесување.