Skip to content
841 Хадиси

Енциклопедија на пророчките хадиси

Филтрирај резултати

31 од 841 картички

Исчисти филтри
„Навистина Аллах е Убав и не прифаќа освен она што е убаво. И навистина Аллах им го нареди на верниците истото што им го нареди и на пратениците. Возвишениот Аллах вели: ,О, Пратеници, со дозволени и убави јадења хранете се и добри дела правете, бидејќи Јас добро знам вие што правите!‘ И вели: ,О, верници, јадете од добрата храна со која ве снабдивме и бидете Му благодарни на Аллах, ако навистина само Него Го обожувате!‘ Потоа го спомна човекот кој долго патува, со разбушавена коса и правлив, ги подига рацете кон небото и вели: ,Господару мој, Господару мој,‘ а неговата храна е харам, неговиот пијалак е харам, неговата облека е харам, и е хранет со харам, па како да му биде примена довата?“
Автентичен Го бележи Муслим
Еден ден додека бевме кај Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, се појави човек во сосема бела облека и со сосема црна коса, кај него не се забележуваше трага од патување, а никој од нас не го познаваше, тогаш седна кај Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, и ги потпре колената до колената на Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рацете ги спушти врз своите бутови и рече: „О, Мухамед, извести ме за исламот." Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, му одговори: „Ислам е да сведочиш дека нема друг бог освен Аллах и дека Мухамед е Аллахов пратеник, да клањаш намаз, да даваш зекат, да постиш во рамазан и да одиш на аџилак ако си во можност." Овој му рече: „Вистината ја кажа." Омер вели: Ние се зачудивме, прво го прашува а потоа потврдува. Потоа пак го праша: „Извести ме за иманот." Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, му одговори: „Да веруваш во Аллах, во Неговите мелеци, во Неговите книги, во Неговите пратеници, во Судниот Ден и да веруваш во Одредбата било да е добро или лошо." Човекот пак рече: „Вистината ја кажа", и додаде: „Извести ме за Добродетелство." Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, му рече: „Тоа е да го обожуваш Аллах како да Го гледаш пред себе, бидејќи иако ти не Го гледаш, Тој те гледа." Човекот пак праша: „Извести ме за крајот на светот." Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, му одговори: „Прашаниот не знае ништо повеќе од тој што прашува." Човекот праша: „Кажи ми ги тогаш предзнаците." Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, му одговори: „Робинката да го роди својот господар, и да видиш голи, боси и сиромашни чобани како се натпреваруваат во изградба на високи зданија." Омер рече: Потоа човекот отиде, а јас останав, и Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ме праша: „Омер, дали знаеш кој беше човекот?" Јас реков: "Аллах и Неговиот пратеник најдобро го знаат тоа." Аллаховиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рече: „Тоа беше Џибрил, дошол да ве поучи за вашата вера."
Автентичен Го бележи Муслим
Некои од асхабите му рекоа на Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем: „О Аллахов пратенику, богатите нè надминаа во наградите – и тие клањаат како што и ние клањаме, и постат како што и ние постиме, а покрај тоа даваат и од вишокот на своето богатство како садака!“ Тој им рече: „Зарем Аллах не ви дал нешто со што и вие можете да давате садака? Секое изговарање на субханаллах е садака, секое изговарање на Аллаху екбер е садака, секое изговарање на елхамдулиллах е садака, секое изговарање на ла илахе иллаллах е садака, и секое наредување на доброто е садака, и секое спречување на злото е садака, па дури и интимниот однос е садака.“ Тие рекоа: „О Аллахов пратенику, зарем некој од нас, кога ќе ја задоволи својата страст, ќе има награда за тоа?!“ Тој рече: „Што мислите – ако ја задоволи на забранет начин, зарем не би сносел грев за тоа? Така, кога тој ќе ја задоволи на дозволен начин – ќе има награда.“
Автентичен Го бележи Муслим
„Делете го наследството според пропишаните удели на неговите сопственици, а она што ќе остане – нека му припадне на најблискиот машки роднина.“
Автентичен Муттефекун алејхи
„,Аллах и Неговиот пратеник го забранија продавањето на виното, мршината, свињата и идолите.‘ Некој го праша: ,О, Божји пратенику, а што е со лојот од мршината? Таа се користи за премачкување на бродовите, за обработка на кожата и како гориво за светилките.‘ Веровесникот, салаллаху алејхи ве селем, одговори: ,Не, тоа е харам.‘ Потоа додаде: ,Аллах нека ги уништи евреите! Кога Аллах им го забрани лојот, тие го растопија, го продадоа и јадеа од парите што ги добија за неа.‘“
Автентичен Муттефекун алејхи
„Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ни раскажа, а тој е искрениот и она што го зборува е вистина: ,Создавањето на човекот се одвива во утробата на неговата мајка четириесет дена и четириесет ноќи, потоа станува згрутчена крв толку долго, потоа станува залак месо толку долго. Потоа му се испраќа мелек, на кој му се наредува да запише четири работи: неговото снабдување - ризк, неговиот животен век, неговите дела и дали ќе биде од среќните или несреќните, а потоа му се вдахнува душата. Навистина, некој од вас ќе прави дела на жителите на Џенетот, сè додека не остане само една педа помеѓу него и Џенетот, па ќе го претекне она што му е запишано, и ќе почне да прави дела на жителите на Огнот, и ќе влезе во него. И навистина, некој од вас ќе прави дела на жителите на Огнот, сè додека не остане само една педа помеѓу него и Огнот, па ќе го претекне она што му е запишано, и ќе почне да прави дела на жителите на Џенетот и ќе влезе во него.'“
Автентичен Го бележат Бухари и Муслим
„Халалот е јасен и харамот е јасен, а помеѓу нив се сомнителните работи кои не им се јасни на повеќето луѓе, па кој се оддалечи од тие сомнителни работи, тој ја сочувал својата вера и чест, а кој ќе навлезе во сомнителните работи ќе навлезе во забранетото, исто како пастирот кој го чува своето стадо блиску до забрането место, стадото лесно може да влезе во него. Секој Владател има забранети територии, а таа на Аллах се харамот. Навистина во телото има еден орган, ако е тој здрав и телото ќе биде здраво, а ако тој не е здрав и телото ќе биде расипано, а тоа е срцето."
Автентичен Го бележат Бухари и Муслим