Skip to content

Дали муслиманите веруваат во догмата за првобитниот грев?

محاور التعريف بالإسلام
الشبهات والاعتراضات
مصدر الإجابة
قسم المسلمين
الباب / الفصل
(قسم المسلمين)

السؤال

Дали муслиманите веруваат во догмата за првобитниот грев?

الجواب

Она што се нарекува „првобитен“ или „наследен грев“ е заблуда без вистинска основа и претставува еден од митовите што се наоѓаат во светите книги кај Евреите и христијаните. Тие тврдат дека Адем и Хава направиле голем грев и дека Хава е таа што го навела Адем да јаде од дрвото. Врз основа на ова лажно тврдење, тие сметаат дека Адем го понел товарот на својот грев и им го оставил како наследство на своите потомци, и дека Бог ја казнил жената со бременост и породување затоа што го завела својот сопруг Адем. Исто така тврдат дека ја казнил змијата да лази по стомак и да јаде земја, бидејќи шејтанот го зел нејзиниот лик кога сакал да влезе во Џенетот, како и дека ја проколнал Земјата поради гревот на Адем. Оваа измислена приказна е дел од искривувањата во нивните изменети книги.

Потоа дошло христијанството со уште поголема заблуда, позајмена од паганските религии, а тоа е тврдењето дека Бог им се смилувал на луѓето поради гревот на нивниот прататко, па сакал да го жртвува Својот син. Затоа го испратил Својот син и го воплотил во телото на Месихот, а потоа им дозволил на Евреите да го убијат и распнат како искупување за гревот на Адем.

Вистината е дека кога Аллах ги создал созданијата и го довршил создавањето на небесата, Земјата и мелеците, им соопштил на мелеците дека на Земјата ќе постави намесник. Мелеците прашале како ќе постави некого чија природа е склона кон страсти и правење неред, па Аллах им одговорил дека Тој знае најдобро и дека е Најмудар. Им објаснил дека овој намесник ќе живее на Земјата, ќе се размножува и дека меѓу неговото потомство ќе има и добри луѓе. Аллах уште пред создавањето на Адем и неговата сопруга Хава запишал во Сочуваната пчоча дека ќе ги спушти на Земјата за да ја населат и да ја извршуваат задачата на намесништво. Откако го создал Адем, го населил во Џенетот за да го научи лекција за самиот себе и за неговиот непријател шејтанот, кого ќе го сретне на Земјата. Му дозволил да јаде од сите дрвја во Џенетот, освен од едно дрво, кое немало никаква посебна вредност над останатите, туку забраната била само како искушение и тест. Кога шејтанот го измамил и го навел да јаде од дрвото, Адем сфатил дека згрешил и дека го заборавил Аллаховото предупредување. Тогаш Аллах го научил како да се покае, па Адем ги изговорил зборовите што Аллах му ги наредил, Аллах му простил и со тоа прашањето завршило.

Возвишениот Аллах, вели:

„И кога Господарот твој им рече на мелеците (ангелите): „Јас на Земјата ќе поставам намесник!“, тие запрашаа: „Зарем на Земјата ќе го поставиш тој што на неа неред ќе шири и крв ќе пролева?! А ние Те величаме, заблагодарувајќи Ти, и Те почитуваме како што Тебе Ти доликува!“ Тој одговори: „Јас го знам тоа што вие не го знаете!“

И Тој го подучи Адем со сите имиња, а потоа ги изнесе пред мелеците и рече: „Кажете Ми ги имињата нивни, ако ја кажувате вистината!“

„Славен биди!“, рекоа тие, „Ние го знаеме само тоа за што Ти нè подучи! Само Ти си Зналецот и Мудриот!”

„О, Адеме,“, рече Тој, „кажи им ги имињата нивни!“ И кога тој им ги кажа нивните имиња, Аллах рече: „Зарем не ви кажав дека само Јас ги знам тајните на небесата и на Земјата и дека само Јас го знам тоа што вие го покажувате и тоа што го криете?“

И кога им кажавме на мелеците: „Поклонете му се на Адем со сеџда!“, тие сите се поклонија освен Иблис, кој одби, се вообрази и стана неверник.“

И Ние рековме: „О, Адеме, ти и твојата жена живејте во Џенетот и јадете од него од каде што сакате, но не приближувајте се до ова стебло, па со тоа неправда да си сторите!“

Но, шејтанот ги намами да сторат грев и ги изведе од местото каде што живееја!“ – „Слезете!“ – им рековме Ние. „Едни на други ќе бидете непријатели до одреденото време! Земјата ќе биде ваше живеалиште и уживање некое време!“

И Адем прими некои зборови од Господарот свој, па Тој му прости; Тој навистина простува и Милостив е!

И Ние рековме: „Слезете од него сите! Од Мене ќе ви доаѓа Упатството; и тие што ќе го следат Упатството Мое, ниту ќе стравуваат, ниту ќе тагуваат!”

(Ел Бекаре, 129)

Настаните од оваа приказна се вртат околу тоа дека Аллах создал намесник на Земјата, а неговото прво живеалиште го направил Џенетот. Откако го поучил и тој научил, му наредил и му забранил, од негова страна се случила грешка, која Куранот ја нарекува „зеле“ (пропуст), а не грев. Возвишениот Аллах вели:

„Но, шејтанот ги намами да сторат грев.“

Кога паднал во искушението што му било одредено, Аллах го научил како да ја поправи својата грешка и како да Му се покае на својот Господар. Аллах го примил неговото покајание, го упатил и го почестил, а потоа, по прифаќањето на покајанието, го спуштил на Земјата за да ја доврши задачата за која бил создаден.

Во книгите на Евреите постојат многу текстови — нема потреба да ги наведеме — кои јасно го побиваат тврдењето дека детето го наследува гревот на својот татко или дека човештвото наследува туѓ грев. Па, како тогаш Евреите ја измислиле оваа лага, а христијаните ги следеле во неа?

Во Благородниот Куран никој не го носи гревот на друг, ниту детето го наследува гревот на својот татко. Возвишениот Аллах вели:

„Тој што оди по Вистинскиот пат, од тоа само тој ќе има корист, а тој што талка – на своја штета талка, и ниту еден грешник туѓите гревови нема да ги носи! А Ние ниту еден народ не сме казниле, додека Пратеник не сме им испратиле!“

(Ел Исра, 88)

По ова појаснување, со сигурност велиме: прашањето за наследениот или првобитниот грев воопшто не постои. Тоа е мит изграден врз еврејска измислица, која подоцна била зацврстена со христијанското тврдење за воплотувањето на Месихот, алејхи селам, и неговото распнување како искупување за гревот на Адем, алејхи селам. А она што во својата суштина е мит изграден врз лага, нема никаква вредност. Напротив, бараме прошка од Аллах за ваквото тврдење и клевета.

Човекот кој ја следи Аллаховата вера, кого неговиот Господар го воспитувал, му дал способност да прави разлика помеѓу вистината и невистината, и го почестил со вистинска вера заснована на доказ и аргумент, а која ги презира лагата и суеверието, не му придава никакво значење на ова суеверие. Тој знае дека тоа е измислена лага која не влијае врз неговите убедувања и цели. Напротив, ја смета за навреда кон веровесниците и пратениците, алејхиму селам, бидејќи според ова тврдење сите веровесници и пратеници биле осквернети со наводниот наследен грев сè додека не биле „исчистени“ преку искупувањето на Месихот за нив. Па како тогаш биле исчистени веровесниците кои починале пред времето на Месихот?!

Разумниот човек кој ја следи Аллаховата вера се труди да ја исправи оваа раширена заблуда и да ја разјасни вистината од невистината во ова и во други прашања. И Му се заблагодарува на Аллах што го упатил кон исправната вера и го направил следбеник на веровесниците и пратениците, алејхиму селам.

المصدر

قسم المسلمين

ملاحظات

--