Skip to content

Како Мухамед ﷺ стана веровесник испратен од Аллах?

مصدر الإجابة
قسم النبوة
الباب / الفصل
(قسم النبوة)

السؤال

Како Мухамед ﷺ стана веровесник испратен од Аллах?

الجواب

Мухамед бин Абдулах бин Абдулмуталиб ﷺ е печатот на веровесниците и пратениците, а веста за неговото веровесништво е пренесена во книгите на следбениците на Книгата, во Чесниот Куран, во веровесничкиот сунет и во книгите на муслиманите кои се посветени на неговиот сунет и на неговото благородна биографија. Не е скриено од никого како станал веровесник, но бидејќи е поставено прашањето, ќе одговориме, барајќи помош од Аллах:

Прво: Аллаховиот веровесник Ибрахим, Ближниот на Аллах, алејхи селам, кога го изгради Древниот дом (Ќаба) во Мека по наредба на Аллах и ја насели таму својата сопруга Хаџера и нејзиниот син Исмаил, алејхима селам, Го замоли Аллах да испрати во потомството на Исмаил веровесник од нив. Возвишениот вели:

„Господару наш, испрати им Пратеник, еден помеѓу нив, кој ајетите Твои ќе им ги кажува и за Книгата и за мудроста ќе ги научи и ќе ги исчисти, бидејќи Ти си навистина Силниот и Мудриот!“

(Ел Бекаре, 129)

Аллах ја прифати довата на Ибрахим Ел Халил, алејхи селам, и го испрати Веровесникот Мухамед ﷺ како веровесник и пратеник.

Второ: Аллах ги известил претходните веровесници, алејхиму селам, дека ќе го испрати Својот доверлив пратеник и печатот на пратениците, и од нив зел завет да веруваат во него и да го следат, доколку биде испратен во нивно време. Возвишениот вели:

,,Аллах од секој веровесник на кого Книга му објавил и знаење му дал зел обврска: ,Кога после вас ќе дојде Пратеник кој ќе потврди дека е вистина тоа што го имате, дали целосно ќе му поверувате и ќе го поддржите? Дали се сложувате и ја прифаќате таа обврска кон Мене?' Тие одговорија: ,Прифаќаме'. ,Тогаш бидете сведоци,' – рече Тој – ,а и Јас со вас ќе сведочам'“.

(Сура Али Имран, 81)

Трето: Имајќи предвид дека пратеништвото на Муса и Иса, алејхима селам, временски е најблиско до пратеништвото на нашиот веровесник Мухамед ﷺ, во нивните книги, како и во останатите книги на веровесниците од Бену Исраил, се наоѓаат бројни текстови. Овие текстови го содржат неговиот опис ﷺ, описот на неговиот град, неговата преселба/хиџрет, обележјата на неговата вера, описот на неговите асхаби, како и она што Аллах ќе им го даде како победа и зацврстување, покрај други нешта што ги содржат нивните книги. Тие исто така ја и содржат радосна вест за неговото доаѓање, подготовка на душите за негово пречекување и наредба за верување во него и негово следење. Учените од Бену Исраил ги познавале овие текстови, а неговиот опис и описот на неговите асхаби биле врежани во знаењето на нивните учени, како и кај христијанските свештеници и монаси. Раскажувањата за тоа се многубројни и се наоѓаат во историските книги, а нам ни се доволни зборовите на Возвишениот:

„Тие на коишто им ја дадовме Книгата го познаваат (Мухамед) како што синовите свои ги познаваат, но некои од нив навистина свесно вистината ја прикриваат.“

Дури и белегот што се наоѓал на неговото благородно тело бил забележан во нивните книги, и се наоѓа во нив до ден-денес. Описот на овој белег е наведен во Сахихот на имамот Бухари и Муслим. Саиб бин Језид, радијаллаху анху, рекол:

„Потоа застанав зад неговиот грб, па го погледнав печатот на веровесништвото меѓу неговите плеќи, изгледаше како јајце од еребица.“

Сахих Ел-Бухари (190). (Везр ел-хаџеле: јајце од гулаб.)

И од Абдулах бин Селам, радијаллаху анху, се пренесува дека рекол:

„Кога Божјиот пратеник ﷺ пристигна во Медина, луѓето се собраа околу него и се говореше: ,Пристигна Божјиот пратеник ﷺ!’ Потоа и јас дојдов меѓу луѓето за да го видам. Кога јасно го видов лицето на Божјиот пратеник ﷺ, знаев дека неговото лице не е лице на лажливец.“

Го бележат Тирмизи (2485) и Ибн Маџе (1334)

Но, бидејќи сите веровесници по Ибрахим, алејхи селам, беа од потомството на Исраил, односно Јакуб, алејхи селам, Евреите мислеа дека и печатот на веровесниците ќе биде од нив. Кога Аллах го испрати од потомството на Исмаил, синот на Ибрахим, алејхима селам – а тоа е Мухамед бин Абдулах ﷺ – и кога кај него се совпаднаа својствата спомнати во нивните книги, тие му позавидеа и не поверуваа во него. Од нив поверуваа само малкумина, и покрај тоа што многу од нив сведочеа за неговото веровесништво.

Четврто: Што се однесува до почетокот на веровесништвото на нашиот веровесник Мухамед ﷺ, тоа беше кога тој наполни четириесет години. За овој почеток нè известува Аиша, мајката на верниците, радијаллаху анха, велејќи:

„Првото со што започна објавата кај Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, беа вистинитите соништа – тој не би сонувал нешто, а да не се оствари јасно, како зората. Потоа му стана мило осамувањето, па се повлекуваше во пештерата Хира и таму по неколку ноќи по ред се посветуваше на ибадетот, пред да се врати кај своето семејство. Се снабдуваше со храна за тие денови, па се враќаше кај Хатиџа и повторно земаше храна за ново повлекување, сè додека му дојде вистината – додека беше во пештерата Хира. Му се појави мелекот (Џибрил) и му рече: „Читај!“ Тој одговори: „Не знам да читам.“ Мелекот го зграби и силно го стегна, сè додека не го изнемошти, потоа го пушти и повторно рече: „Читај!“ Тој повторно рече: „Не знам да читам.“ Мелекот повторно го зграби и го стегна по вторпат, сè додека не го изнемошти, па го пушти и повторно рече: „Читај!“ Тој повторно одговори: „Не знам да читам.“ Потоа по третпат го зграби и силно го стегна, па го пушти и рече: „Читај во името на Господарот твој Кој создава, го создава човекот од грутка крв! Читај, зашто Најблагороден е Господарот твој." (Сура Ел Алак, 1–3) Тогаш Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, се врати од таму, а срцето му трепереше. Влезе кај Хатиџа бинт Хувејлид, Аллах нека е задоволен со неа, и рече: „Покријте ме! Покријте ме!“ Па го покрија сè додека не го напушти стравот. Потоа ѝ раскажа на Хатиџа што се случило и рече: „Навистина се исплашив за себе.“ А Хатиџа му рече: „Никако! Се колнам во Аллах, Аллах никогаш нема да те понижи – ти ги поврзуваш роднините, се грижиш за немоќните, ѝ помагаш на сиромашната рака, гостопримлив си кон гостите и им помагаш на оние што се во неволја.“ Потоа Хатиџа го одведе кај Верека бин Невфел бин Есед бин Абдулуза – нејзиниот братучед. Тој бил човек кој го прифатил христијанството во времето на незнабоштвото и знаел да пишува со еврејско писмо, па запишувал од Евангелието колку што Аллах сакал. Беше стар и слеп човек. Хатиџа му рече: „О, сине на мојот чичко, слушни го синот на брат ти.“ Верака рече: „О, сине на братот мој, што виде?“ Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, му раскажа што се случило. А Верака рече: „Тоа е истиот Намус (мелек) што Аллах го испрати кај Муса. Ех, да сум млад во тие денови! Да сум жив кога народот твој ќе те протера!“ Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рече: „Зарем тие ќе ме протераат?“ А Верака рече: „Да! Никој досега не донел нешто како тоа што ти го донесе, а да не бил нападнат. Ако го дочекам тој ден, ќе ти помогнам со силна поддршка.“

Сахих Бухари (3), и Сахих Муслим (252).

Петто: Откако Аллах го задолжи со пратеништвото, го поткрепи со чуда и јасни знаци. Меѓу нив имаше небесни знаци, како расцепувањето на Месечината и патувањето и воздигнувањето Исра и Мираџ, и земни знаци, како умножувањето на храната и пијалакот, плачот на палминото стебло од копнеж по него и многу други. Аллах му го даде и најголемиот знак, кој останува до Судниот ден – а тоа е Величествениот Куран. Исто така, го поткрепи со чесни асхаби, Аллах нека е задоволен со нив, кои беа најдобрите носители на оваа вера сè додека не ја раширија низ светот. Неговите асхаби, Аллах нека е задоволен со нив, и ширењето на неговата вера се јасен доказ за вистинитоста на неговото веровесништво.

Овие знаци што Аллах му ги дарува не му биле дадени во ваков обем на ниту еден од веровесниците, алејхиму селам.

Шесто: Веровесништвото на нашиот веровесник Мухамед ﷺ е утврдено на ист начин како што е утврдено веровесништвото на Ибрахим, Муса, Иса и останатите веровесници, алејхиму селам – преку објава од Аллах. Не постои начин на кој се потврдува веровесништвото на некој веровесник, а истиот да не важи и за веровесништвото на Мухамед ﷺ. Начините преку кои се утврдува веровесништвото кај претходните веровесници се: Книгата, знаците, верниците што ги следеле и масовното пренесување на пораката. Сите овие докази важат и за веровесништвото на нашиот веровесник Мухамед ﷺ. Неговата Книга е највозвишената книга што му е дадена на некој веровесник, неговите знаци се најголеми, неговите асхаби се најдобрите следбеници, а пренесувањето на неговото веровесништво ﷺ е најсилното и најраспространетото. Доволно е како доказ што на прошталниот аџилак со него присуствувале повеќе од сто илјади асхаби, Аллах нека е задоволен со сите нив.

Од сето ова ти станува јасно како е утврдено неговото веровесништво ﷺ. Неговата вера опстојува и се шири низ сите овие векови, и тоа е уште еден јасен доказ за неговото веровесништво. Таа ќе остане таква сè до Судниот ден, со дозвола на Аллах. Аллаховиот благослов и мир нека се врз нашиот веровесник Мухамед ﷺ.

المصدر

قسم النبوة

ملاحظات

--