Што е Куранот?
- محاور التعريف بالإسلام
- التعريف بالقرآن الكريم
- مصدر الإجابة
- قسم القرآن والكتب السابقة | كتاب: الإسلام دين رب العالمين، ص 15-16.
- الباب / الفصل
- (قسم القرآن والكتب السابقة)
السؤال
Што е Куранот?
الجواب
Благодарноста Му припаѓа на Аллах, па потоа велиме: Аллах ги поткрепи Своите веровесници и пратеници, алејхиму салату ве селам, со јасни знаци кои, по Аллаховата волја, беа причина за упатувањето на нивните народи. Знаците на веровесниците исчезнаа — како камилата на Салих, стапот на Муса, лекувањето на лепрозниот и немиот и оживувањето на мртвите преку Иса, алејхи селам. Од нив не остана ништо освен најголемиот знак — знакот муџизата на нашиот пратеник Мухамед ﷺ. Неговата најголема муџиза (знак) е Благородниот Куран, кој е највозвишениот меѓу муџизите на веровесниците. Затоа тој ﷺ рекол:
„На секој веровесник му биле дадени знаци на какви им верувале луѓето и ги следеле пратениците кои дошле со нив. Она што мене ми беше дадено е објавата што Аллах ми ја објави, па се надевам дека ќе имам најмногу следбеници на Судниот ден.“
Го бележат Сахих Бухари (7274), и Сахих Муслим (239)
Објава која Аллах му ја објави се Куранот и пратеничкиот сунет. Бидејќи прашањето е за Куранот, овде ќе се задржиме на Благородниот Куран и ќе кажеме:
За Благородниот Куран, Возвишениот Аллах — Кој го објави — вели:
„И Куранот сигурно е објава од Господарот на световите;
поверливиот Џибрил го донесува
на срцето твое, за да опоменуваш,
на јасен арапски јазик
Тој е спомнат во книгите на претходните Пратеници.“
(Еш Шуара, 192-196)
Возвишениот исто така вели:
„Објава од Милостивиот, Семилосниот,
Книга чии стихови се разјаснети, како арапски Кур'ан за народ кој знае.
радовесник и предупредувач – и пак повеќето од нив главите ги вртат, не сакаат ниту да чујат.“
(Фусилет, 2-4)
„Навистина, тие што не веруваат во Опомената, откако им дојде, ќе бидат казнети! А тој (Куранот) навистина е возвишена книга,
лагата не може да ѝ пријде од која било страна, таа е Објава од Мудриот и за благодарност достојниот.“
„Тоа е, навистина, благородниот Куран
во грижливо чуваната Книга.
Смеат да го допрат само тие што се чисти!
Тој е Објава од Господарот на световите.“
(Ел Вакиа, 77-80)
Возвишениот Аллах, Кој го објави Куранот, е Оној Кој ги објави и Тевратот и Инџилот. Возвишениот вели:
„Тој ти ја објавува Книгата со Вистината, која ги потврдува претходните, а и Тевратот и Инџилот ги објавил
претходно, како патоказ за луѓето, а го објавил и Фурканот. На тие што не веруваат во Аллаховите ајети им припаѓа тешка казна; а Аллах е силен и жестоко казнува!“
(Али Имран, 3-4)
За него Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Во Божјата книга се вестите за оние пред вас, известувањата за она што ќе дојде по вас и пресудата за она што е меѓу вас. Таа навистина е говор кој ја раздвојува вистината од невистината, и не е никаква лакрдија. Кој насилник ќе ја напушти — Аллах ќе го уништи; а кој ќе бара упатство во нешто друго освен во неа — Аллах ќе го одведе во заблуда. Таа е Аллаховото цврсто јаже, мудрата опомена и правиот пат. Кој се придржува до неа страстите не му скршнуваат, ниту пак јазиците му се заплеткуваат. Учените не се заситуваат од неа, таа не застарува со честото повторување и нејзините чуда не престануваат. Таа е онаа за која џините, кога ја слушнаа, рекоа: „Ние навистина Куранот, кој предизвикува восхит, го слушавме; кој на Вистинскиот пат упатува…“ (Ел Џин, 1–2). Оној што зборува според неа — ја кажува вистината; оној што постапува според неа — ќе биде награден; оној што суди според неа — праведно суди; а оној што повикува кон неа — упатен е на правиот пат.“
Сунен Тирмизи, рецензија на Шакир (2906), и Сунен Дарими (2650)
А за него Велид — еден од неверниците на Курејш — откако го слушнал, рекол:
„Се колнам во Аллах, пред малку слушнав говор од Мухамед што не е ниту од говорот на луѓето, ниту од говорот на џините. Во него има сласт и убавина; неговиот врв е плоден, а неговата основа изобилна. Тој се издигнува и ништо не може да се издигне над него.“
Марех Лебид ли кешф маʿна ел-Куран ел-Меџид (Откривање на значењето на Благородниот Куран), 2/580
Куранот е говор на Возвишениот Аллах, објавен преку мелекот Џибрил на нашиот веровесник Мухамед ﷺ веровесникот кој не знаел ниту да чита ниту да пишува; а неговото читање претставува ибадет. Тој е Книгата што ги укинува претходните книги објавени на поранешните веровесници, како што се Тевратот и Инџилот, и ги потврдува — во смисла дека се согласуваат во основата на повикот кон тевхидот, верувањето во гајбот (невидливото), проживувањето и основите на верувањето воопшто. Тој бил објавуван во текот на дваесет и три години на нашиот веровесник ﷺ. Асхабите го научиле напамет и го пренеле на оние по нив, и писмено и преку помнење. Затоа, тој е сочуван во градите и запишан во листовите. Муслиманите се грижеле за него и го пренесувале со неговите букви и начини на рецитирање (кираети), генерација по генерација. Се состои од триесет делови (џузеви) и содржи сто и четиринаесет сури (поглавја).
Куранот е величествена книга што ги опфаќа верувањето, прописите на верата, моралните норми, кажувањата за пратениците и вестите за поранешните народи. Во него Аллах појаснува како ги спасил верниците на овој свет и како ги казнил неверниците и лицемерите. Во него е и објаснувањето за судбината на верниците и судбината на неверниците и лицемерите на Судниот ден. Аллах ги предизвикал луѓето и џините — дури и сите ги повикал да зе здружат — да донесат нешто слично на него, но никој до сега не успеал, ниту некогаш ќе успее да го измени, а камоли да донесе нешто слично на него или на дел од него. Возвишениот Аллах појаснил дека овој Куран е лек за болестите на душата и телото и дека во него има поука за оној што сака да се поучи и да се упати преку неговото упатство. Возвишениот Аллах вели:
„О, луѓе, веќе ви стигна порака од Господарот ваш, и лек за вашите срца, и упатство и милост за верниците.“
(Јунус, 57)
Знаејќи дека пораката на нашиот пратеник Мухамед ﷺ е последната порака — што значи дека по него нема да дојде друг веровесник — Аллах го направи знакот (муџизата) на оваа порака да биде траен до Судниот ден. Тоа значи дека секој што ќе се запознае со него и ќе го чита, ќе му се воспостави доказот за вистинитоста на пораката и за веровесништвото на оној што дојде со неа — а тоа е нашиот пратеник Мухамед ﷺ. Затоа Аллах во Куранот постави цврсти докази, очигледни аргументи и јасни потврди за темелите на верата — кои ги восхитуваат умовите и ги пленат разумите. Поради тоа, илјадници луѓе постојано го прифаќаат исламот кога ќе се запознаат со него или со преводот на неговите значења. Во него има наведено примери, разумски докази и прашања со кои Благородниот Куран го соочува човекот и го наведува да ги прифати — доколку е праведен — или да западне во инает и тврдоглавост, доколку е од оние кои негираат. Меѓу овие восхитувачки докази се зборовите на Возвишениот:
„О, луѓе! Ако се сомневате во оживувањето – па Ние ве создаваме од земја, потоа од капка семе, потоа од грутка крв, потоа од парче месо, обликувано и необликувано, за да ви објасниме! А во матките задржуваме што сакаме, до рокот одреден, потоа правиме како доенчиња да се раѓате и потоа до потполна развиеност да израснете; едни од вас умираат, а други длабока старост доживуваат, за, откако знаел, да не знае ништо. И ти види ја земјата како е замрена, но кога дожд ќе спуштиме на неа, таа потреперува и набабрува, и од неа никнуваат секакви прекрасни растенија.“
(Ел Хаџ, 5)
И зборовите на Возвишениот:
„Да управуваа други богови со Земјата и небесата, а не Аллах, ќе се побркаа. Па нека е возвишен Аллах, Господарот на Аршот, од тоа што Му го припишуваат!“
(Ел Енбија, 23)
Дел од Неговите непобитни прашања се и Неговите зборови:
„Кажете Ми вие Мене: дали на семето кое го уфрлате
вие облик му давате или Ние тоа го правиме?
Ние одредуваме кога кој од вас ќе умре, и никој не може да Нè спречи
ликовите ваши да ги измениме и одново во ликови кои вие нема да ги познаете да ве создадеме.
Познато ви е како првиот пат сте создадени, па зошто не се вразумите?
Кажете Ми вие Мене: што станува со тоа што ќе го посадите?
Дали вие му давате сила да никнува, или Ние тоа го правиме?
Ако сакаме можеме во суво растение да го претвориме, па би се вчудоневиделе.“
Меѓу примерите кои Куранот ги наведува за да ја утврди неоснованоста на обожувањето на она што се обожува покрај Аллах, се и зборовите на Возвишениот:
„О, луѓе, еве еден пример, па послушајте го: Тие што, покрај Аллах, ги молите, не можат никако ни мушичка да создадат, па дури и поради неа да се соберат. А ако мушичката нешто би им зела, тие тоа не би можеле од неа да го вратат, слаб е тој што бара и тоа што се бара!“
Тоа е Книга чиста од грешки и противречности. Возвишениот вели:
„Оваа Книга, во која нема сомнеж, е Упатство за богобојазливите.“
(Ел Бекаре, 21)
„А зошто тие не го проучуваат Куранот? Бидејќи, да е од некој друг, а не од Аллах, тие во него би нашле многу противречности!“
(Ен Ниса, 1)
Куранот е објавен на јасен арапски јазик, кој ги воодушевил Арапите со својата јасност и стилистика. Вредноста на ова величествена јазична муџиза можат да ја разберат само познавачите на јазикот на кој е објавен. Тој е сочуван на јазикот на кој е објавен, а муслиманите го рецитираат идентично како што го рецитираше и самиот Веровесник ﷺ.
За Благородниот Куран постојат многу науки, како што се теџвидот, тефсирот, причините за објавата и други. Учените напишале бројни познати книги за нив, кои тешко можат да се избројат, а за значењата на Куранот постојат проверени преводи на многу јазици.
Затоа, секој што ја цени својата човечност и го почитува својот разум треба да се потруди да ја прочита оваа величествена книга — од која до човештвото не стигнала подобра — или да го чита преводот на нејзините значења доколку не го познава арапскиот јазик. Ако на еден разумен човек му се каже дека постои книга напишана од мудрец со голема мудрост, во која е собрана сета негова мудрост, сосема е природно да посака да се запознае со неа. Па како ли е тогаш кога пред тебе, о човеку, стои Божествена Книга — сè уште на јазикот на кој е објавена, сочувана без никакво одземање или додавање, заштитена од изменување и искривување — во која се вестите за минатото, законите за луѓето и појаснувањето за исходот на секое живо суштество, а ти сепак не се навраќаш кон неа! Навистина, занемарувањето на Куранот и невниманието кон него не му штетат на Куранот, туку му штетат на самиот оној што се одвраќа од него; бидејќи Аллах е независен од Своите созданија. Возвишениот Аллах вели:
„И Куранот да го кажувам; Тој што ќе оди по Вистинскиот пат на Вистинскиот пат е за свое добро, а на тој што е во заблуда, ти кажи му: ,Јас само опоменувам.‘“
(Ен Немл, 88)
„А тој што се бори – само за себе се бори, навистина, Аллах е независен од сите светови.“
(Ел Анкебут, 6)
Аллаховиот благослов и мир нека се врз нашиот веровесник Мухамед.
المصدر
ملاحظات
--