Благородни морални особини
Посланието ги обработува различните аспекти на убавиот морал во односот кон Аллах и кон луѓето, појаснувајќи дека сѐ она за кое не известува Аллах и Неговите прописи треба да се воспримаат со прифаќање и задоволство, како и со трпение кон Неговите одредби. Исто така, ги разработува аспектите на убавиот морал во односот со луѓето, како што се воздржувањето од нанесување штета, дарежливоста и ведриот израз на лицето, поткрепувајќи го сето тоа со примери од племенитиот живот на Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
This PDF is generated automatically from the book's text; its layout may differ from the printed edition.
Благородни морални особини
Автор: Почитуваниот шејх
Мухамед бин Салих ел-Усејмин
Аллах нека му ги прости гревовите нему, на неговите родители и на сите муслимани.
Во името на Аллах Семилосниот Милостивиот
Возвишениот Аллах го испрати со упатството и вистинската вера, за да ја возвиши над сите други вери. Го испрати пред настапувањето на Судниот ден како доносител на радосни вести и опоменувач, како повикувач кон Аллах, со Негова дозвола, и како светилник што осветлува. Тој ја пренесе Пораката, го исполни доверениот аманет, искрено го советуваше уметот и се бореше на Аллаховиот пат онака како што доликува, сè додека не му дојде смртта. Потоа, Аллах, од Своја милост, ги упати оние Свои робови што сакаше, па тие се одзваа на неговиот повик и го следеа неговото упатство. А, според Својата мудрост, Аллах ги остави оние што сакаше, па тие се возгордеа, одбија да Му се покорат, го отфрлија она со што дојде и му се спротивставија на неговиот повик, поради што завршија во загуба и тешка заблуда. Благодарноста Му припаѓа на Аллах. Него Го славиме, од Него бараме помош и прошка и Нему Му се враќаме со покајание. Бараме засолниште кај Аллах од злото на нашите души и од лошите последици на нашите дела. Кого Аллах ќе го упати, никој не може да го заведе, а кого ќе го остави во заблуда, никој не може да го упати. Сведочам дека нема друг вистински бог освен Аллах, Единствениот, Кој нема здруженик, и сведочам дека Мухамед е Негов роб и Негов пратеник.
А потоа: ми претставува особено задоволство на оваа средба [1] да зборувам за убавиот морал. [1] Ова предавање беше одржано во Летниот центар при Научниот институт во Унејза.
Моралот, како што велат учените, е внатрешната слика на човекот. Имено, човекот има две слики: надворешна и внатрешна.
Надворешната слика е неговиот физички изглед, односно обликот во кој Аллах го создал неговото тело. Сите знаеме дека меѓу луѓето има такви со убав и привлечен изглед, има и такви со грд и непривлечен изглед, а има и такви што се некаде помеѓу.
Исто така, и внатрешната слика може да биде убава или лоша и токму неа ја нарекуваме морал. Значи, моралот е внатрешната слика според која човекот е создаден и оформен.
Дали моралните особини се вродени или стекнати?
Одговорот е дека, без сомнение, некои морални особини се вродени, а други се стекнуваат. Човекот може да биде природно надарен со убав морал, но може и да го изгради преку труд, воспитување и постојано вежбање. Затоа Аллаховиот пратеник ﷺ му рекол на Ешеџ од племето Абдулкајс: „Кај тебе има две особини што Аллах ги сака: благоста и смиреноста/неизбрзувањето.“ Тој прашал: „Аллахов Пратенику, дали сам ги стекнав овие особини или Аллах ме создал со нив?“ Тој одговорил: „Не, туку Аллах те создал со нив.“ Тогаш тој рекол: „Фала Му на Аллах, Кој ме создал со две особини што ги сакаат Аллах и Неговиот пратеник.“ [2] [2] Го бележат Ебу Давуд во Книгата за едебот, во поглавјето „За племето на човекот“, под број (5225), овој хадис го пренесува Зари‘, радијаллаху анху, кој бил дел од делегацијата на Абдулкајс; и Тирмизи во Поглавјата за доброчинството и одржувањето на роднинските врски, во поглавјето „Што е пренесено за смиреноста и избрзувањето“, под број (2011), овој хадис го пренесува Ибн Абас, радијаллаху анхума.
Ова е доказ дека убавите и доблесни морални особини можат да бидат и вродени и стекнати. Сепак, без сомнение, вродениот морал е повреден од стекнатиот, бидејќи кога човекот природно поседува некоја доблест, таа станува дел од неговиот карактер. Тогаш не мора да се присилува ниту да се преправа за да постапува во согласност со неа. Но тоа е Аллахова благодет, која Тој му ја дарува на кого сака. А оној кому не му е даден ваков вроден морал, може да го стекне преку воспитување, вежбање и постојано практикување, како што, ако даде Аллах, ќе објасниме понатаму.
А, тука се поставува едно прашање: кој е подобар – човек на кого добриот морал му е вроден или човек што се бори со самиот себе за да се стекне со него? Кој од нив има повисок степен кај Аллах и заслужува поголема награда?
Одговорот на ова прашање е следниот: нема сомнение дека човекот на кого убавиот морал му е вроден е посовршен во самиот морал, бидејќи за него не се потребни ниту напор ниту вложување труд. Исто така, неговиот добар морал не изостанува во одредени околности или ситуации. Нему му е природна особина и составен дел од неговиот карактер. Затоа, кога и да го сретнеш, каде и да го сретнеш и во каква состојба и да го затекнеш, секогаш ќе видиш дека поседува убав морал. Од овој аспект, без сомнение, тој е посовршен.
Што се однесува до човекот што убавиот морал го стекнал преку воспитување, постојано вежбање и навикнување, тој за тоа ќе биде награден поради борбата со самиот себе. Но, од аспект на совршенството на моралот, неговото ниво е пониско од нивото на оној кому добриот морал му е вроден.
Доколку, пак, човекот биде надарен и со вроден добар морал и дополнително го развива со труд и воспитување, тогаш тоа е најсовршената состојба. Во овој поглед, луѓето можат да се поделат на четири категории:
1. Оној што е лишен од убавиот морал.
2. Оној кому убавиот морал му е вроден, но се задоволува само со она што природно го поседува.
3. Оној кому убавиот морал му е вроден, а тој и покрај тоа постојано го усовршува.
4. Оној кому убавиот морал не му е вроден, но го стекнал преку труд и воспитување.
Заклучокот е следниот: кога станува збор за самиот убав морал, најсовршен е оној кому тој му е вроден. Но, кога станува збор за трудот и тешкотијата вложени за да се стекне убавио морал, тогаш оној што го стекнал со сопствен напор ја заслужува наградата за својот прегор и борбата со самиот себе.
И тука се поставува друго прашање: дали постојат морални особини што не се спомнати во Благородниот Куран и Сунетот? И на кој начин можеме да ги препознаеме?
Одговорот е во зборовите на Аллаховиот пратеник ﷺ: „Навистина, јас сум испратен за да ги усовршам благородните морални особини.“ [3] Тоа е така затоа што сите претходни верозакони, кои Аллах им ги пропишал на Своите робови, повикувале кон благородниот морал. Затоа учените велат дека благородните морални особини се оние кон кои повикувале сите Божји верозакони. Но оваа совршена вера дојде со целосното усовршување на благородниот морал преку Аллаховиот Пратеник ﷺ. [3] Го бележат Ахмед (2/381) и Ел-Бејхaки во Ес-Сунен ел-Кубра (10/233), и наведената верзија на хадисот е негова, хадисот го пренесува Ебу Хурејре, радијаллаху анху.
Да го појасниме ова со примерот на кисасот (праведната одмазда). Ако некој му нанесе неправда на друг човек, дали врз него ќе се изврши одмазда или не? Учените наведуваат дека според еврејскиот верозакон одмаздата била задолжителна и неизбежна, а оштетениот немал право да избере поинаку. Во христијанскиот верозакон, пак, било спротивно – задолжително било да се прости. Нашиот верозакон, шеријатот, кој е потполн ги обедини двете можности. Во него има и праведна одмазда и простување. Бидејќи во казнувањето на престапникот за неговото злодело има одлучност и спречување на злото, а во простувањето има добрина, благородност и правење добро кон оној кому му е простено. Затоа нашиот верозакон, благодарејќи на Аллах, му остави на оној што го има тоа право самиот да избере меѓу простувањето и одмаздата: да прости кога има место за простување, а да бара праведна одмазда кога има место за тоа.
*
Области на убавиот морал
Многумина сметаат дека убавиот морал се однесува само на односот кон луѓето, а не и на односот кон Создателот. Но, таквото сфаќање е нецелосно, бидејќи, како што убавиот морал се огледа во односот кон луѓето, така тој се огледа и во односот кон Создателот.
Затоа, темата за убавиот морал ги опфаќа и односот кон Возвишениот Создател и односот кон луѓето. На ова треба посебно да се обрне внимание.
Прво: Убавиот морал во односот кон Возвишениот Создател:
Убавиот морал во односот кон Возвишениот Аллах се темели на три работи:
1. Да се прифаќа се она за кое Аллах известува со прифаќање како вистина.
2. Да се прифаќаат Неговите прописи преку нивно извршување и спроведување.
3. Да се прифаќаат Неговите одредби со задоволство и трпение.
Ова се трите темели врз кои се гради убавиот морал во односот кон Возвишениот Аллах.
1. Да се прифаќаат Неговите известувања како вистинити, така што кај човекот да нема никакво сомневање или двоумење во вистинитоста на она што Аллах, Возвишениот и Семоќниот, го известил. Тоа е така затоа што Аллаховите известувања произлегуваат од апсолутното знаење, а Тој е Највистинитиот во говорот, како што Возвишениот Аллах вели за Себе: „А чиј говор е повистинит од Аллаховиот?“ (Ен Ниса, 87)
Од потврдувањето на вистинитоста на Аллаховите известувања произлегува човекот цврсто да верува во нив, да ги брани и да се бори за нив, така што во неговото срце нема да има место за никаков сомнеж или колебање во она за што н известиле Возвишениот Аллах и Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем.
Кога човекот ќе се одликува со ваков морал, ќе биде способен да побие секое сомнително тврдење што го изнесуваат оние кои се спротивставуваат на она што го известиле Аллах и Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, без разлика дали станува збор за муслимани кои вовеле новотарии во Аллаховата вера или за безбожници кои сеат сомнежи во срцата на муслиманите.
Да наведеме пример за тоа. Во „Сахих ел-Бухари“ од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се бележи, дека Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Ако мува падне во пијалакот на некој од вас, нека ја потопи целосно, а потоа нека ја извади, бидејќи на едното нејзино крило има болест, а на другото лек.“ [4] [4] Го бележи Бухари во Книгата за почетокот на создавањето, во поглавјето: „Ако мува падне во пијалакот на некој од вас, нека ја потопи, бидејќи на едното нејзино крило има болест, а на другото лек“, под број (3320), хадисот е пренесен од Ебу Хурејре, радијаллаху анху.
Ова е известување што го пренел Аллаховиот пратеник ﷺ а се однесува на невидливото. Тој не зборува по своите страсти, туку го кажува само она што Аллах му го објавува. Тоа е така затоа што тој е човек, а човекот не го знае невидливото. Напротив, Аллах Возвишениот му рекол: „Кажи: Јас не ви велам: ‚Кај мене се Аллаховите ризници.‘, ниту: ‚Мене ми е познат невидливиот свет‘, ниту ви велам: ‚Јас сум мелек‘ – јас го следам само тоа што ми се објавува.“ (Ел Енам, 50)
Затоа, кон ова известување треба да се однесуваме со убав морал. А убавиот морал кон ваквите известувања се состои во тоа да ги прифатиме и цврсто да бидеме убедени дека сè што кажал Аллаховиот пратеник ﷺ во овој хадис е вистина и искрено, без разлика кој и да му се спротивставува. Исто така, со цврста увереност треба да знаеме дека сè што е во спротивност со она што веродостојно е пренесено од Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, е невистина, бидејќи Возвишениот Аллах вели: „Зарем по Вистината има нешто друго освен заблуда? Па тогаш каде се одметнувате?“ (Јунус, 32)
И уште еден пример од известувањата за Судниот ден:
Аллаховиот пратеник ﷺ известил: „На Судниот ден Сонцето ќе им се доближи на луѓето на растојание од една милја.“ [5] Без разлика дали под „милја“ се мисли на стапчето со кое се нанесува кохл или на мерка за растојание, тоа сепак е многу мало растојание меѓу Сонцето и главите на луѓето. И покрај тоа, луѓето нема да изгорат од неговата жештина, иако кога Сонцето би се доближило до Земјата само колку врв од прст, целиот свет би изгорел. [5] Го бележи Муслим во Книгата за Џенетот, во поглавјето Опис на Судниот ден, под број (2864), како хадис пренесен од Микдад ибн ел-Есвед, радијаллаху анху.
Некој би можел да праша: „Како е можно Сонцето на Судниот ден да се доближи до главите на луѓето на толку мало растојание, а тие да останат живи макар и за еден миг?“
Па, што претставува убавиот морал кон овој хадис?
Убавиот морал кон овој хадис се состои во тоа да го прифатиме, да веруваме во него и во нашите срца да нема никаква тегоба, стегање или двоумење во врска со него. Треба да знаеме дека сè што нè известил Аллаховиот пратеник ﷺ во врска со ова е вистина.
Не е можно состојбите на Ахиретот да ги споредуваме со состојбите на овој свет, бидејќи меѓу нив постои огромна разлика. Ние знаеме дека луѓето на Судниот ден ќе стојат педесет илјади години. Според мерилата на овој свет, дали е можно некој човек да стои педесет илјади години?
Одговорот е: не. Значи, разликата е огромна. Затоа верникот ваквите известувања ги прифаќа со широко срце и душевен спокој. Неговиот разум ги прифаќа, а неговото срце им се отвора.
2. Прифаќање на Аллаховите прописи преку нивно извршување и спроведување. Тоа значи човекот да не отфрла ништо од Аллаховите прописи. Ако, пак, отфрли нешто од нив, тоа претставува лош морал кон Возвишениот Аллах, без разлика дали ги отфрла затоа што ја негира нивната пропишаност, или од горделивост одбива да постапува според нив, или, пак, од немарност не ги извршува. Сето тоа е спротивно на убавиот морал кон Возвишениот Аллах.
Да наведеме еден пример. Во месецот рамазан извршуваме добри дела што бараат труд и напор. Без сомнение, постот ѝ е тежок на човечката душа, бидејќи човекот се лишува од она на што е навикнат – храната, пијалакот и брачниот однос. Тоа, секако, претставува искушение за човекот. Но, верникот кој има убав морал кон Возвишениот Аллах не го доживува ова како товар. Напротив, тој го прифаќа како Аллахова почест. Тоа е благодат што Возвишениот Аллах му ја подарил, па ја прифаќа со широко срце, душевен мир и целосно задоволство. Затоа ќе го видиш како ги пости долгите и жешки денови без негодување, туку со задоволство и спокој, бидејќи има убав морал кон својот Господар. Оној, пак, што има лош морал кон Аллах, ваквиот ибадет го дочекува со негодување и одбивност. А кога не би се плашел од последиците што би можеле да произлезат од неговото непостење, воопшто не би постел.
Друг пример е намазот. Без сомнение, тој им е тежок на некои луѓе, а особено на мунафиците, како што рекол Аллаховиот пратеник ﷺ: „Најтешките намази за мунафиците се јацискиот и сабахскиот намаз.“ [6] [6] Го бележат Бухари во Книгата за езанот, во поглавјето Вредноста на јацискиот намаз во џемаат, под број (657), и Муслим во Книгата за џамиите, во поглавјето Вредноста на намазот во џемаат, под број (651), ﷺ Ебу Хурејре, радијаллаху анху.
Но, за верникот намазот не претставува товар, како што вели Возвишениот Аллах: „Барајте помош со трпеливоста и со намазот (молитвата). Тоа е навистина тешко, освен за послушните, кои се убедени дека ќе се сретнат со Господарот свој и дека Нему ќе Му се вратат.“ (Ел Бекаре, 45-46) За нив, намазот не претставува тешкотија. Напротив, тој им е лесен и едноставен. Затоа Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Радоста на моите очи е во намазот.“ [7] [7] Го бележат имам Ахмед (3/128) и Несаи во Книгата за односот кон жените, во поглавјето Љубовта кон жените, под број (3940), како хадис пренесен од Енес, радијаллаху анху.
Убавиот морал кон Возвишениот Аллах во однос на намазот се огледа во тоа да го извршуваш со широко срце, душевен спокој и радост. Да се радуваш додека си во намаз и со копнеж да го очекуваш неговото време. Така што, кога ќе го завршиш сабахскиот намаз, веќе да копнееш по пладневниот намаз; кога ќе завршиш со пладневниот намаз, да копнееш по икиндискиот; кога ќе завршиш со икиндискиот, да копнееш по акшамскиот; кога ќе завршиш со акшамскиот, да копнееш по јацискиот; а кога ќе завршиш со јацискиот, да копнееш по сабахскиот намаз. Така твоето срце постојано ќе биде приврзано за овие ибадети. Без сомнение, тоа е еден од знаците на убавиот морал кон Возвишениот Аллах.
Трет пример од меѓусебните односи е забраната на каматата. Возвишениот Аллах јасно и недвосмислено ја забранил каматата во Куранот, како што вели: „...А Аллах ја дозволил трговијата, а ја забранил каматата...“ Тој Возвишениот исто така вели: „На тој до кого ќе стигне поуката од Господарот негов, па се оттргне од тоа, му припаѓа тоа што претходно го стекнал, а неговиот случај Му е препуштен на Аллах. А тие кои тоа повторно ќе го сторат, ќе бидат жители на Огнот, каде вечно ќе останат.“ (Ел Бекаре, 275) Па му се заканил со вечен престој во Огнот, Аллах да нѐ сочува, на оној што повторно ќе се впушти во камата откако му била доставена опомената и му станал познат прописот.
Верникот овој пропис го прифаќа со широко срце, со задоволство и потполна предаденост. Наспроти тоа, неверникот не го прифаќа, туку чувствува тегоба и стегање во градите поради него, а понекогаш се обидува да го заобиколи со разни итрини. Тоа е затоа што знаеме дека каматата носи сигурна заработка без никаков ризик. Но, во суштина, таа претставува добивка за едниот, а неправда кон другиот. Затоа Возвишениот Аллах вели: „А ако се покаете, ви припаѓаат главнините од имотите ваши; ниту некого ќе оштетите, ниту ќе бидете оштетени.“ (Ел Бекаре, 279)
3. Прифаќање на Аллаховите одредби со задоволство и трпение. Ова е третата особина на убавиот морал кон Возвишениот Аллах. Сите знаеме дека Аллаховите одредби, со кои Тој управува со Своите созданија, не се секогаш во согласност со нивните желби. Па, дали сè што Аллах ни одредува ни е по волја? Односно, дали нашите души природно тежнеат кон тоа и го прифаќаат? Од психолошка гледна точка, одговорот е не.
На пример, болеста не му е по волја на човекот, бидејќи секој сака да биде здрав.
Исто така, сиромаштијата не му е по волја, бидејќи секој сака да биде богат. А и незнаењето не му е по волја на човекот, бидејќи секој сака да биде учен. Но, Аллаховите одредби, според Неговата совршена мудрост, се разновидни. Некои се во согласност со човечката природа, па човекот природно ги прифаќа и во нив наоѓа спокој. Други, пак, не се такви. Па, што претставува убавиот морал кон Возвишениот Аллах во однос на Неговите одредби?
Убавиот морал кон Возвишениот Аллах во однос на Неговите одредби се огледа во тоа да бидеш задоволен со она што Аллах ти го одредил, да најдеш душевен спокој во Неговата одредба и да знаеш дека Тој, Славен и Возвишен нека е, не одредува ништо освен со совршена мудрост и благородна цел, поради кои заслужува целосна пофалба и благодарност.
Оттука, убавиот морал кон Возвишениот Аллах во однос на Неговите одредби се состои во тоа човекот да биде задоволен, потполно да Му се предаде и да најде душевен спокој во она што Тој го одредил. Затоа Возвишениот Аллах ги фали трпеливите, па вели: „Израдувај ги трпеливите, тие кои, кога ќе ги снајде некаква неволја, само велат: 'Ние сме Аллахови и Нему ќе Му се вратиме.‘“ (Ел Бекаре, 155-156)
Второ: Убавиот морал во односот кон луѓето:
Што се однесува до убавиот морал кон луѓето, некои исламски учени, меѓу кои и Хасан ел-Басри, Аллах да му се смилува, го дефинирале вака: „Да не им нанесуваш штета на другите, да бидеш дарежлив и лицето секогаш да ти биде ведро.“ [8] [8] Ихја’ Улум ед-Дин (3/52–53).
Прво: Значењето на воздржувањето од нанесување штета: Тоа значи човекот да се воздржува од нанесување штета на другите, без разлика дали станува збор за нивниот имот, нивниот живот или нивната чест. Оној што не се воздржува од нанесување штета на луѓето нема убав морал, туку има лош.
Аллаховиот пратеник ﷺ ја објавил неприкосновеноста на тоа право на најголемиот собир на кој му се обратил на својот умет, кога рекол: „Навистина, вашите животи, вашите имоти и вашата чест се свети (неприкосновени), исто како што се свети овој ваш ден, овој ваш месец и овој ваш град.“ [9]. [9] Го бележат Бухари во Книгата за аџилак, во поглавјето Хутбата во деновите на Мина, под број (1741), и Муслим во Книгата за заклетвите во случаи на сомнително убиство, во поглавјето Строгата забрана за пролевање крв (касама), под број (1679), а хадисот го пренесува Ебу Бекрете, радијаллаху анху.
Ако некој им ја присвојува имотната сопственост на луѓето, ги измамува, ги изневерува, ги напаѓа и повредува или ги навредува и озборува, тогаш тој нема убав морал кон луѓето, бидејќи не се воздржал од нанесување штета. А колку е поголемо правото што некој го има над тебе, толку е поголем и гревот ако му нанесеш неправда.
Па така, на пример, лошото постапување кон родителите е потежок грев отколку лошото постапување кон другите луѓе. Исто така, лошото постапување кон роднините е потежок грев отколку кон оние што не ти се роднини, а лошото постапување кон соседите е потежок грев отколку кон луѓето што не ти се соседи. Токму затоа Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Се колнам во Аллах, не верува! Се колнам во Аллах, не верува! Се колнам во Аллах, не верува!“ Прашаа: „Кој, Аллахов пратенику?“ Тој рече: „Оној од чие зло неговиот сосед не е безбеден.“ [10]. [10] Го бележи Бухари во Книгата за едеб, во поглавјето Гревот на оној од чие зло не е сигурен неговиот сосед, под број (6016), како хадис кој го пренесува Ебу Шурејх, радијаллаху анху.
Второ: Значењето на дарежливоста: Дарежливоста значи великодушност и несебично давање. Односно, човекот да биде великодушен и дарежлив. Но, великодушноста не се состои само во давањето имот, како што мислат некои луѓе. Таа се покажува и во тоа човекот да се жртвува себеси, да го стави својот углед во служба на другите и да го троши својот имот за нивно добро.
Така, кога ќе видиме човек што им ги исполнува потребите на луѓето, им помага, се застапува за нив кај оние до кои тие самите не можат да допрат, го споделува своето знаење со луѓето и го троши својот имот за нивно добро, тогаш за него велиме дека има убав морал, бидејќи е дарежлив. Затоа Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Плаши се од Аллах каде и да се наоѓаш. По лошото дело направи добро – тоа ќе го избрише. И однесувај се кон луѓето со убав морал.“ [11] [11] Го бележи Тирмизи во Поглавјата за доброчинството и одржувањето на роднинските врски, во поглавјето Она што се пренесува за односот кон луѓето, под број (1987), како хадис пренесен од Ебу Зер, радијаллаху анху.
Дел од убавиот морал кон луѓето е и тоа, кога некој ќе ти нанесе неправда или ќе постапи лошо кон тебе, да му простиш и да преминеш преку тоа. Возвишениот Аллах ги пофалил оние што им простуваат на луѓето, па за жителите на џенетот вели: „За тие што даваат, и кога се во изобилие и кога се во оскудност, кои гневот си го совладуваат и кои на луѓето им простуваат. А Аллах ги сака добродетелите!“ (Али Имран, 134)
Возвишениот исто така вели: „...а доколку вие се откажете (од даровите) – тоа е поблизу до богобојазливоста!“ (Ел Бекаре, 237)
Аллах, Славениот, исто така рекол: „Нека преминат преку тоа и нека простуваат!“ (Ен Нур, 22)
Ајет: „...а тој што ќе прости и ќе се поправи Аллах ќе го награди...“ (Еш Шура, 40)
Секој човек што живее и се дружи со луѓето, неизбежно ќе доживее некаква неправда или навреда од нив. Затоа, неговиот однос кон таквото постапување треба да биде прошка и преминување преку навредата. Нека биде цврсто уверен дека, доколку прости, премине преку навредата и возврати со добро, непријателството меѓу него и неговиот брат ќе се претвори во блискост и пријателство. Возвишениот Аллах вели: „Доброто и злото не се исто! На злото возврати му со добро, па непријателот твој одеднаш близок пријател ќе ти стане.“ (Фусилет, 34)
Размислете, о вие што го познавате арапскиот јазик, како во ајетот е употребена честичката „إذا“ (изненадно, одеднаш). Таа укажува дека резултатот настапува веднаш и ненадејно. „...па непријателот твој одеднаш близок пријател ќе ти стане.“ Но, не секому му е дадена таа благодат. Возвишениот Аллах вели: „Тоа можат да го постигнат само стрпливите; тоа можат да го постигнат само многу доблесните.“ (Фусилет, 35)
Прашањето е дали од ова треба да разбереме дека простувањето на оној што згрешил е секогаш пофално и дека секогаш ни е наредено да простуваме? Од ајетот би можело така да се разбере. Но, треба да се знае дека простувањето е пофално само тогаш кога во него има поголемо добро. Ако, пак, казнувањето е пополезно и попофално, тогаш е подобро да се постапи така. Затоа Возвишениот Аллах вели: „А тој што ќе прости и ќе се поправи Аллах ќе го награди...“ (Еш Шура, 40) Така, Возвишениот Аллах го поврзал простувањето со поправањето на состојбата.
Имено, простувањето не секогаш води кон поправање на состојбата. Можно е оној што ти нанел неправда и се осмелил да те повреди да е човек познат по зло и расипаност. Ако му простиш, тоа само ќе го охрабри да продолжи со своето зло и расипаност. Во таков случај, подобро е да одговара за своето дело, бидејќи токму во тоа се состои поправањето на состојбата. Затоа шејхул-ислам Ибн Тејмије, Аллах нека му се смилува, рекол: „Поправањето на состојбата е задолжително, а простувањето е препорачано. Ако простувањето доведе до пропуштање на поправањето на состојбата, тогаш тоа значи дека сме му дале предност на препорачаното пред задолжителното, а шеријатот не дозволува такво нешто.“ И навистина тоа што го е кажал вистината. Аллах нека му се смилува.
Во оваа прилика сакам да укажам на една појава што многу луѓе ја практикуваат со намера да направат добро. Имено, ќе се случи несреќа предизвикана од некое лице, при што ќе загине друг човек. Тогаш блиските на загинатиот се откажуваат од правото на крвнината што им следува од сторителот на несреќата. Па, дали таквото откажување од крвнината е за пофалба и се смета за дел од убавиот морал, или ова прашање бара подетално разгледување?
По ова прашање треба да се направи разлика. Неопходно е внимателно да се разгледа состојбата на сторителот што ја предизвикал несреќата. Дали е од оние што се познати по непромисленост и неодговорност? Дали е од луѓето на кои, Аллах да нè сочува од тоа, не им е грижа ако прегазат човек, затоа што знаат дека можат да ја платат крвнината? Или, пак, станува збор за човек што, и покрај сета претпазливост и внимателност, сепак доживеал таква несреќа, бидејќи Аллах на сè му одредил мерка?
Ако станува збор за вториот случај, тогаш попрепорачливо е да му се прости. Но, дури и тогаш, пред да се откажеме од крвнината, мора да обрнеме внимание на едно важно прашање: дали починатиот оставил долг? Ако починатиот има долг што не може да се подмири освен од крвнината, тогаш не е дозволено да се откажеме од неа, бидејќи долгот има предност пред наследството. Дури и ако се откажеме, таквото откажување нема правно дејство. Ова е прашање што многу луѓе го занемаруваат. Тоа го велиме затоа што наследниците го стекнуваат правото на крвнината преку починатиот што загинал во несреќата, а нивното право на наследство настапува дури по подмирувањето на долговите. Затоа, кога Возвишениот Аллах ги спомнал прописите за наследството, рекол: „...откако ќе се изврши пораката која ја оставил или откако ќе се подмири долгот...“ (Ен Ниса, 11)
Заклучокот е дека дел од убавиот морал е да им се простува на луѓето. Тоа претставува еден вид дарежливост, бидејќи дарежливоста се покажува или преку давање, или преку откажување од сопственото право. А простувањето спаѓа токму во второто.
Трето: Ведро лице: Човекот секогаш да има ведро лице, а спротивност на тоа е намуртеното лице. Затоа Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Не потценувај ниедно добро дело, макар тоа било и да го сретнеш својот брат со ведро лице.“ [12] [12] Го бележи Муслим во Книгата за доброчинството и одржувањето на роднинските врски, во поглавјето Препорачаноста на ведрото лице при средба, под број (2626), како хадис пренесен од Ебу Зер, радијаллаху анху.
Ведрото лице внесува радост кај оној што ќе го сретнеш и кај оној што ќе ти пријде. Тоа раѓа блискост и присност, а внесува и душевен спокој и кај тебе и кај оној што е со тебе. Испробај го тоа и самиот ќе се увериш.
Но, ако си намуртен, луѓето ќе се разбегаат од тебе. Нема да им биде пријатно ниту да седат со тебе, ниту да разговараат со тебе. Освен тоа, можно е да заболиш и од сериозна болест, позната како висок крвен притисок. Навистина, душевниот спокој и ведрото лице се меѓу најефикасните средства за заштита од оваа болест. Затоа лекарите им советуваат на оние што страдаат од неа да се оддалечат од сè што ги вознемирува и предизвикува гнев, бидејќи тоа само ја влошува нивната состојба. Ведрото лице помага во совладувањето на оваа болест, затоа што човекот со тоа стекнува душевен спокој и станува сакан меѓу луѓето.
Ова се трите основи врз кои се темели убавиот морал во односот кон луѓето.
Дел од убавиот морал кон луѓето е и убавиот однос кон пријателите, роднините и семејството. Човекот не треба да чувствува тегоба поради нив, ниту да им отежнува, туку, напротив, да настојува да внесе радост во нивните срца колку што е во негова можност, но во рамките на Аллаховиот шеријат. Ова ограничување е неопходно, бидејќи има луѓе што не се радуваат освен ако се прави непокорност кон Аллах, Аллах нека нè сочува од тоа. Со таквите не смееме да се согласиме. Меѓутоа, да им се внесува радост на членовите на семејството, на пријателите и на роднините, во границите на шеријатот, е дел од убавиот морал. Затоа Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Најдобри меѓу вас се оние што се најдобри кон своите семејства, а јас сум најдобар кон моето семејство.“ [13] [13] Го бележи Тирмизи во Книгата за доблестите, во поглавјето За вредноста на сопругите на Аллаховиот пратеник ﷺ под број (3895), како хадис кој го пренесува Аиша, радијаллаху анха. Исто така, го бележи и Ибн Маџе во Книгата за бракот, во поглавјето Убавиот однос кон жените, под број (1977), како хадис кој го пренесува Ибн Абас, радијаллаху анхума.
За големо жалење, многу луѓе покажуваат убав морал кон другите, но не покажуваат убав морал кон своето семејство. Тоа е грешка и целосно извртување на вистинските вредности. Како е можно да покажуваш убав морал кон оние што ти се далечни, а лош морал кон своите најблиски?! Некој можеби ќе рече: „Тоа е затоа што меѓу мене и моите роднини нема потреба од формалности и учтивост, па затоа се однесувам полошо кон нив.“ На тоа велиме: Тоа не е исправно. Напротив, токму роднините имаат најголемо право да се однесуваш кон нив убаво, да им бидеш добар сопатник и да живееш со нив на најубав можен начин. Затоа еден човек го прашал Аллаховиот пратеник ﷺ: „О, Аллахов пратенику, кој од луѓето има најголемо право на моето убаво однесување?“ Тој одговорил: „Твојата мајка.“ Човекот прашал: „А потоа кој?“ Тој одговорил: „Твојата мајка.“ Човекот повторно прашал: „А потоа кој?“ Тој одговорил: „Твојата мајка.“ Човекот повторно прашал: „А потоа кој?“ Тој одговорил: „Твојот татко.“ [14] [14] Го бележат Бухари во Книгата за убавото однесување, во поглавјето Кој од луѓето има најголемо право на убаво однесување, под број (5971), и Муслим во Книгата за доброчинството, одржувањето на роднинските врски и убавото однесување, во поглавјето Доброчинството кон родителите и дека тие имаат најголемо право на тоа, под број (2548), како хадис пренесен од Ебу Хурејре, радијаллаху анху.
Кај некои луѓе состојбата е сосема спротивна. Ќе видиш дека лошо се однесуваат кон својата мајка, а убаво кон својата сопруга, па така убавиот однос кон сопругата го ставаат пред доброчинството кон својата мајка.
Заклучокот е дека убавиот однос кон семејството, пријателите и роднините – сето тоа спаѓа во убавиот морал.
Во овие летни центри треба да го искористиме присуството на младите така што ќе ги воспитуваме да стекнат убав морал. На тој начин, овој центар ќе биде место и за поучување и за воспитување. Зашто, знаењето без воспитување понекогаш може да донесе повеќе штета отколку корист. Но, кога е придружено со воспитување, тогаш знаењето ја исполнува својата вистинска цел. Затоа Возвишениот Аллах вели: „Не е примерно за човек кому Аллах му даде Книга и знаење и веровесништво, а потоа да им вели на луѓето: „Бидете мои робови, а не на Аллах!“, туку: „Бидете учени и побожни, со тоа што другите за Книгата ги подучувате и што и самите ја проучувате!“ (Али Имран, 79)
Во тоа се состои вистинската корист од знаењето – човекот да стане раббаниј, односно воспитувач на Аллаховите робови според Аллаховиот шеријат. Затоа се надеваме дека оние што раководат со овие центри ќе ги направат место во кое луѓето ќе се натпреваруваат во стекнувањето благороден морал, а еден од неговите најважни облици е токму убавиот морал.
На почетокот споменавме дека убавиот морал може да биде вроден, а може и да се стекне. Исто така, кажавме дека вродениот убав морал е посовршен од стекнатиот. За тоа наведовме доказ – зборовите на Аллаховиот пратеник ﷺ упатени до Ел-Ешеџ од племето Абдулкајс: „Не, туку Аллах те создал со тие особини.“ [15] [15] Го бележат Ебу Давуд во Книгата за едебот, во поглавјето За племето на човекот, под број (5225), како хадис пренесен од Зари', радијаллаху анху, кој бил дел од делегацијата на Абдулкајс, и Тирмизи во Поглавјата за доброчинството и одржувањето на роднинските врски, во поглавјето Она што се пренесува за смиреноста и брзоплетоста, под број (2011), како хадис пренесен од Ибн Абас, радијаллаху анхума.
Причината е што вродениот убав морал не го напушта човекот, додека стекнатиот убав морал може да го изневери во многу ситуации. Тој бара постојано вежбање, напор и постојано потсетување, особено кога човекот ќе се најде во околности што го предизвикуваат и го поттикнуваат на гнев или непримерна постапка. Затоа, еден човек дошол кај Аллаховиот пратеник ﷺ и рекол: „О, Аллахов Пратенику, посоветувај ме.“ Тој му рекол: „Не лути се.“ Човекот неколкупати го повторил своето барање, а Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, секојпат му одговарал: „Не лути се.“ [16] Веровесникот ﷺ во друга прилика рекол: „Не е силен оној што ги соборува другите со борење. Вистински силен е оној што ќе се совлада себеси кога ќе се разгневи.“ [17] [16] Го бележи Бухари во Книгата за едебот, во поглавјето Чување од гневот, под број (6116), како хадис пренесен од Ебу Хурејре, радијаллаху анху. [17] Го бележат Бухари во Книгата за едебот, во поглавјето Чување од гневот, под број (6114), и Муслим во Книгата за доброчинството, одржувањето на роднинските врски и убавото однесување, во поглавјето Вредноста на оној што владее со себеси при гнев, под број (2609), од хадисот на Ебу Хурејре, радијаллаху анху.
„Сура'а“ е човекот што ги соборува другите во борење. Ова е слично на зборовите „хумеза“ и „лумеза“: „хумеза“ е оној што ги навредува и оцрнува луѓето, а „лумеза“ е оној што ги прекорува и им бара маани. Значи, вистински силен не е оној што ги соборува луѓето и ги победува во борење. „Вистински силен е оној што ќе се совлада себеси кога ќе се разгневи.“ [18] Оној што ќе надвладее со себеси и ќе се стави под контрола при гнев е вистински силен. А човековата способност да се совлада себеси кога ќе се разгневи претставува една од најубавите морални особини. [18] Го бележат Бухари во Книгата за едебот, во поглавјето Чување од гневот, под број (6114), и Муслим во Книгата за доброчинството, одржувањето на роднинските врски и убавото однесување, во поглавјето Вредноста на оној што владее со себеси при гнев, под број (2609), како хадис пренесен од Ебу Хурејре, радијаллаху анху.
Кога ќе се разгневиш, не постапувај под влијание на гневот. Наместо тоа, побарај заштита кај Аллах од проклетиот шејтан. Ако стоиш – седни, ако седиш – легни, а ако гневот и понатаму не те напушта, земи абдест сè додека не се смири гневот.
Заклучокот е дека вродениот убав морал е подобар од стекнатиот убав морал, бидејќи станува природна особина на човекот и лесно му е да го покажува во секоја ситуација. А стекнатиот убав морал може да изостане во одредени ситуации.
Исто така, велиме дека убавиот морал може да се стекне, односно човекот може да се воспитува и да се навикнува себеси на него. Така, човекот стекнува убав морал преку повеќе средства, меѓу кои се:
Прво: да размислува за Аллаховата Книга и за сунетот на Неговиот Пратеник ﷺ и да ги проучува текстовите што го пофалуваат овој возвишен морал. Кога верникот ќе види дека Аллах и Неговиот Пратеник пофалуваат некоја морална особина или некое добро дело, тој настојува да ја стекне таа особина и да го прави тоа дело.
Второ: да се дружи со луѓе што се познати по убавиот морал. Аллаховиот пратеник ﷺ укажал на тоа кога рекол: „Примерот на добриот пријател и лошиот пријател е како примерот на продавачот на миск и ковачот што дува во мешината. Продавачот на миск или ќе ти подари мирис, или ќе купиш од него, или барем ќе почувствуваш убав мирис. А ковачот што дува во мешината или ќе ти ја изгори облеката, или ќе почувствуваш непријатна миризба.“ [19] [19] Го бележат Бухари во Книгата за колењето животни и ловот, во поглавјето За мискот, под број (5534), и Муслим во Книгата за доброчинството и одржувањето на роднинските врски, во поглавјето Препорачливоста на дружењето со добрите луѓе, под број (2628), како хадис пренесен од Ебу Муса ел-Ешари, радијаллаху анху.
Затоа, сите млади треба да се дружат со оние што се познати по убавиот морал, а да се држат подалеку од лошиот морал и од неприличните постапки. Така, тоа дружење ќе им биде како училиште што ќе им помогне да стекнат убав морал.
Трето: човекот да размисли за последиците од лошиот морал. Оној што има лош морал е омразен, луѓето го избегнуваат и го спомнуваат по лошо. Кога човекот ќе сфати дека лошиот морал води до таков исход, ќе се труди да се оддалечи од него.
*
Најдобриот пример ﷺ
Ние во Аллаховиот пратеник ﷺ имаме најубав пример. Тој имаше највозвишен морал, бидејќи Возвишениот Аллах за него вели: „Бидејќи ти навистина имаш најдобар карактер.“ (Ел Калем, 4) Настаните и случките што се случиле во времето на Аллаховиот пратеник ﷺ јасно сведочат за неговиот убав морал. Тој ﷺ покажувал убав морал дури и кон децата: бил благ и нежен кон нив, си играл со нив и на едно мало дете му рекол: „О, Ебу Умејр, што се случи со нугајр?“ [20] Ебу Умејр е прекар на едно мало дете. Тоа имало нугајр – мала птица слична на врапче. Кога птицата угинала, детето многу се натажило. Затоа Аллаховиот Пратеник ﷺ благо му се обраќал, велејќи: „О, Ебу Умејр, што се случи со нугајр?“ [20] Го бележат Бухари во Книгата за едебот, во поглавјето Срдечност кон луѓето, под број (6129), и Муслим во Книгата за едебот, во поглавјето Препорачливоста на тахникот (ставање издробена урма во устата на новороденчето) по неговото раѓање, под број (2150), како хадис пренесен од Енес, радијаллаху анху.
Еден бедуин дошол и почнал да мокри во џамијата. Луѓето почнале остро да го прекоруваат и да му викаат, но Аллаховиот пратеник ﷺ ги запрел. Кога бедуинот завршил со мокрењето, Аллаховиот пратеник ﷺ наредил да се донесе кофа со вода и да се истури врз местото каде што уринирал. Потоа го повикал бедуинот и му рекол: „Овие џамии не се место за ваква нечистотија. Тие се наменети за намаз, за спомнување на Аллах и за читање на Куранот.“ [21] Или како што рекол Аллаховиот пратеник ﷺ. [21] Го бележат Бухари во Книгата за абдестот, во поглавјето Полевање вода врз урината, под број (221), и Муслим во Книгата за чистотата, во поглавјето Обврската за миење на урината, под број (285), како хадис пренесен од Енес, радијаллаху анху.
Убавиот морал на Аллаховиот пратеник ﷺ во оваа случка е сосема очигледен. Тој не го прекорил бедуинот, ниту наредил да биде удрен. Напротив, го оставил да заврши со мокрењето, а потоа љубезно му објаснил дека џамиите не се место за такви постапки, туку дека се наменети за намаз, за зикр и за читање на Куранот.
Еден човек дошол кај Аллаховиот пратеник ﷺ во рамазан и рекол: „О, Аллахов пратенику, пропаднав!“ Аллаховиот пратеник ﷺ го прашал: „А што те упропасти?“ Човекот одговорил: „Имав интимен однос со својата сопруга во рамазан додека постев.“ Но, Аллаховиот пратеник ﷺ не го прекорил, ниту му се развикал, туку му рекол: „Имаш ли со што да ослободиш еден роб?“ Тој одговорил: „Не.“ „Можеш ли да постиш два последователни месеци?“ Тој одговорил: „Не.“ „Имаш ли со што да нахраниш шеесет сиромаси?“ Тој одговорил: „Не.“ Потоа човекот седнал. По некое време, на Аллаховиот пратеник ﷺ му донеле кошница полна со урми. Тој му ја дал и му рекол: „Раздели го ова како садака.“ Човекот рекол: „Зар да го дадам на некој што е посиромашен од нас?! Се колнам, меѓу двете каменести области на Медина нема семејство на кое ова му е попотребно отколку на нашето.“ Тогаш Аллаховиот пратеник ﷺ се насмеал толку што му се покажале катниците, а потоа рекол: „Оди и нахрани го своето семејство.“ [22] [22] Го бележат Бухари во Книгата за постот, во поглавјето Кога некој ќе има интимен однос во рамазан, а нема со што да ја изврши искупнината, па ќе му се даде садака за да се искупи, под број (1936), и Муслим во Книгата за постот, во поглавјето Строгата забрана за интимен однос во текот на денот во рамазан за оној што пости, под број (1111), како хадис пренесен од Ебу Хурејре, радијаллаху анху.
Убавиот морал на Аллаховиот пратеник ﷺ во оваа случка е јасен и очигледен. Тој не му се развикал на овој човек, не го навредил и не го прекорил. Тоа било поради неговата благост и мудрост. Тој видел дека човекот дошол каејќи се, покајан и исплашен, па знаел дека не заслужува прекор, туку дека треба да му се објасни вистината и кон него да се постапи благо.
Прашање: Многу луѓе велат дека луѓето на Западот имаат подобар морал во меѓусебните односи, како и во купопродажбата, додека кај нас, муслиманите, се среќаваат измами, лаги и продавање стока со лажни заклетви. Која е причината за тоа? И дали нивниот индустриски развој има големо влијание врз обликувањето на нивниот морал?
Одговор: Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Кога на луѓето би им се давало според нивните претензии, некои би присвојувале туѓи животи и имоти. Затоа, товарот на докажувањето е врз оној што претендира.“ [23] Што се однесува до раширеното мислење дека луѓето на Западот имаат убав морал во меѓусебните односи, тоа не е точно. И кај нив има многу лоши постапки, што добро ги знае оној што живеел меѓу нив и ги набљудувал објективно и непристрасно, а не оној што ги гледа со восхит и претерано воодушевување. Како што рекол поетот: Окото на задоволството е слепо за секоја маана ... како што окото на незадоволството ги открива сите недостатоци. [24] [24] Види: Ел-Хајеван од Џахиз (3/226), Ујун ел-Ахбар (3/16) и Ел-'Икд ел-Ферид (2/194). [23] Го бележат Бухари во Книгата за тефсирот на Куранот, во поглавјето за зборовите на Возвишениот Аллах: „Навистина, оние што заветот кон Аллах и своите заклетви ги продаваат за безвредна цена...“ (Али Имран, 77), под број (4552), и Муслим во Книгата за судските пресуди, во поглавјето Заклетвата е обврска на тужениот, под број (1711), како хадис пренесен од Ибн Абас, радијаллаху анхума.
Многу млади луѓе што престојувале на Запад ми раскажувале за постапки што претставуваат примери за најлошите облици на лош морал. Но, кога тие се искрени во советувањето при купопродажбата, тоа не го прават затоа што имаат убав морал, туку затоа што се робови на материјалното. Колку човекот е поискрено и покоректно однесува во ваквите работи, толку повеќе луѓето му укажуваат доверба, побрзо ја купуваат неговата стока и полесно ја продава.
Тие, значи, не постапуваат така затоа што имаат совршен морал, туку затоа што се луѓе водени од материјални интереси. Сметаат дека добриот однос кон купувачите е едно од најсилните средства за зголемување на нивната заработка, бидејќи на тој начин нивната стока полесно се прифаќа и се продава. Инаку, тие се токму онакви какви што Возвишениот Аллах ги опишал со Своите зборови: „Тие што не веруваат од следбениците на Книгата и многубошците, сигурно ќе бидат во огнот џехенемски, во кој вечно ќе останат; – тие се најлошите суштества.“ (Ел Бејине, 6) И не мислам дека некој може попрецизно да ги опише неверниците отколку што ги опишал Возвишениот Аллах. Тие се најлошите созданија. Па како може да се очекува вистинско добро, кое само по себе е цел, од луѓе што Аллах ги опишал како најлошите созданија? Не верувам дека тоа некогаш може да биде така. Она што кај нив се среќава од искреност, јасност и чесност во овие деловни односи не е цел само по себе, туку служи за постигнување друга цел — стекнување углед и заработка. Инаку, оној што ја видел нивната неправда, нивната суровост и нивното самоволие кон луѓето на многу места, ќе ја спознае вистинитоста на зборовите на Возвишениот: „...тие се најлошите суштества.“
Што се однесува до измамата, лагата и изневерувањето што се среќаваат кај многу муслимани во меѓусебните односи, на таквите муслимани им се намалиле исламот и иманот онолку колку што го прекршиле шеријатот во овие прашања.
Тоа што некои муслимани постапуваат спротивно на шеријатот и излегуваат од неговите рамки во вакви работи, никако не значи дека постои недостаток во самиот шеријат. Шеријатот е совршен. Овие луѓе најнапред си наудиле себеси, следно му го презентирале несоодветно исламскиот шеријат, потоа им наштетиле на своите браќа муслимани, а на крајот и на немуслиманите со кои стапуваат во односи. Но, всушност, тие си наштетиле самите на себе. Разумниот човек никогаш не ја смета погрешната постапка на поединецот за недостаток на шеријатот на кој тој му припаѓа.
Затоа, се надевам дека сите муслимани ќе поведат силна борба против овие појави што исламот не ги одобрува, како што се лагата, изневерувањето, измамата, проневерата и сè што е слично на тоа.
Прашање: Кој е подобар: човек што има недостатоци во својата вера, но се одликува со убав морал, или човек што е речиси совршен во придржувањето кон шеријатот, но има лош морал? И каква е поврзаноста на тоа со зборовите на Аллаховиот пратеник ﷺ: „Убавиот морал го носи доброто и на овој и на идниот свет.“ [25] И со неговиот ﷺ одговор на Уму Селеме? [25] Го бележат Абд бин Хумејд во својот Муснед (1210), Хараити во Мекарим ел-Ахлак (50) и Таберани во Ел-Кебир (23/223), како хадис пренесен од Енес, радијаллаху анху.
Одговор: Нема сомнеж дека совршеноста на моралот е дел од совршеноста на верата, како што веродостојно се пренесува од Аллаховиот пратеник ﷺ дека рекол: „Верниците со најсовршен иман се оние што имаат најубав морал.“ [26] [26] Го бележат Ебу Давуд во Книгата за сунетот, во поглавјето Доказ за зголемувањето и намалувањето на иманот, под број (4682), и Тирмизи во Книгата за доењето, во поглавјето Она што се пренесува за правото на жената над нејзиниот сопруг, под број (1162), како хадис пренесен од Ебу Хурејре, радијаллаху анху.
Според тоа, секој што има недостатоци во својот морал, има недостатоци и во својата вера, бидејќи совршеноста на верата се постигнува преку совршеноста на моралот. Како што веќе спомнавме, убавиот морал се огледа во односот кон Создателот и во односот кон луѓето. Оттука, станува јасно дека совршеноста на моралот произлегува од совршеноста на верата. Врз основа на тоа, влијанието на човекот со убав морал во привлекувањето на другите кон исламот и кон верата е поголемо од влијанието на човек што е побожен, но има лош морал. Ако, пак, оној што е силен во ибадетот биде удостоен и со убав морал, тогаш тоа е најсовршената состојба. А што се однесува до споредувањето меѓу човек што е силен во своите лични ибадети, но има лош морал, и другите, тоа е прашање за кое не може да се даде општо правило.
Го молиме Аллах да нè направи од оние што цврсто се придржуваат до Неговата Книга и до сунетот на Неговиот пратеник ﷺ и јавно и тајно, да нè усмрти на тоа, да биде наш Заштитник на овој и на идниот свет, нашите срца да не скршнат од Правиот пат откако нè упати и да ни подари милост од Себе. Навистина, Тој дарува обилно.
*
Related books
All books
Исламот е верата на Божјите пратеници85 јазициИсламот е верата на Божјите пратеници
Исламот претставува преданост кон Аллах, Создателот и Управителот со универзумот, и покорност Нему со љубов и величење. Основата на исламот е верувањето во Аллах, дека Тој е Создателот, а сè освен Него е создадено. Тој е Единствениот кој заслужува да биде обожуван, без здруженик/истоветен. Нема вистински бог освен Него. Тој ги има најубавите имиња и највозвишените особини, и Тој е апсолутно совршен, без недостаток. Тој не родил и не е роден, никој не Му е рамен и никој не Му е сличен. Тој не се инкарнира во ништо, ниту се соединува со било што. Исламот е верата на Возвишениот Аллах, Кој не…
الإسلام دين رب العالمين
كيفية صلاة النبي - صلى الله عليه وسلم -79 јазициكيفية صلاة النبي - صلى الله عليه وسلم -
Кликнете за да ги видите деталите за книгата.
الشهادتين78 јазициالشهادتين
Ако сакаш да влезеш во исламот, потребно е гласно да го изговориш следното сведоштво, да го разбереш неговото значење и искрено да веруваш во него: Ако сакаш да го прифатиш исламот, потребно е гласно да го изговориш следново сведоштво: Ешхеду ен ла илахе иллаллах – Сведочам дека нема друг вистински бог освен Аллах (овие зборови значат дека само Аллах заслужува да биде обожуван), Сведочам дека нема друг вистински бог освен Аллах, Ешхеду ен ла илахе иллаллах Ве ешхеду енне Мухаммеден рeсулуллах, ве енне Иса ибн Мерјем хуве абдуллахи ве рeсулуху. – И сведочам дека Мухамед е Аллахов пратеник и…