يوم في بيت الرسول صلى الله عليه وسلم
Еден ден во куќата на Божјиот пратеник ﷺ
Еден ден во куќата на Божјиот пратеник ﷺ
Шејх Абдул Мелик Ел Касим
Вовед:
Благодарноста му припаѓа на Аллах, кој го испрати Својот пејгамбер како упатувач и со вистинската вера,
Аллаховиот благослов и мир нека се над имамот на Божјите пратеници и пратениот како милост на световите, над неговото семејство и сите негови другари.
Мнозинството од луѓето во ова време кога е во прашање Божјиот пратеник ﷺ претеруваат на два спротивни начинa.
Едните го воздигнуваат до степен, Аллах нека ни е напомош, на ширк, при што му се молат на Божјиот пратеник ﷺ, бараат помош од него.
Од друга страна, пак, има и такви кои го занемаруваат следењето на Божјиот пратеник ﷺ, не го познаваат неговиот животен пат и неговите пораки не ги сметаат за светло кое упатува и за знакови на нивниот животен пат.
Со желба на обичните луѓе да им ја приближам биографијата на Мухаммед ﷺ и деталите од неговиот живот со прикладен и лесен стил на пишување, ги напишав овие страници и свесен сум дека не се доволни за исполнување на оваа цел. Се работи за фрагменти и моменти, издвоени од неговата биографија во која се укажува на особините на Божјиот пратеник ﷺ и неговата величина.
Секако дека книгава не е сеопфатна и во истата укажав на аспекти од човечкиот живот кои се занемарени,
и при тоа за секоја особина и вредност спомнав како аргумент два или три хадиси. Животот на Божјиот пратеник е живот на заедница, реализација на мисија на повикување и метод на живеење.
Тој ﷺ е предводник и водач во покорноста и побожноста, во дарежливоста и убавиот морал, тој е на највисокиот пиедестал,
а доволен е говорот на Аллах ﷻ каде го опишува на овој начин:
„бидејќи ти навистина имаш најдобар карактер“ (Ел Калем, 4)
Ехли Сун-не вел Џема'а го поставуваат Божјиот пратеник ﷺ на онаа позиција на која го поставил Аллах ﷻ. Тој е Аллахов роб, Божји пратеник и Аллахов миленик и избраник, го сакаат повеќе од нивните деца и родители, па дури повеќе и од самите себе, но не претеруваат во таа љубов и не го воздигнуваат над положбата одредена од Аллах.
Ние го следиме ова мислење па затоа не воведуваме мевлуди, не организираме славја, го сакаме како што ни е наредено, ги извршуваме неговите наредби и го избегнуваме она кое ни го забранил.
Највисоко сознание е дека е човек
Најдобриот од сѐ кое Аллах го создал
Почестен е со печатот на Божјите објави
Светлина која осветлува и сведочи
Аллах го спомна неговото име, заедно со своето
Во езанот во кој петпати дневно се спомнува
Името „пофален“ изведено од Аллахово име, за и тој да се почитува.
Владетелот на аршот е Славен (Махмуд) а тој е Ахмед
На овој свет ја немавме таа среќа да се сретнеме со Божјиот пратеник ﷺ, живеевме во различни периоди, на Аллах ﷻ му упатувам дова да ни овозможи да бидеме од оние за кои Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„,Би сакал да можев да ги видам моите браќа.‘ Присутните го прашаа: ,Зарем ние не сме твоите браќа Божји пратенику?‘ Тој одговори: ,Вие сте моите другари а моите браќа – нивното време сѐ уште не е дојдено.‘ Го прашаа: ,Како ги познаваш тие од твојот Умет кои сѐ уште не се родени Божји пратенику?‘ ,Што мислите за човек кој поседува коњи со белило на лицето и нозете, дали истите ќе ги препознае помеѓу црни коњи‘, праша Божјиот пратеник ﷺ? ,Секако дека ќе ги препознае, Божји пратенику‘, одговориа присутните. ,Тие на Судниот ден ќе дојдат со светло на лицата, рацете и нозете, деловите миени при абдест, а јас ќе им бидам претходница кај мојот извор (Хауд)...‘“
Аллаху наш, овозможи ни да го следиме патот на Божјиот пратеник ﷺ, да се напоиме од неговата традиција и да учиме од неговата биографија;
Ти упатуваме дова да нѐ обединиш сите заедно со Аллаховиот избраник ﷺ во еденските рајски градини. Аллаху наш, награди го обилно нашиот пратеник за сѐ она кое го направил.
Божјите благослови и мир нека се над нашиот миленик Мухамед ﷺ над неговото семејство и одбраните следбеници.
Абдул Мелик ибн Мухаммед ибн Абдур Рахман Ел Касим
Посета:
Да се вратиме назад во минатите векови, да ги прегледаме страниците на историјата, да прочитаме и да размислиме за испишаните редови. Преку буквите и зборовите да ја посетиме куќата на Божјиот пратеник ﷺ
да влеземе во таа куќа, да ја видиме неговата состојба, да го слушнеме како зборува.
Доволно е да проживееме еден ден во куќата на избраникот Аллахов, да извлечеме поуки и инспирации и да ги просветлиме нашите зборови и дела.
Портите на сознанието им се отворија на луѓето и се зголеми бројот на тие кои читаат. Преку книги, писма, документи и филмови сега лесно го посетуваат истокот и западот.
Ние повеќе од сите нив имаме право да ја посетиме куќата на Божјиот пратеник ﷺ, одблиску да се запознаеме со неговата реалност и со сериозна намера да го спроведеме во пракса она кое ќе го видиме и кое ќе го научиме.
Поради краткото време нема да посетиме некои делови, а целта е да се превоспитаме и виденото и наученото да го практикуваме во нашите домови.
Муслимане!
Ние не се враќаме низ годините и вековите кои поминале за да уживаме во она кое не сме го виделе или само за да се запознаеме со нашите предци,
читањето на биографијата на Божјиот пратеник ﷺ, следењето на неговата традиција (сунет) и одењето по неговиот пат, всушност, е ибадет со кој му се приближуваме на Аллах ﷻ.
На овој начин ние ја извршуваме Аллаховата наредба да искажеме љубов кон Аллаховиот пратеник ﷺ
а највпечатлив знак на таа љубов е извршувањето на неговите наредби и избегнување и дистанцирање од она кое тој ﷺ ни го забранил.
Аллах ﷻ ни нареди да го следиме и да му се покоруваме на нашиот пратеник Мухамед ﷺ, да го прифатиме за предводник и пример, велејќи:
„Кажи: ,Ако Аллах Го сакате, тогаш мене следете ме, и вас Аллах ќе ве сака и гревовите ќе ви ги прости!‘ А Аллах простува и Милостив е.“
Возвишениот, вели:
„Вие во Аллаховиот Пратеник имате прекрасен пример за тој што се надева на Аллаховата милост и на награда на оној свет, и кој често Го спомнува Аллах.“
Следењето и покорноста кон Божјиот пратеник ﷺ Аллах ﷻ ја спомнал околу четириесет пати во Куранот.
Нема среќа за Аллаховите робови, ниту спасение на Судниот ден, без следење на Божјиот пратеник ﷺ.
„...тој што им се покорува на Аллах и на Неговиот Пратеникот, Тој ќе го воведе во џенетските градини, под кои реки течат и во кои вечно ќе остане. Тоа е голем успех!“
„А тој што нема да им биде покорен на Аллах и на Неговиот Пратеник, и што преку границите Негови ќе преминува, Тој ќе го фрли во Огнот во кој вечно ќе остане. Нему му припаѓа срамна казна!“
Според Божјиот пратеник ﷺ љубовта кон него да е причина да се вкуси сласта на иманот. Божјиот пратеник ﷺ вели:
„Кој ги има овие три својства ќе ја вкуси сласта на иманот: повеќе од сѐ друго да ги сака Аллах и Неговиот пратеник...“
Тој, благословот Божји и Неговиот спас нека се над него, исто така рекол:
„Се колнам во Оној во чија рака е мојата душа, нема да биде верник (со потполн иман) никој кој не ме сака повеќе од своите родители и деца.“
Биографијата на Божјиот пратеник ﷺ е пријатна, благородна, од неа ќе учиме и според нејзините упатства ќе живееме.
Патувањето:
Патувањето до домот на Божјиот пратеник ﷺ за да се запознаеме со деталите на неговиот живот и со начинот на неговото однесување, само по себе предизвикува копнеж. Секако дека тоа чувство ќе биде посилно доколку целта ни е да заработиме и награда од Аллах ﷻ.
Ова патување е поука и совет, биографија и модел за следење, покорност и одење по стапките на саканиот.
Ќе патуваме низ книгите и преку преданијата на асхабите, Аллах нека е задоволен со сите... имајќи го на ум овој хадис според кој верски оправдана и пропишана е посетата на три џамии, а не стриктно посетата на гробот на Божјиот пратеник ﷺ и на неговиот дом. Мухамед ﷺ вели:
„Не е дозволено подготвување на седлата (заради верско патување) освен за да се посетат овие три џамии: Месџидул Харам (во Мека), мојата џамија (во Медина) и Месџидул Акса во Кудс (Ерусалим).“
Наша обврска е да ја спроведеме наредбата на Божјиот пратеник ﷺ поврзана со овие три џамии,
затоа што Аллах ﷻ вели:
„Тоа што Пратеникот ќе ви го даде – земете го, а тоа што ќе ви го забрани – оставете го.“
Ние не сме само археолози на оставнината на Божјиот пратеник ﷺ.
Ибн Ведах вели:
Омер ибн Ел Хатаб нареди да се исече дрвото под кое асхабите му се заколнаа на верност на Божјиот пратеник ﷺ. Дрвото беше исечено затоа што луѓето го посетуваа и клањаа под него па затоа Омер се исплаши да не бидат ставени во искушение.
Познатиот алим Ибн Тејмије, Аллах нека му се смилува, за пештерата Хира вели:
Божјиот пратеник ﷺ пред да биде пратен, поминувал многу време во оваа пештера, обожувајќи го Бога. Во оваа пештера почнала и објавата. По почетокот на објавата на Куранот никогаш не ја посетил, ниту, пак, ѝ се приближил на оваа пештера, ниту тој ниту неговите асхаби.
По почетокот на објавата на Куранот тој живеел во Мека над десет години, но не се искачил ниту ја посетил оваа пештера, ниту, пак, тоа го направиле другите верници. По преселбата (хиџрата) во Медина, тој неколку пати ја посетувал Мека како на пример во времето кога ја извршил Умрата позната како Умретул Худејбије, во времето кога Мека била повторно освоена и тогаш во Мека престојувал околу дваесет дена, истотака и во времето на Умретул Џи'ране и ниту еднаш не ја посетил, ниту се искачил до пештерата Хира.
Еве нѐ пред градот на Божјиот пратеник ﷺ и првото кое го забележуваме од знаменитостите на овој град е ридот Ухуд
за кој Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Ова е Ухуд, ридот кој нѐ сака и ние го сакаме.“
Пред да влеземе во домот на Божјиот пратеник ﷺ и да ја видиме неговата форма и градба, немојте да бидете изненадени доколку видите мала куќа и скромен мебел.
Божјиот пратеник ﷺ бил вистински аскет и му било доволно многу малку за скромно живеење. Не дозволувал да биде заведен од имотот и убавините на овој свет и велел:
„Моето најголемо уживање (задоволство) е кога сум во намаз.“
За овој свет тој велел:
„Што имам јас со овој свет, мојот и примерот на овој свет е еднаков на примерот на еден патник кој патувал при сончев ден, седнал еден час од денот под сенката на едно дрво и потоа станал и го продолжил патот.“
Се приближуваме до домот на Божјиот пратеник ﷺ ослушувајќи ги чекорите на тие кои чекорат по Мединските сокаци,
и еве веќе се гледа една од собите на сопругите на Божјиот пратеник ﷺ изградена од лисја и кал а еден нејзин дел од камења наредени едни врз други, додека покривот е целосно од палмини лисја.
Хасан Ел Басри вели:
Во времето кога калиф беше Осман ибн Афан влегувавме во собите на сопругите на Божјиот пратеник ﷺ и со раце можевме да го допреме таванот.
Скромна куќа, мали соби но исполнети со иман, покорност, објава и доставена порака!
Телесниот изглед на Божјиот пратеник ﷺ:
Се приближуваме до куќата на Пратеникот и чукаме на вратата барајќи дозвола... да ѝ дозволиме на имагинацијата да заплови со тие што го виделе Божјиот пратеник ﷺ, кои сликовито ни го опишуваат, небаре го гледаме. Да се запознаеме со неговата благородна појава и насмеано лице.
Ел Бера' ибн Азиб, радијал-лаху анху, вели:
„Лицето на Божјиот пратеник ﷺ беше најубаво лице, имаше најубава појава, не беше многу висок ниту многу низок...“
Тој, радијал-лаху анху, продолжувајќи со описот додава:
„Божјиот пратеник ﷺ имаше среден раст, широки раменици и коса која достигнуваше до ушната реса, не сум видел нешто поубаво од него кога беше облечен во црвена наметка.“
Ебу Исхак Ес Себи'иј вели:
го прашаа Ел Бера' ибн Азиб: „Дали лицето на Божјиот пратеник ﷺ беше (блескаво) како сабја, а тој одговори не, туку како месечината.“
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, вели:
„Со моите раце не сум допрел ниту свила ниту нешто слично понежно од дланката на Божјиот пратеник ﷺ ниту, пак, сум помирисал подобар парфем од мирисот на Божјиот пратеник ﷺ.“
Една од особините на Божјиот пратеник ﷺ била и срамежливоста
и за неа Ебу Се'ид Ел Худри, радијал-лаху анху, вели:
„Беше посрамежлив од девица во нејзините одаи, кога ќе видеше нешто што не му се допаѓаше се препознаваше на неговото лице.“
Во кратки црти го опишавме физичкиот изглед на Божјиот пратеник ﷺ, тој убав и потполн физички изглед кој му го дал Аллах ﷻ. Родителите мои би ги жртвувал заради Божјиот пратеник ﷺ.
Говорот на Божјиот пратеник ﷺ:
Откако се запознавме со изгледот на Божјиот пратеник ﷺ да видиме како разговарал и говорел, кои се особините на неговиот говор, да слушнеме пред да почне да зборува Избраниот ﷺ.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
Божјиот пратеник ﷺ не зборуваше брзо како што зборувате вие, зборуваше јасно, со паузи и секој кој ќе седнеше со него го запомнуваше она што го рекол.“
Бил благ и толерантен и сакал неговиот говор да биде разбран,
внимавал и ги земал предвид разликите помеѓу луѓето, нивоата на сфаќање и можностите да се научи. Заради овие потреби бил нежен и трпелив.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Говорот на Божјиот пратеник ﷺ беше јасен и разбирлив за секој што ќе го слушне.“
Да размислиме малку за широкоградоста и великодушноста на Божјиот пратеник ﷺ кој го повторувал она што го зборувал за да биде разбран.
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, опишувајќи го говорот на Мухаммед ﷺ вели:
„Изговореното го повторуваше трипати за да се разбере (запомни).“
Беше благ кон луѓето и ги смируваше кога беа исплашени затоа што понекогаш некого ќе го обземеше страв.
Ибн Месуд, радијал-лаху анху, пренесува,
Пред Божјиот пратеник ﷺ беше доведен човек на кого тој почна да му зборува, а тој од страв почна да се тресе. Мухамед ﷺ му рече: „Смири се, јас не сум крал, и јас сум син на жена која јадела сушено месо (храна на обичните луѓе).“
Во внатрешноста на домот:
Добивме дозвола за влез и влеговме во внатрешноста на куќата на Божјиот пратеник ﷺ
и преку преданијата на асхабите јасно ја видовме состојбата на куќата, мебелот, постелнината, катовите итн.
Знаеме дека не ни приличи да зборуваме за градбата, собите и сл. Но сепак, со цел да дадеме пример кој ќе го следиме, ќе разгледаме делови од оваа куќа,
куќа на скромноста, со иманот како главнина на капиталот.
Зарем не забележуваш дека на ѕидовите нема слики на живи суштества, искушение за кое денеска можеме да кажеме дека речиси и да нема куќа без такви слики.
Божјиот пратеник ﷺ вели:
„Мелеците не влегуваат во куќа во која има куче и слики (на живи суштества).“
Да разгледаме дел од предметите кои Божјиот пратеник ﷺ секојдневно ги користел .
Сабит ни раскажува како
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, им покажал груба дрвена чаша со зацврстена метална ковина и рекол: „Сабит, ова е чашата на Божјиот пратеник ﷺ.“
Од тој сад пиел вода, шира (вода засладена со плодови), мед и млеко.
Енес, радијал-лаху анху, раскажува:
„Додека пиел Божјиот пратеник ﷺ трипати земал воздух.“
Тоа го правел оддалечувајќи го садот од устата.
„Божјиот пратеник ﷺ забранил да се дише во сад и да се дува во него.“
Панцирниот елек, кој Божјиот пратеник ﷺ го носел во војна и битки, при тешки и напорни моменти, можеби сега не е во куќата.
Истиот, Мухаммед ﷺ го заложил кај Евреин за долг од триесет мерни садови (некаде околу 63 килограми) на јачмен, како што ни раскажува Аиша. Тој останал во сопственост на тој Евреин и по смртта на Мухамед ﷺ.
Никогаш не ги изненадил своите домашни и не ги исплашил со ненадејно доаѓање (навечер). Тие секогаш знаеле кога тој се враќа и при влегување секогаш ги поздравувал со селам.
Размисли за овој хадис на Божјиот пратеник ﷺ со разум и широкоградост :
„Блазе си му на оној кој е упатен во исламот, кој има скромен живот и кој е задоволен (со она што му е одредено).“
Послушај го и овој исто толку вреден хадис:
„Кој ќе се разбуди сигурен при својот народ, здрав во телото, го има она што му е потребно за денот, на истиот небаре му е дадено богатството на овој свет.“
Роднините:
За Пратеникот на овој Умет има толку многу примери за исполнувањето на должностите кон роднините, така што само една беседа не е доволна. По ова прашање тој бил најпотполниот меѓу луѓето, бил пример за следење.
Тој ﷺ бил дури и фален од неверниците на племето Курејш кои го опишувале со имињата Садик (Искрениот) и Емин (Поверливиот) и пред да биде испратен од Бога.
Хадиџа, радијал-лаху анха, опишувајќи го, рекла:
„Ти ги чуваш роднинските врски и ја зборуваш вистината...“
Да видиме како овој Божјиот пратеник ﷺ го почитува едното од најголемите права и ја извршува едната од најголемите должности, посетувајќи ја неговата мајка која починала кога тој имал седум години.
Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, раскажува
како Божјиот пратеник ﷺ го посетил гробот на неговата мајка, како плачел и ги расплакал тие околу него и рекол: „Од мојот Гоподар побарав дозвола да побарам простување за мојата мајка, но Тој не ми дозволи, потоа побарав дозвола да го посетам нејзиниот гроб и тоа ми го дозволи. Посетувајте ги гробиштата затоа што тие ве потсетуваат на смртта.“
Размисли за љубовта на Божјиот пратеник ﷺ кон неговите роднини, за неговата грижа да ги повика во исламот, да ги упати кон вистината за да се спасат од пеколниот оган... За да го реализира тоа, се соочил со потешкотии и искушенија.
Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, вели:
кога беше објавен ајетот
„И опоменувај ги своите најблиски роднини...“
Божјиот пратеник ﷺ го повика племето Курејш, воопштено и поединечно и рече:
„О потомци на Абду Шемс, о потомци на Ка'б ибн Луеј спасете се себеси од огнот пеколен, о потомци на Муре ибн Ка'б спасете се себеси од огнот пеколен, о потомци на Абдул Менаф спасете се себеси од огнот пеколен, о потомци на Хашим спасете се себеси од огнот пеколен, о потомци на Абдул Муталиб спасете се себеси од огнот пеколен, Фатиме, ќерко моја, спаси се себеси од огнот пеколен, јас пред Бога немам никаква моќ освен родниските врски за кои ќе се грижам како што треба.“
Таков е нашиот сакан Пратеник, безброј пати, неуморно и упорно го повикувал својот чичко Ебу Талиб, па дури и во моментите пред неговата смрт:
Кога на Ебу Талиб му се приближил смртниот час, во посета му дошол Божјиот пратеник ﷺ а кај него веќе беа Ебу Џехл и Абдулах ибн Ебу Умеје. Божјиот пратеник ﷺ го посоветувал:
„Чичко мој, кажи Ла илахе иллал-лах, зборови заради кои пред Аллах ќе можам да те бранам.“
Ебу Џехл и Абдулах ибн Ебу Умеје му рекоа: „Ебу Талиб, зарем ќе се откажеш од верата на Абдул Муталиб?“,
и тоа го повторија неколку пати а последното кое го изговори беа зборовите – во верата на Абдул Муталиб.
Божјиот пратеник ﷺ рече:
Ќе го молам Аллах ﷻ да ти прости сѐ додека не ми биде забрането, па беше објавено:
„На Веровесникот и на верниците не им е дозволено да молат прошка за многубошците, дури и да им се најблизок род, кога им е јасно дека тие ќе бидат жители на џехенемот.“
Исто така беше објавено:
„Ти навистина не можеш да го упатиш на Вистинскиот пат кого ти сакаш...“
Божјиот пратеник ﷺ многупати, додека беше жив, го повикуваше во исламот својот чичко, па дури и во предсмртните моменти, а по смртта бараше прошка, сето тоа со мотив на доброчинство и сомилост, тоа го правеше сѐ до објавата на овие ајети.
По објавата на овие ајети ѝ се покори на Аллаховата наредба и престана да се моли за идолопоклониците од неговите роднини.
Сето ова е возвишен израз на сомилост на Пратеникот ﷺ кон неговиот народ, кој на крајот се прикажува како практичен пример за солидарност во оваа вера, но исто така и дистанцирање од сите форми на неверство и многубоштво, па дури и кога се работи за најблиските роднини.
Од Бога пратен дојде во време на големо незнаење
Пратеник, кога сѐ уште се обожуваа идоли
Стана светилка која осветлува и упатува
Блеска како што блеска мечот
Опоменуваше со пекол и ветуваше рај за побожните
Не подучи за исламот па затоа на Аллах му благодариме.
Божјиот пратеник ﷺ во својот дом:
Домот на човекот е вистинскиот критериум кој укажува на моралот, воспитанието, за тоа каков сопатник е, за суштественото на еден човек, додека е зад ѕидовите, далеку од погледите.
Тој тука е сам, со најблиските. Природниот и достоинствениот начин на однесување на Божјиот пратеник ﷺ во својот дом зборува за кулминацијата на скромност во однесувањето на главниот командант. Нема глумење и преправање, се одликувал со благост кон послабите членови на семејството.
Да размислиме за однесувањето на водачот и Пратеникот ﷺ на овој Умет, за тоа како се однесувал во својот дом, имајќи ја предвид неговата позиција и висока функција.
Ја прашале Аиша, радијал-лаху анха: „Што правеше Божјиот пратеник ﷺ во својот дом?“
Таа одговорила: „Беше како и секој човек, крпеше облека, ја молзеше овцата и самиот ги вршеше своите потреби.“
Тој е жив пример на скромност, не беше горделив и не им ги наметнуваше на другите личните потреби. Племенит како соработник и благороден како помагач, избраниот потомок на Адем, алејхи селам, ги врши сите овие работи во домот од кој се прошири светлоста на оваа вера. Во тој дом честопати немаше храна за да се наполни стомакот.
Ну'ман ибн Бешир, радијал-лаху анху, ја опишува состојбата на Божјиот пратеник ﷺ и вели:
„Го сретнав Божјиот пратеник ﷺ во состојба кога тој немаше можност да се најаде дури ни со неквалитетни урми.“
Аиша, радијал-лаху анха, додава и вели:
„Во семејството на Мухамед ﷺ поминуваше цел месец без да се запали оган (за готвење), се храневме со вода и урми.“
Тој ﷺ не дозволуваше ништо да го замае и да заборави на верските обврски и должности...
Кога ќе слушнеше „дојдете на намаз, дојдете на спас“ брзајќи се одѕиваше на овој повик и зад себе го оставаше овој свет.
Есвед ибн Језид вели: „Ја прашав Аиша, радијал-лаху анха: ,Што правеше Божјиот пратеник ﷺ во својот дом?‘
Таа одговори: ,Ги вршеше сите семејни должности, но кога ќе го слушнеше езанот, излегуваше.‘“
Не постои ниту еден автентичен доказ дека Мухаммед ﷺ клањал некој задолжителен намаз во својот дом, освен во моментите на тешката болест пред неговата ﷺ смрт, кога не можеше да излезе во џамија.
И покрај неговата ﷺ благост и милост кон неговите следбеници, со строгост им се обраќаше на оние кои задолжителните намази не ги клањаат во џамија.
Тој, Божјиот спас и мир нека се над него, велеше:
„Размислував да наредам да се клања намаз, да одредам имам кој ќе ги предводи па да тргнам и да им ги запалам куќите на тие што не присуствуваат во џамија.“
Ова зборува за важноста на намазот со џемат и во џамија и за сериозноста на ова прашање.
Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, рекол:
„Тој што ќе го слушне езанот и нема да му се одѕвие нека знае дека, освен со оправдување, неговиот намаз не е примен.“
За оправдување се смета реалниот страв и болеста.
А каде се денешните клањачи? Да не се можеби покрај нивните сопруги далеку од џамиите! Дали е нивното оправдување стравот или болеста!
Однесувањето и претставителноста на Божјиот праѝтеник ﷺ:
Однесувањето и движењата на еден човек укажуваат на неговиот разум и се клуч за осознавање на неговото срце.
Аиша, мајката на правоверните, ќерката на Ебу Бекр Ес Сидик, радијал-лаху анхума, најдобро го познава однесувањето на Божјиот пратеник ﷺ. Таа била со него во текот на целиот ден, кога бил здрав или болен, кога спиел и кога бил буден, кога бил смирен и кога бил лут.
Мајката на правоверните, Аиша, радијал-лаху анху, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ не беше безобразен ниту бесрамен, не викаше по пазарите и лошото не го враќаше со лошо. Простуваше и преминуваше преку лошото.“
Ова е моралот на подарената милост и даруваната благодат ﷺ.
Опишувајќи го неговото однесување, неговиот внук Хусејн, радијал-лаху анху, вели:
Го прашав татко ми (Али ибн Еби Талиб, радијал-лаху анху), опиши ми како се однесуваше Божјиот пратеник ﷺ на седенка, а тој ми одговори:
Божјиот пратеник ﷺ секогаш беше насмеан, благопријатен, лесен, не беше груб и раздразлив, не викаше, не навредуваше, не беше намрштен, се правеше дека не го слушнал она што не му се допаѓа, беше подготвен да помогне, не претеруваше во ништо, се чуваше од преправање и не зборуваше за нешто што не го интересира. Внимаваше да не ги навреди другите, не бараше да му се поверат и зборуваше само кога знаеше дека во тој говор има себап, присутните го слушаа тој што зборува сѐ додека не заврши, се смееше на тоа на што и присутните се смееја, му се допаѓаше она што им се допаѓаше на другите.
Беше трпелив кон неприкладното однесување на туѓинец во говор или кога нешто барал и тогаш кога истите биле донесени од неговите асхаби, велеше:
„Кога ќе видите некого со потреба помогнете му“.
Не прифаќаше да биде фален, освен од некој нему сличен. Не го прекинуваше тој што зборува, освен кога неговата беседа се одолжуваше, тогаш го прекинуваше или стануваше.
Размисли за особините и својствата на Божјиот пратеник ﷺ со кој е почестен овој Умет, размисли за сите, една по една, прифати ги овие особини и труди се да работиш според нив – во овие особини е концентрирано сѐ што е добро.
Божјиот пратеник ﷺ практикуваше да ги подучува, по прашања од верата, тие кои беа присутни на неговите собири.
Примери за такви совети се следниве:
Божјиот пратеник ﷺ вели: „Кој ќе умре молејќи му се на некој друг освен Аллах ﷻ ќе влезе во пеколот.“
Божјиот Пратеник ﷺ советувал:
„Муслиман е оној од чии јазик и раце се сигурни останатите муслимани, а мухаџир е оној кој ќе го напушти она кое Аллах ﷻ го забранил.“
Пример е и хадисот:
„Израдувајте ги тие кои во мрак пешачат кон џамиите со потполно светло на Судниот ден.“
И зборовите на Божјиот пратеник ﷺ:
„Борете се против многубошците со вашите имоти, со вашите животи и вашите јазици.“
Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, исто така рекол:
„Понекогаш робот ќе изговори зборови без да биде свесен што зборува, поради нив ќе пропадне во оганот, подлабоко отколку што е далечината помеѓу истокот и западот.“
Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, вели:
„Не сум пратен да проколнувам, пратен сум како милост.“ (Муслим)
Омер, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Немојте премногу да ме величате како што христијаните го воздигнаа синот на Мерјем.“
„Ел Итра“ на арапски значи претерување во величање и фалење некого.
Џундуб ибн Абдулах , радијал-лаху анху, вели,
го слушнав Божјиот пратеник ﷺ, пет дена пред неговата смрт, како вели:
„Аллах нека ме заштити ако некого друг освен Аллах ﷻ земам за близок пријател. Јас сум Аллахов миленик како што Аллахов миленик беше Ибрахим, алејхи селам. Доколку некого од луѓето ќе го прогласев за мој многу близок пријател тоа ќе беше Ебу Бекр, но мој најблизок (халил) е Аллах. Навистина, народите пред вас гробовите на Божјите пратеници ги претвориа во џамии, вие тоа немојте да го правите – јас тоа ви го забранувам.“
Според ова не е дозволен намазот во џамиите во кои има гроб или повеќе гробови.
Ќерките на Божјиот пратеник ﷺ:
Раѓањето на женско дете во предисламскиот период се сметаше за несреќен ден во животот на родителите, па дури и во животот на поширокото семејство и племе. А решение беше закопување на живите женски деца поради страв од срам и резилак.
Тоа се правеше на навистина страшен начин, грубо и без знак на сомилост и љубов. Ќерката жива се закопуваше и тоа го правеа на монструозни начини.
Имало и такви кои дозволуваа ќерката да израсне до шест години, потоа ќе ѝ речел на сопругата :
„Облечи ја убаво и намирисај ја, ќе одиме кај нејзиниот бунар“, кој веќе бил ископан во пустината. Кога ќе стигнеле до местото, му велел на несреќното девојче: „Погледни во дупката“
и потоа ќе ја турнел и бесмилосно и сурово ја прекривал со земја.
Во една ваква средина беше пратен Мухаммед ﷺ со оваа величенствена религија, која ја почести жената како мајка, сопруга, ќерка, сестра и тетка.
Неговите ќерки ја имаа среќата од прва рака да ја почувствуваат љубовта на нивниот татко. Кога неговата ќерка Фатима ќе влезеше, тој стануваше, ја фаќаше за раце, ја бакнуваше и ѝ го отстапуваше местото да седне. Кога тој ја посетуваше, таа стануваше, го фаќаше за рака, го бакнуваше и му го отстапуваше местото да седне.
И покрај неговата љубов кон неговите ќерки и почитта која ја искажуваше кон нив, сепак со трпеливост и надеж во Аллахова награда го прифати разводот на неговите ќерки Уму Кулсум и Рукаја од синовите на Ебу Лехеб кои се викаа Утбе и Утејбе по објавата на ајетот:
„Нека пропаднат рацете на Ебу Лехеб, и тој пропадна!“
Не подлегна на притисоците да се откаже од својата мисија иако му се закануваа, па дури и се разведоа од неговите ќерки. Без да се колеба продолжи со својата мисија на повикување во оваа вера.
Уште еден пример за убавиот дочек на својата ќерка ни опишува Аиша, радијал-лаху анха, која ни раскажува:
„Сопругите на Божјиот пратеник ﷺ беа присутни кога дојде Фатима, радијал-лаху анха, ќерката на Мухаммед ﷺ и нејзиниот од не се разликуваше од одот на нејзиниот татко. Кога ја виде ја дочека срдечно велејќи и: „Добредојде ќерко моја“, потоа ѝ понуди да седне од неговата десна или можеби лева страна.“
Израз на неговата љубов и грижа за ќерките беше и постојаниот надзор на нивната состојба и решавањето на нивните проблеми.
Фатима, радијал-лаху анха, ги повредила своите раце додека толчела жито со толчник, па дошла кај нејзиниот татко, кој во тој момент не бил дома. Таа побарала да ѝ се назначи слугинка. Сето тоа Аиша му го пренела на Божјиот пратеник ﷺ.
Али, радијал-лаху анху, раскажува:
Божјиот пратеник ﷺ дојде откако веќе бевме во постела, сакавме да станеме а тој ни рече: „Останете каде што сте“, потоа седна помеѓу нас, а студот на неговите нозе го почувствував на моите гради, и ни рече:
„Дали сакате да ви кажам за нешто што ви е подобро од слугинка? Кога ќе легнете на постела изговорете триесет и четири пати Аллаху екбер (Аллах е најголем), триесет и три пати Субханал-лах (Славен е Аллах) и триесет и три пати Елхамдулилах (Благодарноста му припаѓа на Аллах), тоа за вас е подобро од слугинка.“
Божјиот пратеник ﷺ е пример на однесување кој треба да се следи. Тој без очајување и со трпеливост се соочи со смртта на сите свои синови и ќерки (освен Фатима радијал-лаху анха ) додека сѐ уште беше жив.
Не тагуваше удирајќи се по лице, кинејќи облека, не организираше вечери и седенки за искажување сочувство. Негови особини беа трпеливоста, задоволството со Аллаховата одредба и очекување на Аллаховата награда.
Ни остави во завет прекрасни совети и хадиси кои се мелем за тажните и лек за несреќните, а таков е и хадисот
на Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
„Му припаѓаме на Аллах и кај Аллах сите ќе се вратиме, Аллаху мој, дај ми награда во ова мое искушение, и загубеното надомести ми го со нешто подобро.“
Овие зборови кои се изговараат при искушение „Му припаѓаме на Аллах и кај Аллах сите ќе се вратиме“ се прибежиште и засолниште на сите оние кои се соочуваат со некоја несреќа. Аллах ﷻ им дава муштулук и им дава голема награда на трпеливите, награда од Дарежливиот и Тој кој на најдобар начин наградува:
„Само тие кои што ќе бидат стрпливи ќе бидат без сметка наградени.“
Односот кон сопругата:
Во малата семејна оаза, сопругата е пристаниште на срцето, смиреност и блискост за душата и столб на куќата.
Божјиот пратеник ﷺ вели:
„Овој свет, сиот е имот, а најдобро нешто што човекот може да го поседува, на овој свет, е добра сопруга.“
Пример на добриот морал и убавото однесување беше нагаленото повикување на мајката на правоверните и нејзиното информирање со новости од кои срцето само што не полетало.
Аиша, радијал-лаху анха,пренесува
дека Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, еден ден ѝ рекол:
„Аишичке, тука е Џебраил, алејхи селам, те поздравува со селам.“
Пратеникот на овој Умет ﷺ, човекот со највисок степен на морал и највозвишена позиција, практично ни дава извонредни примери за убавиот соживот, благоста, познавањето на емотивните и душевните потреби на сопругата и за посебниот статус кој го имаат неговите сопруги а кој секоја жена го посакува и го очекува од нејзиниот сопруг.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
Еднаш, во менструален период, пиев од чаша која потоа му ја подадов на Божјиот пратеник ﷺ кој својата уста ја стави на местото од кое и јас се напив, па почна да пие. Исто така се случуваше да каснам од месо, по што тој повторно каснуваше од истото место.
Нема место за невистините и фалсификатите со кои го обвинуваа лицемерите и необјективните ориенталисти... Тој се трудеше да го пронајде најубавиот и најлесниот начин за брачен соживот.
Аиша, радијал-лаху анха, ни раскажува
дека Божјиот пратеник ﷺ во една прилика бакнал една од своите сопруги и потоа излегол за намаз, без да земе абдест.
Во повеќе од една прилика Тој ﷺ ни ја појаснува високата положба и повластениот статус на жените во исламот.
Еве како му одговорил на прашањето на Амр ибн Ас, радијал-лаху анху, поучувајќи го дека еден зрел, здрав и прав маж не треба да се срами од љубовта кон сопругата.
Амр ибн Ас, радијал-лаху анху, вели: „Го прашав Божјиот пратеник ﷺ:
,Кого од луѓето најмногу го сакаш?‘. ,Аиша‘ одговори Мухаммед ﷺ.“
Секој кој сака да поттикне брачната среќа нека размисли за хадисот на Мајката на правоверните, Аллах нека е задоволен со неа, како кон неа се однесувал Божјиот пратеник ﷺ.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
Јас и Божјиот пратеник ﷺ се бањавме од еден сад.
Пратеникот на овој Умет ﷺ не пропушташе ниту една можност за да ја израдува својата сопруга и да ја развесели со различни дозволени нешта.
Аиша, радијал-лаху анха, повторно ни ја доловува таа ситуација:
„Бев на едно од патувањата заедно со Божјиот пратеник ﷺ. Бев сѐ уште млада и со слаба градба. На луѓето им рече да одат пред нас, а мене ми се обрати велејќи: ,Дојди да се тркаме.‘ Потрчавме и јас победив. По оваа трка молчеше сѐ додека не се здебелив и повторно при едно патување на присутните им рече да одат пред нас, а мене ми рече: ,Дојди да се тркаме.‘, и во оваа трка победи и насмеан ми рече: ,Ова е за тогаш.‘.
Конкретен пример за поигрување и натпреварување, на сопатниците им вели да одат напред за да се натпреварува со својата сопруга, за да ја израдува, потоа повторно се натпреварува и победата ја спомнува како еден вид реванширање за првиот пораз.
Секој кој ќе тргне на пат по оваа голема и широка Земја и ќе размисли за состојбата на луѓето, ќе се маѓепса од однесувањето на овој племенит Божји пратеник ﷺ, победоносен водач, потомок на племето Курејш и Бену Хашим. По голема победа како војсководец и командант на голема армија се враќа дома, но во исто време тој е и благ и пријатен сопруг, нежен кон своите сопруги, мајките на правоверните.
Командувањето на војската, долгиот пат, победата во битка не беа причина да заборави на слабите сопруги кои беа со него и на нивната потреба за благ допир, искрено шепотење и нежност со која ќе го заборават напорот на патот и заморот.
Имам Ел Бухари во својата книга го забележал случајот кога по битката на Хајбер, Божјиот пратеник ﷺ се оженил со Сафија бинт Хујеј, радијал-лаху анха, како со ткаенина одел околу камилата за да ја заштити од погледита на луѓето додека се качувала врз камилата, како го поставувал своето колено за врз него да ја стави својата нога Сафија и полесно да ја јавне камилата.
Овој емотивен призор кој зборува за скромноста на Божјиот пратеник ﷺ,
победоносниот војсководец и Аллахов ﷻ избраник, со кој ги подучува своите следбеници, дека нема да се наруши твојот статус и положба доколку го подметнеш својот грб и бидеш скромен кон твојата сопруга, доколку ѝ помогнеш и доколку ја израдуваш.
Еден совет на Божјиот пратеник ﷺ вели:
„Ве советувам со добро кон вашите жени.“
Повеќеженството:
Божјиот пратеник ﷺ се ожени со единаесет сопруги, секоја од нив го доби епитетот мајка на правоверните. Почина кога сѐ уште беше во брак со девет сопруги. Со колку голема чест и висока позиција беа почестени тие племенити жени.
Божјиот пратеник ﷺ стапил во брак со постара жена, со вдовица, со разведена и со немоќна, а единствената девица со која се оженил била Аиша, радијал-лаху анха.
Божјиот пратеник ﷺ стапи во брак со повеќе жени и истовремено беше во брак со истите, давајќи конкретен пример за праведност и правичност при поделба.
Од Аиша, радијал-лаху анха, се пренесува дека рекла::
„Кога Божјиот пратеник ﷺ сакаше да тргне на пат, преку ждрепка одредуваше која сопруга ќе му биде сопатник. На секоја сопруга ѝ одреди во кој ден ќе биде кај неа.“
Примери на праведност се спомнати и во зборовите кои се пренесуваат од Енес ибн Малик, радијал-лаху анху:
„Божјиот пратеник ﷺ имаше девет жени, и откако ќе ги одредеше нивните ноќи не ѝ се враќаше на првата сѐ додека не поминеше (по една ноќ) со сите девет. Тој ги посетуваше во нивните домови,
и една ноќ додека беше во домот на Аиша, радијал-лаху анха, Божјиот пратеник ﷺ ја испружи раката и ја допре Зејнеб, радијал-лаху анха, па Аиша му рече: „Ја допираш Зејнеб‘, по што тој ја повлече својата рака.
Овој голем дом на Божјиот пратеник ﷺ немаше да биде таков без Аллаховата поддршка и инспирација за Мухамед ﷺ.
Еве како Божјиот пратеник ﷺ со зборови и дела му искажува благодарност на Аллах ﷻ.
Божјиот пратеник ﷺ ги поттикнуваше своите сопруги на покорност кон Аллах ﷻ, ги помагаше по тоа прашање спроведувајќи го во дело она кое му го наредил Аллах ﷻ:
„Нареди му на семејството свое да го извршува намазот (молитвата) и истрај во тоа! Ние не бараме од тебе снабдување, Ние тебе те снабдуваме! А само тие кои од Аллах ќе стравуваат и кои од гревовите ќе се чуваат ги чека убава завршница.“
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ клањаше додека јас спиев испружена врз неговата постела и кога сакаше да клања витр намаз, ме будеше.“
Божјиот пратеник ﷺ поттикнуваше да се клања ноќниот намаз и сопружниците да се помагаат меѓусебно по тоа прашање, и тоа со убава насока, преку прскање со вода еден со друг сопружник.
Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, вели:
Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Аллах нека му се смилува на тој маж кој ќе стане навечер, ќе клања и ќе ја разбуди својата сопруга и таа да клања, па ако одбие ќе ја испрска со вода по лицето. Аллах нека ѝ се смилува на таа жена која навечер ќе стане, ќе клања, ќе го разбуди мажот и тој да клања, па ако одбие ќе го испрска со вода по лицето.“
Верникот кој цели кон потполност се придржува кон својата вера, се грижи за својот надворешен изглед кој ја надополнува неговата внатрешна чистота и префинетост.
Божјиот пратеник ﷺ имаше чисто срце, чисто тело и убава миризба, го сакаше мисвакот и наредуваше истиот да се користи.
Тој ﷺ велеше:
„Да знаев дека нема да му отежнам на мојот Умет, ќе им наредев да го користат мисвакот при секој намаз.“
Хузејфе, радијал-лаху анху, пренесува дека:
„Божјиот пратеник ﷺ кога ќе се разбудел од сон ги чистел забите со мисвак .“
Шурејх ибн Хани вели:
„Ја прашав Аиша, радијал-лаху анха:
,Со што започнуваше Божјиот пратеник ﷺ при влегување во домот?‘, а таа, радијаллаху анха, му одговори: ,Со мисвакот.‘“.
Колку убава подготовка е чистотијата пред да се сретнеш со домашните!
При влегување во домот, Божјиот пратеник ﷺ велеше:
„Со Аллаховото име влегуваме, со Аллаховото име излегуваме, врз нашиот Господар се потпираме“, па потоа со селам ќе ги поздравеше домашните.
Удостој го твоето семејство кога влегуваш кај нив со чистота и започни го говорот со селам,
и немој, брате муслиману, овие работи да ги замениш со критикување, напад и грубо однесување.
Шегувањето на Божјиот пратеник ﷺ:
Божјиот пратеник ﷺ како водач се грижеше за прашањата на неговиот Умет, за неговите војски, првенци, семејството, понекогаш за објавата, а понекогаш за ибадетите. Имаше и други грижи. Се работи за големи должности кои го прават човека неспособен да ги исполни останатите животни должности и да им даде живост на истите.
Сепак Божјиот пратеник ﷺ на секого му го овозможуваше правото кое го заслужил, немало непочитување на нечие право на сметка на друг, ниту, пак, интересирање за еден аспект на живеење на сметка на друг.
Тој ﷺ и покрај големиот товар и бројните должности на најмалите им отстапи дел од неговото срце. Божјиот пратеник ﷺ се играше со малите деца, се шегуваше со нив, се приближуваше до нивните срца, ги исполнуваше нивните души со радост а понекогаш се шегуваше и со возрасните .
Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, ни пренесува:
„На Божјиот пратеник ﷺ му беше речено: ,Ти се шегуваш со нас.‘, на што тој одговори:
,Да, но не велам ништо друго освен вистина.‘“
За шегувањето на Божјиот пратеник ﷺ ни зборува и овој пример кој го пренесува Енес ибн Малик, радијал-лаху анху:
„Божјиот пратеник ﷺ ми рече: .О ти со два ува.‘“
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, ни раскажува:
„Со синот на Уму Сулејм, кој се викал Ебу Умејр, Божјиот пратеник ﷺ се шегуваше кога го посетуваше. Еден ден го посетил и забележал дека е тажен па го прашал: ,Ебу Умејр, зошто си тажен?‘ Присутните му одговорија дека загинала птичката со која си играл, па тој почна да го довикува (поетичо): ,Ебу Умејр што се случи со птичката.‘“
И со возрасните Божјиот пратеник ﷺ имал слични ситуации, а за една таква ни зборува Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, кој вели:
„Еден бедуин со име Захир ибн Харам,
му беше драг на Божјиот пратеник ﷺ иако беше грд. Еден ден му се приближи од зад грб, додека тој ја продаваше својата стока и го гушна, а тој во неможност да види за кого се работи, му рекол: ,Пушти ме, кој си ти?‘ Кога се свртел, го видел и го препознал Божјиот пратеник ﷺ почнал да го прилепува својот грб до градите на Божјиот пратеник ﷺ. Тогаш Божјиот пратеник ﷺ рекол: ,Кој сака да го купи овој роб?‘ На ова бедуинот рекол: ,Божји пратенику, евтино ќе ме продадеш‘, а на тоа Божјиот пратеник ﷺ рекол: ,Ти кај Аллах си скап (вреден).‘“
Со убав морал, благородни атрибути и племенити својства, таков беше Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се над него.
И покрај природноста во однесувањето на Божјиот пратеник ﷺ со семејството и со неговиот народ, сепак неговото смеење имаше граница. Тој најчесто ќе се насмевнел, како што ни раскажува Аиша, радијал-лаху анха:
„Не сум го видела Божјиот пратеник ﷺ гласно да се смее па да му се види горниот дел на усната празнина, тој само се насмевнуваше.“
И покрај насмеаноста и убавото однесување, Божјиот пратеник ﷺ знаел и да се намршти кога ќе се направело нешто што не е дозволено.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ се врати од патување, а јас во предниот дел од мојата соба претходно ставив завеса со слики. Кога Божјиот пратеник ﷺ ја виде ги избриша сликите, а лицето му поцрвене и ми рече:
,Аиша, луѓето кои на Судниот ден ќе имаат најтешка казна се оние кои го имитираат создавањето на Аллах ﷻ.‘“
Ова укажува дека е забрането поставување слики на живи битија на видни места во домот. Забраната е уште построга за слики обесени на ѕидовите, за статуи поставени во аглите на собите, врз рафтовите и комодите. Покрај гревот кој следува, со тоа дело го спречуваме влегувањето на мелеците на милоста во тој дом.
Спиењето на Божјиот пратеник ﷺ:
Убеј, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Кога некој од вас сака да легне во постела, со еден дел од неговата облека нека ја истресе постелата и нека каже Бисмил-лах (Во името на Аллах), затоа што не знае што дошло во неговата постела по него. Потоа нека легне на неговата десна страна и нека каже: ,Славен си Аллаху, Господару мој, спомнувајќи Те легнувам и спомнувајќи Те станувам. Ако ми ја земеш душата прости ѝ, а ако ми ја вратиш, чувај ја како што ги чуваш Твоите добри робови.‘“
Од Неговите ﷺ совети за муслиманите и муслиманките е и следното:
„Пред да легнеш во постела, земи абдест како за намаз, па потоа легни на твојата десна страна.“
Од Аиша, радијал-лаху анха, се пренесува следниов опис:
„Секоја ноќ кога легнуваше во постела Божјиот пратеник ﷺ ги спојуваше своите дланки, лесно плукнуваше и во нив ги читаше овие три поглавја од Благородниот Куран, Ел Ихлас, Ел Фелек и Ен Нас, потоа го триеше своето тело, колку што можеше, започнувајќи со главата, лицето и предниот дел на телото. Ова го повторуваше три пати.“
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, вели дека Божјиот пратеник ﷺ при легнување во постела велел:
„Благодарноста му припаѓа на Аллах, кој нѐ нахранил, нѐ напоил, нѐ заштитил и ни обезбедил засолниште, а колку има кои немаат заштитник ниту засолниште.“
Ебу Катаде, радијал-лаху анху, ни раскажува
дека Божјиот пратеник ﷺ кога при патување при крај на ноќта легнувал да спие, легнувал на неговата десна страна. Кога ќе легнел ги спојувал дланките и главата ја ставал врз нив.
Ние, кои имаме многу благодати дадени од Аллах ﷻ, да размислиме заедно, брате мој, за постелата на најодбраниот меѓу Божјите пратеници, печатот на сите пратеници и најдобриот од сите кои ги создал Аллах, чиишто стопала чекореле врз оваа земја:
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Постелата на Божјиот пратеник ﷺ беше од кожа исполнета со палмини лисја.“
Една група на негови другари влегоа во неговиот дом, влезе и Омер, радијал-лаху анху. Божјиот пратеник ﷺ се сврти и Омер не виде никаква ткаенина помеѓу телото на Божјиот пратеник ﷺ и постелата. Каишот оставил трага врз страничниот дел на телото на Божјиот пратеник ﷺ. Омер, радијал-лаху анху, почна да плаче, па Божјиот пратеник ﷺ го праша: „,Омере, зошто плачеш?‘. ,Се колнам во Аллах и знам дека ти си подостоен од кралевите на Персија и Византија, кои со овој свет си поигруваат како што си поигруваат, а тебе те гледам во оваа состојба!‘ Божјиот пратеник ﷺ му рече: ,Зарем не си задоволен нивен да е овој свет а наш да биде оној свет?‘Омер, радијаллаху анху, му одговори: ,Секако‘, а Божјиот пратеник ﷺ му рече: ,Така ќе биде.‘“
Ноќниот намаз:
Ноќта ја прекри Медина и темнината се рашири насекаде. Во овие темнини светлото на Божјиот пратеник ﷺ со кое осветлуваше беа намазот, спомнувањето на Аллах, бдеењето за ноќниот намаз, довата упатена на Господарот на земјата и небесата, му се обраќаше на Тој во чии раце се сите работи, извршувајќи ја наредбата на Создателот и Креаторот:
„О, ти завиткан!
Пробдеј ја ноќта, освен мал дел;
половината нејзина или помалку од неа;
или малку повеќе од неа, и изговарај го Куранот внимателно.“ (Ел Муземмил, 1-4)
Од Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, се пренесува дека рекол:
„Божјиот пратеник ﷺ клањал сѐ до отекување на нозете. Му рекле: ,Божји пратенику, зошто го правиш ова кога и минатите и идните гревови ти се простени?‘ Одговорил: ,Зарем да бидам неблагодарен роб!‘“
Ел Есвед ибн Језид, пренесува:
„Ја прашав Аиша, радијал-лаху анха, за ноќниот намаз на Божјиот пратеник ﷺ а таа ми одговори:
,На почетокот на ноќта спиел, па клањал и потоа кога имал потреба имал полов однос со сопругата, кога ќе го слушнел езанот (за сабах) бргу станувал и доколку бил џунуб се капел, а кога не бил земал абдест и излегувал во џамија.‘“
Ноќниот намаз на Божјиот пратеник ﷺ предизвикува восхит и нѐ поттикнува да размисуваме за неговата должина и да го земеме за модел и пример.
Ебу Абдулах, Хузејфе ибн Јеман, радијал-лаху анхума, ни раскажува:
„Клањав со Божјиот пратеник ﷺ ноќен намаз и почна да чита од поглавјето Ел Бекара. Реков ќе запре кај стотиот ајет, но тој продолжи. Си помислив можеби ќе го заврши рекатот со ова поглавје, но тој почна да чита од поглавјето Али Имран. Реков по ова поглавје ќе се поклони на руку, но тој почна да чита и од поглавјето Ен Ниса. Читаше јасно, кога ќе прочиташе ајет во кој се спомнува славењето на Аллах ﷻ го славеше Аллах, кога читаше ајет во кое се спомнува некое барање, го бараше тоа од Аллах и ако наидеше на ајет во кој се бара заштита истата ја бараше од Аллах ﷻ. Потоа се поклони на руку велејќи: ,Славен е мојот Господар, Големиот‘ и тоа руку траеше колку стоењето (кијамот) пред руку, потоа велеше: ,Аллах го слуша тој кој го слави, Господару наш Тебе сме ти благодарни‘ и стоеше исправен долго колку што беше на руку, потоа паѓаше ничкум и велеше: ,Славен е мојот Господар, Возвишениот‘ и на сеџда остануваше колку на кијам.“
По утринскиот (сабах) намаз:
По тивката мединска ноќ, со зората доаѓа и завршува заедничкиот намаз со џемат во џамија. По намазот Божјиот пратеник ﷺ остануваше во џамијата и сѐ до изгревањето на сонцето го спомнуваше Аллах ﷻ па потоа клањаше два реката.
Џабир ибн Семуре, радијал-лаху анху, вели:
„По сабах-намазот Божјиот пратеник ﷺ седеше на местото каде што клањал сѐ додека сонцето добро не изгрее.“
Божјиот пратеник ﷺ нѐ поттикна да го извршуваме овој голем сунет, спомнувајќи ја неговата награда и себап.
Од Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, се пренесува дека
Аллаховиот пратеник алејхи салату вес-селам рекол:
„Тој што по клањањето на сабах-намазот во џемат, ќе седне и ќе го спомнува Аллах до изгревање на сонцето и потоа ќе клања два реката има награда колку за аџилак и умра, потполна, потполна, потполна.“
Намазот духа:
Помина првата половина од денот и врелото сонце ја покажа својата сила. Топлината само што не почнала да ги гори лицата. Овој дел од денот се вика духа, време за работа и за извршување на должностите.
И покрај големиот товар на самата мисија на Божјиот пратеник ﷺ, среќавањето со делагациите, подучувањето на асхабите, семејните должности, тој имаше време за обожување на Аллах ﷻ.
Муазе вели: „Ја прашав Аиша, радијаллаху анха:
,Дали Божјиот пратеник ﷺ клањаше духа-намаз?‘ Таа одговори: ,Да, клањаше четири рекати а понекогаш повеќе, колку што Аллах сака.‘“
Овој намаз Божјиот пратеник ﷺ ни го остави во завет. Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, вели:
„Мојот близок пријател ﷺ ми остави во завет три работи: да постам три дена секој месец, два реката духа-намаз и да клањам витр-намаз пред спиење.“
Доброволните намази во домот:
Овој дом живее со иман, преполнет е со ибадети и спомнување (зикр) на Аллах ﷻ, ваков дом во завет ни
оставил Божјиот пратеник ﷺ, велејќи:
„Клањајте некои од намазите и во вашите домови, и немојте да ги претварате во гробишта.“
Имамот Ибн Кајим, Аллах нека му се смилува, вели:
Божјиот пратеник ﷺ повеќето сунети и доброволни намази кои немале посебна причина ги клањал во својот дом. Ова посебно се однесува на сунетот на акшамскиот намаз за кој нема ниту едно предание дека го клањал во џамија.
Клањањето во домот е корисно поради многу причини како што се:
следење на сунетот на Божјиот пратеник ﷺ,
подучувањето на жените и децата за формата на намазот,
оддалечување на шејтаните од домот поради спомнувањето на Бога и читањето Куран. Со намазот дома сме поблиску до искреноста а подалеку од лажното претставување (симулација).
Плачот на Божјиот пратеник ﷺ:
Многу мажи и жени плачат, но прашањето кое се поставува е како и зошто се плаче?!
Нашиот Божји пратеник, ﷺ плачел иако можел, доколку сакал, да го поседува сиот свет, рајот бил пред него а тој ја поседувал највисоката положба во рајот.
Да, Божјиот пратеник плачел ﷺ како што плачат побожните,
плачел додека во намаз му се обраќал на Аллах со дова, кога слушал како се чита Куран и тој плач бил израз на благоста и добрината на срцето на Божјиот пратеник ﷺ. Тоа ни кажува дека ја спознал големината на Господарот, за стравопочитта која ја имал.
Мутариф, синот на Абдулах ибн Шихир, од својот татко пренесува:
„Дојдов кај Божјиот пратеник ﷺ, клањаше а од неговите гради (затоа што плачеше) се слушаше бруење како што бруи котелот (кој врие).“
Абдулах ибн Месуд, радијал-лаху анху, ни го пренесе овој хадис:
„Божјиот пратеник ﷺ ми рече: ,Читај Куран‘ Реков: ,Божји пратенику ﷺ, да читам пред тебе, а тебе ти се објавува?‘ Тој ﷺ ми рече: ,Сакам да го слушам од друг.‘ Почнав да читам од поглавјето ,Ен Ниса‘ и кога стигнав до ајетот: ,А што ќе биде, кога од секој народ ќе доведеме сведок, а тебе ќе те доведеме како сведок против овие народи?‘ (Ен Ниса, 41). Видов како солзат неговите очи.“
Размисли за белите влакна во разделокот на косата и за осумнаесетте бели влакна во брадата на Божјиот пратеник ﷺ, послушај со срце како со својот јазик зборува за причината на овие седи влакна.
Ебу Бекр, радијал-лаху анху, раскажува,
„На Божјиот пратеник ﷺ му реков: ,Побеле (твојата коса и брада) Божји пратенику!‘ Тој ﷺ рече:
,Ме побелеа поглавјата Худ, Ел Вакиа, Ел Мурселат, Ен Небе и Ет Теквир.‘“
Скромноста на Божјиот пратеник ﷺ:
Божјиот пратеник ﷺ се одликувал со најдобар морал и бил најпотполн од аспект на однесувањето. Куранот e неговиот морал, како што вели Аиша, радијал-лаху анха:
„Неговиот морал беше Куранот.“
а самиот тој ﷺ рекол:
„Пратен сум да ги надополнам моралните одлики.“
Неговата ﷺ скромност се отсликуваше во фактот дека тој не сакаше да биде фален, да се слави и да се воздигнува.
Омер ибн Ел Хатаб, радијал-лаху анху,пренесува дека
Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Немојте да ме воздигнувате како што христијаните претерале во воздигнувањето на Иса синот Мејремин, алејхи селам. Навистина јас сум само роб па кажете: ,Аллахов роб и Негов пратеник.‘“
Енес, радијал-лаху анху, раскажува:
„Група на луѓе рекоа:
,О, Божји пратенику, најдобриот меѓу нас и синот на најдобриот меѓу нас, одбраниот меѓу нас и синот на одбраниот меѓу нас‘, а Тој ﷺ рече:
,Луѓе, говорете со вашите зборови, но немојте да ве одведе во заблуда шејтанот, јас сум Мухамед, Аллахов роб и Негов пратеник. Немојте да ме издигнувате на место повисоко од тоа на кое ме поставил Аллах ﷻ.‘“
Постои категорија на луѓе кои го воздигнуваат Божјиот пратеник ﷺ над неговата положба. Тие веруваат дека тој го знае невидливото, дека има моќ да нанесе штета и да помогне, дека е во можност да ги исполни потребите на луѓето и да лекува болни.
Аллах ﷻ го негира ова и вели:
„Кажи: ,Јас не можам ни себеси некаква корист да си сторам, ниту од себе некаква штета да тргнам; се случува така како што сака Аллах. А да го познавав невидливото, ќе стекнев многу добра, а злото ќе беше далеку од мене.‘“
Овој Божји пратеник ﷺ е најдобриот што некогаш чекорел по земјата и над кого се надвиснало небото, постојан во скрушеноста и покорноста кон Аллах ﷻ, не ја сакал надменоста и вообразеноста – првенецот на скромните и одбраникот на скрушените пред Бога.
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, раскажува:
„Никого не го сакаа повеќе од Божјиот пратеник ﷺ но сепак кога ќе го видеа, не му стануваа, затоа што знаеја дека тој тоа не го сака (одобрува).“
Погледни како Пратеникот на овој Умет ﷺ покажува пример на прекрасна скромност и редок морал на однесување со оваа сиромашна жена на која ѝ издвојува дел од неговото скaпоцено време исполнето со должности.
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, раскажува:
„Една жена дошла кај Божјиот пратеник ﷺ и му рекла дека има потреба од него. Божјиот пратеник ﷺ ѝ одговорил: ,Седни каде и во која улица во Медина сакаш и јас ќе седнам со тебе.‘“
Возвишен со морал на племенитите
на највисоките скалила се издигна ти,
твоето присуство како прекрасен мошус е
ги исполнува сокаците и домовите бројни,
тој е симболот на скромните и е нивен избраник.
Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„И кога би ме повикале на оброк зготвен од потколеници (делови со малку или без месо) би ја прифатил поканата и кога истите би ми биле подарени би ги прифатил.“
Пречка и одбив на надменоста на вообразените во секоја време е овој хадис на Божјиот пратеник ﷺ.
Абдуллах ибн Месуд, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Нема да влезе во рајот тој што во своето срце има вообразеност макар и колку зрно на синап.“
Вообразеноста е пат кон оганот, Аллах нека ни е напомош, па дури и кога е мала како зрно на синап. Размисли за оваа казна на надмените кои се перчат додека одат, како со тој од ја предизвикаа лутината на Аллах ﷻ и Неговата болна казна.
Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Додека еден човек одел во состојба на вообразеност, со исчешлани коси и наперчен од, земјата го голтнала и во неа ќе се прпелка сѐ до Судниот ден.“
Слугите на Божјиот пратеник ﷺ:
Божјиот пратеник ﷺ го издигнал на немоќниот и сиромашен слуга на позиција која му доликува, вреднувајќи го според верата и побожноста, а не според работата и неговата слабост.
Божјиот пратеник ﷺ за слугите и најмените работници рекол:
„Тие се ваши браќа, Аллах ги ставил под ваше управување, хранете ги со она штого јадете, облечете ги со она што го облекувате, не им наредувајте нешто што ги надминува нивните можности, а ако тоа го направите тогаш помогнете им.“
Размисли за зборовите на овој слуга кој за својот господар дава прекрасно сведоштво и пофални зборови со прекрасна арома.
Дали си слушнал за слуга кој го фали својот господар како што тоа го прави овој слуга на Божјиот пратеник ﷺ.
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ го служев десет години. Ниту еднаш не ми рече ,Оф, зошто ова го направи или зошто ова не го направи.‘“.
Цели десет години а не денови или месеци, овој долг период на среќа и несреќа, на тага и радост, на различни душевни состојби, состојби на богатство и немаштија, а тој би ги жртвувал родителите за него! Не го критикувал, ниту му наредувал, напротив го наградувал, го орасположувал, ги исполнувал неговите потреби и потребите на неговото семејство, се молел за нив.
Енес, радијал-лаху анху, раскажува:
„Мојата мајка му рече на Божјиот пратеник ﷺ: ,Помоли му се на Аллах ﷻ со дова за твојот слуга.‘, а Тој ﷺ рече: ,Аллаху, намножи го неговиот имот и деца и дај му бериќет во она кое Ти му го даваш.‘“
Со сета Негова ﷺ храброст, никогаш не понизил, ниту удрил, ниту, пак, бил груб кон послабите, сопругите и слугите кои му беа подредени.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ никого со рака не удрил освен кога бил во битка на Аллаховиот пат, ниту, пак, удрил слуга или жена.“
Мајката на правоверните, радијал-лаху анха, го потврдува ова сведоштво за најдобриот на човечкиот род и за избраникот на сето човештво, за племенитите особини и доброто однесување за кое слушнале многумина и кое го потврдиле и неверниците од племето Курејш.
Таа, радијал-лаху анха, вели:
„Никогаш Божјиот пратеник ﷺ не се одмаздуваше за направда која му е направена освен кога ќе се погазеа Аллаховите прописи. Кога некој ќе ги погазеше Аллаховите прописи, тој жестоко се лутеше. Кога ќе му беше овозможено да бира помеѓу две работи, тој ја избираше полесната доколку немаше во тоа грев.“
Советуваше со благост и со неизбрзување. Аллаховиот пратеник ﷺ вака говореше:
„Аллах ﷻ навистина е Благ и ја сака благоста во секоја работа.“
Подарокот и гостинот:
Човечкиот живот има емотивни и душевни потреби кои се неопходни во општеството, семејството и домот. Подарокот влијае да се приближат срцата и да се стопат предрасудите.
Аиша, радијал-лаху анха, ни раскажува:
„Божјиот пратеник ﷺ примаше подароци и возвраќаше на истите.“
Ова подарување и благодарност зборуваат за племенитоста на душата и за широкоградоста.
Племенита особина и традиција на Божјите пратеници за која Аллаховиот пратеник ﷺ дал најдобар практичен пример и во која предничел.
Па Тој ﷺ самиот ги изговорил овие зборови:
„Тој што верува во Аллах и во Судниот ден нека го почести гостинот, кому му следува почест за едно деноноќие, гостопримливоста е три дена, а сѐ над три дена е милостина. На гостинот не му е дозволено да престојува повеќе од три дена за да не го стави во незгодна ситуација домаќинот.“
Се колнам во Аллах, оваа земја не видела, не видел ни Хиџаз, ниту, пак, Арапскиот полуостров, светлината на денот, ниту, пак, темнината на ноќта, не виделе поплеменит морал и поголема великодушност од таа на Пратеникот ﷺ.
Ти што ја читаш оваа книга, да слушнеме за уште едно сведоштво за овој Божји пратеник, кој заслужува за него да ги жртвуваме дури и нашите родители, ﷺ.
Сехл ибн Сад, радијал-лаху анху, раскажува:
„Една жена извезе наметка за Божјиот пратеник ﷺ и му ја подари велејќи: ,Ја извезов со моиве раци за да ја облечеш.‘
Божјиот пратеник ﷺ имаше потреба од наметка и ја прими. Еден ден излезе пред нас облечен во таа наметка и еден од присутните му рече: ,Дај ми ја (твојата наметка) многу е убава.‘ Тој ﷺ се согласи и по собирот ја здипли и му ја испрати. Луѓето на човекот (кој ја зема наметката) му рекоа: ,Не е добро тоа кое го стори, оти Божјиот пратеник ﷺ ја облече и имаше потреба од истата, му ја побара а знеше дека тој не го одбива тој што бара.‘ Човекот рече: ,Се колнам во Аллах, не ја побарав да ми биде облека на овој свет, ја побарав да ми биде ќефин.‘ Сад вели: ,И, навистина, во таа наметка го закопаа.“
Не чуди се со моралните особини на оној кого Аллах ﷻ го одбрал, кого го воспитал и кого го поставил како пример за следење.
Божјиот пратеник ﷺ е најубавиот пример за дарежливост и племенитост.
Хаким ибн Хизам, радијал-лаху анху, вели:
Побарав од Божјиот пратеник ﷺ и тој ми даде, потоа повторно побарав и тој ми даде, па по трет пат побарав и тој ми даде. Тогаш ми рече:
„Хаким овој имот е убав деликатес, кој ќе го земе со широкоградост, Аллах ﷻ ќе му даде бериќет, а кој ќе го земе со себичност, нема да му се даде бериќет и ќе биде како тој што јаде а не може да се засити. Горната рака (таа што дава) е подобра од долната (таа што бара).“
Вистината ја рекол поетот:
Потполна е неговата покорност и високи се неговите амбиции
Возвишен е и над сите, неспоредлив со други
Со светлината која ја донесе се осветли патот на човештвото
Го разубави и воздигна човечкиот и видот џини
Сето богатство го најдов во него единствениот
И сето човештво го пронајдов во човек
Џабир, радијал-лаху анху, опишувајќи го вели:
„За ништо што му било побарано Божјиот пратеник ﷺ не рекол ,Не.‘“.
Оваа дарежливост и издашност укажува на добродушност, пожртвуваност, добар соживот, искрена љубов и великодушност, особини кои нема да ги најдете кај некој друг.
Му се насменуваше на секој што ќе седнеше до него, така што луѓето помислуваа дека се работи за некој негов многу драг другар.
Џерир ибн Абдулах, радијал-лаху анху, вели:
„Од времето кога станав муслиман секогаш кога ќе се сретнев или кога ќе ме видеше Божјиот пратеник ﷺ ми се насмевнуваше.“
Описот на еден негов современик е доволна поука.
Абдулах ибн Харис вели:
„Не сум видел човек кој повеќе се насмевнуваше од Божјиот пратеник ﷺ.“
Нема место за твоето чудење кога тој ﷺ самиот рекол:
„Насмевката на твоето лице, кон твојот брат, е милостина.“
Слугата на Божјиот пратеник ﷺ, Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, го опишува Божјиот пратеник ﷺ со својства кои тешко може да се најдат кај еден човек или група на луѓе.
„Божјиот пратеник ﷺ беше најблаг и кога некој ќе го прашал се приближувал до него и не се оддалечувал сѐ додека не се оддалечил тој што прашува. Никогаш не ја одбил подадената рака и секогаш неговиот соговорник бил тој што прв ја повлекувал раката, а не Божјиот пратеник ﷺ.“
Со сета негова благост, сомилост, великодушност кон неговиот Умет, го негираше и не го прифаќаше лошото дело.
Ибн Абас, радијал-лаху анхума, ни раскажува::
Божјиот пратеник ﷺ виде златен прстен на раката на еден човек, му го тргна, го фрли и рече: „Некои намерно земаат жар од огинот и го ставаат на своите раце.“
Сомилоста кон децата:
Тие со грубо срце не ја познаваат сомилоста и во нивните гради нема место за емоции. Тие се како тврд камен, бесчувствителни кога даваат и земаат, скржави се, па дури и со најмалите човечки чувства и емоции. Кому Семоќниот Аллах ќе му даде срце кое е суптилно, нежно и со силен набој на благост, таквиот има примерно и нежно срце прекриено со сомилост и придвижувано со чувства.
Енес, радијал-лаху анху, раскажува:
„Божјиот пратеник ﷺ го земал во раце својот син Ибрахим, го бакнал и го помирисал.“
Оваа сомилост не беше посебна за неговите блиски, таа беше општа кон сите муслимански деца.
Есма бинт Умејс, радијал-лаху анха, сопругата на Џафер, радијал-лаху анху, ни раскажува:
„Божјиот пратеник ﷺ влезе во мојот дом ги повика децата на Џафер, ги помириса а очите му се насолзија. Реков: ,Божји пратенику, да немаш некоја вест за Џафер?‘ Тој одговори: ,Да, тој денеска е убиен.‘ Почнавме да плачеме, а Тој ﷺ се врати и рече: ,Подгответе храна за семејството на Џафер, им се случи нешто што ги преокупира.‘“
„Сад ибн Убаде, радијал-лаху анху, кога ги виде насолзените очи на Божјиот пратеник ﷺ поради нивната смрт праша: ,Божји пратенику, што е ова?‘
А тој ﷺ му одговори:
,Ова е сомилоста која Аллах ﷻ ја сместил во срцата на Неговите робови, Аллах ќе им се смилува на Неговите сомилосни робови.‘“
Кога очите на Божјиот пратеник ﷺ се насолзија поради смртта на неговиот син Ибрахим, Абдурахман ибн Ауф, радијал-лаху анху, го праша:
„Зар и ти, Божји пратенику, (плачеш)?‘, а тој ﷺ му одговори: ,Сине на Ауф, овие солзи се сомилост.‘, и му потече уште една солза. Исто така кажа: ,Очите се насолзени, срцето е тажно, но не велиме ништо со кое не е задоволен нашиот Господар. Навистина сме тажни поради разделбата од тебе, Ибрахим.‘“.
Овој величествен морал на Божјиот пратеник ﷺ поттикнува да ги следиме неговите стапки,
затоа што живееме во време кога чувството на љубов и соодветното однесување кон помалите е загубено. Тие се татковците на иднината, мажите на овој Умет и долгоочекуваната зора. Нашето незнаење и вообразеност, неразмислувањето и кратковидоста достигнаа степен со кој го запоставивме клучот на затворените срца на децата и генерациите кои растат.
Божјиот пратеник ﷺ, пак, го користел овој клуч со своите раце и јазик,
се однесувал на начин кој бил причина децата да го засакаат и да се чувствуваат почитувани. Тој ﷺ децата во развој ги поставувал на високи позиции.
Енес, радијал-лаху анху, ги поздравуваше со селам децата со кои се сретнуваше и велеше:
„Ова го правеше и Божјиот пратеник ﷺ.“
Иако децата со своите движења знаат да бидат заморни и напорни, Божјиот пратеник ﷺ никогаш не им се лутеше, не ги прекоруваше ниту ги оддалечуваше. Неговите морални водилки беа благоста и смиреноста.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Луѓето ги носеа своите деца кај Божјиот пратеник ﷺ за кои тој чинеше дова. Еднаш донесоа дете кое уринираше во скутот на Божјиот пратеник ﷺ а тој ﷺ врз тоа место истури вода и не ја испра својата облека.“
Зарем не си помислил, почитуван читателу, ти кој си почестен со посета на домот на Божјиот пратеник ﷺ, да си поиграш со малите, да се пошегуваш со твоите деца, да ја слушаш нивната смеа и убави зборови? Ова го правеше нашиот Пратеник ﷺ, кого го сакам повеќе па дури и од моите родители.
Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, раскажува:
„Божјиот пратеник ﷺ му го плазеше јазикот на Хасан ибн Али, радијал-лаху анху, и кога детенцето ќе го видеше црвенилото на јазикот си поигруваше со него.“
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ си играше со Зејнеб, ќерката на Уму Селеме, и многупати нагалено ја повикуваше Зувејниб (деминутив од Зејнеб).
Бил милостив кон децата и додека вршел голем ибадет,
додека клањал во раце ја носел внуката Умама, ќерката на Зејнеб, поточно ќерката на Ебул Ас ибн Реби'. Кога стоел ја држел во раце а на сеџде ја оставал на земја покрај себе.“
Махмуд ибн Ер Реби', радијал-лаху анху, вели:
„Помнам како Божјиот пратеник ﷺ ме испрска со вода по лицето од кожната мешина од бунарот во нашата куќа. Тогаш имав пет години.“
Ги подучуваше и децата и возрасните како што ни пренесува Ибн Абас, радијал-лаху анхума, кој вели:
Еден ден јавав заедно со Божјиот пратеник ﷺ, а тој ми рече:
„Момче, научи ги овие зборови, чувај го Аллах и Тој ќе те чува. Чувај го Аллах, а Тој ќе биде секогаш со тебе. Кога бараш нешто барај од Аллах, а кога бараш помош барај ја од Аллах.“
По овие кратки моменти со доблестите на достојникот и неговата прекрасна биографија, дојдено е времето да ги оживееме нашите срца и да зачекориме по неговите стапки на нашиот животен пат.
Во нашите куќи цветаат деца на кои им е потребна грижата на таткото и емоциите на мајката. Тие имаат потреба да бидат израдувани и да пораснат со здрави емоции и морални особини. Луѓе водачи на Уметот, едуцирани од мажи и жени кои позитивно влијаеле врз нив, со Аллахова помош и поддршка.
Мудроста, благоста и трпеливоста:
Грубоста, насилството и неправдата се особини на насилниците и неправедните. Божјиот пратеник ﷺ постави цврсти темели на правда и солидарност за секого кому му следува некое право сѐ до неговото реализирање.
Наредувањето и забранувањето кои од Бога како право му беа дадени на Божјиот пратеник ﷺ ги користеше да наредува добро, да забранува лошо и да постигне корисно. Во неговиот дом нема страв од неправда, насилство, напад или удирање.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ никого не удрил со својата рака, ниту жена, ниту слуга освен кога војувал на Аллаховиот пат. Кога му била нанесувана неправда не се одмаздувал, освен кога некој ќе ги погазел Аллаховите забрани, тогаш ја спроведувал пропишаната казна.“
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, ни раскажува:
„Пешачев со Божјиот пратеник ﷺ кој носеше наметка од Неџран со груби краеви. Му се приближи бедуин и силно ја повлече неговата наметка и на вратот на Божјиот пратеник ﷺ видов траги кои ги оставија грубите краеви кога силно беа повлечени. Бедуинот рече: ,Мухамед, дај ми од она што го поседуваш.‘ Божјиот пратеник ﷺ се насмеа и нареди да му се даде.“
Кога Божјиот пратеник ﷺ се врати од битката кај Хунејн беше потиснат од бедуините кон едно дрво и му беше земена наметката додека тој јаваше на камила. Тој ﷺ рече:
„Вратете ми ја наметката, зарем се плашите дека ќе бидам скржав? Се колнам во Аллах, кога би имал толку камили колкав е бројот на овие трнливи дрва ќе ви ги поделев. Тогаш ќе увидевте дека не сум скржав, ниту плашлив ниту дека лажам.“
Ова е еден од најсветлите примери на едукација и подучување со добро: благост во секоја ситуација, познавање на општите интереси и спречување на сите штети.
Асхабите почувствуваа лутина кога видоа човек како греши и работи нешто погрешно, затоа побрзаа, со право, да го критикуваат. Но мудриот и благиот ﷺ ги спречил затоа што тој правел грев не знаејќи (дека прави грев) но и за да ги спречи негативните последици. Однесувањето на Божјиот пратеник ﷺ во овој случај беше попрактично.
Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, раскажува:
„Еден бедуин уринирал во џамија и присутните станале да го нападнат. Божјиот пратеник ﷺ им рекол:
,Оставете го да заврши и истурете одредена количина или кофа вода врз тоа место. Пратени сте да олеснувате а не да отежнувате.‘“
Трпеливоста на Божјиот пратеник ﷺ во текот на неговата мисија е мотивација да ги следиме неговите стапки, да не мислиме само на личните интереси.
Аиша, радијал-лаху анха, ни раскажува за денот кога го прашала Божјиот пратеник ﷺ:
„Дали си доживеал ден потежок од денот на битката кај Ухуд?“
Неговиот одговор бил: „Што сѐ не доживеав од твојот народ, но најтешко ми беше на денот Акабе, кога побарав заштита од Ибн Абд Јалејл ибн Абд Килал и тој не прифати. Тогаш загрижен тргнав каде ме водеа нозете и не се освестив сѐ додека не видов дека сум во местото Карну Сеалиб, ја подигнав главата и видов облак кој ми правеше сенка и во него го видов Џибрил кој ме повика и ми рече: ,Твојот Господар го слушна она што го рекоа луѓето и како ти одговорија. Тогаш го прати анѓелот на планините за да му наредиш што сакаш.‘ Тогаш ме повика мелекот на планините и рече: ,Пратен сум од Аллах да ги извршам твоите наредби па ако сакаш ќе ги струполам врз нив двете големи планини.‘
Божјиот пратеник ﷺ одговорил:
,Не, се надевам дека од нив ќе се појави народ кој ќе го обожува само Аллах и никого нема да го смета за рамен со Него.‘“
Денеска има и такви кои при повикување на другите избрзуваат и сакаат бргу да ги пожнеат резултатите на нивниот труд. Секој личен интерес ѝ штети на мисијата на повикување и на искреноста.
Многу мисии на повикување пропаднаа поради распространетоста на интересот кај носителите на мисиите. Каде е трпеливоста и соочувањето со потешкотиите.
По многу години се исполни она кое го очекуваше Божјиот пратеник ﷺ по потешкотии, трпеливост и долг труд.
Па има ли некој кој е над најдобриот што по земја чекорел
По земјата полна со дворци високи
Секој великодостојник покрај него е понизен
и секој надмен од двата града крај него недостоен е.
Ибн Месуд, радијал-лаху анху, пренесува:
Како сега да го гледам Божјиот пратеник ﷺ додека ни раскажува за еден од Божјите пратеници кого го нападнал и го раскрвавил неговиот народ, а тој бришејќи ја крвта од лицето вели:
„Боже прости му на народот мој, тие навистина не знаат.“
Еден друг ден додека Божјиот пратеник ﷺ бил на погреб заедно со неговите асхаби, му пришол еден Евреин кој се викал Зејд ибн Са'нех, го грабнал за неговата кошула и наметка, го погледнал грубо и барајќи го својот долг му рекол: „,Мухамед, зарем нема да ми го вратиш моето право?‘ Потоа почнал да зборува навредливо.
Омер ибн Хатаб, радујал-лаху анху, се налути, го погледна во лице Зејд а очите му се вртеа во круг како во орбита. Тогаш му рече: ,Аллахов непријателу, зарем на Божјиот пратеник ﷺ му го велиш она што го слушам?! Се колнам во Оној кој го пратил со вистината да не се плашев од неговиот прекор, со меч ќе ти ја отсечев главата.‘
Божјиот пратеник ﷺ смирено и спокојно го погледал Омер, радијал-лаху анху, и му рекол:
,Омер, и јас и овој имаме потреба од други зборови. Требаше да ме посоветуваш да го вратам долгот на убав начин а него да бара на убав начин. Омер оди и врати му го долгот и додај му и дваесет са'а урми.‘ (Са' – количинска мерка, четири грста).
Кога Евреинот Зејд ги видел урмите кои му ги додал Божјиот пратеник ﷺ рекол: ,Омер! Каков е овој додаток.‘
Омер, радијал-лаху анху, му одговорил:
,Божјиот пратеник ﷺ ми нареди да ти додадам затоа што беше намќор.‘
Зејд повторно го прашал: ,Омер дали ме познаваш?‘
,Не те познавам. А кој си ти?‘, прашал Омер, радијал-лаху анху.
,Јас сум Зејд ибн Са'не‘, одговорил Евреинот.
,Свештеникот?‘, прашал Омер, радијал-лаху анху.
,Да‘, одговорил Евреинот.
,Тогаш зошто го направи и го кажа она кое го видовме со Божјиот пратеник ﷺ?‘, праша Омер.
Зејд му одговори:
,Сите знаци дека е Божји пратеник ги видов на лицето на Мухамед ﷺ, освен знаците дека мудроста негова е побрза од незнаењето и дека грубоста кон него само ја зголемува неговата благост, па сакав да го ставам на искушение. Пред тебе Омер, сведочам дека сум задоволен со Аллах како Господар, со исламот како вера и со Мухамед ﷺ како Божји пратеник и биди мој сведок дека половината од она што го поседувам е милостина за Уметот на Мухамед ﷺ.‘
,Нека биде за некои луѓе од Уметот на Мухамед ﷺ бидејќи нема да биде доволно за сите.‘, го посоветува Омер.
,Тогаш нека биде милостина за некого од Уметот на Мухамед ﷺ.‘, потврди Зејд.
Тогаш Евреинот Зејд дојде кај Божјиот пратеник ﷺ и рече: ,Сведочам дека нема друг Бог освен Аллах и сведочам дека Мухамед е Негов роб и пратеник, верувам во него и ја потврдувам неговата вистинитост.‘“.
Размислувајќи за оваа случка, за нејзинот крај и долгиот дијалог, должни сме да го следиме нашиот пример Мухамед ﷺ на патот на повикување на луѓето со трпение, благост и разум. Божјиот пратеник ﷺ ги охрабрувал тие кои ќе сторат добро и го ширел духот на оптимизмот кај следбениците.
Аиша, радијал-лаху анха, ни пренесува
дека била на Умра со Божјиот пратеник ﷺ и по патот од Медина до Мека, на Божјиот пратеник ﷺ му рекла:
„,Божји пратенику, ти си ми подраг дури и од моите родители. На ова патување понекогаш ги кратев а понекогаш целосно ги клањав намазите, некогаш постев но понекогаш не постев.‘
Божјиот пратеник ﷺ ѝ одговорил: ,Добро си направила Аиша.‘, и не ја прекорил.“
Храната на Божјиот пратеник ﷺ:
Богатите трпези и софри наизменично се менуваат во домовите на великодостојниците и на оние кои имаат положба во општеството. Божјиот пратеник ﷺ, доставувачот на Божјата објава до сите луѓе, владетелот на бројни земји и народи, оној на кого му доаѓале камили натоварени со различни видови храна, пред него се истоварало злато и сребро – што мислиш со што се хранел и што пиел!? Дали живеел како што живеат кралевите или подобро и повисоко? Дали се хранел како што се хранат богатите и имотните или подобро и пообилно?
Немој да се зачудиш додека внимателно читаш за немаштијата и аскетизмот поврзани со исхраната на Божјиот пратеник ﷺ спомнати во хадисот кој ни го пренесува Енес, радијал-лаху анху:
„Не се случило Божјиот пратеник ﷺ за ручек и за вечера да јаде месо и леб освен во присуство на други.“
Зборот ضفف-дафеф значи малку храна а многу присутни на софрата.
Ова значи дека не се најадувал освен со потешкотии и мака или дека се најадувал само тогаш кога го посетувале гости. Тогаш се заситувал затоа што таквото однесување било отсликување на дружељубивоста и почитувањето.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Никогаш два дена по ред, со леб од јачмен, не се заситило семејството на Мухамед ﷺ и така било сѐ до смртта на Божјиот пратеник ﷺ.“
Во друго предание се вели:
„Семејството на Мухамед, од доаѓањето во Медина, никогаш три ноќи по ред не се нахраниле до ситост со храна од жито, сѐ до смртта на Божјиот пратеник ﷺ.“
Се случувало Божјиот пратеник ﷺ да заспие гладен кога не наоѓал храна.
Ибн Абас, радијал-лаху анхума, ни ја прераскажува оваа ситуација:
„Божјиот пратеник и неговото семејство, неколку ноќи по ред заспиваа гладни без вечера а најчесто јадеа леб од јачмен.“
Не се работеше за немаштија и оскудица, па Божјиот пратеник ﷺ понекогаш управуваше со голем имот и му доаѓаа камили натоварени со разни стоки. Аллах ﷻ за својот роб го избра тоа што е подобро и посоодветно за него.
Укбе ибн Харис, радијал-лаху анху, ни раскажува:
„Со Божјиот пратеник ﷺ го клањавме икиндискиот намаз, по кој тој бргу излезе од џамијата, влезе во својата куќа и бргу излезе.
Ни рече: ,Во домот имав злато дадено како милостина и не сакав да преспијам со тоа злато во мојот дом, па затоа го поделив.‘“
Оваа зачудувачка дарежливост и великодушност каква нема да сретнеме е одлика на Божјиот пратеник ﷺ на овој Умет.
Енес, радијал-лаху анху, вели:
„Сѐ што, заради исламот, ќе му се побараше, Божјиот пратеник ﷺ го даваше. Еднаш на еден човек му даде стадо овци кое беше помеѓу две планини, а тој се врати кај својот народ и му рече:
,Народу мој, примете го исламот, затоа што Мухамед ﷺ е дарежлив како што е дарежлив тој што не се плаши од сиромаштија.‘“
И покрај оваа дарежливост и благородност да видиме каква состојба ни опишува
Енес, радијал-лаху анху, кој вели:
„Божјиот пратеник ﷺ никогаш до неговата смрт не јадел на софра, ниту, пак, некогаш јадел мек леб (сомун).“
„Аиша, радијал-лаху анха, спомнува дека Божјиот пратеник ﷺ доаѓал дома,
прашувал дали има храна, па кога немало велел: ,Денеска ќе постам.‘“
Потврдено е дека тој ﷺ и неговото семејство еден месец, а понекогаш и два месеца живееле само со вода и урми.
Но и покрај ваквата немаштија и недостаток на храна, тој не го оставил убавиот исламски морал кој подразбира искажување на благодарност кон Аллах за благодатите, благодарност кон личноста што ја подготвила храната и некритикување доколку згрешила подготвувајќи ја храната, оти таа направила сѐ што можела и згрешила.
Затоаз Божјиот пратеник никогаш не критикувал јадење, не го обвинувал готвачот, не го одбивал понуденото, ниту, пак, барал нешто што нема. Таков бил Божјиот пратеник ﷺ, одбраникот на човештвото чијашто главна грижа не била само стомакот и јадењето.
Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, ни раскажува:
„Божјиот пратеник ﷺ никогаш не критикувал ниту едно јадење, доколку му се допаѓало го јадел, а кога не му се допаѓало го оставал.“
За моите драги и сакани кои некогаш ги фасцинираат храната и пијалоците, во скратена форма ќе ви го пренесам говорот на Шејхул Ислам Ибн Тејмије:
„Што се однесува нахраната и облеката, најдобар пример кој треба да се следи е примерот на Мухамед ﷺ кој се хранел со она што го имал и што му се допаѓало. Не го одбивал понуденото, ниту, пак, барал нешто што нема. Кога му нуделе леб и месо – јадел, кога му сервирале овошје, леб и месо – јадел. И тогаш кога му нуделе само урми или само леб – јадел. Кога му сервирале два вида храна, не велел не јадам два вида храна. Не се лишувал себеси од вкусна и сласна храна.“
Во еден хадис тој ﷺ ќе каже:
„Јас јадам и постам, клањам ноќе и спијам, стапувам во брак со жени и јадам месо. Кој ќе го отфрли мојот сунет не е од моите (следбеници).“
Аллах ﷻ наредил да се храниме со убавите работи и секој кој ги забранува добрите работи ги преминува своите ограничувања. Тој што не искажува благодарност е прекумерен и не го исполнува Аллаховото ﷻ право.
Патот на Божјиот пратеник ﷺ е најисправниот и најумерениот и застранувањето од тој пат е на два начина:
група која претерувајќи ги задоволува своите срасти но не ги исполнува своите должности,
и група која си ги забранува убавите работи и воведува монаштво кое не го пропишал Аллах ﷻ. Во исламот нема монаштво.
Потоа рекол:
„Сѐ што е халал, убаво е, и сѐ што е убаво, халал е. Аллах ﷻ ни ги дозволил добрите работи, а ни ги забранил нечистите и убавината на добрите работи се состои во фактот дека се корисни и вкусни. Аллах ﷻ ги забранил штетните, а ни ги дозволил корисните нешта.
Потоа додал:
Луѓето се разликуваат по прашање на храната, облеката, гладувањето и ситоста. Се случува и една иста личност да има различни ставови, но за човекот најдобри се оние дела во кои тој е попокорен на Аллах ﷻ и кои најмногу му користат.
Одбрана на честа на луѓето:
Најдобри собири се собирите на знаењето и на спомнувањето на Бога. Каков ли е тој собир во кој подучува, говори и советува избраникот од потомството на Адем, алејхи селам, учителот на Уметот?
Чистотата на неговите собири и бистрината на неговата ﷺ интима се огледаат во неговите собири каде што тој го враќа тој што греши, го подучува тој што не знае, го потсетува немарниот и ги дозволува на неговиот собир само добрите работи.
Тој ﷺ внимателно го слушал говорот на тој што му се обраќал но не прифаќал озборување, пренесување на зборови и клеветење. Тој секогаш ја бранел честа на другите.
Утбан ибн Малик, радијал-лаху анху, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ стана да клања и рече:
,Каде е Малик ибн Духшум?‘ Еден присутен рече: ,Тој е хипокрит, не го сака Аллах ниту Неговиот пратеник.‘ Божјиот пратеник ﷺ му рече: ,Немој да го правиш тоа. Зарем не знаеш дека тој искрено и имајќи го за цел Аллаховото задоволство рекол: Нема друг вистински Бог освен Аллах. Аллах му забранил на оганот да казнува некого кој изговорил: Нема друг вистински Бог освен Аллах, имајќи го за цел Аллаховото задоволство.‘“
Божјиот пратеник ﷺ опоменувал за опасноста на лажното сведочење и за непочитувањето на правата на другите.
Ебу Бекр, радијал-лаху анху, пренесува дека
Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„,Дали сакате да ве информирам за најголемиот меѓу големите гревови?‘ Одговоривме потврдно а тој рече: ,Да сметаш дека некој (нешто) му е рамен на Аллах, непослушноста кон родителите...‘, и како што беше потпрен седна и додаде: ,...и лажниот говор.‘ Ова многупати го повтори така што посакавме да замолчи.“
И покрај неговата ﷺ љубов кон мајката на правоверните Аиша, радијал-лаху анха, ја укорил кога озборувала и ѝ ја објаснил опасноста од озборувањето.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„На Божјиот пратеник ﷺ му реков: ,Зарем не е доволно за Сафија тоа што е таква и таква (ниска)?‘
Во некои преданија дословно се спомнува тоа дека Сафија, радијал-лаху анха, била ниска.
Тој ﷺ ми рече: ,Кога ова што го рече би го измешала со морската вода, би ја променила нејзината боја.‘“
Божјиот пратеник ﷺ ги израдувал оние кои ја бранат честа на нивните браќа. Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Кој ќе ја одбрани честа на неговиот брат од озборување, заслужил Аллах да го спаси од пеколниот оган.“
Честото спомнување на Аллах ﷻ:
Првиот едукатор и Пратеникот на овој Умет имал исклучителен однос кон богослужењето (ибадетот) и одржувањето на врската со Аллах ﷻ. Тој не оставал ниту еден момент без спомнување на Бога, без искажување на благодарност кон Него, без Негово величање, барање прошка и враќање кон Бога.
Сите негови ﷺ евентуални грешки, и минатите и идните, му се простени, но сепак тој е благодарен роб и Пратеник кој го слави својот Господар, затоа што ја знае Неговата величина. Му искажува Благодарност, му се обраќа со молитва (дова) и Нему му се враќа со покајание. Тој ја сфатил и вредноста на времето па затоа се труди да го искористи и да го исполни со покорност и ибадет.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ го спомнуваше Аллах во секоја ситуација.“
Ибн Абас, радијал-лаху анхума, пренесува:
Дека на еден собир избројале како Божјиот пратеник ﷺ сто пати рекол:
„Господару, прости ми и прими го моето покајание, Ти, навистина, простуваш и си милостив.“
Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, вели:
Го слушнав, Божјиот пратеник, Божјиот спас и благослов нека е над него, како вели:
„Се колнам во Аллах, јас барам простување од Аллах и се каам во текот на денот повеќе од седумдесет пати.“
Ибн Омер, радијал-лаху анхума, вели:
Дека на еден собир избројале како Божјиот пратеник ﷺ сто пати рекол:
„Господару, прости ми и прими го моето покајание, Ти навистина простуваш и си милостив.“
Мајката на правоверните Уму Селеме ни пренесува дека најчестата молитва (дова) на Божјиот пратеник ﷺ била:
„Ти Кој ги вртиш срцата, зацврсти го моето срце во Твојата вера.“
Соседот:
Има ли подобар сосед од Божјиот пратеник ﷺ за кого комшијата имал посебна положба во срцето на Аллаховиот миленик ﷺ.
Тој ﷺ рекол:
„Џебраил толку често ме советуваше (да се однесувам добро) со соседот, што помислив дека ќе има удел во наследството.“
Во еден совет до Ебу Зерр, радијал-лаху анху, Мухамед ﷺ ќе каже:
„Ебу Зер, кога ќе готвиш манџа додај повеќе вода и грижи се за соседите.“
Предупредил од нанесување на штета на соседите во овој негов ﷺ хадис:
„Нема да влезе во џенет тој од чие што лошо не е сигурен соседот.“
Нека се радува соседот за кого Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Кој верува во Аллах и во Судниот ден нека му направи лошо на соседот.“
Убавото однесување:
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Кога до Божјиот пратеник ﷺ ќе допрела вест за нечие (непримерно) дело или говор, не велел: ,Што е работата со тој и тој што го рекол ова (или го направил ова)?‘, туку велел: ,Што е работата со некои луѓе, велат или прават вака и вака.‘“
Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, ни раскажува: „Кај Божјиот пратеник ﷺ влегол човек кој врз себе имал трагови од жолта боја, а Божјиот пратеник ﷺ никогаш не изразувал видливо незадоволство кон оној со кого се сретнувал. Кога излегол рекол:
,Зошто не му наредите да го измие она што го има врз себе!?‘“
Ибн Месуд, радијал-лаху анху, пренесува дека
Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Дали сакате да ве известам за оној кому пеколот ќе му биде забранет или оној за кого пеколот ќе биде забранет? Биди милостив со секој близок, мил, нежен и лесен.“
Извршување на должностите:
Должностите на човекот се бројни – должности кон Аллах, други кон семејството, трети кон себе итн.
Постојат и должности кон другите луѓе па да видиме како Божјиот пратеник ﷺ го поделил своето време и го поминувал својот ден?
Од Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, се пренесува:
„Група од тројца дошле во куќите на Божјиот пратеник ﷺ и прашале за неговиот ибадет. Кога ги добија одговорите сметаа дека е малку па рекоа: ,Каде сме ние а каде е Божјиот пратеник ﷺ кому му се простени сите минати и (евентуални) идни гревови.‘
Тогаш едниот рече: ,Јас секоја ноќ ќе ја поминувам во клањање.‘
Вториот рече: ,Јас секој ден ќе постам.‘,
а третиот рече: ,Јас ќе се дистанцирам од жените и нема да се женам.‘
Кога дојде Божјиот пратеник ﷺ ги праша:
,Вие ли сте тие што рекоа вака и вака? Се колнам во Бога, јас сум побогобојазлив и попобожен од вас, па сепак понекогаш постам а понекогаш не постам, клањам ноќе но и спијам, и се женам. Кој ќе му го сврти грбот на мојот Сунет не е од мене (моите следбеници).‘“
Неговата храброст и трпение ﷺ:
Божјиот пратеник ﷺ имал голем удел и бил возвишен пример за тоа како се помага оваа вера и како се воздигнува Аллаховиот ﷻ збор. Благодатите кои ги имал ги користел на соодветен начин.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ никого со рака не удрил освен кога бил во битка на Аллаховиот пат, ниту, пак, удрил слуга или жена.“
Израз на неговата храброст е кога стоички пред лидерите и водачите на племето Курејш сам повикувал во оваа вера, непоколебливо чекорел по овој пат сѐ до победата дадена од Аллах.
Никогаш не рекол: „Сам сум, немам никого со мене, сиот народ е против мене...“ Се потпрел на Аллах, Тој му бил поткрепа и гласно повикувал во спасение.
Тој ﷺ бил најхрабриот, секогаш во првите редови, одлучен и смел, кога другите бегаа тој стоички издржуваше.
Божјиот пратеник ﷺ минувал денови во ибадет во пештерата Хира и во тој период никој не му направил никакво зло, ниту племето Курејш му објавило војна, ниту, пак, кон него ги насочиле своите стрели. Кога јавно почнал да повикува, кога обзананил дека Бог е Еден Единствен и дека секој ибадет треба да му се посвети само Нему, немуслиманите почнале да ја искажуваат својата зачуденост велејќи:
„Зарем тој боговите да ги сведе само на еден Бог?“.
Тие во тоа време обожуваа идоли како посредници помеѓу нив и Аллах ﷻ Кој за нив вели:
„Ние ги обожуваме само за да нe приближат што поблиску до Аллах“.
Тие во тоа време потврдуваа дека Аллах ﷻ е Создателот и дека Тој управува и владее со сѐ – теухиду Рубубије:
Запрашај: „Кој ве храни од небото и од Земјата, чие дело се слухот и видот, кој го создава живото од неживото, а го претвора живото во неживо, и кој управува со сѐ?“ – „Аллах!“, ќе кажат тие, а ти кажи: „Па зошто тогаш не се плашите од Него?“
Брате муслиману, да размислиме малку за ширкот (политеизмот) кој наголемо се распространил меѓу муслиманите. Се молат умрените, са прават завети за истите, постои страв од умрените и надеж дека ќе помогнат. Се прекинаа сите врски со Аллах и на местото на Живиот Кој не умира се поставиле умрените за кои се верува дека се во можност да помогнат:
„Кој на Аллах ќе Му припишува здруженик, Аллах ќе му го забрани влезот во џенетот и неговото живеалиште ќе биде џехенемот;“
Од домот на Божјиот пратеник ﷺ кон северната страна можеме да го видиме ридот Ухуд
кај кој се одиграла голема битка и каде била потврдена храброста, трпеливоста и стабилноста на Божјиот пратеник ﷺ кој во таа голема битка бил ранет. Лицето му било раскрвавено, му биле скршени катниците и бил ранет во главата.
Сехл ибн Сад, радијал-лаху анху, ни раскажува за ранувањето на Божјиот пратеник ﷺ велејќи:
„Се колнам во Аллах, го знам тој што ја миеше раната на Божјиот пратеник ﷺ, тој што ја истураше водата и со што беше лекуван.
Фатима, радијал-лаху анха, ќерката на Божјиот пратеник ﷺ ја миеше раната, Али ибн Ебу Талиб, радијал-лаху анху, ја истураше водата од штит. Кога Фатима, радијал-лаху анха, сфати дека водата само го зголемува крварењето, зеде суви палмини лисја, ги запали и пепелта ја стави врз раната по што престана крвавењето. Лицето му беше рането, катниците скршени како и кацигата што ја носеше врз глава.“
Абас ибн Абдул Муталиб, радијал-лаху анху, за Божјиот пратеник ﷺ во битката Хунејн вели:
Кога муслиманите почнаа да се оддалечуваат, Божјиот пратеник ﷺ со своето муле почна да јава кон неверниците, а јас го фатив за узда обидувајќи се да го забавам. Тој ﷺ тогаш рече:
„Јас сум Божји пратеник, не сум лажливец, јас сум син на Абдул Муталиб.“
Храбриот витез и учесникот во бројни познати битки, Али ибн Ебу Талиб, радијал-лаху анху, за Божјиот пратеник ﷺ ќе каже:
„Кога војната ќе се вжештеше, и кога војските ќе се судреа, се засолнувавме зад Божјиот пратеник ﷺ. Никој од нас не беше поблиску до непријателот од него.“
Трпението на Божјиот пратеник ﷺ при повикување во исламот се спомнува како пример и како добар модел. Така Аллах ﷻ ја издигна кулата на оваа вера и нејзините коњаници го обединија Арапскиот полуостров, земјите на Левант и земјите зад големите реки (Персија). Не остана дом изграден од сено, кожа или кал во кој не влезе оваа вера.
Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Бев заплашуван за денес никој да не почувствува страв, се однесуваа лошо кон мене за тоа никој денеска да не го доживее. Поминуваа триесет дни и ноќи а јас и Билал немавме храна која се јаде, освен она малку што беше под мишките на Билал.“
И покрај големото богатство и воен плен кои како резултатат на големите победи му беа носени, за своите наследници тој ﷺ не оставил ниту златници ниту сребреници. Неговото наследство е знаењето, па кој сака нека земе од наследството на Божјиот пратеник и нека просперира уживајќи во наследеното.
Аиша, радијал-лаху анха, вели:
„Божјиот пратеник ﷺ не оставил во наследство ниту златници, ниту сребреници, ниту овца, ниту камила, ниту, пак, оставил нешто за некого со тестамент.“
Довите (молитвите) на Божјиот пратеник ﷺ:
Довата е голем ибадет и не е дозволено истата да му се упати на некој друг освен на Аллах ﷻ.
Преку довата ја искажуваме нашата потреба за Аллах ﷻ и ја признаваме нашата слабост и немоќ. Таа е одлика на нашето богослужење и осознавање на човечката немоќ. Во неа се искажува славење на Аллах и се признава Неговата дарежливост.
Затоа Божјиот пратеник ﷺ рекол:
„Довата во основа е ибадет.“
Божјиот пратеник ﷺ честопати упатуваше дова до Аллах, беше понизен и ја искажуваше својата потреба и немоќ пред Аллах ﷻ. Препорачани се сеопфатните дови.
Во една од своите дови тој ﷺ ќе каже:
„Аллаху мој, поправи ја мојата вера која е моја сигурност, дај ми добро на овој свет затоа што тука живеам, уреди го мојот ахирет (оној свет) каде ќе бидам проживеан, мојот живот нека биде зголемување на сѐ она кое е добро, а смртта нека биде спас од сѐ што е лошо.“
Во друга дова тој ﷺ ќе каже:
„Аллаху мој, Ти што го знаеш видливото и невидливото, Создателу на небесата и на Земјата, Господару и Владетелу на сѐ. Сведочам дека Ти си Единствениот вистински Бог, барам Твоја заштита од злото на мојата душа, од злото на шејтанот и неговите придружници, заштити ме да не си нанесам зло, ниту, пак, да му предизвикам зло на муслиман.“
Од неговите дови ﷺ е и следнава:
„Аллаху мој, нека ми биде дадено тоа што е дозволено кое ќе ме оддалечи од забранетото, Твојата дарежливост нека ми биде доволна да не се потпрам на некој друг.“
Во молитва упатена кон Аллах ﷻ тој исто така ќе рече:
„Аллаху мој, прости ми и смилувај ми се и проживеј ме во најдобрата дружина.“
Божјиот пратеник ﷺ упатувал дова секогаш, при благосостојба но и при потешкотии, еднаш му паднала наметката од рамењата додека се молел за победа на муслиманите над многубошците на денот на битката кај Бедр.
Тој упатувал дови лично за себе, за семејството, неговите следбеници и за сите муслимани, воопшто.
Крајот на посетата:
По уживањето кое го имаше нашиот слух, слушајќи ги зборовите на Божјиот пратеник ﷺ, при спомнувањето на прекрасниот животопис, борбата и искушенијата на избраниот Пратеник ﷺ,
треба да знаеме дека имаме должности кон него кои треба да ги исполниме за да се потполни доброто и за да бидеме на правиот пат.
Наши должности се:
Искрено верување со зборови, дела, убедост дека вистина е сѐ она што тој ﷺ ни го доставил, должни сме да ги извршуваме неговите наредби, да внимаваме да не бидеме непокорни кон него,
должни сме да го прифатиме неговиот суд и да бидеме задоволни со неговата пресуда,
да го почитуваме како што му доликува, без претерување и без отсуство на должното почитување.
Должни сме да го следиме, тој да биде нашиот модел за следење во секоја сфера од животот.
Должни сме да го сакаме повеќе од било кого, од семејството, од парите, од родителите, од сите луѓе.
Должни сме да искажеме внимание и респект, да ја помагаме неговата вера и да го браниме неговиот сунет. Должни сме да го шириме неговиот сунет меѓу муслиманите, да ги сакаме неговите асхаби, да го молиме Аллах да биде задоволен со нив, да ги браниме и да ги читаме нивните биографии.
Од љубовта кон Божјиот пратеник ﷺ е и овој ајет
во кој Аллах ﷻ вели:
„Аллах и мелеците Негови го благословуваат Веровесникот. О, верници, благословувајте го и вие и праќајте му поздрав!“
Како и хадисот во кој Мухамед ﷺ вели:
„,Најдобар ваш ден е петокот, во него е создаден Адем, на тој ден ќе се дувне во Сур, на тој ден луѓето од страв ќе се онесвестат, па затоа често благословувајте ме затоа што вашите салавати ќе ми се предочат.‘ Прашаа: ,Божји пратенику ﷺ, како ќе ти се предочат нашите салавати кога ти веќе си претворен во земја?‘ Божјиот пратеник ﷺ им одговори: ,Аллах ѝ забранил на земјата да ги јаде телата на Божјите пратеници.‘“
Следбениците на Мухамед ﷺ не треба да бидат скржави кон Божјиот пратеник
ﷺ кој рекол:
„Скржав е оној пред кого ќе бидам спомнат и нема да ме благословува (да испрати салават).“
Тој, Благословот Божји и Неговиот спас нека се над него, исто така рекол:
„Кога една група на луѓе ќе се собере и на тој собир нема да го спомнат ниту Аллах, ниту, пак, нема да ме благословуваат, за таквиот собир тие ќе се каат, а Аллах доколку сака ќе ги казни или ќе им прости.“
Простување (заминување):
Си заминуваме од домот исполнет со иман и втемелен врз побожност. Ни останува сунетот на Божјиот пратеник ﷺ како знак на патот на спасениото и како патоказ кон вистинската цел.
Да видиме како алимите на одбраните генерации се однесувале и како внимавале што е можно подобро да го следат сунетот, со надеж Аллах да ни овозможи во убаво да ги следиме и да се поистоветиме со нив.
Имамот на Ехли Суне, Ахмед ибн Ханбел, рахимехул-лах, рекол:
„Секој хадис кој го запишав, работев според него.
Еднаш прочитав дека за купирање (хиџаме), Божјиот пратеник на Ебу Тајбе му дал златник, па и јас така направив.“
Абдур Рахман ибн Мехди напишал:
„Од Суфјан слушнав како вели: ,Според секој хадис на Божјиот пратеник ﷺ кој дошол до мене сум работел макар еднаш.“
Муслим ибн Јесар вели:
„Клањам во обувки, иако да клањам бос ми е полесно – со тоа сакам да го следам сунетот.“
На мојот драг брат/сестра на крајот им го подарувам овој голем хадис во кој
Божјиот пратеник ﷺ вели:
„,Во џенет ќе влезат сите освен оние кои ќе одбијат.‘ Прашаа: ,А кој ќе одбие Божји пратенику?‘ Тој одговори: ,Тие што ќе ми бидат покорни ќе влезат во џенет, а непокорните кон мене се тие кои одбиваат.‘“
Аллаху наш, подари ни љубов кон Твојот пратеник, овозможи ни да го следиме неговиот пат и оддалечи нѐ од застранувањето. Заштити нѐ и од тоа другите да не ги одведеме во заблуда.
Аллаху наш, Твојот благослов нека е врз Мухамед сѐ додека се менуваат деноноќијата, Аллаху наш, Твојот благослов нека е врз Мухамед сѐ додека го спомнуваат побожните робови,
Аллаху наш, овозможи ни да бидеме заедно со Мухамед ﷺ во највисокиот рај Фирдеус, овозможи им на нашите очи да уживаат гледајќи го, дај ни да се напиеме од неговиот извор и потоа никогаш да не ожедниме,
Аллаховиот благослов и мир нека се над Мухамед, над неговото семејство и сите негови следбеници.
Related books
All books
Пратеникот на Исламот – Мухамед салаллаху алејхи ве селем74 јазициПратеникот на Исламот – Мухамед салаллаху алејхи ве селем
Книгата „Пратеникот на Исламот – Мухамед салаллаху алејхи ве селем“ дава преглед на животот на Пратеникот Мухамед, салаллаху алејхи ве селем, од неговото потекло и растење до неговиот благословен брак, почетокот на Објавата и почетокот на неговото веровестништво, кое воедно е и последно. Taa ги појаснува знаците за неговото Веровесништво и доказите за неговата искреност, го објаснува Шеријатот со кој дошол и неговата улога во заштитата на човековите права и достоинство, а исто така ги истакнува и ставовите на неговите противници и нивните сведоштва за него, притоа ставајќи акцент на неговиот…
كيفية صلاة النبي - صلى الله عليه وسلم -79 јазициصلىوسلمكيفية صلاة النبي - صلى الله عليه وسلم -
Кликнете за да ги видите деталите за книгата.
Зикрови кои се изговараат наутро и навечер57 јазициЗикрови кои се изговараат наутро и навечер
Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот „Аллах е, нема друг бог освен Него, Живиот и Самоопстојувачкиот Одржувател! Не Го обзема ни дремка ни сон! Негово е тоа што е на небесата и на Земјата! Кој може кај Него да се зазема освен со Негова дозвола?! Тој знае што било пред и што ќе биде по нив, и тие не можат да опфатат од Неговото знаење, освен колку што Тој сака! Неговиот Курсиј ги опфаќа и небесата и Земјата, и Нему не Му е тешко да ги одржува! Тој е Севишниот, Величествениот!“ (Ајетул-Курси, Ел-Бекаре, 255) „Пратеникот верува во тоа што му се објавува од Господарот негов, и верниците,…
Исправното верување и неговите спротивности48 јазициИсправното верување и неговите спротивности
Автор: Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот Вовед Благодарноста Му припаѓа само на Аллах. Нека е салават и селам врз последниот Пратеник, неговото семејство и неговите асхаби.