Како може да се потврди оживувањето по смртта?
- محاور التعريف بالإسلام
- اليوم الآخر والمصيرالبعث بعد الموت
- مصدر الإجابة
- قسم البعث | كتاب: الإسلام دين رب العالمين، ص 16-17.
- الباب / الفصل
- (قسم البعث)
السؤال
Како може да се потврди оживувањето по смртта?
الجواب
Навистина е чудно кога некој го негира оживувањето, бидејќи тоа е нешто што го наложуваат мудроста и правдата, и во кое верувале сите божествени објави. Речиси и да не постои вера што не верува во оживување во некаква форма. Одговорот е следниот:
Прво: Оживувањето на созданијата е барање/неопходност на правдата и мудроста. Кога би претпоставиле дека нема да има оживување, тогаш постоењето на човекот на оваа Земја би било бесмислено. Возвишениот Аллах вели:
„Зарем мислите дека залудно ве создадовме и дека нема да Ни се вратите?“
(Ел Муминун, 12-14)
Ако претпоставиме дека нема оживување, тогаш како ќе му се врати правдата на угнетениот за неправдата што му ја нанел насилникот? И како ќе бидат казнети расипниците на Земјата ако умрат со природна смрт пред да ги стигне раката на правдата? И како ќе бидат наградени доброчинителите кои им правеле големи добра на немоќните, а не добиле награда за своите дела на овој свет? Затоа мора да постои Ден во кој луѓето ќе застанат пред Господарот на световите, за Тој секого да го награди или казни според неговите дела. Возвишениот Аллах вели:
„Зарем муслиманите со злосторниците ќе ги изедначиме?!“
(Ел Калем: 35)
Ова ќе го појасниме со еден пример: ако некој тиранин убие илјада луѓе, силува жени и ограби имоти, а потоа умре од природна смрт без да биде стигнат од правдата и без да биде казнет, како тогаш ќе ја добие заслужената казна? Како ќе се надоместат тие неправди, пролеаната крв, нарушената чест и ограбените имоти? Како ќе им се врати правдата на оштетените? Да не постоеше оживувањето, би било крајно неправедно еден злосторник, кој ширел расипништво по Земјата, да избега од казната. Но, Аллах нè известил дека ќе му ја врати правдата на секој угнетен за неправдата што му била нанесена. Возвишениот Аллах вели:
„Тие што не веруваат во Доказите Наши Ние, сигурно, во оган ќе ги фрлиме, па кога кожите ќе им се испечат, ќе им ги замениме со други кожи, за да ја осетат вистинската казна! А Аллах е Силниот и Мудриот!“ (Ен-Ниса, 56)
Неверникот ќе гори во Огнот, и секогаш кога кожата ќе му изгори, ќе му биде заменета со друга кожа за да го вкуси мачењето, сè додека не му се наплати за секоја неправда што ја сторил. Па дури и ако убил илјада души, Аллах на Судниот ден ќе го казни за секоја од нив. Дали вакво нешто е можно на овој свет? Ако злосторникот што убил сто луѓе биде фатен, најмногу што може да му се случи е да биде убиен еднаш и да умре.
Второ: оживувањето по смртта може да се потврди и со следниве докази:
Аллах, Кој е моќен да ги создаде небесата и Земјата, е способен повторно да ги создаде луѓето. Оној Кој ги создал овие величествени небесни сводови, не Му е тешко повторно да ги оживее луѓето. Возвишениот Аллах вели:
„Создавањето на небесата и Земјата е сигурно поголемо отколку создавањето на човековиот род, но повеќето луѓе не знаат.“
(Гафир, 39)
Аллах, Кој го создал првиот човек — Адем — од земја и го направил складно човечко суштество, е моќен повторно да го врати човекот во живот откако ќе стане прав. Возвишениот Аллах вели:
„И Нам Ни наведува пример, а заборава како е создаден, и вели: ,Кој ќе ги оживее коските кога прав ќе се сторат?' Кажи: ,Ќе ги оживее Оној Којшто ги создаде првпат, и Тој за секое создание знае.'“
(Јасин, 78-79)
Аллах, Кој секојдневно ни го покажува постојаното создавање на човекот од безвредна капка течност, не е немоќен повторно да ги создаде луѓето. Возвишениот Аллах вели:
„О, луѓе! Ако се сомневате во оживувањето – па Ние ве создаваме од земја, потоа од капка семе, потоа од грутка крв, потоа од парче месо, обликувано и необликувано, за да ви објасниме! А во матките задржуваме што сакаме, до рокот одреден, потоа правиме како доенчиња да се раѓате и потоа до потполна развиеност да израснете; едни од вас умираат, а други длабока старост доживуваат, за, откако знаел, да не знае ништо. И ти види ја земјата како е замрена, но кога дожд ќе спуштиме на неа, таа потреперува и набабрува, и од неа никнуваат секакви прекрасни растенија.“
(Ел Хаџ, 5)
Аллах ни наведува пример што постојано го гледаме во овој живот: Земјата е сува, мртва и без живот, а потоа врз неа паѓа дожд, па таа оживува и никнуваат разни прекрасни растенија. Оној Кој ја оживува Земјата е способен да ги оживее и мртвите. Возвишениот Аллах вели:
„А од доказите Негови е и тоа што гледаш сува земја, а кога на неа ќе спуштиме дожд, таа се придвижува и процветува. Тој што ѝ дава живот ќе ги оживее сигурно и мртвите, бидејќи Тој е способен за сè.“
(Фусилет, 2-4)
Аллах во Благородниот Куран ни наведува и еден чудесен доказ за оживувањето, а тоа е дека жешкиот оган излегува од влажното зелено дрво, како што гледаме при шумските пожари. Возвишениот Аллах вели:
„Кажете Ми вие Мене: огнот што го палите –
дали дрвото за него вие или Ние го создаваме?
Ние правиме тој да потсетува и да биде корисен за патниците кои престојуваат.“
(Ел Вакиа, 77-80)
Па Оној Кој го изведува жешкиот оган од неговата спротивност — зеленото дрво — способен е да го изведе живото од мртвото.
Сонот е мала слика на смртта и оживувањето. Зарем не гледаме како човекот е во полна сила и најдобра состојба, а потоа ќе го совлада сонот, па неговата душа го напушта телото додека спие и тој не чувствува ништо околу себе? Можеби дури ќе избувне пожар во куќата во која се наоѓа, а тој ништо да не почувствува и да изгори. Така и човекот, кога ќе умре, ќе биде оживеан исто како што се буди од сон. Ова е видлив и јасен доказ што секој од нас го гледа кај себе и кај луѓето околу него. Возвишениот Аллах вели:
„И еден од доказите Негови е вашиот сон и ноќе и дење, и вашето настојување да стекнете нешто од изобилството Негово; во тоа навистина има знаци за луѓето кои слушаат.“
(Ер Рум, 27)
Возвишениот исто така вели:
„Аллах ги зема душите во часот на нивната смрт, а и на тие што спијат, па ги задржува тие на кои им одредил да умрат, а другите ги остава до одредениот рок. Тоа се, навистина, докази за тие што размислуваат.“
(Ез Зумер, 42)
Аллах ни спомна и муџизи што ги дал на Своите веровесници, алејхиму селам, преку кои мртвите биле оживувани и враќани во живот — било луѓе или животни — преку Ибрахим, Муса и Иса, алејхиму селам. Ова е јасен и опиплив доказ што историјата го зачувала за секој што сака да извлече поука од настаните низ времето.
Верувањето во оживувањето е дел од верувањето во гајбот (невидливото). Возвишениот Аллах нè известил за него, како и за другите нешта од гајбот, во чие верување лежи доброто на човекот за неговата вера и за неговиот овоземен живот. Тој ни дал многубројни докази кои му даваат на муслиманот цврсто убедување дека овие нешта од невидливото се вистинити, до тој степен што е убеден во нив со срцето како да ги гледа со своите очи. Исто така, Објавата што ги содржи вестите за гајбот донесе многу факти и сигурни вистини што разумот ги прифаќа, а човекот нивната вистинитост ја гледа и во самиот живот. Така, вистинитоста на она што веќе го знае му го потврдува и она што му е скриено.
Исто така, исламот и иманот на човекот не се исправни без верување во оживувањето. Кој го негира оживувањето, станува неверник во Возвишениот Аллах, без разлика колку и да прави добро и колкав е доброчинител. Возвишениот Аллах вели:
„Неверниците тврдат дека нема да бидат оживеани. Кажи: ,Ќе бидете, се колнам во мојот Господар, сигурно ќе бидете оживеани, па за тоа што го правевте навистина ќе бидете известени!' – а тоа за Аллах е лесно.“
(Ет Тегабун, 9-10)
المصدر
ملاحظات
--