Кои се човековите права во исламот?
- محاور التعريف بالإسلام
- الشبهات والاعتراضات
- مصدر الإجابة
- قسم الإسلام
- الباب / الفصل
- (قسم الإسلام)
السؤال
Кои се човековите права во исламот?
الجواب
Благодарноста Му припаѓа на Аллах. Исламот го штити правото на Создателот и правото на созданијата. Од Муаз бин Џебел, Аллах нека е задоволен со него, се пренесува дека рекол:
„Додека јавав зад Божјиот пратеник ﷺ а помеѓу мене и него немаше ништо освен задниот дел од седлото, тој рече: ,О, Муаз бин Џебел!’ Реков: ,Ти се одзивам, Аллахов пратенику, и среќен сум со твојот повик.’ Потоа одевме некое време, па повторно рече: ,О, Муаз!’ Реков: ,Ти се одзивам, Аллахов пратенику, и среќен сум со твојот повик.’ Потоа одевме некое време, па повторно рече: ,О, Муаз!’ Реков: ,Ти се одзивам, Аллахов пратенику, и среќен сум со твојот повик.’ Тогаш рече: ,Дали знаеш кое е Аллаховото право врз Неговите робови?’ Одговорив: ,Аллах и Неговиот Пратеник најдобро знаат.’ Тој рече: ,Аллаховото право врз Неговите робови е да Го обожуваат и ништо да не Му припишуваат како здруженик.’ Потоа одевме некое време, па повторно рече: ,О, Муаз бин Џебел!’ Реков: ,Ти се одзивам, Аллахов пратенику, и среќен сум со твојот повик.’ Тогаш рече: ,А дали знаеш кое е правото на робовите кај Аллах ако го направат тоа?’ Одговорив: ,Аллах и Неговиот Пратеник најдобро знаат.’ Тој рече: ,Правото на робовите кај Аллах е да не ги казни.‘“
Го бележат Бухари (6267), и Муслим (48)
Исламот е востановен за да го заштити човекот и во неговата вера и во неговиот овосветски живот. Од сеопфатноста на исламот е тоа што не занемарил ниту еден аспект од човековите права, како што е случај кај човечките закони. Меѓу тие аспекти се:
Прво: Правото на човекот на вера Исламот повикува кон вистинската вера и ја појаснува неисправноста на другите вери, но без присила кон исламот. Тој ја направи верата најголемата неопходност, па затоа нејзиното зачувување има предност над сѐ друго. Исто така, на немуслиманот кој живее во муслиманска земја му гарантира да остане на својата вера, согласно условите пропишани со исламот.
Второ: Правото на живот Исламот ги заштитил сите животи кои се неприкосновени, забранувајќи нивно неправедно одземање (убивање). Дури и во време на војна, исламот забранува убивање деца, жени и старци кои не учествуваат во борбата.
Трето: Правото на потомство Исламот му го загарантирал на човекот правото на потомство (познато и легално родословие) и забранил негово спречување или неоправдано ограничување.
Четврто: Социјалните права на човекот Исламот го заштитил правото на родителите и блиските роднини преку доброчинство, нивно издржување кога има потреба и одржување на роднинските врски; правото на соседите преку убав однос и воздржување од нанесување штета; како и правото на патот преку упатување на тој што залутал, соборување на погледот, отстранување на пречките и невознемирување на луѓето. Општо земено, правата на луѓето се добро познати и заштитени во исламот.
Петто: Економските права на човекот Исламот го штити правото на лична сопственост, ја забранил каматата, предупредил на неодговорен однос кон долговите иако ги дозволил за оној што има потреба, ја направил задолжителна помошта кон сиромашните преку зекатот и поттикна на доброволна милостина (садака). На оној што ќе западне во итна потреба му дозволил да бара помош од луѓето сѐ додека не му се олесни состојбата, а исто така ги уредил и јавните приходи и ресурси на државата.
Шесто: Здравствените права на човекот Исламот содржи многубројни здравствени прописи, кои имаат за цел да го заштитат здравјето на поединецот и општеството. Во тоа спаѓа забраната на сè што му штети на човекот или на луѓето околу него, како што се дрогата и алкохолот, како и забраната на блудот и хомосексуалноста поради штетите и болестите што ги предизвикуваат. Исламот исто така пропишува мерки за спречување на ширење болести. Така, кога ќе се појави чума во некое место, исламот забранува влегување во него или излегување од него; бидејќи влегувањето го изложува човекот на болест или смрт, додека излегувањето може да биде причина за ширење на заразата меѓу здравите луѓе.
Седмо: Правата на жената Исламот го заштитил правото на жената како мајка, преку обврската да ѝ се укажува грижа, доброчинство и почит, и да се настојува да биде среќна колку што е можно. Исто така, го заштитил нејзиното право како сестра, сопруга и ќерка, преку грижа, заштита и настојување да ѝ се обезбеди удобност и сигурност. Исламот наложил старателот да ја издржува жената, бидејќи основата е таа да престојува во својот дом освен кога има потреба. Жената има право да располага со својот имот, наследство и сè што поседува, има право да го избере својот сопруг, како и право на старателство и грижа за своите деца, и други права. Разликата помеѓу исламот и останатите системи е во тоа што муслиманот ги почитува овие права од вера и надеж за Аллаховата награда, а не само од страв од закон или казна. Убавините на исламот особено стануваат јасни кога ќе се спореди положбата на човекот – а особено на жената – пред исламот и во современите системи.
Осмо: Исламот ги заштитил дури и правата на џините и животните, како што е познато во фикхските книги. Па ако исламот се грижи за правата на животните и џините, тогаш како би можело да се замисли дека ќе го занемари правото на човекот, кого Аллах го почестил? Возвишениот Аллах вели:
„Ние навистина ги одликувавме синовите на Адем: им дадовме по копно и по море да патуваат, и ги снабдивме со вкусни јадења, и им дадовме големи предности над мноштвото кои сме ги создале.“
(Ел Исра, 88)
Почеста во исламот го опфаќа целиот човечки род: верникот и неверникот, белецот и црнецот, Арапот и неарапот. Аллаховиот благослов и мир нека се врз нашиот пратеник Мухамед.
المصدر
ملاحظات
--