Skip to content

Дефиниција на голем и мал грев:

نص الموضوع

Големиот грев е секој грев за кој е наведена закана, проклетство или шеријатска казна со јасен текст од Аллаховата Книга или од Сунетот на Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем; или за кој е познато дека неговата штета е еднаква на штетата на оној грев за кој е спомната закана, проклетство или казна - или е дури и поголема; или, пак, грев што укажува на рамнодушност и небрижност на сторителот кон неговата вера.

Според тоа, мал грев е секој грев што не спаѓа во претходната дефиниција на голем грев. Тоа е грев за кој не е најавена казна, ниту е поврзан со шеријатска казна, проклетство или закана, и кој не укажува на рамнодушноста и небрижноста на сторителот кон верските прописи.

Разликата помеѓу големите и малите гревови:

  1. Големиот грев е оној со кој е поврзана закана, шеријатска казна, проклетство или слично; додека мал грев е оној со кој не е поврзано ништо од тоа.
  2. Големиот грев укажува на потценување на шеријатските прописи од страна на сторителот, додека малиот грев не укажува на тоа.
  3. За големите гревови е потребно покајание за да бидат искупени, додека малите гревови се искупуваат со покајание, со избегнување на големите гревови, со несреќите што го снаоѓаат човекот, или со добрите дела.

Возвишениот Аллах вели:

„Ако ги избегнувате големите гревови кои ви се забранети, Ние ќе ги покриеме вашите лоши дела и ќе ве воведеме во прекрасно место!“

(Ен Ниса, 31)

Возвишениот исто така вели:

„И извршувај го намазот (молитвата) на почетокот и на крајот на денот, и во првите часови на ноќта! Добрите дела навистина ги поништуваат лошите. Тоа е поука за тие што сакаат поука.“

(Худ, 114)

Од Аиша, радијаллаху анха, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол:

„Нема неволја која ќе го погоди муслиманот, дури и трнот со кој ќе се боцне, а Аллах со тоа да не му ги прости гревовите.“ [2]

[1] Го бележат Бухари, бр. (2766), и Муслим, бр. (89).

И од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол:

„Петте дневни намази, од џума до следната џума и од рамазан до следниот рамазан, ги бришат гревовите што се направени меѓу нив, доколку се избегнуваат големите гревови.“ [3]

[3] Го бележи Муслим, бр. (233).

Верските и овоземните опасности и штети од големите гревови:

Правењето на големите гревови доведува до многубројни опасности и штети на овој и на оној свет, меѓу кои се:

  • Големите гревови го изложуваат нивниот сторител на закана дека нема да влезе во Џенет. Од Џубејр бин Мут‘им, радијаллаху анху, се пренесува, дека го слушнал Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели:

„Нема да влезе во Џенет оној кој ги кине роднинските врски.“ [4]

Односно: оној кој ги прекинува роднинските врски.

Хузејфе, радијаллаху анху, рекол: Го слушнав Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, како вели:

„Нема да влезе во џенет ,катат'.“ [5].

Катат е оној што пренесува туѓ говор со цел да предизвика раздор.

  • Некои од нив се причина за казна во гробот. Ибн Абас, радијаллаху анхума, рекол:

„Алаховиот Пратеник, алејхи селам, еднаш поминал покрај два гроба и рекол: ,Овие двајца се казнуваат, но не за нешто големо. Едниот се казнува затоа што не се чувал при уринирање, а другиот се казнува затоа што пренесувал туѓи зборови.‘“ [6]

  • Тие се една од причините за една од најтешките казни на Ахирет. Аиша, радијаллаху анха, пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол:

„Луѓето кои на Судниот ден ќе имаат најтешка казна се оние кои го имитираат создавањето на Аллах.“ [7]

Имитираат: се обидуваат да наликуваат на Аллах, а се мисли на: тие што цртаат (вајаат) ликови на живи суштества.

  • Тие се причина за проклетство од Аллах и Неговиот пратеник. Ибн Абас, радијаллаху анху, раскажува:

„Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ги проколнал мажите кои ги имитираат жените и жените кои ги имитираат мажите.“ 8]

[8] Го бележи Бухари, бр. (5885).

Исто така Абдулах бин Месуд, радијалаху анху, раскажува:

„Божјиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, го проколнал оној што дава камата и оној што зема“ [9]

  • Тие се една од причините за поништување и пропаѓање на делата. Бурејде, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол:

„Кој ќе го пропушти икиндискиот намаз, делата веќе му пропаднаа.“ [10]

  • Тие водат до спрведување на шеријатските казни врз сторителот, доколку се работи за грев за кој е пропишана казна, како што Возвишениот Аллах вели:

„На крадецот и на крадачката отсечете им ги рацете нивни, тоа нека им биде казна за тоа што го сториле и опомена од Аллах! А Аллах е Силниот и Мудриот!“

(Ел Маиде, 38)

Тој на друго место во Куранот, вели:

„Блудникот и блудничката искамшикувајте ги со сто удари, секој од нив.“

(Ен Нур, 2)

Ајет:

„Тие што ќе обвинат чесни жени, а не го докажат тоа со четири сведоци, со осумдесет удари искамшикувајте ги и никогаш повеќе сведочењето нивно не примајте го; тоа се нечесни луѓе.“

  • Тие се причина за исчезнување на благодатите и нивно менување, за што Возвишениот вели:

„Тоа е затоа што Аллах нема да го лиши од благосостојба народот на кого Тој веќе им ја подарил, сè додека тој (народот) самиот не се промени.“

(Ел Енфал, 53)

Ес-Сади, рахимехуллах, рекол:

„,Тоа' значи: казната со која Аллах ги погодил народите кои негирале и им ги одзел благодатите и уживањата, е поради нивните гревови и поради тоа што тие самите се промениле. Навистина, Аллах нема да ја промени благосостојбата што му ја подарил на некој народ, било да се тоа благодати на верата или на овој свет, туку Тој им ја остава и им ја зголемува доколку тие ја зголемат својата благодарност кон Него, ,сè додека тој (народот) самиот не се промени', односно, додека не ја заменат послушноста со непослушност, негирајќи ги благодатите на Аллах и заменувајќи ги со неверување. Поради тоа, Тој им ги одзема и им ги менува, исто како што тие се промениле себеси. Во тоа е совршената мудрост, правда и добрина на Аллах кон Неговите робови, бидејќи Тој не ги казнува освен поради нивната сопствена неправда.“ [11]

[11] Тефсир Ес-Сади, стр: 324.

  • Тие се причина за појавување на неред на Земјата; бидејќи нередот се појавува поради гревовите, а особено големите гревови. Возвишениот Аллах вели:

„Поради тоа што луѓето го прават се појави метеж и на копното и на морето, за Тој да им даде да почувствуваат дел од казната поради тоа што го прават, за да се поправат.“

(Ер Рум, 41)

  • Тие се една од причините за лишување од знаењето, бидејќи знаењето е светлина која Аллах ја става во срцето, а гревот ја гаси таа светлина,

Кога во една прилика имамот еш-Шафи седнал пред Малик и му читал, бил воодушевен од неговата извонредна проникливост, блескавата интелигенција и совршеното разбирање, па рекол:

„Навистина гледам дека Аллах спуштил светлина во твоето срце, па не ја гаси со темнината на гревот.“ [12]

[12] Види: Менакиб еш-Шафи‘иј на Ел-Бејхеки (1/104).

  • Тие се една од причините што му ги отежнуваат работите на оној што ги врши. Кон што и да се насочи, ќе наиде на затворена врата или на тешкотија. Како што, на оној кој се плаши од Аллах, Аллах му ја олеснува работата - така и оној што ја запоставува богобојазливоста и прави големи гревови, Аллах му ја отежнува работата. Возвишениот вели:

„И поради тешкото насилство на eвреите, Ние некои убави јадења кои им беа дозволени им ги забранивме, и поради тоа што многумина од Аллаховиот пат одвраќаа.

И затоа што земаа камата, а им беше забранета, и затоа што туѓите имоти на недозволен начин ги трошеа. А за неверниците меѓу нив, Ние болна казна подготвивме!“

  • Тие предизвикуваат мрачнина во срцето на оној што го прави гревот, која тој ја чувствува исто како што ја чувствува темнината на ноќта. Така, темнината од гревот за неговото срце станува како физичката темнина за неговиот вид, бидејќи покорноста е светлина, а гревот е темнина. И колку е посилна темнината, толку повеќе се зголемува неговата збунетост, сè додека не западне во новотарии, заблуди и погубни работи, а тој не е ни свесен. Така, Хузејфе раскажува: „Бевме кај Омер, кога тој рече: ,Кој од вас го слушнал Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како зборува за фитните (искушенијата)?‘ Некои од присутните рекоа: ,Ние го слушнавме.‘ Тогаш Омер рече: ,Можеби мислите на фитната што му се случува на човекот во неговото семејство и соседство?‘ Рекоа: ,Да.‘ Тој рече: ,Таквите фитни се бришат со намаз, пост и садака. Но, кој од вас го слушнал Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како зборува за онаа голема фитна што ќе се рашири како морски бран?‘ Хузејфе рече: Сите молчеа, а јас реков: ,Јас го слушнав.‘ Омер рече: ,Аллах да те поживее, кажи!‘ Тогаш Хузејфе рече: ,Го слушнав Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, како вели:

„Фитните ќе бидат изложувани на срцата – една по една – како што се редат прачките на сламена рогозина. Срцето што ќе ги прифати, во него се втиснува црна точка; а срцето што ќе ги одбие, во него се втиснува бела точка – сè додека срцата не се поделат на два вида срца: на бело, сјајно како камен, па ниедна фитна не може да му наштети сè додека постојат небесата и земјата; и другото, црно затемнето, како превртен сад, не препознава добро, ниту се одвраќа од зло, освен она што му го наметнал неговиот нефс (его).‘“ [13]

[13] Сахих Муслим, бр. (144).

  • Тие се причина за непријателство и омраза, и зајакнување на непријателот, како што Возвишениот вели:

„Ние заветот го прифативме и од тие што велат: ,Ние сме христијани!' – но и тие, голем дел од тоа со што беа опоменувани го изоставија, затоа меѓу нив вметнавме непријателство и омраза сè до Судниот ден; а Аллах сигурно ќе ги извести за тоа што го правеа.“

Секогаш кога луѓето ќе остават дел од она што Аллах им го наредил и ќе го прават она што им го забранил, меѓу нив настанува непријателство и омраза и непријателите ги надвладуваат. [14]

[14] Види: Меџму‘ ел-фетава, 3/421.

  • Тие се причина за корупција на општеството, бидејќи водат до ширење на покудени особини, како што е: лажењето, клеветењето, озборувањето, пренесувањето на туѓи зборови, измамата, залажувањето, горделивоста, вообразеноста, бесправното земање на имотот едни на други, уништување на животот и ширење на штета меѓу луѓето, како што е случај со магијата (сихрот) и слични дела. Исто така, водат и до ширење на неморални постапки, како што се: блудот, содомијата, феминизацијата кај мажите и меѓусебното имитирање на мажите и жените. [15]

[15] Види: Ед-Да' вед-Дева од Ибн Кајим (1/132).

Ставот на следбениците на Сунетот во поглед на сторителот на голем грев и хадисите за предупредување и закана:

Според следбениците на Сунетот, сторителот на голем грев – кој е помал од ширкот и големото неверство – е верник со недостаток во иманот, чиј иман се намалил во зависност од гревот што го направил. Затоа, името на иманот не му се одзема во целост, ниту пак му се дава безрезервно. Тој е верник со недостаток во иманот, или верник поради неговиот иман, а грешник поради неговиот голем грев.

Неговата пресуда на Ахирет е дека тој е под Аллаховата волја: ако сака, ќе му прости и ќе го воведе во Џенет без претходна казна, а ако сака, ќе го казни според неговиот грев, потоа ќе го извади и ќе го воведе во Џенет со верниците. Може да се очисти од големиот грев на дуњалукот пред Ахирет, и тоа преку искрено покајание, или со извршување на шеријатската казна над него, или преку искушенијата и несреќите што му се случуваат, или со многу добри дела, по што ќе дојде на Судниот ден без да има казна за него.

Што се однесува до хадисите кои се пренесени за заканата кон сторителите на големи гревови, како што е хадисот на Ебу Хурејре, радијаллаху анху, во кој стои дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол:

„Човекот кој прави блуд, не е верник додека блудничи; човекот кој пие алкохол, не е верник додека пие; и човекот кој краде, не е верник додека краде.“ [16]

Значи, се мисли дека од него се отстранува својството на целосен иман, а му останува исламот, сè додека не го напушти тој грев и не се покае за него, па иманот повторно ќе му се врати. Целосниот иман му е одземен само во моментот кога ги врши овие големи гревови, но му останува основата на иманот;

бидејќи пренесени се и други хадиси во кои се ветува влегување во Џенетот за оној кој ќе умре без да Му припишува здруженик на Аллах, дури и ако извршил прељуба и дури и ако украл, како што е хадисот од Ебу Зер, радијаллаху анху, кој пренесува дека Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол:

„Ми дојде гласник од мојот Господар и ми донесе радосна вест дека секој од мојот умет кој ќе умре без да Му припишува здруженик на Аллах, ќе влезе во Џенетот.“ Прашав: „Па дури и ако направи блуд и ако украде?“ Тој одговори: „Дури и ако направи блуд и ако украде.“ [17]

Како да се справиме со големите гревови и како да ги лекуваме:

  • Ширење на свеста меѓу заедницата за опасноста од гревовите, особено големите гревови, и дека тие се причина за спуштање на казните и несреќите врз целото опшество, како што вели Севишниот:

„И чувајте се од искушенијата кои нема да ги погодат само тие меѓу вас кои правеа насилство, и знајте дека Аллах страшно казнува.“

  • Изучувањето на верското знаење ја одвраќа душата од гревовите; бидејќи оној кој ќе ги спознае казните кои се последица на тие гревови, ќе се воздржи од нивно правење.
  • Исполнување на должноста за забранување на злото, преку забранување и одвраќање на грешниците од големите гревови; па така, Нуман бин Бешир, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол:

„Примерот на оние што се придржуваат кон Аллаховите граници и оние што ги прекршуваат, е како примерот на народот кој извлече ждрепка за да се поделат каде ќе престојуваат при пловењето со бродот. На некои им се падна горниот дел од бродот, а на други долниот. Кога оние што беа долу сакаа вода, требаше да одат кај оние горе, па рекоа: ,Кога би направиле отвор во нашиот дел, за да не ги вознемируваме оние што се над нас.’ Ако ги остават да го направат тоа што го намислиле — сите ќе потонат; а ако ги спречат — сите ќе се спасат.“ [18]

Неговите зборови: „Оној кој внимава и ги чува Аллаховите граници“ значи: оној кој се придржува до Аллаховите наредби, се воздржува од Неговите забрани, наредува добро и забранува зло.

„Оној кој ги прекршува“ е оној кој го занемарува доброто, а го прави злото.

„Извлече ждрепка“, односно извлекувале меѓу себе за секој да земе дел, т.е. удел.

„А ако ги спречат “, односно ако ги одвратат од тоа да направат отвор во бродот.

  • Правилното иманско воспитување во семејството и родителскиот надзор врз децата, особено во периодот на адолесценцијата, резултираат со создавање генерација на чесна младина, имански воспитана и морално изградена.
  • Наоѓање на дозволена алтернатива за гревовите, бидејќи Аллах не забранил ништо, а да не дал во она што го дозволил доволна замена за она што го забранил. Така, на пример, блудот се лекува со рано стапување во брак на младите,

а кражбата со создавање можности за вработување на поединците, додека озборувањето и повредувањето на честа на луѓето со исполнување на слободното време во покорност или во она што Аллах го дозволил. Исто е и со секој друг мал или голем грев.

  • Искористување на енергијата на младите и нејзино насочување кон она што ќе му користи на уметот и во верските и овосветските работи - како што е изучувањето на шеријатското знаење, ширењето на исламската дава, како и изучувањето на теоретските и применетите науки што носат корист во работите на овој свет, како што се медицината, инженерството, трговијата и слично. Исто така и изучувањето на некои корисни занаети и вештини, како столарството, ковачкиот занает и друго, затоа што душата, ако не се занимава со добри дела, ќе се занимава со гревови.
  • Муслиманот треба постојано да се грижи за својот иман, бидејќи иманот во срцето ветвее и слабее како што ветвее и облеката. Затоа треба постојано да го обновува преку зголемување на делата на покорност што го зајакнуваат иманот во срцето.
  • Муслиманот треба да се оддалечува од сè што го повикува кон грев, особено во време на широка распространост на социјалните мрежи и интернет страниците што шират разврат, безбожништво и сè што Го разгневува Аллах. Затоа, муслиманот не треба сам да си ја отвора врата кон злото, бидејќи оној што ќе ја отвори, тој и ќе влезе низ неа. Од Ен-Невас бин Семан, радијаллаху анху, се пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, рекол:

„Аллах даде пример за правиот пат. Од двете страни на патот има ѕидови со отворени врати, прекриени со завеси. На почетокот на патот стои повикувач кој вели: ,Луѓе, тргнете по правиот пат и не скршнувајте.' Друг повикувач, кој се наоѓа над патот, кога некој сака да ја отвори некоја врата, го предупредува: ,Внимавај, не ја отворај! Ако ја отвориш, ќе влезеш внатре.' Патот е исламот, ѕидовите се Аллаховите граници, а отворените врати се Аллаховите забрани. Повикувачот на почетокот на патот е Божјата книга, а повикувачот над патот е Аллаховиот советник во срцето на секој муслиман.“ [19]

[19] Го бележи Ахмед, бр. (17634).

  • Владетелите и оние што имаат власт над муслиманите се должни да ја чуваат верата, преку повикување во доброто и одвраќање од злото и неговото отстранување, спроведување на казните и слично. Макил бин Јесар, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник, алејхи селам, рекол:

„Аллаховиот роб кому ќе се даде позиција меѓу луѓето и тој ги измами, кога ќе умре, Аллах ќе му го забрани (влезот во) Џенетот.“ [20]

[20] Хадисот го бележат Бухари, бр. (7150) и Муслим, бр. (142), а текстот е според Муслим.

Исто така тој, салаллаху алејхи ве селем, рекол:.

„Кој од вас ќе види зло, нека го промени со својата рака; ако не може, тогаш со својот јазик; ако не може, тогаш нека го осуди со своето срце, а тоа е најслабиот вид на иман.“ [21]

А овој степен им припаѓа на оние кои имаат моќ, власт или владеење.

И за крај, го молам Аллах да ги сочува нашите срца и органи во покорност кон Него, и да нè заштити од гревовите - јавните и скриените, големите и малите.