رسالة في الدماء الطبيعية للنساء

رسالة في الدماء الطبيعية للنساء

Студија за природните крварења кај жените

Language: lang_mk
Prepared by: Мухамед бин Салих ел Усејмин
Version: 3.1
Translations 31
Afrikanns Bengali Danish Jola +27
Attachments 7
PDF
Audio
Video
+3

Студија за природните крварења кај жените

Напишано од почитуваниот шејх

Мухамед бин Салих ел Усејмин

Аллах нека му ги прости гревовите, на неговите родители и на сите муслимани.

Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот

Навистина благодарноста му припаѓа само на Аллах, Нему му благодариме и од Него помош и прошка бараме и само Нему му се каеме. Бараме заштита кај Аллах да нè сочува од злото на нашите души и од грдоста на нашите дела. Кого Аллах ќе го упати, никој не може во заблуда да го заведе, а кого ќе го остави во заблуда, никој не може да го упати на вистинскиот пат. Сведочам дека нема друг вистински бог освен Аллах, Единиот, Кој нема здруженик, и сведочам дека Мухамед е Негов роб и Негов пратеник, Аллаховиот мир и благослов нека се врз него, неговото чесно семејство, неговите асхаби и сите оние кои ги следат во нивните добри дела до Судниот ден.

А по тоа: Крварењата кои и се случуваат жената, како што се менструацијата, истихазата и постпородилното крварење, се важни прашања кои бараат објаснување и познавање на нивните правила. Потребно е да се направи разлика помеѓу погрешните и исправните ставови на учените по ова прашање. Исто така, дискусијата за овие прашања и ставови, како и нивните вреднувања како исправни или слаби, треба да се поткрепат со докази од Куранот или Сунетот.

Прво: Бидејќи тоа се двата основни извори врз кои се засноваат Божјите прописи, преку кои Неговите робови ја исповедаат верата и со кои ги задолжил.

Второ: Бидејќи потпирањето врз Куранот и Сунетот носи мир во срцето, спокојство, задоволство и чиста совест.

Трето: Бидејќи сè друго освен нив има потреба за доказ и не може да послужи како основен доказ.

Доказите за Аллаховите прописи се наоѓаат само во Неговиот говор и говорот на Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Според избраното мислење, ставовите на учените асхаби можат да бидат шеријатски доказ, но само ако не се спротивставуваат на Куранот и Сунетот, и ако не се спротивставуваат на ставот на друг асхаб. Ако во Куранот и Сунетот постои нешто што се разликува од тој став, тогаш наша обврска е да постапуваме според она што е пренесено во Куранот и Сунетот. Исто така, ако ставот на еден асхаб се спротивставува на ставот на друг асхаб, ќе се одреди кој став е поавтентичен и поблизок до вистината, и според него ќе се постапува, поради зборовите на Возвишениот: „А ако не се сложувате во нешто, обратете им се на Аллах и на Пратеникот, ако верувате во Аллах и во оној свет! Тоа е подобро и последиците се поубави.“ (Ен Ниса, 59)

Ова е кратка студија која содржи неопходни појаснувања и прописи во врска со видовите крварење кои се појавуваат кај жените, и ги содржи следните поглавја:

Прво поглавје: Дефиниција на хајзот - менструацијата и неговата целисходност.

Второ поглавје: Времетраењето и периодот на менструацијата.

Трето поглавје: Непредвидените ситуации поврзани со менструацијата.

Четврто поглавје: Прописите поврзани со менструацијата.

Петто поглавје: Истихаза и прописите поврзани со неа.

Шесто поглавје: Нифас (постпородилно крварење) и неговите прописи.

Седмо поглавје: Употреба на средства кои спречуваат или предизвикуваат менструација, и кои ја спречуваат или ја прекинуваат бременоста.

Прво поглавје: Дефиниција на хајзот - менструацијата и неговата целисходност.

Зборот „хајз“ (حيض) на арапски јазик означува истекување или течење на нешто.

Во шеријатската терминологија, со хајз се означува крвта која природно се појавува кај жената во одредени периоди, без некоја конкретна причина. Оваа крв не е резултат на болест, повреда, пад или породување. Бидејќи е природна, нејзината појава варира во зависност од состојбата на жената, нејзината околина и климата; затоа жените имаат различни искуства со неа.

Мудроста и целисходноста на хајзот е во тоа што кога плодот е во утробата на мајката, не може да се храни на ист начин како оние надвор од утробата. Никој, колку и да е милостив, не може да му обезбеди храна. Затоа, Аллах создаде кај жената крвни секрети со кои се храни плодот во утробата, без потреба од јадење и варење. Овие секрети влегуваат во неговото тело преку папочната врвца, каде што крвта ги исполнува неговите вени и го храни. Па нека е Возвишен Аллах, Најубавиот Создател!

Ова е накратко целисходноста на менструацијата. Поради тоа, кога жената ќе забремени, менструацијата престанува и не се јавува освен во многу ретки случаи. Исто така, кај доилките, менструацијата е поретка, особено на почетокот на доењето.

Второ поглавје: Времетраењето и периодот на менструацијата.

Ова поглавје е поделено на два дела:

Прв дел: За возраста кога започнува менструацијата.

Втор дел: За времетраењето на менструацијата.

Прв дел: Возраста во која најчесто се јавува менструацијата е помеѓу дванаесет и педесет години. Сепак, менструацијата може да започне и пред или по овој период, во зависност од индивидуалната состојба, околината и климата.

Учените, Аллах нека им се смилува, имаат различни мислења: Дали менструацијата кај жената започнува и завршува во одредена возраст, така што не може да се појави пред или по таа возраст, и ако се појави, дали тогаш не се смета за менструација, туку за крв предизвикана од некоја болест или друго?

Учените имаат различни мислења. Откако го спомна несогласувањето меѓу учените по ова прашање, Дарими рече: „Сите овие ставови ги сметам за погрешни, бидејќи единствено меродавно е постоењето на крвта. Ако се појави крв, без разлика на количината, состојбата или годините, тоа се смета за менструација. А Аллах најдобро знае.“ [1] Ахкамул-мутехајјирати фил-хајд, на авторот Дарими (стр. 17).

Ова што го кажал Дарими е исправно, а истиот став го поддржал и шејхул-ислам Ибн Тејмије. Затоа, кога жената ќе забележи менструална крв, таа е во состојба на менструација, без разлика дали е помлада од девет години или постара од педесет. Така е затоа што, Аллах и Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ги поврзале прописите за менструацијата со нејзиното појавување, без да ограничат со одредени години. Затоа, треба да се земе предвид само нејзиното појавување како меродавно. За да се ограничи менструацијата со одредени години, потребен е доказ од Куранот или сунетот, а таков доказ не постои.

Што се однесува до вториот дел, тоа е времетраењето на менструацијата.

Во врска со ова прашање, учените имаат значително различни мислења, со околу шест или седум различни ставови. Ибн Мунзир, Аллах нека му се смилува, рече: „Некои алими велат дека нема ограничување на минималното или максималното времетраење на менструацијата.“

Велам: Овој став е ист како и претходниот став на Дарми, кој го поддржува шејхул-ислам Ибн Тејмије. Тој е точен, бидејќи го потврдуваат Куранот, Сунетот и здравиот разум.

Првиот доказ се Аллаховите зборови: „И те прашуваат за месечниот циклус. Кажи: ,Тоа е непријатност.' Затоа немојте да имате интимни односи со сопругите за време на нивниот месечен циклус, и не приоѓајте им сè додека не се искапат!“ (Ел Бекаре, 222) Аллах одредил дека забраната престанува кога жената ќе стане чиста, а не по еден ден и ноќ, три дена или петнаесет дена. Ова укажува дека основната причина за прописот е присуството или отсуството на менструацијата. Кога ќе се појави менструацијата, прописот стапува на сила, а кога ќе заврши, прописот престанува да важи.

Вториот доказ: Во Сахих Муслим е забележано дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, ѝ рекол на Аиша кога таа добила менструација додека била во ихрам за умра: „Прави сè што прави аџијата, освен што нема да правиш таваф околу Ќаба додека не се исчистиш.“ Таа рече: „Кога дојде денот на жртвувањето (бајрамот), се исчистив, па го извршив тавафот.“ До крај на хадисот [4]. (4) Хадисот го бележат: Бухари во поглавјето за менструацијата, во делот „Жената што има менструација ги извршува сите обреди освен тавафот околу Ќабата“, бр. (305), и Муслим во поглавјето за аџилакот, во делот за објаснување на видовите на ихрам, бр. (1211).

Во двата Сахиха се пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, ѝ рекол: „Почекај, па кога ќе се исчистиш, излези до Тен'им.“ [5], Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, го одредил крајот на забраната со нејзиното чистење, а не со одредено време. Ова укажува дека прописот е поврзан со присуството или отсуството на менструацијата (менструалното крварење). (5) Хадисот го бележат: Бухари во поглавјето за умра, делот за наградата за умра според вложениот напор, бр. (1662), и Муслим во поглавјето за хаџот, делот за појаснување на видовите ихрам, бр. (1211).

Ако овие детали беа дел од она кое на луѓето им е неопходно да го знаат и со тоа да Го обожуваат Аллах, тие сигурно ќе беа објаснети во Куранот и Сунетот, поради важноста на другите шеријатски прописи кои се поврзани со ова, како што се намазот, постот, бракот, разводот, наследството и други прописи. Сето ова би било објаснето, како што ни е објаснет бројот на намазите, намаските времиња, бројот на руку и сеџди, зекатот; имотот, количината и категориите на кои им се дава, постот; неговото време и траење, хаџот и неговите прописи, и сè друго поврзано со тоа. Дури и правилата за јадење, пиење, спиење, интимни односи, седење, влегување и излегување од куќата, вршење нужда, па дури и начинот на миење и бришење по физиолошката потреба, и други ситни и крупни работи, се дел од она со кое Аллах ја усовршил верата и ја надополнил Својата благодат кон верниците, како што Возвишениот вели: „Ние тебе ти ја објавуваме Книгата како објаснување за сè.“ (Ен Нахл, 89) Возвишениот исто така вели: „Куранот не е измислена приказна, тој ги признава Книгите кои се објавени пред него, и објаснува сè.“ (Јусуф, 111)

Бидејќи овие проценки и детали не се спомнати во Аллаховата Книга ниту во Сунетот на Божјиот пратеник салаллаху алејхи ве селем, станува јасно дека не треба да се потпираме на нив. Наместо тоа, треба да се потпираме на значењето на менструацијата, врз која се засноваат и шеријатските прописи. Овој доказ - дека нема јасен и прецизен пропис во Куранот и Сунетот за времетраењето на менструацијата - укажува на неприфаќање на траењето во одреден период. Овој принцип е корисен не само по ова прашање, туку и за многу други верски прашања. Шеријатските прописи се утврдуваат само со доказ од шеријатот, било од Аллаховата Книга, Сунетот на Неговиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, консензусот или исправната аналогија. Шејхул-ислам Ибн Тејмије во едно од своите правила вели: „Примерот за ова е хајзот, за кој во Куранот и Сунетот постојат различни прописи. И покрај тоа што оваа појава е многу распространета и важна, не е одреден ниту најкраткиот ниту најдолгиот период на траење, ниту, пак, времетраењето на чистотата помеѓу два хајза. Во арапскиот јазик не се прави разлика помеѓу овие временски периоди, па оној кој би поставил граници за хајзот (со одреден број денови), би постапил спротивно на Куранот и Сунетот." [6] Рисалетул-есмаи ел-лети аллекаш-шариу ел-ахкаме биха (стр. 35).

Четврти доказ: Исправната аналогија. Возвишениот Аллах објаснил дека хајзот е непријатност. Кога жената има хајз, таа чувствува непријатност. Нема разлика помеѓу првиот и вториот ден, третиот и четвртиот ден, петнаесеттиот и шеснаесеттиот ден, или седумнаесеттиот и осумнаесеттиот ден. Хајзот е хајз и непријатноста е непријатност, а правната основа за прописите постои во сите денови на хајзот. Како тогаш може да се прави разлика помеѓу два дена, ако во сите тие денови постои иста правна основа? Зарем тоа не е во спротивност со исправната аналогија? Односно, зарем исправната аналогија не ги изедначува двата дена во прописите поради нивната еднаквост во постоењето на правната основа?

Петти доказ: Разликите и несогласувањето во мислењата на оние кои поставуваат граници укажуваат на тоа дека нема доказ кој мора да се следи. Наместо тоа, овие мислења се базирани врз лични толкувања кои можат да бидат и точни и погрешни. Ниту едно од овие мислења не е поважно од другото. Во случај на несогласување, треба да се вратиме на Куранот и Сунетот.

Кога ќе се утврди дека нема минимален ниту максимален период за хајзот и дека тоа е најприфатливото мислење, знај дека секое природно крварење кај жената, кое не е предизвикано од рана или слично, се смета за хајз, без оглед на времето или возраста. Освен ако крварењето е постојано и не престанува никогаш или престанува за кратко време, како еден или два дена во месецот, тогаш тоа е истихаза. Прописите околу истихазата ќе бидат појаснети дополнително, иншаллах.

Шејхул-ислам Ибн Тејмије рекол: „Основното правило е дека сè што излегува од матката е хајз, освен ако не се докаже дека е истихаза.“ [7] Ибид, стр. (36).

Тој исто така рекол: „Секое крварење се смета за хајз, освен ако не е познато дека е крв од вена или рана.“ [8] Ибид, стр. (38).

Ова мислење не само што е најсилно според доказите, туку е и полесно за разбирање и примена од другите мислења. Затоа, тоа е поприфатливо бидејќи е во согласност со духот на исламот, кој е заснован на олеснување и едноставност. Возвишениот Аллах вели: „И во верата ништо тешко не ви пропиша.“ (Ел Хаџ, 78) Божјиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Навистина верата е лесна, и секој што ќе се обиде да претерува во неа, таа ќе го надвладее. Затоа, стремете се кон умереноста и приближете се до неа, и радувајте се.“ Бухари (9) [9] Го бележи Бухари: поглавје за иманот, во делот „Верата е леснотија“, бр. (39), од преданијата на Ебу Хурејре, радијаллаху анху.

Една од неговите морални особини, салаллаху алејхи ве селем, била и: „Секогаш кога му биле понудени две опции, ја избираше полесната, под услов да не е грев.“ (10) [10] Хадисот го бележи Бухари во поглавјето за доблестите, делот за описот на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, бр. (3560), и Муслим во поглавјето за одликите, делот за неговото оддалечување, салаллаху алејхи ве селем, од гревовите, бр. (77/2327). [2] Меџму’ул Фетава (19/238-239).

Менструацијата кај бремените жени: [3] Ел-Евсат, (2/356).

Кога жената ќе забремени, менструацијата обично престанува. Имамот Ахмед, Аллах нека му се смилува, рекол: „Жените ја препознаваат бременоста со престанокот на менструацијата.“ [11] [11] Види: Ел-Мугни, (1/405).

Ако бремената жена забележи крв непосредно пред породувањето, на пример, два или три дена претходно, а притоа има и породилни болки, тогаш тоа е нифас, Ако забележи крв многу пред породувањето или блиску до породувањето, но без грчеви, тогаш тоа не е крв поврзана со породувањето. Во тој случај, прашањето е дали тоа е менструација или крв предизвикана од некакво нарушување, за кое не важат истите прописи како за менструацијата?

Постои разлика во мислењата меѓу исламските алими, но исправниот став е дека се работи за менструација ако се работи за крв вообичаена за нејзиниот менструален циклус. Основното правило гласи дека крвта што ја добива жената е менструална, освен ако нема причина што го спречува тоа. Нема ништо во Куранот и Сунетот што укажува дека бремената жена не може да има менструација.

Ова е ставот на имам Малик и Шафи, и изборот на шејхул-ислам Ибн Тејмије. Во неговото дело „ел Ихтијарат“ (стр. 30) тој рекол: „Бејхеки вели дека тоа е еден од ставовите на Ахмед, дури и дека тоа е последното мислење кое го застапувал.“ [12] Ел-Мудеввене (1/155), Ен-Невадир вез-Зијадат (1/136). [13] Ихтилаф ел-фукаха, (193), Ел-Евсат, (2/239).

Според ова, за менструацијата кај бремените жени важат истите прописи како и за менструацијата кај небремените жени, освен во два случаи:

Прво: Во случај на развод. Забрането е да се даде развод на жена која не е бремена и која треба да помине низ период на чекање (иддет) за време на менструација. Меѓутоа, не е забрането да се даде развод на бремена жена во таа состојба, бидејќи давањето развод на небремена жена за време на менструација е спротивно на зборовите на Возвишениот: „Пуштете ги во времето кога се чисти.“ (Ет Талак, 1) Што се однесува до давањето развод на бремена жена за време на менструација, тоа не е спротивно на зборовите на Возвишениот, бидејќи нејзиниот период на чекање трае додека не се породи, за разлика од небремената жена, чиј период на чекање трае три менструални циклуси. Затоа, не е забрането да се даде развод по интимен однос, за разлика од небремената жена.

Второ: Менструацијата на бремената жена не го завршува нејзиниот период на чекање (иддет), за разлика од менструацијата на небремената жена. Периодот на чекање на бремената жена завршува со самото породување, без разлика дали има менструација или не. Доказ за ова се Аллаховите зборови: „Трудниците чекаат сè додека не родат.“ (Ет Талак, 4)

Трето поглавје: Непредвидливите ситуации поврзани со менструацијата

Има неколку вида на непредвидливи ситуации поврзани со менструацијата:

Прв вид: Промена во траењето на менструацијата, така што таа трае подолго или пократко од вообичаеното. Пример за ова е кога жената обично има циклус од шест дена, но овој пат трае седум дена, или кога обично има циклус од седум дена, но се чисти по шест дена.

Втор вид: Промена во редовноста на менструацијата, што доведува до доцнење или рано појавување. На пример, ако жената обично има циклус на крајот од месецот, но овојпат се појавува на почетокот.

Исламските алими имаат различно мислење по прашање на овие два вида. Но, она што е исправно е дека кога жената ќе види крв, таа е во менструација, а кога ќе се исчисти од неа (ќе престане крварењето), таа е чиста, без разлика дали менструацијата трае подолго или пократко од вообичаеното, и без разлика дали се појавила порано или подоцна. Доказот за ова беше споменат во претходното поглавје, каде што објаснивме дека шеријатот ги поврзува правилата за менструација со нејзиното појавување (со почетокот на циклусот).

Ова е мезхебот на имамот Шафи и изборот на шејхул-ислам Ибн Тејмије, кој е поддржан од авторот на книгата „Ел Мугни“. Тој вели: „Ако на ова прашање се гледаше на начинот како што е објаснето во мезхебот, тогаш Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, ќе му го објаснеше на својот умет и немаше да го изостави тоа објаснување, бидејќи не е дозволено одложување на објаснувањето на прописите кога постои потреба за тоа. Неговите сопруги, како и другите жени во секое време, имаа потреба од такво објаснување, доколку постоело поинакво толкување. Единственото што е пренесено од него, салаллаху алејхи ве селем, во врска со ова е дека го спомнал женскиот циклус, без многу детали, освен во случајот на жените кои се во истихаза." [14] Ел Умм, (1/82). [15] Меџму’ул Фетава (19/238-239). (16) Ел-Мугни (1/396).

Трет вид: Жолта или матна течност, каде што крвта изгледа жолта како вода која излегува од рана или матна помеѓу жолта и црна боја. Ако се појави за време на менструацијата или непосредно пред чистењето, тогаш истата се смета за менструација и важат прописите за неа. Ако се појави по чистењето, не се смета за менструација, поради зборовите на Ум Атија, Аллах нека е задоволен со неа: „Не ја сметавме жолтата и матната течност по чистењето за нешто значајно.“ Ебу Давуд со автентичен-сахих синџир на пренесувачи (17), Истото го пренесува и Бухари без зборовите: „по чистењето“, но го насловил со: „Поглавје за жолта и матна течност надвор од деновите на менструација.“ [17] Го бележат Ебу Давуд: Книга за чистотата, поглавје: „За жената која гледа кафеавкаст и жолтеникав исцедок по чистењето“, бр. (307). [18] Го бележи Бухари: Книга за хајзот, поглавје: Жолтеникав и кафеав исцедок вон деновите на хајдот, бр. (326).

Во книгата „Фетх ел-Бари“ стои: „Со ова се мисли на комбинирање на хадисот на Аиша, каде што таа вели: ‘Сè додека не ја видите белата течност’ и хадисот на Ум Атија за кој зборуваме. Хадисот на Аиша се однесува на случај кога жената гледа жолта или матна течност за време на менструацијата, додека хадисот на Ум Атија се однесува на времето надвор од циклусот, односно времето на чистотата.“ [19] Фетхул Бари (1/426).

Бухари го наведува хадисот на Аиша пред ова поглавје како муаллек предание; дека жените ѝ ги праќале свои крпи, на кои имало жолт исцедок, и таа велела: „Не брзајте сè додека не го видите белиот исцедок.“ (21) [20] Сахих Ел-Бухари (1/71). [21] Го спомнува Бухари со непотполн синџир на пренесувачи: поглавје за менструацијата, во делот за: почетокот и крајот на менструацијата, пред хадисот, бр. (320).

Белата течност е бела вода што ја исфрла матката при завршувањето на менструацијата.

Четврт вид: Прекини во менструацијата, така што еден ден има крв, а друг ден нема. Во врска со ова има две состојби:

Прва: Ако ова е постојана појава кај жената, тогаш тоа крварење се смета за истихаза и важат прописите за истихазата.

Втора: Ако овие прекини не се постојани, туку повремени, и жената има периоди на чистота. Исламските алими имаат различни мислења за овие кратки периоди на чистота во прекините на менструацијата, дали се сметаат за чистота или за менструација.

Согласно поточното мислење на имамот Шафи, ова се смета за менструација и се применуваат прописите за менструацијата. Ова мислење го застапуваат и шејхул-ислам Ибн Тејмије, авторот на книгата „Ел-Фаик“, и имамот Ебу Ханифе. Причината е што во тие кратки прекини не се појавува белата течност. Ако се смета дека тоа е период на чистота, тогаш крварењето пред и по тој период би се сметало за менструација, што не го тврди ниту еден од учените. Во спротивно, периодот на чекање по развод би можел да заврши за пет дена. Дополнително, ако се смета дека тоа е период на чистота, жената би имала потешкотии поради обврската за обредно капење на секои два дена, а во верата нема потешкотии, благодарејќи Му на Аллах. (22) Ел Умм, (1/83-84). (23) Пренесено од нив во Ел Инсаф [24] Ел-Асл (2/19-20).

Познатиот став на ханбелискиот мезхеб е дека крварењето се смета за менструација, а прекините за чистота, освен ако таквата состојба трае подолго од петнаесет дена. Во тој случај, сè што го надминува тој период се смета за истихаза. (25) Ел-Мугни, (1/226).

Ибн Кудаме во неговото дело „Ел-Мугни“ рекол: „Ставот кој го сметаме за исправен, иншаллах, е дека секој прекин на крварењето кое трае помалку од еден ден не претставува чистота. Ова се базира на преданието кое го споменавме во говорот за нифасот (постпородилното крварење); бидејќи менструалната крв понекогаш излегува, понекогаш не. Ако кажеме дека е обврска да се капи секој час, тоа би претставувало потешкотија која не се признава во шеријатот, поради зборовите на Возвишениот: „И во верата ништо тешко не ви пропиша.“ (Ел Хаџ, 78), Согласно тоа, прекинот на крварењето кое трае помалку од еден ден нема да се смета за чистота, освен ако не се појави нешто што укажува на чистота, како што е белата течност, или ако е на крајот од вообичаениот период." (26) Ел-Мугни, (1/257).

Ставот на авторот на „Ел-Мугни“ претставува средина помеѓу двата става. Аллах најдобро знае кој став е исправен.

Петтиот вид: Сувост на крвта. Ако ова се забележи за време на менструацијата или непосредно пред нејзиното завршување, тогаш ќе се смета за менструација. Ако се случи по завршувањето на менструацијата, тогаш нема да се смета за менструација; Затоа што ова се смета како жолтеникава или матна течност и го зема нејзиниот пропис.

Четврто поглавје: Прописите поврзани со менструацијата

За менструацијата постојат многу прописи, чиј број надминува дваесет. Ние ќе ги споменеме само најважните.

Прво: Намазот. Жената која има менструален циклус не смее да извршува намаз, било задолжителен или доброволен, и нејзиниот намаз не е валиден. Исто така, не е обврзана да го извршува намазот додека трае менструалниот циклус, освен ако добие менструација на почетокот или крајот на некое намаско време, така што би можела да изврши еден цел рекат пред да започне менструацијата. Во тој случај, ќе мора да ја изврши таа молитва кога ќе ѝ заврши менструацијата.

Пример за почетокот: Ако жената добие менструација по зајдисонце, доволно за да изврши еден рекат, тогаш кога ќе се исчисти, треба да го наклања акшамскиот намаз, бидејќи го фатила времето за еден рекат пред да добие менструација.

Пример за крајот: Ако жената се исчисти од менструацијата пред изгрејсонце, доволно за да изврши еден рекат, тогаш кога ќе се исчисти, треба да го наклања сабахскиот намаз, бидејќи го фатила времето за еден рекат пред да изгрее сонцето.

Ако жената добие менструација во време кое не е доволно за да изврши цел рекат, како на пример веднаш по зајдисонце или веднаш пред изгрејсонце, во тој случај не е обврзана да го наклања намазот. Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Кој ќе стаса на еден рекат од намазот, го стасал целиот намаз.“ Бухари и Муслим (27), Што значи дека ако не фати цел рекат, не го фатил ни намазот. (27) Хадисот го бележат: Бухари во поглавјето за намаските времиња, делот за оној кој ќе стаса еден рекат од намазот, бр. (580), и Муслим во поглавјето за џамиите и местата за намаз, делот за тоа дека оној кој ќе стаса еден рекат од намазот, го стасал намазот, бр. (607), од преданијата на Ебу Хурејре.

Ако фати еден рекат од времето на икиндија, дали треба да клања и пладне со икиндијата? Или ако фати еден рекат од времето на јација, дали треба да клања и акшам со јацијата?

Во врска со ова прашање има различни мислења меѓу исламските алими, но најточниот став е дека не е обврзана да ги клања освен оние намази чие време го стигала, а тоа се само икиндијата и јацијата; бидејќи Аллаховиот пратеник, алејхи селам, рекол: „Кој ќе стигне еден рекат од икиндијата пред да зајде сонцето, го стигнал икиндискиот намаз.“ Бухари и Муслим (28), Не рекол: „Ги стигнал пладне намазот и икиндијата." (28) Го бележи Бухари во поглавјето за намаските времиња, во делот за оној кој ќе стигне еден рекат од сабах намаз, бр. (579), и Муслим во поглавјето за џамиите и местата за намаз, во делот за тоа дека оној кој ќе стигне еден рекат, го стигнал и тој намаз, бр. (608), од преданијата на Ебу Хурејре.

И не ја спомнал обврската да се клања и пладне намазот. Ова е ставот на Ебу Ханифе и Малик, како што е наведено во „Шерх ел-Мухеззеб.“ [29] Ел Меџму’ Шерх Ел Мухезеб, (3/70).

Што се однесува до зикрот, текбирите, тесбихот, техмидот, изговарањето на „бисмиллах“ пред јадење и слично, како и читање хадиски или фикхски дела, правење дова и изговарање „амин“ при дова и слушање Куран, ништо од ова не е забрането за неа, бидејќи тоа е потврдено во двата Сахиха и во други збирки Дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, го рецитирал Куранот додека бил потпрен на скутот на Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, иако таа била во менструален циклус. [30] (30) Хадисот го бележи Бухари: во поглавјето за менструацијата, делот за рецитирањето на мажот во скутот на неговата сопруга додека таа е со менструален циклус, бр. (297). и Муслим: во поглавјето за менструацијата, делот за потпирањето на мажот во скутот на неговата сопруга додека таа е со менструален циклус и рецитирањето Куран, бр. (301), од преданието на Аиша, Аллах нека е задоволен со неа.

Исто така, во двата Сахиха е забележано дека Уму Атија, Аллах нека е задоволен со неа, слушнала како Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, вели: „Нека излезат и девојките и жените кои се во циклусот на бајрамскиот намаз за да бидат присутни за време на доброто и довата на муслиманите, со тоа што жените кои се во циклусот нека се оддалечат од местото на клањање на бајрамскиот намаз.“ (31) Го бележат Бухари во поглавјето за менструацијата, делот за присуството на жените со менструација на Бајрамите и довата на муслиманите, и нивното оддалечување од местото за намаз, бр. (324), и Муслим во поглавјето за бајрамскиот намаз, делот за спомнувањето на дозволеноста за излегување на жените на Бајрамите на местото за намаз и присуствување на хутбата, одвоени од мажите, бр. (890).

Што се однесува до рецитирањето на Куранот за време на месечниот циклус, жената може да го чита Куранот гледајќи во мусхафот или размислувајќи за ајетите, без да го изговара со јазикот. Таа може да го стави мусхафот или таблата со ајетите пред себе, да ги гледа ајетите и да ги чита во мислите. Невеви во неговото дело „Шерх ел-Мухеззеб“ вели: „Исламските алими се согласни дека тоа е дозволено.“ [32] (32) Ел Меџму, (2/357).

Меѓутоа, ако станува збор за рецитирање на Куранот со изговарање, мнозинството смета дека тоа е забрането. Од другата страна, Бухари, Ибн Џерир ет-Табери и Ибн Мунзир сметаат дека тоа е дозволено. (33) Види во Сахих ел-Бухари: поглавјето за менструација, делот „Жената за време на менструација ги извршува сите обреди освен тавафот околу Ќабата“, и Фетх ел-Бари (1/407-408). [34] Фетхул Бари, (1/408). (35) Ел-Евсат (2/223).

Исто така, во делото „Фетхул-Бари“ [37], Ибн Хаџер го наведува ставот на Малик и претходниот став на Шафи [36]. (36) Ел Меџму‘, (2/356). [37] Фетхул Бари, (1/408).

Бухари пренесува, без синџир на пренесувачи, дека Ибрахим ен-Нехаи рекол: „Нема пречка да ги рецитира ајетите.“ [38] (38) Го бележи Бухари како муалек (со непотполн синџир на пренесувачи): во поглавјето за менструација, во делот: Жената со менструација ги извршува сите обреди освен тавафот околу Ќабата, пред хадисот, бр. (305).

Шејхул-ислам Ибн Тејмије во делото „Ел-Фетава, Меџму’а Ибн Касим“ вели: „Нема никаков сунет за нејзината забрана од Куранот, бидејќи неговите зборови: ,Не чита жената во менструација, ниту џунубот, ништо од Куранот' [39] се пренесени во слаб хадис со консензус на познавачите на хадиската наука. [40] (39) Го бележи Тирмизи: Поглавја за чистотата, поглавје за тоа дека џунуб и жената во менструација не го рецитираат Куранот, бр. (131). [40] Види: Ел-Илел на Тирмизи (стр. 69), Ес-Сунен ел-Кубра на Ел-Бејхеки (1/309), Ел-Ахкам еш-Шер‘ијје на Ибн Абдулхакк (1/504), и Насб ер-Раје на Ез-Зејле‘и (1/195).

Жените и во времето на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, имале менструација. Доколку читањето на Куранот било навистина забрането, како што е забранет намазот, Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, би го подучил уметот, мајките на верниците би го знаеле тоа и истото би го пренесувале. Бидејќи никој не пренесува дека Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, го забранил тоа, не е дозволено свесно да се направи харам. Ако тој не го забранил, и покрај многуте жени кои имале потреба да го знаат тоа во неговото време, тогаш е јасно дека тоа не може да биде забрането.“ [41] Меџму' ел-Фетава, (26/191).

Откако ги споменавме разликите во мислењата помеѓу исламските алими, треба да се каже дека е препорачливо жената за време на менструација да не го рецитира Куранот со изговарање, освен ако има потреба од тоа. На пример, ако е учителка и треба да ги подучува ученичките, или ако е на испит и треба да рецитира за да биде тестирана, и слично.

Второ: Постот: Жената за време на менструацијата не смее да пости, било да е задолжителен или доброволен пост, и нејзиниот пост не е валиден. Но, таа мора да го надомести задолжителниот пост, како што е наведено во хадисот на Аиша, Аллах нека е задоволен со неа: „Кога ќе нè снајдеше менструацијата, ни беше наредено да го надоместиме постот, но не и намазот.“ Бухари и Муслим (42) (42) Хадисот го бележи Бухари во поглавјето за менструацијата, во делот за тоа дека жената по менструацијата не го надокнадува намазот, бр. (321), и Муслим во поглавјето за менструацијата, во делот за обврската на жената по менструацијата да го надомести постот, а не и намазот, бр. (335). Текстот е според верзијата на Муслим.

Ако жената добие менструација додека пости, нејзиниот пост станува невалиден, дури и ако тоа се случи непосредно пред зајдисонце. Таа мора да го надомести тој ден ако постот бил задолжителен. Ако жената почувствува дека менструацијата започнува пред зајдисонце, но крвта не излезе до по зајдисонце, нејзиниот пост останува валиден и не се прекинува според исправното мислење, бидејќи крвта во внатрешноста на телото нема правна важност додека не излезе.

Како аргумент за ова може да ни послужи тоа што кога Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, беше прашан за жената која во сон гледа исто што и мажот; дали треба да се искапи? Тој рече: „Да, доколку забележи трага на влажност.“ [43] Прописот е поврзан со видливоста на течноста (ејакулацијата), а не со нејзиното чувство во организмот; така и менструацијата, нејзините прописи важат само кога крвта е видлива, а не само кога се чувствува во внатрешноста. (43) Хадисот го бележи Бухари во поглавјето за илм - знаење, делот за срамежливоста во знаењето, бр. (130), и Муслим во поглавјето за менструацијата, поглавје за задолжителноста на гусулот за жената..., бр. (313).

Ако зората настапи додека жената е во менструација, нејзиниот пост за тој ден не е валиден, дури и ако менструацијата престане веднаш по настапувањето на зората.

Додека пак ако жената се исчисти пред зората и започне да пости, нејзиниот пост е валиден, дури и ако се искапи по зората. Ова е исто како и за мажот кој е џунуб и има намера да пости, а се капи по зората; неговиот пост е исто така валиден. Аргумент е хадисот на Аиша, радијаллаху анха, во кој таа рекла: „Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ќе се разбудеше џунуб поради однос, а не поради сон, и ќе продолжеше со постот во рамазан.“ Бухари и Муслим (44) (44) Го бележат Бухари во поглавјето за постот, делот за капењето на постачот, бр. (1931), и Муслим: во поглавјето за постот, делот за исправноста на постот на оној што ќе осамне џунуб, бр. (1109).

Трето: Тавафот околу Ќаба: Жената не смее да го извршува тавафот околу Ќаба додека е во менструација, било да е задолжителен или доброволен, и нејзиниот таваф не е валиден. Што се однесува до останатите обреди како што се сајот; движењето помеѓу Сафа и Мерва, стоењето на Арафат, ноќевањето на Музделифа и Мина, фрлањето на камчињата и другите обреди на аџилакот и умрата, тие не се забранети за жената во текот на месечниот циклус. Поради зборовите на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, на Аиша кога била во менструација: „Прави сè што прави аџијата, освен што нема да правиш таваф околу Ќаба додека не се исчистиш.“ [45]. (45) Хадисот го бележат: Бухари во поглавјето за менструација, во делот „жената со менструација ги извршува сите обреди освен тавафот околу Ќабата“, бр. (305), и Муслим во поглавјето за аџилакот, во делот за објаснување на видовите на ихрам, бр. (1211).

Затоа, ако жената го изврши тавафот додека е чиста, а потоа добие менструација веднаш по тавафот или за време на сајот, нема проблем во тоа.

Четвртиот пропис се однесува на прошталниот таваф. Ако жената ги заврши обредите на аџилакот и умрата, а потоа добие менструација пред да замине, таа може да замине без да го изврши прошталниот таваф, доколку менструацијата продолжи до нејзиното заминување. Земајќи го за доказ хадисот на Ибн Абас, Аллах нека е задоволен со него и со неговиот татко, во кој вели: „На луѓето им беше наредено последното што ќе го направат во Каба да биде тавафот, освен за жената која е во менструација.“ Бухари и Муслим (46) (46) Хадисот го бележи Бухари во поглавјето за аџилакот, во делот за прошталниот таваф, бр. (1755), и Муслим во поглавјето за аџилакот, во делот за обврската на прошталниот таваф и неговото отпаѓање за жената со менструација, бр. (1328).

Не е препорачливо жената која е со менструација при заминување да дојде до влезот на Месџидул Харам и да прави дова, бидејќи тоа не е пренесено од Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем. Обредите се засновани на она што е пренесено како доказ. Напротив, пренесеното од Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, укажува на спротивното, бидејќи во преданието на Сафија, Аллах нека е задоволен со неа, кога добила менструација по тавафот на ифада, Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ѝ рекол: „Тогаш тргни.“ Бухари и Муслим (47) (47) Хадисот го бележат: Бухари во поглавјето за аџилакот, делот „ако жената добие менструација откако ќе го изврши тавафул-ифада,“ бр. (1757), и Муслим во поглавјето за аџилакот, во делот за обврската на прошталниот таваф, бр. (1211).

Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, не наредил да се доаѓа до влезот на Месџидул Харам. Ако тоа беше пропишано, тој тоа ќе го наведеше. Што се однесува до тавафот на аџилакот и умрата, обврската за тој таваф останува за неа и ќе го изврши по завршување на циклусот.

Петтото правило се однесува на престојот во џамијата. Забрането е жената која е во менструација да престојува во џамијата, вклучувајќи го и местото за бајрамската молитва. Уму Атија, Аллах нека е задоволен со неа, пренесува дека слушнала како Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, вели: „Нека излезат младите девојки, старите жени и жените кои имаат менструација.“ Во него се вели и: „Жените кои имаат менструација нека се држат подалеку од местото каде што се извршува намазот.“ Бухари и Муслим (48) (48) Хадисот го бележат: Бухари во поглавјето за менструацијата, делот за присуството на жените со менструација на Бајрамите и при довите на муслиманите, и нивното оддалечување од местото за намаз, бр. (324). и Муслим во поглавјето за Бајрамските намази, делот за дозволеноста жените да излегуваат за Бајрамите на местото за намаз и да присуствуваат на хутбата, одвоени од мажите, бр. (890).

Шестиот пропис: Интимниот однос: Забрането е мажот да има интимен однос со својата сопруга, и забрането е таа да му го дозволи тоа, согласно зборовите на Возвишениот: „И те прашуваат за месечниот циклус. Кажи: ,Тоа е непријатност.' Затоа немојте да имате интимни односи со сопругите за време на нивниот месечен циклус, и не приоѓајте им сè додека не се искапат!“ (Ел Бекаре, 222) Под „месечниот циклус“ во ајетот се мисли на времето и местото на циклусот, односно вагината. Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол „Правете сè освен интимниот однос.“ Значи: полов однос. Го бележи Муслим [49]: Муслиманите се сложни околу забраната на интимниот однос за време на менструацијата. (49) Го бележи Муслим: Книга за менструацијата, поглавје за дозволеноста жената во менструација да ја мие главата на својот сопруг, бр. (302).

Не е дозволено оној кој верува во Аллах и Судниот ден да се впушти во овој грешен чин, кој е забранет според Аллаховата Книга, Сунетот на Неговиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, и консензусот на муслиманите. Со тоа би бил од оние кои се спротивставуваат на Аллах и Неговиот Пратеник и го следат патот кој не е патот на верниците. Во книгата „Ел-Меџму' - Шерх Ел-Мухеззеб“ (том 2, стр. 374), имамот Шафи, Аллах нека му се смилува, рекол: „Кој ќе го направи тоа, направил голем грев.“ Нашите учители (се мисли на имамите од шафискиот мезхеб) и другите рекле: „Кој смета дека е дозволено да има интимен однос за време на менструацијата, се смета за неверник.“ Ова се зборовите на имамот Невеви.

Дозволено е човекот да ја задоволи својата потреба без интимен однос, преку бакнување, гушкање и сè друго освен интимен однос. Меѓутоа, она што е помеѓу папокот и колената треба да биде покриено. Поради изјавата на Аиша, радијаллаху анха: „Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, ми наредуваше да се покријам (долниот дел од телото) и ме допираше додека бев во менструација.“ Бухари и Муслим (50) (50) Хадисот го бележи Бухари во поглавјето за менструацијата, делот за интимноста со жената во менструација, бр. (301), и Муслим во поглавјето за менструацијата, делот за интимноста со жената во менструација над изарот, бр. (293).

Седми пропис: Развод: Забрането е мажот да ја разведе својата сопруга за време на менструација, поради зборовите на Возвишениот: „О, Веровеснику, кога ќе сакате да се разведете од сопругите, пуштете ги во времето кога се чисти.“ (Ет Талак, 1) Тоа значи: во состојба кога тие ќе започнат да го бројат периодот на чекање по разводот, а тоа може да биде само ако ја разведе додека е бремена или чиста од менструација и без интимен однос. Затоа што, ако ја разведе додека е во менструација, не може да го започне периодот на чекање бидејќи менструацијата во која е разведена не се брои како периодот на чекање. Додека пак ако ја разведе додека е чиста по интимен однос, не е јасно дали е бремена од тој однос, па да знае со сигурност како ќе го брои периодот на чекање, дали според бременоста или според менструацијата. Затоа, бидејќи нема сигурност за видот на периодот на чекање, разводот е забранет додека не се разјасни ситуацијата.

Затоа, разводот за време на менструацијата е забранет, а доказ за тоа е наведениот ајет, како и хадисот кој е забележан во двата Сахиха и другите хадиски збирки, од Ибн Омер, дека тој ја развел својата жена додека била во менструација, па Омер го известил Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, околу тоа. Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, се налутил и рекол: „Нареди му да ја врати и да почека додека не се исчисти, потоа да добие менструација и повторно да се исчисти. Потоа, ако сака, може да ја задржи или да ја разведе пред да имаат интимен однос. Тоа е периодот кој Аллах го одредил за развод на жената.“ [51]

Човекот е грешен ако ја разведе својата жена додека е во менструација и треба да се покае за тоа. Потоа, треба да ја врати жената под своја заштита и да ја разведе на начин кој е во согласност со наредбите на Аллах и Неговиот пратеник. Треба да ја остави по враќањето додека не се исчисти од менструацијата во која ја развел, потоа да има уште една менструација и да се исчисти од неа. Потоа, ако сака, може да ја задржи или да ја разведе пред да имаат интимен однос. (51) Го бележат Бухари во поглавјето за разводот, бр. (5251), и Муслим во поглавјето за разводот, дел за забраната за развод на жена во менструација без нејзина согласност, и дека ако се прекрши тоа, разводот сепак важи и му се наредува да ја врати, бр. (1471), од хадисот пренесен од Ибн Омер, Аллах нека е задоволен со нив двајцата.

Исклучоци од забраната за развод во текот на менструација се три случаи:

Прво: Ако разводот се случи пред да се осами со неа или пред да имаат интимен однос, тогаш нема проблем да ја разведе додека е во менструација; бидејќи тогаш нема период на чекање за неа, и разводот не е спротивен на зборовите на Возвишениот: „Пуштете ги во времето кога се чисти.“ (Ет Талак, 1)

Второ: Ако менструацијата се случи за време на бременост, како што е објаснето претходно.

Трето: Ако разводот е со компензација, тогаш нема проблем да ја разведе додека е во менструација.

На пример, ако меѓу сопружниците има расправии и лоши односи, мажот може да прифати компензација за да ја разведе, и тоа е дозволено дури и ако таа е во менструација. Поради хадисот од Ибн Абас, Аллах нека биде задоволен од него, во кој пренесува дека жената на Сабит бин Кајс бин Шамас дошла кај Божјиот пратеник, саллаллаху алејхи ве селем, и рекла: „О, Аллахов Пратенику, немам забелешки на неговиот карактер или вера, но не сакам да бидам неблагодарна во исламот. Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селем, рекол: „Ќе му ја вратиш ли неговата градина?“ Таа одговори: „Да.“ Тогаш Божјиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рече: „Прифати ја градината и разведи ја со еден развод.“ (Бухари, 52)

Божјиот Пратеник, салаллаху алејхи ве селем, не прашал дали таа била во менструација или чиста, бидејќи овој развод е откуп од жената за себе и е дозволен кога има потреба од него, без оглед на состојбата. (52) Го бележи Бухари: Книга за развод, поглавје за Хул‘ и како се случува разводот во него, бр. (5273), од хадисите кои ги пренесува Ибн Абас, Аллах нека е задоволен со двајцата.

Во книгата „Ел-Мугни“ (7/52), објаснувајќи ја дозволеноста на разводот со компензација за време на менструацијата, Ибн Кудаме вели: „Разводот за време на менструација е забранет поради штетата што може да ѝ се нанесе на жената со продолжување на периодот на чекање. Меѓутоа, разводот со компензација ја отстранува штетата што жената ја трпи поради лошиот брачен живот или заедничкиот живот со личност што не ја поднесува, што е поголема штета од продолжувањето на периодот на чекање. Затоа е дозволено да се избере помалата штета за да се спречи поголемата. Поради ова, Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, не ја прашал жената која барала развод со компензација дали е во состојба на менструација.“

Од друга страна, склучувањето брак за време на менструација е дозволен, бидејќи основниот пропис е дека работите се дозволени сè додека не се наведе доказ кој укажува на забраната. Меѓутоа, осамувањето на сопругот со неа додека е во менструација зависи од ризикот тој да има интимен однос со неа. Ако нема таков ризик, тогаш е дозволено, но ако постои, тогаш не треба да влегува кај неа додека не се исчисти, за да се избегне забранетото.

Осми пропис: Периодот на чекање за развод се смета врз основа на менструацијата. Ако мажот ја разведе својата сопруга откако се осамил или имал интимен однос со неа, таа мора да почека три целосни менструални циклуси, под услов да има редовна менструација и да не е бремена, поради зборовите на Возвишениот: „Разведените жени нека чекаат три свои месечни циклуси.“ (Ел Бекаре, 228) Што значи се чека периодот од три менструални циклуси. Ако е бремена, нејзиниот период на чекање трае до породувањето, без разлика на должината на времето; доказ за ова се зборовите на Возвишениот Аллах: „Трудниците чекаат сè додека не родат.“ (Ет Талак, 4) Ако жената нема редовен менструален циклус, како на пример малолетната девојка која сè уште не добила менструација, жена која престанала да добива менструација поради старост, или поради операција за отстранување на матката, или поради други причини поради кои не очекува да ѝ се врати менструацијата, тогаш нејзиниот период на чекање е три месеци, поради зборовите на Возвишениот Аллах: „А тие ваши сопруги кои надежта во месечниот циклус ја изгубиле и тие што не го ни добиле, тие треба да чекаат три месеци, ако паѓате во сомнеж.“ (Ет Талак, 4) Ако жената има менструација, но таа престанала поради некаква причина како болест или доење, таа останува во периодот на чекање, без разлика колку долго трае, сè додека не се врати менструацијата и не го заврши периодот на чекање според менструациите. Ако причината престане, но менструацијата не се врати, на пример, ако оздрави или заврши со доењето, а менструацијата сè уште не се врати, тогаш треба да чека една цела година од моментот кога причината престанала. Ова е исправното мислење кое е во согласност со шеријатските правила. Ако причината престане, а менструацијата не се врати, таа се смета како жена чија менструација престанала без позната причина. Во таков случај, таа треба да чека цела година: девет месеци како претпазливост за можноста од бременост и три месеци за периодот на чекање.

Но, ако разводот се случи по склучувањето на бракот, но пред осамувањето или интимниот однос, тогаш нема потреба од период на чекање, без разлика дали жената има редовен менструален циклус или не, поради зборовите на Возвишениот: „О, верници, кога ќе се ожените со вернички, а потоа ако ги разведете пред стапување во брачниот однос, тогаш тие не се должни да го чекаат одреденото време кое вие ќе го броите.“ (Ел Ахзаб, 49)

Деветти пропис: Утврдување на можното постоење на бременост, со ова се поврзани следните прописи:

Утврдување на постоењето на плод кој наследува. Ако умре блиска личност на мажена жена, чиј плод наследува, тогаш нејзиниот сопруг нема да има односи со неа додека не добие менструација или додека не се утврди дека е бремена. Ако се утврди дека била бремена во моментот на смртта на блиската личност, плодот ќе биде наследник на починатиот поради неговото постоење во тој момент. Ако добие менструација, плодот кој би се појавил по таа менструација не е наследник на починатиот, бидејќи не постоел во моментот на неговата смрт.

Десетти пропис: Гусл (обредно миење): Жената која имала менструација мора да го измие целото тело кога ќе престане менструацијата. поради зборовите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, до Фатима бинт Ебу Хубаиш: „Кога ќе дојде менструацијата, прекини со намазот, а кога ќе заврши, искапи се и клањај.“ (Бухари, 53)

Минималната обврска при земањето гусул е водата да го опфати целото тело, вклучувајќи ја и кожата на главата под косата. Најдобро е гусулот да се изврши како што е опишано во хадисот: Се пренесува дека Есма бинт Шекел го прашала Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, за капењето по менструацијата, па тој, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Ќе се искапи така што ќе земе вода и сидр и ќе го измие интимниот дел најдобро што може. Потоа ќе полие вода по главата, силно триејќи ја, така што водата ќе стигне до кожата на главата, а потоа ќе полие вода по целото тело. Потоа ќе земе парче платно на кое ставила миск мирис и ќе го нанесе на себе.“ Есма прашала: „А како ќе се истријам со тоа?“, а тој рекол: „Субханаллах!“ (Славен е Аллах), Аиша рече: Следи ја трагата од крвта. (54) Муслим, бр. 54. (53) Го бележат Бухари: поглавје за менструацијата, дел за почетокот и крајот на менструацијата, бр. (320), и Муслим: поглавје за менструацијата, дел за жената со истихада, нејзиниот гусул и нејзиниот намаз, бр. (333), хадисот го пренесува Аиша, Аллах нека е задоволен со неа.

Не е потребно да се расплетува косата, освен ако е многу затегната и постои можност водата да не стигне до кожата. Во Сахих Муслим се пренесува дека Уму Селеме, Аллах нека е задоволен со неа, го прашала Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем: „Јас сум жена која прави плетки на косата, дали треба да ја расплетам за гусул од после интимен однос?“ Во друга верзија: „За гусул после менструација и интимен однос?“ Тој одговорил: „Не, доволно е да истуриш три пати вода врз главата, а потоа да се полееш со вода и ќе бидеш чиста.“ (55) (54) Го бележи Бухари: Книга за менструацијата, дел Капење по менструацијата, бр. (315), и Муслим: Книга за менструацијата, дел За препорачливоста жената која се капе по менструацијата да употреби парче платно со миск на местото на крвта, бр. (332), а хадисот го пренесува Аиша, радијаллаху анха.

Ако жената која има менструација се исчисти за време на некое од намаските времиња, треба веднаш да се измие за да го изврши намазот навреме. Ако е на патување и нема вода, или има вода, но се плаши дека ќе ѝ наштети, или е болна и водата ѝ штети, таа треба да земе тејемум наместо миење додека не се отстрани пречката, а потоа да се искапе. (55) Го бележи Муслим: поглавјето за менструацијата, делот за прописот за плетенките на онаа што се бања, бр. (330), од хадисите кои ги пренесува Уму Селеме, радијаллаху анха.

Некои жени се чистат за време на намаското време, но го одложуваат гусулот за подоцна, велејќи дека не можат целосно да се исчистат во тој момент. Меѓутоа, тоа не е оправдување ниту изговор; Тие можат да го извршат минималното потребно миење и да ја извршат молитвата навреме, а потоа, кога ќе имаат повеќе време, да се исчистат целосно.

Петто поглавје: Истихаза и прописите поврзани со неа.

Истихаза е континуирано крварење кај жената кое не престанува или престанува само за краток период, како еден или два дена месечно.

Доказот за првиот случај кога крварењето никогаш не престанува е она што е забележано во Сахих Бухари од Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, која рекла: Фатима бинт Ебу Хубејш му рече на Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем: „О, Аллахов пратенику, никако да се исчистам.“ Во друго предание: „Јас имам континуирано истихаза и никако да се исчистам.“ (56)

Доказот за вториот случај кога крварењето престанува само за краток период е хадисот на Хамна бинт Џахш, која дојде кај Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, и рече: „О, Аллахов пратенику, имам големо и силно крварење.“ До крај на хадисот... Го бележат Ахмед, Ебу Давуд и Тирмизи [57], кој го оценил за веродостоен и пренесува од имамот Ахмед дека го оценил за веродостоен, а од Бухари дека го оценил за хасен (добар). [58] (56) Го бележи Бухари во поглавјето за абдест, во делот за миење на крвта, бр. (228), и Муслим во поглавјето за менструација, во делот за жената со неправилно крварење, нејзиното капење и нејзиниот намаз, бр. (333), пренесувач на хадисот е Аиша, радијаллаху анха.

Состојби на истихазата

(57) Го бележат Ахмед (6/349), Ебу Давуд во поглавјето за Тахаретот, делот за оној кој вели дека кога ќе настапи менструацијата се остава намазот, бр. (287), и Тирмизи во поглавјата за тахарет, делот за жената со истихаза дека таа ги спојува двата намази со еден гусул, бр. (128), хадисот го пренесува Хамне бинт Џехш, Аллах нека е задоволен со неа. [58] Сунен Тирмизи: Поглавја за чистотата, Поглавје за тоа дека жената со истихаза ги спојува двата намази со еден гусул, по хадисот број (128).

Истихазата има три состојби:

Првата состојба: Ако жената имала познат период на менструација пред истихазата, тогаш се враќа на времетраењето на нејзината претходна менструација. Во тој период важат правилата за менструација, а сè што е надвор од тој период се смета за истихаза и важат прописите за истихаза.

Како пример за ова е жена која имала менструација шест дена на почетокот на секој месец. Потоа добила истихаза и крвта почнала да тече постојано. Нејзината менструација ќе се смета за шесте дена од почетокот на секој месец, а сè друго е истихаза; Доказ е хадисот на Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, дека Фатима бинт Ебу Хубејш рекла: „О, Аллахов пратенику, имам истихаза и никако да се исчистам, дали да го оставам намазот?“ Тој одговорил: „Не, тоа е само крварење од вена, но престани со намазот за времетраењето на твојата менструација, потоа земи гусул (избањај се) и клањај.“ (59) Бухари.

Во хадисот кој го бележи имамот Муслим, Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ѝ рекол на Уму Хабиба бинт Џехш: „Држи се до прописите за менструацијата колку што траеше твојата менструација, потоа земи гусул и клањај.“ (60) [59] Го бележи Бухари: Книга за менструацијата, поглавје за менструацијата и за тоа кога се прифаќа изјавата на жената во врска со менструацијата и бременоста, во рамките на возможното, број (325), хадисот го пренесува Аиша.

Затоа, жената во истихаза која имала познат период на менструација, ќе се држи до прописите за менструацијата за времетраењето на нејзината менструација, потоа ќе земе гусул и ќе клања, без да обрнува внимание на крвта од истихазата. (60) Го бележи Муслим, Книга за менструацијата, поглавје: Жената со истихаза, нејзиниот гусул и нејзиниот намаз, бр. (334), како еден од хадисите кои ги пренесува Аиша, радијаллаху анха.

Втората состојба: Ако жената немала познат период на менструација пред истихазата, односно истихазата започнала од првиот пат кога видела крв и продолжила континуирано, тогаш таа ќе се води според разликувањето. Нејзината менструација ќе биде она што се разликува по темната боја, густината или мирисот, и за тоа ќе важат прописите за менструација, додека сè друго е истихаза и важат прописите за истихаза.

Пример за ова е жена која за првпат видела крв која потоа продолжила континуирано, но ја гледа првите десет дена темна, а остатокот од месецот црвена, или ја гледа десет дена густа, а остатокот од месецот течна, или ја гледа десет дена со мирис карактеристичен за менструацијата, а остатокот од месецот без мирис. Нејзината менструација е темната крв во првиот пример, густата крв во вториот пример и крвта со мирис во третиот пример. Сè друго е истихаза; поради зборовите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, до Фатима бинт Ебу Хубејш: „Крвта на менструацијата е темна и со карактеристична миризба, тогаш остави го намазот. Ако не е таква, тогаш земи абдест и клањај; бидејќи тоа е само крв од вена.“ Го бележат Ебу Давуд и Ен-Несаи, а Ибн Хибан и Ел-Хаким го оцениле за веродостоен. [61]

Иако овој хадис има некои забелешки во неговиот текст и синџир на пренесувачи, сепак е прифатен од страна на исламските алими, Аллах да им се смилува, и е поприоритетен да се работи според него отколку враќањето на обичајот на повеќето жени. [61] Го бележи Ебу Давуд: Книга за чистотата, поглавје: Кој рекол дека кога ќе настапи менструацијата, треба да се остави намазот, број (286), и Несаи: Книга за чистотата, поглавје: За жената со истихаза која ги знае деновите на својата менструација, пред да ѝ продолжи крварењето, број (211), и Ибн Маџе: Книга за чистотата и нејзините суннети, поглавје: За жената со истихаза која ги знае деновите на својата менструација, пред да ѝ продолжи крварењето, број (620), и Ибн Хибан во неговиот Сахих (1348), и Хаким во неговиот Мустедрек (618), хадисот го пренесува Аиша, Аллах нека е задоволен со неа.

Третата состојба: Ако жената немала познат период на менструација ниту пак разликување, односно истихазата започнала од првиот пат кога видела крв и крвта е со иста или без посебна карактеристика со која може да се разликува менструацијата од обичната крв, во тој случај таа ќе се води според обичајот на повеќето жени. Нејзината менструација ќе биде шест или седум дена од секој месец, почнувајќи од првиот ден кога видела крв, а сè друго е истихаза.

Примерот за ова е жена која за првпат видела крв на петтиот ден од месецот, и крвта продолжила да тече без да има карактеристики кои би ја разликувале како менструална крв, ниту по боја ниту по други карактеристики. Во тој случај, нејзината менструација ќе трае шест или седум дена секој месец, почнувајќи од петтиот ден. Основа за ова тврдење е хадисот на Хамна бинт Џехш, Аллах нека е задоволен со неа, која рекла: „О, Аллахов пратенику, имам многу големо и силно крварење, што мислиш за тоа? Ме спречува да клањам и да постам.“ Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, одговорил: „Ти препорачувам да користиш памук и да го ставиш на интимниот дел, бидејќи тоа ќе ја запре крвта.“ Таа рекла: „Повеќе е од тоа“ на што тој рекол: „Ова е само еден од ударите на шејтанот, па сметај дека имаш менструација шест или седум дена, според знаењето на Возвишениот Аллах, потоа избањај се, па кога ќе сметаш дека си се прочистила и си чиста, клањај дваесет и четири или дваесет и три дена и ноќи, и пости.“ До крајот на хадисот... Го бележат Ахмед, Ебу Давуд и Тирмизи, кој го оценил како веродостоен [62]. Се пренесува од Ахмед дека го оценил како веродостоен, и од Бухари дека го оценил како хасен. [63]

Под зборовите на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем: „Шест или седум дена“ не се мисли на избор, туку на проценка. Жената треба да разгледа што е поблиску до нејзината состојба, според оние кои се слични на неа по изглед и возраст, и колку трае менструацијата кај нив. На тој начин ќе го одреди времето кое ќе го смета за менструација. Ако е поверојатно да биде шест дена, тогаш нека ги смета за шест дена, а ако е поверојатно да биде седум дена, тогаш нека ги смета за седум дена. [62] Го бележат Ахмед (6/439), Ебу Давуд во поглавјето за Тахаретот, делот за ставот дека со почетокот на менструацијата се остава намазот, бр. (287), и Тирмизи во поглавјата за Тахарет, делот за мустехадата која ги спојува двата намаза со еден гусул, бр. (128), од хадисите кои ги пренесува Хамна бинт Џехш, радијаллаху анха. (63) Сунен Ет-Тирмизи: Поглавја за чистотата, поглавје за жената со истихаза, дека таа ги спојува двата намази со еден гусул, по хадисот со бр. (128).

Состојби на крварење слични на истихазата

Може да се случи жената да има крварење поради операција на матката или под неа. Оваа состојба може да биде од два типа:

Првиот тип: Ако е познато дека жената не може да има менструација по операцијата, како на пример ако операцијата е целосно отстранување на матката или нејзиното затворање така што нема да излегува крв од неа. Во овој случај, за оваа жена не важат прописите за истихазата. Наместо тоа, нејзината состојба е како жената која гледа жолтеникава или кафеава течност или влажност по чистењето. Таа не треба да ги пропушта намазите ниту постот, ниту е забранет интимниот однос и не е потребно да се гусули од оваа крв. Но, при намазот треба да ја измие крвта, да стави крпа или нешто слично на интимниот дел за да го спречи излегувањето на крвта, и да зема абдест при секој намаз по настапувањето на пропишаното време, или да зема абдест кога сака да изврши доброволен намаз.

Вториот тип: Ако не е познато дека операцијата трајно ќе и ја спречи менструацијата и после операцијата повторно ќе има редовен циклус, тогаш нејзината состојба е како жената во истихаза. Ова го потврдува и изјавата на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, кога ѝ рекол на Фатима бинт Ебу Хубаиш: „Тоа е само крв од вена, а не менструација. Кога ќе настапи менструацијата, остави го намазот.“

Затоа што Неговите зборови: „Кога ќе настапи менструацијата“ Укажуваат дека прописите за истихазата важат за жена која има редовен менструален циклус. Што се однесува до жената која не може да има менструација, нејзината крв се смета за крв од вена и за неа не важат прописите за истихазата. [64] Хадисот го бележи Бухари во поглавјето за абдестот, во делот за миење на крвта, бр. (228), и Муслим во поглавјето за менструација, во делот за жената со истихаза, нејзиниот гусул и намаз, бр. (333), од хадисите на Аиша, Аллах нека е задоволен со неа.

Прописи за истихазата

Од претходното научивме кога крвта е менструална и кога е истихаза, и дека кога крвта е менструална, важат прописите за менструација, а кога е истихаза, важат прописите за истихазата.

Исто така ги споменавме важните прописи околу менструацијата.

Што се однесува до прописите за истихазата, тие се како и прописите за чистота - период надвор од менструацијата. Нема разлика помеѓу жената во истихаза и онаа која не е во менструалниот циклус, освен во следното:

Прво: Жената која има истихаза има обврска да зема абдест за секој намаз, поради зборовите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, до Фатима бинт Ебу Хубејш: „Потоа земи абдест за секој намаз.“ Бухари, во поглавјето за миење на крвта, Тоа значи дека треба да зема абдест за секој намаз по настапувањето на пропишаното време. Ако намазот не е временски одреден или ограничен (како што се одредени доброволни намази), тогаш ќе зема абдест кога ќе сака да го изврши тој намаз.

Второ: Пред да земе абдест, треба да ја измие крвта и да стави крпа или памук на интимниот дел за да го сопре крварењето; поради хадисот на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, во кој ѝ рекол на Хамна: „Препорачувам да ставиш памук, бидејќи тој ја запира крвта.“ Таа рече: „Но, крварењето е пообилно од тоа.“ Тој рече: „Користи облека.“ Таа рече: „Но, крварењето е пообилно од тоа.“ Тој рече: „Тогаш, направи преврска (за до го запреш крварењето).“ До крајот на хадисот. Не е важно ако крвта продолжи да тече по тоа, поради зборовите на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, до Фатима бинт Ебу Хубаиш: „Избегнувај го намазот за време на твојата менструација, потоа земи гусул и абдест за секој намаз, и клањај, дури и ако крвта капе на простирката.“ [65] Го бележат Ахмед и Ибн Маџе.

Трето: Што се однесува до интимниот однос, постојат различни мислења меѓу исламските алими околу неговата дозволеност ако не постои страв од штета при неговото избегнување. Исправното мислење е дека е дозволен во секој случај, бидејќи многу жени имале истихаза во времето на Пратеникот, салаллаху алејхи ве селем, па ниту Аллах ниту Божјиот пратеник не го забраниле нивниот интимен однос. Доказот е во зборовите на Севишниот: „Затоа немојте да имате интимни односи со сопругите за време на нивниот месечен циклус.“ (Ел Бекаре, 222) Има доказ дека не треба да се избегнува интимниот однос освен за време на менструацијата; и бидејќи намазот е дозволен за нив, сексуалниот однос е уште полесен. Споредувањето на интимниот однос во истихазата со интимниот однос во менструацијата не е исправно, бидејќи не се работи за ист случај, па дури и според оние алими кои го забрануваат односот во време на истихазата. Аналогијата не е валидна бидејќи постојат јасни разлики. (65) Го бележат Ахмед (6/204), и Ибн Маџе, книга „За чистотата и нејзините суннети“, поглавје „За жената со истихаза која ги знаела деновите на својот циклус пред да почне постојаното крварење“, бр. (624), од хадисите кои ги пренесува Аиша, радијаллаху анха.

Шесто поглавје: Нифас (постпородилно крварење) и неговите прописи

Нифас е крв што ја испушта матката поради породувањето, било за време на породувањето, по него или два до три дена пред него, со контракции.

Шејхул-ислам Ибн Тајмије рекол: „Крварењето што се појавува при почетокот на контракциите е нифас - постпородилно крварење.“ Тој не го ограничил на два или три дена, туку неговата намера беше да укаже дека се појавува со контракции што следат при породувањето, во спротивно нема да се смета за нифас. Исламските алими имаат поделено мислење за долната и горната граница на траењето на нифасот. Шејх Текијудин ибн Тејмије во своето дело „Термини со кои Законодавецот ги поврзал прописите“ (стр. 37) вели: „Нема ограничувања за најкраткото и најдолгото траење на нифасот. На пример, ако жена има крварење по породувањето кое трае повеќе од четириесет, шеесет или седумдесет дена и потоа престане, сето тоа се смета за нифас. Меѓутоа, ако крварењето не престане, тогаш нифасот се смета за четириесет дена, а сè што е повеќе од тоа не се смета за нифас. Така се наведува во преданијата, а кај повеќето жени постпородилното крварење трае четириесет дена.“

Велам: Ако крварењето продолжи повеќе од четириесет дена, а жената обично престанува да крвари по тој период, или се појават знаци на престанок, таа треба да почека додека не престане крварењето. Ако не престане, треба да се измие по четириесеттиот ден, бидејќи тоа е најсигурно. Освен ако не се совпадне со нејзиниот менструален период, тогаш треба да почека додека не заврши менструацијата. Ако крварењето престане по тоа, треба да се смета како нејзина навика и да се придржува кон тоа во иднина. Ако крварењето продолжи, ќе се смета за истихаза и треба да постапува според прописите поврзани со истихазата кои ги објаснивме претходно. Ако крварењето престане пред четириесеттиот ден, таа е чиста и може да земе гусул, да клања, да пости и нејзиниот сопруг може да има интимен однос со неа, освен ако престанокот се случи за помалку од еден ден, тогаш тоа нема да се смета како завршување на нифасот. Ова го кажал Ибн Кудаме во „Мугни“.

Нифасот се смета само ако жената роди плод на кој почнал да добива форма на човечко суштество. Ако жената пометне плод на кој не се формирале контурите, крварењето нема да се смета за нифас, туку за крварење предизвикано од нарушена состојба и за неа ќе важат прописите за истихаза. Најкраткиот период во кој може да се разликува човечка форма во плодот е осумдесет дена од почетокот на бременоста, а во повеќето случаи тоа се случува по деведесет дена. (66) Ел-Мугни, (1/252-253).

Меџд ибн Тејмије рекол: „Ако жената види крв еден ден пред породувањето, не треба да обрнува внимание на тоа. По породувањето, таа треба да престане со намазот и постот. Ако по породувањето се покаже дека ситуацијата е поинаква од очекуваното (како пример, пометне плод пред да добие форма на човечка контура), таа треба да го надомести пропуштеното. Ако не се покаже ништо поинакво, тогаш продолжува да важи првичниот статус и нема потреба од повторување на пропуштеното.“ Ова го пренел во „Шерх Ел-Икна“.

Прописите поврзани со нифасот

[67] Кешшаф ел-Кина‘ (1/219).

Прописите поврзани со нифасот се истите како и за менструацијата, освен во следните случаи:

Прво: Идетот (периодот на чекање) се смета при развод, а не при нифасот. Ако разводот се случи пред породувањето, идетот завршува со породувањето, а не со завршување на нифасот. Ако разводот се случи по породувањето, тогаш се чека враќање на менструацијата и се смета според неа, како што претходно беше објаснето.

Второ: Периодот на „ила" се смета според менструацијата, но не и според нифасот.

Ила: Тоа е кога мажот се заколнува дека никогаш повеќе нема да има интимен однос со својата сопруга или за период подолг од четири месеци. Ако се заколне и таа побара интимност, му се дава рок од четири месеци од моментот на заклетвата. Ако рокот истече, а тој не ѝ пријде, кадијата ќе го принуди да ѝ пријде или, во спротивно, да ѝ даде развод ако тоа таа го побара. Ако за време на тој рок жената има нифас, тој период не се смета во рамките на рокот; за разлика од менструацијата, чиј период се смета во рокот.

Трето: Полнолетноста се постигнува со менструацијата, а не со нифасот. Жената не може да забремени додека не добие менструација, па затоа полнолетноста се постигнува со претходната менструација пред бременоста.

Четврто: Ако менструалната крв престане, а потоа се врати во вообичаениот период, тоа ќе се смета за менструација. На пример, ако нејзиниот циклус вообичаено е осум дена, а таа има крварење четири дена, потоа престане два дена, и се врати седмиот и осмиот ден, тогаш ова враќање се смета за менструација и важат прописите за менструацијата. Што се однесува до крвта на нифасот, ако престане пред четириесеттиот ден, а потоа се врати во рамките на тие четириесет дена, тоа крварење ќе се смета за сомнително. Таа е должна да клања и пости она што е фарз, а во другите работи ќе постапува според прописите за менструацијата (да нема интимен однос и сл.). По чистењето, треба да го надомести она што го направила за време на ова крварење, како што е обврска да го направи и жената по завршувањето на менструацијата. Ова е најпознатото мислење меѓу ханбелиските правници.

Она што е исправно е дека ако крвта се врати во период кој може да биде нифас, тогаш тоа ќе се смета за нифас. Во спротивно, тоа е менструација, освен ако продолжи, во тој случај е истихаза. [68] Ел-Мугни, (1/253).

Ова е слично на она што е пренесено во „Ел-Мугни“ од имамот Малик, Аллах нека му се смилува, кој рекол: „Ако види крв по два или три дена (од престанокот на крварењето, а во рамките на деновите вообичаени за нифасот) - ќе се смета за нифас. Во спротивно, тоа е менструација.“ Ова е и ставот на шејхул-ислам Ибн Тајмије, Аллах нека му се смилува.

Кога станува збор за крвта, нема ништо што е нејасно. Нејасноста е релативна и луѓето ја толкуваат различно според нивното знаење и разбирање. Куранот и Сунетот ги отстрануваат сите нејаснотии. Возвишениот Аллах не обврзал никого да пости двапати или да прави таваф двапати, освен ако во првиот чин има недостаток што не може да се поправи освен со повторување. Ако верникот го изврши она што се бара од него според неговите можности, тогаш неговата обврска е исполнета, како што Возвишениот вели: „Аллах никого не оптоварува преку неговите можности.“ (Ел Бекаре, 286) Тој исто така вели: „Па плашете се од Аллах колку што можете.“ (Ет Тегабун, 16) [69] Ел-Мугни, (1/253).

Петтата разлика помеѓу менструацијата и нифасот е во тоа што ако на жената ѝ заврши менструацијата пред вообичаеното време, дозволено е мажот да има интимен однос со неа без тоа да се смета непожелно (мекрух). За разлика од нифасот, каде што ако жената се исчисти пред четириесеттиот ден, за мажот е непожелно да има однос со неа, што е познат став во ханбелиската правна школа. Меѓутоа, поисправно е дека тоа не е непожелно нешто. Тоа е ставот на мнозинството, бидејќи непожелноста (мекрух) е шеријатски пропис за кој е потребен шеријатски доказ. По ова прашање не се пренесува ништо конкретно освен она што го спомнал имамот Ахмед за Осман бин Ебу Ел-Ас, дека сопругата му се приближила сакајќи интимен однос пред четириесеттиот ден и тој ѝ рекол: „Не ми се приближувај.“

Ова не укажува и не е доказ дека е непожелно, бидејќи можно е тоа да го кажал од претпазливост, стравувајќи дека не е сигурна во својата чистота или дека крвта може да се врати поради интимниот однос, или од други причини. А Аллах најдобро знае. [70] Ел-Мугни (2/252), а преданието од Осман ибн Ебу ел-Ас го бележат Абдурезак во „Мусанеф“ бр. (1202), Ибн Ебу Шејбе во „Мусанеф“ бр. (17450), Дарими во „Сунен“ бр. (990) и Ибн ел-Џаруд во „Мунтека“ бр. (118).

Седмо поглавје: Употреба на средства кои спречуваат или предизвикуваат менструација, и кои ја спречуваат или ја прекинуваат бременоста

Употребата на средства кои спречуваат менструација е дозволено, но под два услова:

Прво: Да не постои страв дека ќе ѝ наштети. Ако постои таков страв, тогаш не е дозволено; бидејќи Возвишениот Аллах вели: „И самите себеси во пропаст не доведувајте се.“ (Ел Бекаре, 195) „И самите себеси не се убивајте! Аллах е навистина Милостив кон вас!“ (Ен Ниса, 29)

Второ: Тоа треба да биде со дозвола на сопругот ако има врска со него, на пример, ако жената е во период на чекање (идет) и тој е должен да ја издржува, па користи нешто што го спречува менструалното крварење за да го продолжи периодот и да ја зголеми издршката. Во таков случај, не ѝ е дозволено да користи нешто што го спречува менструалното крварење без негова дозвола. Исто така, ако е утврдено дека спречувањето на менструацијата може да ја спречи или да ѝ наштети на бременоста, тогаш е потребна дозвола од сопругот. Иако е дозволено да се користи, подобро е да се избегнува, освен ако има потреба, бидејќи оставањето на природата како што е, е подобро за чувањето и одржувањето на здравјето.

Исто така кога е во прашање користењето на средства кои предизвикуваат менструација, дозволено е под два услова:

Прво: Да не се користи за да се избегне извршувањето на обврска, како на пример пред рамазан за да се избегне постот или да се избегнува намазот и слично.

Второ: Тоа треба да биде со дозвола на сопругот, бидејќи менструацијата го спречува целосното уживање. Затоа, не е дозволено да се користи нешто што го ограничува неговото право без негова согласност. Ако жената е разведена, тоа би значело и побрзо завршување на идетот, со што се губи правото на сопругот за враќање, ако има такво право.

Што се однесува до користењето на средствата за спречување на бременост, тие се два вида:

Прво: Постојаното спречување, што не е дозволено, бидејќи го прекинува потомството и го намалува бројот на деца, што е спротивно на целта на шеријатот кој поттикнува на зголемување на исламската заедница. Исто така, постои ризик да умрат постоечките деца и жената да остане вдовица без деца.

Второ: Привремено спречување, како на пример кога жената често забременува и бременоста ја исцрпува, па сака да го регулира раѓањето на секои две години или слично. Ова е дозволено, под услов да има дозвола од сопругот и да не ѝ наштети. Доказ за ова е дека асхабите практикувале ејакулација надвор од интимниот орган на жената за да не забременат нивните жени, и Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, не им го забранил тоа. Под прекин на односот се мисли дека мажот има однос со сопругата, но се повлекува пред ејакулацијата и ејакулира надвор од вагината.

Што се однесува до употребата на средства за абортус, тие се два вида: [71] Хадисот го бележи Бухари во поглавјето за бракот, делот за прекинатиот однос, бр. (5209), и Муслим во поглавјето за бракот, делот за прописот за прекинатиот однос, бр. (1440), од хадисот на Џабир, Аллах да биде задоволен од него.

Првиот е кога целта е уништување на плодот. Ова е без сомнение забрането ако се случи по периодот во кој плодот ја добива душата, бидејќи се смета за бесправно убиство на забранета душа, што е забрането според Куранот, Сунетот и консензусот на муслиманите. Но, ако абортусот се случи пред вдахнувањето на душата, исламските алими имаат различно мислење во поглед на дозволата. Некои го дозволуваат тоа, некои го забрануваат, а некои велат дека е дозволено сѐ додека не стане зигот, односно додека не поминат четириесет дена. Некои велат дека е дозволено сѐ додека плодот не добие човечки карактеристики.

Она што е најсигурно е да се избегнува абортусот освен во случаи кога мајката е болна и не може да ја издржи бременоста или слично. Тогаш е дозволено да се направи абортус, освен ако не поминало време кога плодот добил човечки карактеристики и форма, во тој случај абортусот е забранет. А Аллах најдобро знае.

Вториот вид: Кога целта не е уништување на плодот, туку се прави при крајот на бременоста или блиску до породувањето. Ова е дозволено, под услов да нема штета за мајката или детето и да не е потребна операција. Ако е потребна операција, постојат четири случаи:

1. Мајката е жива и плодот е жив. Операцијата е дозволена само во случај на неопходност, како што е тешкото и критичното породување, бидејќи телото е аманет на човекот и не смее да прави нешто што може да му наштети ако за тоа нема голема потреба. Иако може да се претпостави дека операцијата нема да предизвика штета, сепак постои можност да се појави штета.

2. Мајката е мртва и плодот е мртов. Операцијата не е дозволена бидејќи нема корист од неа.

3. Мајката е жива, а плодот е мртов. Операцијата е дозволена за да се отстрани плодот, освен ако не постои ризик за мајката. Ако плодот е мртов, тешко е да се извади без операција, а неговото останување во утробата може да спречи идна бременост и да предизвика компликации за мајката.

4. Мајката е мртва, а плодот е жив. Ако не се очекува плодот да преживее, операцијата не е дозволена.

Ако се очекува плодот да преживее и дел од него е веќе излезен, дозволено е да се направи операција за да се извади остатокот. Но, ако ништо не е излезено, нашите учители, Аллах нека им се смилува, велат дека не треба да се прави операција за да се извади плодот, бидејќи тоа е осакатување. Сепак, исправно е да се направи операција ако не може да се извади плодот без неа. Ова мислење го застапува и Ибн Хубеира, кој во делото „Инсаф“ вели дека тоа е подобро.

Велам: Особено во денешно време, кога операцијата не се смета за осакатување, бидејќи стомакот после операцијата се шие и се враќа во нормала. Светоста на живиот е поголема од светоста на мртвиот, па затоа спасувањето на невиниот од пропаст е обврска. Плодот е невино суштество, па затоа е обврска да се спаси. А Аллах најдобро знае. [72] Ел-Инсаф, (556/2).

Напомена: Во случаите каде што е дозволено да се направи абортус, потребно е одобрение од оној кој има право на плодот, како што е сопругот.

Со ова завршуваме со она што сакавме да го напишеме на оваа важна тема. Се ограничивме на основните прашања и прописи, бидејќи деталите и специфичните случаи кои се случуваат кај жените се бескрајни. Но, оној кој е прониклив може да ги врати деталите на нивните основи и да ги поврзе специфичните случаи со општите правила, и да ги спореди работите со нивните сличности.

Муфтијата треба да биде свесен дека е посредник помеѓу Аллах и Неговите созданија, кога е во прашање пренесувањето на пораките на Неговите пратеници и објаснувањето на верата на луѓето. Тој е одговорен за она што е напишано и наредено во Куранот и Сунетот, бидејќи тие се двата извора кои му се доверени на човекот да ги разбере и да постапува според нив. Сè што е спротивно на Куранот и Сунетот е погрешно и треба да се отфрли. Не е дозволено да се постапува според тоа, иако оној кој го кажал тоа може да биде муџтехид кој е оправдан во своето настојување и ќе биде награден за својот труд. Сепак, оној кој знае дека тоа е грешка не смее свесно да го прифати.

Муфтијата треба искрено да ја насочи својата намера кон Аллах и да се потпира на Него во секоја ситуација, молејќи Го за постојаност и успех во вистината.

Тој треба да го земе предвид она што е наведено во Куранот и Сунетот, да го проучува и истражува тоа, и да се потпира на зборовите на учените за подобро разбирање.

Често се случува да се појави одредено прашање, и човекот да го истражува според своите можности во зборовите на учените, но да не најде нешто што ќе го задоволи во однос на прописот, или можеби воопшто да не најде спомнување за тоа. Но, кога ќе се врати на Куранот и Сунетот, прописот му станува јасен и очигледен, сето тоа според неговата искреност, знаење и разбирање.

Муфтијата треба да биде внимателен при донесувањето на пресудите, особено кога има нејаснотии, и да не брза. Често се случува да донесе брза пресуда, а потоа, по кратко размислување, да сфати дека погрешил и да зажали за тоа, можеби дури и да не може да ги исправи последиците на фетвата.

Ако луѓето видат дека муфтијата е внимателен и сигурен во своите пресуди, ќе му веруваат и ќе го почитуваат. Но, ако го видат дека брза и прави многу грешки, нема да имаат доверба во неговите фетви. Со својата брзоплетост и грешки, тој ќе се лиши себеси и другите од своето знаење и исправност.

Го молиме Возвишениот Аллах да нѐ упати нас и нашите браќа муслимани на правиот пат, да не заштити со Неговата грижа и да не сочува од грешките со Неговата заштита. Тој е Благороден и многу дарежлив. Нека е салават и селам над нашиот пратеник Мухамед, неговото семејство и сите асхаби. Благодарноста му припаѓа на Аллах, Кој, со Неговата добрина, се комплетираат добрите дела.

Напишано од Аллаховиот роб

Мухамед Салих ел Усејмин

во петок наутро

14 Шабан, 1392 година по хиџра.

*