فضائل وآداب المسجد النبوي

فضائل وآداب المسجد النبوي

Вредностите и правилата на однесување во Пратениковата џамија, како и прописите за посетата на гробот на Божјиот пратеник ﷺ и на гробовите на неговите двајца другари – Аллах нека е задоволен со нив

Language: lang_mk
Prepared by: Научната комисија при Претседателството за верски прашања при Месџидул-Харам во Мека и џамијата на Божјиот пратеник во Медина
Version: 1.0
Translations 43
Amharic Assamese Azerbaijani Bengali +39
Attachments 7
PDF
Audio
Video
+3

Вредностите и правилата на однесување во Пратениковата џамија, како и прописите за посетата на гробот на Божјиот пратеник ﷺ и на гробовите на неговите двајца другари – Аллах нека е задоволен со нив

Подготвено од:

Научната комисија на Претседателството за верски прашања при Месџидул-Харам во Мека и џамијата на Божјиот пратеник во Медина

1447 хиџретска година

Вовед

Благодарноста му припаѓа на Аллах, Господарот на световите. Аллаховиот благослов и мир нека се врз испратениот како милост за световите, врз неговото семејство, врз сите негови другари, асхаби, и врз оние што се придржуваат кон неговиот Сунет и се водат според неговото упатство сѐ до Судниот ден. А потоа велам:

Ова е кратка студија во која се изложени најважните вредности и добрини на Пратениковата џамија, правилата на однесување при нејзината посета, како и правилата на однесување при посетата на гробот на Божјиот пратеник ﷺ и на гробовите на неговите двајца другари. Ја подготвивме за посетителите на Пратениковата џамија, за да имаат знаење и јасна претстава за доблеста на џамијата на Пратеникот на уметот ﷺ за правилата при нејзината посета и за извршувањето на намазот во неа. Се надеваме и Го молиме Благородниот, Оној кој дарува без ограничување, да им донесе корист преку неа, да ја направи исправна и искрено посветена само Нему. Навистина, Тој е најдостојниот да биде замолен и најдарежливиот во Кого се полага надеж.

Научната комисија

Прво: вредностите на Пратениковата џамија

Возвишениот Аллах вели: „Господарот твој создава што сака, и Тој одбира. Тие немаат право да бираат. Возвишен нека е Аллах и високо над тие кои Му ги изедначуваат!“ (Ел Касас, 68) Аллах го избрал ова место да биде џамија на Неговиот пратеник ﷺ и го одликувал со многубројни доблести,

меѓу кои и таа според која истата е една од трите џамии кон кои се тргнува на патување со намера за ибадет.

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Немојте, со намера за ибадет, да тргнувате на патување освен кон трите џамии: мојата џамија, Месџидул Харам и Месџидул Акса.“ [1] [1] Го бележат Бухари, бр. (1189) и Муслим, бр. (1397), а текстот е според Муслим.

Од нејзините доблести е и тоа што намазот во неа е повреден од илјада намази извршени во која било друга џамија, освен во Месџидул Харам.

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Веровесникот ﷺ рекол: „Еден намаз извршен во оваа моја џамија е повреден од илјада намази извршени во која било друга џамија, освен во Месџидул-харам.“ [2] [2] Хадисот го бележат Бухари, бр. (1190) и Муслим, бр. (1395), а текстот е според Бухари.

Таа исто така, е џамијата која уште од првиот ден е втемелена врз богобојазливост.

Ебу Сеид ел-Худри, радијаллаху анху, раскажува: „Влегов кај Аллаховиот пратеник ﷺ во куќата на една од неговите сопруги и реков: ,О, Аллахов пратенику, која од двете џамии е изградена врз богобојазливост?’ Тој зеде полна рака камчиња, удри со нив по земјата, а потоа рече: ,Тоа е оваа ваша џамија’ – мислејќи на неговата џамија во Медина.“ [3] [3] Го бележи Муслим, бр. (1398).

Од нејзините вредности е и фактот дека наградата на оној што доаѓа со цел да бара знаење во неа е еднаква како и наградата на борецот на Аллаховиот пат.

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека го слушнал Аллаховиот пратеник ﷺ како вели: „Кој ќе дојде во оваа моја џамија само со цел да научи или да подучува на некое добро, тој има положба на борец на Аллаховиот пат; а кој ќе дојде за нешто друго, тој е како човек што гледа во туѓ имот.“ [4] [4] Го бележи Ибн Маџе, бр. (227), со веродостоен синџир на пренесувачи.

Од нејзините доблести е и тоа што во неа се наоѓа чесната Ревда – Џенетската градина.

Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник ﷺ рекол: „Просторот помеѓу мојата куќа и мојот минбер е градина од џенетските градини, а мојот минбер е на мојот хавд.“ [5] [5] Го бележат Бухари, бр. (1195), и Муслим, бр. (1390).

Второ: Препорачливоста на посетата на џамијата на Аллаховиот пратеник

Поради веќе споменатите, како и многу други вредности и карактеристики, препорачлива е посетата на џамијата на Божјиот пратеник заради извршување на намаз и ибадет во неа.

- За аџијата, како и за другите посетители, препорачано е да ја посетат џамијата на Божјиот пратеник, било пред аџилакот или по него. Оваа посета не е дел од условите на аџилакот, ниту од неговите темели, ниту од неговите ваџиби, и нема никаква поврзаност со него.

- За посетата на џамијата на Божјиот пратеник ﷺ не се условува одреден број намази, ниту престој во Медина во одреден временски период. Посетата се остварува и со еден намаз, било да е фарз или нафиле; но колку повеќе се зголемува бројот на намази во неа, толку се зголемува и наградата.

- На посетителот на џамијата на Божјиот пратеник му се препорачува да ги извршува сите задолжителни и доброволни намази во неа, поради веќе споменатото дека намазот во неа е пвреден од илјада намази извршени на друго место, освен во Месџидул Харем.

Трето: Етиката при посетата на џамијата на Аллаховиот пратеник

Кога муслиманот ќе дојде во џамијата на Аллаховиот пратеник ﷺ препорачливо е да се придржува до општите шеријатски норми поврзани со џамиите, а посебно до оние што се однесуваат на џамијата на Аллаховиот пратеник. Во тие етички норми спаѓаат и следниве:

Да доаѓа во џамија со смиреност и достоинство, во состојба на чистота, со пристоен изглед и пријатна миризба. Од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се пренесува дека Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Кога ќе се повика на намаз, не доаѓајте брзајќи, туку доаѓајте со смиреност. Она што ќе го стигнете, клањајте го, а она што ќе го пропуштите, дополнете го. Навистина, кога некој од вас ќе се упати кон намазот, тој веќе е во намаз.“ [6] Исто така, Ебу Сеид ел-Худри, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Капењето во петок, миењето на забите со мисвак и ставањето мирис, доколку го има, е должност на секој полнолетен.“ [7] Што се однесува до жената, кога доаѓа во џамија, должна е да биде целосно покриена со својот хиџаб, и не ѝ е дозволено да користи мириси. Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Кога некоја од вас ќе појде во џамија, нека не става мирис-парфем.“ [8] [6] Го бележат Бухари, бр. (636), и Муслим, бр. (602). [7] Го бележат Бухари, бр. (846), и Муслим, бр. (858) - значењето на зборот мухтелим е полнолетен. [8] Го бележи Муслим, бр. (443).

Препорачливо е посетителот, при влегувањето во џамијата на Аллаховиот пратеник, да влезе со десната нога, како и во другите џамии, и да ја изговори довата соодветна при влегување во џамија која гласи: „Бисмиллахи, вес-селаму ‘ала ресулиллах, Аллахумме-гфир ли зунуби вефтах ли ебвабе рахметике.“ (Во името на Аллах, и нека е мир врз Аллаховиот Пратеник, Аллаху мој, прости ми ги гревовите мои и отвори ми ги вратите на Твојата милост.) [9] Исто така се изговара: „Еузу биллахил-азим ве бивеџхихил-керим ве султанихил-кадим минеш шејтанир раџим." (Барам заштита од Аллах Величествениот, и со Неговото благородно лице, Неговата бесконечна моќ од проклетиот шејтан.) [10] [9] Го бележи Ибн Маџе, бр. (771), со веродостоен синџир на пренесувачи. [10] Го бележи Ебу Давуд, бр. (466), со веродостоен синџир на пренесувачи.

Клањање техијетул-месџид: Се препорачува оној што ќе влезе во џамијата на Аллаховиот пратеник со намера да клања, да клања два реката техијјетул-месџид пред да седне. Од Ебу Катаде Харис бин Риб’иј ел-Енсари, радијаллаху анху, се пренесува дека Пратеникот ﷺ рекол: „Кога некој од вас ќе влезе во џамија, нека не седнува додека не клања два реката.“ [11] [11] Го бележат Бухари, бр. (1171), и Муслим, бр. (714).

Настојување да се клања во првите сафови, поради големата награда што ја носат, а тоа се постигнува со рано доаѓање на намазот. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Кога луѓето би знаеле каква награда има во езанот и во првиот саф, а не би имале друг начин освен да извлекуваат ждрепка за тоа, навистина би извлекувале ждрепка.“ [12] Исто така, Пратеникот ﷺ им рекол на асхабите, радијаллаху анхум: „Дојдете напред и клањајте зад мене, па нека клањаат зад вас тие што ќе дојдат по вас. Луѓето ќе продолжат да заостануваат во редовите, сè додека Аллах не ги оддалечи.“ [13] [12] Го бележат Бухари, бр. (615), и Муслим, бр. (437). [13] Го бележи Муслим, бр. (438).

Што се однесува до жените, за нив е најдобро да клањаат во задните сафови и да бидат подалеку од мажите. Ебу Хурејре, радијаллаху анху, пренесува дека Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Најдобрите сафови за мажите се првите, а најлошите последните; додека за жените, најдобрите сафови се последните, а најлошите првите.“ [14] Но, доколку жените клањаат одвоено, или кога меѓу нив и мажите има преграда – како што е случајот во џамијата на Веровесникот – тогаш најдобрите сафови за нив се првите, бидејќи причината за поинаквиот распоред е отстранета. [14] Го бележи Муслим, бр. 440.

Се клања зад имамот и се внимава да не се престигне, поради хадисот што го пренесува Ебу Хурејре, радијаллаху анху, во кој Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Имамот е поставен за да се следи.“ [15] [15] Го бележат Бухари, бр. (722), и Муслим, бр. (417).

На клањачот не му е дозволено да застане пред имамот, освен во случај на нужда, кога џамијата е толку исполнета со клањачи што не може да се најде место за намаз освен пред имамот.

Да се води грижа за пополнување на празнините меѓу сафовите и за нивно израмнување, но истовремено да се внимава да не се вознемируваат луѓето, да не се туркаат, да не се преминува преку редовите и да не се поминува пред клањачите, бидејќи тоа претставува грев.

Клањање во чесната Ревда за оној што има можност, поради хадисот што го пренесува Ебу Хурејре, радијаллаху анху, од Пратеникот ﷺ: „Просторот помеѓу мојата куќа и мојот минбер е градина од џенетските градини, а мојот минбер е на мојот Хавд.“ [16] [16] Го бележат Бухари, бр. (1195), и Муслим, бр. (1390).

За вредноста на намазот во Ревда не е пренесена посебна награда. Меѓутоа, потврдено е дека таа е градина од џенетските градини – на што укажува претходно споменатиот хадис од Ебу Хурејре, радијаллаху анху – а ибадетите добиваат поголема вредност според вредноста на времето и местото.

* Посетителот треба да ги избира погодните времиња за клањање во Ревда и да се стреми тоа да биде во периоди кога има помалку гужва. Не е дозволено да се турка со своите браќа муслимани, ниту да ги пречекорува редовите, ниту пак да поминува пред клањачите за да клања во неа, бидејќи клањањето во Ревда е нафиле и до него не смее да се доаѓа со извршување на забранети дела. Исто така, посетителот треба да внимава да се придржува до посебните прописи и распоредот со кои е организирано влегувањето во Ревда, да ги избира соодветните времиња и да соработува со лицата задолжени за одржување на редот и за координирање на влегувањето на посетителите во неа.

Искористување на времето со зголемување на добрите дела кои го доближуваат верникот до неговиот Создател, како што се намазот, читањето на Куранот, зикрот, довата, присуството на собири за зикр, верските предавања, кружоците за подучување на Чесниот Куран и други слични дела.

Почитување на Аллаховата Книга и нејзино чување од несоодветно постапување, како што се играње или невнимателно ракување со нејзините листови, пишување по неа, или нејзино омаловажување и понижување со ставање чевли покрај неа, оставање на земја и слично, поради зборовите на Возвишениот: „Така е тоа! Па кој ги почитува Аллаховите прописи, тоа е знак за богобојазливост на срцето.“ (Ел Хаџ, 32)

Соборување на погледот од она што Возвишениот Аллах го забранил: Должност на посетителот на џамијата на Аллаховиот пратеник е да го собори својот поглед од она во што не му е дозволено да гледа. Тој треба да ја има на ум тежината на извршувањето грев на овие свети места и последиците што произлегуваат од тоа, бидејќи гревовите стануваат потешки според светоста на времето и местото, а истото важи и за добрите дела. Жената муслиманка треба строго да се придржува до шериатскиот хиџаб и да не ги покажува своите украси, за да не ги става мажите во искушение, бидејќи тоа претставува голем грев.

Предупредување од преокупираност со фотографирање или со гледање слики и снимки на мобилен телефон, при што опасноста е уште поголема доколку тие слики и снимки содржат забранета содржина.

Заштитување на џамијата на Аллаховиот пратеник од сè што не ѝ прилега, како што се расправии, кревање глас, барање изгубени нешта, купување и продавање и слични постапки што не прилегаат ниту во неа, ниту во другите џамии. За тоа сведочи хадисот што го пренесува Ебу Хурејре, радијаллаху анху, од Пратеникот ﷺ дека рекол: „Ако видите некој како продава или купува во џамијата, кажете му: ,Нека Аллах не ти ја направи успешна трговијата!’ А ако видите некој како бара изгубен предмет во неа, кажете му: ,Аллах да не ти го врати!’“ [17] [17] Го бележат Тирмизи со број (1321) и Ибн Хузејме со број (1305), со веродостоен синџир на пренесувачи.

Грижа за личната хигиена и избегнување на непријатни миризби, како миризбата на лук, кромид, чад, пот и слично, кои им пречат на клањачите. На тоа укажува хадисот од Џабир бин Абдулах, радијаллаху анху, кој пренесува дека Аллаховиот пратеник ﷺ рекол: „Кој јадел лук или кромид, нека се оддалечи од нас – или можеби рекол: од нашата џамија – и нека престојува во својот дом.“ [18] [18] Го бележат Бухари, бр. (7359), и Муслим, бр. (564).

Грижа за чистотата на џамијата на Аллаховиот пратеник и избегнување фрлање отпад во нејзината внатрешност и во нејзините дворови, како што се остатоци од храна и ифтарските софри, особено во месецот Рамазан, како и плукање по ходниците и дворовите и слични постапки.

Избегнување клањање во премини, кај влезовите и на места со голема гужва, поради штетите што произлегуваат од тоа, како што се попречување на патеките и вознемирување на муслиманите.

Клањање на мажите и жените на местата одредени за секој од нив, во џамијата или во нејзините дворови. Мажот не смее да клања покрај жена, ниту жената покрај маж, и треба да се внимава, колку што е можно, да не се застане пред имамот.

При излегување од џамијата, се истапува со левата нога и се изговара: „Аллахумме инни ес’елуке мин фадлике.“ (Аллаху мој, подари ми од Твојата добрина) [19] Или се испраќа салават врз Пратеникот ﷺ и се вели: „Рабби-гфир ли зунуби, вефтах ли ебвабе фадлике.“ (Господару, прости ми ги моите гревови и отвори ми ги вратите на Твојата благодат). [20] [19] Го бележи Муслим, бр. (713). [20] Го бележи Тирмизи, бр. (314), со веродостоен синџир на пренесувачи.

Четврто: Прописи и етики за посетата на гробот на Аллаховиот пратеник ﷺ и на гробовите на неговите двајца асхаби, радијаллаху анхума

* Се препорачува посетата на гробот на Аллаховиот пратеник ﷺ, како и на гробовите на неговите двајца асхаби – Ебу Бекр и Омер, радијаллаху анхума – за жителите на Медина, како и за оние што доаѓаат во неа како гости и посетители. Ова се темели на општите докази што укажуваат на пропишаноста на посетата на гробовите, меѓу кои се и неговите ﷺ зборови: „Ви забранував да ги посетувате гробиштата, но сега посетувајте ги.“ [21] [21] Го бележи Муслим, бр. (977).

Исто така, на вредноста на селамот упатен до Пратеникот ﷺ по неговата смрт укажуваат неговите зборови: „Секогаш кога некој ќе ми упати селам, Семоќниот и Возвишен Аллах ќе ми ја врати душата за да му возвратам на селамот.“ [22] [22] Го бележи Ахмед, во неговиот Муснед, бр. (10815), со добар синџир на пренесувачи.

На жените не им е пропишана посетата на гробот на Аллаховиот пратеник ﷺ, ниту посетата на гробовите на другите муслимани, бидејќи посетувањето на гробовите е пропишано исклучиво за мажите, а на жените им е забрането да ги посетуваат гробовите. Од Ибн Абас, радијаллаху анхума, се пренесува дека рекол: „Аллаховиот пратеник ﷺ ги проколнал жените што ги посетуваат гробиштата, како и оние што ги претвораат во џамии и палат светилки кај нив.“ [23] Исто така, од Ебу Хурејре, радијаллаху анху, се пренесува: „Аллаховиот пратеник ﷺ ги проколнал жените што ги посетуваат гробиштата.“ [24] [23] Го бележат Ебу Давуд, бр. (3236), Тирмизи, бр. (320) и Несаи, бр. (2043). [24] Го бележат Тирмизи, бр. (1056) и Ибн Маџе, бр. (1576), со добар синџир на пренесувачи.

* Не е дозволено да се патува со намера исклучиво за да се посети гробот на Пратеникот ﷺ. Намерата при патувањето треба да биде посетата на џамијата и клањањето во неа, а по пристигнувањето во Медина дозволено е и пропишано да се посети гробот, исто како што тоа им е пропишано и на жителите на Медина. На тоа укажуваат зборовите на Веровесникот ﷺ: „Немојте, со намера за ибадет, да тргнувате на патување освен кон трите џамии: оваа моја џамија, Месџидул Харам и Месџидул Акса.“ [25] [25] Хадисот го бележат Бухари, бр. (1189) и Муслим, бр. (1397), а текстот е според Муслим.

Пропишани етики при посетата на гробот на Аллаховиот пратеник ﷺ и на гробовите на неговите двајца асхаби, радијаллаху анхума

Посетителот застанува пред гробот на Аллаховиот пратеник ﷺ, свртен кон гробот, а потоа со почит и со тивок глас упатува селам, велејќи: „Ес-селаму алејке, ја Ресулуллах, ве рахметуллахи ве берекатуху.“ Ако на тоа додаде и каже: „Сведочам дека ја достави пораката, го исполни аманетот, го посоветува уметот и на Аллаховиот пат се стремеше со вистински џихад,“ нема пречка во тоа, бидејќи сето то е вистина.

Потоа се поместува еден чекор на десната страна, за да биде свртен кон гробот на Ебу Бекр Ес-Сидик, радијаллаху анху, и вели: „Ес-селаму алејке, ја Ебу Бекр Ес-Сидик; ес-селаму алејке, ја халифете Расулиллах ﷺ; радијаллаху анке ве ердак, ве џезаке Аллаху ан уммети Мухаммедин ﷺ хајрен.“

Потоа прави уште еден чекор на десната страна, за да застане пред гробот на Омер ибн ел-Хатаб, радијаллаху анху, и вели: „Ес-селаму алејке, ја Омер ел-Фарук; радијаллаху анке ве ердак, ве џезаке Аллаху ан уммети Мухаммедин ﷺ хајрен.“

Исто така, се пренесува дека Ибн Омер, радијаллаху анхума, кога се враќал од пат, доаѓал до гробот на Аллаховиот пратеник ﷺ и велел: „Ес-селаму алејке, ја Ресулуллах; ес-селаму алејке, ја Ебу Бекр; ес-селаму алејке, ја ебетах (татко мој), по што си заминувал.“ [26] [26] Го бележи Бејхеки во Ес-Сунен ел-Кубра, број: (10271), со веродостоен синџир на пренесувачи.

Не се допираат ѕидовите на гробот, ниту оградата, ниту пак се бакнуваат.

Имамот Малик, рахимехуллах, рекол: „Кога се упатува селам на Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, се застанува со лицето свртен кон гробот, а не кон киблата; се приближува, упатува селам и не го допира гробот со рака.“ [27] [27] Еш Шифа на Кади Ијад (2/199).

Имамите се согласни дека гробот на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, не се допира со рака, ниту да се бакнува.

Кај гробот не се стои долго, туку се упатува селам и потоа се заминува.

Имамот Малик, рахимехуллах, исто така рекол: „Сметам дека не треба да се стои кај гробот на Веровесникот ﷺ и да се прави дова, туку да се упати селам и да се замине.“ [28] [28] Еш-Шифа на Кади Ијад, (2/199).

Имамот Нафи, рахимехуллах, рекол: „Ибн Омер упатуваше селам кај гробот… Го видов повеќе од сто пати како доаѓа до гробот и вели: ,Селам на Веровесникот ﷺ. Селам на Ебу Бекр. Селам на татко ми.’ Потоа си заминуваше.“ [29] [29] Го бележи Ел-Аџури во книгата „Еш-Шериа“ (5/2374), бр. (1853).

Она што некои посетители го прават, како кревање на гласот покрај неговиот ﷺ гроб и долго задржување на тоа место, е спротивно на пропишаното.

Не е дозволено да му се упатува дова на Пратеникот ﷺ, ниту на кое било друго создание, со цел да се придобие корист или да се отстрани штета, да се побара исполнување на некоја потреба, олеснување на мака, излекување на болен, барање шефат, спас од казна или слично. Бидејќи довата упатена кон некој друг освен Аллах, во нешта за кои само Тој има моќ, е забранета и претставува голем ширк. Возвишениот Аллах вели: „Господарот ваш рече: ,Повикајте Ме и замолете, Јас ќе ви се одѕвијам! Тие што од вообразеност не сакаат да Ме обожуваат – сигурно понижени ќе влезат во Џехенем.‘“ (Ел Гафир, 60) Возвишениот вели: „Тие на кои, покрај Аллах, им се молите, навистина се робови како и вие. Па молете ги и нека ви се одѕвијат ако ја зборувате вистина!“ (Ел Араф, 194) Возвишениот исто така вели: „Џамиите се само заради Аллах, и покрај Аллах не молете му се на никого!“ (Ел Џин, 18)

Не треба да се упатува дова на Аллах покрај гробот. Доколку некој сака да прави дова, треба да се оддалечи од гробот, да се сврти кон киблата и да Му се обрати на Аллах, а не да се свртува кон гробот додека прави дова.

Имамот Малик, рахимехуллах, рекол: „Сметам дека не треба да се стои и да се прави дова покрај гробот на Божјиот пратеник.“ [27]

Не е пропишано честото навраќање до гробот при влегување во џамијата или при излегување од неа, ниту за жителите на Медина, ниту за посетителите однадвор, бидејќи постои страв тоа да доведе до претворање на гробот во место за празнување (постојано посетување и повторно навраќање).

Аллаховиот пратеник ﷺ тоа го забранил, велејќи: „Не правете од мојот гроб светилиште, ниту од вашите домови гробници. Испраќајте салавати до мене, бидејќи вашите салавати ќе ми се достават каде и да сте.“ [30] [30] Го бележат имамот Ахмед во неговиот Муснед, бр. (8804), со добар синџир на пренесувачи.

Значењето на зборовите: „Не правете од мојот гроб светилиште“ се однесува на редовното навраќање кај него во одредено време или во посебни ситуации, како што е одредување посета секој ден, недела или месец. Исто така, се вели дека тоа значи да не се претвора во место или повод за собирање и одбележување. [31] [31] Види: Ел-Муфредат на Рагиб ел-Асфехани, стр. 594, и Шерх ес-Судур на Шевкани, стр. 16.

Имамот Малик, рахимехуллах, рекол: „Застанувањето кај гробот не е задолжително за жител на Медина кој влегува во џамијата и излегува од неа, туку тоа е само за странците.“ [32] [32] Еш Шифа на Кади Ијад (2/204), Ел-Медхал на Ибн ел-Хаџ (1/262).

Неговите зборови – рахимехуллах: „туку тоа е само за странците“ се однесуваат на општата посета, а не на постојано повторување на посетата при секое влегување и излегување.

Не е дозволено да се стои пред гробот во положба слична на онаа во намазот, со ставање на едната рака врз другата на градите или под нив; бидејќи оваа положба е карактеристична за намазот и претставува став на понизност и покорност што му припаѓа исклучиво на Возвишениот Аллах.

Не треба да се свртува кон гробот од далечина за да се упати селам на Пратеникот ﷺ, како што прават некои луѓе, бидејќи тоа не го правеле асхабите, радијаллаху анхум, ниту праведните претходници како четирите имами и другите.

Не е дозволено свртување кон чесниот гроб со дова, ниту со учење Куран и слично, од која било страна, бидејќи тоа спаѓа во истата категорија на новововедени работи. Не му е дозволено на муслиманот да воведува во верата нешто за што Аллах не дал дозвола. Имамот Малик, рахимехуллах, остро ги осудил ваквите постапки и рекол: „Нема да го поправи последниот дел од овој умет, освен она што го поправило неговиот прв дел.“ [33] [33] Меџму’ул Фетава на Ибн Баз, (16/110).

Воздржување од фотографирање и пренос во живо за време на упатувањето селам на Пратеникот ﷺ.

Аллаховите благослови и мир нека се над нашиот пратеник Мухамед, над неговото семејство и асхаби.