Skip to content

نص الموضوع

Потсмевањето на муслиманот со својот брат муслиман и неговото исмејување спаѓа во големите гревови. Тоа е една од особините на неверниците и лицемерите, а на оној што го прави тоа му се заканува строга казна. Гревот за ова дело е уште поголем доколку е сторено кон добрите и побожни Аллахови робови.

Потсмевањето на муслиманот со својот брат има многу форми, меѓу кои се неговото омаловажување и потценување, и укажувањето на неговите мани и недостатоци за да му се смеат другите. Тоа може да биде преку имитирање со дело, збор или гест, или со смеење на неговиот говор кога ќе се збуни или ќе згреши, на неговиот занает, или на неговиот грд изглед, и сè друго што содржи омаловажување.

Докази:

Докази дека е забрането исмејувањето и потсмевањето на муслиманите:

Возвишениот Аллах вели:

„Животот на овој свет им е разубавен на неверниците и тие им се потсмеваат на верниците. А на Судниот ден, тие што се плашеле од Аллах, ќе бидат над нив! А Аллах снабдува кого сака, без сметка.“

(Ел Бекаре, 264)

Ес-Сади, рахимехуллах, рекол:

„Возвишениот известува дека на оние кои не веруваат во Аллах, во Неговите знаменија и во Неговите пратеници, и кои не се покоруваат на Неговиот шеријат, животот на овој свет им е разубавен — тој им изгледа убав во нивните очи и срца. Затоа се задоволни со него, се чувствуваат спокојно на него, па сите нивни страсти, желби и дела стануваат насочени кон него. Целосно му се посветуваат, се трудат за неговото стекнување и го величаат, како и оние што постапуваат како нив, додека верниците ги презираат и им се потсмеваат, велејќи: „Зар овие Аллах ги почести со милост, покрај нас?“ [183]

[11] Тефсир Ес-Сади, стр: 324.

Ова произлегува од слабоста на нивниот разум и нивното кусогледо сфаќање, бидејќи овој свет е место на искушенија и испит. На него ги снаоѓаат тешкотии и верниците и неверниците. Но верникот, дури и кога ќе го снајде неволја, е трпелив и очекува награда, па Аллах преку неговото верување и трпение му ја олеснува тагата на начин каков што никому друг не му е даден.

Суштината, вистинската предност и вистинската вредност се на оној, вечниот свет; затоа Возвишениот Аллах вели:

„Тие што се плашеле од Аллах, ќе бидат над нив на Судниот ден.“

Така, богобојазливите ќе бидат на највисоките степени, уживајќи во секакви благодати, радост и веселба, а неверниците ќе бидат под нив, на најниските степени, казнувани со разни видови мачење, понижување и вечно страдање кое нема крај. Затоа, во овој ајет има утеха за верниците и осуда за неверниците.

Ајет:

„Тие што верниците ги озборуваат затоа што зекат и садака даваат, а им се потсмеваат и на тие што со мака ги даваат, Аллах ќе ги казни за исмејувањето нивно, и нив ги чека неподносливо страдање.“

(Ет Теуба, 78)

Ибн Кесир, Аллах нека му се смилува, рекол:

„Ова е една од одликите на лицемерите: никој не е поштеден од нивните критики и клевети во сите околности, дури ни оние што даваат милостина. Ако некој од нив донесе голем имот, тие велат: ,Овој го прави тоа само за да се прикаже.'

А кога би донел нешто малку, според својот труд и можности, велат: ,Возвишениот Аллах нема потреба од садаката на овој.'

Неговите зборови: „...тие им се потсмеваат, а и Аллах ним им се потсмева...“ се еден вид возвраќање за нивните лоши дела и за нивното исмејување на верниците; бидејќи казната е од ист вид како и делото. Па, Тој постапува со нив на начин како некој што им се потсмева, во одбрана на верниците на овој свет, а за лицемерите на Ахирет подготвил болна казна. [184]

[184] Тефсир на Ибн Кесир, 4/184, преработено и скратено.

„Кога некои робови Мои велеа: ,Господару мој, ние веруваме, затоа прости ни и смилувај ни се, бидејќи Ти си Најмилостивиот!'

Вие толку ги исмејувате, што поради тоа на Мене заборавивте и секогаш им се потсмевате.

Нив денес Јас ги наградив за тоа што трпеа, тие навистина успеаја.“

(Ел Муминун, 109-111)

Возвишениот исто така вели:

„О, верници, мажите едни на други нека не им се потсмеваат, можеби едните се подобри од нив, а ниту жените на други жени, можеби тие се подобри од нив. И не прекорувајте се едни со други и не нарекувајте се едни со други со грди прекари! О, колку е грдо грешничкото име по верувањето! А тие што нема да се покајат – самите на себеси неправда си чинат.“

(Ел Хуџурат, 11)

„,Грешниците им се смеат на тие што веруваат.

Кога крај нив поминуваат, едни на други си намигнуваат,

а кога кај семејствата свои се враќаат, правејќи шеги се враќаат;

кога ќе ги видат, тогаш велат: ,Овие навистина заталкале!'

а тие не се пратени да ги чуваат

Денес, тие што веруваа, на неверниците ќе им се потсмеваат,

од диваните ќе гледаат

Зарем неверниците ќе бидат казнети поинаку, освен според тоа како што постапувале?!“

(Ел Мутафифин, 29-36)

„Возвишениот известува дека грешниците на овој свет им се потсмевале на верниците, ги исмејувале, им се смееле и си намигнувале едни на други кога поминувале покрај нив, презирајќи ги и омаловажувајќи ги. И покрај тоа, тие биле спокојни, а стравот не им доаѓал на ум. ,А кога ќе се вратеа кај семејствата свои' – наутро или навечер – ,се враќаа весели', односно радосни и задоволни.

Ова е еден од најголемите облици на самозалажување: тие го спојуваат врвот на злоделото со чувството на сигурност на овој свет, како да им дошла Книга од Аллах и завет дека тие се најголемите среќници. И самите за себе пресудиле дека тие се на Вистинскиот пат, а дека верниците застраниле од правиот пат, што претставува клевета против Аллах и дрскост да се зборува за Него без знаење.

Возвишениот вели: „Тие не се испратени да бдеат над нив.“ Односно, тие не се испратени како надзорници над верниците, задолжени да ги бележат нивните дела, па да настојуваат да ги обвинуваат за заблуда. Тоа од нивна страна не е ништо друго освен тврдоглавост, инает и поигрување, за кое немаат ниту основа ниту доказ. Затоа и нивната награда на Ахирет ќе биде соодветна на нивните дела.

Возвишениот вели: „На тој ден“, т.е. на Судниот ден, „верниците ќе им се смеат на неверниците“, кога ќе ги видат како се превртуваат во маките на казната, а она што го измислуваа ќе го снема. А верниците ќе бидат во најголема удобност и спокојство „на украсени дивани“, а тоа се украсени престоли, „ќе гледаат“ во она што Аллах им го подготвил од уживања, и ќе гледаат во лицето на својот Благороден Господар.“ [185]

„Дали на неверниците им е возвратено за она што го правеа?“ т.е. дали им е возвратено соодветно на нивните дела? Па, како што тие на овој свет им се смееја на верниците и ги обвинуваа за заблуда, така верниците ќе им се смеат на идниот свет и ќе ги видат во страдање и казна, што е казна за нивната непослушност и заблуда. Да, наградени се (т.е. им е возвратено) за она што го правеа, со праведност и мудрост од Аллах, а Аллах е Сезнаен и Мудар.

Ебу Зерр, радијаллаху анху, рекол:

„Имаше расправија меѓу мене и еден од моите браќа. Неговата мајка беше неарапка, па го навредив поради неговата мајка. Тој се пожали на мене кај Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем. Го сретнав Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, и тој рече: ,О, Ебу Зерр, ти си човек во кој има џахилиет!' Јас реков: ,О, Божји пратенику, кој ги навредува луѓето, тие му ги навредуваат таткото и мајката.' Тој рече: ,О, Ебу Зерр, ти си човек во кој има џахилиет...‘“ [186]

[1] Го бележат Бухари, бр. (2766), и Муслим, бр. (89).

И од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол:

„Муслиманот е брат на муслиманот – не му прави зулум, не го напушта (во неволја) и не го понижува. Богобојазливоста е овде! – и покажа кон градите трипати – Доволно зло за човекот е да го понижува својот брат муслиман. Забранети му се на секој муслиман спрема другиот муслиман: крвта, имотот и честа.“ [187]

[3] Го бележи Муслим, бр. (233).

Штетни последици:

Штетни последици од исмејувањето на муслиманот и подбивање со него:

  • Тоа е непослушност кон Аллах и спаѓа во големите гревови.
  • Сторителот на тоа дело станува грешник, што повлекува отфрлање на неговото сведоштво, како што вели Куртуби откако ги спомнал зборовите на Возвишениот:

„О, верници, мажите едни на други нека не им се потсмеваат, можеби едните се подобри од нив...“

Па се до Неговите зборови:

„,О, колку е грдо грешничкото име по верувањето!“

Рекол: „Речено е: Значењето е дека оној кој ќе му даде прекар на својот брат или ќе му се потсмева, таквиот е грешник.“ [188]

[188] Тефсир на Ел Куртуби, 16/328.

  • Тоа е одлика на неверниците и лицемерите, зашто нивен обичај е потсмевањето со верниците во секое време.
  • Тоа го наведува оној што се потсмева да се занимава со оној кому му се потсмева, сè додека не заборави на она што Аллах му го наложил како обврска: Неговото обожување и спомнување, како што вели Возвишениот:

„Вие толку ги исмејувате, што поради тоа на Мене заборавивте...“

  • Честопати е поврзано со забранетото озборување; тоа е пат кој неминовно води кон него, бидејќи оној што се потсмева, најчесто се потсмева и се подбива со другиот во негово отсуство.
  • Дека честопати потсмевањето и исмејувањето се резултат на омаловажувањето на луѓето, што е дел од презрената вообразеност, а на оној што ја поседува му е ветена болна казна. Во веродостоен хадис, од Абдулах бин Месуд, радијаллаху анху, се пренесува, дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол:

„Нема да влезе во Џенетот оној што во своето срце има вообразеност макар и колку зрно од синап.“ Еден човек праша: „Човекот сака да носи убава облека и убави обувки?“, на што Божјиот Пратеник одговори: „Аллах е Убав и ја сака убавината. Вообразеноста е отфрлање на вистината и понижување на луѓето.“ [189]

Отфрлање на вистината: нејзино одбивање и негирање од вообразеност и ароганција. Омаловажување на луѓето: нивно потценување.

  • Тоа е една од најголемите причини за ширење на непријателство и омраза помеѓу членовите на заедницата, а може да биде и причина за меѓусебни судири и убиства.
  • Тоа може да биде потсмевање со созданието на Аллах; особено кога човек се потсмева на друг поради нешто во неговото создание, како што е неговиот изглед, глас или боја.
  • Исмејувањето и подбивањето ја намалуваат сериозноста на потсмевачот и му го рушат угледот.

Заштита:

Начини на заштита од исмејување и подбивање:

  • Стравопочит кон Аллах и страв од Неговата жестока казна, која произлегува од непослушноста кон Него.
  • Човекот да се занимава со она што му носи корист за неговата вера и дуњалук, за да не си остави простор да се занимава со недостатоците на неговите браќа.
  • Напуштање на вообразеноста и омаловажувањето на луѓето; бидејќи многу од оние кои им се потсмеваат на другите, на тоа ги наведува само нивната вообразеност и омаловажување на своите браќа.
  • Избегнување на лошото друштво, кое можеби е причина за тоа; бидејќи нивните собири не поминуваат без потсмев со луѓето, кој тие го сметаат за начин на забава.
  • Да знае дека благодатите што ги има се од Аллах, и дека Аллах може да му ги одземе и да го доведе во полоша состојба од оној на кој му се потсмева.
  • Човекот да го опомене другиот кога ќе го види како ги исмејува своите браќа и да не се согласува со неговата постапка; за да не продолжи со таквото однесување.