Skip to content

Дали Божјиот пратеник Мухамед ﷺ бил испратен со некакви муџизи?

مصدر الإجابة
قسم النبوة
الباب / الفصل
(قسم النبوة)

السؤال

Дали Божјиот пратеник Мухамед ﷺ бил испратен со некакви муџизи?

الجواب

Под муџиза се подразбира натприродна појава што Аллах ја покажува преку некој пратеник, како доказ за неговата вистинитост при повикувањето на неговиот народ. Таква е муџизата на Ибрахим, алејхи селам, кога беше фрлен во огнот, па тој стана ладен и спас за него; како и муџизите на Муса, алејхи селам – стапот, раката и потопот; и муџизите на Иса, алејхи селам, кој ги лекуваше слепородените и лепрозните и ги оживуваше мртвите со дозвола на Аллах. Понекогаш Аллах испраќа пратеник и без ваква натприродна појава, бидејќи неговата состојба, исправноста и објавата со која доаѓа се доволни како доказ дека е пратеник од Аллах. Луѓето, по природа, можат да го разликуваат искрениот од лажливецот. Затоа, кога Божјиот пратеник ﷺ пристигнал во Медина, Абдулах бин Селам, радијаллаху анху, рекол:

„Луѓето се собраа околу него, па и јас бев меѓу нив. Кога јасно го видов неговото лице, знаев дека тоа не е лице на лажливец. Првото што го слушнав од него беше: ,Ширете го селамот, нахранувајте ги луѓето, одржувајте ги роднинските врски и клањајте ноќе додека луѓето спијат – ќе влезете во џенетот со мир.’“

Муснед Ахмед (23784), Тирмизи (2485) и Ибн Маџе (1334)

Возвишениот Аллах ги поткрепил Своите веровесници и пратеници, алејхиму селам, со јасни знаци и силни докази. Овие знаци се разликувале и биле разновидни, но Аллах ги направил знаците на секој веровесник доволни за луѓето да поверуваат врз нивна основа и со нив да се воспостави доказ против нив, за да им стане јасно дека тој е веровесник испратен од Аллах. Веровесникот ﷺ рекол:

„На секој веровесник му биле дадени знаци на кои луѓето им верувале. А она што мене ми е дадено е објавата што Аллах ми ја објави, и се надевам дека јас ќе имам најмногу следбеници на Судниот ден.“

Го бележат Сахих Бухари (7274), и Сахих Муслим (239)

Нашиот веровесник Мухамед ﷺ бил поткрепен со многубројни муџизи. Ибн Кесир, Аллах нека му се смилува, рекол: „Учените во врска со тоа собрале повеќе од илјада муџизи. Највеличествената и најголема од нив е Благородниот Куран, на кој лагата не може да му пријде од ниту една страна – тоа е објава од Мудриот и за благодарност достојниот. Неговата чудотворност се огледа и во неговиот израз и во неговото значење. Што се однесува до неговиот израз, тој е на највисок степен на речитост, и колку повеќе човек напредува во познавањето на ова поле, толку повеќе расте неговото возвишување и почит кон Куранот во овој поглед. Тој ги предизвикал и продолжува да г предизвикува најречитите и најелоквентните во своето време – и покрај нивното силно непријателство и настојување да го негираат – да донесат нешто слично на него, или десет сури слични на него, па дури и една сура, но тие не беа во состојба да го сторат тоа. Тој ги извести дека тоа никогаш нема да можат да го направат. Тој дури и ги предизвика и луѓето и џините заедно да донесат нешто слично на него, но не успеаја, па ги извести за тоа, а Возвишениот Аллах вели:

„Кажи: ,Кога сите луѓе и џини би се здружиле да сочинат еден ваков Куран, тие, каков што е тој, не би сочиниле, па дури и взаемно да си помагаат.'“

(Ел Исра, 88)

Како и други аспекти кои ја потврдуваат неговата надприродност и недостижност. А што се однесува до неговото значење, тој се одликува со совршена меѓусебна поткрепа, мудрост, милост и општа корист, со добар исход и складност, со постигнување на највозвишените цели и отстранување на штетите, како и со сè друго што му станува јасно на оној што поседува чист разум и здрав ум, ослободен од сомнежи и страсти. Бараме заштита од Аллах од нив и Го молиме за упатство.

Дел од тоа е и фактот што тој пораснал меѓу народ кој добро го познавал неговото потекло, неговото воспитание и секој аспект од неговиот живот; пораснал како сирак меѓу нив – доверлив, искрен, чесен и разумен. Сите го знаеле тоа и никој не го оспорувал, освен оние што тврдоглаво се спротивставувале, извртувале и покажувале вообразеност. Бил неписмен: не знаел да пишува, ниту се занимавал со тоа, ниту пак имал допир со луѓе што се занимавале со пишување. Во нивната средина немало знаење за претходните народи, ниту пак имало некој што поседувал такво знаење. А сепак, кога наполнил четириесет години, им дошол известувајќи ги за минатото – јасно и подробно – нешто што го потврдиле учените од следбениците на претходните книги, кои имале длабок увид во нив и биле упатени кон вистината… Дел од тоа е и она за што известил тој ﷺ во Куранот и во веродостојните хадиси – за идните, невидливи настани, кои во потполност, до најситен детаљ, се совпаѓаат со неговото известување, а чие набројување овде би одзело многу простор.

Дел од тоа се и величествените муџизи што Возвишениот Аллах ги покажа преку него. Меѓу нив е и она за која Возвишениот Аллах извести во Неговата Благородна Книга – расцепувањето на месечината. Имено, во една прилика идолопоклонците побараа од него некаков знак, и тоа се случи ноќе. Тој посочи кон месечината, па таа се расцепи на два дела. Потоа тие ги прашаа луѓето од околните места, за да се уверат дека не станува збор за магија, па и тие им го потврдија истото што и самите го видоа. Овој настан се пренесува како мутеватир кај учените познавачи на преданијата, и го пренеле повеќемина од асхабите, Аллах нека е задоволен од сите нив.

Дел од тоа е и она што се пројави преку бериќетот на неговата дова. Еднаш Божјиот пратеник ﷺ упати дова до Возвишениот Аллах за едно млада коза што Абдулах ибн Месуд го пасеше; го спомна Аллаховото име и го измолзе, па тоа даде млеко. Тој се напи, а му даде и на Ебу Бекр да се напие. Истото го направи и со овцата на Уми Мабед. Упати дова и за Туфејл ибн Амр, па на врвот од неговиот камшик се појави светлина што блескаше и се гледаше оддалеку. Слично се случи и со Усејд ибн Худајр и Абад ибн Бишр, кога излегоа од кај него во една темна ноќ. Упати дова и против седумте што му се подигруваа додека клањаше, па беа убиени на денот на битката кај Бедр. Упати дова против синот на Ебу Лехеб, па Аллах во Шам му прати ѕвер, во согласност со довата која ја направил Божјиот пратеник ﷺ. Упати дова и против Сурака, па нозете на неговиот коњ пропаднаа во земјата, а потоа повторно упати дова, па Аллах го ослободи. На денот на Бедр фрли кон неверниците од Курејш грст ситни камчиња, при што секој од нив беше погоден, па Аллах ги порази; истото се случи и на денот на Битката кај Хунејн. На денот на Бедр му даде на Укаша ибн Михсан едно парче дрво, кое во неговата рака се претвори во остар меч. Го извести својот чичко Абас ибн Абдулмуталиб – додека беше заробеник – за имотот што заедно со Умул Фадл го закопале под прагот на нивната врата, па тој го потврди тоа. Го извести и Умејр ибн Вехб за неговата намера да го убие, иако се оправдуваше дека дошол за откуп на заробениците од Бедр; па го призна тоа и веднаш го прими исламот, Аллах нека е задоволен од него. На денот на Битката кај Ухуд му го врати окото на Катаде ибн Нуман, откако тоа му испадна на образот – а се вели и откако му падна во рака – па му стана поубавото око и не се разликуваше од другото. На денот на битката на Хендек, во куќата на Џабир, нахрани огромно мноштво луѓе – речиси илјада – со само едно јаре и еден саа јачмен. Исто така, тој ден нахрани луѓе и од многу мала количина урми што ги донесе ќерката на Бешир. На сличен начин нахрани околу осумдесет луѓе со храна што речиси можеше да ја сокрие со својата благородна рака. Истото го направи и на денот кога стапи во брак со Зејнеб бинт Џехш.

Што се однесува до настанот на Тебук, тоа беше навистина величествена случка. Божјиот пратеник ﷺ ја нахрани војската, па тие го наполнија секој свој сад со храна од мала количина – колку што зафаќа местото на кое лежи една коза. На Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, му даде торба со храна, од која тој јадеше долго време, и од која подготви многу воини на Аллаховиот пат; таа остана кај него сè до деновите кога беше убиен Осман ибн Афан… Кога луѓето беа погодени од суша, тој го замоли Возвишениот Аллах за дожд, и не слезе од минберот сè додека водата не почна да се слева од покривот на џамијата по неговата брада, иако пред тоа на небото немаше ниту еден облак. А кога потоа замоли времето да се разведри, облаците се повлекоа од Медина, така што таа остана опкружена со нив како со венец. Исто така, упати дова против Курејшиите, па ги снајде таква тешкотија што не може да се опише, сè додека не побараа милост од него. Тој се смилува над нив и Аллах ја отстрани нивната неволја. Му беше донесен сад со вода за да земе абдест, па некои од присутните посакаа и тие да земат абдест со него. Тој ја стави раката во садот, кој беше премал, а потоа го замоли Аллах, на што почна вода да извира меѓу неговите прсти, сè додека не се напија и не зедоа абдест. Истото се случи и на денот на Худејбија, кога војската броеше илјада и четиристотини луѓе. Џабир ибн Абдулах рекол:

„Дури и да бевме сто илјади, ќе ни беше доволно.“

Слично се случи и на едно од неговите патувања, кога имаше само капка вода во мешина. Пренесувачот вели: „Кога ми нареди да ја истурам во садот, се исплашив дека сувата мешина ќе ја впие.“ Но тој ја стави раката во неа и го замоли Возвишениот Аллах, по што почна да извира вода меѓу неговите прсти за неговите асхаби, сè додека не се напија и не зедоа абдест. Исто така, го испрати врвот од својата стрела кон изворот на Худејбија, па кога беше ставена во него, водата надојде сè додека не им беше доволна... Сите овие примери што ги наведовме се иншаллах доволни.

Еден од најголемите докази за вистинитоста на неговото веровесништво е и опстанокот на неговата Порака, која е како да е објавена денес – без искривување и без промена. Неговата вера и денес се практикува онака како што тој ја пренесе на својот умет, без да се измени било што од неа. Намазот што го клањал Божјиот пратеник ﷺ, како и зекатот, постот, хаџот и останатите исламски обреди, муслиманите ги извршуваат на идентичен начин како што ги извршувал и тој ﷺ. Неговите следбеници и понатаму цврсто се придржуваат до својата вера. Во неа секојдневно влегуваат луѓе од различни народи, кој зборуваат различни јазици, па со тоа таа сè повеќе се утврдува и се шири. Секој што искрено ќе ја истражи, се уверува во нејзината вистинитост, во нејзината убавина и во нејзината исправност – како во верувањето, така и во моралот, меѓучовечките односи и верските прописи.

Сето тоа е во спротивност со предупредувањето на Месих, алејхи селам, кој – како што стои во Евангелието според Матеј – рекол: „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи. По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови; не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган. И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“ (Матеј 7:15–20)

Ова, се колнам во Аллах, е еден од најголемите докази, знаци и муџизи што ја потврдуваат вистинитоста на неговото веровесништво, совршенството на неговата Порака и опстанокот на неговата вера до Судниот ден. Аллаховиот благослов и мир нека се врз нашиот веровесник Мухамед ﷺ.

Види: „Ел-Фусул фис-сира“, стр. 228–236.

المصدر

قسم النبوة

ملاحظات

--